10 Напредок на реформацијата во Германија

Сподели го ова:

Лутеровото мистериозно исчезнување предизвикало вознемиреност во цела Германија. За него се распрашувале насекаде. Кружеле најстрашни вести и мнозина верувале дека е убиен. Настанала голема жалост, не само меѓу оние кои отворено биле на негова страна, туку и меѓу илјадници кои не го покажувале јавно својот став кон реформацијата. Многумина дале свечена заклетва дека ќе ја одмаздат неговата смрт. {ГБ 185.1}

Папските водачи со ужас констатирале до кој степен прераснало нерасположението против нив. Иако од почеток триумфирале, претпоставувајќи дека Лутер е мртов, набргу посакале да се скријат од гневот на народот. Неговите непријатели не биле толку вознемирени од неговите најхрабри дела додека бил меѓу нив колку сега, по неговото исчезнување. Оние кои во својата омраза и бес настојувале да го уништат реформаторот, сега биле обземени со страв во моментот кога тој станал беспомошен заробеник. „Ни преостанува уште едно средство за спасение“ рекол еден, „со запалени факели да го побараме Лутера по целиот свет и повторно да му го вратиме на народот кој го бара“ (D’Aubigne, b. 9, ch. 1). Се чинело дека царскиот едикт останал без очекуваното дејство. Папските пратеници биле огорчени кога виделе дека едиктот предизвикал далеку помало внимание отколку судбината на Лутер. {ГБ 185.2}

Веста дека е на сигурно место, иако заробеник, го смирила стравот кај народот и предизвикала уште поголемо одушевување во негова корист. Неговите списи биле читани со поголем интерес од кога и да е порано. Сѐ поголем број на луѓе се придружувале кон делото на храбриот човек, кој, под такви тешки околности, го бранел Божјото слово. Реформацијата постојано станувала посилна. Семето што го посеал Лутер насекаде никнувало. Неговото отсуство го сторило она што неговата присутност не можела да го направи. Неговите соработници сега чувствувале сериозна одговорност затоа што нивниот водач бил отстранет. Со жива вера и со нова ревност оделе напред правејќи сѐ што можеле, за да не биде спречено делото кое толку славно започнало. {ГБ 185.3}

Но и сатаната не бил без работа. И во оваа прилика се обидувал да го направи она што настојувал да го направи кај секое реформаторско движење: да го измами и уништи народот, подметнувајќи му наместо вистинска, лажна реформација. Како што во првиот век на христијанската ера постоеле лажни христоси, исто така и во шеснаесеттиот век се појавиле лажни пророци. {ГБ 186.1}

Некои луѓе, длабоко обземени од возбудата која се јавила во светот на религијата, си замислувале дека од небото примиле посебни откровенија, и тврделе дека самиот Бог ги повикал да го продолжат и усовршат делото на реформацијата кое, според нивно тврдење, Лутер штотуку го започнал. Всушност, тие го рушеле токму она што тој го изградил. Го отфрлиле големото начело кое било темел на реформацијата – Божјото слово, како единствено мерило на верата и животот, а на местото на тој непогрешлив водич го поставиле променливото и несигурното мерило на личните чувства и впечатоци. На тој начин го отфрлиле најсигурниот детектор за откривање на заблудата и лагата, па на сатаната му бил отворен патот да завладее со умот и мислите на луѓето. {ГБ 186.2}

Еден од овие пророци тврдел дека прима упатства од ангелот Гаврил. Еден студент, кој се здружил со него, ги напуштил своите студии, изјавувајќи дека од Бога примил мудрост и способност да го толкува Божјото слово. И други, кои по природа биле наклонети кон фанатизам, се здружиле со нив. Работата на овие фанатици предизвикала голема возбуда. Проповедите на Лутер насекаде го разбудиле народот да чувствува потреба од реформа, а сега некои навистина искрени души биле заведени со тврдењата на овие нови пророци. {ГБ 186.3}

Водачите на ова движење дошле во Витенберг, и се обиделе на Меланхтон и на неговите соработници да им ги наметнат нивните учења. „Ние сме од Бога пратени“, рекле тие, „да го поучиме народот. Со Господ водиме доверливи разговори и ја знаеме иднината; со еден збор, ние сме апостоли и пророци и се повикуваме на доктор Лутер“ (Исто, b. 9, ch. ). {ГБ 187.1}

Реформаторите биле изненадени и збунети. Со вакви елементи тие никогаш не се сретнале и не знаеле што да преземат. Меланхтон рекол: „Во овие луѓе има необичен дух, но каков?… Од една страна, да внимаваме да не го гасиме Божјиот Дух, но од друга, да внимаваме да не бидеме заведени од сатанскиот дух“ (Исто, b. 9, ch. 7). {ГБ 187.2}

Плодовите од новото учење наскоро станале очигледни. Народот бил наведен да го занемари или целосно да го отфрли Светото Писмо. Во училиштата настанала забуна. Студентите ги прекинувале своите студии и презирајќи секакво ограничување, ги напуштале универзитетите. Луѓето кои мислеле дека се повикани да го оживеат и контролираат делото на реформацијата, успеале само да го доведат до работ на пропаста. Приврзаниците на Рим, охрабрени од сето тоа, радосно извикале: „Само уште еден удар, и сите ќе бидат наши” (Исто, b. 9, ch. 7). {ГБ 187.3}

Кога Лутер во Вартбург слушнал што се случува, со длабока загриженост изјавил: „Отсекогаш очекував дека сатаната ќе ни прати такво зло“ (Исто, b. 9, ch. 7). Тој го согледал вистинскиот карактер на овие самонаречени пророци и ја видел опасноста што му се заканувала на делото на вистината. Спротивставувањето на папата и на царот не му создало толкав немир и грижа, колку што чувствувал сега. Од таканаречени пријатели на реформацијата, станале нејзини најголеми непријатели. Токму оние вистини кои донеле толку голема радост и утеха, станале причина за раздор и забуна во црквата. {ГБ187.4}

Во делото на реформата Лутер бил гонет од страна на Божјиот Дух, и под Негово водство постигнал повеќе отколку што еден човек може воопшто да направи. Тој немал намера да спроведе толку радикални промени и да се најде во положба во која се нашол. Лутер бил само орудие во рацете на Семоќната Сила. Размислувајќи за резултатот од неговата работа тој често треперел и еднаш рекол: „Кога би знаел дека мојата наука ќе му наштети само на еден единствен човек, колку да е незначителен и неук, што е невозможно, зашто таа е вистинско евангелие, јас побргу би се согласил да умрам десетпати отколку да не се откажам од неа“ (Исто, b. 9, ch. 7). {ГБ 188.1}

Така Витенберг, центарот на реформацијата, бргу паднал под влијанието на фанатизмот и беззаконието. Оваа ужасна состојба не била последица на Лутеровото учење, но сепак, неговите непријатели од цела Германија вината ја фрлиле на него. Со болка во душата, Лутер често се прашувал: „Може ли тоа да биде крај на големото дело на реформацијата?“ (Исто, b. 9, ch. 7). Но, додека се борел со Бога во молитва, мирот повторно завладеал во неговото срце. „Господе“, нагласувал тој во молитвата, „делото не е мое, туку Твое. Ти нема да дозволиш да го уништат фанатизмот и празноверието“. Но помислата во овој критичен час да остане далеку од борбата му станала неподнослива. Поради тоа решил да се врати во Витенберг. {ГБ 188.2}

Без одлагање, Лутер тргнал на ова опасно патување. Тој бил прогонет од царството. Неговите непријатели имале право да го убијат, а на неговите пријатели им било забрането да му помогнат или да го сокријат. Царската власт презела најостри мерки против неговите приврзаници. Но тој видел дека делото на евангелието е во опасност и во името Господово тргнал бестрашно да се бори за вистината. {ГБ 188.3}

Во писмото до изборниот кнез, објаснувајќи ја својата намера да го напушти Вартбург, Лутер рекол: „Вашето Височество треба да знае дека одам во Витенберг под далеку посилна заштита отколку што е заштитата на принцовите и изборните кнезови. Не размислувам од вашето височество да барам поддршка и заштита, повеќе би сакал јас вас да ве заштитам. Поради тоа, кога би знаел дека вашето височество има намера да ме заштити, воопшто нема да одам во Витенберг. Не постои меч што би можел да му помогне на ова дело. Самиот Бог мора да стори сѐ, без човечка помош и соработка. Оној кој има најголема вера, е најмногу заштитен“ (Исто, b. 9, ch. 8). {ГБ 188.4}

Во едно друго писмо, напишано на патот за Витенберг, Лутер додал: „Подготвен сум да трпам немилост од страна на вашето височество и гнев од целиот свет. Нели жителите на Витенберг се мои овци? Нели Бог мене ми ги доверил? Нели сум должен да се изложам и на смртна опасност, ако тоа е неизбежно, поради нив? И покрај тоа, се плашам во Германија да не избие голема револуција, со која Бог ќе го казни нашиот народ“ (Исто, b. 9, ch. 7). {ГБ 189.1}

Со голема претпазливост и понизност, но цврсто и решително, се фатил за работа. „Со Божјото слово“, рекол тој, „мораме да собориме и уништиме сѐ што е воспоставено со насилство. Немам намера против празноверните и неверните да употребам сила… Никој не смее да биде присилуван да верува. Слободата е суштина на верата“ (Исто, b. 9, ch. 8). {ГБ 189.2}

Набргу низ цел Витенберг се пронел глас дека Лутер се вратил и дека ќе проповеда. Народот масовно пристигнувал од сите страни и црквата била преполна. Стапувајќи на проповедалната, Лутер поучувал, предупредувал и укорувал со голема мудрост и благост. Укажувајќи на постапката на некои кои се послужиле со насилство за да ја укинат мисата, рекол: {ГБ 189.3}

„Мисата е лоша работа; Бог е против неа; таа треба да се укине и јас би сакал таа во целиот свет да биде заменета со проповедање на евангелието. Но никој не смее да се присилува да ја напушти. Ние мораме да ја предадеме оваа работа во Божји раце. Нека дејствува Неговото слово, а не ние. Зошто? – ќе прашате. Затоа што јас не ги држам срцата на луѓето во своја рака, како грнчарот што ја држи глината. Ние имаме право да зборуваме, но не и да донесуваме пресуди. Да проповедаме, а останатото му припаѓа на Бога. Ако употребам сила, што ќе добијам за возврат? Измама, формалност, гримаси, човечки прописи и лицемерство… Но во тоа нема да има ниту искреност на срцето, ниту вера, ниту братска љубов. Онаму каде што овие три доблести недостигаат, таму недостига сѐ, а за тоа јас не би ја дал ниту дршката од крушата… Бог со Своето слово може да направи повеќе, отколку кога вие и јас и целиот свет би ги соединиле сите наши сили. Бог ги освојува срцата, а кога ќе се придобие срцето, сѐ е освоено… {ГБ 189.4}

„Ќе проповедам, зборувам, пишувам, но нема да присилувам никого, зашто верата е доброволен чин. Еве видете што сторив јас. Станав против папата, против продажбата на прошталници и против приврзаниците на папата, но без никакво насилство и нереди. Јас само го истакнував Божјото слово, проповедав и пишував,  – тоа беше сѐ што правев јас. И додека јас спиев… словото, кое го проповедав, го ослабе папството и му нанесе повеќе штета отколку што би можел да направи било кој земски кнез или цар. Сепак ништо од сето тоа не направив јас, Божјото слово сѐ направи. Да сакав да употребам сила, Германија можеби би била преплавена со крв. Но каков ќе беше исходот од сето тоа? Уништување и пропаст и на телото и на душата. Затоа останав мирен и дозволив Божјото слово да кружи по светот и да го направи она што јас не можам“ (Исто, b. 9, ch. 8). {ГБ 190.1}

Секој ден, преку цела седмица, Лутер му проповедал на мноштвото желно за вистината. Божјото слово ги скршило оковите на фанатизмот. Силата на евангелието го вратила заведениот народ на патот на вистината. {ГБ 190.2}

Лутер не сакал да се сретне со фанатиците кои биле причинители на ова големо зло. Знаел дека тоа се луѓе со нездраво расудување и со нескротливи страсти, кои, тврдејќи дека примиле посебно просветлување директно од небото, не трпат ниту најмала противречност, ниту најљубезни прекори или совети. Присвојувајќи го дрско највисокиот авторитет, тие од секого барале без било какво прашање или приговор да ги прифатат нивните погледи. Но, бидејќи тие барале разговор со него, тој се согласил да ги прими, и во таа прилика толку успешно ги разоткрил нивните намери, така што измамниците набргу го напуштиле Витенберг. {ГБ 190.3}

Фанатизмот бил задушен за извесно време, но по неколку години избил со уште поголема жестокост и со уште пострашни последици. Зборувајќи за водачите на ова движење, Лутер рекол: „Светото Писмо за нив е само мртво слово на хартија и сите тие викаат: „Дух, Дух!“ но бидете уверени јас нема да одам таму каде што ги води нивниот дух. Бог во Својата милост нека ме сочува од таквата црква каде што сите се сметаат за светци. Сакам да останам тука каде што има понизни, слаби и болни, кои знаат дека се грешници и се чувствуваат виновни и поради тоа постојано воздивнуваат, и од срце се молат на Бога за утеха и помош“ (Исто, b. 10, ch. 10). {ГБ 190.4}

Тома Минцер, најактивен меѓу овие фанатици, бил човек со големи способности, кои, кога би биле правилно насочени, би му овозможиле да прави добро. Но тој не ги научил ниту основните начела на вистинската вера. „Бил обземен со желба да го реформира светот, при што, како и многу други занесеници, заборавил дека реформата треба да ја започне од самиот себе“ (Исто, b. 9, ch. 8). Имал амбиција да добие положба и влијание и не сакал да биде втор, па дури ни веднаш зад Лутер. Ги обвинувал реформаторите дека, заменувајќи го папството со авторитетот на Светото Писмо, воспоставиле само поинаков облик на папство. Се сметал себеси, дека е од Бога повикан да спроведе вистинска реформација. „Оној што го има тој дух“ – тврдел Минцер, „има вистинска вера, иако никогаш во својот живот не го видел Светото Писмо“ (Исто, b. 10, ch. 10). {ГБ 191.1}

Овие фанатички учители, се препуштиле на своите впечатоци, сметајќи ја секоја своја мисла и секој импулс за Божји глас. Така отишле во неповратна крајност. Некои дури ги запалиле и своите Библии, велејќи: „Словото убива, а Духот оживува“. Минцеровото учење им годело на оние кои барале нешто што е необично и чудесно, било пријатно за нивната горделивост зашто човечките идеи и мислења биле издигнати над Божјото слово. Илјадници ја примиле неговата наука. Набргу отфрлил секаков ред во јавното богослужение, изјавувајќи дека да се слушаат кнезовите значи исто што и обид да му се служи и на Бога и на Велијара. {ГБ 191.2}

Кога овие луѓе почнале да ги отфрлаат од себе синџирите на папството, не сакале повеќе да ги трпат ниту ограничувањата на граѓанските власти. Минцеровата револуционерна наука, за која се тврдело дека е вдахновена од Бога, водела кон раскинување на сите ограничувања на редот, законитоста и кон стихијно препуштање на предрасудите и страстите. Како последица на тоа се јавиле страшни сцени на буни и насилства, а германските полиња биле натопени со крв. {ГБ 191.3}

Душевните страдања што порано Лутер ги преживеал во Ерфурт, сега го притиснале со двојна сила кога видел дека последиците на фанатизмот ѝ се припишуваат на реформацијата. Папски кнезови тврделе, а многумина биле готови во тоа да поверуваат, дека бунтот е неизбежен плод на Лутеровото учење. Иако ова обвинување било неосновано, сепак, реформаторот многу го загрижило. Да се прикажува делото на реформацијата како највисок фанатизам, тоа му се чинело повеќе отколку што можел да поднесе. Од друга страна, и водачите на овој бунт го мразеле Лутера, зашто тој не само што се спротивставил на нивното учење и на нивните тврдења дека ги води божествено вдахновение, туку дури ги прогласил за бунтовници против граѓанските власти. За да му се одмаздат, тие го нарекле подмолен лицемер, човек кој присвојува власт. Се чинело, дека ја навлекол на себе омразата и на кнезовите и на народот. {ГБ 192.1}

Приврзаниците на Рим се радувале, очекувајќи скорешна пропаст на реформацијата. Го напаѓале Лутер и му ги припишувале дури и оние заблуди кои тој најсериозно ги осудувал и настојувал да ги исправи. Партијата на овие занесени фанатици, лажно тврдејќи дека со неа неправедно се постапува, успеала да ги придобие симпатиите на голем број луѓе; и како што често се случува со оние што ќе тргнат на погрешен пат, почнале да се сметаат за маченици. И така, токму оние кои најенергично застанале против реформацијата, биле сожалувани и славени како жртви на свирепоста и насилството. Тоа било дело на сатаната, поттикнато од истиот бунтовнички дух, кој прво се појавил на небото. {ГБ 192.2}

Сатаната секогаш настојува да ги измами луѓето и да ги доведе дотаму гревот да го нарекуваат правда, а правдата грев. Колку само било успешно неговото дело! Колку често верните Божји слуги се опсипувани со укори и критики само затоа што бестрашно застануваат во одбрана на вистината! Луѓето, кои всушност се вистински сатански орудија, се слават и воздигнуваат, дури ги сметаат и за маченици, додека оние кои поради својата верност кон Бога би требало да бидат почитувани и потпомагани, често се осамени и секогаш се под некој сомнеж и недоверба. {ГБ 192.3}

Лажната светост и посветување сѐ уште го вршат своето измамничко дело. Во разни облици, и денес се покажува истиот дух како и во деновите на Лутер; тоа и денес го одвраќа вниманието на луѓето од Светото Писмо и наместо да се покоруваат на Божјиот закон ги наведува луѓето да ги следат личните чувства и впечатоци. Ова е еден од најуспешните сатански пронајдоци за да фрли дамка на чистотата и вистината. {ГБ 193.1}

Лутер бестрашно го бранел евангелието од нападите што доаѓале од сите страни. Божјото слово се покажало како моќно оружје во секоја борба. Со истото тоа слово тој се борел против узурпираниот авторитет на папата и схоластичката филозофија на научниците, додека цврсто како карпа се спротивставувал на фанатизмот кој настојувал да се соедини со реформацијата. {ГБ 193.2}

Секоја од овие спротивставени сили, на свој начин го отфрлила Светото Писмо, возвишувајќи ја човечката мудрост како извор на верската вистина и знаење. Рационализмот го обожава разумот и го зема за критериум на верата. Римската црква упорно тврди дека папата, како врховен свештеник, располага со вдахновение кое, наводно, во непрекината линија доаѓа од апостолите и за сите времиња е непроменливо, со што им дава можност на секој вид разврат и расипаност да се сокријат под плаштот на апостолското овластување. Вдахновението што го истакнувале Минцер и неговите соработници било плод на нивната вообразеност и неговото влијание било уривачко за секој авторитет, човечки или божествен. Напротив, вистинското христијанство Божјото слово го смета за голема ризница на божествени вистини и како мерка за секое вдахновение. {ГБ 193.3}

По враќањето од Вартбург, Лутер го довршил својот превод на Новиот завет, а наскоро евангелието им било дадено на Германците на нивниот мајчин јазик. Овој превод со голема радост го примиле сите оние кои ја сакале вистината, а оние што се определиле за традициите и човечките заповеди, со презир го отфрлиле. {ГБ 193.4}

Свештениците биле вознемирени при помислата дека обичните луѓе сега ќе можат да разговараат со нив за начелата на Божјото слово, и дека на тој начин може да се открие нивното незнаење. Оружјето на нивното телесно размислување, било немоќно пред мечот на Духот. Рим го употребил целиот свој авторитет да го спречи ширењето на Светото Писмо; но декретите, анатемите, исклучувањата  и  мачењата  биле  залудни. Колку повеќе ја осудувале и забранувале Библијата, толку поголем бил копнежот на народот да дознае што всушност таа учи. Сите што знаеле да читаат биле желни да го проучуваат Божјото слово сами за себе. Го носеле со себе, го читале повторно и повторно, и не биле задоволни сѐ додека не научиле напамет поголеми отсеци. Гледајќи со каква љубов е примен Новиот завет, Лутер веднаш почнал да го преведува Стариот завет, и го објавувал во делови како што го завршувал. {ГБ 194.1}

Лутеровите списи подеднакво биле добредојдени и во село и во град. „Сѐ што Лутер и неговите пријатели напишале, други го ширеле. Монасите, кои се увериле дека манастирските завети се неосновани, сакале својот безделнички живот да го заменат со корисна работа, но бидејќи самите биле неупатени и не можеле да го проповедаат Божјото слово, патувале низ покраините, ги посетувале селата и помалите места и ги продавале Лутеровите списи и списите на неговите пријатели. Германија набргу била преплавена со такви храбри колпортери“ (Исто, b. 9, ch. 11). {ГБ 194.2}

Овие списи, со голем интерес ги проучувале и богатите и сиромашните, учените и простите. Ноќе, селските учители гласно ги читале овие списи на мали групи собрани околу огништата. При секој таков напор, повеќе души би се увериле во вистината и со радост го примале Божјото слово, а потоа сами на другите им ја носеле радосната вест. {ГБ 194.3}

Така биле потврдени вдахновените зборови: „Објавувањето на Твоите зборови, просветлува, ги вразумува простодушните“ (Псалм 119:130). Проучувањето на Светото Писмо довело до големи промени во умовите и срцата на луѓето. Папската власт ги држела своите поданици под железен јарем на незнаење и понижување. Строго се придржувале кон надворешните празноверни обичаи, но во сета таа служба малку учествувале срцето и разумот. Лутеровите проповеди, кои имале за цел да ги откријат едноставните вистини на Божјото слово, а потоа и самото слово, ставено во рацете на обичниот народ, ги разбудиле нивните успиени сили, ја прочистиле и облагородиле нивната духовна природа, но, исто така, придонеле за интелектуален развој. {ГБ 195.1}

Можеле да се видат луѓе од сите сталежи, како со Библијата во рака го бранеле учењето на реформацијата. Приврзаниците на папата, кои проучувањето на Писмото им го препуштиле на свештениците и монасите, сега ги повикувале да истапат и да го побијат новото учење. Но, непознавајќи ги ниту Писмата, ниту Божјата сила, доживеаја пораз од оние кои ги прогласиле за назнајковци и еретици. „За жал“, – рекол еден католички писател, „Лутер своите следбеници ги уверил дека нивната вера мора да се темели исклучиво на Светото Писмо“ (D’Aubigne, b. 9, ch. 11). Народот масовно се собирал да слуша како луѓето со скромно образование ја бранат вистината, и како за неа расправаат со учените и елоквентни теолози. Срамното незнаење на овие големи луѓе станало очигледно кога нивните аргументи биле побиени со едноставното учење на Божјото слово. Занаетчиите, војниците, жените, па дури и децата подобро го познавале Светото Писмо од свештениците и учените теолози. {ГБ 195.2}

Во редовите на учените, а и среде неукиот народ, се забележувала разлика меѓу учениците на евангелието и бранителите на римското празноверие. „Наспроти претставниците на старата хиерархија, кои го занемариле проучувањето на јазиците и негувањето на книжевноста… се појавил благородниот дух на младите, посветени на проучување, на истражување на Писмото, желни подобро да се запознаат со ремек – делата од старото време. Со активен ум, со благородни души и со бестрашни срца, овие млади луѓе набрзо стекнале такво знаење, така што долго време никој со нив не можел да се натпреварува… Затоа, кога овие млади поборници на реформацијата, на некој собор ќе се соочеле со католичките теолози, со таква леснотија и сигурност ги побивале нивните аргументи, при што овие неуки луѓе останувале без зборови, би се збуниле и пред сите би се посрамиле“  (Исто, b. 9, ch. 11). {ГБ 195.3}

Кога римокатоличкото свештенство видело дека се намалил бројот на нивните верници, ги повикале на помош градските власти и се обидувале со сите расположливи средства да ги повратат своите слушатели. Но народот во новото учење го нашол она што ги задоволува потребите на душата и се одвратил од оние кои толку долго ги хранеле со безвредни трици на празноверните обреди и човечки традиции. {ГБ 196.1}

Кога против овие учители на вистината бил распален пламенот на прогонството, тие внимавале на Христовите зборови: „Ако ве бркаат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10:23). Светлината навлегувала насекаде. На бегалците секогаш им се отворала по некоја гостољубива врата каде што можеле да живеат; а тие го проповедале Христа, понекогаш и во црквите, а кога таквата можност им била скратена, тогаш во приватните куќи или пак под ведро небо. Секое место каде народот се собирал да го слуша Божјото слово, било посветен храм. Вистината, објавувана со таква сила и сигурност, се ширела со незадржлива сила. {ГБ 196.2}

Залудно и духовните и цивилните власти се обидувале да ја уништат „ереста“. Попусто се служеле со затвор, мачења, оган и меч. Илјадници верници својата вера ја запечатиле со сопствената крв, а сепак делото одело напред. Прогонствата само помогнале вистината повеќе да се шири и фанатизмот, кој сакал да се соедини со неа, само помогнал појасно да се забележи разликата меѓу сатанското дело и делото Божјо. {ГБ 196.3}

Сподели го ова:

Слични објави