18. НОЌ ПОМИНАТА ВО БОРБА

Сподели го ова:

Оваа глава е заснована на Создавање 32 и 33 глава

Иако Јаков го напуштил Падам-Арам затоа што Бог му заповедал така, сепак со страв и мошне загрижен се упатил по оној пат по кој пред дваесет години дошол како бегалец. Постојано пред очи му бил гревот што го сторил кога го измамил татка си. Знаел дека неговото долгогодишно изгнанство е непосредна последица на тој грев. Дење и ноќе размислувал за тие настани; во текот на целото патување совеста го мачела и го обвинувала. Кога во далечините се појавиле горите на неговото родно место, срцето на патријархот било длабоко возбудено. Сето минато живо му излегло пред очи. Споменувајќи си за гревот, во исто време си споменувал и за Божјата милост и за неговото ветување дека Бог ќе му помогне и ќе го води. {ПП 195.1}

Бидејќи се приближувал кон целта на своето патување, самата помисла на Исава го вознемирувала со мрачни наслутувања. По заминувањето на Јакова, Исав себеси се сметал за единствен наследник на целокупниот татков имот и богатство. Веста за враќањето на Јакова сигурно кај Исава ќе поттикне страв дека брат му доаѓа затоа за да го бара своето право на наследство. Сега Исав можел многу да му наштети на својот брат; да сакал, би можел да му се противстави со сила, и тоа не само со желба да му се одмазди, туку да се обезбеди себеси, никој да не му пречи во уживањето на богатството што толку долго го сметал за лична своина. {ПП 195.2}

И во оваа пригода Господ на Јакова му дал знак дека ќе го штити. Кога поминувал јужно од гората Галад, му се сторило дека гледа две групи небесни ангели кои оделе пред и зад неговата придружба движејќи се заедно со неговата поворка како нејзини заштитници. Јаков си споменал за визијата што ја имал во свое време на сонот кај Ветил и му олеснило на срцето, зашто во тоа видел доказ дека при враќањето го пазат истите оние небесни весници што му влевале храброст и надеж кога бегал од Ханан. „А кога ги виде, Јаков рече: ‘Ова е Божја војска’. И затоа местото го нарече Маханаим”. „Две војски или два логора”. {ПП 195.3}

Сепак Јаков чувствувал дека нешто мора да преземе заради својата безбедност. Поради тоа на својот брат му пратил гласници со помирлив поздрав. На тие гласници тој точно им кажал со кои зборови треба да го ословат Исава. Уште пред раѓањето на браќата близнаците било претскажано дека  „постариот ќе му служи на помладиот”, и сеќавањето на тоа да не даде повод за горчина, Јаков на овие слуги им нагласил дека ги праќа кај „господар мој Исав”. А кога ќе бидат изведени пред Исава, треба својот господар да го прикажат како „слугата твој Јаков”. За Исав да не помисли оти Јаков се враќа како сиромашен патник со цел да ја бара оставнината на татка си, Јаков се погрижил да ја дополни пораката: „А имам волови, магариња и ситен добиток, слуги и слугинки; затоа испратив да го известат господарот мој, за да придобијам милост пред тебе”. {ПП 195.4}

Но слугите се вратиле со извештај дека Исав се приближува со четиристотини луѓе, а не му донеле никаков одговор со пријателска порака. Се чинело сосема сигурно дека Исав пошол да се одмазди. Сите во логорот ги опфатил страв. „А Јаков се уплаши многу и се загрижи”. Да се врати назад – не можел, да продолжи напред – не се осмелувал. Неговите невооружени и незаштитени луѓе не биле приготвени за никаков непријателски судир. Затоа ги поделил во две групи – до колку едната биде нападната другата да може да се спасува со бегство. Од своите бројни стада великодушно му пратил подароци на Исава со пријателска порака. Сторил сѐ што било во негова моќ да ја исправи неправдата што му ја нанел на својот брат и да ја отстрани опасноста што му се заканувала, а потоа покајнички повторно му се помолил на Бога за заштита. „Боже на таткото мој Авраам, Боже на таткото мој Исак, Господи, Ти, Кој ми рече – ‘Врати се во земјата каде што си роден, и Јас ќе ти бидам добротвор!’ –Не сум достоен за сите милости и добрини што му ги направи на слугата Твој; зашто само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора.Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, зашто се плашам од него да не би, кога ќе дојде, да ме убие мене, и мајките и децата”. {ПП 196.1}

Само што пристигнале до потокот Јавок, се спуштила ноќ и Јаков своето семејство го пратил на другата страна од плиткиот поток, а тој останал сам. Решил ноќта да ја помине на молитва и сакал да биде сам со Бога. Бог би можел да го скрши и да го разнежни срцето на Исава. Патријархот во тоа гледал единствена своја надеж. {ПП 196.2}

Тоа се случило во осамен планински предел каде што се криеле диви животни и каде што често се задржувале разбојници и убијци. Осамен и без заштита, Јаков во длабока болка се наведнал кон земјата. Полноќ! Сѐ што му било најмило во животот било одвоено од него, изложено на опасност и смрт. Најтешко му паѓала мислата дека токму тој е крив што тие невини суштества се изложени на опасност. Со најсесрдно пекање и со солзи во очите му упатувал молитви на Бога. Одненадеж почувствувал нечија тешка рака на плеќите. Си помислил дека некаков непријател сака да го убие и се обидел да ја турне таа рака. Така во мракот се борел со некого. Не бил изговорен ниту еден збор, но Јаков ги употребил сите сили и ниту еден миг не попуштил во своите напори. Додека така се борел за својот живот душата му ја притискало чувство на кривица; пред него излегувале неговите гревови за да го одвојат од Бога. Но во својата крајна душевна тешкотија си споменал за Божјото ветување и со сето срце преколнувал за милост. Борбата траела речиси се до зори, кога непознатиот со својот прст го допрел неговото бедро  и „му се измести колкот од зглобот”. Тогаш патријархот го препознал карактерот на својот противник. Знаел дека се бори со небесен весник и дека поради тоа, и покрај натчовечките напрегања, не можел да го совлада. Тоа бил „заветниот Ангел” – Христос – кој лично му се открил на Јакова. Сега патријархот бил онеспособен, страдал од жестоки болки, но не попуштил. Сиот скршен и обземен со каење, цврсто го стегал ангелот: „Заплака и Го замоли” (Осија 12:4), преколнувајќи го за благослов. Морал да добие уверување дека гревот му е простен. Физичката болка не можела да ги одврати неговите мисли од овој предмет. Одлуката му станувала сѐ поцврста, а верата посериозна и поистрајна сѐ до последниот миг. Обидувајќи се да се ослободи од него, ангелот рекол: „Пушти Ме веќе, зора е!” Но Јаков одговори: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш!”. Кога тоа би била дрска и горделива самоувереност, Јаков би бил моментно уништен; но тој, признавајќи ја својата недостојност, бил сигурен дека Бог, кој е верен кон заветот, нема да изневери. {ПП 196.3}

Јаков јуначки се борел со ангелот „и го победи” (Осија 12:4). Со понизност, со покајание и со целосна потчинетост, тој грешен, заблуден смртник, го совладал небесното Величество. Тој грчевито се држел за Божјото ветување, а срцето на бесконечната Љубов не можело да се оглуши на молбите на грешникот. {ПП 197.1}

Сега на Јакова јасно му стоела пред очи заблудата што го навела со измама да се добере до правото на првородството. Тој немал доверба во Божјите ветувања, туку се напрегал со лични напори да го оствари она што Бог секако би го извршил во свое време и на свој начин. Како доказ дека му е простено сѐ, неговото име, кое до тогаш го потсетувало на сторениот грев, е заменето со ново име што требало да ја овековечи неговата победа. „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израел; зашто се бореше со Бога, и со луѓето и ги победи”. {ПП 197.2} 

Јаков го добил благословот за кој му копнеела душата. Му било простено она што го потиснал брата си и го измамил татка си. Така поминала кризата на неговиот живот. Животот му го загорчувале сомневање, очај, збунетост и грижа на совеста, но сега сѐ се изменило; настапил сладок мир на помирување со Бога. Не се плашел повеќе од средбата со брата си. Бог, кој му ги простил гревовите, можел да го ублажи и срцето на Исава да го прифати покајанието и скршеноста на својот брат. {ПП 198.1}

Додека Јаков се борел со ангелот друг небесен весник бил пратен кај Исава. Исав на сон го видел својот брат кој дваесет години како изгнаник бил одвоен од татковото огниште; бил очевидец на неговата болка што при своето враќање не може да ја затече мајка си жива; го видел опкружен со војска на Божји ангели. Овој сон Исав им го раскажал на своите војници и им наредил на Јакова да не му прават никакво зло, зашто со него е Бог на нивните татковци. {ПП 198.2}

Конечно групите се приближиле една кон друга; пустинскиот поглавица на чело на своите воини, и Јаков со своите жени и деца, а зад нив пастирите и девојките и другите редови на ситен и крупен добиток. Потпирајќи се на својот стап, патријархот истапил напред да се сретне со групата воини. Бил блед и истоштен од неодамнешната борба. Одел полека и од болки накривувал на секој чекор. Но лицето му зрачело радост и спокојство. {ПП 198.3}

Забележувајќи го паталецот како накривува, „Исав истрча пред него и го прегрна, па му се обеси околу вратот и го бакна, и (обајцата) заплакаа”. Дури и срцата на грубите Исавови војници биле трогнати кога ја виделе таа глетка. Иако тој им го раскажал својот сон, тие не можеле себеси да си објаснат од каде наеднаш толкава промена кај нивниот поглавица. Иако ја виделе немоќта на патријархот, тие и не наслутувале дека токму таа слабост ја сочинувала неговата сила. {ПП 198.4}

Таа страшна ноќ на потокот Јавок, кога уништувањето се чинело неизбежно, Јаков научил колку човечката помош е ништожна, а потпирањето врз човечката моќ без основа. Видел дека единствена помош може да му дојде од Оној на кого толку тешко му згрешил. Немоќен и недостоен, тој се молел на Бога за милоста ветена на грешникот кој се кае. Тоа ветување го уверило дека Бог ќе му прости и ќе го прими. Побргу можат да поминат небото и земјата отколку тој збор да остане неисполнет; тоа било она што го одржувало во текот на целата страшна борба. {ПП 198.5}

Таа ноќ, полна со страв и борба, Јаков ги преживеал маките и неволјите што го очекуваат Божјиот народ непосредно пред второто Христово доаѓање. Гледајќи го во свето видение тоа време, пророкот Еремија кажува: „Глас од смут и ужас слушаме ние, а не мир… О, тешко, голем е оној ден, нема сличен на него; тоа е мачно време за Јаков, но тој ќе биде избавен од него” (Еремија 30:5-7). {ПП 201.1}

Кога Христос ќе престане да посредува за луѓето, тогаш ќе почне тоа време на маки и неволји. Тогаш ќе биде донесена неотповиклива одлука за секоја душа поединечно и нема да има повеќе крв на помирување која би можела да очисти од гревот. Кога Христос ќе го напушти своето место како посредник на човекот пред Бога, тогаш ќе биде дадена свечена изјава: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште” (Откровение 22:11). Божјиот Дух, кој го зауздува злото, тогаш потполно ќе се повлече од земјата. Како на Јакова што му се заканувал неговиот расрден брат со смрт, така и на Божјиот народ ќе му се заканува опасност од безбожниците решени да го уништат. И како патријархот што се борел сета ноќ за да се ослободи од рацете на Исава, така праведниците ден и ноќ ќе пекаат пред Бога да ги ослободи од непријателите со кои ќе бидат опколени. {ПП 201.2}

Сатаната Јакова го обвинувал пред Божјите ангели, полагајќи право на тоа да го уништи поради неговиот грев; тој и Исава го насочил да појде против својот брат; и во текот на целата онаа долга ноќ на тешката борба на патријархот, сатаната се напрегал со сила да му наметне чувство на кривица за да го обесхрабри и да ја уништи неговата надеж во Бога. Кога Јаков, совладан со својата болка, не пуштајќи го ангелот, пекал со солзи, и небесниот Весник, испитувајќи ја неговата вера, исто така го потсетил на сторениот грев и се обидел да го турне. Но Јаков не дозволил да биде оттурнат. Тој знаел дека Бог е милостив и се повикувал на неговата милост. Укажувал на фактот дека тој се покајал за своите гревови и барал ослободување. Кога размислил за целиот свој живот, речиси паднал во очај, но сепак цврсто се држел за ангелот и, пекајќи, ја повторувал својата сесрдна молба сѐ додека не победил. {ПП 201.3}

Такво ќе биде и искуството на Божјиот народ во неговата последна борба со силите на злото. Тогаш Бог ќе ја испита нивната вера, нивната истрајност и доверба во неговата моќ да ги ослободи. Сатаната ќе настојува да ги заплаши со мислата дека нивната состојба е безнадежна дека нивниот грев е премногу голем за да може да биде простен. Тие ќе бидат длабоко свесни за својата недостојност и кога ќе си споменат за својот живот, ќе загубат речиси секоја надеж. Но помислата на големината на Божјото милосрдие и искреноста на нивното покајание ќе ги охрабрат да се повикуваат на ветувањата што им ги упатувал Христос и на безнадежните грешници кога се каеле. Нивната вера нема да попушти затоа што молитвата нема да им биде веднаш услишена. Тие цврсто ќе се држат за Божјата сила, како Јаков цврсто што се држел за ангелот, а нивната душа ќе пека: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш!” {ПП 202.1}

Кога Јаков не би се покајал порано за својот грев што првенечкото право го стекнал со измама, Бог не би ја примил тогаш неговата молитва, ниту толку милосливо би му го поштедил животот. Така, и во времето на неволјата, припадниците на Божјиот народ би биле совладани доколку би имале уште непокајани гревови што би излегувале пред нив додека ќе ги мачи страв и неизвесност; очајот би ја уништил нивната вера и тие не би имале смелост ниту сигурност да се молат на Бога за ослободување. Но, иако длабоко свесни за својата недостојност, тие не ќе имаат да откријат ниту еден скриен грев. Нивните гревови со Христовата откупителска крв веќе ќе бидат избришани и тие не ќе можат да се сетат за нив. {ПП 202.2}

Сатаната мнозина наведува да веруваат дека Бог лесно ќе премине преку нивното неверство во помалку важните животни Прашања; но, во својата постапка со Јакова Бог покажал дека Тој во никој случај не може да го потврди ниту да го одобри злото. Сите оние што се трудат своите гревови да ги скријат или да ги оправдаат и дозволуваат истите во небесните книги да останат непризнати и непростени, ќе бидат победени од сатаната. Колку повеќе сметаат дека се побожни и колку е повисока положбата што ја заземаат, толку нивниот случај во Божјите очи е пожалосен и потежок, а триумфот на големиот противник посигурен. {ПП 202.3}

Историјата на Јакова е исто така доказ дека Бог нема да ги отфрли оние што биле измамени и наведени на грев, но со вистинско покајание се вратиле на вистинскиот пат. Со потчинување на сопственото „јас” на Божјата волја и со цврста вера, Јаков го постигнал она што, борејќи се со сопствени сили, не можел да го постигне. Така Бог го научил својот слуга дека само божествената сила и Божјата милост можат да му го дадат оној благослов за кој толку многу жеднеел. Така ќе биде и со оние што ќе живеат во последните денови. Кога од сите страни ќе ги опкружат опасности и кога душата ќе им ја обземе очај, тогаш ќе мора да се потпрат само и единствено врз заслугите на Христовата крв. Со нашата сила ние не можеме да сториме ништо. Во нашата безнадежна недостојност мораме да се потпреме врз заслугите на распнатиот и воскреснатиот Спасител. Не постои човек што ќе пропадне ако постапува вака. Пред очите на Семожниот стои долг црн список на нашите гревови. Списокот е заклучен и ниеден од нашите престапи не е изоставен. Но Оној, кој пред толку време го слушнал пекањето на својот слуга, ќе ја чуе и нашата молитва проникната со вера и ќе ни ги прости нашите престапи. Тој тоа го ветил и Тој ќе го одржи својот збор. {ПП 202.4}

Јаков одолеал затоа што бил истраен и решителен. Неговото искуство ја потврдува силата на истрајната молитва. Сега е време да научиме што значи ваквата постојана молитва и нескршлива вера. Најголеми победи на Христовата црква или на христијанинот одделно, не се оние што се постигнуваат со талентот, со образованието, со богатството или со некакви други предимства или со условите поволни за човекот; тоа се победите што се постигнуваат во разговор на душата со Бога во тајна молитва, кога верата во душевната борба сесрдно се фаќа за раката на семоќната Сила. {ПП 203.1} Оние што не се готови да отфрлат секој грев и сесрдно да бараат Божји благослов, нема никогаш ниту да го добијат. Но оние кои цврсто се држат за Божјото ветување како Јаков и кои се толку постојани и искрени како што бил тој, ќе успеат како и тој што успеал. „Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?Ви велам, ќе ги одбрани набргу” (Лука 18:7,8). {ПП 203.2}

Сподели го ова:

Слични објави