21. ЈОСИФ И НЕГОВИТЕ БРАЌА
Оваа глава е заснована на Создавање 41,54-56; и 42 – 50 глава
Веднаш кога почнале родните години, почнала и подготовката за гладот што настапувал. Под раководство на Јосифа, во сите поважни места на египетската земја се изградени огромни складишта и се предвидени потребните мерки за чување на вишоците што ги ветувала богатата жетва. Истата постапка е применувана во текот на сите седум родни години додека не се напластило толку многу жито, што не можело ниту да се пресмета колку го има. {ПП 224.1}
А потоа настапиле седумте гладни години, како што претскажал Јосиф однапред: „И настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата египетска земја имаше леб.Но, кога почна да гладува и египетската земја, народот му бараше на фараонот леб. А фараонот им рече на сите Египќани: ‘Одете кај Јосиф, па како што ќе каже тој, така правете.’ А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египќаните жито, бидејќи настана голем глад во египетската земја.И од сите земји доаѓаа во Египет да купуваат жито од Јосиф, зашто настана голем глад по целата земја”. {ПП 224.2}
Гладот ја зафатил и хананската земја и силно се чувствувал и во оној дел од земјата каде што живеел Јаков. Кога слушнале за богатите резерви храна што ги собрал египетскиот цар десетмина синови на Јакова се упатиле во Египет да купат жито. Кога стигнале таму, ги упатиле кај царскиот претставник, па со другите кои дошле да бараат храна, излегле пред господарот над египетската земја. И „му се поклонија со лицето доземи”. „Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа”. Неговото еврејско име било заменето со ново, што му го дал царот, а меѓу првиот египетски министер и момчето што тие им го продале на исмаилските трговци, имало малку сличност. Кога Јосиф ги видел своите браќа на колена пред себе, си споменал за своите соништа и пред неговите очи оживеале настаните од минатото. Одмерувајќи ги со остар поглед, веднаш забележал дека меѓу нив го нема Венијамина. Можеби и тој паднал како жртва на подмолната свирепост на овие нескротливи луѓе? Тој решил да ја дознае вистината и затоа со строг глас им рекол: „Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја”. {ПП 224.3}
„Не сме, господаре”, му одговориле тие, „туку слуги твои, што дошле да купат храна; сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи”. Тој сакал да дознае дали сѐ уште се толку безочни како што биле кога тој бил со нив. Освен тоа, го интересирало како е во неговата татковина, па сакал и тоа да го извлече од нив, иако знаел дека лесно можат да го излажат. Тој и натаму ги обвинувал, а тие одговориле: „Ние слугите твои, бевме дванаесет браќа, синови на еден човек во хананската земја; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, а едниот го нема веќе”. {ПП 225.1}
Правејќи се дека се сомнева во вистинитоста на нивните приказни и сомничејќи ги сѐ уште како шпиони, господарот им рекол дека сака да ги провери, барајќи деветмина од нив да останат во Египет, а еден да отиде и да го доведе најмладиот брат од дома. Ако не се согласат со тоа, тогаш навистина ќе ги смета како шпиони. Меѓутоа, синовите на Јакова не можеле да се согласат со тој предлог, зашто нивните дома би гладувале додека овој еден отиде да го доведе брата си, а тие дури тогаш да однесат жито. Освен тоа, кој меѓу нив би се согласил да отпатува сам, оставајќи ги своите браќа во затвор? Како би излегол пред очи на таткото под тие услови? Се чинело сосема извесно дека ќе бидат или погубени или ќе станат робови; ако го доведат Венијамина, секако и тој би ја делел нивната судбина. Затоа решиле да останат и побргу да страдаат сите заедно отколку на својот татко да му создадат уште поголема болка одделувајќи го од единствениот син кој уште му преостанал. Тогаш ги затвориле во затвор каде што останале три дена. {ПП 225.2}
Во текот на минатите години, откако Јосиф не бил меѓу нив, карактерот на овие синови на Јакова значително се изменил. Порано биле зависливи, незауздани, склони кон измама, сурови и осветољубиви. Но сега, откако ги снашла неволја, се покажале како несебични, верни еден кон друг и предани на својот татко, почитувајќи го неговиот авторитет, иако и самите веќе биле средовечни луѓе. {ПП 225.3}
Деновите поминати во египетскиот затвор за Јосифовите браќа биле денови на тагување и силна болка. За тоа време размислувале за своите гревови од минатото. Бидејќи Венијамина не можеле да го доведат, им се чинело сосема сигурно дека ќе бидат прогласени за шпиони, а не се надевале многу дека таткото ќе се согласи да се оддели од Венијамина. Третиот ден Јосиф наредил браќата повторно да бидат изведени пред него. Не се осмелувал и натаму да ги држи во затвор бидејќи татко им и другите членови на семејството за тоа време ќе страдаат од глад. „Ако сакате да останете живи”, им рекол тогаш, „еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога:ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, во домот каде што сте затворени, а вие останатите отидете и однесете жито на вашите изгладнети семејства.А потоа доведете го кај мене најмалиот ваш брат, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе загинете”. Тие се согласиле со тој предлог, иако немале многу надеж дека татко им ќе го пушти Венијамина со нив да појде во Египет. Јосиф со нив зборувал преку преведувач, па мислејќи дека државникот не ги разбира, тие меѓусебе слободно разговарале и во негово присуство. Се обвинувале еден со друг поради својата некогашна постапка со Јосифа. „Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова, кога ни се молеше, но ние се оглушивме. Затоа и нè снајде ова зло”. Тогаш Рувим, кој во Дотан имал намера да го спаси, рекол: „Зар не ви реков јас – не грешете против детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова”. Слушајќи го сето тоа, Јосиф не можел да ги совлада своите чувства, па излегол надвор и плачел. Кога се вратил, наредил Симеона да го врзат пред нив и повторно да го вратат во затворот. Симеон бил поттикнувач на онаа свирепа постапка со братот и главен учесник во тоа злосторство, и затоа изборот сега паднал токму на него. {ПП 225.4}
Пред да ги отпушти браќата, Јосиф наредил на секого да му се даде жито и потајно да им се стават парите озгора во вреќите. Биле снабдени за патот со храна и за себе и за добитокот. На патот, кога еден од нив ја отворил својата вреќа, се изненадил кога во неа нашол заврзок со сребро. Кога другите го слушнале тоа, не им било пријатно и се уплашиле. Си велеле еден на друг: „Зошто ни го направи Бог ова?” Не знаеле дали тоа треба да го сметаат како добар знак од Господа или Тој го дозволил тоа да ги казни за нивниот грев и да ги изложи на уште поголеми страдања. Се осведочиле дека Бог го видел нивниот грев и дека сега ги казнува. {ПП 226.1}
Јаков загрижено ги очекувал своите синови да се вратат, и кога најпосле стигнале, сите членови на семејството се собрале околу нив слушајќи нестрпливо додека тие му раскажувале на татка си за сѐ што им се случило. Секое срце се исполнило со страв и загриженост. Однесувањето на египетскиот државник навестувало некое зло. Нивниот страв уште повеќе се зголемил кога ги отвориле вреќите и во нив секој ги нашол своите пари. Стариот татко извикал во својата болка: „Децата ми ги запустивте; Јосиф го нема, го нема и Симеон, па и Венијамин ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа”. Рувим одговорил: „Двата мои сина убиј ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам”. Тие непромислени зборови не можеле да го смират Јакова. Негов одговор бил: „Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб”. {ПП 226.2}
Но гладот продолжил и со текот на времето се потрошило житото донесено од Египет. Синовите на Јакова добро знаеле дека во Египет не вреди да се оди без Венијамина. Немале многу надеж дека ќе ја изменат одлуката на татка си, и молчејќи очекувале што ќе се случи. Сенката на гладот станувала сѐ потемна. Во загриженоста што се гледала на лицето на секој член на семејството старецот ја читал нивната потреба. Најпосле рекол: „Одете пак и купете ни малку храна”. {ПП 227.1}
Јуда одговорил: „Оној човек јасно ни рече: ‘Да не се јавувате пред лицето мое, ако вашиот помал брат не дојде со вас.’ Ако го пуштиш со нас братот наш, ќе одиме и ќе ти купиме храна.Ако, пак, не го пуштиш, тогаш нема да одиме, зашто оној човек ни рече: ‘Да не се појавувате пред лицето мое, ако вашиот брат не биде со вас’”. Кога видел како татко му се колеба, продолжил: „Пушти го малиот со мене, па ќе се кренеме и ќе отидеме за да останеме живи, и да не изумреме ни ние, ниту ти, ни нашите деца”. Се понудил да гарантира за својот брат и да биде „виновен пред тебе до крајот на мојот живот” ако Венијамин не биде вратен на татка си. {ПП 227.2}
Јаков не можел и понатаму да се опира, па им заповедил на синовите да се приготват за пат. Им наредил да му понесат на оној државник подароци какви што уште можат да се понесат од земја во која владее глад „малку балсам, малку мед, миризлива смола, темјан, кикиритки и бадеми” и двапати повеќе пари. „Земете го и братот ваш, па станете и одете пак кај оној човек”. Пред да појдат неговите синови на пат полн со неизвесност, станал старецот, ги подигнал рацете кон небото и изговорил молитва: „А семоќниот Бог Ел-Шадај да ви помогне да најдете милост кај оној човек, па да ви го пушти и другиот ваш брат, и Венијамин. А јас, пак, ако треба веќе да останам без деца, нека останам”. {ПП 227.3}
Така повторно се упатиле во Египет и се нашле пред Јосифа. Кога Јосиф го видел својот роден и единствен брат по мајка си, Венијамина, бил длабоко трогнат. Сепак, сѐ уште ги криел своите чувства, но наредил тие луѓе да ги одведат во неговата куќа каде што требало да се приготви заеднички ручек. Кога ги повеле во палатата на државникот, браќата на Јосифа се уплашиле дека ќе бидат повикани на одговорност поради парите најдени во нивните вреќи. Си мислеле дека сето тоа е намерно приготвено за да се најде изговор за нивно поробување. Во својата потиштеност, тие му се обратиле на управникот на Јосифовата куќа и му раскажале под кои околности дошле во Египет. Како доказ за својата невиност му кажале дека ги вратиле парите пронајдени во своите вреќи, а донеле и други пари да купат храна. „Не знаеме кој ни го стави среброто наше во вреќите”. А тој им одговорил: „Бидете спокојни, не плашете се, вашиот Бог и Бог на таткото ваш го ставил тоа благо во вреќите ваши; среброто ваше стигна кај мене”. Тоа ја ублажило нивната загриженост, а кога им се придружил и Симеон, кого што го пуштиле од затвор, тие почувствувале дека Бог навистина е милостив кон нив. {ПП 227.4}
Кога државникот повторно се нашол меѓу нив, тие му ги понудиле подароците и наведнувајќи се понизно, „му се поклонија доземи”. Тогаш Јосиф пак си споменал за своите соништа и откако ги поздравил гостите, веднаш ги прашал: „Добар ли е вашиот стар татко, за кого ми зборувавте? Жив ли е уште?” „Жив е слугата твој, нашиот татко, и здрав е”, му рекле тие и повторно се поклониле. Потоа неговиот поглед се запрел на Венијамина и прашал: „Овој ли е најмалиот брат ваш, за кого ми зборувавте?” „Бог нека ти биде благонаклонет, синко!” Но, совладан од чувството на нежност, не можел ништо повеќе да каже. „Па влезе во внатрешната соба и таму плачеше”. {ПП 228.1}
Откако се совладал и се прибрал, се вратил кај нив и почнале да јадат. Според класичните закони, Египќаните не смееле да јадат со припадниците на другите народи. Затоа синовите на Јакова јаделе сами на посебна трпеза додека државникот, во сообразност со своето високо звање, секогаш јадел сам. Другите Египќани јаделе на друга трпеза. Кога седнале сите, браќата се изненадиле гледајќи како се наредени по старешинство. „И нареди дел од јадењата што беа пред него, да ги носат пред нив, а делот на Венијамин беше петпати поголем од делот на секого од нив”. Покажувајќи ваква посебна наклоност кон Венијамина, Јосиф сакал да види дали браќата и нему ќе му завидуваат и ќе го мразат како што правеле некогаш со него. Бидејќи сѐ уште мислеле дека Јосиф не го разбира нивниот јазик, слободно меѓусебно разговарале. Така тој имал можност да ги дознае нивните вистински чувства. И покрај тоа, сакал уште еднаш да ги провери па, пред да појдат, наредил неговата сребрена чаша да се стави во вреќата на неговиот најмлад брат. {ПП 228.2}
Браќата весело се упатиле дома. Со нив биле Симеон и Венијамин. Добитокот им бил натоварен со жито, и сите чувствувале дека среќно ги избегнале опасностите што им изгледале неизбежни. Но само што излегле од градот, ги стигнал Јосифовиот слуга и ги обвинил: „Зошто враќате зло за добро? (Зошто ми ја украдовте сребрената чаша)?Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? А тој на неа ги чита и претскажувањата! Тоа што го направивте е лошо”. Постоело мислење дека таа чаша има некоја посебна особина да го открие отровот, ако во неа би се ставило нешто отровно. Во тоа време таквите чаши биле мошне ценети како заштита од труење. {ПП 229.1}
На тоа обвинување што го подигнал слугата, патниците одговориле: Зошто зборуваш, господаре, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не би направиле.Дури и среброто, што го најдовме при отворот на вреќите, го вративме од хананската земја, па како можеме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато?А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш”. {ПП 229.2}
А тој пак, рече: Нека биде како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни”. {ПП 229.3}
Веднаш почнал претрес. „И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа”. Египќанецот прегледал сечија вреќа, почнувајќи од онаа на Рувима, па со ред до онаа на најмладиот. Во вреќата на Венијамина се нашла чашата. {ПП 229.4}
Во знак на најголема жалост, браќата ја искинале својата облека и полека се вратиле во градот. Тие сами однапред го осудиле Венијамина да робува. Го следеле Египќанецот до палатата на државникот и, кога излегле пред него, паднале на колена. „Што направивте?”, ги прашал. „Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, се занимава со пророкување и секако ќе може да разбере”. Јосиф настојувал да ги наведе да го признаат својот грев. Тој никогаш не се растурал со некоја способност дека може да погодува тајни работи, но сакал кај нив да создаде верување дека може да ги чита тајните на нивниот живот. {ПП 229.5}
Јуда одговорил: „Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господаре, и ние и овој, во кого се најде чашата”. {ПП 229.6}
„Но Јосиф одговори: ‘Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш’”. {ПП 230.1}
Bo својата длабока болка, Јуда сега на колена се приближил кон Јосифа и почнал да пека: „Господаре, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си како и фараонот”. Трогателно и со убедливи зборови му ја опишал длабоката болка што го опфатила нивниот татко кога исчезнал Јосиф и неговото упорно опирање Венијамин да појде во Египет, бидејќи Венијамин бил уште еден единствен син кој останал од Рахила, а неговиот татко неа толку многу ја сакал. „И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, и да не биде со нас детето, со чија душа е приврзана неговата душаи кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, таткото наш, со тага в гроб.А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‘Ако не ти го доведам (и не го претставам пред тебе), нека бидам виновен пред таткото свој довека.’ Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои.Зашто, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Би го видел злото, што ќе го снајде мојот татко”. {ПП 230.2}
На Јосифа му било доста. Тој кај своите браќа видел плодови на покајание. Сослушувајќи ја благородната молба на Јуда, наредил да се оддалечат сите, така што тој со овие странци останал насамо; а тогаш, прснувајќи во плач, извикал: „Јас сум Јосиф! Дали е уште жив татко ми?” {ПП 230.3}
Браќа му се стаписале и занемеле од страв и изненадување. Зар египетскиот државник да биде нивниот брат Јосиф. Јосиф, на кого му завидувале, кого што сакале да го убијат, и кого најпосле го продале како роб! Пред очи им излегло сето зло што му го сториле. Си споменале за тоа како ги презирале неговите соништа и како се труделе да го попречат нивното исполнување. Наспроти тоа, тие со својата постапка токму придонеле тие соништа да се остварат. А сега, бидејќи целосно се во негова власт, очекувале дека тој сигурно ќе им се одмазди за неправдата што морал да ја поднесе. {ПП 230.4}
Гледајќи ја нивната загриженост и страв, им рекол пријателски: „Дојдете поблизу до мене”, и кога дошле, продолжил: „Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет. А сега, пак, не жалостете се, ниту да жалите што ме продадовте ваму, бидејќи Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш”. Чувствувајќи дека веќе доволно страдале поради својата свирепост кон него, тој благородно настојувал да го отстрани нивниот страв и да ја ублажи горчината на нивните самопрекори. {ПП 230.5}
„Зашто има веќе две години, откако настапи глад на земјата”, продолжил, „а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва.Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување.И така, не ме пративте вие ваму, туку Бог, Кој ме постави како татко на фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата египетска земја. Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‘Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди кај мене, не одлагај.Ќе живееш во земјата Гошен, ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и ситниот и крупниот твој добиток, и сè што е твое.А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја, зашто глад ќе има уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сè, што е твое.’ И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа дека мојата уста ова ви го зборува.Раскажете му на таткото мој за сета моја слава во Египет и за сè што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.Потоа го прегрна братот свој Венијамин и плачеше во прегратката негова. А и Венијамин плачеше за братот свој.И ги бакнуваше сите браќа свои и, прегрнувајќи ги, плачеше. Потоа неговите браќа разговараа со него”. Тие понизно и скршено го признале својот грев и молеле за прошка. Долго ги мачел немир и грижа на совеста, и сега се радувале што тој е уште жив. {ПП 231.1}
Веста за овој настан бргу допрела и до царот кој, настојувајќи на Јосифа да му искаже должна благодарност, го потврдил повикот упатен до семејството на Јосифа, нагласувајќи: „Сѐ што е најубаво во египетската земја, ќе биде ваше”. Така неговите браќа биле снабдени со богати резерви, со коли и со сѐ што било потребно за преселба на нивните семејства и на сите членови на придружба во Египет. На Венијамина Јосиф му дал побогати дарови отколку на другите браќа. Плашејќи се дека попатно ќе се расправаат, пред да појдат им наредил: „Немојте да се карате по патот”. {ПП 231.2}
Синовите на Јакова се вратиле кај татка си со радосна вест: „Јосиф е жив, и тој е господар над целата египетска земја”. Старецот од изненадување бил целосно совладан; тој не можел да поверува што слуша; но кога ја видел долгата поворка на коли и натоварени животни, и кога повторно го видел Венијамина покрај себе, тој бил убеден и во полнотата на радоста извикал: „Доволно е што уште е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам”. {ПП 231.3}
На десеттемина браќа им преостанало уште едно дело на понизност. Дури тогаш му ја признале на татка си измамата и свирепоста што толку години му го загорчувале животот и нему и ним. Јаков не можел ниту да помисли дека тие би можеле да сторат толку страшен грев, но увидел дека сепак се излегло на добро, па им простил на своите заблудени деца и ги благословил. {ПП 232.1}
Набргу сите се упатиле во Египет. Стариот татко со своите синови и со нивните семејства, со стадата, со сиот добиток и со многубројни придружници. Со радосно срце патувале до Вирсавија каде што патријархот принел жртва на благодарност и во молитва побарал од Господа гаранција дека Тој ќе биде со него. Ноќта му се јавил Господ велејќи: „Не плаши се да слезеш во Египет, бидејќи таму ќе направам од тебе голем народ.Јас ќе дојдам со тебе во Египет, и Јас пак ќе те вратам ваму; и Јосиф ќе ги заклопи очите твои”. {ПП 232.2}
Ова ветување: „Не плаши се да слезеш во Египет, бидејќи таму ќе направам од тебе голем народ”, било мошне значајно. На Аврама му било ветено потомство многубројно како ѕвездите, но до тогаш избраниот народ многу бавно се множел. А хананската земја, тогаш понудена, не претставувала поволна почва за развиток на таква нација каква што била претскажана. Тогаш таа земја ја држеле во посед силни незнабожечки племиња од кои требало да биде одземена дури во „четвртото колено” (Создавање 15:16). За потомците на Израел да станат многуброен народ, тие би морале или да ги растераат староседелците на таа земја или со нив да се измешаат. Првото не можеле да го сторат зашто тоа не било во сообразност со божественото уредување; но, ако се измешаат со Хананците, би се изложиле на опасност да бидат заведени со идолопоклонството. Меѓутоа, Египет давал услови неопходни за исполнување на божествената намера. Така им било ставено на располагање едно добро наводнувано и плодно земјиште, што давало големи можности за нивно брзо размножување. А бидејќи имале специфично занимање, морале во Египет да наидат на антипатии, „зашто Египќаните сите овчари ги сметаат за нечисти” па поради тоа можеле како народ да останат потполно изделени и заштитени од учеството во идолопоклонството на Египќаните. {ПП 232.3}
Кога пристигнале во Египет, веднаш сите се упатиле во земјата Гошен. Во тој правец во пресрет им се упатил и Јосиф со својата државничка кола, придружуван со владетелска придружба. Опфатен со една единствена мисла додека срцето му било длабоко возбудено со непреодолив копнеж, тој потполно заборавил на достоинството на својата положба и на сјајот на својата околина. Забележувајќи ги патниците како се приближуваат, не можел веќе да ги совлада чувствата чиишто копнежи во текот на толку многу години биле задушувани. Скокнал од колата и потрчал да го прегрне татка си и да му изрази добредојде. Му паднал околу вратот и долго плачел. Тогаш „Израел му рече на Јосифа: „Сега, бидејќи со свои очи видов дека си жив, можам да умрам”. {ПП 233.1}
Јосиф повел петмина од своите браќа да ги претстави пред фараонот и да добие одобрение за земјата што ќе им припаѓа во иднина. Од благодарност што му ја должел и што му ја укажувал на својот прв министер, монархот би ги примил со почести што им се укажуваат на високи државни функционери, но Јосиф, верен на Јехова, сакајќи да ги сочува своите браќа од искушенијата на кои би биле изложени на незнабожечкиот двор, им советувал, кога царот ќе ги запраша, слободно да кажат со што се занимаваат. Синовите на Јакова го послушале тој совет и се потрудиле да кажат дека во оваа земја дошле само на привремен престој, а не во неа постојано да живеат. Со тоа однапред себеси си го задржале правото да се преселат кога ќе сакаат. За живеалиште царот им го доделил, како што и ветил, „најдобро место во сопственост во земјата египетска” – покраината Гешем. {ПП 233.2}
Набргу по пристигнувањето, Јосиф го извел и својот татко пред фараонот. Царските дворови за патријархот биле непознати и тој тука бил само странец и гостин. Меѓутоа, среде величествените сцени на природата одржувал врска со многу посилниот Владетел отколку што се земните цареви, па тогаш свесен дека е повисок од фараонот ги подигнал рацете и го благословил. {ПП 233.3}
При својата прва средба со Јосифа, Јаков изјавил дека радо би го завршил својот живот со тој радосен крај на сите грижи и таги. Но Бог му дал уште седумнаесет години да поживее мирно и повлечено во земјата Гошен. Тие години му поминувале во среќна спротивност со оние што им претходеле. Тој кај своите синови видел докази за нивно вистинско каење. Видел дека неговото семејство располага со сите услови потребни да се развие во голема нација и цврсто верувал во ветувањето дека тие еден ден ќе се населат во Ханан. Бил опкружен со сите знаци на љубов и внимание што можел да му ги укаже првиот министер на Египет. Така среќен и задоволен што пак се нашол крај својот одамна загубен син, чесно и на мир легнал во гроб. {ПП 233.4}
Кога почувствувал дека му се ближи крајот, пратил по Јосифа. Сѐ уште цврсто верувајќи во Божјото ветување дека хананската земја ќе им биде дадена во посед, му рекол: „Ако сум нашол милост пред тебе, стави ја раката твоја под бедрото мое, и направи ми милост и вети ми дека нема да ме погребеш во Египет.Но за да почивам кај татковците мои, ќе ме пренесеш надвор од Египет и ќе ме погребеш во гробот нивни”. Јосиф ветил дека ќе постапи така, но Јаков не се задоволил со тоа. Барал свечена заклетва дека ќе биде закопан кај своите татковци во Махпелската пештера. {ПП 234.1}
Уште на една важна работа требало да ѝ се посвети внимание. Јосифовите синови требало званично да ги нареди меѓу синовите Израелови. Доаѓајќи на последен разговор со татка си, Јосиф ги довел и своите два сина, Манасија и Ефрем. Благодарение на својата мајка децата биле поврзани со највисоките редови на египетсткото свештенство, а положбата на нивниот татко им отворал пат кон богатство и углед, ако решат да се поврзат со Египќаните. Но, желба на Јосифа била синовите да му останат соединети со неговиот народ. Тој својата вера во заветните ветувања ја покажувал со тоа што сакал неговите синови да се откажат од сите почести што можел да ги пружи египетскиот двор за да добијат места меѓу племињата на презрените пастири на кои им била доверена живата Божја реч. {ПП 234.2}
Јаков рекол: „А сега, двајцата синови твои, Ефрем и Манасија, кои ти се родија во египетската земја, пред да дојдам во Египет, нека бидат мои, како што ми се Рувим и Симеон”. Тие требало да бидат примени меѓу синовите на Јакова и секој од нив да биде родоначалник на едно Израелско племе. Така на Јосифа му припаднала една од првенечките привилегии што ја загубил Рувим двоен дел во Израел. {ПП 234.3}
Очите на Јакова натежнале од старост, па не го забележал присуството на овие две момчиња; но, кога ги забележал контурите на нивниот лик, прашал: „Кои се овие?” И кога добил одговор додал: „Доведи ги кај мене, да ги благословам”. Кога татко им ги привел поблизу, патријархот ги прегрнал и ги бакнал, полагајќи ги свечено своите раце врз нивните глави за да ги благослови. Потоа ја изговорил следната молитва: „Бог, по чијшто пат секогаш одеа пред него моите татковци Аврам и Исак, Бог, кој ми беше Спасител, откако сум настанал па сѐ до денешен ден, Ангелот, кој ме избавуваше од секое зло, нека ги благослови овие деца; со името мое и со името на моите татковци, Аврам и Исак да се споменуваат, и да се намножат на земјата во многубројни мноштва”. Тука немало никаква самоувереност и потпирање врз човечка моќ и вештина. Бог бил негов заштитник и потпора. Не се плачел на тешките денови на своето минато; за своите јадови и искушенија не зборувал веќе како за нешто што било „против” него. Извирале само чувствата на милост, љубов и добрина што ги покажал Бог кон него во текот на неговиот патнички живот. {ПП 234.4}
Кога благословувањето завршило, му рекол на својот син: „Еве, јас умирам; но Бог ќе биде со вас и ќе ве врати во земјата на вашите татковци”. Тие зборови за идните поколенија, во текот на долгите години на робувањето и страдањата, биле сведоштво за неговата вера. {ПП 235.1}
Најпосле сите синови на Јакова се собрале околу неговата претсмртна постела. Обраќајќи им се на своите синови, Јаков рекол: „ Соберете се и послушајте ме, вие синови на Јаков, послушајте го Израел, таткото ваш”, „за да ви соопштам однапред, што ќе се случи со вас во идните времиња”. Често тој длабоко загрижен и вознемирен размислувал за нивната иднина и се обидувал некако да си го претстави себеси токот на развитокот на одделни племиња. А сега додека неговите деца чекале да го примат неговиот последен благослов, него го обзел дух на пророштво и јасно му се прикажала иднината на неговите потомци. Го изговарал името на еден по еден од своите синови, му го опишал карактерот и накратко го прикажал идниот развиток на неговото племе. {ПП 235.2}
„Рувиме, сине мој првороден, ти си тврдина моја и почеток на мојата сила; прв по достоинство и прв по моќ”. {ПП 235.3}
Така таткото прикажал каква би требало да биде положбата на Рувима како првенец; но неговиот страшен грев, зад кулата Едер, го сторил недостоен за првенечкиот благослов. А потоа Јаков продолжил: {ПП 235.4}
„Ти бликаш како вода, нема да имаш веќе првенство”. {ПП 235.5}
Свештенството му било доделено на Левие, царството и месијанското ветување на Јуда, а двојниот удел во наследството на Јосифа. Племето на Рувим никогаш не се издигнало до некоја примерна височина и достоинство во Израел. Тоа не било ниту толку бројно како она на Јуда, на Јосифа или на Дан, а било меѓу првите кои биле одведени во ропство. {ПП 235.6}
Зад Рувима по години на старост биле Симеон и Левие. Тие се здружиле во свирепата одмазда над Сихемците и најмногу биле виновни што Јосиф бил продаден како роб. За нив е кажано: {ПП 235.7}
„Ќе ги разделам по Јакова, и ќе ги растурам низ Израел”. {ПП 235.8}
При пребројувањето на Израелците непосредно пред влегувањето во Ханан, племето на Симеон било најмало. Мојсеј во својот последен благослов и не го споменува Симеона. Кога се настаниле во Ханан, ова племе добило само еден мал дел од она што му припаднало на Јуда, а семејствата што подоцна станале силни, создале разни населби и се настаниле надвор од границите на светата земја. И Левие не добил наследство, освен четириесет и осум градови, расеани низ разни делови на земјата. Меѓутоа, со својата преданост кон Јехова (за време на идолопоклонството кај Синај, заб. на прев.), кога другите племиња отпаднале, племето на Левие себеси си осигурило место во светата служба во Светилиштето и така проклетството се претворило во благослов. {ПП 235.9}
Врвните благослови на првенечкото право му припаднале на Јуда. Значењето на неговото име пофалба се открива во пророчката историја на тоа племе: {ПП 236.1}
„Јудо! Тебе ќе те слават браќата твои, и рацете секогаш ќе ти бидат врз плеќите на непријателите твои; и тебе ќе ти се поклонуваат синовите на таткото твој. Јудо, лавче мое мало! Од грабеж се издигаш, сине мој. Се наведнуваш и легнуваш како лав и лавица. Кој смее да те предизвикува?Нема да се одземе жезолот од Јуда, ниту од бедрата негови, сè дури не дојде Миротворецот, Кому ќе Му се покоруваат народите”. {ПП 236.2}
Шумскиот цар, лавот, е соодветен симбол за ова племе од кое требало да се роди Давид и Давидовиот син „Оној на кого му припаѓа царскиот жезол”, вистинскиот „лав од племето на Јуда”, на кого најпосле сите сили ќе му се поклонат и сите народи на светот ќе му укажат почит. {ПП 236.3}
На повеќето свои деца Јаков им претскажал среќна иднина. Најпосле дошло на ред името на Јосифа и додека призивал благослови „над главата на изделениот меѓу браќата”, срцето на таткото се прелеало како преполна чаша: {ПП 236.4}
„Јосиф е плодна гранка, плодородна гранка покрај извор, чии фиданки поминуваат над ѕидот.И го огорчуваа, и стрелаа по него, и го прогонуваа силните стрелци,но лакот негов остана јак, и мускулите на неговите раце останаа цврсти преку рацете на Моќниот (Бог) Јаковов, на пастирот и тврдината Израелова.Од Бога на таткото твој, Кој ќе ти помага, и од Семоќниот Кој ќе те благослови со благослови одозгора од небото, со благослови од бездната подземна, со благослови од градите и од утробите.Благословите на таткото твој ги надминаа благословите на старите планини и убавините на вечните ридови; тие нека се спуштаат и нека бидат над главата Јосифова, и над темето на избраниот меѓу браќата свои”. {ПП 236.5}
Јаков секогаш бил човек со длабоки и огнени чувства. Тој своите синови многу и нежно ги сакал и неговото сведоштво, упатено до секого од нив поединечно, не претставувало изливи на пристрасност, нарочна наклоност или пак огорченост. На сите им простил и сите ги сакал. Неговата татковска нежност се покажувала низ зборови кои охрабруваат и влеваат надеж; но врз него се спуштила Божја сила, па под влијание на пророчкиот дух бил присилен секому да му ја каже вистината, колку и да била таа болна. {ПП 237.1}
Откако ги изговорил своите последни благослови, Јаков ја повторил заповедта во врска со местото на неговиот закоп. „Јас се прибирам кај својот род, погребете ме при татковците мои, во пештерата што е во нивата на Хитиецот Ефрон”. „Таму ги погребаа Авраам и жената негова Сара, таму ги погребаа и Исак и Ревека, жената негова, а таму јас ја погребав и Лија”. И така со последниот чин на својот живот ја покажал својата вера во Божјото ветување. {ПП 237.2}
Последните години на Јакова биле како квечерина на мир и спокојство по бурен и мачен ден. Над неговата животна патека се пластеле темни облаци, а сепак неговото сонце зашло потполно чисто, а неговите последни часови ги осветлиле небесни зраци. Светото писмо кажува: „И ноќе ќе биде виделина” (Захарија 14:7). „Види го непорочниот, гледај го праведниот: има напредок за мирниот” (Псалм 37:37). {ПП 237.3}.
Јаков грешел и многу страдал. Морале да поминат многу години на мака, грижи и тага од оној ден кога поради големиот грев морал да ги напушти шаторите на татка си како бегалец. Бил дојденик и без родно место далеку од мајка си која никогаш веќе не ја видел; седум години работел за својата избраница што ја сакал, но сепак, само затоа за најпосле на безочен начин да го измамат; дваесет години поминал во тешка служба кај дрчниот и среброљубив роднина; видел како богатството му се намножува и како синовите околу него растат, но малку радост можел да најде во семејството што го разјадувале завист, љубомора и неслога; тешко го растажил и го тиштел срамот на единствената ќерка, па одмаздата на нејзините браќа, смртта на Рахила, неприродното злосторство на Рувима, гревот на Јуда, свирепата измама и злосторството кон Јосифа – колку долга и темна низа на зла што се надоврзувале едно на друго и што морал да ги гледа. Постојано морал да ги жнее плодовите на својот прв погрешен чекор. Често забележувал дека неговите синови ги повторуваат гревовите за кои самиот тој бил виновен. Но дисциплинирањето, колку и да било горчливо, ја исполнило својата задача. Тоа поправање, иако болно донело „мирен род на праведност” (Евреите 12:11). {ПП 237.4}
Вдахновението верно ги бележи грешките на добрите луѓе, на оние луѓе кои биле одликувани со Божјо одобрение. Всушност, нивните грешки се прикажани многу поцелосно отколку нивните добродетели. На тоа мнозина се чудат, а на неверниците тоа им дава можност да ја исмеваат Библијата. Меѓутоа, токму тоа претставува еден од најсилните докази за точноста на Светото писмо во кое фактите не се разубавуваат и гревовите на главните личности не се прикриваат. Луѓето толку многу се подложни на предрасуди, што никогаш не можат потполно непристрасно да ја прикажат историјата. Кога Библијата би ја пишувале неинспирирани луѓе, тогаш карактерот на нејзините главни личности секако би бил прикажан во многу поповолна светлина. Но вака имаме поточен извештај за нивните искуства. {ПП 238.1}
Луѓето на кои Бог им подарил голема милост и им доверил голема одговорност, понекогаш биле совладувани од искушенијата и грешеле, исто така како и ние денеска што се напинаме, потклекнуваме и често паѓаме во заблуда. Нивниот живот, со сите нивни грешки и лудости, ни е откриен во целост за да ни послужи и како охрабрување и како опомена. Кога тие луѓе би ни биле прикажани како безгрешни, ние во нашата грешна природа би морале да очајуваме поради нашите слабости и недостатоци. Но кога гледаме како други, во исто толку безнадежни околности какви што се нашите, сепак се бореле, како во искушенијата паѓале како и ние, па со Божјата милост сепак биле охрабрени да се борат и да победуваат, тогаш и ние ќе бидеме охрабрени во нашиот стремеж кон правда. Како и тие, иако понекогаш победени, сепак доаѓале при себе и биле од Бога благословени, така можеме и ние да станеме победници со Исусовата сила. Од друга страна, записите на нивниот живот можат да ни служат како опомена. Од тоа гледаме дека Бог во никој случај „не го правда виновниот”. Тој ги гледа гревовите и на оние што му се најмили и со нив постапува дури и построго отколку со оние што немаат толкава светлина и одговорност. {ПП 238.2}
По закопот на Јакова, повторно срцата на Јосифовите браќа ги исполнил страв. И покрај сета негова љубезност и добрина покажани кон нив во сите околности на нивниот живот, свеста за нивниот грев сепак ги гонела да бидат недоверливи и застрашени. Можеби тој, си мислеле тие, својата одмазда ја одложувал од почит кон татка си, и можеби сега има намера да ги казни со долго планираната казна за нивното злосторство. Не се осмелувале лично да излезат пред него, туку пратиле порака: „Татко ти остави клетва пред да умре и рече –‘Вака кажете му на Јосиф: Прости им ги на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти ги направија.’ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот ти Бог”. Таа порака го трогнала Јосифа до солзи; повикувајќи ги поради тоа, браќата дошле и паднале пред него велејќи: „Еве, ние сме слуги твои”. Љубовта на Јосифа кон неговите браќа била голема и несебична, и не можел да ја поднесе мислата тие да се плашат од негова одмазда; тоа го заболело. „Не плашете се!”, им кажал тој. „Зар сум јас наместо Бога. Вие мислевте лошо по мене, но Бог тоа го обрна во добро, за да се изврши она што денес се случува: да се прехранат многу луѓе. И им рече: Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите деца”. {ПП 239.1}
Животот на Јосифа е слика на Христовиот живот. Зависта ги навела Јосифовите браќа да го продадат како роб; мислеле на тој начин да го оневозможат тој да биде поголем од нив. А кога бил одведен во Египет, си ласкале себеси дека не мораат веќе да се вознемируваат поради неговите соништа, зашто отстраниле секоја можност тие да се овистинат. Но со нивните постапки управувал Бог, па се случило токму она што тие се обиделе да го спречат. Така и еврејските свештеници и старешини му завидувале на Христа, стравувајќи Тој да не го привлече вниманието на јавноста и да ги одврати луѓето од нив. Го убиле за да спречат Тој да стане цар, но со тоа тие само придонеле да се оствари токму тоа. {ПП 239.2}
Низ своите страдања и робувањето во Египет, Јосиф станал спасител на целото семејство на својот татко. Сепак, тој факт ниту малку не ја намалува вината на неговите браќа. Исто така и Христовите непријатели, распнувајќи го, всушност само придонеле Тој да стане Искупител на човештвото, Спасител на паднатиот род и Владетел на целиот свет; но злосторството на неговите убијци е гнасно и заслужува презир исто толку колку и тогаш кога раката на божественото провидение не би управувала со настаните на слава на неговото име и за добро на човештвото. {ПП 239.3}
Како Јосифа што го продале неговите браќа, така Христа еден од неговите ученици им го продал на неговите најогорчени непријатели. Јосиф бил лажно обвинет и фрлен во затвор само поради својата чесност, поради својот морал и неговите добродетели. Така и Христос бил презрен и отфрлен затоа што неговиот праведен и несебичен живот претставувал постојан прекор за грешниците; и иако немал никаква вина, сепак бил обвинет и осуден само врз основа на изјави на лажни сведоци. А Јосифовото трпение и неговото мирно поднесување на неправдата, мачење и угнетување; неговата готовност да прости, неговата благородна добродушност и добронамерност кон неговите неправедни браќа – сето тоа е слика на Спасителот кој не се плачел туку ја поднесувал пакоста и малтретирањето од страна на безбожните луѓе и кој радо им проштава, не само на своите убијци, туку и на сите што ќе дојдат кај него, што ќе ги признаат своите гревови и ќе побараат проштавање. {ПП 239.4}
По смртта на татко му, Јосиф живеел уште педесет и четири години. Доживеал да ги види „синовите Ефремови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, се родија на колената Јосифови”. Видел како неговиот народ се множи, како живее во благосостојба и напредува, но неговата вера во Божјото ветување дека Израел ќе се врати во ветената земја останала непоколеблива во текот на целиот негов живот. {ПП 240.1} Кога видел дека му се ближи крај, ги повикал околу себе своите роднини. Иако бил многу ценет и почитуван во земјата на фараоните, Египет за него сепак бил земја на негово изгнанство. Ставањето на знаење дека својата судбина ја врзал за судбината на Израел претставувало последен чин во неговиот живот. Последни зборови му биле: „Но Бог ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал на Авраам, на Исак и на Јаков”. Затоа свечено ги заколнал синовите Израелови неговите коски да ги понесат со себе кога ќе појдат во хананската земја. „Јосиф умре на сто и десет години. Го балсамираа и го положија во ковчег во Египет”. И во текот на вековите што настапиле вековите на тешко и мачно робување тој ковчег служел како потсетник на последните зборови на Јосифа изговорени пред смртта, и за Израелците претставувал сведоштво дека нивниот престој во Египет е само привремен, бодрејќи ги своите надежи да ги сосредоточуваат кон ветената земја, зашто морало да дојде време на ослободување. {ПП 240.2}