38 Последна опомена
“Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава. И извика со силен глас, велејќи: ’Падна, падна големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови, и засолниште на сите нечисти и гадни птици‘“. „И чув друг глас од небото да вели: ’Излезете од неа, народе Мој, за да не бидете соучесници во нејзините гревови и да не ги примите нејзините зла‘“ (Откровение 18:1,2,4). {ГБ 603.1}
Овој стих укажува на времето кога најавата за падот на Вавилон, која веќе ја објавил вториот ангел (Откровение 14:8) од Откровение 14, треба да се повтори со дополнително напомнување за расипаноста што навлегла во разните организации кои го сочинуваат Вавилон, откако оваа вест за првпат беше објавена во летото 1844. година. Овде се опишува страшната состојба на религиозниот свет. Со секое отфрлање на вистината, умот на луѓето станува помрачен, а нивните срца потврди, сè додека најпосле целосно нè отврднат во дрско неверство. Наспроти опомените дадени од Бога, тие ќе продолжат да газат една од Десетте заповеди додека не бидат заведени во толкава мера што ќе почнат да ги прогонуваат оние кои заповедите ги сметаат за свети. Презирајќи го Божјото слово и Неговиот народ, тие искажуваат презир кон Христа. Кога црквите еднаш ќе го прифатат учењето на спиритизмот, тогаш ќе бидат отстранети бариерите што му биле наметнати на телесното срце, а исповедањето на верата станува само наметка која ќе ги покрива најниските пороци. Верувањето во спиритистичките манифестации ги отвора вратите за „измамнички духови и злодуховски учења“ (1. Тимотеј 4:1), и на тој начин во црквите ќе се почувствува влијанието на злите ангели. {ГБ 603.2}
За Вавилон, во времето на кое се однесува ова пророштво, се вели: „Бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини“ (Откровение 18:5). Вавилон ја наполнил мерката на својата вина и казната со уништување само што не се срушила врз него. Но Бог сè уште има Свој народ во Вавилон и пред Вавилон да биде казнет со Божјите судови, верните треба да бидат повикани да излезат од него „да не соучествуваат во неговите гревови и да не добијат од казните негови“. Затоа овде станува збор за движење кое симболично е претставено со ангел кој слегува од небото, ја осветлува земјата со својата слава и со силен глас ги објавува гревовите на Вавилон. Сообразно со неговата вест, се слуша повикот: „Излезете од неа, народе Мој!“ Овој повик, заедно со третата ангелска вест, го сочинува последното предупредување кое треба да им се упати на жителите на Земјата. {ГБ 604.1}
Страшен е крајот кон кој во пресрет оди овој свет. Земните сили, обединети во борбата против Божјите заповеди, ќе издадат декрет „сите – мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови“ (Откровение 13:16), да се усогласат со обичаите на црквите празнувајќи ја лажната сабота. Сите што ќе одбијат да се усогласат, ќе бидат изложени на граѓански казни, а најпосле ќе биде објавено дека заслужуваат смрт. Од друга страна, Божјиот закон, налагајќи да се празнува денот во кој и самиот Творец се одморал, бара послушност и се заканува со гнев против сите оние кои ги кршат Неговите прописи. {ГБ 604.2}
Кога ова прашање на луѓето ќе им се изнесе јасно, тогаш секој оној кој ќе го гази Божјиот закон за да ги послуша човечките наредби, ќе го прими жигот на ѕверот. Тој прима знак на верност кон власта што сака да ја слуша наместо Бога. Предупредувањето на небото гласи: „Ако некој му се поклони на Ѕверот, и на неговиот лик, и прими ознака (жиг) на своето чело или на својата рака, и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев, што е налеано чисто во чашата на Неговиот гнев“ (Откровение 14:9,10). {ГБ 604.3}
Но никого Божјиот гнев нема да го стигне пред да допре вистината до неговото срце и совест, и пред тој да ја отфрли. Има многу луѓе кои никогаш немале можност да ги слушнат посебните вистини за ова време. Должноста која произлегува од четвртата заповед никогаш не им била изнесена во вистинска светлина. Оној, кој го чита сечие срце и ја испитува секоја побуда, нема да дозволи ниту еден од оние што бараат да ја запознаат вистината да биде измамен во врска со прашањето околу кое постои борба. Декретот нема да му биде слепо наметнат на народот. Секој ќе има доволно светлина својата одлука да ја донесе врз основа на здравиот разум. {ГБ 605.1}
Саботата ќе биде голем тест на верноста, зашто таа е точка на вистината што е посебно оспорувана. Кога луѓето ќе бидат ставени пред последната проба, тогаш ќе биде повлечена линија на разграничување меѓу оние што Му служат на Бога и оние што не Му служат. Додека празнувањето на лажната сабота (неделата) во согласност со земните закони, спротивно на четвртата Божја заповед, ќе претставува знак на верност на онаа сила што му се противи на Бога, празнувањето на вистинската сабота, во согласност со Божјиот закон, ќе претставува доказ за верност кон Творецот. Додека една група луѓе, примајќи го знакот на покорност на земните власти, ќе го прими жигот на ѕверот, другата, избирајќи го знакот на верност кон божествениот авторитет, ќе прими Божји печат (Види Додаток) {ГБ 605.2}
Порано оние што ги проповедале вистините на третата ангелска вест често биле сметани само како паничари. Нивните предвидувања дека во Соединетите Држави ќе завладее верска нетрпеливост, дека црквата и државата ќе се обединат да ги прогонуваат оние што ги држат Божјите заповеди, биле прогласени како неосновани и апсурдни. Самоуверено изјавувале дека таа земја никогаш не може да биде нешто друго освен она што отсекогаш била – бранител на верската слобода. Но кога нашироко ќе биде расправано за прашањето на принудното празнување на неделата, ќе се види дека се приближува настанот во кој толку долго се сомневало и во кој не се верувало, а третата ангелска вест ќе произведе таков впечаток каков што порано не можела да има. {ГБ 605.3}
Бог во секоја генерации праќал Свои слуги да го укоруваат гревот и во светот и во црквата. Но народот сака да му се зборуваат мили работи, бидејќи чистата и неразубавена вистина не му е прифатлива. Многу реформатори во почетокот на својата работа решиле да бидат мошне претпазливи во осудувањето на гревовите на црквата и на народот, надевајќи се дека преку примерот на еден чист христијански живот ќе го вратат народот на учењето на Библијата. Но врз нив се излеал Божјиот Дух, како што се излеал врз Илија, поттикнувајќи го отворено да ги укорува гревовите на безбожниот цар и на отпаднатиот народ, така и тие не можеле да се воздржат да не ги објавуваат јасните изјави на Библијата – учењата што во почетокот се притеснувале да ги проповедаат. Тие биле принудени ревно да ја објавуваат вистината и опасноста која им се заканувала на душите. Зборовите кои самиот Господ им ги ставил во уста ги изговарале не плашејќи се од последиците, и народот едноставно бил присилен да ги слуша опомените. {ГБ 606.1}
Така ќе се објавува и третата ангелска вест. Кога ќе дојде време да се проповеда со најголема сила, Бог ќе се послужи со скромни орудија, ќе го води умот на оние што се посветиле на Неговата служба. Работниците повеќе ќе бидат оспособени со помазанието на Светиот Дух отколку со образованието во школите. Луѓе од вера и молитва ќе бидат поттикнати да појдат со света ревност и да ги проповедаат зборовите што Бог им ги дава. Гревовите на Вавилон ќе бидат разоткриени. Страшните последици од присилното наметнување на црковните обичаи со посредство на граѓанските власти, навлегувањето на спиритизмот, тајниот, но брз развој на папската власт – сето тоа ќе биде демаскирано. Овие свечени предупредувања ќе го разнишаат народот. Илјадници и илјадници ќе слушаат такви зборови какви што никогаш не слушнале. Со чудење ќе го слушаат сведоштвото дека Вавилон е црквата што паднала поради своите заблуди и гревови и поради отфрлањето на вистината што и е испратена од небото. Кога народот желен да ја дознае вистината ќе им се обрати на своите поранешни учители со прашањето: „Дали навистина тоа е така?“, тогаш нивните проповедници ќе им кажуваат приказни, ќе им зборуваат мили работи со цел да ја смират нивната загриженост и да ја стивнат нивната разбудена совест. Но, бидејќи мнозина ќе одбијат да се задоволат само со човечкиот авторитет барајќи го она јасното „Така вели Господ“, популарните проповедници, како и фарисеите во старо време, гневни затоа што е доведен во прашање нивниот авторитет, ќе објават дека оваа вест е од сатаната и ќе го поттикнуваат народот кој го сака гревот да ги исмејува и прогонува оние што ја објавуваат. {ГБ 606.2}
Штом борбата се проширува на нови подрачја и кога вниманието на народот се насочува кон погазениот Божји закон, ни сатаната не мирува. Силата што ја придружува веста само ќе ги разгневи сите што и се противат. Свештениците ќе употребат речиси натчовечки напори да ја засолнат светлината за да не им свети на нивните стада. Ќе се трудат со сите средства што им стојат на располагање да ги спречат дискусиите околу овие важни прашања. Црквата ќе се потпре врз силната рака на граѓанската власт и во тоа католиците и протестантите ќе се обединат. Кога движењето за задолжително празнување на неделата ќе биде посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние што ги држат Божјите заповеди. Ќе им се закануваат со парични казни и со затвор, а на некои ќе им се понудат влијателни места и положби, како и други награди и предности, како поттик да се откажат од својата вера. Но нивниот непоколеблив одговор ќе гласи: ,Докажете ни ја со Божјото слово нашата заблуда“ – истото она што го барал и Лутер кога се нашол во слични околности. Оние што ќе бидат доведени пред судовите ќе ја одбранат вистината силно и убедливо, и некои од оние што ги слушаат ќе бидат поттикнати да се решат да ги држат сите Божји заповеди. На овој начин светлината ќе осветли илјадници такви кои инаку никогаш не би дознале за овие вистини. {ГБ 607.1}
Совесната послушност кон Божјото слово ќе се толкува како бунт. Заслепени од сатаната, родителите ќе постапуваат строго и сурово со своите деца кои му се верни на Бога; господарите и господарките ќе ги угнетуваат своите слуги кои ги држат заповедите. Љубовта ќе олади; децата ќе бидат лишени од наследството и истерани од дома. Зборовите на Павле: „А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3:12), буквално ќе се исполнат. Бидејќи бранителите на вистината ќе одбијат да ја почитуваат неделата на местото на саботата, некои од нив ќе бидат фрлени во затвор, некои ќе бидат прогонети, а со некои ќе се постапува како со робови. На човечкиот ум сето ова сега му изгледа невозможно, но кога Божјиот Дух, кој го зауздува злото, ќе се повлече од луѓето и кога тие ќе дојдат под контрола на сатаната, кој ги мрази божествените прописи, ќе се применуваат дотогаш нечуени постапки. Срцето може да биде мошне свирепо кога од него ќе исчезне љубовта и стравот од Бога. {ГБ 608.1}
Штом ќе се приближи бурата, мнозина кои тврдат дека веруваат во третата ангелска вест, но не биле посветени со послушност кон вистината, ќе се откажат од своите ставови и ќе преминат во редовите на противниците. Соединувајќи се со светот и учествувајќи во неговиот дух, тие работите ги посматраат речиси во иста светлина, а кога ќе настапи искушението, ќе бидат готови да ја изберат полесната, популарната страна. Луѓе, надарени и со привлечно однесување, кои некогаш и се радувале на вистината, ќе вложат максимални напори да ги измамат и да ги заведат душите. Тие ќе станат најголеми напријатели на своите некогашни браќа. Кога оние што ја почитуваат саботата ќе бидат доведени пред судови да одговараат поради својата вера, тогаш овие отпадници ќе бидат најуспешното орудие на сатаната да ги клеветат и да ги обвинуваат и со лажни извештаи и инсинуации ќе го поттикнуваат гневот на владетелите против нив. {ГБ 608.2}
Во ова време на прогонство ќе биде испитана верата на Божјите слуги. Тие верно ќе ги објавуваат опомените гледајќи само на Бога и на Неговото слово. Божјиот Дух, кој делува во нивните срца, ќе ги натера да зборуваат. Поттикнати со света ревност и гонети со силата на Божјиот Дух, тие – без оглед на последиците што можат да произлезат од тоа што на народот ќе му ги пренесуваат зборовите кои самиот Бог ги ставил во нивната уста – верно ќе ја вршат својата должност. Тие нема да мислат на своите земни интереси, ниту ќе се обидуваат да го сочуваат својот углед или живот. Но, кога ќе ги зафати бурата на противење и срамотење, некои, совладани од силното изненадување, ќе бидат готови да извикнат: „Да знаевме какви ќе бидат последиците на нашите зборови, ние би молчеле“. Тие ќе бидат опколени со тешкотии. Сатаната ќе ги напаѓа со жестоки искушенија. Делото што го презеле ќе изгледа дека ги надминува нивните способности да го извршат. Ќе им се заканува опасност да бидат уништени. Поранешниот ентузијазам кој ги оживувал, го снемува; а враќање нема. Тогаш, свесни за својата немоќ, ќе прибегнат кон Семожниот барајќи сила. Ќе се сеќаваат дека зборовите што ги зборувале не биле нивни, туку на Оној кој им наредил да ја објават оваа опомена. Бог во нивните срца ја всадил вистината и тие не можеле да се воздржат да не ја објават. {ГБ 608.3}
Истите искушенија ги доживеале и Божјите луѓе во минатото. Виклиф, Хус, Лутер, Тиндал, Бакстер, Весли барале сите учења да бидат тестирани врз основа на Библијата, и изјавиле дека тие се подготвени да се откажат од сето она што таа го осудува. Против овие луѓе беснеело прогонство со неумолив гнев, па сепак, тие не престанале да ја објавуваат вистината. Различните периоди од црковната историја биле обележени со развој на некоја посебна вистина, прилагодена кон потребите на Божјиот народ во тоа време. Секоја нова вистина морала да го чисти пред себе патот наспроти омразата и противењето; оние кои биле благословени со нејзината светлина, морале да поминат низ искушенија и проби. Секогаш, кога за тоа ќе се укаже потреба, Бог на народот му дава посебна вистина. Кој ќе се осмели да не ја објавува? Тој им заповеда на Своите слуги да му го објават на светот последниот повик на милост. Тие не можат да молчат, а при тоа да не ја изложат на опасност сопствената душа. Христовите претставници не смеат никогаш да мислат на последиците. Тие мора да ја исполнат својата должност, а последиците да ги препуштат на Бога. {ГБ 609.1}
Кога ќе настане пожестоко противење, Божјите слуги ќе бидат повторно збунети бидејќи ќе изгледа дека тие ја предизвикале оваа неволја. Но совеста и Божјото слово ќе ги убедат дека нивната постапка била исправна; и иако искушенијата продолжуваат, тие ќе бидат зајакнати за да ги издржат. Борбата ќе биде порешителна и поостра, но со неволјата ќе расте и нивната вера и храброст. Нивно сведоштво ќе биде: „Ние не се осмелуваме да го менуваме Божјото слово ниту да го делиме Неговиот свет закон, нарекувајќи еден негов дел важен, а друг безначаен, и на тој начин да ја стекнеме наклоноста на светот. Господ, на кого Му служиме, може да нè ослободи. Христос ги победил земните сили; па зар да се плашиме од еден веќе победен свет?“ {ГБ 609.2}
Прогонството во своите разни облици е одраз на еден принцип кој ќе постои сè додека постои сатаната и додека христијанството има животна сила. Ниту еден човек не може да Му служи на Бога, а со тоа да не предизвика против себе отпор кај четите на темнината. Злите ангели ќе го нападнат, вознемирени дека неговото влијание може да им го земе пленот од рацете. Злите луѓе, укорени од неговиот пример, ќе се здружат со нив и со примамливи искушенија ќе се обидат да го одделат од Бога. Ако не успеат со овие средства, тогаш ќе употребат сила да извршат притисок врз совеста. {ГБ 610.1}
Но сè додека Исус, како човеков посредник, се наоѓа во небесното Светилиште, ограничувачкото влијание на Светиот Дух ќе го почувствуваат и владетелите и народот. Тој сè уште до извесна мера ги контролира земните закони. Кога би ги немало овие закони, состојбата во светот би била многу полоша отколку што е сега. Додека многу владетели се активни орудија на сатаната, Бог има и Свои орудија меѓу водачите на народите. Непријателот ги инспирира своите слуги да предлагаат мерки кои во голема мера ќе го попречуваат Божјото дело; но под влијанието на светите ангели, државниците кои се бојат од Бога се спротивставуваат на таквите предлози со несоборливи аргументи. На овој начин неколку луѓе ќе ја задржат моќната струја на злото. Противењето на непријателите на вистината ќе биде задржано за да може третата ангелска вест да го изврши своето дело. Кога ќе биде објавена последната опомена, таа на себе ќе го привлече вниманието на овие луѓе поставени на одговорни места преку кои сега Господ работи, и некои од нив ќе ја прифатат, и во времето на неволјата ќе се приклучат кон Божјиот народ. {ГБ 610.2}
Ангелот кој се придружува во објавувањето на третата ангелска вест ќе ја осветли целата земја со својата слава. Овде е најавено дело со огромни размери и со невообичаена сила. Адвентното движење од 1840. до 1844. година претставуваше прекрасна манифестација на Божјата моќ; првата ангелска вест беше однесена до секоја мисионерска станица во светот, и во некои земји настана толку голем интерес за верата каков што не се видел ниту во една земја од реформацијата во шеснаесеттиот век; но сето тоа ќе биде надминато со силното движење предизвикано од последната опомена на третиот ангел. {ГБ 610.3}
Ова дело ќе биде слично на она на денот на Педесетница. Како што „раниот дожд“ бил даден при излевањето на Светиот Дух во почетокот на ширењето на евангелската вест, и предизвикал ’ртење на драгоценото семе, така и „позниот дожд“ ќе се излее при нејзиниот крај за жетвата да дозрее. „И така, сега да се стремиме да Го познаеме Господа; а Тој сигурно ќе дојде кај нас, како утрена зора, ќе ни дојде како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја натопи земјата“ (Осија 6:3). „А вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господ, вашиот Бог; зашто Тој ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд – пролетен дожд и есенски дожд, како и порано“ (Јоил 2:23). „И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело“. „И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси“ (Дела 2:17,21). Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување. Тоа е време на „освежување“ што апостол Петар однапред го најавил велејќи: „Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос“ (Дела 3:19,20). {ГБ 611.1}
Божјите слуги, со лица осветлени од свето помазание, ќе брзаат од едно до друго место да ја објават небесната вест. Илјадници гласови низ целата земја ќе ја објавуваат опомената. Ќе се прават чуда, болни ќе оздравуваат, а верните ќе ги придружуваат знаци и чуда. И сатаната ќе прави лажни чуда; ќе стори и оган да падне од небото пред луѓето (Откровение 13:13). На овој начин жителите на земјата ќе бидат присилени да се решат за кого ќе се определат. {ГБ 612.1}
Веста ќе се шири не толку со докажување колку со длабоко осведочување на Божјиот Дух. Доказите се изнесени. Семето е посеано и сега ќе никне и ќе донесе плод. Списите што ги распространиле мисионерските соработници го извршиле своето влијание, но мнозина врз кои вистината имала длабок впечаток, биле спречени вистината потполно да ја сфатат или да ја послушаат. Меѓутоа, сега зраците на светлината проникнуваат насекаде и вистината се гледа кристално јасна, а искрените Божји деца ги кинат врските што ги задржувале до сега. Семејните и црковните врски сега се немоќни да ги задржат. Вистината им е подрагоцена од сè друго. И покрај силите што се здружиле против вистината, голем е бројот на оние што ќе застанат на Господова страна. {ГБ 612.2}