14 Подоцнежни англиски реформатори
Додека Лутер на германскиот народ ја отворил дотогаш затворената Библија, Тиндал поттикнат од Божјиот Дух, настојувал истото тоа да го направи за Англија. Виклифовата Библија била преведена од латински текст кој содржел многу грешки. Овој превод никогаш не бил печатен, а трошоците за препишаните примероци биле толку големи што само богатите луѓе и благородниците можеле да ја купат. Покрај тоа, таа била забранета од страна на црквата и затоа слабо била раширена. Во 1516. година, една година пред појавата на Лутеровите тези, Еразмо ја објавил својата грчка и латинска верзија на Новиот завет. Сега за првпат Божјото слово било отпечатено на изворниот јазик. Во ова издание многу грешки од поранешните верзии биле поправени, а смислата била појасно изразена. Ова издание на многу образовани луѓе им овозможило подобро да ја запознаат вистината, и на делото на реформацијата му дало нов поттик. Но, Божјото слово сѐ уште во голема мера било недостапно за обичните луѓе. Тиндал требаше да го доврши делото што го започнал Виклиф и на своите сонародници да им ја даде Библијата. {ГБ 245.1}
Како трудољубив студент и ревен истражувач на вистината, тој евангелието го примил со читање на Новиот завет на Еразмо на грчки јазик. Бестрашно ги проповедал своите убедувања, инсистирајќи на тоа дека секое учење треба да се проверува со Светото Писмо. На тврдењата на папистите дека црквата ја дала Библијата и дека само таа може да ја толкува, Тиндал одговорил: „Дали знаете кој ги научил орлите да го најдат својот плен? Истиот Бог ги учи и Своите гладни деца да го најдат својот Отец во Неговото слово. Далеку од тоа дека вие ни го дадовте Светото Писмо; напротив, го криевте од нас; вие ги спалувате оние што го проповедаат; и вие, кога би можеле, би го спалиле и самото Свето Писмо” (D’Aubigne, History of the Reformation of the Sixteenth Century, b. 18, ch. 4). {ГБ 245.2}
Проповедањето на Тиндал предизвикало голем интерес; мнозина ја прифатиле вистината. Но, свештениците биле претпазливи; штом Тиндал ќе ја напуштел областа на својата активност, тие со закани и со погрешни претстави се обидувале да ја уништат неговата работа. Многу често во тоа и успевале. „Што да се прави?”, извикал тој. „Додека јас на едно место сеам, непријателот го пустоши полето кое штотуку го оставив. Не можам да бидам насекаде. О, кога христијаните би го имале Светото Писмо на својот мајчин јазик, тогаш и самите би биле во состојба да им пружат отпор на овие лажливци. Без Библија е невозможно да се утврдат лаиците во вистината” (Исто, b. 18, ch. 4). {ГБ 246.1}
Тогаш во мислите му се родила една нова одлука. „Израелците пееле псалми во храмот на Јехова на својот јазик; зарем не треба евангелието да ни се проповеда на англиски јазик?… Зарем црквата напладне да има помалку светлина отколку што имала во зората?… Христијаните мораат да го читаат Новиот завет на нивниот мајчин јазик”. Теолозите и проповедниците на црквата не се согласуваат меѓу себе. Само со помош на Библијата луѓето ќе дојдат до вистината. „Едни се држат за еден учител, другите пак за друг… Секој од тие учители му противречи на другиот. Како можеме да го препознаеме вистинскиот од лажниот?… Како?… Само со помош на Божјото слово” (Исто, b. 18, ch. 4). {ГБ 246.2}
Набргу потоа еден учен католички теолог влегувајќи во полемика со Тиндал, извикал: „Подобро е да сме без Божјите закони, отколку без папските”. На тоа Тиндал одговорил: „Јас го презирам папата и сите негови закони; ако Бог ми го продолжи животот, за неколку години ќе направам момчето што оди по плугот, повеќе да знае од Писмото отколку вие” (Anderson, Annals of the English Bible, page 19). {ГБ 246.3}
Намерата која уште од порано ја негувал во своето срце, да им го даде на луѓето Новиот завет на нивниот мајчин јазик, сега конечно созреала, и тој веднаш се фатил за работа. Прогонет од својот дом, отишол во Лондон каде некое време можел да работи без пречки. Но повторно гневот на папистите го натерал да побегне. Се чинело дека во цела Англија нема место за него, па решил да побара засолниште во Германија. Таму започнал да го печати Новиот завет на англиски јазик. Двапати неговата работа била прекинувана; но кога печатењето му било забрането во еден град, тој одел во друг. Конечно отишол во Вормс, каде пред неколку години Лутер го бранел евангелието пред државниот собор. Во тој антички град имало многу пријатели на реформацијата, и тука Тиндал ја продолжил својата работа без пречки. Наскоро биле отпечатени три илјади примероци од Новиот завет, а во истата година излегло и второ издание. {ГБ 246.4}
Со голема ревност и неуморна истрајност ја продолжил својата работа. И покрај будноста на англиските власти кои строго ги чувале пристаништата, сепак Божјото слово на разни начини тајно е внесувано во Лондон, а оттаму се ширело низ целата земја. Папските приврзаници се труделе да го запрат ширењето на вистината, но напразно. Еден ден бискупот на Дурхам, од еден книжар, пријател на Тиндал, ја откупил целата залиха на Библии со намера да ги уништи, претпоставувајќи дека на тој начин во голема мера ќе ја попречи работата. Но, напротив, со парите добиени од продадените Библии купен е материјал за ново, подобро издание, што инаку не би можело да биде објавено. Кога Тиндал подоцна бил затворен, му била понудена слобода, под услов да ги наведе имињата на оние што му помогнале да ги подмири трошоците околу печатењето на Библијата. На ова тој одговорил дека дурхамскиот бискуп направил повеќе од било кој друг, зашто плаќајќи ја високата цена за книгите што му останале непродадени, му овозможил со поголема ревност да ја продолжи работата. {ГБ 247.1}
Тиндал со предавство паднал во рацете на своите непријатели и повеќе месеци бил во затвор. Најпосле својата вера ја посведочил со маченичка смрт; но оружјето што го подготвил им помогнало на другите борци да се борат низ сите векови сѐ до нашите денови. {ГБ 247.2}
Латимер јавно истакнувал од проповедалната дека Библијата треба да се чита на народен јазик. „Авторот на Светото Писмо”, рекол тој, „е самиот Бог и ова Писмо се одликува со силата и со вечноста на својот Автор. Нема крал, ниту цар, ниту судии, ниту управители… кои не се должни да му се покоруваат… на Неговото свето слово. Да не одиме по грешен пат, туку да допуштиме да нè води Божјото слово; да не продолжуваме по стапките на нашите предци, ниту пак да го следиме она што го правеле тие, туку да го правиме она што тие требаше да го направат” (Hugh Latimer, „First Sermon Preached Before King Edward VI”) {ГБ 248.1}
Барнс и Фрит, верните пријатели на Тиндал, исто така станале да ја бранат вистината. Нивниот пример го следеа Ридли и Крамер. Сите овие луѓе, како водачи на реформацијата во Англија, биле образовани луѓе, а повеќето од нив уживаа длабока почит во католичките кругови поради својата ревност и побожност. До нивно спротивставување на папството дошло затоа што ги запознале заблудите на „светата столица”. Нивното познавање на тајните на Вавилон им дало поголема моќ да сведочат против него. {ГБ 248.2}
„Сега ќе ви поставам едно чудно прашање,” рекол Латимер. „Знаете ли кој е највредниот бискуп и прелат во цела Англија?… Гледам дека очекувате да го именувам Јас ќе ви кажам: тоа е ѓаволот!… Тој никогаш не ја напушта својата епархија; кога и да го побарате, секогаш ќе го најдете на работа… секогаш е зад плугот… никогаш нема да го најдете неактивен, ве уверувам… Каде ѓаволот ќе се всели, тука се отфрлаат книгите, а се земаат свеќи и кадилници, се отфрла Библијата, а се земаат бројаниците; се отфрла светлината на евангелието, а се палат свеќи од восок; да, дури и напладне… се отфрла Христовиот крст, а се истакнува чистилиштето кое на луѓето им ги празни џебовите… се отфрла грижата околу облекувањето на голите, сиромашните и немоќните, а се истакнува украсувањето на сликите и обожавањето на ликовите од дрво и камен; човечките традиции и заповеди се издигнуваат над Бога и над Неговото слово, кое е најсвето… О, кога нашите прелати би биле толку ревни да го сеат семето на добрата наука, како што е ревен сатаната кога го сее каколот и плевелот!” (Исто, „Sermon of the Plough”). {ГБ 248.3}
Големото начело што го застапувале овие реформатори – истото она кон кое се придржувале Валденжаните, Виклиф, Јан Хус, Лутер, Цвингли и нивните соработници – бил непогрешливиот авторитет на Светото Писмо, како правило на верата и животот. Тие го отфрлиле правото на папите, на соборите, на отците и на кралевите да владеат со совеста во прашањата на верата. Библијата за нив била најголемиот авторитет, и со нејзиното учење ја проверувале секоја наука и секое тврдење. Верата во Бога и Неговото слово ги подржувала овие свети луѓе кога ги полагале своите животи на клада. „Биди храбар”, му довикнал Латимер на својот другар кој со него ја делел маченичката смрт, пред пламенот да го замолкне нивниот глас: „Ние денеска со Божја милост ќе запалиме таква свеќа во Англија која, убеден сум во тоа, никогаш нема да се угаси” (Works of Hugh Latimer, vol. 1, p. VIII). {ГБ 249.1}
Во Шкотска, семето на вистината, посеано од Колумбо и неговите соработници никогаш целосно не било уништено. Стотици години откако црквите во Англија се потчиниле на Рим, шкотската црква ја сочувала својата слобода. Но, во дванаесеттиот век и овде завладеало папството, и во ниедна друга земја не го зацврстило својот апсолутизам како овде. Никаде темнината не била погуста отколку овде. Па сепак, зраците на светлината успеале да проникнат таму и да го навестат осамнувањето на зората. Лолардите, кои од Англија дошле со Библијата и со Виклифовото учење, многу придонеле да се сочува знаењето за евангелието, и секој век имал свои сведоци и свои маченици. {ГБ 249.2}
Со почетокот на големата реформација во Шкотска биле донесени Лутеровите списи, како и Новиот завет преведен од Тиндал на англиски јазик. Незабележани од свештенството, овие неми гласници кои молкум се носени преку планините и долините, повторно во Шкотска го запалиле факелот на вистината која речиси се угасила, рушејќи го она што Рим го воспоставил во текот на четири века на угнетување. {ГБ 249.3}
Тогаш крвта на мачениците му дала нова сила на движењето. Папските водачи, сфаќајќи ја опасноста што им се заканила на нивното дело, спалиле на клада некои од најблагородните и најугледни синови на Шкотска. Но, со тоа само подигнале проповедална од која зборовите на храбрите сведоци што умирале одекнувале низ целата земја, повикувајќи го народот со непоколеблива решителност да ги отфрли римските окови. {ГБ 249.4}
Хамилтон и Висхарт, со кнежевско потекло, својот живот го завршиле на клада заедно со голем број скромни ученици. Но, од местото каде што Висхарт бил спален на кладата дошол оној кого пламенот не можел да го замолкне, оној кој со Божја помош требало да ѝ стави крај на папската власт во Шкотска. {ГБ 250.1}
Џон Нокс го свртел грбот на традициите и на црковниот мистицизам за да се насладува со вистините на Божјото слово; а учењето на Висхарт го зацврстило во одлуката да ја напушти католичката црква и да им се придружи на прогонетите реформатори. {ГБ 250.2}
Наговаран од своите пријатели да ја прифати должноста на проповедник, го отфрлал повикот плашејќи се од толку големите одговорности. Се согласил со тоа дури по неколку дена самотија и тешка борба со себе. Но, кога ја примил таа должност, ја извршувал со непоколеблива решителност и со бестрашна храброст сѐ до својата смрт. Овој храбар реформатор не се плашел од луѓето. Огнот на мачеништвото што се разгорувал околу него само уште повеќе ја поттикнувал неговата ревност. Наспроти секирата на тиранинот што постојано му се заканувала, непоколебливо стоел и решително се борел да го уништи идолопоклонството. {ГБ 250.3}
Кога се соочил со лицето на кралицата на Шкотска, во чиешто присуство исчезнувала ревноста на многу водачи на реформацијата, Џон Нокс бестрашно сведочел за вистината. Тој не можел да се придобие со ласкање; а не се плашел ниту од закани. Кралицата го обвинувала за ерес. Таа изјавила дека тој народот го учи да ја прими верата што ја забранува државата, и со тоа ја крши и Божјата заповед која на поданиците им налага да се покоруваат на своите владетели. Нокс на тоа решително ѝ одговорил: {ГБ 250.4}
„Бидејќи вистинската религија не потекнува од земните кнезови, туку само од вечниот Бог, тогаш ниту граѓаните не се должни својата вера да ја прилагодуваат кон волјата на своите кнезови. Зашто често се случува кнезовите помалку да се упатени во вистинската Божја вера отколку другите луѓе… Кога сите Аврамови потомци би ја прифатиле религијата на фараонот, чиишто поданици долго време биле, ве прашувам вас, госпоѓо, каква религија би преовладувала денеска во светот? Или, кога во деновите на апостолите сите би ја прифатиле религијата на римските императори, каква денес би била религијата во светот?… И така, госпоѓо, можете да видите дека поданиците не се должни да ја исповедаат верата на своите владетели, иако се должни да им бидат послушни”. {ГБ 250.5}
Тогаш Марија рече: „Вие Библијата ја толкувате на еден начин, а тие (римокатоличките учители) на друг; кому да му верувам и кој може овде да биде судија?” {ГБ 251.1}
„Верувајте му на Бога кој јасно ни зборува преку Своето слово”, одговорил реформаторот, „а надвор од она што е напишано не треба да им верувате ниту на едните ниту на другите. Божјото слово е разбирливо само по себе, а доколку понекаде се појави и нешто нејасно, Светиот Дух кој никогаш не си противречи самиот себеси, го објаснува тоа на друго место, така што веќе не може да остане сомнеж освен за оние што упорно остануваат во незнаење” (David Laing, The Collected Works of John Knox, vol. 2, pp. 281, 284). {ГБ 251.2}
Такви беа вистините што бестрашниот реформатор, во животна опасност, ѝ ги изнесувал на кралицата. Со иста нескротлива храброст се држел за својата цел, се молел и ги водел Господовите битки, сѐ додека Шкотска не се ослободила од папството. {ГБ 251.3}
Во Англија прифаќањето на протестантизмот како национална религија ги намалило прогонствата, иако прогонството не престанало целосно. Иако многу доктрини на Рим биле отфрлени, сепак доста негови обичаи останале. Врховниот авторитет на папата бил отфрлен, но на негово место монархот бил устоличен како глава на црквата. Богослужението во црквите сѐ уште било далеку од чистотата и едноставноста на евангелието. Големото начело на верската слобода сѐ уште не било сфатено. Иако протестантските водачи ретко применувале свирепо насилство какво што Рим употребувал против кривоверството, но сепак, ниту тие не го признавале правото секој да му служи на Бога според својата совест. Сите биле обврзани да ја прифатат доктрината на службената црква и да ги извршуваат пропишаните обреди. Оние што мислеле поинаку, со векови поднесувале поголеми или помали прогонства. {ГБ 251.4}
Во седумнаесеттиот век илјадници проповедници биле отстранети од својата служба. Под закана на големи парични казни, затвор и прогонство, на народот му било забрането да присуствува на какви било верски состаноци освен на оние што ги одобрила црквата. Верниците, кои биле целосно посветени на Господ, биле принудени да се состануваат ноќе во мрачните улички и поткровја, а во некои годишни периоди и во шумите. Во длабоките засолништа на шумите, во храмот што го направил самиот Бог, расеаните и прогонети Божји деца се собирале да ги излеваат своите души пред Бога во молитва и благодарност. Но, и покрај сета своја претпазливост, мнозина страдале поради својата вера. Затворите биле преполни. Семејствата биле растурени, а мнозина протерани во туѓи земји. Но, Бог бил со Својот народ, а прогонствата не можеле да го замолкнат нивното сведоштво. Мнозина биле присилени да одат дури и преку океанот во Америка и тука да ги постават темелите на граѓанска и верска слобода, кои претставуваа бедем и слава на оваа земја. {ГБ 252.1}
Повторно, како и во деновите на апостолите, прогонството само служело како поттик за ширење на евангелието. Во една одвратна зандана, преполна со развратници и злосторници, Џон Бањан ја чувствувал небесната атмосфера, и тука ја напишал својата прекрасна алегорија за патувањето на побожниот патник од земјата на пропаста до небесниот град. Повеќе од двесте години овој глас од затворот на Бедфорд не престанува да ги потресува срцата на луѓето. Бањановите книги: „Патувањето на христијанинот” и „Обилна милост и за најголемиот грешник” довеле многу загубени души на патот на животот. {ГБ 252.2}
Бакстер, Флавел, Алеин и други надарени, образовани луѓе кои имале големо христијанско искуство, храбро станувале во одбрана на верата, „која им е дадена на светиите еднаш засекогаш”.Делотошто овие луѓе го извршиле, забранувано и ставано надвор од законот од страна на владетелите на овој свет, не може никогаш да пропадне. Флавеловите дела: „Извор на животот” и „Патот на милоста”, на илјадници луѓе им покажале како да му се предадат на Христа. Бакстеровото дело „Реформираниот пастир”, се покажало како благослов за многумина што копнееле за заживување на Божјото дело, а целта на неговата втора книга „Вечен одмор на светиите” е да ги насочи душите кон „одморот кој сѐ уште останува за Божјиот народ”. {ГБ 252.3}
Сто години подоцна, за време на големата духовна темнина, се појавиле Вајтфилд и браќата Весли како носители на божествената светлина. Под управата на државната црква, народот на Англија дошол до таков духовен пад, така што едвај се разликувал од незнабошците. Таканаречената природна религија била омилена наука на свештениците и таа ја сочинувала речиси целата нивна теологија. Припадниците на повисоките слоеви им се потсмевале на побожните, фалејќи се дека се над нивниот фанатизам. Пониските слоеви сè подлабоко тонеле во незнаење и порок, зашто црквата немала ниту храброст ниту вера да го задржи сѐ поочигледното пропаѓање на вистината. {ГБ 253.1}
Големото начело за оправдувањето со вера, вистината што Лутер толку јасно ја проповедал, било речиси целосно изгубено од вид, а на нејзино место дошло римското начело за спасение со добрите дела. Вајтфилд и браќата Весли, кои биле членови на државната црква, искрено ја барале Божјата милост и Божјата наклоност, која, како што учеле, може да се стекне само со доблесен живот и со почитување на верските обреди. {ГБ 253.2}
Еден ден, кога Чарлс Весли сериозно се разболел и мислел дека смртта му се приближува, бил запрашан на што ја темели својата надеж во вечен живот, тој одговорил: „Се трудев да му служам на Бога како најдобро знаев”. Кога се чинело дека пријателот што му го поставил прашањето не бил задоволен со овој одговор, Весли помислил: „Што! Зарем моите напори не претставуваат доволна основа за таквата надеж? Зарем ќе ме лиши од сето она што сум го заслужил со своите напори? Јас инаку немам ништо друго во што би можел да се надевам” (John Whitehead, Life of the Rev. Charles Wesley, page 102). Толку густа била темнината што во тоа време ја обвиткала црквата, таа од луѓето ја прикривала жртвата на помирување, на Христа му ја одзела Неговата слава, а мислите на луѓето ги одвратила од единствената надеж на спасение – крвта на распнатиот Откупител. {ГБ 253.3}
Весли и неговите соработници увиделе дека вистинската вера има свое седиште во срцето и дека Божјиот закон ги опфаќа не само зборовите и делата туку и мислите. Осведочени дека е потребна светост на срцето, како и исправно надворешно однесување, тие навистина почнале да живеат нов живот. Со сесрдни молитви, проследени со напори, настојувале да ги совладаат злите склоности на природното срце. Живееле живот на самоодрекување, добрина и понизност, преземајќи ги со голема строгост и точност сите мерки кои, како се чинело, можеле да придонесат да го постигнат она што најмногу го сакале – светост, која ќе им обезбеди Божја наклоност. Но, тие не го постигнале она за што се стремеле. Залудни биле нивните напори да се ослободат од осудата за гревот, ниту пак да ја скршат нејзината моќ. Истата борба ја водел и Лутер во својата ќелија во Ерфурт. Нив ги мачело истото прашање што ја измачувало и неговата душа: „Како ќе се оправда човек пред Бога?” (Јов 9:2). {ГБ 254.1}
Огнот на божествената вистина кој речиси згаснал на олтарот на протестантизмот, требало повторно да се запали со стариот факел кој чешките христијани со векови го чувале, пренесувајќи го од поколение до поколение. По реформацијата, протестантизмот во Чешка бил прегазен од страна на римските орди. Сите оние кои одбиле да се откажат од вистината биле принудени да бегаат. Некои од нив, наоѓајќи засолниште во Саксонија, ја одржувале старата вера. Преку потомците на овие христијани светлината дошла и до Весли и неговите соработници. {ГБ 254.2}
Откако биле ракоположени за проповедничка служба Џон и Чарлс Весли биле испратени на мисионерска задача во Америка. На палубата на бродот се наоѓала и една група на моравски протестанти. Во текот на пловидбата настанала силна бура и Џон Весли, соочен со смртта, почувствувал дека не е помирен со Бога. Моравските браќа, напротив, покажале смиреност и доверба, која ним им била непозната. {ГБ 254.3}
„Подолго време”, кажувал тој, „го набљудував нивното сериозно однесување. Нивната понизност постојано ја откриваа со тоа што на другите патници им правеа такви услуги кои ниту еден Англичанец никогаш не би ги направил. За тие услуги ниту барале ниту примале некаква плата, велејќи дека тоа е добро за нивните горди срца и дека нивниот Спасител за нив направил многу повеќе. Ништо не можело да ги извади од рамнотежа и да ги лиши од самоконтрола. Ако некој ги турне, удри или собори, тие станувале и се оддалечувале; без ниту еден збор на жалење. Сега им се дала можност да покажат дека и чувството на страв исто така им е туѓо како и духот на гордост, гнев и одмазда. За време на пеењето на псалмот со кој го почнуваа своето богослужение, одненадеж се подигна бран кој го скина големото едро, го покри бродот и се урна меѓу палубите, така што се чинеше како веќе да нѐ проголтала морската длабочина. На многу Англичани од градите им се оттргна ужасен извик на страв. Само моравските браќа останаа спокојни, дури не го прекинаа ниту пеењето на псалмот. Подоцна прашав еден од нив: ’Зарем вие не се плашевте?‘ Тој одговори: ’Фала на Бога, не!‘ ’Зарем вашите жени и деца не се уплашија?‘ Тој одговори благо: ’Не, нашите жени и деца не се плашат од смртта’” (Whitehead, Life of the Rev. John Wesley, page 10). {ГБ 255.1}
Пристигнувајќи во Савана, Весли кратко време престојувал меѓу моравските браќа и бил длабоко трогнат од нивното христијанско однесување. Опишувајќи едно од нивните богослуженија кое многу се разликувало од безживотниот формализам на Англиканската црква, тој напишал: „Големата едноставност, како и свеченоста на целата служба, речиси ме натераа да заборавам на изминатите седумнаесет векови и во мислите да се пренесам во еден од оние собири каде немаше никаков формализам ниту надворешен сјај, со кои претседавале Павле, изработувач на шатори, или рибарот Петар, каде се чувствувало влијанието на Светиот Дух и Неговата сила” (Исто, pages 11, 12). {ГБ 255.2}
По враќањето во Англија, Весли, поучен од еден моравски проповедник, појасно ја сфатил библиската вера. Бил осведочен дека спасението на душите не може да се заслужи со сопствени дела, дека целосно треба да се потпре на „Божјото Јагне кое ги зеде на Себе гревовите на светот”. На еден состанок на моравските браќа одржан во Лондон, била прочитана една Лутерова изјава во која се опишува промената која Божјиот Дух ја врши во срцето на верникот. Додека Весли го слушал тоа, верата пламнала во неговата душа. „Почувствував некоја необична топлина во срцето”, велел тој. „Чувствував дека за спасение на мојата душа треба да се потпирам на Христа и само на Христа, и се осведочив дека Тој ме ослободи од моите гревови, и ме спаси од законот на гревот и смртта” (Исто, page 52). {ГБ 255.3}
Во текот на долгите години на мачни и тешки борби – години на најстрого самооткажување, покори и понижувања – Весли упорно се борел имајќи пред очите само една цел – да го најде Бога. Сега Го нашол; дознал дека благодатта која тој напразно се обидувал да ја заработи со молитви и пост, со милостиња и самооткажување, всушност е дар, „без пари и без плаќање” (Исаија 55:1). {ГБ 256.1}
Откако се утврдил во Христовата вера, целата негова душа горела од желба насекаде да го рашири сознанието за прекрасното евангелие за бесплатната Божја благодат. „Целиот свет го сметам за моја парохија”, рекол тој, „и каде и да се наоѓам, мое право и света должност е на сите што сакаат да ме слушаат да им ја објавам радосната вест на спасението” (Исто, page 74). {ГБ 256.2}
Тој продолжил со својот строг живот на самооткажување кој сега веќе не бил темел, туку резултат на верата; не корен, туку плод на светоста. Божјата благодат во Христа е темел на христијанската надеж, а таа благодат ќе се покаже во послушноста. Весли целиот свој живот го посветил во проповедање на големите вистини што ги примил -вистината за оправдување со вера во Христовата крв која обновува, и за силата на Светиот Дух која може да го прероди срцето донесувајќи плод во животот во согласност со Христовиот пример. {ГБ 256.3}
Вајтфилд и браќата Весли биле подготвени за својата мисија со долги и лични осведочување за својата изгубена состојба; а за да бидат во состојба како добри Христови војници да ги поднесат сите тешкотии, тие морале да бидат изложени на огнено искушение, на презир, потсмев и прогон, како на универзитетот, така и кога стапиле во својата проповедничка служба. Тие и неколкумината нивни симпатизери, од нивните безбожни другари подбивно биле нарекувани „методисти” – име кое денес со гордост го носи една од најголемите верски заедници во Англија и Америка. {ГБ 256.4}
Како членови на Англиканската црква, биле многу врзани за нејзиниот начин на богослужение, но Господ во Своето слово им покажал повисок идеал. Светиот Дух ги поттикнувал да го проповедаат Христа и тоа само распнатиот. Силата на Семоќниот ги придружувала нивните напори. Благодарение на тоа, илјадници луѓе ги признавале своите гревови и навистина биле преобратени. Било потребно овие овци да се заштитат од грабливите волци. Но, Весли не мислел да основа некоја нова црква, туку ги организирал како здружение на методисти. {ГБ 257.1}
Таинствено и мачно било противењето на кое овие проповедници наидувале од страна на државната црква. Но, Бог во својата премудрост така управувал со настаните, така што реформата почнала во самата црква. Кога би дошла однадвор, реформата не би проникнала токму таму каде што била најпотребна. Но, бидејќи поборниците на ова верско будење биле црковни луѓе и работеле во самата црква, вистината наоѓала пристап и таму каде инаку вратите би и биле затворени. Некои свештеници, разбудени од постојната морална успиеност, станале ревни проповедници во своите парохии. Црквите кои биле просто скаменети од формализмот, се разбудиле во духовен живот. {ГБ 257.2}
Во времето на Весли, како и во сите векови на историјата на црквата, луѓе со разни дарови ги извршувале задачите што им биле доверени. Тие не се согласувале во секоја точка на учењето, но сите биле инспирирани од Светиот Дух и се здружувале со намера да придобијат души за Христа. Разликите што постоеле помеѓу Вајтфилд и браќата Весли, извесно време се заканувале да доведат до отуѓеност; но бидејќи во Христовата школа сите научиле да бидат кротки, меѓусебната воздржаност и христијанската љубов ги помириле. Тие немале време да се расправаат, додека на сите страни владееле заблуди и беззаконија, а грешниците оделе во пропаст. {ГБ 257.3}
Божјите слуги морале да одат по нерамен пат. Влијателните и образованите луѓе ги употребиле сите свои сили во борбата против нив. По некое време, мнозина од свештенството покажале решително непријателство, а црковната врата била затворена за чистата вера и за оние што ја проповедале. Обвинувајќи ги од проповедалната, свештенството ги поттикнувало против нив силите на темнината, незнаењето и беззаконието. Повеќе пати Џон Весли ја избегнувал смртта со чудото на Божјата милост. Еднаш, кога бесот на толпата се распалил против него, и кога се чинело дека нема никаков излез, еден ангел во човечки облик застанал покрај него, толпата се повлекла и од местото на опасноста Христовиот слуга заминал неповреден. {ГБ 258.1}
За своето избавување од разбеснетата толпа во една прилика Весли рекол: „Многумина настојуваа да ме турнат додека се спуштавме од ридот по лизгавата патека кон градот, знаејќи добро дека тешко повеќе ќе се кренам ако еднаш паднам. Но, воопшто не се сопнав, ниту пак лизнав, сѐ додека не бев надвор од дофатот на нивните раце… Иако многумина се трудеа да ме дофатат за јаката или облеката за да ме соборат, ниту еден не ме фати толку цврсто. Само еднаш на еден од нив му успеа да ме фати за џебот од елекот што остана во неговата рака, а другиот џеб, во кој се наоѓаше ќесето, беше само половина скинат… Еден силен човек, кој беше зад мене, замавна неколку пати да ме удри со голем дабов стап; да ме удреше само еднаш по глава, не ќе требаше повеќе да се труди. Но, секој пат промашуваше, ни самиот не знам како, бидејќи јас не можев да се помрднам ниту лево ниту десно… Еден, навалувајќи на мене, се проби низ толпата и ја подигна раката за да ме удри, но наеднаш ја спушти раката и само ме помилува по главата, велејќи: „Колку мека коса има!”… Првите луѓе што се обратија беа улични разбојници, кои секогаш беа готови да направат некое лошо дело; еден од нив беше најдобар борач во борбата со мечки… {ГБ 258.2}
„Со колкава нежност Бог нè подготвува за извршување на Неговата волја! Пред две години едно парче цигла ми падна на рамениците. Една година подоцна еден со камен ме погоди меѓу очите. Минатиот месец добив еден удар, а вечерва два, еден пред да влеземе во градот, а еден на излегување од него; но и двата беа како ништо; зашто, иако еден човек со сета своја сила ме удри во градите, а друг ме удри по устата толку силно што веднаш ми потече крв, сепак од ниту еден удар не почувствував болка поголема отколку да ме допрел со сламка” (John Wesley, Works, vol. 3, pp. 297, 298). {ГБ 259.1}
Методистите во првите години од своето постоење – и народот и проповедниците – биле изложени на потсмев и прогон, како од страна на членовите на црквата така и од страна на отворените атеисти кои биле раздразнети поради лажните гласини. Многупати биле повикувани пред судови, кои тоа биле само по име, зашто правдата во судовите била многу ретка во тоа време. Многупати трпеле насилство од нивните гонители. Толпата одела од куќа до куќа, ја уништувала покуќнината и мебелот, ограбувала сѐ што и се допаѓало и свирепо ги малтертирала мажите, жените и децата. Во некои случаи преку огласите истакнати на јавните места биле повикувани сите оние што сакаат да помогнат во кршењето на прозорците и во ограбувањето на куќите на методистите, да се соберат во одредено време на одредено место. Ова отворено кршење на човечките и божествените закони останувало неказнето. Систематски биле прогонувани луѓе чијашто единствена грешка се состоела во тоа што настојувале грешниците да ги одвратат од патот на пропаста, упатувајќи ги на патот на светоста. {ГБ 259.2}
Осврнувајќи се на обвинувањата против него и неговите соработници, Џон Весли рекол: „Некои тврдат дека учењата на овие луѓе се лажни, погрешни и фанатични, дека се нови и непознати досега; дека нивните приврзаници се квекеристи, фанатици, паписти. Сите овие тврдења веќе се пресечени во корен, зашто во целост е докажано дека секоја гранка на ова учење е токму учењето на Библијата, како што го толкува и самата наша црква. Според тоа, ако Библијата е вистинита, ова учење не може да биде ниту лажно, ниту погрешно”. „Други тврдат дека нивното учење е престрого; дека патот кон небото го направиле премногу тесен”. И ова е всушност и првобитниот приговор (во свое време тој бил единствен) и тој претставува скриена основа за илјадници други кои се појавуваат во разни облици. Но, зарем тие патот кон небото го прават потесен отколку што го направил нашиот Господ и Неговите апостоли? Дали нивното учење е построго од учењето на Библијата? Да погледнеме само неколку јасни текстови: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“. „За секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден“. „И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја“. {ГБ 259.3}
„Ако нивното учење е построго од ова, тогаш заслужуваат укор и осуда, но вие во својата совест сте осведочени дека тоа не е така. Може ли некој да биде за една црта помалку точен, а со тоа да не го изневери Божјото слово? Може ли повереникот на Божјите тајни да се смета за верен ако проневери еден дел од светото богатство? – Не. Тој не може и не смее ништо да укине, ништо да ублажи, тој е присилен да изјави пред сите луѓе: ‘Јас не смеам Светото Писмо да го снижам и да го приспособам кон вашиот вкус. Вие морате да се прилагодите кон него или засекогаш ќе пропаднете’. Затоа луѓето почнуваат да викаат: ‘Тие немаат братска љубов’. Дали тие навистина се лишени од љубовта? Во кој поглед? Зарем не ги хранат гладните и не ги облекуваат голите? ‘Не, тие не можат да се обвинат за тоа; во тој поглед тие немаат недостаток; но тие се толку немилосрдни во своето расудување, бидејќи мислат дека никој не може да се спаси ако не го следи нивниот пример’“ (Исто, vol. 3, pp. 152, 153). {ГБ 260.1}
Духовниот пад кој се манифестирал во Англија непосредно пред појавата на Весли, во голема мера бил последица на антиномистичкото учење (учење дека христијаните не се должни да го држат Божјиот закон). Мнозина тврделе дека Христос го укинал моралниот закон и поради тоа христијаните не се должни да го држат; дека верникот е ослободен од „ропството на добрите дела”. Други, иако ја признале вечноста на законот, изјавиле дека проповедниците не мораат да ги учат луѓето да ги почитуваат Неговите прописи, бидејќи наводно оние кои Бог ги избрал за спасение, „со неодолива божествена милост, ќе бидат наведени да живеат побожно и корисно”, додека сите што се одредени за вечно проклетство „нема да имаат сили да се покоруваат на Божјиот закон”. {ГБ 260.2}
Други, кои исто така сметале дека „избраните не можат да отпаднат од милоста ниту да ја загубат Божјата наклонетост”, дошле до уште пострашен заклучок, дека „лошите дела што ги прават всушност не се грев, ниту пак можат да се сметаат за престап на Божјиот закон, и дека, според тоа немаат причина ниту да ги признаваат своите гревови, ниту пак да ги напуштаат со каење” (McClintock and Strong, Cyclopedia, art. „Antinomians”). Затоа, тие изјавиле дека и најтешките гревови, она што општо се смета за страшен престап на Божјиот закон, во Божјите очи не се грев, ако тоа го направи еден од Неговите избраници, „бидејќи една од важните и суштествени карактеристики на избраните е фактот дека тие не можат да прават ништо што не е по Божја волја или е забрането со Неговиот закон”. {ГБ 261.1}
Овие монструозни учења во суштина се исти како и учењата на подоцнежните популарни просветители и теолози – дека Божјиот закон не претставува непроменливо мерило на правдата, и тврдат дека општеството самото себеси си го одредува мерилото на моралот кое, според тоа, е изложено на постојани промени. Сите овие идеи се инспирирани од истиот дух на оној кој уште меѓу небесните жители се стремел да ги отстрани праведните ограничувања на Божјиот закон. {ГБ 261.2}
Учењето дека божествената волја однапред и непроменливо го одредува карактерот на секој човек, многумина навело целосно да го отфрлат Божјиот закон. Весли решително се противел на заблудите на антиномистичките учења и докажал дека учењето што води кон отфрлање на моралниот закон е спротивно на Писмото. Библијата учи: „Зашто се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе” (Тит 2:11). „Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. Зашто Бог е Еден, и Еден е Посредникот меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус, Кој се даде Себеси како откуп за сите” (1. Тимотеј 2:3-6). Божјиот Дух се дава доброволно со цел секому да му се овозможи да го прими средството на спасението. Така Христос бил „Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светов” (Јован 1:9). Луѓето го губат спасението зашто намерно одбиваат да го примат дарот на животот. {ГБ 261.3}
Одговарајќи на тврдењето дека десетте заповеди заедно со церемонијалниот закон, се укинати со Христовата смрт, Весли рекол: „Моралниот закон, содржан во Десетте заповеди и потврден од пророците не е укинат од страна на Христос. Целта на Неговото доаѓање не била да поништи ниту најмал дел од овој закон. Тоа е закон кој никогаш не може да се укине, кој стои цврсто како верен сведок на небото… Тој уште од почетокот на светот бил напишан не на камени плочи, туку во срцата на луѓето создадени од раката на Создателот. Иако гревот ги замаглил буквите испишани со Божјиот прст, тие не можат целосно да се избришат од човечката душа сѐ додека имаме свест за доброто и злото. Секоја заповед од овој закон мора да остане на сила за сите луѓе и за сите времиња, бидејќи овој закон не зависи од времето, местото, ниту од било какви други околности кои се подложни на промени, туку од Божјата и човечката природа и од нивниот непроменлив однос. {ГБ 262.1}
„Не дојдов да го укинам законот, туку да го исполнам“… Без сомнение смислата на овие Христови зборови (кога ќе се земе во обѕир сè што кажал пред и после тоа) е: Дојдов Законот да го утврдам во неговата целовитост, наспроти сите човечки толкувања. Дојдов да ја разјаснам вистинската смисла на секоја заповед; да ја покажам должината и широчината содржана во него, како и височината и длабочината и несфатливата чистота и духовноста на Законот во сите негови манифестации” (Wesley, sermon 25). {ГБ 262.2}
Весли учел дека помеѓу Законот и евангелието постои совршена хармонија. „Поврзаноста што постои помеѓу Законот и евангелието е поцврста отколку што може да се замисли. Од една страна, Законот го отвора патот на евангелието и постојано укажува на него; од друга страна, евангелието постојано нè упатува на уште попрецизно исполнување на Законот. Законот, на пример, бара од нас да го љубиме Бога и ближните и да бидеме кротки, понизни и свети. Ние чувствуваме дека сме неспособни за тоа и дека ова е ‘невозможно за човекот’, меѓутоа, во евангелието наоѓаме уверување дека Бог ќе ни даде таква љубов и дека ќе нè направи понизни, кротки и свети; ние со вера се фаќаме за оваа радосна вест на евангелието; и на тој начин ‘правдата на законот се исполнува во нас’, преку вера во Исус Христос…“ {ГБ 263.1}
„Најголеми непријатели на Христовото евангелие”, рекол Весли, „се оние кои отворено и јавно го ‘осудуваат Законот’ и го ‘обезвреднуваат законот’, кои ги учат луѓето да ја газат, отфрлуваат, омаловажуваат или негираат важноста не само на една, било тоа да е најмала или најголема, туку на сите Божји заповеди… И најчудно во сето тоа е што жртвите на тие измами мислат дека го почитуваат Христа со тоа што го уриваат Неговиот закон, дека ја издигнуваат Неговата служба со тоа што ја расипуваат Неговата наука. Да, тие го почитуваат како Јуда кога рекол: ‘Те поздравувам, Рави! И Го бакна!’ (Матеј 26:49). Затоа Исус со право може да му каже на секој од нив: ’Зарем со бакнеж го предаваш Синот Човечки?’ Вистинско предавство со бакнеж е кога зборуваш за Неговата крв, а му ја одземаш круната, кога отфрлаш кој и да е дел на Неговиот закон под изговор дека го забрзуваш напредувањето на Неговото евангелие. Всушност, не можат да се ослободат од тоа обвинување оние што непосредно или посредно проповедаат таква вера која ги одвраќа луѓето од послушноста на макар и една заповед и кои Христа го прикажуваат како Оној што дозволува да се укине или да се намали важноста и на најмалечката Божја заповед” (Исто). {ГБ 263.2}
На оние што тврделе дека „проповедањето на евангелието го заменува Законот“, Весли им одговорил: „Ова во целост го отфрламе. Евангелието не ја заменува целта на Законот, имено, да го увери човекот во неговата грешност, да ги разбуди оние што сè уште спијат на работ на пеколот. Апостол Павле изјавува дека ’законот служи само за спознание на гревот‘. Додека човекот не ја увиди својата грешност нема да почувствува вистинска потреба од ’Христовата крв која чисти…‘ ’Лекар не им треба на здравите, туку на болните‘, рекол нашиот Господ. Затоа бесмислено е да им се препорачува лекар на оние што се здрави или што мислат дека се здрави. Прво треба да се уверат дека се болни, инаку нема да ви бидат благодарни за вашиот труд. Исто така бесмислено е да им се открива Христос на оние што сметаат дека срцата им се здрави, односно, дека не се грешни” (Исто, sermon 35). {ГБ 264.1}
Така, проповедајќи го евангелието за Божјата милост, Весли, како и неговиот Учител, се стремел Законот да го направи „голем и славен“. Верно го извршил делото што Бог му го доверил, а славни биле резултатите што доживеал да ги види. На крајот на својот долг живот од преку осумдесет години, повеќе од половина век го поминал како патувачки проповедник. Бројот на негови отворени следбеници се зголемил на повеќе од половина милион души. Но, бројот на оние кои благодарение на неговите напори биле оттргнати од пропаста и понижувањето на гревот и упатени на поблагороден и почист живот, бројот на оние кои благодарение на неговото учење добиле побогато и подлабоко христијанско искуство, нема во целост да се дознае сѐ додека целото семејство на спасени не се собере во Божјото царство. Неговиот живот на секој христијанин му дава поука од непроценлива вредност. О, кога доблестите, како што се: верата и понизноста, неуморната ревност, самопожртвувањето и посветеноста на овој Христов слуга би можеле да се рефлектираат и во денешните цркви! {ГБ 264.2}