44. ПРЕМИН НИЗ РЕКАТА ЈОРДАН

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Исус Навин 1-4 глава и 5:1-12

Израелците длабоко жалеле за својот преминат водач и триесет дена посветиле на посебна служба во знак на сеќавање на него. Никогаш порано, додека бил меѓу нив, не ја сфаќале така вредноста на неговите мудри совети, неговата татковска нежност и непоколеблива вера. Со нова и подлабока почит си спомнувале за драгоцените поуки што им ги давал додека бил жив. {ПП 481.1}

Мојсеј бил мртов, но неговото влијание не исчезнало заедно со него; требало и понатаму да живее и да дејствува во срцето на народот. Уште долго тие ќе  го носат во себе споменот на тој свет и несебичен живот кој и натаму со својата тивка и убедлива сила ги менувал и ги обликувал – дури и оние што не сакале да го слушаат додека бил жив. Како сјајот на зајдисонцето што ги милува висовите на горите, иако сонцето одамна веќе  исчезнало од видикот, така делата на чистите, свети и добри луѓе ја шират светлината во светот дури и многу години по нивната смрт. Нивните дела, нивните зборови и пример вечно живеат. „Праведниот останува во вечен спомен” (Псалм 112:6). {ПП 481.2}

Иако биле обземени од болка поради својата голема загуба, Израелците знаеле дека нема да бидат препуштени сами на себе. Преку ден сè уште над Светилиштето стоел столбот од облак, а преку ноќ од оган, што претставувало доказ дека Бог и понатаму ќе биде нивни водач и помошник, се разбира, ако ги држат неговите заповеди. {ПП 481.3}

Од сега Исус Навин бил признат водач на Израел. Тој посебно бил познат како воин, и неговите дарови и способности во тој миг на историјата на неговиот народ биле исклучително драгоцени. Храбар, решителен и истраен, непоткуплив, заборавајќи на себе во грижата за оние што му биле доверени, а над сè вдахнат со жива вера во Бога – тоа биле карактерни црти на човекот што го избрал Бог да ги предводи израелските чети при влегувањето во ветената  земја. За сето време на нивниот престој во пустината, тој бил прв Мојсеев советник; неговата тивка и искрена верност и истрајност, постојаноста кога мнозина се колебале, цврстината да остане на страна на вистината дури и за време на опасностите, укажувале на тоа дека е погоден за Мојсеев наследник уште пред Бог да го повика да ја заземе таа висока положба. {ПП 481.4}

 Исус Навин со најголема загриженост и без самоувереност гледал на задачата што се наоѓала пред него, но неговата доза на плашливост била отстранета со Божјото ветување: „И како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам.Биди цврст и храбар, зашто ќе му ја разделиш земјата на овој народ, во наследство за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам”. Ним требало да им припадне сета земја до ливанските гори, до брегот на Средоземното Море и до брегот на реката Еуфрат на исток. {ПП 482.1}

Кон тоа ветување веднаш е придодадена и заповед. „Само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази да го извршиш сето она што ти го заповеда слугата Мој Мојсеј”. Божјото упатство гласело: „Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе”. „Не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно со сè што ќе преземаш”. {ПП 482.2}

Израелците сѐ уште се наоѓале на источниот брег на Јордан, кој претставувал прва пречка при освојувањето на Ханан. Првата Божја порака упатена до Исуса Навина гласела: „Стани, мини преку реката Јордан, ти и сиот овој народ, во земјата, што Јас им ја давам, на синовите Израелови”. Што се однесува до начинот на кој требало да ја преминат реката, не му било дадено никакво упатство. Меѓутоа, Исус Навин добро знаел дека кога Бог нешто ќе нареди, Тој секогаш ќе  најде и начин неговиот народ да ја изврши таа заповед. Со таква вера бестрашниот водач веднаш почнал со подготовки за тргнување. {ПП 482.3}

Неколку километри од другата страна на реката и токму спроти местото каде што Израелците биле улогорени се наоѓал големиот и добро утврден град Ерихон. Тој град всушност бил клуч за целата земја, па за Израелците значел сериозна пречка. Затоа Исус Навин пратил двајца млади луѓе да го извидат градот за да видат колку жители има, колку богатство и какви му се тврдините. Жителите на градот, исплашени и недоверливи, постојано биле претпазливи, и пратениците се нашле во голема неволја. Ги засолнила Рава, жена од Ерихон, изложувајќи се на опасност. За да ѝ се оддолжат за нејзината добрина, ѝ ветиле дека ќе ја поштедат кога ќе го заземаат градот. {ПП 482.4}

Извидниците безбедно се вратиле со извештај: „Знам дека Господ ви ја дал вам оваа земја, бидејќи ужас нè опфати од вас, и сите жители на оваа земја се исплашија од вас”. Во Ерихон им било кажано: „Зашто чувме дека Господ ја исуши пред вас водата во Црвеното Море кога сте доаѓале од Египет, и како сте постапиле со двајца аморејски цареви од онаа страна на Јордан, Сион и Ог, кои сте ги погубиле.Кога го чувме тоа, срцето ни се стегна и во ниеден од нас душа не остана поради вас; зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на небото и на земјата долу”. {ПП 483.1}

Тогаш Исус Навин издал наредба за тргнување. Народот требало да се снабди со храна за три дена, а војската да се приготви за војна. Сите радо го прифатиле планот на водачот, уверувајќи го дека ќе имаат доверба во него и дека ќе му помогнат. „Како што го слушавме Мојсеј, така ќе те слушаме и тебе; само Господ, твојот Бог, да биде со тебе, како што беше со Мојсеј”. {ПП 483.2}

Напуштајќи го логорот во багремарникот во Ситим, војската се спуштила до брегот на Јордан. Меѓутоа, сите знаеле дека без Божја помош не ќе можат да преминат на другата страна. Во тој период од годината, пролет, поради истопениот снег, водата во Јордан била толку надојдена, што се излевала од речното корито, па не било можно реката да се прегази на оние места на кои тоа обично се правело. Бог сакал преминот на Израелците низ Јордан да остане забележан како чудо. По Божјо упатство, Исус Навин му наложил на народот да се посвети. Морале да ги отфрлат сите гревови и да се очистат од секоја надворешна нечистотија. „Бидејќи Господ ќе изврши меѓу вас чудни дела”. Ковчегот на заветот требало да оди пред нив. Кога виделе дека знакот на Божјото присуство тргнува од средината на логорот и дека свештениците го носат кон реката, тогаш „тргнете и вие од вашето место и одете по нив”. Околностите под кои ќе ја прегазат реката биле точно претскажани.  „Од тоа ќе дознаете дека меѓу вас е живиот Бог, Кој ќе ги изгони од вас Хананците”, рекол Исус Навин. „Ете, ковчегот на заветот на Господарот над целиот свет ќе тргне пред вас преку Јордан”. {ПП 483.3}  

Во определеното време тргнале; пред колоната свештениците го носеле ковчегот на заветот. На народот му било заповедано да се придржува на извесно растојание од ковчегот на заветот, така што меѓу нив и ковчегот се наоѓал простор од околу еден километар. Сите посматрале со најголемо внимание како свештениците пристапуваат кон брегот на Јордан. Виделе како тие со светиот товар решително зачекориле во силниот и пенлив ток на реката и „се наквасија во водите на Јордан”. Во тој миг наеднаш сета водена маса спротиводно од тоа место се запрела, а другата истекла, оставајќи го зад себе коритото на реката суво. {ПП 484.1}

По Божја наредба свештениците дошле до средината на реката и тука се задржале сè додека сета војска не преминала на другиот брег. Така во душата на сите присутни е врежан фактот дека Јордан го запрела истата онаа сила која на нивните татковци пред четириесет години им отворила пат низ Црвеното Море. Откако преминал сиот народ, и ковчегот на заветот е пренесен на западниот брег. Кога свештениците преминале на сигурно место – штом „нозете нивни стапија на суво” заробената вода била ослободена и таа како буица пак потекла со својот природен ток. {ПП 484.2}

Идните поколенија не смееле да останат без видливо сведоштво за ова големо чудо. Додека свештениците со ковчегот уште стоеле среде реката, дванаесетмина однапред одбрани луѓе, по еден од секое племе, зеле по еден камен од речното дно и го понеле на западниот брег на реката. Од тие камења требало да се направи споменик на она место од другата страна на реката каде што првпат ќе  се улогорат. На народот му било наредено на своите деца и внучиња да им ја прераскажуваат историјата за чудесното ослободување што го извел Бог за нив, како што рекол Исус Навин: „За да видат сите народи на земјата дека раката Господова е силна, и да Го почитувате Господа, вашиот Бог, секогаш”. {ПП 484.3}

Влијанието на тоа чудо и врз Евреите и врз нивните непријатели имало големо значење. За Израелците тоа било гаранција дека Бог е постојано со нив и дека ги штити – доказ дека Тој за нив, преку Исуса Навина, ќе го прави истото она што го правел и преку Мојсеја. Таквиот доказ бил неопходен да ги охрабри и да ги засили нивните срца во мигот кога ќе пристапат кон освојување на Ханан – вчудовидувачки потфат пред кој пред четириесет години се поколебала верата на нивните татковци. Непосредно пред преминот на реката Господ му рекол на Исуса Навина: „Од денес ќе почнам да те возвишувам пред очите на сите синови Израелови, за да дознаат дека, како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе”. Тоа ветување се исполнило. „Во тој ден Господ го возвеличи Исус пред целиот Израел и почнаа да го почитуваат како што го почитуваа Мојсеј, додека беше жив”. {ПП 484.4}  

Оваа пројава на Божјата моќ во полза на Израелците била потребна и затоа да го зголеми стравот кај околните народи и на тој начин да го приготви патот за нивна полесна и поцелосна победа. Кога аморејските и Хананските цареви чуле дека Бог пред синовите Израелови ги запрел водите на Јордан, нивното срце се “стопи” од страв. Не поминало долго време откако Евреите ги погубиле петте мидјански цареви, аморејскиот цар, силниот Сион и васанскиот цар Ог, а сега преминот низ надојдениот и пенлив Јордан, ги исполнил сите околни народи со вчудовиденост. На Хананците, на сиот Израел и лично на Исуса Навина им е даден несомнителен доказ дека живиот Бог, Царот на небото и земјата, навистина е меѓу својот народ и дека нема да ги остави ниту да отстапи од нив. {ПП 485.1}  

Недалеку од Јордан, Евреите го подигнале својот прв логор во Ханан. Тука „Исус го обрезал сиот народ”. „И се задржаа синовите Израелови во логорот во Гилгал и вечерта на четиринаесеттиот ден од месецот направија Пасха”. Привременото укинување на обрезанието од времето на бунтот во Кадис, за Израелците било постојано сведоштво дека е раскинат нивниот завет со Бога. И прекинувањето на празнувањето на Пасха, споменот на нивното ослободување од Египет, исто така претставувало очигледен доказ за тоа со какво негодување Господ ја гледа нивната желба да се вратат назад во земјата на своето робување. Но сега поминале годините на отфрленост. Бог уште еднаш ги признал Израелците како свој народ и знакот на заветот повторно е воспоставен. Чинот обрезание е извршен над сите што биле родени во пустината. И Господ му рекол на Исуса Навина: „Сега Јас го симнав од вас египетскиот срам “, и како спомен на тоа, местото на нивниот логор е наречено Гилгал, „симнува” (симнување на срамот, заб. на прев.) {ПП 485.2} 

Незнабожечките народи го срамеле Господа и неговиот народ поради тоа што Евреите не успеале, како што очекувале овие, да го освојат Ханан веднаш по своето излегување од Египет. Нивните непријатели ликувале што Израелците толку долго талкале низ пуст ината и подбивно зборувале како еврејскиот Бог не е во состојба да ги воведе во ветената земја. Но сега Господ видливо ја открил својата моќ и одобрување, отворајќи го Јордан пред сите народи, и нивните непријатели не можеле веќе да ги срамат. {ПП 486.1} „Вечерта на четиринаесеттиот ден од месецот”, празнувана е Пасха во рамнините ерихонски. „И на вториот ден по Пасха почнаа да јадат од пченицата на таа земја – бесквасни лебови и печени зрна во истиот тој ден;и маната престана да паѓа во тој ден, откако почнаа да јадат од житото на таа земја; и веќе немаше мана кај синовите Израелови: во таа година тие јадеа од плодовите на хананската земја”. Долгите години на нивното талкање низ пустината биле приведени кон крај. Најпосле Израел стапнал со своја нога на почвата на ветената земја. {ПП 486.2}

Сподели го ова:

Similar Posts