16 Побожни патници

Сподели го ова:

Англиските реформатори, иако се откажале од римокатоличкото учење, сепак задржале многу негови облици. На тој начин Англиканската црква, иако го отфрлила авторитетот и религијата на Рим, сепак во своето богослужение внела многу негови обичаи и обреди. Се тврдело дека тие прашања не се прашања на совеста; бидејќи не се пропишани со Светото Писмо, па според тоа не се ниту битни; и бидејќи не се забранети, се мислело дека не се ниту штетни. Нивното одбележување наводно имало за цел да го намали јазот кој протестантските цркви ги одвојувал од Рим; и дека на тој начин римокатолиците полесно ќе ја прифатат протестантската вера. {ГБ 289.1}

За конзервативците и за оние што биле за компромис, овие докази изгледале логични. Но, постоеле и други, наречени пуританци, кои не мислеле така. Самиот факт дека овие обичаи „имале за цел да го премостат јазот помеѓу Рим и реформацијата“ (Martyn, volume 5, page 22), за нив претставувал доволна причина да не ги прифатат. Тие во нив виделе знак на ропство од кое се ослободиле и во кое никако не сакале да се вратат. Тврделе дека Бог во Своето слово ги одредил правилата кои се неопходни за богослужението, и дека луѓето не можат по своја волја нешто да додаваат или одземаат. Почетокот на големиот отпад во христијанството се состоел токму во настојувањето Божјиот авторитет да се замени со авторитетот на црквата. Рим почнал да го наредува она што Бог не го забранувал, и најпосле го забранувал она што Бог изрично го наредувал. {ГБ 289.2}

Мнозина искрено сакале да се вратат на чистотата и едноставноста на првата христијанска црква. Тие во многу обичаи на Англиканската црква виделе остатоци од идолопоклонството, и совеста не им дозволувала да присуствуваат на нејзиното богослужение. Но црквата, подржана од страна на цивилната власт, не дозволувала никакво отстапување од нејзините форми. Присуството на нејзините служби било побарано со закон, а недозволените верски состаноци биле забранети под закана на казна затвор, прогонство и смрт. {ГБ 290.1}

На почетокот на седумнаесеттиот век, кралот, кој штотуку седнал на англискиот престол, изјавил дека пуританците ќе ги присили „или да се усогласат… или ќе ги протера од земјата, а можеби ќе ги стигне и поголемо зло” (George Bancroft, History of the United States of America, pt. 1, ch. 12, par. 6). Гонети, протерани, затворани; не гледајќи дека нешто подобро ги чека во иднина, мнозина дошле до убедување дека за оние што сакаат да Му служат на Бога според својата совест „Англија повеќе не е место за живеење“ (J. G. Palfrey, History of New England, ch. 3, par. 43). Некои најпосле одлучиле да побараат засолниште во Холандија. Тие доживеале големи тешкотии, загуби, биле предавани во рацете на непријателот и затворани. Но, нивната цврста истрајност била крунисана со успех, и тие најпосле нашле засолниште на гостољубивите брегови на Холандската република. {ГБ 290.2}

При своето бегство тие ги напуштиле своите куќи, своите имоти и сите средства за живот. Како странци во туѓа земја, меѓу народ со различен јазик и обичаи, тие биле принудени да прифаќаат нови занимања, за да го заработат својот леб. Средовечните луѓе, кои својот живот го поминале во обработување на земјата, сега требало да научат некој занает. Но тие со радост ја прифатиле новата ситуација, не губејќи време во безделничење и негодување. И покрај тоа што често трпеле сиромаштија, сепак му благодареле на Бога за благословите што им ги давал и се радувале што непречено и во мир можеле да ја одржуваат својата духовна заедница со Бога. „Знаеле дека се патници, и не се вознемирувале поради тоа, туку ги подигале очите кон небото, својата најмила татковина, и со тоа се тешеле” (Bancroft, pt. 1, ch. 12, par. 15). {ГБ 290.3}

Прогонството и тешкотиите ја зајакнале нивната љубов и вера. Тие верувале во Божјите ветувања и Тој не ги заборавил во време на потреба. Неговите ангели биле покрај нив да ги храбрат и да им помагаат. А кога Божјата рака им ја покажала земјата преку морето, каде можеле да основаат своја држава, и да им остават на своите деца драгоцено наследство на верска слобода, без двоумење тргнале напред по патот на Провидението. {ГБ 291.1}

Бог дозволил врз Неговиот народ да дојдат искушенија, за да ги подготви за остварување на Своите милосрдни намери кон нив. Црквата била понижена за да може потоа да се издигне. Бог бил готов да ја открие Својата моќ, за да му даде на светот уште еден доказ дека Тој нема да ги остави оние кои веруваат во Него. Тој така управувал со настаните што сатанскиот гнев и нападите на злите луѓе само ја издигнале Неговата слава, а Неговиот народ го довеле на сигурно место. Прогонот и изгнанствата го отварале патот на слободата. {ГБ 291.2}

Кога првпат биле принудени да се одвојат од Англиканската црква, пуританците меѓусебно свечено се заветувале дека, како слободен Божји народ, „сложно ќе одат по сите Негови патишта што им ги открил Бог или ќе им ги открие во иднина” (J. Brown, The Pilgrim Fathers, page 74). Тоа бил вистинскиот дух на реформата, животен принцип на протестантизмот. Со таква цел, сите овие побожни луѓе ја напуштиле Холандија за да побараат во Новиот свет, нов дом. Џон Робинсон, нивниот проповедник, кого Провидението го спречило да тргне со нив, во својот проштален говор им рекол: {ГБ 291.3}

„Браќа, ние сега ќе се разделиме, и само Бог знае дали некогаш ќе доживеам да ги видам вашите лица. Но, било да се видиме во овој живот или не, јас ве заколнувам пред Бога и Неговите свети ангели, да не ви бидам јас поголем пример отколку мене што ми беше Христос. Ако Бог преку некое друго орудие ви открие нешто друго, бидете подготвени тоа да го примите исто така како што ја примивте вистината преку мојата служба; длабоко сум убеден дека Господ има уште вистини и светлини што треба да заблескаат од Неговото свето слово” (Martyn, vol. 5, p. 70). {ГБ 291.4}

„Што се однесува до мене, јас не можам да престанам да ја оплакувам состојбата на протестантските цркви, кои достигнале одреден степен на религиозен развој и не сакаат да одат подалеку од основачите на реформацијата. Лутераните не сакаат да одат подалеку од Лутер… И калвинистите, како што гледате, стојат таму каде што ги оставил големиот Божји човек кој, сепак, не ја знаел полнотата на вистината. Тоа е несреќа која не може доволно да се оплаче; зошто, иако овие луѓе во своето време претставувале запалени и сјајни светилки, сепак тие не ги запознале сите Божји совети; но, кога денес би живееле, тие би биле спремни да примат нова светлина, исто така како и тогаш кога ја примиле првата” (D. Neal, History of the Puritans, vol. 1, p. 269.) {ГБ 292.1}

„Сетете се на вашиот завет во црквата, со кој се согласивте дека ќе одите по сите Господови патишта кои ви се откриени или ќе ви бидат откриени. Сетете се на своето ветување и на заветот со Бога и на меѓусебниот завет, дека ќе ја примите секоја светлина и секоја вистина што ќе ви биде откриена од Неговиот пишан збор. Но, јас ве молам, внимавајте што ќе прифатите како вистина, споредете го и измерете го со други стихови на вистината, зашто не е можно христијанскиот свет, кој штотуку излезе од толку густа антихристијанска темнина, одеднаш да дојде до целосната светлина” (Martyn, vol. 5, pp. 70, 71). {ГБ 292.2}

Копнежот за слобода на совеста, ги одушевил овие побожни патници храбро да ги поднесат опасностите на долгиот пат преку морето, да ги издржат тешкотиите и опасностите на дивината и со Божји благослов на бреговите на Америка да ги положат темелите на една моќна нација. Но, иако биле чесни и богобојазливи, пилиграмците не го сфатиле во потполност големото начело на верската слобода. Не биле подготвени слободата, за која самите поднеле толку жртви, да им ја дадат и на другите. „Малкумина од нив, дури и меѓу најславните мислители и моралисти на седумнаесеттиот век имале правилни поими за она големо начело земено од Новиот завет, кое Бога го признава како единствен Судија на човечкото верување” (Исто, vol. 5, p. 297). Учењето дека Бог ѝ дал на црквата право да владее над совеста и да одредува што е кривоверство и да го казнува е една од најголемите папски заблуди која многу длабоко е вкоренета. Овие реформатори, иако ја отфрлиле римската вера, сепак не се ослободиле наполно од неговиот дух на нетолеранција. Густата темнина со која папството, во текот на повеќевековната доминација, го обвиткала христијанството, сѐ уште не била наполно растерана. Еден од главните проповедници на колонијата Масачусетс Беј, рекол: „Толеранцијата направила светот да стане антихристијански; и црквата никогаш не направила зло казнувајќи ги еретиците” (Исто, vol. 5, p. 335). Колонистите го прифатиле законот според кој само членовите на црквата имаат право да гласаат во органите на државната власт. Беше основан еден вид на државна црква, и од сите се барало да придонесат за издржување на свештенството, а градските власти биле овластени да ја потиснат ереста. Така световната власт била во рацете на црквата. Таквите мерки наскоро довеле до неизбежни последици – до прогонство. {ГБ 292.3}

Единаесет години по основањето на првата колонија, во Новиот свет дошол Роџер Вилијамс. Како и првите доселеници и тој дошол да ужива во верската слобода; но, за разлика од нив, тој сфатил – што го сфатиле мал број луѓе на неговото време – дека слободата е неотуѓиво право на сите луѓе, без оглед на нивната религија. Тој бил искрен истражувач на вистината и верувал, како и Робинсон, дека не е можно веќе да е откриена сета светлина од Божјото слово. Вилијамс бил „првиот во христијанството на поновото време, кој учел дека граѓанската власт треба да се заснова на слободата на совеста и рамноправноста на сите верувања пред законот” (Bancroft, pt. 1, ch. 15, par. 16). Изјавил дека должност на судовите и власта  е да го казнува криминалот, но не да владее над совеста. „Општеството или властите,” рекол тој, „можат да одлучат како луѓето треба да се однесуваат едни кон други, но кога се обидуваат да ја пропишат должноста на човекот кон Бога, тогаш прават нешто што не е нивно право, и човекот не може со сигурност да се потпре врз нив. Јасно е – кога власта би имала такво право, тогаш таа би можела денес да го пропишува ова, а утре она мислење или верување, како што го правеле тоа во Англија разни кралеви и кралици, а во Римската црква разни папи и концили, и како резултат на тоа ќе се појави голема конфузија во прашањата на верата” (Martyn, vol. 5, p. 340). {ГБ 293.1}

Присуствувањето на богослуженијата во државната црква се барало под закана на парична казна или затвор. „Вилијамс ја осудувал примената на овој закон; една од најлошите одредби во англиското право беше таа со која присуството на богослуженијата во парохалната црква се наметнува со примена на сила. Да се присилуваат луѓето да се соединат со оние кои поинаку веруваат, го сметал за отворено  и директно кршење на нивните природни права; со сила да се влечат неверните и рамнодушните на јавното богослужение, значи да се бара од луѓето лицемерство… „Никој не смее”, додал тој, „против негова волја да се присилува да присуствува на богослужението или пак финансиски да го потпомага”. „Што!” Извикале неговите противници, запрепастени од неговите ставови, „дали работникот не е достоен за својата плата?” „Да”, одговорил Вилијамс, „но од оние што го ангажирале” (Bancroft, pt. 1, ch. 15, par. 2). {ГБ 294.1}

Роџер Вилијамс, како верен проповедник, човек со ретки способности, непоколеблива чесност и искрена добрина, бил почитуван и сакан; сепак, неговото непоколебливо негирање на правата на граѓанската власт да управува со црквата и неговата непоколебливост во барањето за верска слобода, не можеле да бидат толерирани. Примената на ова ново учење, велеле неговите противници, ќе го „поткопа темелот на владата на оваа земја” (Исто, pt. 1, ch. 15, par. 10). Тој бил осуден на протерување од колонијата; и конечно, за да го избегне апсењето, бил принуден среде зима и по најлоша вејавица, да побегне во густа шума. {ГБ 294.2}

„Четиринаесет седмици”, кажува тој, „се пробивав по најлошо време, не знаејќи ниту за леб, ниту за постела. Но гавраните ме хранеа во пустината, а едно шупливо дрво често ми служеше како засолниште” (Martyn, vol. 5, pp. 349, 350). Така го продолжувал своето мачно бегство низ снегот и беспатната шума, сè додека не нашол засолниште кај едно индијанско племе, чија љубов и доверба ја стекнал трудејќи се да ги запознае со вистините на евангелието. {ГБ 294.3}

По повеќемесечно талкање, конечно стигнал до брегот на Нарагансетскиот залив, каде ги поставил темелите на првата држава на модерното време, која во целост го признавала правото на верска слобода. Основен принцип на колонијата на Роџер Вилијамс беше следниот: „Секој има слобода да му служи на Бога според диктатот на својата совест” (Исто, vol. 5, p. 354). Неговата мала држава, Род Ајленд, станала прибежиште за сите оние кои биле прогонувани, растела и напредувала сѐ додека нејзините основни принципи – граѓанска и верска слобода – не станале камен темелник на американската република. {ГБ 295.1}

     Во овој голем стар документ, кој овие луѓе го прогласиле за устав на своите права –  Декларација на независноста – тие изјавиле: „Ние сметаме дека овие вистини сами по себе се разбирливи; дека сите луѓе се создадени еднакви, дека Творецот им дал извесни неотуѓиви права во кои го вбројуваме правото на живот, слобода и среќа”. Уставот со најјасни зборови ја гарантира неповредливоста на совеста: „Никаков верски услов не смее да се бара како квалификација за вршење на каква било јавна доверлива служба во Соединетите Држави“. „Конгресот не може да донесе никаков закон со кој ќе воведе каква било државна религија или пак да го забрани слободното исповедање на некоја религија”. {ГБ 295.2}

„Творците на Уставот го признале вечниот принцип дека односот на човекот кон неговиот Бог не е предмет на човечки закони и дека неговото право на слобода на совеста е неповредливо. За докажување на оваа вистина не е потребно да се наведуваат причини; за неа сме свесни во длабината на нашата душа. Свеста за ова, наспроти човечките закони, им помогнала на многу маченици да ги издржат маките и пламенот на кладите”. Чувствувале дека нивната должност кон Бога е над човечките наредби и дека човекот нема право да господари над нивната совест. Тоа е начело што секој го носи во себе и ништо не може да го искорени (Congressional documents (U.S.A.), serial No. 200, document No. 271). {ГБ 295.3}

Кога во Европа се прочула веста дека постои една земја во која секој може да ги ужива плодовите на својата работа и да живее според уверувањето на сопствената совест, илјадници луѓе се упатиле кон брегот на Новиот свет. Колониите бргу се множеле. „Со посебен закон колонијата Масачусетс понудила азил и бесплатна помош на христијаните од било која националност кои го минувале океанот за да ги избегнат војните, гладот или угнетувањето од своите прогонители. Така, според законот, овие бегалци и изгнаници станале гости на државата” (Martyn, vol. 5, p. 417). Во текот на дваесет години, од првото истоварување во Плимаут, илјадници нови доселеници се населиле во Нова Англија. {ГБ 296.1}

Поради саканата слобода, „овие доселеници биле согласни да водат скромен и напорен живот за да ги обезбедат потребните средства за живот. Од земјата очекувале само најскромна награда за вложениот труд. Не дозволиле да се прелажат со никакви златни изгледи за иднината… Биле задоволни со постепен, но постојан напредок на својата општествена заедница. Трпеливо ја поднесувале скудноста на пустината, залевајќи го со солзи и со пот на челото дрвото на слободата, сè додека своите корени не ги пуштило длабоко во земјата”. {ГБ 296.2}

Сподели го ова:

Слични објави