33 Првата голема измама

Сподели го ова:

Уште од самиот почеток на човечката историја сатаната почнал да вложува напори да го измами човечкиот род. Оној што предизвикал бунт на небото, сакал да ги наведе и жителите на Земјата да се обединат со него во борбата против Божјото владеење. Адам и Ева биле совршено среќни додека биле послушни на Божјиот закон, а овој факт претставува постојано сведоштво против тврдењето на сатаната кое го истакнувал на небото дека Божјиот закон е угнетувачки и дека е насочен против среќата на Божјите созданија. Освен тоа, кај сатаната била предизвикана завист кога гледал на прекрасниот дом подготвен за безгрешниот пар. Тој решил да го предизвика нивниот пад, за да може кога ќе ги оддели од Бога и кога ќе ги стави под своја власт, да загосподари со оваа земја и тука да го воспостави своето царство наспроти Севишниот. {ГБ 531.1}

Кога сатаната би го открил својот вистински карактер, тој веднаш би бил отфрлен, зашто Адам и Ева биле предупредени против овој опасен непријател. Но тој дејствувал потајно, прикривајќи ја својата намера за што поуспешно да ја постигне својата цел. Користејќи ја змијата како свој медиум, која тогаш била едно од најчудесните созданија, и се обратил на Ева со прашањето: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ (Создавање 3:1). Кога Ева не би стапила во разговор со искушувачот, сигурно би се сочувала од стапиците на сатаната; но таа се осмелила да преговара со него и паднала како жртва на неговото лукавство. На овој начин и денес мнозина биваат победени. Тие се сомневаат во она што Бог го бара и разговараат за тоа, а потоа, наместо да им се покорат на божествените заповеди, прифаќаат човечки теории кои не се ништо друго туку прикриени планови на сатаната. {ГБ 531.2}

„А жената и рече на змијата: ’Ние јадеме род од секое дрво во рајот; само од родот на она дрво среде рајот‘, рече Бог, ’не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете!‘ Тогаш змијата и рече на жената: ’Не, нема да умрете! Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло‘“ (Создавање 3:2-5). Тој тврдел дека тие ќе станат како Бог, дека ќе бидат надарени со поголема мудрост отколку порано и оспособени за повисок степен на развој. Ева подлегнала на ова искушение, а преку нејзино влијание и Адам бил наведен на грев. Тие поверувале во зборовите изговорени преку змијата, дека Бог не го мислел она што го рекол; тие немале доверба во својот Творец и помислиле дека Тој ја ограничува нивната слобода и дека ако го прекршат Неговиот закон, тие ќе можат да се издигнат на повисоко ниво и дека ќе станат помудри. {ГБ 532.1}

Но што сфатил Адам по падот во грев за значењето на зборовите: „Зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш?“ (Создавање 2:17). Дали навистина се остварило она во што сатаната го убедувал, дека со престапот ќе се издигне на поголем степен на развој? Во тој случај престапот би бил големо добро, а сатаната би се покажал како добротвор на нашиот род. Меѓутоа, Адам дознал дека не била таква смислата на божествената пресуда. Бог рекол дека како казна за нивниот грев човекот ќе мора повторно да се врати во земјата од која е земен: „Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (Создавање 3:19). Зборовите на сатаната: „Но Бог знае… дека ќе ви се отворат очите“, се покажале точни само во една смисла: откако Адам и Ева не го послушале Бога, им се отвориле очите за да ја видат својата лудост; го запознале злото и го вкусиле горкиот плод на својот престап. {ГБ 532.2}

Среде Едемската градина растело дрвото на животот чијшто плод имал сила постојано да го продолжува животот. Кога Адам би останал послушен на Бога, тој и понатаму би имал слободен пристап кон тоа дрво и би живеел вечно. Но, кога згрешил, му било забрането повеќе да јаде од дрвото на животот и така станал подложен на смрт. Божествената пресуда: „Зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“, укажува на целосно гаснење на животот. {ГБ 532.3}

Со престапот човекот ја загубил бесмртноста што му била ветена под услов на послушност. Адам не можел да му го пренесе на своето потомство она што самиот го немал; а за паднатиот род не би имало надеж, ако Бог жртвувајќи го својот Син, не го направил тоа повторно достапно. Иако „смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија“, Христос „ги осветли животот и бесмртност преку Евангелието“ (Римјаните 5:12; 2. Тимотеј 1:10). Само преку Христа може да се добие бесмртност. Исус рекол: „Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот“ (Јован 3:36). Секој човек може да го добие овој непроценлив благослов ако ги исполни условите. Сите „кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост“, ќе примат „живот вечен” (Римјаните 2:7). {ГБ 533.1}

Единствено големиот измамник му ветил на Адам живот во непослушност. А зборовите на змијата упатени до Ева во Едем: „Не, нема да умрете“, биле првата одржана проповед за бесмртност на душата. Па сепак, оваа изјава, која се темели единствено на авторитетот на сатаната, се повторува од христијанските проповедални и се прифаќа од мнозинството на човечкиот род исто толку спремно како што била прифатена од нашите прародители. Божествената пресуда: „Душата, која згрешила, ќе умре“ (Езекиел 18:20), се толкува така како таа да значи: Душата што ќе згреши нема да умре, туку ќе живее вечно. Ние можеме само да и се чудиме на необичната заслепеност која луѓето ги прави толку лековерни кон зборовите на сатаната, а толку недоверливи кон Божјите зборови. {ГБ 533.2}

Кога на човекот по неговиот пад би му бил дозволен слободен пристап кон дрвото на животот, тој би живеел вечно и така гревот би се овековечил. Но херувим со пламенен меч го чувал „патот кон дрвото на животот“ (Создавање 3:24), и никој од Адамовото семејство не смеел да ја пречекори таа граница и да вкуси од плодот што дава живот. Затоа не постои бесмртен грешник. {ГБ 533.3}

Но, по човековиот пад, сатаната им заповедал на своите ангели да вложат посебни напори да го врежат верувањето во човековата природна бесмртност; и бидејќи ги навеле луѓето да ја прифатат оваа заблуда, тие требало да ги наведат да заклучат дека грешниците ќе живеат во вечни маки. Сега кнезот на темнината, преку своите орудија, го прикажува Бога како одмаздлив тиранин тврдејќи дека Тој сите оние што не Му се по волја ги фрла во пекол каде што мораат вечно да го поднесуваат Неговиот гнев; и додека тие трпат неискажливи маки и се виткаат од болка во вечниот оган, нивниот Творец ги гледа озгора со задоволство. {ГБ 534.1}

На овој начин архи-непријателот своите лични особини му ги припишува на Творецот и на Добротворот на човечкиот род. Свирепоста е сатанска особина. Бог е љубов, и сѐ што создал било чисто, свето и совршено сè додека првиот голем бунтовник не посеал грев во светот. Сатаната е непријател кој човекот го наведува на грев, а потоа настојува, ако може, да го уништи. Кога ќе биде сигурен во својата жртва, тој тогаш се радува на пропаста што ја предизвикал. Кога би му било дозволено, тој целиот човечки род би го фатил во својата мрежа. Кога не би се вмешала божествената моќ, ниеден Адамов син или ќерка не би можеле да му побегнат. {ГБ 534.2}

И денеска сатаната се труди да ги совлада луѓето како што ги совладал нашите први родители поткопувајќи ја нивната доверба во Творецот и поттикнувајќи ги да се сомневаат во мудроста на Неговото владеење и во праведноста на Неговиот закон. Сатаната и неговите пратеници го прикажуваат Бога полош отколку што се самите тие само за да ја оправдаат својата сопствена злоба и бунт. Големиот измамник настојува својот грозен и свиреп карактер да му го припише на нашиот небесен Отец, а самиот да се прикаже како суштество на кое со протерувањето од небото му е нанесена голема неправда, зашто не сакал да му се покори на еден толку неправеден господар. Тој пред светот ја истакнува слободата што тие можат да ја уживаат под неговото благо владеење, за разлика од ропството што го донесуваат строгите прописи на Јехова. На овој начин успева да ги одврати душите од нивната верност на Бога. {ГБ 534.3}

Колку е одвратно и спротивно на секое чувство на љубов и милосрдие, како и на нашето чувство за праведност, учењето дека умрените грешници се мачат со оган и сулфур во вечно вжарениот пекол; и дека поради гревовите што ги направиле во текот на својот краток земен живот мораат да се мачат сѐ додека постои Бог! Па сепак, ова учење толку многу се проповедало, а и денес се присвојува од многу христијански вероисповеди. Еден угледен доктор по теологија рекол: „Погледот кон пеколните маки ќе го зголемува блаженството на светите низ сите векови. Гледајќи ги другите со иста природа и родени под исти околности, фрлени во таква стравотија, а тие толку високо почестени, ќе сфатат колку се среќни“. Друг изјавува: „Додека одлуката за проклетството вечно ќе се извршува над садовите на гневот, чадот на нивното мачење вечно ќе се издигнува во присуство на садовите на милоста кои, наместо и самите да сочувствуваат со овие несреќници, ќе кажат: Амин, алелуја! Фалете го Господа! {ГБ 535.1}

Каде на страниците на Божјото слово може да се најде такво учење? Зар спасените на небото ќе бидат лишени од секакви емоции на сочувство и сожалување, па дури и од чувството на обична човечност? Зарем овие чувства ќе бидат заменети со рамнодушноста на стоиците или со свирепоста на дивјаците? – Не, не! Ова не е учење на Божјата книга. Оние што ги презентирале своите ставови во погоре цитираните зборови можат да бидат учени, па дури и искрени луѓе, но тие се заведени со измамливите заклучоци на сатаната. Тој ги поттикнува силните изрази на Светото Писмо погрешно да ги толкуваат и на зборовите да им дадат белег на горчина и злоба што му се својствени нему, а не на нашиот Творец. „Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израелов?” (Езекиел 33:11). {ГБ 535.2}

Каква корист би имал Бог дури и ако претпоставиме дека Тој се насладува гледајќи ги вечните маки; дека ужива во стенкањето, во викотниците и преколнувањата на созданијата кои се мачат и што наводно ги држи во пеколен оган? Дали овие грозни звуци можат да бидат музика во ушите на бесконечната љубов? Се тврди дека со казнувањето на грешниците со вечна мака се покажува Божјата омраза кон гревот што го нарушил мирот и редот во вселената. Ох, какво страшно богохулство! Тогаш произлегува дека Божјата омраза кон гревот е причина за овековечување на гревот! Според учењето на овие теолози, непрекинатото мачење, без никаква надеж за милост, го распалува гневот на бедните жртви, а бидејќи тој гнев го изразуваат во клетви и богохулство, со тоа тие постојано го зголемуваат товарот на својата вина. Но Божјата слава не се зголемува со постојаното зголемување на гревот низ бескрајните векови. {ГБ 536.1}

Човечкиот ум не е во можност да ја процени сета тежина на злото која е предизвикана со лажната наука за вечните маки. Библиската вера, полна со љубов и добрина и богата со милост, е затемнета со суеверие и покриена со ужас. Кога ќе помислиме со какви лажни бои сатаната го насликал Божјиот карактер, зарем е за чудење тоа што луѓето се плашат и се грозат од нашиот милостив Творец, па дури и го мразат? Ужасните претстави за Бога, раширени низ светот со учењето од проповедалните, создале илјадници, па дури и милиони скептици и неверници. {ГБ 536.2}

Теоријата за вечните маки е едно од лажните учења што го сочинуваат виното на блудството на духовниот Вавилон со кое тој ги опива народите (Откровение 14:8; 17:2). Како можеле Христовите проповедници да ја прифатат и да ја проповедаат оваа лажна наука од посветените проповедалници, навистина е тајна! Тие ја примиле од Рим исто како и лажната сабота. Да, вистина е дека ја проповедале истакнати и добри луѓе, но светлината за овој предмет не допрела до нив како што допрела до нас. Тие биле одговорни само за светлината што блескала во нивно време, а ние сме одговорни за светлината што свети во нашето време. Ако го напуштиме сведоштвото на Божјото слово и ако ги прифатиме лажните учења затоа што така учеле и нашите татковци, тогаш паѓаме под осудата изречена над Вавилон; пиеме од виното на неговото блудство. {ГБ 536.3}

Голем број на такви кои се спротивставуваат на учењето за вечните маки паѓаат во друга заблуда. Тие гледаат дека Светото Писмо Бога го претставува како суштество полно со љубов и сочувство и не можат да веруваат дека Тој ќе дозволи Неговите созданија да бидат фрлени во вечниот оган на пеколот. Но, верувајќи дека душата природно е бесмртна, доаѓаат до заклучок дека на крај сите луѓе ќе бидат спасени. Мнозина сметаат дека заканите содржани во Библијата служат само како средство за заплашување, но не веруваат во нивно буквално исполнување. На овој начин излегува дека грешникот може да живее во грешни задоволства, да ги презира Божјите барања, па сепак да очекува на крај да биде милостиво примен. Таквото учење што премногу ја истакнува Божјата милост, а ја запоставува Неговата праведност, му се допаѓа на телесното срце и ги охрабрува грешниците во нивните беззаконија. {ГБ 537.1}

За да покажеме како оние што веруваат во општото (универзално) спасение ја извртуваат Библијата за да ги оправдаат своите догми, доволно е само да ги цитираме нивните изјави. На погребот на еден млад човек кој не бил религиозен, а кој загинал во несреќен случај, еден универзалистички свештеник избрал текст од Библијата кој се однесувал на Давид: „Зашто се утеши поради смртта на Амнон” (2. Самуилова 13:39). {ГБ 537.2}

„Често ме прашуваат“, рекол говорникот, „каква ќе биде судбината на оние што го напуштаат овој свет во гревови, умираат можеби во состојба на пијанство, заминуваат во смрт со црвени дамки на злосторства што не се испрани од нивната облека или ќе загинат како овој млад човек, а кои никогаш не прифатиле ниту една религија ниту го искусиле нејзиниот благослов. Ние се задоволуваме со одговорот на Писмото кое дава решение за овој тежок проблем. Амнон бил премногу грешен; тој не се покајал; тој се опил и како пијан бил убиен. Давид бил Божји пророк; тој морал да знае дали на другиот свет на Амнона ќе му биде добро или лошо. Какви биле чувствата на неговото срце? „И царот Давид престана да го гони Авесалом, зашто се утеши поради смртта на Амнон“ (стих 39). {ГБ 537.3}

„Каков заклучок можеме да извлечеме од овие зборови? Зарем не тој дека вечните страдања не биле дел на неговото верување? Така веруваме и ние и овде го откриваме победоносниот доказ во прилог на поугодните, попросветените и поблагородните сфаќања за конечната општа чистота и мир. Тој се утешил затоа што неговиот син бил мртов. А зошто? Затоа што со пророчко око можел да гледа во славната иднина и да види дека неговиот син, одвоен од сите искушенија, ослободен од ропството и исчистен од расипаноста на гревот, откако доволно ќе се исчисти и просветли, ќе биде примен во заедница на вознесените и среќни духови. Негова единствена утеха била што неговиот омилен син бил земен од сегашната состојба на грев и страдања и што отишол онаму каде што ќе се излева највозвишено влијание на Светиот Дух во неговата мрачна душа; каде што ќе се развива неговиот дух под влијание на небесната мудрост и слаткиот занес на бесмртната љубов, и на овој начин, станувајќи свет, ќе може да ужива во мирот и друштвото на небесните наследници”. {ГБ 538.1}

„Во поглед на ова, за да можеме да бидеме сфатени, ние веруваме дека блаженството на небото не зависи од нашите постапки во овој живот, ниту од некоја сегашна промена на срцето, ниту пак од нашето сегашно верување, ниту од сегашното исповедање на верата”. {ГБ 538.2}

Така овој таканаречен Христов проповедник ја повторува лагата изговорена од страна на змијата во Едем: „Не, нема да умрете… оној ден, кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови“. Тој тврди дека најголемите грешници – убијците, крадците и прељубниците – ќе бидат подготвени по смртта да влезат во бесмртно блаженство. {ГБ 538.3}

А од каде овој извртувач на Светото Писмо го изведува својот заклучок? Од една единствена реченица што ја изразува Давидовата покорност на волјата на Провидението. Неговата душа „престана да го гони Авесалом, зашто се утеши поради смртта на Амнон“. Бидејќи острината на неговата болка со текот на времето била ублажена, неговите мисли од мртвиот син се свртеле кон живиот син кој побегнал во туѓа земја од страв пред праведната казна поради своето злосторство. И ова за него е доказ дека блудниот и пијан Амнон, кој ја силувал сопствената сестра, веднаш по смртта е пренесен во блажено место за живеење, за таму да се очисти и да се подготви за заедница со безгрешните ангели! Ова навистина е пријатна приказна, прилагодена да го задоволи телесното срце. Ова учење е лично на станата и дејствува мошне успешно. Треба ли да бидеме изненадени што со таквото учење расте и расипаноста? {ГБ 539.1}

Учењето на овој лажен учител го илустрира учењето на многу други. Неколку зборови на Светото Писмо се одвоени од неговиот контекст, кој во многу случаи би покажал дека нивната смисла е наполно спротивна на толкувањето што им се дава; и таквите неповрзани стихови се извртуваат и се користат како доказ за учења кои немаат никаква основа во Божјото слово. Сведоштвото наведено како доказ дека пијаниот Амнон е на небото е заклучок кој е во директна спротивност со јасните и одредени изјави на Светото Писмо дека ниеден пијаница нема да го наследи Божјото царство (1. Коринтјаните 6:10). На тој начин неверниците и скептиците ја претвораат вистината во лага. И мнозина, измамени со нивното лажно учење, се успиени во лулката на телесната сигурност. {ГБ 539.2} 

Кога би било вистина дека душите на сите луѓе во мигот на смртта веднаш заминуваат на небото, тогаш ние повеќе би посакале смрт отколку живот. Мнозина, заведени со ова верување, донеле одлука да извршат самоубиство. Кога ќе ги совладаат грижи, тешкотии и разочарувања, им се чини полесно да ја прекинат слабата нишка на животот и да се преселат во блаженството на вечниот свет. {ГБ 539.3}

Бог во Своето слово дал јасни докази дека ќе ги казни престапниците на Својот закон. Оние што се тешат со мислата дека Бог е премногу милостив за да ја изврши Својата правда над грешниците, треба само да погледнат на крстот на Голгота. Смртта на безгрешниот Божји Син сведочи дека „плата за гревот е смрт“, и дека секој престап на Божјиот закон мора да го стигне праведна казна. Безгрешниот Христос станал грев заради човекот. Тој ја поднел вината на престапот и бил лишен од присуството на лицето на Отецот додека Неговото срце не се скршило и Неговиот живот не згаснал. Целата оваа жртва беше направена за грешникот да може да биде откупен. На ниту еден друг начин човекот не можел да се ослободи од казната за гревот. Секоја душа што одбива да има удел во толку скапо платеното помирување мора сама лично да ја сноси вината и казната за својот престап. {ГБ 540.1}

Да разгледаме што Библијата понатаму ни зборува за грешниците и непокајаните кои овој универзалист ги сместува на небото како свети и среќни ангели. {ГБ 540.2}

„На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум“ (Откровение 21:6). Ова ветување важи само за оние што се жедни. Само оние што чувствуваат потреба од водата на животот и што ја бараат по секоја цена, ќе ја добијат. „Кој победува, ќе наследи сè, и ќе му бидам Бог, а тој ќе ми биде син“ (Откровение 21:7). И овде исто така се поставени услови. За да наследиме сè, мораме да му се спротивставиме на гревот и да го победиме. {ГБ 540.3}

Господ кажува преку пророкот Исаија: „Кажете му на праведникот: ’Блазе му, зашто тој ќе ги јаде плодовите на делата свои; а на беззаконикот – тешко нему, зашто врз него ќе паднат делата на рацете негови!‘“ (Исаија 3:10,11). „Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам дека ќе им биде добро само на оние, што имаат страв од Бога, кои со почит стојат пред лицето Негово; а за безбожникот нема да има добро“ (Проповедник 8:12,13). А Павле сведочи дека грешникот самиот себеси си собира „гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога, Кој секому ќе му даде според неговите дела“, „Неволја и мака за секоја човечка душа која прави зло” (Римјаните 2:5,6,9). {ГБ 540.4}

„Зашто ова треба да го знаете: дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник – нема дел во царството на Христос и Бог“ (Ефесјаните 5:5). „Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа“ (Евреите 12:14). „Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој што сака да лаже и лаже” (Откровение 22:14,15). {ГБ 541.1}

Бог на луѓето им го објавил Својот карактер и начинот како Тој постапува со гревот: „Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети“ (Излез 34,6,7). „А сите грешници ќе ги истреби“. „А безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре“ (Псалм 145:20; 37:38). Власта и авторитетот на божественото владеење ќе бидат употребени да го задушат бунтот, но сепак, сите судови на правдата ќе бидат во потполна хармонија со карактерот на Бога кој е милостив, полн со трпение и добрина. {ГБ 541.2}

Бог не присилува ничија волја или расудување. Тој не наоѓа задоволство во ропска послушност. Тој сака созданијата на Неговите раце да го љубат, зашто е достоен за љубов. Тој сака луѓето како созданија на Неговите раце да го сакаат бидејќи Тој е достоен за љубов, затоа што имаат разумно почитување за Неговата мудрост, праведност и човекољубие. И сите што имаат правилна претстава за Неговите особини ќе го сакаат затоа што биле привлечени кон Него со убавината на Неговиот карактер. {ГБ 541.3}

Начелата на љубезност, милост и љубов, како што ги проповедал и со пример ги покажувал нашиот Спасител во својот живот, се слика на Божјата волја и на Неговиот карактер. Христос рекол дека Тој не проповеда ништо друго освен она што го примил од Својот Отец. Начелата на божественото владеење се во потполна хармонија со налогот на Спасителот: „Љубете ги своите непријатели“. Бог ја извршува казната над грешните за добро на вселената, па дури и за добро на оние над кои се извршуваат Неговите судови. Тој со задоволство би ги усреќил кога би можел да го стори тоа во согласност со законите на Своето владеење и со правдата на Својот карактер. Тој ги опкружува со зраците на Својата љубов, ги запознава со Својот закон и ги придружува со понудите на Својата милост. Но тие ја презираат Неговата љубов, го газат Неговиот закон и ја отфрлаат Неговата милост. Иако постојано ги уживаат Неговите дарови, тие го срамат својот Дарител. Го мразат Бога зашто знаат дека Тој се гнаси над нивните гревови. Господ долго ја трпи нивната изопаченост, но еднаш сигурно ќе дојде часот кога мора да се реши нивната судбина. Дали тогаш Тој ќе ги приврзе овие бунтовници за Себе? Дали ќе ги присили да ја извршуваат Неговата волја? {ГБ 542.1}

Оние што го избрале сатаната за свој водач и се контролирани од страна на неговата сила, не се подготвени да бидат во Божјо присуство. Во нивниот карактер се вкорениле горделивост, измама, разврат и свирепост. Зарем тие можат да влезат во небото вечно да живеат со оние што ги мразеле и ги презирале на Земјата? Вистината никогаш нема да му биде пријатна на лажливецот; кротоста никогаш нема да ги задоволи вообразените и гордите; чистотата не му годи на расипаниот, а несебичната љубов не му изгледа привлечна на себичниот. Каков извор на радост би можело да им понуди небото на оние што целосно се проникнати со земни и себични интереси? {ГБ 542.2}

Кога оние кои својот живот го поминале во бунт против Бога, одеднаш би биле пренесени на небото да бидат сведоци на вечното совршенство што владее таму; кога би виделе дека секоја душа е исполнета со љубов и секое лице оддава радост; дека во чест на Бога и на Јагнето се издигнува прекрасна музика со мелодични звуци, а од лицето на Оној што седи на престолот постојано излегува и се излева река светлина врз откупените – дали оние, чиишто срца се исполнети со омраза кон Бога, кон вистината и светоста, би можеле да се измешаат со небесните чети и да се придружат кон нивниот славопој? Зарем би можеле да ја поднесат славата на Бога и на Јагнето? Не, не! Им биле подарени години на милост да формираат карактер за небото, но тие никогаш не се потрудиле да го навикнат својот ум да ја засака чистотата; никогаш не го научиле небесниот јазик, и сега е предоцна. Живот на бунт против Бога ги онеспособил за небото. Неговата чистота, светост и мир, за нив би биле само мака, а Божјата слава оган кој уништува. Тие би сакале да побегнат од ова свето место. Тие би прифатиле уништување само да можат да се сокријат од лицето на Оној кој умрел за да ги откупи. Судбината на грешниците е запечатена со нивниот личен избор. Нивното исклучување од небото е нивна самоволна одлука, а од страна на Бога праведна и милосрдна. {ГБ 542.3}

Како водите на потопот, така и огнот на големиот ден ја објавува Божјата пресуда дека грешниците се непоправливи. Тие не сакаат да се потчинат на Божјиот авторитет. Нивната волја се навикнала на противење, и кога нивниот живот ќе приврши, премногу е доцна токот на нивните мисли да се пренасочи во спротивна насока, премногу доцна да се свртат од престапот кон послушност и од омразата кон љубов. {ГБ 543.1}

Поштедувајќи му го животот на Каин како убиец, Бог на светот му дал пример што би се случило кога на грешникот би му било дозволено да живее постојано во незауздана расипаност. Под влијание на Каиновото учење и неговиот пример, илјадници негови потомци биле наведени на грев: „И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“. „А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда” (Создавање 6:5,11). {ГБ 543.2}

Од милост кон светот, Бог во времето на Ное ги уништил нејзините расипани жители. Од милост ги уништил грешните жители на Содом. Благодарение на сатанската измамничка сила престапниците уживаат симпатии и восхит и така постојано ги наведуваат другите на бунт. Така било и во деновите на Каин и Ное, и во времето на Аврам и Лот. Така е и во нашите денови. Само од милост кон вселената на крајот Бог ќе ги уништи оние што ја отфрлаат Неговата милост. {ГБ 543.3}

„Зашто, плата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Додека животот е наследство на праведниците, смртта е плата за грешниците. Мојсеј му рекол на Израел: „Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло“ (Второзаконие 30:15). Смртта, спомената во овој стих, не е онаа смрт што е изречена над Адам, и што ја поднесуваат сите луѓе како казна изречена за нивното беззаконие, туку тоа е „втората смрт“ (Откровение 20:6), која се истакнува како спротивност на вечниот живот. {ГБ 544.1}

Како последица на Адамовиот грев, смртта преминала на целиот човечки род. Сите, без разлика, одат во гроб. А благодарение на планот на спасението, сите ќе излезат од своите гробови. Зашто „ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). „И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани“ (1. Коринтјаните 15:22). Но меѓу двете класи воскреснати постои видлива разлика. „Иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5:28,29). Тие што ќе бидат достојни за воскресение за живот, ќе бидат „блажени и свети“. „Над нив втората смрт нема власт“ (Откровение 20:6). Но, оние што со покајание и со вера не добиле проштевање, мора да примат казна за престапот – „плата за гревот“. Тие ќе поднесуваат казна, различна по траење и по јачина, „според своите дела“, која конечно ќе заврши со втората смрт. Бидејќи Бог, согласно со Неговата правда и милост, не може да го спаси грешникот во неговите гревови, Тој го лишува од животот кој го загубил поради својот престап и за кој се покажал недостоен. Еден вдахнат писател кажува: „Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш“ (Псалм 37:10). А друг пак кажува: „И ќе бидат како никогаш да не биле“ (Авдија 16). Покриени со срам, тие ќе потонат без надеж во вечен заборав. {ГБ 544.2}

Така гревот конечно ќе биде уништен со сите страдања и стравотии што ги предизвикал. Псалмистот кажува: „Ги истреби нечесните, им го избриша името, за вечни векови и споменот им го снема“ (Псалм 9:5,6). Гледајќи ја блажената вечност, Јован во Откровението го слуша сеопштиот славопој кој не е нарушен со ниедна нота на дисхармонија. Слушнал како сите созданија на небото и земјата го слават Бога (Откровение 5:13). Нема да има загубени души што би хулеле на Бога, превиткувајќи се во вечни маки, ниту очајни суштества во пеколот кои своите болни крици би ги помешале со песните на спасените. {ГБ 545.1}

Врз големата заблуда за природна бесмртност се заснова учењето за свесна состојба на мртвите по смртта – учење кое, како и она за вечните маки, му се противи на учењето на Светото Писмо, на логиката на разумот и на нашите чувства за човечност. Според популарното верување, спасените на небото се запознаени со сè што се случува на Земјата, а особено со животот на пријателите што ги оставиле зад себе. Но, како би можело за мртвите да биде извор на радост сознанието дека нивните мили на земјата страдаат, дека грешат, дека чувствуваат болки, разочарувања и животни грижи? Колкава небесна среќа би можеле да уживаат оние што постојано би лебделе над своите пријатели на Земјата? А колку е ужасно верувањето дека душата на непокајаниот, штом здивот ќе го напушти телото, се испраќа во пламенот на пеколот! Каков ужасен страв мора да поднесуваат оние што ги гледаат своите пријатели како неподготвени си заминуваат во гроб за да влезат во вечноста на јадот и гревот! Овие ужасни мисли мнозина довеле до лудило. {ГБ 545.2}

Што кажува Светото Писмо во врска со овие работи? Давид изјавува дека човекот за време на смртта не е во свесна состојба: „Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалм 146:4). Соломон дава слично сведоштво: „Живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата“. „Зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост” (Проповедник 9:5,6,10). {ГБ 546.1}

Кога, на негова молба, животот на Езекија му бил продолжен за петнаесет години, благодарниот цар го фалел Бога за Неговата милост. Во својата песна тој ни ја кажува причината зошто толку се радува: „Зашто подземјето Тебе не Те слави, смртта Тебе не Те восфалува; слезените во гроб не се надеваат на Твојата вистина. Живите, само живите ќе Те прослават, како јас сега; таткото ќе им ја соопшти на децата Твојата верност“ (Исаија 38:18,19). Популарната теологија учи дека умрените праведници се наоѓаат на небото, каде што го слават Бога во блаженство со бесмртен јазик. Но Езекија во смртта не гледал таква величествена иднина. Со неговите зборови се согласува сведоштвото на Псалмистот: „Бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?“ „Не ќе Те слават мртвите, Господи, ниту оние, што слегуваат во местото на молкот” (Псалм 6:5; 115:17). {ГБ 546.2}

На денот Педесетница, Петар рекол за патријархот Давид „дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сè до денешниов ден“. „Зашто Давид не отиде на небесата“ (Дела 2:29,34). Фактот дека Давид останува во гробот сè до воскресението, докажува дека праведниците во мигот на смртта не заминуваат на небото. Само преку воскресението, и благодарение на фактот дека Христос воскреснал, Давид конечно ќе може да седне од десната страна на Бога. {ГБ 546.3}

Павле рекол: „Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Христос, пропаднале“ (1. Коринтјаните 15:16-18). Кога во претходните четири илјади години праведниците би оделе на небото веднаш во мигот на смртта, како би можел Павле да каже дека, ако нема воскресение, тогаш и оние „што умреле за Христос, пропаднале“? Во тој случај воопшто не би било потребно воскресение. {ГБ 547.1}

Маченикот Тиндал за состојбата на мртвите рекол: „Јас отворено признавам дека не сум уверен оти тие веќе живеат во славата во која живее Христос и избраните Божји ангели. Тоа не е моја вера. Зашто, ако праведните веќе се на небото, тогаш јас сметам дека проповедањето за воскресение на телото е бесцелно“ (William Tyndale, Preface to New Testament (ed. 1534). Reprinted in British Reformers—Tindal, Frith, Barnes, page 349). {ГБ 547.2}

Непобитен е фактот дека надежта во вечно блаженство во мигот на смртта довела до општо занемарување на библиското учење за воскресението. Ова го забележал и др. Адам Кларк, кој рекол: „Се чини дека првите христијани науката за воскресението ја сметале за многу поважна отколку што ја сметаме ние денес. Зошто е тоа така? Апостолите постојано ја нагласувале и на тој начин ги поттикнувале Божјите деца кон трудољубивост, кон послушност и кон радосна ревност. А нивните следбеници денес ретко ја споменуваат! Така проповедале апостолите и така верувале првите христијани; така проповедаме и ние и така веруваат и нашите слушатели. Во евангелието нема ниту едно учење што е посилно истакнато; а нема ниту едно учење во сегашниот систем на проповедање кое е толку занемарено!“ (Commentary, remarks on 1. Corinthians 15, paragraph 3). {ГБ 547.3}

Оваа состојба траела сè додека славната вистина за воскресението сосема не потемнела и христијанскиот свет речиси сосем ја изгубила од вид. Еден истакнат верски писател, коментирајќи ги зборовите на апостол Павле во 1. Солунјаните 4:13-18, кажува: „Од практични причини, заради утеха, учењето за блажената бесмртност на праведниците ја заменува сомнителната наука за второто Христово доаѓање. Во мигот на нашата смрт Господ доаѓа по нас. Тоа е она што ние треба да го чекаме и поради што треба да стражариме. Мртвите веќе влегле во славата. Тие не чекаат на звукот на трубата за да го примат својот суд и вечното  блаженство”. {ГБ 547.4}

Но, кога Исус требало да ги остави Своите ученици, Тој не им кажал дека тие наскоро ќе дојдат кај Него: „Одам да ви приготвам место“, рекол Тој. „Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:2,3). А Павле понатаму ни кажува дека: „Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ, и така секогаш ќе бидеме со Господ“. И потоа додава: „Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови“ (1. Солунјаните 4:16-18). Колку е огромна разликата меѓу овие утешни зборови и оние, претходно цитирани, од страна на проповедникот универзалист! Тој ги тешел нажалените пријатели уверувајќи ги дека мртвиот, колку и да бил грешен, штом издивнал, бил примен меѓу ангелите. Павле своите браќа ги упатува на второто Христово доаѓање кога оковите на гробот ќе бидат скршени и кога „мртвите во Христа“ ќе станат во вечен живот. {ГБ 548.1}

Пред некој да може да стапи во становите на блаженството, неговиот случај мора да биде испитан, а неговиот карактер и неговите дела мора да излезат на преглед пред Бога. На сите ќе им се суди според извештајот напишан во книгите, и секој ќе прими плата според своите дела. Овој суд не се случува во мигот на смртта. Да обрнеме внимание на Павловите зборови: „Зашто определи ден кога праведно ќе му се суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите“ (Дела 17:31). Овде апостолот јасно кажува дека за судот на светот е одредено посебно време кое тогаш било во иднина. {ГБ 548.2}

Јуда упатува на истиот период: „Ангелите, пак, што не се покоруваат на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден“. А потоа ги наведува зборовите на Енох: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите“ (Јуда 6:14,15). Јован кажува дека ги видел „мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги… и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни” (Откровение 20:12). {ГБ 549.1}

Но, ако мртвите веќе уживаат во блаженството на небото или ако се превиваат во огнот на пеколот, зошто е потребен идниот суд? Учењата на Божјото слово за овие важни прашања не се ниту нејасни ниту противречни; нив можат да ги разберат и обичните луѓе. Која искрена душа може да види или мудрост или праведност во верувањето што денес е толку раширено? Дали праведниците по истрагата на нивниот случај на судот ќе ја слушнат пофалбата: „Убаво, добар и верен слуго… сподели ја радоста со својот господар“ (Матеј 25:21), кога веќе живееле во Негово присуство можеби со векови? Дали грешниците ќе бидат повикани од местото на мачење за да ја примат пресудата на Судијата на целата земја: „Бегајте од мене, проклети, во вечен оган?“ (Матеј 25:41). О, колку страшен подбив! Какво срамно обвинување на сметка на Божјата мудрост и праведност! {ГБ 549.2}

Теоријата за бесмртноста на душата е едно од оние лажни учења што Рим ги позајмил од незнабоштвото и ги внел во христијанската вера. Мартин Лутер ја става во групата на „монструозни измислици што ја сочинуваат римската депонија на декреталии“. (E. Petavel, The Problem of Immortality, page 255). Коментирајќи ги Соломоновите зборови во книгата на Проповедникот дека мртвите не знаат ништо, реформаторот кажува: „Ова е уште еден доказ дека мртвите се несвесни. Таму, кажува Соломон, нема работа, ниту мислење, ниту знаење, ниту мудрост. Затоа Соломон мисли дека мртвите спијат и за ништо не се свесни. Тие лежат, не броејќи ги ниту деновите ниту годините. Но, кога ќе се разбудат, ќе им се чини како да спиеле одвај еден миг“ (Martin Luther, Exposition of Solomon’s Booke Called Ecclesiastes, page 152). {ГБ 549.3}

Никаде во Светото Писмо не пишува дека праведниците ја примаат својата награда или грешниците својата казна во мигот на смртта. Патријарсите и пророците не оставиле вакво тврдење. Христос и Неговите апостоли не дале никакво навестување за тоа. Библијата јасно учи дека мртвите не одат веднаш на небото, туку дека тие спијат до воскресението. (1. Солунјаните 4:14; Јов 14:10-12). Истиот ден, кога ќе се скине сребреното јаже и кога ќе се скрши златната чаша (Проповедник 12:6), престануваат сите мисли на човекот. Оние што одат во гроб уживаат целосен мир. Тие не знаат веќе за ништо што се случува под Сонцето (Јов 14:21). Каков блажен одмор за уморните праведници! За нив времето, било кратко или долго, е само миг. Тие спијат, и Божјата труба ќе ги разбуди во славна бесмртност. „Зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо… А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: ’Победата ја проголта смртта’ (1. Коринтјаните 15:52-54). Кога умрените праведници ќе бидат повикани од својот длабок сон, нивните мисли ќе продолжат токму таму каде што во мигот на смртта биле прекинати. Последно нивно чувство бил смртниот страв, последна мисла дека и подлегнуваат на силата на гробот. Кога ќе воскреснат од гробот, нивната прва радосна мисла ќе биде изразена во победоносниот извик: „О смрт, каде ти е осилката? О смрт, каде ти е победата?“ (1. Коринтјаните 15:55). {ГБ 550.1}

Сподели го ова:

Similar Posts