36 Судирот што претстои
Уште од самиот почеток на големата борба на небото, целта на сатаната била да го собори Божјиот закон. За да ја постигне таа цел, тој се побунил против Творецот; и иако бил исфрлен од небото, истата борба ја продолжил на Земјата. Да ги измами луѓето и на тој начин да ги наведе да го прекршат Божјиот закон, е целта која тој упорно ја следи. Без разлика дали тоа ќе го оствари со отфрлање на целиот Закон или со отфрлање на една од заповедите, резултатот на крајот ќе биде ист. Оној што „ќе згреши само во едно“, покажува презир кон целиот Закон; неговото влијание и пример се на страна на престапот; тој е „виновен за сè“ (Јаков 2:10). {ГБ 582.1}
Во настојувањето да предизвика презир кон божествените уредби, сатаната го изопачил учењето на Библијата, и како резултат на тоа, заблудите станале составен дел на верата на илјадници луѓе кои тврдат дека веруваат во Светото Писмо. Последниот голем судир меѓу вистината и заблудата е само последната битка на долготрајната борба против Божјиот закон. Во овој судир ние сега влегуваме – судир меѓу човечките закони и прописите на Јехова, меѓу религијата што е втемелена на Библијата и религијата што е втемелена на приказни и преданија. {ГБ 582.2}
Силите што се здружиле во оваа борба против вистината и правдата веќе активно делуваат. Светото Божјо слово, што ни е дадено по цена на толку страдања и крв, малку се цени. Библијата на сите им е достапна, но малку се оние што навистина ја прифаќаат како водич во животот. Неверство преовладува до алармантни граници, не само во светот, туку и во црквата. Мнозина отишле толку далеку што ги негираат учењата што се главни столбови на христијанската вера. Големите вистини за создавањето, како што ги прикажуваат вдахновените писатели, падот на човекот, откупувањето и вечната вредност на Божјиот закон практично се отфрлени, било во целост или делумно, од страна на голем дел на таканаречениот христијанскиот свет. Илјадници луѓе кои се гордеат со својата мудрост и независност, сметаат дека безрезервната доверба во Библијата претставува знак на слабост. Тие сметаат дека со ситничарското критикување на Светото Писмо и со давањето на некакво духовно значење и со објаснувањето на неговите најзначајни вистини, само даваат доказ за супериорноста на својот талент и ученост. Многу проповедници ги учат своите членови, а многу професори и учители своите ученици, дека Божјиот закон е променет или укинат, и дека оние што веруваат дека неговите барања сè уште важат и дека мора буквално да се исполнуваат, заслужуваат само презир и потсмев. {ГБ 582.3}
Отфрлајќи ја вистината, луѓето го отфрлаат нејзиниот Автор. Газејќи го Божјиот закон, тие исто така го негираат авторитетот на Законодавецот. Лесно е да се направи идол од лажни учења и теории, како и да се обликува од дрво или од камен. Со лажното прикажување на Божјите особини, сатаната ги наведува луѓето да имаат погрешна претстава за Неговиот карактер. Мнозина наместо Бога на прво место си поставуваат некој филозофски идол, додека живиот Бог, како што ни е откриен во Неговото слово, во Христа и во делата на создавањето, има мал број обожувачи. Илјадници ја обожуваат природата, а истовремено го отфрлаат Творецот на природата. Во денешниот христијански свет владее идолопоклонство исто како и во стариот Израел во времето на Илија, само во друг облик. Богот на мнозина таканаречени мудреци, филозофи, поети, политичари, новинари, богот на отмените општествени кругови, колеџи, универзитети, па дури и на некои теолошки установи не е многу подобар од феникискиот бог на сонцето, Вал. {ГБ 583.1}
Ниту една заблуда прифатена од страна на христијанскиот свет не се подига со поголема смелост против авторитетот на небото, ниту една не му се противи на здравиот разум и ниту една не е поопасна по своите последици од современото учење, кое толку бргу се шири, дека Божјиот закон не е веќе задолжителен за луѓето. Секоја земја има свои закони, кои бараат почит и послушност; ниту една држава не би можела да постои без нив. Зарем тогаш може да се замисли Творецот на небото и Земјата да нема никаков закон за Своите созданија? Да претпоставиме дека угледните проповедници јавно проповедаат дека законите што владеат во нивната земја и ги штитат правата на граѓаните не се задолжителни, дека тие ја ограничуваат слободата на народите и дека поради тоа не треба да се почитуваат; до кога ваквите луѓе ќе бидат толерирани на проповедалната? Зарем поголема е навредата да се занемарат државните и националните закони или да се газат божествените прописи кои се темел на секоја влада? {ГБ 584.1}
Би било многу поиздржано државите да ги укинат своите прописи и на луѓето да им дозволат да прават што сакаат, отколку Господарот на вселената да го поништи Својот закон и светот да го остави без мерило со кое може да го осуди виновниот и да го оправда правиот. Дали сакаме да дознаеме какви би биле последиците од укинувањето на Божјиот закон? Овој експеримент веќе е направен. Страшни биле сцените што се одиграле во Франција кога завладеал атеизмот. Тогаш на светот му било покажано дека отстранувањето на ограничувањата што ги поставил Бог, значи да се прифати владеењето на најсвирепите тирани. Кога ќе се отфрли мерилото на праведноста, тогаш на кнезот на злото му е отворен патот да ја воспостави својата власт на земјата. {ГБ 584.2}
Секаде каде што ќе се отфрлат божествените прописи, гревот престанува да изгледа грешен, а правдата е непожелна. Оние што одбиваат да го прифатат Божјото владеење стануваат целосно неспособни да владеат со самите себеси. Со нивните погубни учења се всадува дух на непокорност во срцата на децата и младината кои по природа не поднесуваат ограничувања, а како последица на тоа во општеството се шири беззаконие и разузданост. Додека мнозина се потсмеваат на лековерноста на оние што ги почитуваат Божјите барања, тие самите желно ги прифаќаат измамите на сатаната. Тие им попуштаат на пороците и на гревовите и ги прават истите гревови што навлекле Божји судови врз незнабошците. {ГБ 584.3}
Оние што го поучуваат народот лекомислено да ги земаат Божјите заповеди, сеат непослушност за подоцна истото да го пожнеат. Нека се отстранат во целост оградите поставени со божествениот закон, набргу ќе се појави непочитување и на човечките закони. Бидејќи Бог ги забранува нечесните дела, лакомството, лагите и измамите, луѓето се готови да ги газат Неговите прописи како пречка кон својот световен напредок; но последиците од отфрлањето на овие прописи ќе бидат пострашни од сите нивни очекувања. Ако Законот не е задолжителен, тогаш зошто човекот да се плаши да го престапува? Личниот имот не би бил повеќе безбеден. Луѓето со насилство би ги одземале имотите од своите соседи и најсилните би станале најбогати. Не би се ценел ниту самиот живот. Брачниот завет повеќе не би бил свет бедем кој го штити семејството. Оној што ја има власта, би можел, ако сака, со сила да му ја земе жената на својот сосед. Петтата заповед би се отстранила заедно со четвртата. Децата не би се притеснувале да им го одземат животот на своите родители ако со тоа можат да ги остварат желбите на своето расипано срце. Цивилизираниот свет би станал орда на разбојници и убијци; а мирот, спокојството и среќата би биле протерани од земјата. {ГБ 585.1}
Учењето дека луѓето се ослободени од послушноста кон Божјите барања ја ослабела силата на моралната обврска и на светот му ги отворила браните на неправдата. Незаконитоста, расипништвото и расипаноста навалуваат како разорна поплава. Сатаната во голема мера работи во семејството. Неговото знаме се вее и на домовите на оние што тврдат дека се христијани. Тука постојат завист, сомневање, лицемерство, отуѓување расправии, неслога, изневерување на доверени тајни и задоволување на сетилните желби. Целиот систем на верски начела и учења, кој би требало да биде темел и рамка на општествениот живот, се чини дека е разнишан, готов да се распадне. Најозлогласените криминалци, кога ќе се фрлат во затвор поради нивните злосторства, често се опсипувани со подароци и им се обрнува такво внимание како да добиле завидно одликување. На нивната личност и на нивните злосторства им се дава голем публицитет. Печатот открива возбудливи подробности за злосторството и со тоа се наведуваат и други на измама, на грабеж и убиство; а сатаната се радува за успехот на своите пеколни планови. Уживањето во пороци, безобѕирното одземање на животи, страшниот пораст на неумереноста и на беззаконието во сите облици и степени, треба да ги разбудат сите оние што се бојат од Бога да се запрашаат што може да се направи за да се запре бранот на злото. {ГБ 585.2}
Судовите се корумпирани. Со луѓето поставени на раководни места управуваат желби за добивка и љубов за сетилни уживања. Неумереноста ја ослабела способноста на мнозина, така што сатаната над нив има речиси целосна контрола. Правниците се расипани, поткупливи, недоверливи. Меѓу оние што ги спроведуваат законите е присутно пијанство, разврат, страст, завист и нечесност од секаков вид. „И справедливоста отстапи назад, а правдата застана далеку; зашто вистината се сопна на плоштадот, чесноста неможеше да влезе“ (Исаија 59:14). {ГБ 586.1}
Беззаконието и духовната темнина што владееле под власта на Рим, биле неизбежна последица на забраната на Светото Писмо; но каде да се бара причината за толку широко распространетото неверство, за отфрлањето на Божјиот закон и за расипаноста што произлегува од тоа, при полна светлина на евангелието и во време на верска слобода? Сега, кога сатаната не може веќе светот да го држи под своја контрола забранувајќи го Светото Писмо, тој прибегнува кон други средства за постигнување на истата цел. Да ја уништи верата во Библијата, служи на неговата намера, исто толку како и уништувањето на самата Библија. Бидејќи раширил уверување дека Божјиот закон не е задолжителен, сатаната исто така успешно ги наведува луѓето да го престапуваат како и тогаш кога би биле целосно неупатени во неговите прописи. Сега, како и во поранешните векови, тој работи преку црквата за да ги оствари своите планови. Денешните верски заедници одбиле да ги слушаат непопуларните вистини толку јасно изнесени на страниците на Светото Писмо, и во борбата против нив, прифатиле толкувања и зазеле такви ставови што насекаде посеале семе на скептицизам. Со тоа што ја прифатиле папската лага за вродена бесмртност и за свесна состојба на луѓето за време на смртта, ја отфрлиле единствената одбрана од измамите на спиритизмот. Учењето за вечните маки довело до тоа мнозина да не веруваат во Библијата. Кога јасно ќе се изнесат барањата на четвртата заповед, и ќе се увиди дека Бог бара да го празнуваме седмиот ден, саботата; тогаш како единствен излез да се ослободат од должноста што не сакаат да ја извршат, популарните учители изјавуваат дека Божјиот закон повеќе не важи. На овој начин тие го отфрлаат Законот, а со него и саботата. Колку повеќе се работи врз реформата на саботата, ова отфрлање на божествениот закон, за да се избегнат барањата на четвртата заповед, ќе стане речиси сеопшто. Учењата на овие верски водачи ја отвориле вратата за неверство, за спиритизам и за презир кон Божјиот свет закон, а врз овие водачи лежи страшна одговорност за беззаконието што владее во христијанскиот свет. {ГБ 586.2}
Па сепак, токму овие водачи тврдат дека расипаноста што нагло се шири главно треба да им се припише на сквернителите на таканаречената „христијанска сабота“, и дека задолжителното празнување на неделата во голема мера би го поправило општествениот морал. Ова тврдење особено се истакнува во Америка, каде што најмногу е проповедано учењето за вистинската сабота. Таму реформата во врска со умереноста, една од најистакнатите и најважните морални реформи, многу често се соединува со движењето за празнување на неделата, чиишто застапници се претставуваат како луѓе што се борат за добро на општеството, а сите оние кои одбиваат да се обединат со нив, се прогласуваат за непријатели на умереноста и реформата. Но, фактот што едно движење кое шири заблуда се поврзува со дело што само по себе е добро, не е доказ во прилог на самата заблуда. Ние можеме да го сокриеме отровот ако го измешаме со здрава храна, но со тоа не ја менуваме неговата природа. Напротив, тој станува уште поопасен, зашто на тој начин речиси несвесно го земаме. Едно од сатанските лукавства е со лагата да се соединува токму толку вистина колку што е потребно таа да изгледа веродостојна. Водачите на движењето за неделата можат да застапуваат реформи што му се потребни на народот, начела што се во согласност со Библијата; но сè додека кај нив има барања што се спротивни на Божјиот закон, Божјите слуги не можат да се соединат со нив. Ништо не може да ги оправда оние кои ги отстрануваат Божјите заповеди заради човечките прописи. {ГБ 587.1}
Преку двете големи заблуди – бесмртноста на душата и светоста на неделата – сатаната ќе успее да го прелаже протестантскиот свет. Додека првата заблуда поставува темел за спиритизмот, втората создава врска на пријателство со Рим. Протестантите во Соединетите Држави ќе бидат први кои ќе подадат рака преку бездната за да ја прифатат раката на спиритизмот. Тие ќе ја прифатат раката на римската власт и под влијание на овој троен сојуз, оваа земја ќе појде по стапките на Рим во газење на правата на совеста. {ГБ 588.1}
Доколку спиритизмот поверно го имитира денешното таканаречено христијанство, дотолку има посилна моќ да измами и да заведе. Според модерните сфаќања и самиот сатана се преобратил. Тој ќе се појави како ангел на светлината. Со помош на спиритизмот ќе се прават многу чуда; болните ќе бидат излечени и ќе се случуваат многу натприродни појави. И бидејќи злите духови ќе тврдат дека веруваат во Библијата и ќе покажат почит кон институциите на црквата, нивното дело ќе биде прифатено како откровение на Божјата сила. {ГБ 588.2}
Разликата меѓу таканаречените христијани и неверниците, сега одвај може да се забележи. Членовите на црквите го сакаат она што светот го сака, и тие се подготвени да се соединат со него; а сатаната решил да ги поврзе во едно тело и со тоа да го зајакне своето дело собирајќи ги сите во редовите на спиритизмот. Католиците, кои се фалат со чудата како сигурен знак на вистинската црква, ќе бидат измамени од оваа сила што прави чуда, а протестантите, отфрлајќи го штитот на вистината, исто така ќе бидат измамени. Католиците, протестантите и световните луѓе ќе прифатат форма на побожност, без духовна сила, и тие во овој сојуз ќе видат големо движење за преобраќање на светот и за воспоставување на долго очекуваниот милениум (илјадагодишно царство). {ГБ 588.3}
Со помош на спиритизмот сатаната се појавува како добротвор на човечкиот род; тој ги лекува болестите на луѓето и се претставува како оној што донесува нова и повозвишена религија, а во исто време работи како рушител. Неговите искушенија мнозина водат во пропаст. Неумереноста го отапува разумот; а потоа доаѓаат сетилни задоволства, неслоги и крвопролевања. Сатаната ужива во војната, зашто војната буди најлоши страсти во душата и потоа ги фрла во вечна пропаст своите жртви потонати во порок и крв. Негова цел е да ги поттикне народите да војуваат едни против други, зашто така може мислите на луѓето да ги одврати од подготовката да опстанат во денот на Божјото доаѓање. {ГБ 589.1}
Сатаната, исто така, ги користи силите на природата, за нивните жртви неподготвени да ги испрати во гроб како своја жетва. Тој ги проучил тајните на лабораториите на природата, и ја користи сета своја моќ да ги контролира елементите во онаа мера колку што му дозволува Бог. Кога му било дозволено да го мачи Јов, колку бргу биле збришани стадата, слугите, куќите и децата – со ударите што се сменувале со таква брзина како да се одигрувале во еден момент. Бог е тој што ги чува Своите созданија и ги штити од моќта на уништувачот. Но христијанскиот свет покажал презир кон законот на Јехова; и Господ ќе го стори токму она што рекол дека ќе го стори, Тој земјата ќе ја лиши од Своите благослови и ќе ја повлече Својата заштита од оние што се бунтуваат против Неговиот закон и ги учат и присилуваат и другите да го прават истото. Сатаната има контрола над сите кои Бог не ги штити на посебен начин. Тој некои ги зема во заштита и им овозможува земен напредок и благосостојба за поуспешно да ги оствари своите намери, а на другите им нанесува болка, страдања и несреќа наведувајќи ги да веруваат дека Бог е тој што ги мачи. {ГБ 589.2}
Додека сатаната им се претставува на човечките синови како голем лекар кој може да ги исцели сите нивни болести, во исто време тој ќе ги обремени со болести и несреќи и цели градови ќе претвори во урнатини и пустош. Дури и сега е на дело. Во несреќите и катастрофите на море и на копно, во големите пожари, во страшните торнада придружувани со град, во бурите, во поплавите, во циклоните, во високите бранови и во земјотресите, на секое место и во илјадници облици сатаната ја покажува својата моќ. Тој ја уништува зрелата жетва и тогаш настапуваат глад и неволја. Тој го исполнува воздухот со смртни зарази и илјадници умираат од епидемии. Овие појави ќе бидат сè почести и сè поужасни. Со масовно уништување ќе бидат зафатени не само луѓето туку и животните. „Тагува, нажалена е земјата; опаднала… И земјата е осквернета под жителите свои, зашто тие ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет“ (Исаија 24:4,5). {ГБ 589.3}
И тогаш големиот измамник ќе се обиде да ги убеди луѓето дека причина за овие несреќи се оние што му служат на Бога. Тие што всушност го предизвикале негодувањето на небото, вината за сите овие неволји ќе ја припишат на оние чијашто послушност кон Божјите закони претставува постојан прекор за престапниците. Ќе биде прогласено дека луѓето кои не ја почитуваат неделата, со тоа го навредуваат Бога; дека овој грев довел до несреќи кои нема да престанат сè додека сите не бидат присилени да ја празнуваат неделата, и дека оние што ги истакнуваат барањата на четвртата заповед и со тоа го поткопуваат почитувањето на неделата, го бунат народот, спречувајќи го повторно да ја добие божествената милост и да постигне земна благосостојба. Така ќе се повторат некогашните обвинувања против Божјиот слуга, и тоа за истата причина: „Штом Ахав го виде Илија, му рече: ’Ти ли си оној што му носи неволји на Израел?‘ Илија му одговори: ’Јас не му донесувам неволји на Израел, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците‘“ (1. Царевите 18:17,18). Кога лажните обвинувања ќе предизвикаат гнев кај луѓето, тие против Божјите слуги ќе применат постапка мошне слична на онаа што ја применил отпаднатиот Израел против Илија. {ГБ 590.1}
Чудотворната моќ што се манифестира преку спиритизмот, ќе го употреби своето влијание против оние што ќе изберат повеќе да Му се покоруваат на Бога отколку на луѓето. Во своите соопштенија, духовите ќе нагласуваат дека самиот Бог ги испратил да ги осведочат противниците на неделата дека се во заблуда и да потврдат дека земните закони треба да се почитуваат како Божјиот закон. Тие ќе го оплакуваат големиот неморал и расипаноста што владее во светот, поддржувајќи го тврдењето на верските учители дека опаѓањето на моралот е предизвикано со сквернавењето на неделата. Оние кои ќе одбијат да го прифатат нивното сведоштво против себе ќе предизвикаат страшно негодување. {ГБ 590.2}
Политиката на сатаната со Божјиот народ во овој последен судир е иста каква што била на почетокот на големата борба на небото. Преправајќи се како да сака да го зацврсти Божјото владеење, тој всушност потајно преземал сè за да го сруши. И токму делото што настојувал да го изврши, на овој начин, им го припишувал на ангелите кои останале верни на Бога. Исто вакво лукавство ја обележува историјата на Римската црква. Таа тврди дека дејствува како небесен намесник, а всушност настојува да се издигне над Бога и да го промени Неговиот закон. Оние кои поради својата верност кон евангелието претрпеле смрт за време на владеењето на Рим, биле жигосани како злосторници. За нив се тврдело дека се во сојуз со сатаната. Биле употребени сите можни средства за да бидат обвинети и во очите на народот, па дури и во своите сопствени очи да изгледаат како најлоши злосторници. Така ќе биде и сега. Настојувајќи да ги уништи оние што го почитуваат Божјиот закон, сатаната ќе направи тие да бидат обвинети како престапници на законот, како луѓе што не го почитуваат Бога и со тоа врз светот ги навлекуваат Неговите казни. {ГБ 591.1}
Бог никогаш не ја присилува волјата или совеста на луѓето, додека, напротив, сатаната, секогаш се служи со најгрубо насилство да ги доведе под своја власт оние што не може да ги заведе на друг начин. Тој се обидува со страв и со насилство да завладее со совеста на луѓето и да изнуди нивна послушност. За да ја постигне оваа цел, тој работи и преку религиозните и преку световните власти, поттикнувајќи ги да наметнат човечки закони кои се во спротивност со Божјиот закон. {ГБ 591.2}
Оние што ја почитуваат библиската сабота ќе бидат обвинети како непријатели на законот и поредокот, како луѓе што ги рушат моралните ограничувања на општеството, предизвикувајќи на тој начин анархија и расипаност, како оние што навлекуваат на земјата Божји судови. Нивното совесно стравување, да не згрешат, ќе се прогласи за упорност, тврдоглавост и презир кон секоја власт. Тие ќе бидат обвинети како непријатели на државата. Проповедниците кои ја негираат потребата од исполнување на Божјиот закон од проповедална ќе зборуваат за должноста да се слушаат граѓанските власти како од Бога одредена должност. Оние што ги држат Божјите заповеди, во законодавните тела и во судските сали ќе бидат лажно претставени и осудени. Нивните зборови ќе се прикажуваат во лажна боја, а на нивните постапки ќе им бидат припишани најлоши побуди. {ГБ 592.1}
Бидејќи ги отфрлиле јасните библиски докази во прилог на Божјиот закон, протестантите ќе се обидат да ги замолчат оние чијашто вера не можат да ја побијат со Библијата. Иако ги затвораат очите пред фактите, тие, сепак, го прифаќаат правецот што ќе доведе до прогонство на оние кои совесно одбиваат да го прават она што го прави останатиот христијански свет и ќе ги прифатат барањата на папската сабота, т.е. неделата. {ГБ 592.2}
Црковните и државните великодостојници ќе се здружат за да ги поткупат, да ги наговорат или да ги присилат сите класи на општеството да ја празнуваат неделата. Недостигот од божествени докази ќе биде заменет со присилни мерки. Политичката расипаност ќе ја уништи љубовта кон правдата и почитувањето на вистината. Дури и во слободната Америка, водачите и законодавците, за да си обезбедат наклоност од страна на јавноста, ќе попуштат пред општата желба да се издаде закон за задолжително празнување на неделата. Слободата на совеста, која била платена со толку многу жртви, нема повеќе да се почитува. Во судирот што ќе избие наскоро, ќе видиме исполнување на зборовите на пророкот: „И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос“ (Откровение 12:17). {ГБ 592.3}