29 Потеклото на злото
За мнозина потеклото на гревот и причината за неговото постоење претставуваат извор на голема збунетост. Тие го гледаат дејството на злото со неговите страшни последици на јад и пустошење, и се прашуваат како сето тоа може да постои под владеењето на Оној кој е бесконечен во Својата мудрост, сила и љубов. Тоа е тајна за која тие не наоѓаат објаснување. И во својата несигурност и сомнеж, тие остануваат слепи за вистините кои се толку важни за спасението и кои се толку јасно откриени во Божјото слово. Има и такви кои сакаат да ја знаат причината за постоењето на гревот и се обидуваат да проникнат во она што Бог никогаш не го открил и затоа не можат да најдат решение за своите тешкотии; и така бидејќи природно се наклонети кон сомневање и кон критикување тоа го земаат како изговор за отфрлање на Светото Писмо. Други, пак, не можат да најдат решение за овој голем проблем на злото затоа што преданијата и погрешните толкувања на Библијата го направиле нејзиното учење за Божјиот карактер, за природата на Неговото владеење и за начелата на Неговото постапување со гревот сосема неразбирливо. {ГБ 492.1}
Не е можно да се даде такво објаснување за потеклото на гревот со кое би можело да се оправда неговото постоење. Сепак, доволно можеме да сфатиме за потеклото и за конечната судбина на гревот за да ни биде јасна Божјата правда и добрина во врска со Неговото постапување со злото. Светото Писмо јасно учи дека Бог во никој случај не е одговорен за појавата на гревот, и дека никакво самоволно скусување на божествената милост ниту каква и да е несовршеност во Божјото владеење не дале повод за создавање на бунт. Гревот е натрапник за чиешто постоење не може да се најде причина. Тој е таинствен, необјаснив; да се оправда гревот би значело тој да се брани. Кога за него би можело да се најде оправдување или причина за неговото постоење, тогаш тој би престанал да биде грев. Наша единствена дефиниција за гревот е онаа што е дадена во Божјото слово: Гревот е „престап на Законот“; тој е олицетворение на начелата што се во спротивност со големиот Закон на љубовта врз кој се темели Божјото владеење. {ГБ 492.2}
Пред да се појави злото, во целата вселена владееле мир и радост. Сè било во совршена хармонија со волјата на Творецот. Љубовта кон Бога била над сè, а меѓусебната љубов непристрасна. Христос, Словото, единствениот роден од Бога, бил едно со вечниот Отец – едно во природата, во карактерот и во намерите – единствено суштество во целата вселена кое можело да навлезе во сите Божји совети и намери. Отецот преку Христа ги создал сите небесни суштества. „Бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено“ (Колосјаните 1:16). И на Христа, како и на Отецот, цело небо му укажувало преданост. {ГБ 493.1}
Бидејќи Законот на љубовта е темел на Божјото владеење, среќата на сите создадени суштества зависела од нивната целосна хармонија со неговите големи начела на правдата. Бог посакува од сите Свои созданија служба од љубов, почит што произлегува од правилното сфаќање на Неговиот карактер. Тој не сака изнудена верност и затоа на сите суштества им дава слободна волја за да можат доброволно да Му служат. {ГБ 493.2}
Но, се нашол еден кој решил да ја злоупотреби оваа слобода. Гревот се појавил во оној кој, покрај Христа, бил најмногу почитуван од Бога и кој меѓу небесните жители бил највисок во моќта и славата. Пред неговиот пад, Луцифер бил првиот херувим засолнувач, свет и неизвалкан. „Вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината… Ти беше помазан херувим – заштитник, и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сè додека не се најде во тебе беззаконие” (Езекиел 28:12-15). {ГБ 493.3}
Луцифер можел да ја сочува Божјата наклоност, можел да биде сакан и почитуван од сета небесна војска, употребувајќи ги сите свои благородни особини на благослов на другите и на прослава на својот Творец. Но, пророкот вели: „Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја“ (Езекиел 28:17). Малку по малку, Луцифер дозволил кај него да се развие склоност кон самоизвишување. „Бидејќи го изедначуваш твојот ум со умот на Бога“ (Езекиел 28:6). „А во срцето свое си велеше: ’Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам рамен на Севишниот‘“ (Исаија 14:13,14). Наместо да се стреми над сè да го издигне Бога во мислите и во срцата на Божјите созданија, Луцифер настојувал нивната служба и почит да ги придобие за себе. И бидејќи копнеел по честа која вечниот Отец му ја дал на својот Син, овој кнез на ангелите се стремел кон власт на која имал право само Христос. {ГБ 494.1}
Целото небо се радувало што ја одразувало славата на Творецот, и во тоа што Му оддава благодарност и чест Нему. И додека Бог бил почитуван на овој начин, сите уживале мир и радост. Но, небесната хармонија ја нарушил еден нехармоничен тон. Возвишувањето и службата на самиот себеси, што е во спротивност со планот на Творецот, разбудиле мрачни претчувства кај оние на кои прославувањето на Бога им било највисока должност. Небесниот совет расправал со Луцифер. Божјиот Син му укажувал на големината, на добрината и праведноста на Творецот и на светата и непроменлива природа на Неговиот закон. Самиот Бог го воспоставил поредокот на небото, со отстапувањето од тој поредок Луцифер би го обесчестил својот Творец и самиот себеси би се урнал во пропаст. Но предупредувањето, дадено единствено од неизмерна љубов и милост, само предизвикало дух на противење. Луцифер дозволил со него да завладее завист кон Христа и станувал сè поупорен. {ГБ 494.2}
Гордоста поради сопствената слава ја хранела желбата за превласт. Високите почести што му биле укажувани на Луцифер тој не ги ценел како Божји дар и тие кај него не разбудиле благодарност кон Творецот. Тој се фалел со својата слава и со возвишената положба и настојувал да се изедначи со Бога. Небесните чети го сакале и го почитувале. Ангелите се радувале што можеле да ги извршуваат неговите наредби, а тој повеќе од сите бил надарен со мудрост и слава. Сепак, Божјиот Син бил признат како суверен владетел на небото, во силата и власта еднаков со Отецот. Христос учествувал во сите советувања со Отецот, а на Луцифер не му било дозволено да биде упатен во сите Божји намери. „Зошто“, се прашувал овој силен ангел, „Христос да има највисока власт? Зошто да биде почитуван повеќе од Луцифер?” {ГБ 495.1}
Напуштајќи го своето место во непосредна Божја близина, Луцифер отишол меѓу ангелите да сее дух на незадоволство. Вршејќи ја својата работа потајно и криејќи ги своите вистински намери под плашт на стравопочит кон Бога, се трудел да предизвика незадоволство во врска со законите кои управуваат со небесните суштества. Тврдел дека тие се непотребно ограничување. Сатаната докажувал дека ангелите, бидејќи по природа се свети, треба да го слушаат гласот на својата сопствена волја. Настојувал кај нив да предизвика сожалување, прикажувајќи дека Бог неправедно постапувал со него со тоа што на Христа му укажал највисока чест. Тврдел дека, барајќи поголема власт и чест, не оди кон тоа да се издигне самиот себе, туку сака да им обезбеди слобода на сите небесни жители, да можат со тоа да постигнат повисок животен степен. {ГБ 495.2}
Бог во Својата голема милост бил долго трпелив кон Луцифер. Не го отстранил веднаш од неговата висока положба кога почнал да предизвикува дух на незадоволство, па дури ни тогаш кога почнал да ги шири своите бунтовни барања меѓу верните ангели. Долго му било дозволено да остане на небото. Често му било нудено проштевање под услов да се покае и да биде покорен. Вложени се такви напори какви што можела да замисли само неизмерната љубов и мудрост за да го одврати од неговите заблуди. Никогаш до тогаш на небото не се знаело за незадоволство. Ни самиот Луцифер од почеток не знаел каде го водат неговите мисли; тој не ја сфатил вистинската природа на своите чувства. Но, кога било докажано дека неговото незадоволство е неоправдано, се осведочил дека не бил во право, дека божествените барања се праведни и дека пред целото небо треба да ги признае како такви. Кога би постапил така, би се спасил не само себеси, туку и многу ангели. Во тоа време сѐ уште не ја напуштил целосно својата послушност кон Бога. Иако ја изгубил својата положба како херувим засолнувач, кога би се согласил да се врати кај Бога, признавајќи ја мудроста на Творецот и задоволувајќи се да го заземе местото што му било одредено во големиот Божји план, би можел повторно да биде вратен во својата служба. Но гордоста не му дозволила да се покори. Упорно ги бранел своите постапки, тврдејќи дека не му е потребно покајание и отворено стапил во голема борба против својот Творец. {ГБ 495.3}
Ги употребил сите сили на својот мајсторски ум со измама да ги придобие симпатиите на ангелите што биле под негово заповедништво. Дури и фактот што Христос го опоменал и го советувал, тој го изопачил и го ставил во служба на своите предавнички намери. На оние кои најмногу го сакале им се жалел дека е неправедно осуден, дека неговата положба не се цени и дека се работи на тоа да му се ограничи слободата. Од извртување на Христовите зборови, поминал да ја искривува вистината и отворено да шири лаги, обвинувајќи го Божјиот Син дека сака да го понижи пред небесните жители. Исто така се обидувал лажно да ги обвини ангелите кои му останале верни на Бога. Сите што не можел да ги заведе и да ги придобие на своја страна ги обвинил дека се рамнодушни кон интересите на небесните суштества. Токму за делата што самиот ги правел ги обвинувал оние што му останале верни на Бога. За да ги поткрепи своите обвинувања дека Бог е неправеден кон него, лажно ги претставувал зборовите и делата на Творецот. Негова цел била да ги збуни ангелите со вешто извртување на Божјите намери. Сè што било едноставно го обвил во таинственост, а со вешто искривување на фактите предизвикал сомневање кон најјасните Господови изјави. Неговата висока положба, толку тесно поврзана со божественото владеење, му помогнала при неговото претставување и многу ангели биле заведени да му се придружат во бунтот против небесниот авторитет. {ГБ 496.1}
Бог во Својата мудрост му дозволил на сатаната да го продолжи своето дело, сè додека духот на незадоволство не созрее во отворен бунт. Неговите планови требало целосно да се откријат за да можат сите да ја согледаат нивната вистинска природа и стремеж. Луцифер, како помазан херувим, бил мошне возвишен; небесните суштества многу го сакале и тој имал големо влијание врз нив. Божјото владеење ги опфаќало не само небесните жители, туку и сите други светови што ги создал. Сатаната мислел, ако може да ги вовлече небесните ангели во бунт, тогаш истото ќе може да го стори и со жителите на другите светови. Со голема вештина им го објаснил својот став и употребил лукавство и лага за да ја постигне својата цел. Неговата измамничка сила била мошне голема, а наметнувајќи се со наметка на лага, тој стекнал предност. Дури ни верните ангели не можеле наполно да проникнат во неговиот карактер и да видат каде ги води неговото дело. {ГБ 497.1}
Сатаната бил толку високо ценет, а сите негови постапки обвиени во таква таинственост, што на ангелите им било тешко да ја откријат вистинската природа на неговата активност. Сè додека не се развил потполно, гревот не можел да изгледа толку опасен каков што всушност бил. Сè дотогаш гревот немал место во Божјата вселена и светите суштества не знаеле ништо за неговата природа и штетност. Тие не можеле да ги сфатат страшните последици кои ќе произлезат со отстранувањето на Божјиот закон. Сатаната од самиот почеток ги прикривал своите намери привидно исповедајќи преданост и верност кон Бога. Тврдел дека сака да ја извиши Божјата чест, да ја утврди стабилноста на Неговото царство и да ја унапреди благосостојбата на сите небесни жители. Предизвикувајќи незадоволство кај ангелите што му биле потчинети, знаел мошне вешто да се претвора како да сака да го отстрани тоа незадоволство. Кога барал да се извршат промени во Законот и во системот на Божјото владеење, тоа го правел под изговор дека тие се неопходни за да се сочува хармонијата на небото. {ГБ 497.2}
Во постапувањето со гревот, Бог можел да се послужи само со правдата и вистината. Сатаната можел да го користи она што Бог не можел – ласкање и измама. Тој се обидувал да го фалсификува Божјото слово, а планот на Божјото владеење погрешно им го претставувал на ангелите тврдејќи дека Бог не е праведен, зашто на небесните жители им поставува закони и прописи и сака самиот Себе да се извиши барајќи од нив покорност и послушност. Затоа пред небесните жители, како и пред сите светови, морало да се докаже дека Божјото владеење е праведно и Неговиот закон совршен. Сатаната создал впечаток дека тој се залага за доброто и среќата на целата вселена. Било потребно сите да го разберат вистинскиот карактер на овој узурпатор и неговата вистинска намера. На сатаната морало да му биде дадено време со своите зли дела самиот да се разоткрие. {ГБ 498.1}
Раздорот што го предизвикал на небото, сатаната му го припишувал на Законот и на Божјото владеење. Објавил дека сето зло е само последица на божественото владеење. Тврдел дека негова цел е да ги усоврши Божјите уредби. Затоа Бог дозволил тој да ја покаже вистинската природа на своите барања и на дело да ги покаже предложените промени во Божјиот закон. Неговото сопствено дело морало да го осуди. Сатаната од почеток тврдел дека тој не е бунтовник. Затоа требало целата вселена да види дека измамникот е разобличен. {ГБ 498.2}
Дури и кога било одлучено дека повеќе не може да остане на небото, неизмерната Божја мудрост не го уништила. Бидејќи Бог може да прифати само служба од љубов, верноста на Неговите созданија мора да се темели на непоколебливото убедување во Неговата праведност и добронамерност. Жителите на небото и на другите светови, бидејќи не биле подготвени да ја сфатат природата и последиците од гревот, не би можеле да ја разберат правдата и Божјата милост кога сатаната би бил уништен. Кога веднаш би бил уништен, тие на Бога би му служеле повеќе од страв отколку од љубов. Влијанието на измамникот не би било целосно уништено, ниту пак духот на бунтот би бил потполно искоренет. На злото морало да му се дозволи да созрее. За доброто на целата вселена во сите времиња било потребно сатаната поцелосно да ги развие своите начела, за да можат сите созданија да ги видат во вистинска светлина неговите обвинувања против Божјото владеење со цел правдата, Божјата милост и непроменливоста на Божјиот закон засекогаш да останат надвор од секое сомневање. {ГБ 498.3}
Бунтот на сатаната требало да биде поука за целата вселена во сите времиња и вечно сведоштво за природата и за страшните последици на гревот. Начелата на сатаната и нивното влијание врз луѓето и врз ангелите требало да покажат какви се плодовите на отстранувањето на божествениот авторитет и да посведочат дека со постоењето на божественото владеење и со Неговиот закон е поврзана благосостојбата на сите суштества што Бог ги создал. Така историјата на овој страшен бунт требало да биде постојана заштита за сите свети суштества, да ги сочува од погрешно сфаќање за тоа што значи престапот и да ги заштити од гревот и од неговата казна. {ГБ 499.1}
Сè до крајот на бунтот на небото, големиот узурпатор постојано се оправдувал. Кога било објавено дека со сите свои приврзаници мора да биде протеран од местата на блаженството, тогаш водачот на бунтот отворено го покажал својот презир кон Законот на Творецот. Постојано повторувал дека на ангелите не им е потребна никаква контрола, туку треба да бидат водени од сопствената волја која секогаш ќе ги поттикне да прават добро. Ги критикувал божествените закони како некое ограничување на нивната слобода и изјавил дека негова намера е да го укине Законот, за небесната војска, ослободена од овој јарем, да може да постигне повозвишена и пославна положба. {ГБ 499.2}
Еднодушно сатаната и неговите чети сета одговорност за својот бунт ја префрлиле врз Христа, тврдејќи дека никогаш не би се побуниле кога не би биле укорени. Така упорни и пркосни во своето неверство и напразно обидувајќи се да го соборат Божјото владеење, а сепак богохулно претставувајќи се како невини жртви на некаква насилничка власт, архибунтовникот и сите негови приврзаници најпосле биле истерани од небото. {ГБ 500.1}
Истиот дух кој поттикнал бунт на небото, сè уште предизвикува бунт на земјата. Сатаната продолжил кај луѓето да ја спроведува истата политика како и кај ангелите. Неговиот дух сега владее во децата на непослушноста. Како тој, така и тие, се обидуваат да ги урнат ограничувањата на Божјиот закон и на луѓето им ветуваат слобода преку престап на Неговите прописи. Укорувањето на гревот сè уште предизвикува дух на омраза и отпор. Кога Божјите опомени влијаат врз совеста на луѓето, сатаната ги наведува луѓето да се оправдуваат и за своите грешни постапки да бараат разбирање и оправдување од другите. Наместо да ги поправат своите грешки, тие пројавуваат огорченост кон оној што ги укорува, како тој да е единствената причина за нивните тешкотии. Од деновите на праведниот Авел, па сè до денешно време, ваквиот дух не престанал да се покажува против оние кои се осмелуваат да го укорат и осудат гревот. {ГБ 500.2}
Постапувајќи на ист начин како и на небото, прикажувајќи го Бога како строг и суров тиранин, така и на земјата сатаната ги навел луѓето на грев. И, откако успеал во тоа, изјавил дека Божјите неправедни ограничувања довеле до пад на човекот, како што довеле до негова побуна. {ГБ 500.3}
Но Вечниот самиот го објавил Својот карактер: „Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многу милостив и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети” (Излез 34:6,7). {ГБ 500.4}
Протерувајќи го сатаната од небото, Бог ја покажал Својата правда и ја сочувал честа на Својот престол. Но, кога човекот згрешил, заведен со измамите на овој отпаднат дух, Бог Својата љубов ја покажал со тоа што дозволил Неговиот единороден Син да умре за паднатиот човечки род. Во помирувањето е откриен Божјиот карактер. Крстот е силен доказ за целата вселена дека кобниот пат на гревот по кој тргнал Луцифер, во никој случај не може да му се припише на Божјото владеење. {ГБ 501.5}
Во борбата меѓу Христа и сатаната, за време на земната служба на Спасителот, карактерот на големиот измамник потполно е демаскиран. Ништо не можело во толкава мера да го одвои сатаната од љубовта на небесните ангели и од целата верна вселена како неговата свирепа борба против Откупителот на светот. Дрското хулење со кое сатаната се осмелил да бара Христос да му се поклони, неговата сурова смелост со која го однел на високата гора и на врвот на храмот, убиствената намера што се видела во поттикнувањето да скокне од огромната височина, неговата неуморна злоба што го прогонувала од место до место и ги поттикнувала срцата на народот и на свештениците да ја отфрлат Неговата љубов и најпосле да викаат: „Распни Го, распни Го!“ – сето тоа предизвикало чудење и револт кај целата вселена. {ГБ 501.1}
Сатаната го навел светот да го отфрли Христа. Кнезот на злото ја употребил сета своја моќ и лукавство да го уништи Исуса, зашто видел дека љубовта и милоста на Спасителот, Неговото сожалување и нежност, на светот му го откриваат Божјиот карактер. Сатаната на Божјиот Син му го оспорувал секое право и користејќи ги луѓето како свои орудија Му го загорчувал животот со неволји и со грижи. Лукавствата и лагите со кои се обидувал да го спречи Исусовото дело, омразата што ја покажал преку синовите на непослушноста, неговите страшни обвинувања против Оној чијшто живот бил беспримерна служба на добрина – сето тоа потекнувало од неговиот длабоко вкоренет стремеж за одмазда. Прикриениот пламен на завист и злоба против Божјиот Син, огнот на сатанската омраза и освета се разгорел во сета своја жестина на Голгота, додека целото небо во нема запрепастеност ја посматрало оваа сцена. {ГБ 501.2}
Откако ја принел големата жртва, Христос се вознел на небото, но не сакал да прими обожавање од ангелите додека не го изнел Своето барање: „Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас“ (Јован 17:4). Тогаш од Божјиот престол со неизмерна љубов и сила дошол одговор: „Нека Му се поклонат сите ангели Божји“ (Евреите 1:6). На Исуса не се нашла никаква дамка. Неговото понижување завршило, Неговата жртва била целосна, и затоа Му е дадено име кое е над секое име. {ГБ 501.3}
Сега за вината на сатаната нема оправдување. Тој го открил својот вистински карактер на измамник и убиец. Било јасно дека истиот дух, со кој владеел над синовите човечки, кои биле под негова власт, би се открил и на небото кога би му било дозволено да владее над неговите жители. Тврдел дека престапот на Божјиот закон ќе донесе слобода и напредок, а наместо тоа, донел ропство и понижување. {ГБ 502.1}
Лажните обвинувања на сатаната против Божјиот карактер и Неговото владеење се покажале во вистинско светло. Тој го обвинил Бога дека барајќи од сите Свои созданија покорност и послушност, се стреми да се издигне самиот Себеси и изјавил дека Творецот, присилувајќи ги сите други на самооткажување, Самиот не покажува самооткажување ниту пак поднесува било каква жртва. Сега се видело дека за спасението на паднатиот и грешен човек Владетелот на вселената дал најголема жртва што може да ја даде само љубовта; „Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос“ (2. Коринтјаните 5:19). Исто така се гледало и тоа дека Луцифер, стремејќи се кон чест и превласт, му ја отворил вратата на гревот, а Христос, за да го уништи гревот, се понизил и станал послушен сè до смрт. {ГБ 502.2}
Бог јасно ја покажал Својата одвратност кон начелата на бунтот. Целото небо ја видело Неговата правда, како во осудата на сатаната, така и во откупувањето на човекот. Луцифер изјавил дека доколку Божјиот закон е непроменлив и неговата казна неизбежна, тогаш секој престапник мора засекогаш да биде лишен од Божјата наклоност. Тврдел дека грешниот човечки род со својот престап се ставил надвор од дофатот на откупот и дека затоа претставува негов законски плен. Но Христовата смрт претставува несоборлив аргумент во корист на човекот. Казната утврдена со законот паднала врз Оној кој бил еднаков со Бога, а човекот сега можел да ја прифати Христовата праведност и со покајание и понизен живот да го победи сатаната, како што го победил и Божјиот Син. Така Бог е праведен и ги оправдува сите што веруваат во Исуса. {ГБ 502.3}
Но Христос не дошол на оваа Земја да страда и да умре само за да го спаси човекот. Тој дошол „да го возвеличи и прослави Законот Свој“. Дошол не само жителите на овој свет да го почитуваат Законот како што треба, туку и на сите светови да им покаже дека Божјиот закон е непроменлив. Кога Законот би можел да се укине, тогаш Божјиот Син не би морал да го жртвува својот живот страдајќи токму поради престапот на тој Закон. Христовата смрт е доказ за непроменливоста на Законот; жртвата што ја принела бесконечната љубов на Отецот и Синот за грешниците да можат да бидат спасени – што единствено со ваквиот план можело да се постигне – на целата вселена и покажува дека правдата и милоста се темел на Божјиот закон и на Божјото владеење. {ГБ 503.1}
Кога ќе се донесе конечната пресуда, ќе се види дека за гревот не постоела причина. Кога Судијата на сета Земја ќе го праша сатаната: „Зошто се дигна против Мене и Ми ги одземаше следбениците на Моето царство?“, зачетникот на гревот не ќе може да даде никаков изговор. Сите усти ќе бидат затворени, а сите оние кои го поддржуваат бунтот ќе останат без зборови. {ГБ 503.2}
Крстот на Голгота, додека го прогласува законот за непроменлив, на целата вселена и објавува дека платата за гревот е смрт. Во последниот извик на Спасителот: „Се сврши!“, на сатаната му одѕвонило претсмртното ѕвоно. Тогаш големата борба што траела толку долго била решена и конечно е осигурено искоренувањето на гревот. Божјиот Син поминал низ вратата на гробот „та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2:14). Стремежот на Луцифер кон самовозвишување го навел да каже: „Ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам рамен на Севишниот“. А Бог објавува: „Јас те претворив во пепел на земјата… исчезна засекогаш“ (Исаија 14:13,14; Езекиел 28:18,19). „Ете, доаѓа ден, вжарен како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња” (Малахија 4:1). {ГБ 503.3}
Целата вселена ќе биде сведок за природата и за последиците на гревот. А неговото целосно уништување кое, да било извршено веднаш на почетокот, би ги исплашило ангелите и на Бога би му нанело срам, сега ќе ја оправда Неговата љубов и ќе ја издигне Неговата чест пред сите жители на вселената, кои со најголема радост ја исполнуваат Неговата волја и во чиишто срца е напишан Неговиот закон. Злото никогаш повеќе нема да се појави. Божјото слово вели: „Неволјата нема да се подигне двапати“ (Наум 1:9). Божјиот закон, кој сатаната го прогласил како јарем на ропството, ќе биде почитуван како Закон на слободата. Проверените и искушани созданија никогаш повеќе нема да се одвратат од својата поданичка верност кон Оној чијшто карактер се открил пред нив како неизмерлива љубов и бесконечна мудрост. {ГБ 504.1}