11 Протест на кнезовите

Сподели го ова:

Едно од најблагородните сведоштва што кога било е објавено во прилог на реформацијата, бил протестот на христијанските кнезови во Германија, изнесен на државниот собор во Шпаер во 1529. година. Храброста, верата и решителноста на овие Божји луѓе, во подоцнежните векови донеле слобода на мислата и совеста. Нивниот протест на припадниците на реформираната црква им дал назив „протестанти“. Начелата изразени во него биле „суштината на протестантизмот“ (D’Aubigne, b. 13, ch. 6). {ГБ 197.1}

За реформацијата настапиле мрачни и заканувачки денови. И покрај Вормскиот едикт, кој го ставил Лутера надвор од законот и го забранил неговото учење, сепак, во царството и понатаму преовладувала верска трпеливост. Божјото провидение ги држело под контрола силите што се спротивставувале на вистината. Карло V решил да ја задуши реформацијата, но често, кога ја подигал раката да зададе удар, бил принуден да го задржи ударот. Повторно и повторно се чинело дека им се заканува неизбежно уништување на сите оние што се осмелиле да му се спротивстават на Рим, но во критичните мигови, се појавувала турската војска на источната граница, или францускиот цар, па дури и самиот папа, кои љубоморни на сѐ поголемиот напредок на германското царство, војувале против него; и така среде тие меѓународни судири и немири на реформацијата и била дадена можност да се зацврсти и да се прошири. {ГБ 197.2}

Најпосле папските владетели ги решиле своите расправии, и така можеле заеднички да се борат против реформаторите. Државниот собор кој се одржал во 1526 година во Шпаер, на секоја држава ѝ дал целосна верска слобода до свикувањето на нов сеопшт собор, но кога поминале опасностите поради кои е направена оваа отстапка, царот во 1529. година свикал друг собор во Шпаер со цел да ја уништи ереста. Кнезовите требало со мирни средства, ако е можно, да се спротивстават на реформацијата, но ако ова не успее, Карло бил подготвен да употреби и меч. {ГБ 197.3}

Приврзаниците на папата ликувале. Тие дошле во голем број во Шпаер, покажувајќи ја отворено својата омраза кон реформаторите и кон сите оние што им биле наклонети. Меланхтон пишувал: „Ние сме како срам и сметилиште во овој свет, но Христос ќе погледне на Својот сиромашен народ и ќе го сочува” (Исто, b. 13, ch. 5). На евангелските кнезови, присутни на овој собор, им било забрането дури и да го проповедаат евангелието дури и во местата каде живееле. Но жителите на Шпаер, гладни и жедни за Божјото слово, без оглед на забраната, масовно доаѓале на богослуженијата што се одржувале во капелата на саксонскиот изборен кнез. {ГБ 198.1}

Ова ја забрзало кризата. На државниот собор е објавена царска порака во која царот бара резолуцијата која дозволува слобода на совеста, бидејќи дала повод за големи нереди, да се поништи. Овој произволен акт предизвикал голема огорченост и тревога кај евангелиските христијани. Еден од нив извикал: „Христос пак падна во рацете на Кајафа и Пилат”. Приврзаниците на Рим станале уште понасилни. Еден фанатичен папист изјавил: „Турците се подобри од Лутераните, бидејќи тие го почитуваат постот, а Лутераните го сквернават. Ако треба да избереме помеѓу Светото Писмо кое е дадено од Бога и старите заблуди на црквата, ние ќе го отфрлиме она првото. Меланхтон напишал: „Секој ден, пред преполното собрание, Фабер фрла по некој нов камен на нас” (Исто, b. 13, ch. 5). {ГБ 198.2}

Верската толеранција била воспоставена со закон, а евангелските држави цврсто решиле да се спротивстават на газењето на нивните права. Лутер, кој сѐ уште се наоѓал под проклетството на Вормскиот едикт, немал право да присуствува во Шпаер; но неговото место го заземале неговите соработници и кнезовите кои Бог ги подигнал да го бранат неговото дело во оваа вонредна ситуација. Благородниот Фридрих од Саксонија, некогашниот Лутеров заштитник, во меѓувреме починал, но војводата Јохан, неговиот брат и наследник на престолот, со радост ја поздравил реформацијата, и иако по природа бил мирољубив, покажал исклучителна енергичност и храброст за сите прашања што се однесувале на интересите на верата. {ГБ 198.3}

Свештениците барале државите што ја прифатиле реформацијата безусловно да ја прифатат римската црковна управа. Реформаторите, од друга страна, со полно право се повикувале на слободата која претходно им била дадена. Тие не можеле да се согласат Рим повторно да ги врати под своја контрола оние држави кои со толку голема радост го примиле Божјото слово. {ГБ 199.1}

Најпосле било предложено компромисно решение: Таму каде што реформацијата сѐ уште не била воспоставена, останува во сила Вормскиот едикт, а таму каде што народот го одбил и каде што не би му се потчинил без опасност да дојде до востание, нека се спречи натамошното ширење на реформацијата, да не се гиба во спорните прашања, да не се спречува службата на мисата, и да не им се дозволува на римокатолиците да го примат лутеранството” (Исто, b. 13, ch. 5). Оваа мерка соборот ја изгласал на големо задоволство на папските свештеници и прелатите. {ГБ 199.2}

Кога овој едикт би стапил во сила, „реформацијата не би можела да се шири… таму каде што дотогаш била непозната, ниту би се зацврстила… таму каде што веќе постоела” (Исто, b. 13, ch. 5). Слободата на говорот би била забранета. Нема да бидат дозволени преобратувања. Од приврзаниците на реформацијата се барало без никакво одлагање да се покорат на овие ограничувања и забрани. Надежта на светот само што не изгаснала. „Со повторно воспоставување на римската хиерархија… неизбежно би се предизвикало враќање и на старите злоупотреби”, и лесно би се нашла можност, „за конечно уништување на делото кое веќе било страшно потресено од фанатизмот и раздорите” (Исто, b. 13, ch. 5). {ГБ 199.3}

Кога претставниците на евангелистичката партија се состанале поради консултации, гледале еден во друг збунети и запрепастени. Се прашувале: „Што да се прави?” Одговорот на ова прашање бил од голема важност за целиот свет: „Дали водачите на реформацијата да го прифатат едиктот?” Како лесно реформаторите во оваа криза, која навистина била страшна и огромна, можеле да тргнат по погрешен пат! Колку веродостојни изговори и прифатливи причини можеле да најдат за одлуката да се покорат? На лутеранските кнезови им е ветена гаранција дека ќе можат слободно да ја исповедаат својата вера. Таква привилегија им се ветувала и на сите нивни приврзаници кои ја прифатиле реформацијата пред издавањето на оваа уредба. Зарем ова да не ги задоволи? Колку опасности би избегнале ако би се покориле? А во колкави опасности и судири можел да ги вовлече отпорот! Кој знае какви сѐ тешкотии ќе донесе иднината? Да го прифатиме мирот! Да го прифатиме маслиновото гранче што Рим ни го поддава и да ги зацелиме раните на Германија. Со такви и слични образложенија реформаторите можеле да го прифатат компромисното решение, кое наскоро би довело до неизбежна пропаст на нивното дело. {ГБ 199.4}

„Но, за среќа, тие го забележале начелото на кое се темелела оваа спогодба, и постапиле според верата. Какво било тоа начело? Тоа било правото на Рим да врши притисок на совеста и да ја забранува слободата на мислата. Но, зар на нив и на нивните приврзаници не им била загарантирана слободата на вероисповедта? Да, но како милост, која била посебно условена во предложениот договор, а не како право. А што се однесува на оние што не биле опфатени со овој договор, за нив требало да биде меродавно и понатаму начелото на сила; слободата на совеста воопшто не била земена во предвид. Рим би останал непогрешлив судија кој морал да се слуша. Кога би се прифатил  предложениот  договор, тоа практично би значело да се со-гласат слободата на совеста да се ограничи само на реформираната Саксонија; а што се однесува до целокупното останато христијанство, слободното истражување и исповедање на   реформираната   вера би претставувало злосторство, кое ќе се казнува со затвор и со клада. Дали можат да се согласат верската слобода да се ограничи на одредена територија и на тој начин да дадат согласност никој друг да не може да ја прифати новата вера? Ќе можат ли да објават дека реформацијата го придобила и последниот обратеник и дека ја освоила последната стапка на земјата? Дали би можеле да дозволат Рим сѐ уште да господари и неговата доминација да се овековечи! Би можеле ли реформаторите да се сметаат себеси за невини од крвта на стотици и илјадници кои, како резултат на овој компромис, ќе ги жртвуваат своите животи во папските земји? Тоа, во овој судбоносен час, би значело предавство на делото на евангелието и на слободата на христијанството” (Wylie, b. 9, ch. 15). „Тие биле подготвени да жртвуваат сѐ што имаат: дури и своите кнежевства, своите круни и своите животи“ (D’Aubigne, b. 13, ch. 5). {ГБ 200.1}

„Да го отфрлиме овој едикт”, рекле кнезовите. „Кога е во прашање совеста мнозинството нема никаква власт”. Пратениците изјавиле дека: „Германија ужива мир благодарение на декретот од 1526. година, и дека неговото укинување би го исполнило царството со немири и судири. Државниот собор нема друго право освен да ја сочува слободата на вероисповедта до свикувањето на нов црковен собор” (Исто, b. 13, ch. 5). Должност на државата е да ја штити слободата на совеста, и тука е границата на нејзиниот авторитет кога се во прашање религиозните работи. Секое општествено уредување кое со помош на граѓанските власти се обидува да ги регулира или принудно наметнува верските прописи, го жртвува токму она начело за кое евангелистичките христијани толку благородно се бореле. {ГБ 201.1}

Приврзаниците на папата решиле по секоја цена да го спречат сето она што го нарекувале „дрска тврдоглавост”. Настојувале меѓу приврзаниците на реформацијата да предизвикаат раздор и да ги заплашат сите оние кои сѐ уште не се изјасниле отворено во нејзина корист. Најпосле, пред државниот собор биле повикани и претставниците на слободните градови, и од нив се барало да се изјаснат дали се согласуваат со предложените услови. Тие побарале одлагање, но залудно. Кога биле повикани на одговорност, речиси половина од пратениците застанале на страната на реформаторите. Оние што одбиле да ја жртвуваат слободата на совеста и правото на сопствено мислење, добро знаеле дека поради таквиот сопствен став ќе бидат предмет на критика, осуда и прогонство. Еден од делегатите рекол: „Ние мораме или да се откажеме од Божјото слово или ќе бидеме спалени” (Исто, b. 13, ch. 5). {ГБ 201.2}

Царевиот застапник на државниот собор, кралот Фердинанд, сфатил дека едиктот би предизвикал сериозни раздори ако не биде можно да се наговорат кнезовите да го прифатат или да го поддржат. Тука ја искористил целата своја уметност за да ги убеди, знаејќи добро дека употребата на сила таквите луѓе ќе ги направи уште порешителни. „Ги молел кнезовите да го прифатат едиктот, уверувајќи ги дека царот ќе биде исклучително задоволен”. Но овие верни луѓе го признавале авторитетот на Оној кој е над сите земни владетели и мирно одговориле: „Ние ќе му се покориме на царот во сѐ што може да придонесе за зачувување на мирот и за прослава на Бога” (Исто, b. 13, ch. 5). {ГБ 201.3}

Најпосле, пред целиот собор, кралот најавил дека „наскоро овој едикт ќе излезе во форма на царски декрет”, и дека „не им преостанува ништо друго освен да му се покорат на мнозинството”. Кога го рекол тоа, го напуштил собранието, не давајќи им на реформаторите никаква можност да размислат или одговорат. „Залудно испраќале делегација кај кралот молејќи го да се врати. На сите нивни приговори, тој само одговорил: „Ова прашање е решено; сè што ви преостанува е да се покорите” (Исто, b. 13, ch. 5). {ГБ 202.1}

Царската партија била уверена дека христијанските кнезови ќе се придржуваат кон Светото Писмо, како кон авторитет поголем од сите човечки учења и прописи; но исто така знаеле дека прифаќањето на ова начело на крајот ќе го урне папството. Но, како и илјадници современици „гледајќи само на она што се гледа“, си ласкале себеси дека моќта е на страната на царот и папата, а дека реформаторите се слаби. Кога реформаторите би биле зависни само од човечка поддршка и помош, тие навистина би биле немоќни, како што мислеле приврзаниците на папата. Но, иако малубројни и скарани со Рим, тие сепак биле силни. Против „одлуките на државниот собор се повикувале на Божјото слово, а против царот Карло, на Исуса Христа, Царот над царевите и Господарот над господарите” (Исто, b. 13, ch. 6). {ГБ 202.2}

Бидејќи Фердинанд одбил да ги разгледа нивните совесни уверувања, кнезовите одлучиле, без оглед на неговото отсуство, без никакво одлагање да го изнесат својот протест пред државниот собор. Затоа, веднаш била составена свечена декларација и презентирана на државниот собор: {ГБ 202.3}

„Со ова писмо ние протестираме пред Бога, нашиот единствен Творец, Бранител, Откупител и Спасител, и Кој еден ден ќе биде наш судија, и свечено изјавуваме пред сите луѓе и созданија дека ниту ние, ниту нашиот народ, не се согласуваме со ниту една точка од предложениот декрет, во нешто што е во спротивност со Бога, со Неговото Свето слово, со нашата чиста совест и со спасението на нашите души”. „Што! Зарем да го ратификуваме овој декрет? Кога Семоќниот Бог ќе повика еден човек да го запознае, зар да признаеме дека тој човек нема слобода да го запознае Бога?!” „Нема друго здраво учење, освен она кое е во согласност со Божјото слово… Господ забранува проповедање на друго учење… Светото Писмо треба да се објаснува со помош на други; разбирливи текстови… Оваа света Книга, која е неопходна за христијаните, е лесно разбирлива, и е дадена со цел да ја растера темнината. Затоа решивме, со Божја милост, да го сочуваме чистото проповедање на Неговото слово, така како што тоа е дадено во библиските книги на Стариот и Новиот завет, не додавајќи ништо што би било против него. Ова слово е единствената вистина, сигурно правило на животот и основа на секое учење. Кој гради на овој темел ќе се одржи против сите сили на пеколот, додека сите човечки суети што му се противат на Божјото слово, нема да се одржат пред Божјото лице”. „Затоа го отфрламе јаремот што ни се наметнува”. „Во исто време се надеваме дека неговото царско Височество ќе се однесува кон нас како што му доликува на еден христијански владетел кој го сака Бога над сѐ; и ние изјавуваме дека сме подготвени, како кон него, така и кон вас, милостиви господа, да негуваме целосна љубов и послушност, затоа што тоа е наша праведна и легитимна должност” (Исто, b. 13, ch. 6). {ГБ 202.4}

Ова оставило длабок впечаток врз државниот собор. Храброста на оние што го вложиле протестот предизвикала чудење и вознемиреност кај мнозинството присутни. Иднината им изгледала бурна и неизвесна. Раздорите, судирите и крвопролевањата им изгледале неизбежни. Но, реформаторите, убедени во праведноста на своето дело, и потпирајќи се на Семоќната рака биле „исполнети со храброст и решителност”. {ГБ 203.1}

„Начелата содржани во овој прочуен протест… ја сочинуваат самата суштина на протестантизмот… Овој протест бил насочен против две човечки злоупотреби во врска со верата: првата е мешање на граѓанските власти во прашањата на верата, а втората е против самоволниот авторитет на црквата. Наместо овие злоупотреби, протестантизмот ја издигнува моќта на совеста над световната власт и авторитетот на Божјото слово над авторитетот на црквата. На прво место тој го отфрла мешањето на граѓанските власти во божествените работи изјавувајќи заедно со пророците и апостолите: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето”. Протестот ја издига круната на Исус Христос над круната на Карло V. Но, тој оди и подалеку: поставува принцип дека секое човечко учење треба да се потчини на судот на Божјото слово” (Исто, b. 13, ch. 6). Освен тоа, протестантите го прогласија своето право слободно да ги искажуваат своите верувања за вистината. Протестантите не барале само право да можат да веруваат и да ја исповедаат својата вера, туку да можат и слободно да го проповедаат она што го сметаат за вистина. Тие го негирале правото на свештениците и на световната власт да ги спречуваат во тоа. Протестот во Шпаер беше свечено сведоштво против религиозната нетрпеливост и решителна одбрана на правото на секој човек да може да му служи на Бога според својата совест. {ГБ 203.2}

Декларацијата била поднесена. Таа се врежала во помнењето на илјадници луѓе и е запишана во небесните книги, од каде што со никакви човечки напори не можела да се избрише. Цела евангелистичка Германија го примила овој протест како израз на својата вера. Насекаде луѓето во оваа декларација виделе најава за нова и подобра ера. Еден од кнезовите им рекол на протестантите во Шпаер: „Нека семоќниот Бог, кој ви даде благодат силно, слободно и бестрашно да зборувате за својата вера, да ве сочува во таа христијанска постојаност до денот на вечноста” (Исто, b. 13, ch. 6). {ГБ 204.1}

Доколку реформацијата, откако постигнала извесен успех, би се согласила да се прилагоди кон приликите со цел да обезбеди наклонетост на светот, тогаш би го изневерила и Бога и самата би предизвикала своја пропаст. Искуството на овие  благородни  реформатори содржи поука за сите идни поколенија. Тактиката на сатаната во борба против Бога и Неговото слово во ништо не се променила; тој сѐ уште, како што тоа го правел и во шеснаесеттиот век, се противи Писмото да биде водич во животот. И во нашите денови постои големо отстапување од учењето и прописите на Светото Писмо и затоа постои сериозна потреба да се вратиме на големото начело на протестантизмот – Библијата, и само Библијата, треба да биде правило на верата и должностите. Со сите средства кои може да ги доведе под своја контрола, сатаната сѐ уште настојува да ја уништи верската слобода. Антихристијанската сила, отфрлена од протестантите во Шпаер, сега со нова сила настојува повторно да ја воспостави својата изгубена доминација. Истата непоколеблива преданост кон Божјото слово што ја покажале реформаторите за време на кризата, е единствената надеж за реформа во нашето време. {ГБ 204.2}

Кога се заканувала опасност над протестантите, Семоќниот Бог ја раширил Својата рака за да ги заштити Своите верни деца. Отприлика во тоа време „Меланхтон брзал со својот пријател Симон Гринеус низ улиците на Шпаер кон Рајна и го терал што побргу да се префрли преку реката. Бидејќи Гринеус се чудел зошто брзаат, Меланхтон му рекол: „Еден непознат старец со сериозен и свечен изглед, се појави пред мене и ми рече: „За многу кратко време ќе дојде судски чиновник, пратен од Фердинанд, да го уапси Гринеус”. {ГБ 205.1}

Во текот на денот познатиот папски теолог Фабер одржал проповед во кој го нападнал Гринеус. На крајот на проповедта отворено му приговорил дека брани „некои одвратни заблуди”. Фебер го прикрил својот гнев, но веднаш отишол кај Фердинанд и од него добил согласност да го уапси овој дрзок хајделбершки професор. Меланхтон не се сомневал дека Бог го испратил својот ангел да ги предупреди за претстојниот масакр. {ГБ 205.2}

„Стоејќи стаписано на брегот на Рајна, Меланхтон чекал реката да го спаси Гринеус од неговите прогонувачи. Кога го видел од другата страна, Меланхтон конечно воздивнал извикувајќи: „Најпосле, е оттргнат од свирепите челусти на оние кои се жедни за невина крв”. Кога Меланхтон се вратил дома, бил информиран дека по неговото заминување стражарите во потрага по Гринеус, ја претресле целата негова куќа” (Исто, b. 13, ch. 6). {ГБ 205.3}

Реформацијата требаше да се воздигне пред големците на овој свет. Кралот Фердинанд одбил да ги сослуша евангелските кнезови, но сепак им беше дадена можност да го претстават својот предмет во присуство на царот и многуте великодостојници на црквата и државата. За да ги смири несогласувањата што го вознемирувале царството, Карло V, една година по протестот во Шпаер го свикал државниот собор во Аугсбург, и изразил желба лично да претседава со него. Таму беа повикани и протестантските водачи. {ГБ 205.4}

На реформацијата ѝ се заканувале големи опасности, но нејзините застапници сè уште своето дело го доверувале во Божји раце и се заветувале дека ќе останат верни на евангелието. Саксонскиот изборен кнез бил советуван од неговите советници да не се појавува на државниот собор. Рекле дека: „Царот бара да дојдат кнезовите само за да ги намами во стапица. Зарем не ризикува сè да оди и да се затвори меѓу ѕидовите на еден град, со таков силен непријател?” Но други благородно рекоа: „Кнезовите нека бидат храбри и Божјото дело ќе биде спасено”. „Бог е верен и Тој нема да нè напушти“,  рекол Лутер (Исто, b. 14, ch. 2).  Изборниот кнез со својата придружба се упатил кон Аугсбург. Сите знаеле какви опасности му се закануваат на овој кнез и мнозина оделе со натажени лица и вознемирени срца. Но, Лутер, кој ги придружувал до Кобург, ја оживеал нивната поколебана вера пеејќи им ја химна што ја напишал на тоа патување: „Господ е наша тврдина”. Со мелодијата на оваа вдахновена песна исчезнале многу мрачни претчувства и оживеале многу обесхрабрени срца. {ГБ 206.1}

Кнезовите што ја прифатиле реформацијата одлучиле своите ставови пред државниот одбор да ги претстават со едно систематско излагање, поткрепено со стихови од Светото Писмо. Подготовката на тие докази му била доверена на Лутер, Меланхтон и на нивните соработници. Ова излагање протестантите го прифатиле како симбол на нивната вера и тие се собрале лично да го потпишат овој важен документ. Тоа бил свечен и пресуден момент. Реформаторите биле особено загрижени нивното дело да не се меша со политиката, верувајќи дека реформацијата може да го врши само она влијание кое произлегува од Божјото слово. Кога христијанските кнезови пристапиле да го потпишат подготвениот документ, Меланхтон се вмешал велејќи: „Овие работи треба да ги предлагаат теолозите и проповедниците, а авторитетот на земните водачи да го сочуваме за други работи”. „Не дај Боже”, рекол Јохан од Саксонија, „да ме исклучите. Јас сум решен да го направам она што е исправно; без оглед на мојата круна, сакам да го признаам Господа пред сите. За мене крстот на Исус Христос е подрагоцен отколку мојата правосудна власт и мојата изборна наметка“. Кажувајќи го тоа, го потпишал документот. Еден друг кнез, земајќи го перото во рацете, рекол: „Кога се работи за честа на мојот Господ Исус Христос подготвен сум да го дадам… животот и имотот”. „Побргу ќе се откажам од моите поданици и мојата положба, со задоволство ќе ја напуштам мојата татковина со стап в рака”, продолжил тој, „отколку да се согласам да прифатам поинаква наука од онаа што ја содржи оваа изјава” (Исто, b. 14, ch. 6). Таква била верата и бестрашноста на овие Божји луѓе. {ГБ 206.2}

Најпосле настапил часот да излезат пред царот. Карло V, седејќи на својот престол, опкружен со изборните кнезови и војводи, ги примил протестантските реформатори. Прочитана е изјавата за нивното верување. На овој славен собор јасно се прикажани вистините на евангелието и откриени се заблудите на папската црква. Со право тој ден е наречен „најголем ден на реформацијата и еден од најславните во историјата на христијанството и на човештвото” (Исто, b. 14, ch. 7). {ГБ 207.1}

Поминале само неколку години откако монахот од Витенберг стоел сам пред соборот во Вормс. Сега на неговото место стоеле најмоќните кнезови на царството. На Лутер му било забрането да дојде во Аугсбург, но тој бил присутен со своите зборови и молитви. „Најмногу се радувам”, пишувал тој „што го доживеав овој час кога Христос јавно е прославен од страна на толку угледни исповедници и пред толку величествен собор” (Исто, b. 14, ch. 7). Така се исполнило она што го кажало Писмото: „И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам” (Псалм 119:46). {ГБ 207.2}

Во деновите на апостол Павле, евангелието поради кое тој станал затвореник, им било објавено на кнезовите и на благородниците на царскиот град. Така и во оваа пригода: бидејќи кралот забранил евангелието да се проповеда од проповедална, тоа се проповедало во палатата; она што мнозина го сметале за недолично дури и за ушите на слугите, сега со восхит го слушале господарите и големците на царството. Кралот и големците биле слушатели, крунисаните кнезови проповедници, додека проповедта била величествената Божја вистина. „Од времето на апостолите”, вели еден писател, „немало поголем настан, ниту повеличествено исповедање на верата” (D’Aubigne, b. 14, ch. 7). {ГБ 207.3}

„Сѐ што рекоа лутераните е вистина, не можеме да го негираме тоа,” изјавил еден папски бискуп. „Можете ли со разумни докази да ја побиете вероисповедта што ја составиле изборниот кнез и неговите сојузници?” го прашал друг, доктор Ек. „Со списите на апостолите и пророците не, но со списите на отците и црковните собори, да”. „Сфаќам”, рекол оној кој го поставил ова прашање. „Лутераните, според вас, се во рамките на Писмото, а ние сме надвор од него!” (Исто, b. 14, ch. 8). Некои од германските кнезови биле придобиени за реформацијата. Лично царот изјавил дека протестантските докази се чиста вистина. Исповедта била преведена на многу јазици и раширена низ цела Европа, и милиони во подоцнежните поколенија ја прифатиле како израз на својата вера. {ГБ 208.1}

Верните Божји слуги во овие свои напори не биле осамени. Додека поглаварствата, властите и поднебесните духови на злобата се здружиле против нив, Господ не го заборавил Својот народ. Кога нивните очи би биле отворени, би можеле да видат исто толку јасни знаци на Божјото присуство и помош како што го видел тоа стариот пророк. Кога слугата на Елисеј му ја покажал на својот господар непријателската војска што ги опкружувала и оневозможила секаков обид за бегство, пророкот се молел: „Господи, отвори му ги очите да види!” (2. Цареви 6:17). И гледај, гората се исполни со бојни коли и огнени коњи, небесните војски биле тука за да го заштити овој Божји човек. Исто така ангелите бдееле над работниците во делото на реформацијата. {ГБ 208.2}

Едно од начелата што посебно го истакнувал Лутер било: „За одбрана на реформацијата не треба да се прибегнува кон световна сила, ниту оружје за одбрана на Божјото дело“. Се радувал што кнезовите на царството го прифаќаат евангелието, но кога предложиле да се здружат во еден одбранбен сојуз, изјавил дека „науката на евангелието треба да ја брани Бог… Колку по-малку луѓето се мешаат во ова дело, сè поочигледно ќе биде Божјото посредување. Сите политички мерки на претпазливост, според него, можеле да се припишат на недоличниот страв и на грешната недоверба” (D’Aubigne, London ed., b. 10, ch. 14). {ГБ 209.1}

Кога силните непријатели се здружиле да ја уништат реформираната вера и кога се чинело дека илјадници мечеви се извлечени против неа, Лутер пишувал: „Сатаната збесна, безбожните понтифи организираат заговор и ни се закануваат со војна. Советувајте го народот храбро да се бори пред Божјиот престол со вера и молитва, така што нашите непријатели, победени со Божјиот Дух, да бидат присилени на мир. Наша главна потреба, наша прва задача е молитвата. Народот нека знае дека сега е изложен на острицата на мечот и на гневот на сатаната и нека се моли” (D’Aubigne, b. 10, ch. 14). {ГБ 209.2}

Подоцна, мислејќи на предлогот на протестантските кнезови да се создаде одбранбен сојуз, Лутер изјавил дека единственото оружје што може да се употреби во оваа војна треба да биде „Мечот на Духот”. Тој му напишал на саксонскиот изборен кнез: „Ние, според нашата совест, не можеме да одобриме таков сојуз. Попрво би умреле десетпати, отколку нашето евангелие да доведе до пролевање на макар и една капка крв. Нашиот дел е да бидеме како јагниња одредени за колење. Мораме да го носиме Христовиот крст. Нека не се вознемирува вашето Височество. Ние со молитва ќе направиме повеќе, отколку сите наши непријатели со своето фалење. Само да не ги извалкаме нашите раце со крвта на нашите браќа. Ако царот бара да излеземе пред суд, ние сме подготвени да излеземе. Вие не можете да ја браните нашата вера, секој мора да верува сам за себе и на сопствен ризик” (Исто, b. 14, ch. 1). {ГБ 209.3}

Од тајното место на молитвата дошла сила, која во времето на реформацијата, го потресла светот. Тука, Божјите слуги, во свето спокојство, цврсто застанале на своите нозе на карпата на Неговите ветувања. За време на борбата во Аугсбург, Лутер „не пропуштал секој ден на молитвата да и посвети најмалку три часа, и тоа во време кое било најпогодно за учење”. Во повлеченоста на неговата соба можело да се слушне како ја излева својата душа пред Бога во зборови „полни со доверба и со надеж, како кога човек разговара со својот пријател”. „Знам”, зборувал тој во својата молитва, „дека Ти си наш Татко и наш Бог и дека ќе ги растуриш прогонителите на Твоите деца, зашто и Твоето дело заедно со нас е во опасност. Ова е Твое дело и ние го почнавме зашто тоа беше Твоја волја. Одбрани нѐ, о Оче!” (Исто, b. 14, ch. 6). На Меланхтон, кој бил потиштен од товарот на грижите и стравот, му пишувал: „Милост и мир во Христа! – во Христа велам, а не во светот. Амин. Ја мразам, со сѐ поголема омраза, твојата претерана загриженост која толку страшно те нагризува. Ако делото е неоправдано, да го напуштиме, а ако е праведно, зошто да се сомневаме во ветувањата на Оној што ни налага мирно да спиеме?… Христос нема да го изневери делото на правдата и вистината; Тој живее и владее, па зошто да се плашиме?” (Исто, b. 14, ch. 6). {ГБ 210.1}

Бог ги слушнал молитвите на Своите слуги. Тој им дал на кнезовите и на проповедниците сила и храброст да ја одбранат вистината против кнезот на темнината на овој свет. Господ вели: „Еве, на Сион поставувам камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами” (1. Петрово 2:6). Протестантските реформатори ѕидале на Христа, и вратата пеколна не можела да ги надвладее. {ГБ 210.2}

Сподели го ова:

Similar Posts