24 Во светињата над светињите
Предметот на Светилиштето беше клуч што ја отвори тајната на разочарувањето во 1844. година. Тој на виделина изнесе цела низа вистини, поврзани и усогласени, што покажуваа дека големото адвентно движење го водеше Божјата рака и објаснувајќи ја положбата и задачата на Божјиот народ, му ги одреди неговите сегашни должности. Како што Исусовите ученици по страшната ноќ на душевна болка „се зарадуваа, штом Го видоа Господа“ (Јован 20:20), така сега се радуваа и оние кои со вера го очекуваа Неговото второ доаѓање. Тие очекуваа Исус да дојде во слава, да ги награди Своите слуги. Бидејќи се разочараа во своите надежи, го загубија Исуса од вид и како Марија покрај гробот извикаа: „Го дигнале Господ од гробот и не знам каде Го положиле“ (Јован 20:2). Сега во светињата над светињите повторно го здогледаа лицето на својот милостив Првосвештеник, кој набргу ќе се појави како нивен цар и ослободител. Светлината од Светилиштето го осветли минатото, сегашноста и иднината. Знаеја дека Бог ги води со Своето непогрешно провидение. Иако, како и првите ученици, тие не ја сфатија веста што ја објавуваа, таа сепак, во секој поглед беше исправна. Објавувајќи ја таа вест, тие ја исполнија Божјата намера и нивниот труд за Господа не беше бескорисен. Препородени со големата Божја милост „за жива надеж“, се радуваа „со неискажлива и славна радост“ (1. Петрово 1:3,8). {ГБ 423.1}
Меѓутоа и пророштвото на Даниел 8:14: „Уште две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти“, и првата ангелска вест: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:7), упатуваа на Христовата служба во светињата над светињите на небесното Светилиште, на истражниот суд, а не на Христовото доаѓање заради спасение на Својот народ и за уништување на безбожниците. Грешката не се наоѓаше во пресметувањето на пророчките временски периоди, туку во настанот што требаше да се одигра на крајот од оние 2300 дена. Поради оваа грешка верните доживеаја разочарување, но сето тоа беше претскажано во пророштвото, и сè што можеа да очекуваат според Писмото, се исполни во тоа време. Истовремено додека тие се жалеа поради своите неисполнети надежи, се одигра настанот што е претскажан во оваа вест, а што мораше да се одигра пред Господ да дојде и да ги награди Своите слуги. {ГБ 424.1}
Христос дојде, но не на земјата, како што очекуваа тие, туку, како што беше објавено во претсликата, во светињата над светињите во Божјиот храм на небото. Пророк Даниел Го гледа како во тоа време доаѓа пред „Старецот“. „Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до“ – не на земјата – туку „до Старецот и застана пред Него“ (Даниел 7:13). {ГБ 424.2}
Ова доаѓање ни го опишува и пророкот Малахија: „Ненадејно ќе дојде во храмот Свој, Господ, Кого Го барате, и Ангелот на заветот, кого вие го пожелувате; ете, Тој доаѓа, вели Господ Саваот“ (Малахија 3:1). Господовото доаѓање во Својот храм за Неговиот народ беше нешто ненадејно, неочекувано. Не го бараа таму; очекуваа да дојде на земјата „во распламнат оган да им се одмаздува на оние кои не Го познаваат Бога, кои не го послушаа Евангелието“ (2. Солунјаните 1:8). {ГБ 424.3}
Но народот сè уште не беше подготвен да го сретне својот Господ. За неговата подготовка мораше да се изврши уште едно дело. Мораше да прими светлина што ќе ги насочи неговите мисли кон Божјиот храм на небото и ако со вера го следи својот Првосвештеник во Неговата служба, тогаш ќе му се откријат новите должности. На црквата требаше да и биде дадена уште една вест на опомена и поука. {ГБ 424.4}
Пророкот вели: „Но кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање, и кој ќе издржи, кога ќе се појави Тој? Зашто Тој е како оган, што растопува, и пепелница што чисти, па ќе седне Тој како пречистувач на сребро и ќе ги очисти синовите на Левиј и ќе ги претопи како злато и како сребро, за да Му принесат жртва со правда“ (Малахија 3:2,3). Оние што ќе живеат на земјата во времето кога Христовото посредување во небесното Светилиште ќе заврши, ќе мораат да стојат пред светиот Бог без посредник. Нивната облека ќе мора да биде беспрекорна, а нивниот карактер очистен од гревовите со Неговата крв. Со Божја милост и со трудољубиво настојување, мора да бидат победници во борбата со злото. Додека на небото се врши истражен суд и додека од Светилиштето се отстрануваат гревовите на покајаните верни, меѓу Божјиот народ на земјата мора да се изврши посебно дело на чистење и отстранување на гревот. Ова дело појасно е опишано во пораките на Откровението 14. глава. {ГБ 425.1}
Кога ова дело ќе биде завршено, Христовите следбеници ќе бидат подготвени за Неговото доаѓање. Во тоа време „ќе Му биде мила на Господа жртвата Јудина и на Ерусалим, како во старите времиња и како во поранешните години“ (Малахија 3:4). Тогаш црквата што Господ ќе ја земе кај Себе при Своето доаѓање, ќе биде „славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично“ (Ефесјаните 5:27).
Тогаш таа ќе изгледа „како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња“ (Песна над песните 6:10). {ГБ 425.2}
Освен Господовото доаѓање во Неговиот храм, пророкот Малахија го претскажува и Неговото второ доаѓање за да ја изврши пресудата со овие зборови: „И ќе дојдам кај вас за суд и ќе бидам брз извршител против вражачите и прељубодејците, и против оние кои лажно се колнат и ја скусуваат платата на работникот, ги измачуваат вдовиците и сираците, ги одбиваат придојдените, и од Мене немаат страв, вели Господ Саваот“ (Малахија 3:5). Јуда упатува на истата сцена кога кажува: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела“ (Јуда 14,15). Ова доаѓање и Господовото доаѓање во Неговиот храм се различни и одделни настани. {ГБ 425.3}
Доаѓањето на Христа како наш Првосвештеник во светињата над светињите да го исчисти Светилиштето, опишано во Даниел 8:14; доаѓањето на Синот човечки кај Старецот опишано во Даниел 7:13 и доаѓањето Господово во Неговиот храм, претскажано во Малахија – сето тоа се описи на еден ист настан; тој настан е претставен и со доаѓањето на младоженецот на свадбата, како што го опишал тоа Христос во параболата за десетте девојки во Матеј 25. глава. {ГБ 426.1}
Во летото и во есента во 1844. година се објавуваше веста: „Ете, младоженецот иде!“ Тогаш се појавија две групи, претставени со мудрите и со неразумните девојки – првата група, која со радост го очекуваше Господовото доаѓање и се подготвуваше да го пречека, и втората група која, под влијание на стравот и на моменталните побуди, се задоволи со теоријата на вистината, но и недостигаше Божја милост. Во параболата, кога младоженецот дошол, „приготвените влегоа со него на свадбата“. Овде споменатото доаѓање на младоженецот се случило пред свадбата. Свадбата го претставува Христовото преземање на Неговото царство. Светиот град, новиот Ерусалим, кој е главен град на царството, е наречен „невеста, жена на Јагнето“. Ангелот му рекол на Јован: „Дојди ќе ти ја покажам невестата жената на Јагнето“ „Па ме одведе преку Духот“, кажува пророкот, „и ми го покажа големиот, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога“ (Откровение 21:9,10). Според ова, очигледно е дека невестата го претставува светиот град, а девојките што му излегуваат во пресрет на младоженецот ја претставуваат црквата. Според Откровението, Божјите деца ќе бидат гости на вечерата на свадбата на Јагнето (Откровение 19:9). Ако се гости, тие не можат истовремено да бидат претставени и како невеста. Христос, како што ни кажува пророкот Даниел, ќе прими од Старецот „власт, слава и царство“. Тој ќе го прими новиот Ерусалим, главниот град на Своето царство, што ќе биде „стокмен како невеста променета за својот маж“ (Даниел 7:14; Откровение 21:2). Откако ќе го прими царството, ќе дојде во Својата слава како, Цар над царевите и Господар над господарите да му даде спасение на Својот народ, кој „ќе седне на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно“ (Матеј 8:11; Лука 22:30), да земе учество во свадбената вечера на Јагнето. {ГБ 426.2}
Веста: „Ете, младоженецот иде!“, што се објавуваше летото во 1844. година, им даде повод на илјадници да го очекуваат непосредното Христово доаѓање. Во определеното време Младоженецот дојде, но не на земјата, како што очекуваше Неговиот народ, туку пред Старецот на небото, на свадбата, да го преземе Своето царство. „Приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија“. Не можеа лично да бидат присутни на свадбата, зашто таа се одвива на небото, додека тие уште се наоѓаа на земјата. Христовите следбеници треба „да го чекаат својот господар да се врати од свадбата“ (Лука 12:36). Но тие мора да го разберат Неговото дело и со вера да Го следат кога ќе излезе пред Бога. Во таа смисла може за нив да се каже дека влегле на свадбата. {ГБ 427.1}
Во параболата, на свадбата влегле девојките што имале масло во садовите со светилките. Оние кои ја познаваа вистината од Светото Писмо, а имаа и Дух и Божја милост; кои во ноќта на своето горко искушение стрпливо чекаа и во Библијата бараа појасна светлина, тие ја сфатија вистината во врска со Светилиштето на небото и промената во службата на Спасителот и со вера ги следеа Неговите активности во небесното Светилиште. Сите што ќе ги прифатат овие вистини на Светото Писмо и ќе го следат Исуса Христа со вера кога стапува пред Бога да го изврши последното посредување и потоа да Го прими Своето царство – прикажани се како оние кои „приготвени влегоа со него на свадбата“. {ГБ 427.2}
Во параболата во Матеј 22. глава е спомената истата слика на свадбата и јасно е прикажано дека истражниот суд ќе се одржи пред свадбата. Пред свадбата доаѓа Царот да ги види гостите (Матеј 22:11) – дали се сите облечени во свадбено руво, во беспрекорно чисти облеки на карактерот испрани и избелени во „крвта на Јагнето“ (Откровение 7:14). Оној што не е облечен во таква облека, ќе биде исфрлен надвор, а оние, за кои при испитувањето ќе се утврди дека имаат свадбено руво, ќе бидат примени од Бога и удостоени да земат учество во Неговото царство и да го делат со Него престолот. Оваа служба, со чија помош се испитува карактерот и се решава кој е подготвен за Божјото царство, е всушност истражниот суд, завршното дело во небесното Светилиште. {ГБ 428.1}
Кога истражниот суд ќе заврши, кога ќе се испитаат и решат случаите на оние кои во сите векови тврделе дека се Христови следбеници, тогаш и никако порано, ќе биде завршено истражното дело и вратата на милоста ќе се затвори. Така во една кратка реченица: „И приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија“, ние сме пренесени преку завршната служба на Спасителот, до времето кога ќе биде довршено големото дело на спасението на човештвото. {ГБ 428.2}
Службата во земното Светилиште, како што видовме, е симбол на службата во небесното Светилиште. Таа служба во првото одделение на земното Светилиште завршувала тогаш кога Првосвештеникот, на Денот на помирување, влегувал во светињата над светињите. Бог заповедал: „Кога ќе влезе тој за да го очисти светилиштето, и сè додека не излезе, никој да нема во скинијата“ (Левит 16:17). Така Христос, кога влегол во светињата над светињите да го изврши последното дело на помирување, престанал со службата во првото одделение. Но, кога завршила службата во првото одделение, почнала службата во второто одделение. Во симболичката служба на Денот на помирувањето, кога првосвештеникот ќе го напуштел првото одделение на светињата, влегувал во второто одделение да ја принесе пред Бога крвта жртвувана за гревовите на сите Израелци кои навистина се покајале за своите гревови. Така Христос го заврши само првиот дел од Својата служба како наш посредник за да го почне вториот дел, сè уште оправдувајќи нè пред Отецот со Својата крв. {ГБ 428.3}
Овој предмет адвентистите не го сфатија во 1844. година. Бидејќи помина времето во кое Спасителот беше очекуван, тие и понатаму веруваа дека Неговото доаѓање е близу; сметаа дека за нив настапил критичниот миг и дека пред Бога е завршено Христовото посредување за човекот. Им изгледаше дека Библијата учи оти времето на милоста ќе заврши пред вистинското Господово доаѓање на небесните облаци. Претпоставуваа дека тоа произлегува од оние стихови во Светото Писмо што упатуваат на времето кога луѓето ќе бараат, ќе тропаат и ќе викаат пред вратата на милоста, но нема да им се отвори. Сега се прашуваа дали времето во кое го очекуваа Христовото доаѓање е само почеток на еден нов временски период што непосредно му претходи на Неговото доаѓање. Бидејќи ја објавија опомената за судот, сметаа дека ја извршиле својата должност кон светот и така им падна товарот од душа во врска со спасувањето на грешниците, а богохулното исмевање од страна на грешниците им изгледаше како уште еден доказ дека Божјиот Дух се повлекол од оние што ја отфрлија Божјата милост. Сето тоа ги зацврсти во уверувањето дека времето на милоста е завршено или, како што велеа, „вратата на милоста е затворена“. {ГБ 429.1}
Но, со истражувањето на прашањето во врска со Светилиштето се појави и поголема светлина. Сега увидоа дека имаа право кога веруваа оти крајот на пророчките 2300 вечери и утра во 1844. година означуваше важен и критичен момент. Па, иако е вистина дека вратата на надежта и милоста, низ која луѓето илјада и осумстотини години имале пристап кон Бога, се затвори – се отвори друга врата и на луѓето им е понудено проштевање на гревовите со Христовото посредување во светињата над светињите. Еден дел од Христовата служба е завршен, но само за да му направи место на друг. Сè уште постоеше една „отворена врата“ во небесното Светилиште каде што Христос се залага пред Отецот за спасение на грешниците. {ГБ 429.2}
Сега беше сфатено значењето на оние Христови зборови во Откровението што и се упатени на црквата токму во ова време: „Вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, никој не може да отвори: ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори“ (Откровение 3:7,8). {ГБ 430.1}
Сите кои со вера го следат Христа во големото дело на помирување, ќе ги примат благословите на посредувањето, додека оние кои ја отфрлаат светлината што е дадена во врска со Неговата служба, од неа нема да имаат никаква полза. Евреите кои ја отфрлиле дадената светлина при првото Христово доаѓање и одбиле да веруваат во Него како Спасител на светот, не можеле преку Него да добијат проштевање. По Своето вознесување, кога Исус влегол со Својата сопствена крв во Светилиштето, за да го излее врз Своите ученици благословот што произлегува од Неговото посредување, Евреите биле оставени во целосен мрак за и понатаму да продолжат со своите бескорисни жртви и приноси. Обредната служба во слики и симболи била завршена. Таа врата низ која луѓето порано имале пристап кон Бога не била веќе отворена. Евреите одбиле да Го бараат Господа на единствениот начин на којшто можеле да Го најдат тогаш, односно преку службата во небесното Светилиште. Затоа и не ја нашле врската со Бога. За нив вратата била затворена. Не Го запознале Христа како вистинска жртва и како единствен посредник пред Бога; затоа и не можеле да бидат учесници во благодетите на Неговото посредување. {ГБ 430.2}
Состојбата на неверните Евреи ја прикажува состојбата на многу безбожни и неверни меѓу таканаречените христијани, кои намерно не сакаат да знаат за службата на нашиот милостив Првосвештеник. Во симболичката служба, кога првосвештеникот влегувал во светињата над светињите, од сите Израелци се барало да се соберат околу Светилиштето, и на најсвечен начин да ги понизат своите души пред Господа за да добијат простување на гревот и да не бидат исклучени од собирот на верните. За нас е многу поважно на овој вистински Ден на помирување да ја сфатиме службата на нашиот Првосвештеник и да знаеме што ни е должност и што Тој очекува од нас. {ГБ 430.3} Луѓето не можат неказнето да ги отфрлаат опомените што им ги праќа Бог во Својата милост. Во времето на Ное небото на светот му испратило вест, и неговото спасение зависело од тоа како ќе се однесува кон таа вест. Но, бидејќи тие ја отфрлиле оваа опомена, Божјиот Дух се повлекол од тоа грешно поколение и тие изгинале во водите на потопот. Во времето на Аврам престанала милоста за грешните жители на Содом. Освен Лот, неговата жена и двете ќерки, сите други се уништени со оган што паднал од небото. Така било и во Христовите денови. Божјиот Син му рекол на тоа неверно поколение Евреи: „Ете, ви се остава пуст вашиот дом“ (Матеј 23:38). Гледајќи на последните денови, истата таа неизмерна Сила изјавила за оние што „не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“ (2. Солунјаните 2:10-12). Бидејќи го отфрлиле учењето на Неговото слово, Бог им го одзел својот Дух и ги препуштил на измамите што си ги сакаат. {ГБ 431.1}
Но, Христос сè уште посредува во корист на човекот, и светлината ќе им биде дадена на оние што ја бараат. Иако адвентистите во почеток ова не го разбраа, тоа подоцна им стана јасно, кога почнаа да ги сфаќаат стиховите во Писмото кои ја дефинирале нивната вистинска позиција. {ГБ 431.2}
По истекот на одреденото време во 1844. година, настапи време на голема неволја за оние што сè уште се придржуваа кон адвентната вера. Нивна единствена помош, што ги зацврсти во нивниот став, беше светлината која нивното внимание го насочи кон небесното Светилиште. Некои се откажаа од своето верување во поранешното сметање на пророчкиот временски период, и она моќно влијание на Светиот Дух, кој го придружуваше адвентното движење, и го припишуваа на некаква човечка или сатанска сила. Други непоколебливо веруваа дека Бог ги водеше во нивното минато искуство; и додека чекаа, бдееја и се молеа за да ја дознаат Божјата волја, видоа дека нивниот Првосвештеник го почнал вториот дел на службата и следејќи Го со вера, можеа да ја сфатат конечната задача на црквата. Сега јасно ја разбраа првата и втората ангелска вест и така беа подготвени да ја прифатат и да му ја објават на светот свечената опомена на третата ангелска вест од Откровението 14. глава. {ГБ 431.3}