22. МОЈСЕЈ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Излез 1-4 глава

За да се снабди со храна за време на „седумте гладни години”, египетскиот народ му го продал на владетелот својот добиток и својата земја, и на крај се обврзал на доживотно робување. Меѓутоа, Јосиф мудро се погрижил да го ослободи; дозволил да бидат цареви закупци, својата земја да ја земаат под наем и од остварените годишни приходи една петина да му даваат на царот. {ПП 241.1}

Но децата на Јакова не биле присилени да ги прифатат овие услови. Благодарение на услугите што му ги направил Јосиф на египетскиот народ, тие, покрај тоа што за живеалиште им била дадена цела една покраина, биле ослободени од плаќање данок, а за сето време додека траел гладот, обилно се снабдувани со храна. Царот јавно признавал дека Египет за своето изобилство додека другите народи умирале од глад, треба да му заблагодари единствено на милосливото посредување на Јосифовиот Бог. Тој исто така увидел дека управувањето на Јосифа во значителна мера придонело за материјалното богатство на неговото царство, па затоа неговата благодарност се покажувала во посебни привилегии кон семејството на Јакова. {ПП 241.2}

Меѓутоа, како времето одминувало, големиот човек, на кого Египет толку многу требало да му биде благодарен, заминал в гроб, а со него и поколението што ги уживало благословите на неговиот труд. „Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосиф”. Заслугите на Јосифа за народот нему не му биле непознати, но тој не ги признавал, настојувајќи да ги закопа и што побргу да ги турне во заборав. „И му рече на својот народ: ‘Еве, народот на синовите израелски е многуброен и посилен од нас.Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да си отидат од нашата земја’”. {ПП 241.3}

Израелци веќе имало многу: „Се множеа и се засилуваа така што Египќаните започнаа да се плашат од синовите на Израел”. Благодарение на Јосифовата грижа и на наклоноста на царот кој владеел во тоа време, тие бргу се рашириле по сета земја. Но сепак се одржале како засебен народ и со Египќаните немале ништо заедничко ниту во обичаите ниту во верата. Нивното брзо размножување го загрижило царот и неговиот народ, плашејќи се во случај на војна да не преминат на страна на непријателот. Сепак државничката мудрост не дозволувала да ги протераат од земјата. Мнозина од нив биле вредни и способни работници и со својот труд многу придонеле за општото национално богатство. На царот такви работници му биле потребни за градење на неговите сјајни палати и храмови. Поради тоа ги поставил во ист ранг со Египќаните кои на царството му се продале и себеси и својот имот. Набргу потоа им биле поставени надзорници и со тоа нивното поробување било целосно. „Затоа Египќаните ги угнетуваа синовите на Израел со жестокост,и им го загорчуваа животот со тешки работи со кал и со правење тули, и со разни полски работи, и со секаква друга работа, ги измачуваа немилосрдно” „Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа и се засилуваа”. {ПП 241.4}

Царот и неговите советници се надевале дека, подложувајќи ги Израелците на тешка и мачна работа, ќе го намалат нивниот број и ќе го скршат нивниот независен дух. Не успевајќи да ја остварат својата намера, примениле уште посвирепи мерки. Им била издадена наредба на оние жени чиешто занимање им овозможувало спроведување на истата сите еврејски машки деца да ги убиваат при самото раѓање. Поттикнувач на ова бил лично сатаната. Тој знаел дека меѓу Израелците треба да се роди еден кој ќе биди нивни Ослободител и се понадевал дека, поттикнувајќи го царот да им ги убива децата, ќе го оневозможи остварувањето на оваа божествена намера. Но овие жени се боеле од Бога и не се осмелувале да извршуваат еден толку свиреп налог. Нивната постапка му била по волја на Господа и Тој за тоа ги благословил. Царот бил огорчен што неговата наредба не се извршува и затоа уште повеќе ја заострил и ја проширил. Целата нација била повикана да ги лови и да ги убива неговите беспомошни жртви. „Тогаш фараонот му заповеда на целиот свој народ, велејќи: ‘Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлајте го в река: само женските деца оставајте ги во живот’”. {ПП 242.1}

Додека таа наредба била во полна сила, се родил синот на Амрам и Јохаведа, побожни Израелци од племето на Левие. Новороденчето било „убаво дете” (Евреите 11:23) и родителите, верувајќи дека се приближило времето за ослободување на Израел и дека Бог ќе му подигне избавител на својот народ, решиле своето дете да не го жртвуваат. Верата во Бога го засилувала нивното срце „и не се уплашија од царската заповед” (Евреите 11:23). {ПП 242.2}

Мајката успеала да го крие детето три месеци. Потоа, гледајќи дека не ќе може веќе со сигурност да го чува, направила ковчеже од водна трева, го обложила со битумен и со смола за да не пропушта вода и, положувајќи го детето во него, го однела во трската крај реката. Не се осмелила да остане таму да го пази за да не го изложи на опасност и својот живот и животот на детето; но неговата постара сестра, Мирјам, се маткала недалеку навидум незаинтересирана, но всушност будно внимавајќи да види што ќе се случи со нејзиниот малечок брат. А тука имало и други кои будно внимавале. Мајчините сесрдни молитви го предале детето на Божја грижа и ангелите, невидливи за човечките очи, бдееле над неговата малечка колепка. Ангелите фараоновата ќерка ја упатиле токму на тоа место. Малечката кошничка предизвикала кај неа љубопитство и кога во неа видела „прекрасно дете”, со еден поглед ја прочитала и целата негова историја. {ПП 243.1}

Солзите на детето кај неа предизвикале сожалување и таа сочувствително помислила на неговата непозната мајка која прибегнала и кон вакви средства само да му го поштеди животот на своето мило дете. Таа решила да го спаси детето и да го посини. Мирјам скришно посматрала сѐ што се случувало и кога забележала како со детето се постапува нежно, се осмелила да пристапи поблизу, и најпосле кажала: „Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?” И ѝ одобриле. {ПП 243.2}.

Сестрата побрзала кај мајка си со радосната вест и обете веднаш се вратиле кај фараоновата ќерка, која рекла: „Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам”. {ПП 243.3}

Бог ги услишил мајчините молитви; нејзината вера била наградена. Длабоко благодарна, таа тогаш храбро и слободно ја прифатила својата среќна должност. Верно ја искористила дадената можност своето дете да го воспита и да го одгледа за Бога. Таа сигурно верувала дека детето е сочувано за некаква голема задача, а знаела дека наскоро ќе мора да и биде предадено на царската помајка, каде што ќе биде изложено на влијанија пресметани така за да го одвратат од Бога. Имајќи го во вид сето тоа, таа го воспитувала уште погрижливо и повнимателно отколку другите свои деца. Се трудела во неговата душа да всади Божји страв и љубов кон правдата и вистината, и најсесрдно се молела на Бога да го сочува од секое лошо влијание. Му ги разоткрила лудоста и гревот на идолопоклонството и од малечки нозе го учела да клекне и да се моли на живиот Бог кој единствено може да го чуе и да му помогне во секоја неволја. {ПП 243.4}

Го чувала момчето сѐ додека било можно, но морала да го предаде кога имало околу дванаесет години. Од својата скромна куќичка, тој бил доведен на царскиот двор, кај фараоновата ќерка, и „таа го посини”. Сепак дури ни тука тој не ги заборавил впечатоците примени во детството. Поуките примени од мајка му не можеле да бидат заборавени. Токму тоа го сочувало од гордоста, од неверството и од пороците што цутеле во сјајот на царскиот двор. {ПП 244.1}

Колку далекусежно по своите последици било влијанието на една Израелка, една робинка во земјата на своето изгнанство! Целиот иден живот на Мојсеја, големото дело што го извршил како водач на Израелскиот народ докажуваат колкава важност има задачата на една христијанска мајка. Нема задача што би можела да се споредува со оваа. Во голема мера мајката судбината на децата ја држи во свои раце. Таа влијае врз развитокот на умот и карактерот, работејќи не само за овој живот, туку и за вечноста. Таа сее семе што ќе никне и ќе донесе плод било на добро или на зло. Нејзина задача не е да извезе прекрасен лик на платно, ниту да го изваја од мермер, туку во жива човечка душа да ја втисне божествената слика. Таа посебно сноси одговорност за вообличување на детскиот карактер во нивното рано детство. Впечатоците што ги примаат децата во тоа време им остануваат во сеќавање во текот на целиот живот. Воспитувањето и образованието на своите синови и ќерки од нивното најрано детство родителите треба да ги насочуваат така за децата да им станат христијани. Тие се доверени на наша грижа не затоа да станат наследници на земен престол, туку како Божји и Христови цареви да владеат низ бесконечните времиња на вечноста. {ПП 244.2}

Секоја мајка треба да чувствува дека нејзините мигови се од непроценлива вредност. Нејзиното дело ќе биде испитано на денот на големиот суд. Тогаш ќе се види дека грешките и престапите на мнозина произлегле од незнаењето и од немарноста на оние чијашто должност била стапалата на своите деца да ги насочат кон вистинскиот пат. Тогаш ќе се види дека мнозина, кои биле гении во вистината и светоста, и кои за светот биле голем благослов, за начелата што биле двигател на нивното влијание и успех треба да им заблагодарат на молитвите на побожната христијанска мајка. {ПП 244.3}

На фараоновиот двор Мојсеј добил највисоко граѓанско и воено образование. Владетелот решил својот посвоен внук да го стори наследник на својот престол, и момчето било воспитувано за таа висока положба. „И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела” (Дела 7:22). Неговите исклучителни способности како војсководител го сториле миленик на египетските армии. Насекаде го сметале за човек достоен за восхитување. Намерите на сатаната биле осуетени. Токму таа наредба со која еврејските деца биле осудени на смрт, според Божјото провидение придонела идниот водач на неговиот народ да го добие потребното образование и подготовка. {ПП 245.1}

Ангелите ги упатиле Израелските старешини и им објасниле дека се приближило време за нивното ослободување и дека Мојсеј е човекот со кој Бог ќе се послужи да ја изврши таа задача. И на Мојсеја исто така ангелите му откриле дека Бог него го одбрал на робувањето на својот народ да му стави крај. Претпоставувајќи дека тие ќе се ослободат со силата на оружјето, очекувал тој да ги поведе еврејските маси против египетските војски; и имајќи го тоа предвид, ги потиснувал своите чувства дека приврзаноста кон фараонот и кон неговата ќерка како своја втора мајка можеби би пречела во спроведувањето на божествената волја. {ПП 245.2}

Според египетските закони, секој што би стапил на фараонскиот престол, морал да биде член на свештеничката каста. Така и Мојсеј, како законит престолонаследник, морал да биде упатен во тајната на египетската вера. Таа должност им била доверена на свештениците. Но, иако ревносно и неуморно го изучувал сето тоа, сепак не можеле да го придобијат да учествува во молитвите на лажните богови. Му се заканувале дека доколку остане упорен во својата приврзаност кон еврејската вера, ќе биде лишен од престолот и дека царевата ќерка ќе се откаже од него како син. Но тој непоколебливо останал при својата одлука заклетва на верност да не му дава никому освен на единствениот Бог, Творец на небото и земјата. Со заклучоци до кои се доаѓа врз основа на здравиот разум, им докажал на свештениците и на поклониците на лажните богови колку е бесмислено нивното суеверно обожавање на мртвите работи. Никој не можел да ги оспори неговите докази ниту да ја измени неговата решителност; сепак, извесно време ја поднесувале неговата упорност, земајќи ја во обѕир неговата висока положба и наклоноста што ја уживал и кај царот и кај народот. {ПП 245.3}

„Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, зашто видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед.Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќеркаи повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади.Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата” (Евреите 11:23-26). Мојсеј имал способности да заземе истакнато место меѓу великаните на луѓето на земјата да блескоти на дворовите на тогаш најславното царство и во своја рака да го земе жезолот на неговата сила. Со својата интелектуална големина тој ги надминува големите луѓе на сите времиња. Како историчар, поет, филозоф, војсководител и законодавец е неспоредлив. Меѓутоа, иако сето тоа стоело пред него, тој сепак имал морална сила да ги одбие.  примамливите изгледи за богатство, чест и слава: „И повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади” (Евреите 11:25). {ПП 245.4}

Мојсеј бил поучен дека наградата на крај ќе им биде доделена на понизните и послушни Божји слуги, па во светлината на тоа знаење, земната добивка загубила секаква вредност. Нему примамливо му ја истакнувале сјајната фараонова палата и владетелскиот престол, но тој знаел дека во тие господствени одаи се кријат уживања поради кои човекот го заборава Бога. Преку велелепноста на раскошниот двор и над владетелската круна, неговиот поглед бил насочен кон повисоките почести што ќе им бидат укажани на светците на Севишниот во неговото царство неопогането со валканост на гревот. Тој во вера ги видел круните и венците на непоминливата слава што ќе ги стави небесниот Цар на главите на победниците. Таа вера му дала храброст да ги напушти горделивите великодостојници на египетскиот двор и да му се придружи на сиромашниот, понизен и презрен народ кој, наместо да му служи на гревот, решил да му служи единствено на Бога. {ПП 246.1}

Мојсеј останал на дворот до својата четириесетта година. Често мислел за бедната состојба во која се наоѓал неговиот народ. Ги посетувал своите угнетени браќа и ги храбрел со уверувањето дека Бог ќе се погрижи за нивното ослободување. Болно раскинуван од јадот што често го обземал додека гледал како ги угнетуваат, горел од желба да ја одмазди неправдата што морале да ја поднесуваат. Излегувајќи така еден ден, видел како еден Египќанец тепа Израелец, па скокнал и го убил Египќанецот. Освен Израелецот, тоа никој не го видел, а Мојсеј веднаш го закопал лешот во песок. Со тоа ја покажал својата подготвеност да се заложи за делото на својот народ и се понадевал дека тие сега ќе се подигнат да ја вратат својата слобода. „Тој мислеше дека браќата негови ќе согледаат дека Бог преку неговата рака ќе им даде спасение, но тие не сфатија” (Дела 7:25). Тие уште не биле приготвени за слобода. Утредента видел како двајца Евреи меѓусебно се караат. Бидејќи било очигледно на чија страна е кривицата, Мојсеј го укорил виновникот, кој му го оспорил правото да се меша и дрско го обвинил за вчерашното злосторство. „Кој те поставил да бидеш началник и судија над нас?” рекол тој. „Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот?” {ПП 246.2}

Целата работа бргу се прочула меѓу Египќаните и, мошне зголемена, стигнала до ушите на фараонот. Тоа на царот му било претставено како настан од огромна важност. Мојсеј, наводно, имал намера својот народ да го поведе против Египќаните да ја собори владата и самиот да седне на престолот; и затоа царството не може да биде сигурно додека тој е меѓу живите. Владетелот веднаш решил Мојсеј да умре. Но Мојсеј, свесен за опасноста што му се заканува, побегнал во правец на Арабија. {ПП 247.1}

Бог го водел на неговиот пат, па нашол прибежиште кај Јотора, мидјански свештеник и кнез, кој исто така го почитувал Бога. По извесно време, Мојсеј се оженил со една од ќерките на Јотора; и тука, во служба кај својот дедо, останал полни четириесет години. {ПП 247.2}

Решавајќи да го убие Египќанецот, Мојсеј паднал во истата заблуда во која толку често запаѓале и неговите предци го презел во свои раце она што, според ветувањето, требало Бог да го стори. Не била Божја волја неговиот народ да се ослободува со војна, како што замислувал Мојсеј, туку со Божја сила, така што славата да му припадне единствено нему. Па сепак, и таа предвремена постапка Бог ја искористил за да ја оствари својата намера. Мојсеј уште не бил приготвен за големото дело што го очекувало. И тој требало уште да ја учи лекцијата на верата што во свое време морале да ја учат и Аврам и Јаков за исполнувањето на Божјите ветувања да не се потпира врз човечка сила и мудрост, туку само врз Божјата сила. Имало и други поуки што требало Мојсеј да ги прими во тишината и мирот на планинската осаменост. Во школата на самооткажувањето и тешкотиите требало да се научи на трпение и на контрола над своите страсти. Неговото срце морало да биде во потполна хармонија со Бога за да биде во состојба да ги поучува Израелците на познавање на неговата волја. Морал низ лично искуство да биде приготвен да покажува татковско настојување и грижа за сите на кои ќе им затреба негова помош. {ПП 247.3}

Човек не би се согласил на толку долг период на маки и повлеченост, сметајќи го тоа за голема загуба на време. Но оној кој требало да стане водач на избраниот народ, бесконечната Мудрост го повикала четириесет години да извршува најниски пастирски должности. Навиката да води грижа да заборави на себе предавајќи му се целосно и нежно на своето стадо, требало да го приготви да стане сочувствителен и добродушен и мошне стрплив пастир на Израел. Тоа искуство не можело да биде заменето со никакво образование или култура примена од луѓето. {ПП 247.4}

Мојсеј бил научен на многу нешта од што требало да се одвикне и да се одучи. Влијанијата што го опкружувале во Египет – љубовта на неговата хранителка и втора мајка високата положба што ја заземал како царев внук, распуштениот живот во сѐ, превејаното мудрување, препреденоста, таинственоста на лажната вера, сјајот на идолопоклоничкото богослужение, свечената величественост на архитектурата и вајарството сето тоа оставало длабок впечаток врз умот на неговиот развиток и до извесна мерка, ги вообличувало неговите навики и неговиот карактер. Тие впечатоци можело да ги избрише само времето, промената на околината и постојаното одржување на врска со Бога. И сам Мојсеј од своја страна морал да се бори како човек што се бори за животен опстанок да ја отфрли заблудата и да ја прифати вистината, но кога таа борба би станувала премногу тешка за човечката сила, Бог бил негов помошник. {ПП 248.1}

Кај сите што биле одбрани да извршат некое дело за Бога, се забележува човечки елемент. Но тие не смееле да останат неизменети во своите навики и во карактерот, задоволувајќи се со тоа да останат во таа состојба. Тие најсесрдно се труделе од Бога да примат мудрост и да научат како треба да работат за него. Апостолот кажува: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде” (Јаков 1:5). Но Бог не им дава на луѓето небесна светлина сѐ додека тие се задоволни со себе и наклонети да останат во темнина. За да може да ја прими Божјата помош, човекот мора да ја увиди својата слабост и нецелосност; тој мора својот дух да го прилагоди кон онаа голема промена што треба да се изврши во него; тој мора да биде поттикнат на сесрдна молитва и на истрајни напори. Лошите навики и обичаи треба да се отфрлат; само со решително настојување таквите заблуди да се исправат и да им се подложат на исправните начела, може да се извојува победа. Мнозина никогаш не успеваат да дојдат до онаа положба која инаку би можеле да ја заземат само затоа што очекуваат Бог да го стори за нив она што самите можат да го сторат со силата што им ја дал Тој. Сите што се способни да заземат некоја корисна положба во животот, мораат да поминат низ најтешка духовна и морална дисциплина и Бог ќе им помогне обединувајќи ја својата божествена сила со нивните човечки напори. {ПП 248.2}

Опкружен и заштитен со природниот бедем на планините, Мојсеј бил сам со својот Бог. Величествените египетски храмови со своето суеверие и заблуда не влијаеле веќе врз неговиот дух. Во свечената големина на „вечните планини” тој го посматрал величеството на Севишниот и сфатил колку се ништожни и незначително ситни боговите на Египет споредени со таа величественост. Името на Творецот било испишано насекаде околу него. На Мојсеја му се чинело дека се наоѓа во Божјо присуство и во постојана сенка на неговата заштита и сила. Тука исчезнала неговата гордост и веќе не му се чинело дека е доволен самиот себеси. Во строгата едноставност на пустинскиот живот исчезнале сите последици на удобноста и раскошот на Египет. Мојсеј станал стрплив, богобојазлив и понизен, „најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата” (Броеви 12:3), но силен во верата во „силниот Бог на Јакова”. {ПП 248.3}

Како годините поминувале, тој, крстосувајќи со своите стада по осамени места, размислувал за состојбата на својот угнетен народ; и додека во своите мисли ги „пребројувал” Божјите дела во постапувањето со неговите татковци и неговите ветувања за наследството на одбраниот народ, кон небото ден и ноќ се издигнувале негови молитви за Израелскиот народ. Небесните ангели ја распростирале својата светлина околу него. Тука, под вдахновение на Светиот Дух, ја напишал книгата „Создавање” (Прва книга Мојсеева). Долгите години што ги поминал како бегалец среде пустинската самотија биле богати со благослови не само за Мојсеја и за неговиот народ, туку и за цел свет низ сите векови. {ПП 251.1}

„А по многу време, умре египетскиот цар. А синовите израелски уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките маки дојде до Бога.И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраам, Исак и Јаков.И Бог погледна на синовите израелски, и се смили над нив”. Настапило времето за ослободување на Израел. Но Божја намера била тоа да го изврши на начин на кој потполно ќе ја порази и ќе ја понижи човечката гордост. Ослободителот требало да се појави како обичен пастир и тоа само со еден стап во раката; но Бог имал намера тој стап да го направи симбол на својата моќ. Еден ден, водејќи го своето стадо, кога дошол „до Божјата планина Хорев”, Мојсеј видел грмушка сета во пламен; и гранките, и лисјата и стеблото, сѐ горело, а сепак се чинело дека ништо не изгорува. Пристапил поблизу да ја види таа чудна сцена. При тоа од пламенот го повикал некој глас по име. Затреперувајќи од страв, тој одговорил: „Еве ме”. Бил предупреден да не се приближува без да оддаде почит: „Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја… Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”. Тоа бил истиот Оној кој како заветен Ангел им се покажувал на неговите предци во старите времиња. „А Мојсеј го закри лицето свое, зашто се плашеше да погледне во Бога”. {ПП 251.2} 

Однесувањето на сите оние што излегуваат пред Бога треба да го красат понизност и страхопочит. Во Исусово име ние можеме да излеземе пред него со полна доверба, но не смееме да му се приближиме со дрска вообразба како Тој да е еднаков со нас. Има и такви кои на семожниот и свет Бог, кој се наоѓа во недосеглива светлина, му се обраќаат така како што би ословиле некој на себеси рамен или дури на понизок од себе. Има такви кои во своето однесување во неговиот дом се чувствуваат послободни отколку што би се осмелиле да бидат во приемната просторија на некој земен властодржец. Тие би требало да имаат на ум дека се наоѓаат во присуство на Оној на кого му се клањаат серафими и пред кого ангелите ги засолнуваат своите лица. На Бога му припаѓа највисока почит и сите што навистина го чувствуваат неговото присуство, понизно пред него ќе се поклонат и ќе извикнат како и Јаков што извикал кога на сон го видел: „Колку е страшно ова место! Ова е дом Божји, ова е вратата небеска” (Создавање 28:17). {ПП 252.1}

Додека Мојсеј стоел пред Бога чекајќи со длабока страхопочит, гласот од пламенот продолжил: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова.Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко… А сега појди – Јас те испраќам кај фараонот, (египетскиот цар) за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите израелски”. {ПП 252.2}

Вчудовиден и вџашен со оваа заповед, Мојсеј се повлекол велејќи: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, и да ги изведам синовите на Израел од земјата египетска?” Одговорот гласел: „Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина”. {ПП 252.3}

Мислејќи на тешкотиите што требало да се совладаат, на заслепеноста, на незнаењето и неверувањето на својот народ, од кој мнозина немале речиси никакви претстави за Бога, Мојсеј рекол: „Еве, ќе појдам кај синовите израелски и ќе им речам: ‘Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.’ И ако тие ме прашаат: ‘како Му е името’, што ќе им речам тогаш?” Одговорот гласел: {ПП 252.4}   

„Јас сум Оној, Кој вечно постои!” Па продолжи: „Така ќе им кажеш на синовите израелски: ‘Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас’”. {ПП 253.1}

Мојсеј добил задача прво да ги собере старешините Израелови, оние најблагородните и најправедните меѓу нив, кои долго страдале и тагувале поради своето робување, и да им ја соопшти Божјата порака и ветувањето за ослободување. А потоа, заедно со старешините, требало да излезат пред царот и да му кажат: {ПП 253.2}

„Господ, Бог на Евреите, нè повика да појдеме на три дена пат во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог”. {ПП 253.3}

На Мојсеја однапред му било кажано дека фараонот ќе ја одбие молбата на Израелците да им дозволи да заминат. Но сепак, Божјиот слуга не смеел да се обесхрабри, зашто Бог токму со тоа сакал да ја покаже својата моќ и пред Египќаните и пред својот народ. „Но ќе ја пружам раката Своја, и ќе го притиснам Египет со сите Мои чудеса, што ќе ги направам таму; потоа ќе ве пушти”. {ПП 253.4}

Добил упатства и во врска со подготовките што требало да ги изврши пред да појде. „И ќе му дадам милост на овој народ кај Египќаните”, рекол Господ. „Секоја жена нека побара од сосетката своја и од онаа што живее во домот нејзин сребрени и златни предмети и облека”. Египќаните се збогатиле со плодовите на трудот неправедно изнудуван од поробените Израелци, и најпосле, кога настапил мигот овие да тргнат во својата нова татковина, имале право да бараат награда за својата долгогодишна тешка работа. Кажано им е да бараат скапоцености што лесно можат да се носат, а Бог сторил да најдат милост кај Египќаните. Големите чуда што ќе бидат сторени за нивно ослободување во толкава мера ќе ги исполнат со страв срцата на угнетувачите, што барањата на робовите веднаш ќе бидат исполнети. {ПП 253.5}

Мојсеј видел пред себе тешкотии што му изгледале непремостливи. Кои докази можел да изнесе пред својот народ дека тој навистина е пратен од Бога. „А ако не ми поверуваат”, рекол тој, „и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – ‘Не ти се јавил Господ’”. А тогаш му бил даден доказ што одговарал на неговото сфаќање. Му било наредено да го фрли својот стап на земјата, а кога тоа го сторил, стапот се претворил во змија, „И Мојсеј избега од неа”. Потоа му било наредено да ја фати и таа пак се претворила во стап. Тогаш му било кажано раката да ја стави во пазувите. Послушал, „а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег”. А кога му било наредено повторно да ја стави во пазувите и да ја извади, видел дека пак станала чиста како и другата. Со овие знаци Господ го охрабрил Мојсеја и му дал цврсто ветување дека неговиот народ, и самиот фараон, ќе се осведочат дека пред нив стои Оној кој е посилен од египетскиот цар. {ПП 253.6}

Но Божјиот слуга сѐ уште бил совладан со мислата за необичното и чудесното дело што се случило пред него. Така збунет и уплашен, се бранел дека не знае добро да зборува. „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам”. Тој навистина во голема мера го заборавил египетскиот јазик, зашто долго бил отсутен од Египет и не можел веќе лесно да се служи со тој јазик како порано додека живеел во таа земја. {ПП 254.1}

Господ му рекол: „Кој му дал уста на човекот? Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ?” При тоа го уверувал дека насекаде ќе го придружува: „Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш?” Но Мојсеј сѐ уште молел Бог да одбере некоја попогодна личност. Тие изговори од почеток произлегувале од скромноста и притеснувањето; но откако Господ ветил дека ќе ги отстрани сите тешкотии и ќе обезбеди конечен успех, тогаш секое натамошно притеснување и жалење на својата неспособност се само израз на недоверба кон Бога. Тоа покажувало страв дека Бог не е во состојба да го оспособи за таа голема задача на која го повикува, или дека се измамил во изборот на вистинскиот човек. {ПП 254.2} 

Тогаш Мојсеј бил упатен на Арона, на својот постар брат, кој совршено го зборувал египетскиот јазик, зашто со тој јазик се служел секојдневно. Му било кажано дека Арон ќе му појде во пресрет. Следните Господови зборови биле безусловна заповед: {ПП 254.3}

„Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите (Мои) во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите.И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога.А тој стап (што беше претворен во змија), земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда”. Не можел веќе да се опира, зашто била отстранета секоја причина за извинување. {ПП 254.4}

Во мигот кога му била дадена божествената заповед, Мојсеј немал доверба во самиот себе бидејќи се чувствувал малодушен и тешко зборувал. Бил совладан од чувството на својата сопствена неспособност да му зборува на Израел во Божјо име. Но кога еднаш ја прифатил задачата, ѝ пристапил со сето срце и целосно се потпрел врз Бога. Свеста за големината на задачата што му била доверена кај него ги разбудила најголемите сили на неговиот ум. Неговата подготвеност да послуша била придружувана со Божји благослов и тој станал речит, полн со надеж, прибран и наполно способен за најголемото дело што кога и да е му било доверено на еден човек. Тоа е добар пример за тоа што може Бог да стори за да го засили карактерот на оние што имаат целосна доверба во него и кои безусловно ги прифаќаат неговите заповеди. {ПП 255.1}

Човекот ќе добие сила и делотворност ако ги прифати одговорностите што ги става Бог на него и ако со сета душа се труди да се оспособи за правилно извршување на задачата што му е доделена. Колку и да му е скромна положбата, а способностите ограничени, секој што има доверба во божествената сила и кој се труди својата задача да ја изврши верно, ќе постигне вистинска големина. Кога Мојсеј би се потпрел врз својата сила и мудрост и големата задача би ја прифатил дрчно, би се покажал целосно неспособен за таквото големо дело. Фактот што еден човек ја чувствува својата слабост претставува барем извесен доказ дека тој ја увидува големината на задачата што му е доделена и дека ќе се обрати на Бога за совет и помош. {ПП 255.2}

Мојсеј се вратил кај својот дедо и покажал желба да ги посети своите браќа во Египет. Јотор еднодушно се согласил со тоа и го благословил, велејќи: „Оди со здравје”. Така Мојсеј со жена си и со децата се упатил на пат. Не се осмелил да им ја открие целта на своето патување, зашто во тој случај тие можеби не би се осмелиле да појдат со него. Но, пред да пристигне во Египет дошол до заклучок дека заради нивната сигурност најпаметно би било да ги врати дома во Мидјан. {ПП 255.3}

Потајниот страв од фараонот и од Египќаните, чијшто гнев се распалил против него уште пред четириесет години, го гонел Мојсеја уште повеќе да се опира при помислата да се врати во Египет; но бидејќи решил да ја прифати божествената заповед, Господ му открил дека неговите непријатели изумреле. {ПП 255.4}

На патот од Мидјан Мојсеј одненадеж и на страшен начин бил предупреден на Божјото нерасположение кон него. Му се јавил ангел во толку заканувачки став, како да сакал да го уништи веднаш. Не било дадено никакво објаснување, но Мојсеј веднаш се сетил дека занемарил едно од Божјите барања. Подлегнувајќи на убедувањето на својата жена, пропуштил да го обреже својот помлад син. Не го исполнил условот под кој неговиот син требало да го стекне правото на благословите на заветот склучен меѓу Бога и Израел; а ваквиот пропуст од страна на избраниот народен водач можел само да ја ослаби силата на божествените прописи во очите на народот. Плашејќи се мажот да не и загине поради тоа, Ципора сама го извршила чинот на обрезанието, и ангелот веднаш го пуштил Мојсеја да оди по својот пат. Задачата што требало да ја изврши пред фараонот, Мојсеја го доведувала во мошне опасна положба; неговиот живот можел да биде сочуван само со заштитата на светите ангели. Меѓутоа додека не ја извршил занемарената должност за која знаел, не можел да биде сигурен, зашто во тој случај Божјите ангели не би можеле да го штитат. {ПП 255.5} Во времето на неволјата, непосредно пред второто Христово доаѓање, праведниците ќе бидат сочувани благодарение единствено на заштитата на небесните ангели, но за престапниците на Божјиот закон нема да има сигурност. Тогаш ангелите не ќе можат да ги штитат оние што занемариле макар една од Божјите заповеди. {ПП 256.1}

Сподели го ова:

Similar Posts