37 Библијата наша заштита

Сподели го ова:

“Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина“ (Исаија 8:20). Божјиот народ е упатен на Светото Писмо како заштита против влијанието на лажните учители и заводничките сили на духовите на темнината. Сатаната применува секакво лукавство луѓето да ги спречи да се здобијат со знаење од Библијата, зашто нејзиното јасно учење ги открива неговите измами. Секое оживување на Божјото дело го поттикнува кнезот на злото кон поголема активност. Тој сега ги вложува последните напори за завршната битка против Христа и Неговите следбеници. Наскоро пред нас ќе се покаже последната голема измама. Антихристот пред нашите очи ќе прави чуда. Лажното толку многу ќе наликува на вистинското, што не ќе може да се разликува едното од другото, освен со помош на Светото Писмо. Секое тврдење и секое сторено дело мора да се испитаат со сведоштвата на Писмото. {ГБ 593.1}

Оние што се трудат да ги држат сите Божјите заповеди ќе наидат на отпор и потсмев. Тие можат да опстанат само во Бога. За да можат да ги издржат искушенијата што им претстојат, мора да ја разберат Божјата волја онака како што е откриена во Неговото слово. Тие можат Бога да го почитуваат само тогаш ако правилно го сфатат Неговиот карактер, Неговото владеење и Неговите намери и ако живеат во согласност со нив. Само оние кои го утврдиле умот со библиските вистини ќе можат да се одржат во последниот голем судир. Секоја душа ќе биде ставена на проба: дали повеќе ќе го слуша Бога или човекот? Решавачкиот час сега е пред врата. Дали нашите нозе се втемелени на карпата на непроменливото Божјо слово? Дали сме подготвени цврсто да застанеме во одбрана на Божјите заповеди и на верата Исусова? {ГБ 593.2}

Пред Своето распнување Спасителот им објаснил на Своите ученици дека ќе биде погубен и дека ќе воскресне од гробот; ангелите биле присутни за да ги втиснат Неговите зборови во срцата и во душите на учениците. Но учениците очекувале слобода од римскиот јарем и не можеле да ја поднесат помислата дека Оној, во Кого се надевале, ќе мора да претрпи толку срамна смрт. Зборовите на кои требало да се потсетат исчезнале од нивното сеќавање и времето на искушението ги нашло неподготвени. Исусовата смрт во толкава мера ги уништила нивните надежи, како Тој да не ги предупредил. Така и нам во пророштвата ни е откриена иднината исто толку јасно како што им била откриена на учениците со Христовите зборови. Настаните што се поврзани со крајот на времето на милоста и со делото на подготовката за времето на неволјата јасно ни се изнесени. Но постојат илјадници такви кои не ги сфаќаат овие важни вистини, како никогаш да не им биле откриени. Сатаната будно внимава за да спречи секакво влијание кое би можело да ги вразуми на спасение; и така времето на неволјата ќе ги најде неподготвени. {ГБ 594.1}

Кога Бог на светот му праќа толку важни опомени, што се претставени со ангели кои летаат среде небото и ги објавуваат, тогаш Тој бара од секое разумно суштество будно да внимава на веста. Страшните судови што ќе бидат изречени против оние што ќе му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик (Откровение 14:9-11) треба сите да ги поттикнат кон трудољубиво проучување на пророштвата за да дознаат што е жиг на ѕверот и како можат да избегнат да го примат. Но мнозинството луѓе ги одвраќаат ушите да не ја слушнат вистината и се свртуваат кон прикаски. Апостол Павле за последните денови рекол: „Зошто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење“ (2. Тимотеј 4:3). Тоа време веќе дошло. Луѓето не ја сакаат библиската вистина бидејќи таа се коси со желбите на грешното срце што го љуби светот, а сатаната им нуди измами што тие ги сакаат. {ГБ 594.2}

Но Бог на земјата ќе има Свој народ кој ќе внимава на Библијата, и само на Библијата, како мерило за секое учење и темел на секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту тврдењата на науката, ниту верските догми или одлуки на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ниту едно од ова, ниту сите заедно не можат да се сметаат како доказ за или против која и да е точка на верата. Пред да прифатиме кое било учење или пропис, треба да се увериме дека е во согласност со она јасното: „Така кажува Господ!” {ГБ 595.1}

Сатаната постојано настојува вниманието на народот да го насочи кон човекот наместо кон Бога. Тој ги заведува луѓето да гледаат на бискупите, свештениците и професорите по теологија како на свои водачи, наместо да го истражуваат Светото Писмо со цел самите за себе да ја дознаат својата должност. Тогаш, управувајќи со умовите на овие водачи, тој може по своја волја да влијае и на народот. {ГБ 595.2}

Кога Христос дошол на овој свет да го проповеда словото на животот, обичниот народ со задоволство го слушал, па дури и многу свештеници и водачи верувале во Него. Но врховните поглавари и водачите на народот решиле да го презрат и да го отфрлат Неговото учење. Иако им пропаднал сиот труд да најдат против Него причини да го обвинат, иако го чувствувале влијанието на божествената сила и мудрост со која биле инспирирани Неговите зборови, сепак, потклекнале пред своите предрасуди; ги отфрлиле најјасните докази за Неговата Месијанска служба, зашто инаку би биле присилени да станат Негови ученици. Овие Исусови противници биле луѓе кои народот уште од своето детство бил научен да ги почитува и безусловно да се поклонува пред нивниот авторитет. „Зошто“, се прашувале тие, „нашите старешини и мудри книжевници не веруваат во Исуса? Зар овие побожни луѓе не би го примиле кога Тој навистина би бил Христос?“ Токму влијанието на таквите учители ја навело еврејската нација да Го отфрли својот Откупител. {ГБ 595.3}

Духот кој дејствувал во овие свештеници и старешини сè уште е присутен кај мнозина кои се фалат со својата побожност. Тие одбиваат да го испитуваат сведоштвото на Светото Писмо во врска со посебните вистини за ова време. Тие укажуваат на својата многубројност, на богатството и популарноста, и гледаат со презир на малиот број бранители на вистината како незначителни, сиромашни и неугледни луѓе кои имаат вера која ги одделува од остатокот на светот. {ГБ 596.1}

Христос однапред видел дека злоупотребата на власта од страна на книжевниците и фарисеите нема да престане со расејувањето на Евреите. Со Своето пророчко око Тој го гледал издигнувањето на човечката власт која ќе сака да владее над совеста, што за црквата во сите времиња било страшно проклетство. Неговото тешко обвинување против книжевниците и фарисеите, како и Неговата опомена упатена до народот да не ги следи овие слепи водачи, забележани се како совет за идните генерации. {ГБ 596.2}

Римската црква правото на толкувањето на Светото Писмо го ограничила само на свештенството. Под изговор дека само нејзините духовници се надлежни да го толкуваат Божјото слово, таа им го одзема на обичните луѓе. Иако реформацијата на сите им го дала Светото Писмо, сепак, ова самоволно начело, што потекнува од Рим, мнозина од протестантите задржува да го проучуваат Светото Писмо сами за себе. Тие се научени, нејзиното учење да го прифатат онака како што го толкува црквата. Илјадници луѓе не се осмелуваат да прифатат ништо што е спротивно на нивното верување или на традиционалното учење на нивната црква, без оглед колку е тоа јасно изнесено во Светото Писмо. {ГБ 596.3}

Иако Библијата е полна со опомени против лажните учители, сепак, мнозина се подготвени грижата за потребите на својата душа да му ја доверат на свештенството. Денеска постојат илјадници таканаречени верници кои не можат да наведат никаква друга причина за своето верување освен дека така се научени од своите верски водачи. Тие поминуваат покрај учењето на Спасителот не обрнувајќи никакво внимание на него, а имаат безусловна доверба во зборовите на своите свештеници. Но, дали свештениците се непогрешливи? Како можеме својата душа да им ја довериме на нивното водство, освен ако од Божјото слово дознаеме дека тие навистина се носители на светлината? Недостигот на морална храброст да отстапат од разгазените патеки на светот, мнозина наведува да одат по стапките на учените луѓе. Бидејќи не сакаат сами да истражуваат, конечно ќе бидат фатени во мрежите на заблудите. Тие гледаат дека вистината за ова време е јасно изнесена во Библијата и ја чувствуваат моќта на Светиот Дух што го придружува нејзиното објавување, па сепак, дозволуваат, поради противењето на свештенството, да бидат одвоени од светлината. Иако разумот и совеста се осведочени, сепак, овие заведени души не се осмелуваат да мислат поинаку од нивниот проповедник, и своето лично мислење, своите вечни интереси им го жртвуваат на неверувањето, на гордоста и на предрасудите на другите. {ГБ 596.4}

Сатаната со посредство на човечкото влијание на разни начини настојува да ги окова своите робови. Тој задржува илјадници такви врзувајќи ги со фини врски на приврзаност кон непријателите на Христовиот крст. Каква и да е оваа врска, било да е родителска, семејна, брачна или пријателска, последиците се исти. Противниците на вистината ја употребуваат својата сила за да владеат над совеста, а душите што се држат под нивна власт немаат доволно храброст или самостојност да го слушаат своето лично убедување на должност. {ГБ 597.1}

Вистината и прославувањето на Бога се неразделно поврзани. Не е можно, кога Светото Писмо ни е на дофат, Бога да го почитуваме на погрешен начин. Мнозина тврдат дека не е важно во што некој верува, само ако неговиот живот е исправен. Но животот се формира според она во што веруваме. Ако вистината и светлината ни се на дофат, а ние ја занемаруваме дадената предност да ја согледаме и слушнеме, ние всушност ја отфрламе; ја избираме темнината наместо светлината. {ГБ 597.2}

„Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта“ (Изреки 16:25). Незнаењето не претставува никаков изговор за заблудата или гревот кога ни се дадени сите можности да ја запознаеме Божјата волја. Човекот патува и доаѓа до местото каде што се разминуваат патиштата, но патоказот му кажува каде води секој од нив. Ако тој не обрнува внимание на патоказот, и ако тргне по било кој пат што нему му се чини вистински, сепак, колку и да е искрен, најверојатно ќе се најде на погрешен пат. {ГБ 597.3}

Бог ни го дал Своето слово за да се запознаеме со Неговото учење и лично да дознаеме што бара Тој од нас. Кога еден законик дошол кај Исуса со прашањето: „Што треба да направам за да наследам живот вечен?“, Спасителот го упатил на Писмото велејќи: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ (Лука 10:25,26). Незнаењето нема да го оправда ниту стариот ниту младиот, ниту ќе ги ослободи од казната заради престапот на Божјиот закон, бидејќи во своите раце ги имаат верниот приказ на овој закон и неговите начела и барања. Не е доволно да имаме добри намери; не е доволно да го правиме она што го сметаме за исправно или затоа што проповедникот кажува дека тоа е правилно. Во прашање е спасението на нашата душа и затоа Светото Писмо секој мора да го истражува за себе. Колку и да е силно нашето убедување, колку и да сме уверени дека проповедникот знае што е вистина, сето тоа не смее да биде наш темел. Ние имаме карта на која се означени сите патокази на патот кон небото и не треба ништо да нагаѓаме или да претпоставуваме. {ГБ 598.1}

Прва и најголема должност на секое разумно суштество е да дознае од Светото Писмо што е вистина и потоа да живее според светлината и други да храбри да го следат неговиот пример. Ние треба секој ден Библијата трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја нејзина мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош ние мораме сами да го формираме нашето мислење, зашто пред Бога ќе одговараме сами за себе. {ГБ 598.2}

Вистините, најјасно откриени во Библијата, учените луѓе ги завиткале во сомнеж и мрак, и правејќи се дека имаат голема мудрост, тие учат дека Светото Писмо има мистично, таинствено и духовно значење кое со употребениот јазик и стил не е јасно изразено. Овие луѓе се лажни учители. На таквите Исус им рекол: „Не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја“ (Марко 12:24). Јазикот на Библијата треба да се толкува според неговото очигледно значење, освен ако се употребени некои симболи или слики. Христос дал ветување: „И ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога“ (Јован 7:17). Кога луѓето би сакале да ја прифатат Библијата онака како што ја читаат, и кога не би имало лажни учители да ги заведуваат и да ги збунуваат нивните мисли, би се извршило едно дело што би ги израдувало ангелите,  а  безброј  илјадници, кои талкаат во заблуди, би дошле во Христовото стадо. {ГБ 598.3}

При проучувањето на Библијата ние треба да ги употребиме сите наши духовни сили и да го напрегнеме умот за да ги сфатиме длабоките Божји намери и цели во онаа мера колку што им е можно тоа на смртните луѓе; но никогаш не смееме да заборавиме дека детската послушност и покорност се вистински белези на ученикот. Тешкотиите на кои може да се наиде при проучувањето на библиските текстови никогаш не можат да се совладаат со истите методи со кои се служиме во борбата со филозофските проблеми. Ние не смееме да се впуштиме во проучување на Библијата со онаа самоувереност со која мнозина пристапуваат при проучување во областа на науката, туку со молитва и со доверба во Бога и со искрена желба да ја запознаеме Неговата волја. Мораме да пристапиме со понизен и послушен дух за да примиме знаење од големиот ЈАС СУМ. Во спротивно злите духови во толкава мера ќе го заслепат нашиот ум и ќе го стврднат нашето срце, што вистината не ќе може да остави врз нас никаков впечаток. {ГБ 599.1}

Многу делови на Светото Писмо кои учените луѓе ги сметаат за тајна, или пак поминуваат преку нив како безначајни, полни се со утеха и со поуки за оној што се поучува во Христовото училиште. Една од причините зошто многу теолози не го сфаќаат појасно Божјото слово е таа што ги затвораат очите пред вистините што не сакаат практично да ги применат во својот живот. Разбирањето на библиските вистини не зависи толку од интелектуалната моќ на оној што проучува колку од искрените намери и од искрената желба за праведност. {ГБ 599.2}

Библијата никогаш не треба да се проучува без молитва. Само Светиот Дух може да ни помогне да ја сфатиме важноста на оние работи што лесно можат да се разберат и да нè сочува од извртување на оние точки на вистината што тешко се сфаќаат. Службата на небесните ангели се состои во тоа да ги подготват нашите срца за да го разбереме Божјото слово, да бидеме одушевени со неговата убавина, предупредени со советите и охрабрени и зајакнати со ветувањата што се наоѓаат во него. Молбата на псалмистот: „Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон“ (Псалм 119:18), треба да биде и наша молитва. Искушенијата често се чинат неодоливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата и тогаш оној што се искушува не може веднаш да се сети на Божјите ветувања и на сатаната да му се спротивстави со библиско оружје. Но ангелите постојано се наоѓаат околу оние што се подготвени да бидат поучени на божествените вистини и во мигот кога имаат голема потреба тие ќе ги потсетат токму на вистините што им се потребни. Така, „Ако непријателот надојде како река, духот на Господ ќе го истера” (Исаија 59:19). {ГБ 599.3}

Исус им ветил на Своите ученици: „А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал“ (Јован 14:26). Но Христовата наука мора порано да се втисне во нашите умови за Божјиот Дух да може во мигот на опасност да нè потсети на неа. „Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои“, рекол Давид, „за да не грешам пред Тебе” (Псалм 119:11). {ГБ 600.1}

Сите што ги ценат своите вечни интереси треба будно да се чуваат и од најмалата сенка на скептицизмот. Нападите ќе бидат насочени кон основните столбови на вистината. Не е можно да останеме поштедени од подбивањето и лукавото мудрување, од подмолните и штетни учења на модерното неверие. Сатаната ги прилагодува своите искушенија кон сите сталежи. Необразованите ги напаѓа со шеги и исмевање, додека пред образованите истапува со научни забелешки и со филозофско мудрување, еднакво пресметано да предизвика недоверба или потценување на Светото Писмо. Дури и младите, кои имаат малку искуство, се осмелуваат да се сомневаат во основните начела на христијанството. И ова неверување на младите, колку и да е површно, има свое влијание. Мнозина на овој начин се наведени да го исмеваат верувањето на своите татковци и да го презираат Духот на благодатта (Евреите 10:29). Животите на мнозина кои ветувале дека ќе бидат во чест на Бога и благослов за светот се уништени со затруениот дух на неверство. Сите што се потпираат врз фаленичките заклучоци на човечкиот разум и вообразуваат дека можат да ги објаснат божествените тајни, и да ја дознаат вистината без помош на Божјата мудрост, се заплеткале во мрежата на сатанските стапици. {ГБ 600.2}

Ние живееме во најсвечениот период од историјата на овој свет. Судбината на луѓето кои ја преполниле земјата набргу треба да се реши. Нашето лично идно добро, а исто така и спасението на другите души, зависи од патот кој сега го следиме. Треба да бидеме водени од Духот на вистината. Секој Христов следбеник треба искрено да се праша: „Господе, што сакаш да правам?“ Ние треба да се понизиме пред Бога со пост и молитва и многу да размислуваме за Неговото слово, а особено за настаните поврзани со судот. Сега треба да бараме длабоки и живи искуства со Бога. Не смееме да загубиме ниту еден миг. Околу нас се одигруваат настани од најголема важност: ние се наоѓаме на сатанска маѓепсана почва. Не спијте, Божји стражари! Непријателот е близу и демне, подготвен секој миг да скокне врз вас и да ве стори свој плен, само ако ви падне духот и ако задремете. {ГБ 601.1}

Мнозина се измамени во врска со својата вистинска состојба пред Бога. Тие се задоволни со себе што не сториле лоши дела, а забораваат на добрите и благородни дела што Бог со право ги бара од нив, а кои занемариле да ги направат. Не е доволно што само како дрвја се наоѓаат во Божјата градина. Бог очекува од нив плод. Тој ги прогласува за одговорни за сите добра што можеле да ги направат со Негова милост, а не ги направиле. Во небесните книги тие се запишани како луѓе што ја испостуваат земјата. Но сепак, дури ни случајот на таквите не е сосема безнадежен. За тие што не ја ценат Божјата љубов и ја злоупотребуваат Неговата милост, срцето на Љубовта кое долго трпи сè уште се моли. „Затоа е речено: ’Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!‘ Па така, внимавајте добро како живеете,… ползувајте го времето, зашто дните се лукави” (Ефесјаните 5:14-16). {ГБ 601.2}

Кога ќе настапи времето на проверка, тогаш оние кои Божјото слово го зеле за свое животно правило јасно ќе се распознаваат. Преку лето не се гледа видлива разлика меѓу зимзелените и другите дрвја, но кога ќе настапат зимските луњи, зимзелените дрвја остануваат неизменети, додека останатите дрвја ги губат своите зелени лисја. Така и сега, таканаречените христијани не се разликуваат од вистинските христијани, но токму пред нас е времето кога ќе се покаже разликата. Нека се подигнат противниците, нека се распали пак верскиот фанатизам и нетрпеливост, нека настанат прогонства – полухристијаните и лицемерите ќе се поколебаат и ќе се откажат од својата вера, а вистинскиот христијанин ќе стои цврсто како карпа со посилна вера и со посветла надеж отколку во деновите на благосостојба. {ГБ 602.1}

Псалмистот кажува: „Размислувам за Твоите сведоштва“. „Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој лажен пат” (Псалм 119:99,104). {ГБ 602.2}

„Блажен е човекот кој се здобил со мудрост“. „Затоа што тој ќе биде како дрво посадено крај води, што ги пушта корењата свои покрај потокот; тоа не стравува кога настанува припек; лисјата му се зелени, и во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод” (Еремија 17:8). {ГБ 602.3}

Сподели го ова:

Слични објави