42. ПОВТОРУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Второзаконие 4-6 и 28 глава

Бог му навестил на Мојсеја дека се приближува мигот да се заземе Ханан. Остарениот пророк стоел на гора над Јордан и над ветената земја, посматрајќи го со голем интерес наследството на својот народ. Дали би било можно да се отповика пресудата изречена над него поради гревот сторен кај Кадис. Со длабока сесрдност запекал: „Господи, Боже, Ти почна да го покажуваш на слугата Свој величието Свое и (силата Своја и цврстата рака Своја и високата мишка Своја); па има ли некој бог на небото или на земјата, кој би можел да прави такви дела, како Твоите, и со таква моќ, каква што е Твојата?Дај ми да минам и да ја видам онаа прекрасна земја преку Јордан, тие убави планински предели и Ливан. Но Господ ме презре заради вас и не ме послуша, и ми рече Господ: ‘Доста, во иднина да не ми говориш повеќе за тоа;искачи се на врвот од Фазга и крени ги очите кон морето и кон север, кон југ и кон исток; погледни со очите, зашто нема да го минеш Јордан’” (Второзаконие 3:24-27). {ПП 462.1}

Одговорот гласел: „Доста, во иднина да не ми говориш повеќе за тоа;искачи се на врвот од Фазга и крени ги очите кон морето и кон север, кон југ и кон исток; погледни со очите, зашто нема да го минеш Јордан”. {ПП 462.2}

Без и најмало негодување Мојсеј ја прифатил Божјата одлука. А потоа се загрижил за Израел. Кој ќе се грижи за нивната благосостојба онака како што го правел тоа тој? Од длабината на срцето му потекла молитва: „Господ, Бог на духовите во сите тела, нека одреди над овој народ човек,кој ќе ги управува, и кој ќе ги предводи во сите можни околности, та да не остане народот Господов како стадо без пастир” (Броеви 27:16,17). {ПП 462.3}

Господ ја ислушал молитвата на својот слуга и одговорил: „Земи го Исус, Навиновиот син, човек, во кого има Дух, и положи ја врз него раката своја. Претстави го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, и дај му наредби пред целиот народ, и дај му од славата твоја за да го слуша сиот народ на синовите израелски” (Броеви 27:18-20). Исус Навин долго му помагал на Мојсеја, а бидејќи бил мудар, вешт и верен човек, избран е и за негов наследник. {ПП 462.4}

Ракоположен од страна на Мојсеја, Исус Навин свечено ја примил значајната должност на водач на Израел. Му било дозволено да учествува во управувањето. Мојсеј за народот добил заповед од Господа: „А тој да се обраќа до свештеникот Елеазар и да се допрашува до него за решенија преку урим пред Господ; и според зборот негов секогаш да постапуваат: тој и сите синови на Израел со него, и целото општество”. {ПП 463.1}

Пред да ја напушти положбата на народен водач, на Мојсеја му било наредено да им ја повтори историјата на нивното ослободување од Египет и патувањето низ пустината како и законот изговорен на Синај. Кога законот бил даден на Синај, само малкумина од нив од сегашниот собир биле доволно возрасни за да ја разберат сета сериозност на мигот. А бидејќи требало набргу да ја преминат реката Јордан и да влезат во ветената земја, Бог сакал да им ги изложи барањата на својот закон и да им предочи дека послушноста е услов за напредокот и среќата. {ПП 463.2}

Мојсеј стоел пред народот за да им ги повтори своите последни опомени и совети. Лицето му го осветлувала света светлина. Косата му била бела од старост, но се држел простум; цртите на лицето му покажувале несмалена сила и здравје, погледот му бил бистар и жив. Тоа бил важен миг, а тој длабоко чувствително им ја опишувал милоста и љубовта на нивниот семожен Заштитник. {ПП 463.3}

„Зашто, запрашај се за поранешните времиња, што беа пред тебе, од оној ден, кога Бог го создаде човекот на земјата, и од едниот крај на небото до другиот; имало ли нешто такво како ова големо дело, или се чуло ли за слично на него?Го чул ли некој народ некогаш гласот на живиот Бог, Кој говори од оган, како што ти чу, и остана жив?Зар се обидел некој бог да си земе народ од друг народ преку порази, знаменија и чуда, преку војна, и со силна испружена рака, со големи ужаси, како што направи за вас Господ, вашиот Бог, во Египет пред твоите очи?Тебе ти е дадено да го видиш тоа, за да разбереш дека само Господ, твојот Бог е Бог и дека нема друг освен Него”. {ПП 463.4}

„Не затоа, што сте побројни од сите народи, ве прими Господ и ве избра, – бидејќи вие сте помалубројни од сите народи, –туку затоа што Господ ве засака и за да ја одржи клетвата, со која Тој се беше заколнал на предците ваши; и ве изведе Господ со силна рака (и цврста мишка) ве ослободи од домот на ропството, од раката на фараонот, египетскиот цар. И така, знај дека Господ, твојот Бог, е Бог верен, Кој го пази Својот завет и има милост кон оние што Го сакаат и ги извршуваат заповедите Негови до илјада поколенија” (Второзаконие 7:7-9). {ПП 464.1}

Израелскиот народ секогаш бил готов за сите свои неволји да го обвини Мојсеја. Но сега отпаднале сите сомневања дека тој бил премногу горд, честољубив и себичен, па со доверба слушале сè што им зборувал. А Мојсеј верно им ги изнесувал сите нивни грешки и престапите на нивните татковци. Поради долгото талкање низ пустината, често биле нестрпливи и се бунеле. Меѓутоа, Бог не бил виновен што заземањето на Ханан толку многу се одложувало. На Бога уште повеќе му било жал отколку ним што не може веднаш да ги одведе во ветената земја и на тој начин да им ја покаже на сите народи својата силна моќ . Без доверба во Бога, горди и неверни, тие не биле подготвени да влезат во ветената земја. Тие во никој поглед не ја претставувале нацијата чијшто Бог е Господ, зашто им недостигал неговиот карактер – чистота, добрина и благонаклоност. Кога нивните татковци со доверба би прифатиле да ги води Бог, кога би ги држеле неговите закони и би живееле според неговите прописи, тие веќе одамна би се настаниле во ветената земја како напреден, свет и среќен народ. Одложувањето на нивното влегување во таа добра земја го обесчестувало Бога и ја намалувало неговата слава во очите на околните народи. {ПП 464.2}

Мојсеј го разбирал карактерот и вредноста на Божјиот закон, па ги уверувал дека ниеден друг народ на светот нема толку мудри, праведни и благодатни законски одредби како што се овие, дадени на Евреите. „Ете”, продолжил Мојсеј, „ви ги изнесов наредбите и законите, што ми ги предаде Господ, Бог мој, за да постапувате така во земјата, во која влегувате, за да ја завладеете.И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе чујат за сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ”. {ПП 464.3} 

Мојсеј вниманието на народот го насочил кон „оној ден, кога стоевте пред Господ, вашиот Бог, кај Хорев”. Потоа ги прашал собраните Евреи: „Зашто има ли некој голем народ, кому неговиот бог му се приближил толку, како што е близок кон нас Господ, нашиот Бог, кога и да Го повикаме? И има ли некој голем народ со такви праведни наредби и закони, како целиот овој закон, што ви го предавам денес?” {ПП 465.1}

И денеска би можело да се повтори ова прашање упатено до Израел. Законите што му ги дал Бог на стариот Израел биле помудри, подобри и похумани од законите на најцивилизираните народи на земјата. Сите човечки закони содржат траги на слабост и страсти на необновеното срце; а Божјите закони носат Божји печат. {ПП 465.2}

„А вас, пак, Господ Бог ве зеде и ве изведе од железната печка, од Египет, та да бидете народ Негов, како што сте тоа денес”. Земјата во која требало наскоро да влезат им била опишана со подолу наведените зборови, но можела да биде нивна само под услов на послушност кон Божјиот закон. Меѓутоа, колку силно ги возбудувале тие зборови срцата на Израелците кога помислувале дека токму Мојсеј, кој на толку живописен начин им ја прикажал ветената земја, нема да има дел во наследството на својот народ, и тоа поради нивниот грев: „Зашто Господ, твојот Бог, те води во добра земја”, „не е како египетската земја, од која излеговте, каде што ти, откако ќе го посееше семето свое, ја напојуваше со нозете свои, како зеленчукова градина.Земјата, пак, во која одите за да ја освоите е земја со планини и долини, и се напојува со вода од небескиот дожд”, „во земја каде што има пченица, јачмен, лозја, смокви и калинки; во земја, каде што има маслиново масло и мед;во земја, каде што ќе го јадеш лебот свој без недостаток и од ништо нема да имаш потреба, – во земја, каде што камењата се железо, а од планините ќе копаш бакар”. {ПП 465.3}

„Кога, пак, ќе те воведе Господ, твојот Бог, во онаа земја, за која Тој им се заколна на предците твои – Авраам, Исак и Јаков, да ти ја даде со големи и убави градови, што ти не си ги градел,и со куќи, полни со секое добро, со кое ти не си ги наполнил, и со кладенци ископани, што ти не си ги копал, со лозја и маслини, кои ти не си ги садел, па ќе јадеш и ќе се наситуваш!Тогаш пази да не ти се измами срцето и да не Го заборавиш Господа”. „Пазете да не го заборавите заветот на Господа Бога кој ревнува”. А доколку прават зло пред Божјите очи: „Брзо ќе исчезнете од добрата земја, која Господ ви ја дава” нагласил Мојсеј. {ПП 465.4}

Бидејќи јавно пред сите го повторил законот, Мојсеј го завршил пишувањето на сите прописи, одредби и казни што му ги соопштил Бог, како и правилата, односно жртвениот систем. Книгата во која сето тоа било содржано им е предадена на одговорни служители и, заради секоја сигурност, е ставена крај ковчегот. Меѓутоа, големиот водач сè уште се плашел дека неговиот народ би можел да отстапи од Бога. Во еден необично свечен и возбудлив говор им ги изложил благословите што ќе ги примат ако бидат послушни, како и проклетствата што ќе уследат како последица на непослушноста. {ПП 466.1}

„Откако ќе го преминете Јордан, во земјата која Господ, вашиот, Бог ви ја дава,) ако го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, ги пазиш и ги извршуваш сите Негови заповеди, што денес ти ги заповедам… Благословен ќе бидеш во градот и благословен во полето.Благословен ќе биде плодот на твојата утроба, и плодот на земјата твоја, и плодот на добитокот твој… Благословени ќе бидат кошниците твои и ноќвите твои.Благословен ќе бидеш, кога влегуваш, и благословен – кога излегуваш. Господ ќе ги порази пред тебе непријателите твои, кои се креваат против тебе… Господ ќе ти испрати благослови на твоите житници и на секоја работа на твоите раце”. {ПП 466.2}

„Ако, пак, не го слушаш гласот на Господ, твојот Бог, и не ги пазиш и не ги исполнуваш сите Негови заповеди и наредби, што ти ги заповедам денес, ќе паднат врз тебе и ќе се збиднат сите овие проклетства”. „И ќе станеш таму предмет на озборување и исмејување кај сите народи, кај кои Господ ќе те одведе”. „И ќе те расее Господ, твојот Бог, по сите народи, од крајот на земјата до крајот на земјата, и таму ќе им служиш на други богови, што не си ги знаел, ниту ти, ниту предците твои; на дрво и на камен ќе служиш.Но и меѓу тие народи нема да се успокоиш, ниту ќе има место за одмор на нозете твои; и таму Господ ќе го исплаши срцето твое, ќе го ништи видот на очите твои и ќе направи да страда душата твоја;животот твој ќе виси пред тебе… од стравот во срцето свое ќе се плашиш, и од тоа што ќе го видат очите твои, па наутро ќе кажеш: ‘О, што поскоро да се стемни!’, а навечер ќе велиш: ‘О, што поскоро да осамне’”. {ПП 466.3}

Со пророчко око, вдахнат, Мојсеј гледал низ вековите и ги опишал страшните сцени на конечната пропаст на Израел како народ и опустувањето на Ерусалим од страна на римската војска: „Ќе испрати Господ против тебе народ оддалеку, од крајот на земјата; како орел ќе се спушти народот чиј јазик ти не го разбираш.народ бездушен, кој не сака ни старо да почитува, ниту младо да помилува”. {ПП 467.1}

Целосното опустување на земјата и страшните патила на народот за време на опсадата на Ерусалим под војсководителот Тит, што се исполниле по толку векови, се опишани мошне сликовито: Тој народ „ќе го јаде тој плодот од добитокот твој и плодот од земјата твоја… додека не те погуби… ќе те притеснува во сите твои градови, додека не ги разруши во твојата земја твоите високи и јаки ѕидови, на кои ти се надеваш… И ти ќе го јадеш плодот на утробата своја, плотта на синовите и ќерките свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги даде, поради опсадата и теснотијата, во која ќе те стави непријателот твој… Жена најчувствителна и најнежна меѓу вас, која поради својата нежност никогаш со нога не стапнала на земја, со безмилосно око ќе гледа на саканиот маж свој, на синот свој, на ќерката своја… зашто, при скудноста во сè, таа ќе ги јаде тајно, во притеснетоста во која ќе те стави непријателот твој во твоите градови”. {ПП 467.2}  

Мојсеј завршил со следните впечатливи зборови: „Сведоци ми се небото и земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое:да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто во тоа е твојот живот и долговечност; така ти ќе живееш на земјата, за која Господ Бог им се беше заколнал на предците твои – Авраам, Исак и Јаков, дека ќе им ја даде”. {ПП 467.3}

За да ги всади овие вистини што подлабоко во срцата на присутните, големиот водач ги изразил со свети стихови. Таа песна била не само историска, туку и пророчка. Изнесувајќи го чудесното Божјо постапување со својот народ во минатото, истовремено ги осветлил и значајните настани на иднината и конечната победа на верните кога Христос повторно ќе дојде во сила и слава. На народот му било наложено добро да ја запамети таа пророчка песна и да им ја пренесе на своите деца и на децата на своите деца. Таа песна морала да се пее кога народот ќе се собере на богослужение и да се повторува при поаѓањето на секојдневните должности. Должност на родителите била тие зборови да ги всадат во чувствителната душа на децата така за тие никогаш да не ги заборават. {ПП 467.4}

Бидејќи Израелците во посебна смисла требало да бидат чувари на Божјиот закон, значењето на овие прописи и важноста на послушноста требало посебно да им се истакнат, а преку нив и на нивните деца и на децата на нивните деца. Во врска со законите и уредбите што им ги дал, Бог им наредил: „И пренесувај им ги на децата свои и зборувај за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш… и напишете ги врз надвратникот од вашите куќи и на вашите градски порти”. {ПП 468.1} Подоцна, кога нивните деца ќе ги запрашаат: „Што значат тие заповеди, наредби и закони, што ви ги заповедал Господ, вашиот Бог?”, родителите треба да им ја повторат историјата на милозливото Божјо постапување со нив – што сè Бог сторил заради нивното избавување за да можат да ги држат неговите закони – и да нагласат: „И ни заповеда Господ да ги исполнуваме сите тие наредби, да се плашиме од Господ, нашиот Бог, за да ни биде добро во сите денови, и да останеме живи, како што сме денес. И во тоа ќе биде нашата праведност, ако се трудиме да ги извршуваме сите тие заповеди на законот пред Господ, нашиот Бог, како што ни заповеда Тој”. {ПП 468.2}

Сподели го ова:

Слични објави