15 Библијата и Француската револуција

Сподели го ова:

Во шеснаесеттиот век реформацијата, давајќи му ја на народот Библијата, настојувала да навлезе во сите европски земји. Некои народи радосно ја поздравиле како гласник од небото. Во други земји папството имало значителен успех во блокирањето на нејзиниот влез; на тој начин библиската светлина, со нејзините возвишени влијанија, била речиси сосем угасната. Во една земја, иако светлина пронашла влез, не била сфатена поради темнината. Борбата помеѓу вистината и заблудата траела со векови. Најпосле победило злото, а небесната вистина била отфрлена. „Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината“ (Јован 3:19). Оваа нација морала да ги трпи последиците на својот избор. Влијанието на Божјиот Дух било одземено од народот, бидејќи го презрел дарот на милоста. На злото му било допуштено да созрее, и целиот свет ги видел последиците на свесното отфрлање на светлината. {ГБ 265.1}

Борбата што со векови се водела во Франција против Библијата, кулминирала во сцените на револуцијата. Овој страшен колеж бил неизбежна последица на потиснувањето на Писмото од страна на Рим (Види Додаток). Тоа била најтрогателна слика во историјата на светот каде што се видел исходот на папската политика – очигледна илустрација на резултатите од учењето што го спроведувала Римокатоличката црква повеќе од илјада години. {ГБ 265.2}

Пророците претскажале дека за време на своето владеење папството ќе го забрани проучувањето на Светото Писмо; а Откровението укажува на страшните последици кои поради доминацијата на „човекот на беззаконието“ ја погодиле Франција. {ГБ 266.1}

Господовиот ангел рекол: „Тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеци. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена… И кога ќе го завршат сведоштвото, тогаш ѕверот, кој ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие. А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат. И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и нема да дозволат нивните трупови да бидат погребани во гробови. И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат подароци еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние што живеат на земјата. Но по три и пол дена во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние што ќе ги гледаат“ (Откровение 11:2-11). {ГБ 266.2}

Периодите што се спомнати „четириесет и два месеци“ и „илјада двесте и шеесет дена“ имаат исто значење, тие го претставуваат времето во кое Христовата црква страдала поради угнетувањата што ги вршел Рим. Периодот од 1260 години на папска превласт започнува во 538. година по Христа, и според тоа, треба да заврши во 1798. година (Види Додаток). Во тоа време француската војска влегла во Рим и го заробила папата кој подоцна умрел во прогонство. Иако набргу бил избран нов папа, сепак папската хиерархија никогаш повеќе не можела да ја поврати онаа власт што пред тоа ја поседувала. {ГБ 266.3}

Прогонството на црквата не траело низ целиот период од 1260 години. Бог се смилувал на Својот народ и го скратил времето на неговото страшно искушение. Во Своето пророштво „за големата неволја“ што ќе ја снајде црквата, Спасителот рекол: „И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните, ќе се скратат тие дни“ (Матеј 24:22). Благодарение на влијанието на реформацијата, прогонството престанало малку пред 1798. година. {ГБ 266.4}

Што се однесува до двајцата сведоци, пророкот понатаму кажува: „Тие се двете маслинови дрвца и двата светилника што стојат пред Господарот на Земјата“ (Откровение 11:4). „Твоето слово“, рекол псалмистот, „е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 119:105). Двајцата сведоци го претставуваат Светото Писмо – Стариот и Новиот завет. Двајцата се важно сведоштво во врска со потеклото и трајноста на Божјиот закон. Двајцата се сведоци во прилог на планот на спасението. Симболите, жртвите и пророштвата на Стариот завет упатуваат на Спасителот кој требало да дојде. Евангелијата и посланијата на Новиот завет зборуваат за Спасителот кој дошол токму онака како што го претскажале пророштвата и симболите. {ГБ 267.1}

„Тие ќе пророкуваат 1260 дена, облечени во вреќи“. Во поголемиот дел од тој временски период, Божјите сведоци биле непознати за јавноста. Папската сила настојувала од народот да го сокрие словото на вистината, и поставила лажни сведоци да го побијат неговото сведоштво (Види Додаток). Кога Библијата била забранета од страна на црквата и световните власти, кога нејзините сведоштва биле изопачувани и кога на сите начини измислени од луѓето и демоните, настојувале човечките срца да ги одвратат од неа; кога оние што се осмелиле да ги објавуваат нејзините свети вистини биле прогонувани, предавани, мачени, живи закопувани во мрачни затворски ќелии и поради својата вера завршувале со маченичка смрт или пак биле присилувани да бегаат во засолништа по горите, во клисурите и пештерите, тогаш верните  сведоци  пророкувале облечени во вреќи. Сепак, тие продолжиле да сведочат низ целиот временски период од 1260 години. И во најмрачните времиња имало верни луѓе кои го сакале Божјото слово и кои ревнувале за Неговата чест. На тие верни слуги самиот Бог им подарил мудрост, моќ и авторитет да ја објавуваат Божјата вистина во текот на целиот тој временски период. {ГБ 267.2}

„И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од устата нивна и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној што ќе посака тоа да го направи“ (Откровение 11:5). Газењето на Божјото слово не може да остане неказнето. Значењето на оваа страшна закана ни е дадено во последната глава на Откровението: „И Јас му сведочам на секого кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој нешто додаде кон нив, нему Бог ќе му наметне казни опишани во оваа книга. Ако некој одземе од пророчките зборови на оваа книга, Бог ќе му го одземе делот од книгата на животот, и од светиот град, и од она што е напишано во оваа книга“ (Откровение 22:18,19). {ГБ 268.1}

Такви се предупредувањата што Бог им ги дал на луѓето, строго да се чуваат за да не го менуваат она што Тој им го открил или заповедал. Овие свечени и сериозни закани се однесуваат на сите оние кои со своето влијание ги наведуваат луѓето да го омаловажуваат Божјиот закон. Тие треба да им зададат страв и трепет на оние кои лекомислено тврдат дека е сеедно дали го почитуваме Божјиот закон или не. Сите оние кои своето лично мислење го издигнуваат над божественото откровение, и кои целосно ја менуваат јасната смисла на Светото Писмо за да си угодат себеси, или да се прилагодат кон светот, преземаат на себе страшна одговорност. Пишаното Божјо слово, Божјиот закон, ќе го измери карактерот на секој поединец, и ќе ги осуди сите оние кои врз основа на овој непогрешлив тест ќе бидат прогласени за лесни. {ГБ 268.2}

„Кога ќе го завршат своето сведоштво“. Временскиот период во кој овие двајца сведоци пророкувале, облечени во вреќи, се завршил во 1798. година. Кога се приближил крајот на нивното сведочење, силата, која во пророштвото е прикажана како „ѕверот, кој ќе излезе од бездната“, им објавила војна. Сатаната преку папството со векови управувал со граѓанските и со црковните власти на многу европски народи.

Меѓутоа, овде се појавува нов облик на сатанската сила. {ГБ 268.3}

Под изговор дека тоа го бара Библијата, политика на Рим секогаш била Божјото слово да го држи запечатено на непознат јазик и сокриено од народот. За време на неговото владеење, овие двајца сведоци пророкувале „облечени во вреќи“. Но, според пророштвото требало да се појави и друга сила – ѕверот од бездната – која на Божјото слово отворено ќе му објави војна. {ГБ 269.1}

„Големиот град“, каде овие двајца сведоци навистина биле убиени и каде нивните мртви тела биле оставени да лежат на улица, во духовна смисла се нарекува „Египет”. Од сите народи споменати во библиската историја, Египет најдрско се откажувал од самото постоење на живиот Бог и одбивал да се покори на Неговите заповеди. Ниеден владетел на светот не се осмелил на толку отворен и дрзок бунт против авторитетот на небото, како што тоа го сторил египетскиот фараон. Кога Мојсеј, сакајќи да му ја пренесе пораката, рекол: „Вака вели Господ“, фараонот горделиво одговорил: „Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите израелски? Не Го познавам тој Господ, ниту ќе го пуштам народот израелски“ (Излез 5:2). Тоа е отворено неверување во Бога. Народот кој овде сликовито е прикажан со Египет, исто така ги одбил барањата на живиот Бог, покажувајќи го истиот дух на неверство и дрскост. „Големиот град“, исто така во духовна смисла е „Содом“. Расипаноста на Содом во престапувањето на Божјиот закон се открила посебно во развратот. Тој грев бил упадлив белег на нацијата, која го исполнила даденото пророштво. {ГБ 269.2}

Според зборовите на пророкот, нешто пред 1798. година, предвидено е да се појави една сила, со сатанско потекло и карактер, и на Библијата отворено ќе ѝ објави војна. А во земјата, во која двајцата Божји сведоци ќе бидат замолкнати, треба, според пророштвото, да се покаже безбожноста на фараонот и развратот на Содом. {ГБ 269.3}

Ова пророштво најточно и највпечатливо се исполнило во историјата на Франција. За време на револуцијата во 1793. година „светот за првпат слушнал дека едно собрание на луѓе, кои се родени и израснати во цивилизирано општество, кое си го зема правото да управува со еден од најистакнатите народи на Европа, едногласно се откажува од најсвечената вистина која некогаш му била дадена на човекот, и ја отфрла верата во Бога и Неговото богослужение“ (Sir Walter Scott, Life of Napoleon, vol. 1, ch. 17). Франција е единствената земја во светот за која е сочуван автентичен извештај дека како нација подигнала рака против Творецот на вселената. Постоеле, и сѐ уште постојат, голем број богохулници и мноштво атеисти во Англија, Германија, Шпанија и во другите земји; но Франција зазема посебно место во историјата на светот, како единствена држава која со одлука на своето Законодавно Собрание, прогласила дека не постои Бог, после што, сите жители на престолнината и мноштво народ ширум земјата, жени и мажи, пееле и играле од радост кога оваа одлука била објавена” (Blackwood’s Magazine, November, 1870). {ГБ 269.4}

Франција поседувала карактеристики својствени за жителите на Содом. За време на револуцијата владеела состојба на морално понижување и разврат, слична на онаа што довела до уништување на Содом и Гомор. За безбоштвото и развратот на Франција историчарите зборуваат точно онака како што тоа го претскажало пророштвото: „Во тесна врска со овие закони против религијата е и законот кој брачната врска – најсветиот завет меѓу две човечки суштества, од која зависи стабилноста и опстанокот на општеството – е сведена на обичен граѓански договор, кој можат две лица, по своја волја, да го склучат или да го раскинат… Кога демоните би си поставиле себеси цел да уништат сѐ што е чесно, убаво и трајно во семејниот живот и да воспостават зло што ќе преминува од поколение на поколение, не би можеле да пронајдат подобар план отколку да му ја одземат честа на бракот… Софија Арнолд, артистка, прочуена по својата духовитост, граѓанскиот брак го нарекла ’сакрамент на блудот’“ (Scott, vol. 1, ch. 17). {ГБ 270.1}

„Каде што и нивниот Господ беше распнат“ (Откровение 11:8). И ова пророштвото се исполнило во Франција. Во ниту една земја, толку очигледно, не бил откриен духот на непријателство против Христа. Во ниту една друга земја вистината не наишла на толку огорчен и суров отпор. Со прогонствата, што ги подигнала против следбениците на евангелието, Франција го распнала Христа во личноста на Неговите ученици. {ГБ 271.1}

Со векови се пролевала крвта на светиите. Додека Валденжаните, по планините на Пиемонт, ги положиле своите животи „за словото Божјо и за сведоштвото на Исуса Христа“, слични жртви за вистината поднеле и нивните браќа, Албигензите во Франција. Во деновите на реформацијата, нејзините приврзаници биле свирепо убивани. Кралот и благородниците, жените од висок род и нежните девојки, гордоста и витештвото на нацијата, со задоволство ги гледале смртните маки на оние што умирале за Христа. Храбрите Хугеноти, во борбата за правата, кои човечкото срце ги смета за најсвети, ја пролевале својата крв на многу боишта. Протестантите биле ставени надвор од законот, нивните глави се уценувани и биле прогонувани како диви ѕверови. {ГБ 271.2}

Мал број потомци на старите христијани, наречени „Црква во пустината“, кои во осумнаесеттиот век постоеле само уште во Франција, се криеле по планините на југ за да ја сочуваат верата на своите татковци. Кога се осмелувале да се состануваат по планините или на осамени пусти места ноќе, ги прогонувале војниците на Луј XIV и ги воделе на доживотна робија на галии. Најдобрите, најблагородните и најобразованите Французи често биле оковани заедно со разбојници и убијци, поднесувајќи најстрашни маки. Други, со кои се постапувало малку почовечно, ладнокрвно биле стрелани кога, невооружени и немоќни, паѓале на колена да се молат. Стотици стари луѓе, беспомошни жени и невини деца биле убивани за време на службите. Често оние што патувале низ планинските клисури или низ шумите, каде што обично се собирале, на секои четири чекори можеле да видат „трупови во тревата или луѓе обесени на дрвјата“. Нивната земја, опустошена со меч, со секира и со клади, „била претворена во голема, мрачна пустина“. „Овие злосторства… не биле извршени во некое мрачно минато, туку во времето на сјајното владеење на Луј XIV. Тоа бил век кога знаењето напредувало, литературата цутела и кога теолозите на дворот и на престолнината биле образовани и елоквентни и кои се прикажувале како кротки и љубезни“ (Исто, b. 22, ch. 7). {ГБ 271.3}

Но, најцрното недело на црната листа на злосторствата, најстрашното пеколно дело што го забележала историјата, бил масакрот во Вартоломејската ноќ. Светот сѐ уште се сеќава на ужасните сцени од тој страотен и свиреп колеж. Францускиот крал, наговорен од римокатоличките свештеници и великодостојници го одобрил злосторството. Едно ѕвоно, огласувајќи се во мртвата тишина на ноќта, беше знак за почеток на масакрот. Илјадници протестанти кои мирно спиеле во своите домови, сигурни во чесниот збор на кралот, без предупредување биле извлекувани од нивните домови и ладнокрвно убивани. {ГБ 272.1}

Како што Христос бил невидлив водач на Својот народ, при неговото ослободување од египетското ропство, така и сатаната бил невидлив водач на своите приврзаници во ова страшно дело на масовно убивање. Колежот во Париз траел седум дена, а првите три дена со неискажлив бес. Не бил ограничен само на престолнината, туку со посебен налог од страна на кралот, се проширил и на сите покраини и градови каде што живееле протестантите. Не се гледало ниту на старост ниту на пол. Не биле поштедени ниту седите старци ниту невините деца. Благородник и селанец, старо и младо, мајка и дете, сите заедно биле убивани. Овој ѕверски колеж ширум целата Франција, траел цели два месеца. Загинале околу седумдесет илјади луѓе – цутот на нацијата. {ГБ 272.2}

„Кога веста за овој масакр стигнала во Рим, радоста на свештениците немала граници. Лоренскиот кардинал го наградил со илјада круни гласникот што ја објавил оваа страшна вест. Веста била поздравена со топовски плотун од тврдината Свети Ангел; се огласиле ѕвоната во сите камбанарии; огновите запалени во знак на сеопшта веселба ноќта ја претвориле во ден; а Грегор XIII во придружба на кардиналите и другите црковни великодостојници, ја повел сјајната поворка во црквата Свети Луј каде што лоренскиот кардинал ја отпеал Те Деум… Бил искован медалјон како спомен на овој масакр, а во Ватикан сѐ уште можат да се видат трите Васариеви фрески кои го прикажуваат: нападот на адмиралот, потоа кралот како во советот го подготвува заговорот за ова подло убиство, и самата сцена на колежот. Папата на францускиот владетел му испратил златен трендафил, а четири месеци по колежот… тој полн со задоволство ја слушал беседата на еден француски свештеник… кој зборувал за оној ден полн со радост и среќа кога светиот отец, примајќи ја веста за овој колеж, во свечена поворка отишол да му се заблагодари на Бога и на светиот Луј“ (Henry White, The Massacre of St. Bartholomew, ch. 14, par. 34). {ГБ 272.3}

Истиот дух што го предизвикал колежот во Вартоломејската ноќ, бил водач и во страшните сцени на револуцијата. Исус Христос бил прогласен за измамник, а слоганот на француските безбожници бил: „Да го столчиме бедникот“, при што мислеле на Христа. Богохулењето и одвратниот разврат оделе рака под рака, а најподлите луѓе, чудовишта на свирепоста и порокот, биле поставени на највисоки места. Во сѐ, на сатаната му била укажувана најголема чест, додека Христос, кој бил олицетворение на вистината, чистотата и несебичната љубов, бил повторно распнуван. {ГБ 273.1}

„Тогаш ѕверот, кој ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие“. Богохулната сила што владеела во Франција за време на револуцијата и теророт, повела до тогаш невидена војна, против Бога и Неговото свето слово. Народното собрание забранило секакво богослужение. Библиите биле собрани, јавно запалени и изложени на подбив. Божјиот закон најдрско бил прегазен. Сите библиски институции биле укинати. Седмичниот ден за одмор бил отфрлен, а наместо него секој десетти ден бил посветен за веселба, насладување и богохулење. Крштевањето и причестувањето биле забранети. Со надгробни натписи, упадливо истакнати, било објавено дека смртта е вечен сон. {ГБ 273.2}

Стравот од Бога не го сметале за почеток на мудроста, туку тврделе дека е почеток на лудоста. Било забрането секое богослужение, освен оддавањето почести на слободата и татковината. „На парискиот бискуп му била доделена главната улога во најбесрамната и најодвратната комедија одиграна пред народот… Доведен во свечена поворка, тој изјавил пред собранието дека религијата што толку години ја проповедал е само измама, која нема никаков темел ниту во историјата ниту во светата вистина. Свечено и отворено го одрекол постоењето на Бога, кому му бил посветен, и изјавил дека во иднина ќе и служи на слободата, еднаквоста, доблеста и моралноста. Потоа на масата ги оставил своите бискупски одликувања и од претседателот на собранието примил братска прегратка. Неговиот пример го следеле и други отпаднати свештеници“ (Scott, vol. 1, ch. 17). {ГБ 274.1}

„И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат подароци еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние што живеат на земјата“. Неверната Франција го замолкнала гласот на прекорот на двајцата Божји сведоци. Словото на вистината лежело мртво на нејзините улици, а оние што ги мразеле ограничувањата и барањата на Божјиот закон сега се радувале. Луѓето јавно го презирале небесниот Цар. Како и некогаш грешниците, тие велеле: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?“ (Псалм 73:11). {ГБ 274.2}

Со неверојатна богохулна дрскост, еден од свештениците на новиот ред рекол: „Боже, ако постоиш, одмазди го Своето навредено име. Јас те отфрлам; јас те презирам, а Ти молчиш. Ти не се осмелуваш да го пуштиш гласот на Својот гром. По сето ова, кој уште ќе верува во Твоето постоење?“ (Lacretelle, History, vol. 11, p. 309; in Sir Archibald Alison, History of Europe, vol. 1, ch. 10). Тоа било како одглас на зборовите на фараонот: „Кој е Господ за да го послушам неговиот глас? Јас не го знам Господа!“ {ГБ 274.3}

„Рече безумниот во срцето свое: ’Нема Бог‘“ (Псалм 14:1). Бог кажува за оние што ја изопачуваат Неговата вистина: ,,Безумието нивно ќе им стане јасно на сите“ (2. Тимотеј 3:9). Откако одбила да му служи на живиот Бог, „Кој е висок и возвишен“, и „Кој живее во вечноста“, Франција паднала во понижувачко идолопоклонство, обожавајќи ја божицата на разумот во лицето на една развратна жена – и тоа во собранието на народните претставници и на нејзините највисоки граѓански и законодавни власти! Историчарот вели: „Една од церемониите во ова налудничаво време, ненадминлива е по апсурдот комбиниран со безбожност. Вратата на Собранието се отворила пред група музичари, придружувани од членовите на Градското собрание во свечена поворка. Пеејќи химни во чест на слободата, го следеле предметот на своето идно обожавање – една жена завиткана во свила која ја нарекле божица на разумот. Штом стигнала во салата, свечено ѝ ја тргнале свилата и ја поставиле од десната страна на претседателот. Во тој миг сите во неа препознале една танчарка од операта… На ова личност, како најпогоден претставник на разумот што го обожавале, француското Народно собрание ѝ укажало јавна почит. {ГБ 275.1}

Оваа безбожна и смешна церемонија станала некаков вид мода. Настанот се повторувал низ цела Франција. Божицата на разумот била поставувана насекаде, особено во оние места каде жителите сакале да докажат дека ѝ дораснале на револуцијата“ (Scott, vol. 1, ch. 17). {ГБ 275.2}

Говорникот што го вовел култот на разумот, нагласил: „Членови на законодавното собрание, фанатизмот му го отстапи местото на разумот“. Неговите матни очи не можеле да го поднесат сјајот на светлината. „Денес многу луѓе се собраа под овие готски сводови кои првпат ја одгласуваат вистината. Тука Французите ја извршуваат единствената вистинска служба на слободата и разумот. Тука положивме завет дека ќе работиме за успехот на републиканското оружје. Тука ги напуштивме мртвите идоли за љубов на разумот, на тој нов лик, ремек-дело на природата“ (M. A. Thiers, History of the French Revolution, vol. 2, pp. 370, 371). {ГБ 275.3}

Кога божицата била одведена во Собранието, претседателот ја фатил за раката и обраќајќи се до собранието, рекол: „Смртници, престанете да се тресете пред немоќниот гром на Бога, кого го создал вашиот страв. Од сега немојте да признавате ниту едно друго божество, освен божеството на разумот. Јас ви го претставувам неговиот најблагороден и најчист лик; ако морате да имате богови, принесувајте жртви само на такви каков што е овој… Паѓајте пред величествениот Сенат на слободата! Поклонете му се на разумот!“ {ГБ 276.1}

„Откако претседателот ја прегрнал божицата, таа влегла во раскошната кола, и среде бројниот народ била одведена во катедралата Нотр Дам, за да го заземе местото на божеството. Потоа била подигната на главниот олтар и сите присутни ѝ се поклониле“ (Alison, vol. 1, ch. 10). {ГБ 276.2}

Набргу потоа следело јавно спалување на Библијата. Во една прилика, членовите на здружението на народниот музеј влегле во Собранието со извици: „Да живее разумот!“ На врвот на еден стап носеле остатоци од разни книги, меѓу кои имало молитвеници, разни црковни книги, како и Стари и Нови завети, кои, како што рекол претседателот: „во големиот оган настрадале поради сите лудости на кои го навеле човечкиот род“ (Journal of Paris, 1793, No. 318. Quoted in Buchez-Roux, Collection of Parliamentary History, vol. 30, pp. 200, 201). {ГБ 276.3}

Папството почнало дело што сега безбоштвото го довршило. Папската политика создала такви општествени, политички и религиозни околности што Франција ја довеле до работ на пропаста. Писателите, зборувајќи за ужасите на револуцијата, истакнуваат дека овие испади мора да им се стават на товар на круната и на црквата (Види Додаток) Поточно, мора да ѝ се припишат на црквата која кралевите ги распалила против реформацијата, прикажувајќи ја како непријател на круната и како причина  за  нередите,  која  е опасна за мирот и за единството на народот. На овој начин Рим поттикнал најодвратна свирепост и најлошо насилство што кога и да е произлегло од некој престол. {ГБ 276.4}

Духот на слободата одел паралелно со Библијата. Насекаде каде што е примено евангелието, на луѓето им се отворале очите. Почнале да се ослободуваат од оковите на незнаењето, од пороците и од празноверието; почнале да мислат и да работат како луѓе. Кралевите тоа го виделе и почнале да се тресат за својата неограничена власт. {ГБ 277.1}

Рим не ја пропуштил можноста да ги поттикне нивните љубоморни стравови. Во 1525. година папата му рекол на францускиот регент: „Оваа манија (протестантизмот) ќе ја расипе и уништи не само религијата, туку и сите кнежевства, благородништвото, законите, редот и општествениот поредок воопшто” (G. de Felice, History of the Protestants of France, b. 1, ch. 2, par. 8). По неколку години, еден папски пратеник го предупредил кралот: „Ваше величество, немојте да се лажете. Протестантизмот ќе гo наруши и верскиот и граѓанскиот поредок… Престолот не е во помала опасност од олтарот… Воведувањето нова религија, неминовно ќe доведе до создавање на нова власт“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 36). Теолозите поттикнувале предрасуди кај народот, тврдејќи дека протестантското учење ги „наведува луѓето на новитети и глупости; кралот го лишува од љубовта и верноста на неговите поданици и ја опустошува црквата и државата“. Така Рим успеал да ја подигне Франција против реформацијата. „Мечот на прогонството најпрво бил извлечен во Франција за да се сочуваат престолот, законите и благородништвото“ (Wylie, b. 13, ch. 4). {ГБ 277.2}

Владателите не ги предвиделе последиците на оваа кобна политика. Библиското учење во срцата на луѓето би всадило начела на правда, умереност, вистина, еднаквост и човекољубие, кои претставуваат камен темелник на просперитетот на една нација. „Правдата народ подига“. „Со правда престолот се зајакнува“ (Изреки 14:34; 16:12). „Дело на правдата ќе биде мирот, и плод на праведноста – трајно спокојство и сигурност“ (Исаија 32:17). Оној кој се покорува на Божјиот закон, ќе го почитува и законот на својата земја. Кој се бои од Бога, ќе го почитува и владетелот кој праведно и законски владее. Но, несреќната Франција ја забранила Библијата и ги прогонила нејзините ученици. Со векови искрени, чесни, посветени и совесни луѓе, кои имале храброст да сведочат за вистината, страдале поради својата вера. Со векови биле присилувани да робуваат на галиите, да умираат на кладите или да гнијат по затвори. Илјадници од нив спасот го нашле во бегство; и тоа траело цели двесте и педесет години од почетокот на реформацијата. {ГБ 277.3}

„Во овој долг временски период речиси и да немало генерација Французи која не била очевидец на прогонството на евангелистите. Бегалците, со своето знаење, трудољубивост, уметност и смисла за ред и поредок, ги збогатиле земјите во кои наоѓале засолниште. На тој начин, земјата што им давала прибежиште станувала побогата, а нивната татковина сѐ посиромашна. Кога сите тие што биле протерани би останале во Франција; кога со своите способности во своите занаети би ја збогатувале својата земја; кога за овие три века нивната вештина во работата би била искористена во разни стопански гранки; кога нивниот творечки дух и истражувачки ум би ја збогатиле нејзината литература и наука; кога нивната мудрост би управувала со државните совети, а нивната храброст со битките, кога нивната праведност би создавала закони и кога Библиската религија би го јакнела умот и би управувала со совеста на народот, колкава би била славата на Франција! Таа денеска би била голема, напредна и среќна земја -пример на другите народи! {ГБ 278.1}

„Но, слепиот и бескомпромисен фанатизам го истерал од земјата секој учител на доблеста, секој борец за ред, секој искрен бранител на престолот; тој им зборувал на луѓето кои сакале и можеле својата земја да ја направат голема и славна: „Бирајте клада или прогонство!“ Конечно пропаста на државата била целосна. Немало повеќе совесни луѓе за убивање, немало верници осудени на клада, патриоти кои би требало да се прогонат“ (Wylie, b. 13, ch. 20). Со ова била предизвикана револуцијата со сите нејзини стравотии. {ГБ 279.1}

„По бегството на Хугенотите, дошло до сеопшто назадување во Франција. Напредните индустриски градови кои дотогаш цутеле, почнале да пропаѓаат; плодните области опустеле. По периодот на необичен напредок, настапила умна отапеност и морално опаѓање. Париз станал огромно сиротилиште, и се проценува дека пред избувнувањето на револуцијата двесте илјади сиромашни барале милостина од рацете на кралот. Во нацијата која се распаѓала, цветал само езуитскиот ред кој владеел со страшна тиранија над црквите и школите, затворите и галиите“. {ГБ 279.2}

Евангелието би ги решило сите политички и социјални проблеми во Франција, но свештенството, кралот и законодавците не му биле дораснати, и најпосле ја турнале нацијата во анархија и пропаст. Освен тоа, под влијание на Рим, народот ги заборавил Христовите поуки за самопожртвуваност и несебична љубов. Се одвикнал од штедење и самоодрекување во корист на другите. Богатите не чувствувале грижа на совест поради тоа што ги угнетувале бедните, а сиромашните останале беспомошни во своето слугување и понижување. Себичноста на богатите и моќните била сѐ поизразена и потешка. Незаситното и расипано благородништво, со векови ги угнетувало и експлоатирало селаните. Богатите ги ограбувале сиромашните, а сиромашните ги мразеле богатите. {ГБ 279.3}

Во многу покраини имотите биле во сопственост на благородниците, а работниците биле само наемници; тие зависеле од милоста на земјопоседниците, и биле присилени да ги задоволуваат нивните претерани барања. Товарот за издржување на црквата и државата паднал врз грбот на средната и ниската класа, кои биле оптоварени со големи даноци од страна на граѓанската и духовната власт. „Самоволието на благородниците се сметало за врховен закон; земјоделците и селаните можеле да умрат од глад, а нивните угнетувачи воопшто да не се грижат за тоа… Народот бил присилен исклучиво да внимава на интересите на своите господари. Земјоделците живееле живот исполнет со тешкотии и беда. Ако се осмелеле да се пожалат, тогаш биле најдрско презирани. Судовите секогаш биле на страната на благородниците, а против селаните. Судиите јавно примале мито, а самоволието на аристократијата се сметало за закон. Одвај половина од данокот, изнуден од народот, стигнувал во кралската или црковната благајна; сѐ се растурало во развратни забави. Луѓето, кои на овој начин ги ограбувале своите сонародници, биле ослободени од сите даноци и според законот или обичаите имале право на секоја државна служба. Имало сто и педесет илјади припадници на привилегираната класа, а поради нивните задоволства, милиони биле осудени на безнадежен и недостоен живот“ (Види Додаток). {ГБ 279.4}

Дворот живеел во луксуз и расипаност. Меѓу народот и власта владеела недоверба. Народот со сомнеж гледал на сите мерки што ги преземале властите. Повеќе од половина век пред револуцијата на престолот седел Луј XV, кој, дури и во тие тешки времиња бил мрзелив, лекомислен и неморален. Набљудувајќи ја расипаноста и свирепоста на аристократијата, осиромашеноста и непросветленоста на ниската класа, финансиските неприлики и огорченоста на народот, навистина не било потребно пророчко око за да се предвиди катастрофата што ја снашла Франција. На предупредувањето од советниците кралот обично одговарал: „Настојувајте вака да остане додека јас сум жив, по мојата смрт што сака нека биде“. Напразни биле предупредувањата за реформа. Тој го видел злото, но немал ниту храброст ниту сила да го спречи. Судбината што ја очекувала Франција најсликовито е прикажана во неговиот бесчувствителен и себичен одговор: „После мене, потоп!“ {ГБ 280.1}

Користејќи ја зависта на кралевите и владејачките класи, Рим влијаел врз нив народот да го држат во ропство, знаејќи добро дека тоа ќе ја ослаби државата. На тој  начин сакал да ја наметне својата власт и над владетелите и над народот. Водејќи далекусежна политика, папството согледало дека, доколку сака луѓето да ги направи послушни робови, мора да ги зароби и нивните души. Најсигурен начин да спречи бегство од ропството, било да ги направи луѓето неспособни да живеат во слобода. Моралната пониженост била илјада пати пострашна од физичките страдања, кои биле последица на нивната политика. Без Библијата, поучуван во дух на себичност и фанатизам, народот тонел длабоко во незнаење, празноверие и пороци, така што станал сосема неспособен да владее со себеси. {ГБ 281.1}

Сепак, резултатот на сето тоа бил сосема поинаков од она што го очекувал Рим. Наместо да ги задржи масите со своите догми во слепа покорност, од нив направил неверници и револуционери. Овие го презреле католицизмот како папска измислица, а свештенството го сметале одговорно за своето угнетување. Единствен бог што тие го познавале бил богот Рим. Римската наука била нивна единствена религија. Лакомството и свирепоста на Рим ги сметале за природен плод на Библијата и затоа не сакале да знаат ништо за неа. {ГБ 281.2}

Рим лажно го претставувал карактерот на Бога и ги изопачувал Неговите барања, затоа луѓето ја отфрлиле Библијата и нејзиниот Автор. Папството од народот барало слепо верување во нивните догми, тврдејќи дека тоа е во согласност со Светите списи на Библијата. Како реакција на тоа, Волтер и неговите соработници потполно го отфрлиле Божјото слово и насекаде ширеле отров на неверство. Рим го газел народот со железни нозе, затоа понижениот и тероризиран народ отфрлил секакво ограничување. Гневен што толку долго и слепо ѝ се поклонувал на една блескотна измама, народот во исто време ја отфрлил и вистината и заблудата. Сметајќи ја разузданоста за слобода, робовите на порокот ја славеле својата божемна слобода. {ГБ 281.3}

Во почетокот на револуцијата, со кралско одобрение народот во Народното собрание добил претставништво кое бројно го надминувало свештенството и благородништвото. Така власта преминала во рацете на народот, но тој не знаел да ја употреби мудро и умерено. Сакајќи што побргу да ги исправи неправдите што ги претрпел, веднаш решил да го измени општественото уредување. Навредениот народ, чиишто мисли биле полни со горчина и со спомени од старите неправди, решил да го урне неподносливиот поредок и да им се одмазди на оние што ги сметал како причина за своите страдања. Угнетуваните ја користеле поуката што ја научиле од тираните: станале угнетувачи над оние што до тогаш ги угнетувале нив. {ГБ 282.1}

Несреќната Франција во крв ги жнеела страшните плодови од семето што го посеала. Страшни биле последиците на нејзиното робување на Рим. Онаму каде што Франција, под влијание на папството, во почетокот на реформацијата ја подигнала првата клада, тука револуцијата ја подигнала својата прва гилотина. На истото место, каде што во шеснаесеттиот век биле спалени првите маченици на протестантската вера, во осумнаесеттиот век паднале првите жртви на револуцијата. Отфрлајќи го евангелието, кое би ѝ донело исцелување, Франција ширум ја отворила вратата на неверството и пропаста. Кога биле отфрлени ограничувањата на Божјиот закон, се покажало дека човечките закони не можат да ги задржат страшните поплави на човечките страсти. Меѓу народот завладеал дух на револт и анархија. Војната против Библијата одбележала еден временскиот период кој во историјата е познат како „власт на теророт“. Мирот и среќата биле протерани од домовите и срцата на луѓето. Никој не бил сигурен. Оној кој денес победил, утредента можел да биде осомничен и осуден. Неограничено завладеале насилство, расипаност и алчност. {ГБ 282.2}

Кралот, свештенството и благородништвото биле присилени да ги поднесат страшните свирепости на разгневениот народ. Убиството на кралот, уште повеќе ја засилило жедта за одмазда; и оние што заповедале да се убие кралот, наскоро биле одведени на губилиште. Било решено без милост да се убијат сите осомничени непријатели на револуцијата. Затворите биле преполни; едно време во нив имало над двесте илјади затвореници. Низ цела Франција се случувале страшни сцени. Една револуционерна партија војувала против друга и Франција се претворила во огромно бојно поле помеѓу народните маси со кои завладеал бесот на насобраните страсти. „Во Париз буните и нередите избувнувале едни по други, а граѓанството било поделено на различни партии кои како што изгледало, немале никаква цел освен меѓусебно да се истребат“. За да биде состојбата уште полоша, Франција се вплеткала во долга и исцрпувачка војна со големите сили на Европа. „Земјата била на работ на целосна пропаст, војската кренала бунт поради неисплатените лични примања. Парижаните умирале од глад, во внатрешноста на земјата опустошувале разбојници, а цивилизацијата речиси згаснала поради анархија и разврат“. {ГБ 283.1}

Народот мошне добро ги научил лекциите на свирепост и измачување на кои Рим трудољубиво го научил. Конечно дошол денот на освета. Сега Христовите следбеници повеќе не биле фрлани во затвори и водени на клади. Тие одамна изгинале, или биле протерани од татковината. Свирепиот Рим сега ја почувствувал смртоносната сила на оние што ги воспитувал да уживаат во крвопролевањето. „Вековното прогонство и најсвирепото мачење на обесправените, предводено од свештениците, сега се свртело против нив со сета жестина. Губилиштата се црвенееле од крвта на свештениците. Галиите и затворите, некогаш полни со Хугеноти, сега биле преполни со нивните прогонувачи. Оковани во клупите, напорно веслајќи, католичките свештеници ги преживеале сите маки што нивната црква толку дарежливо им ги задавала на благородните еретици“ (Види Додаток). {ГБ 283.2}

„Дошло време кога најварварските закони стапиле на сила, кога никој не можел да го поздрави соседот ниту пак да се помоли на Бога… а со тоа да не се изложи на смртна опасност. Тоа било време кога шпионите демнеле на секој агол; кога гилотината работела од рано наутро; кога затворите биле толку преполни како бродови претоварени со робови; и кога од уличните канали во Сена се сливала човечка крв… Додека низ улиците на Париз секојдневно минувале коли натоварени со жртви водени на губилиште, намесниците во провинциите, испратени од Владата, вршеле насилства поголеми и од оние во престолнината. Ножот на смртоносната машина се дигал и паѓал премногу бавно, не можејќи да фати чекор со делото на погубување. Долги редови затвореници се убивани со плотуни. Бродови преполни со несреќни жртви биле потопувани. Лион бил претворен во пустелија. Во Арас затворениците биле лишени дури и од свирепата милост на брза смрт. По течението на реката Лоара, од Сомир до морето, големи јата на врани и гаврани се гостеле со голите лешеви што меѓусебно биле испреплетени во одвратни прегратки. Немало милост ниту кон полот ниту кон годините. Бројот на седумнаесетгодишни момчиња и девојки, кои ги погубила свирепата власт, се качувал на стотици. Новороденчињата, што биле одземени од мајчините гради, биле фрлани како играчки од копје на копје на построените Јакобинци“ (Види Додаток). Во краток период од десет години, загинале илјадници човечки суштества. {ГБ 284.1}

Сето тоа се одиграло според желбата на сатаната. Се исполнил неговиот вековен стремеж. Од почеток до крај, тој се служи само со измама, а негова непроменлива одлука е на луѓето да им нанесува болка, жалост и несреќа, да го осрамоти и извалка Божјото дело, да ги омаловажи Неговите намери на добрина и љубов и со тоа да предизвика жалост на небото. Потоа, со своите лукави трикови ги заслепува луѓето и ги наведува злото што им го нанесува да му го припишат на Бога, како сите тие несреќи да се од Бога одредени и неизбежни. Жртвите кои долго ги понижува и малтретира со својата свирепа моќ, кога еднаш ќе извојуваат слобода, ги поттикнува на испади и на ѕверства. Тогаш оваа слика на неограничена разузданост угнетувачите ја користат како илустрација на резултатите кои ги донесува слободата. {ГБ 284.2}

Ако измамата биде откриена во еден вид, тогаш сатаната ја облекува во друга облека, и мнозинството луѓе ја прифаќаат исто толку алчно како и порано. Кога луѓето се осведочиле дека римокатолицизмот е измама, сатаната не можел повеќе да ги наведува да го прекршуваат Божјиот закон, тогаш ги навел секоја религија да ја сметаат за измама, а Библијата за бајка. Откако ги отфрлиле Божјите закони, луѓето се предавале на незауздано беззаконие. {ГБ 285.1}

Кобната грешка, која на Франција ѝ донела толку несреќи, била непочитувањето на големата вистина дека вистинската слобода се наоѓа во почитувањето на Божјиот закон. „О, да беше ги слушал Моите заповеди! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда – како морски бранови“. „Нема мир за безбожниците, вели Господ“ (Исаија 48:18,22). „Но кој Мене ме слуша, ќе живее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото“. (Изреки 1:33). {ГБ 285.2}

Оние кои не веруваат во Бога и отпаѓаат од верата, му се противат и на Божјиот закон и ја одрекуваат неговата важност; но последиците од нивното влијание докажуваат дека напредокот на човештвото зависи од послушноста кон Божјите уредби. Оние што не сакаат да ја научат оваа вистина од Божјата книга, повикани се да ја научат од историјата на народите. {ГБ 285.3}

Кога сатаната се служел со Римската црква да ги одврати луѓето од патот на послушноста, неговата рака била толку вешто скриена и неговата работа така маскирана, што изопачувањето и бедата што ги предизвикал тој не се сметани за плод на престапот. Но, со дејствувањето на Светиот Дух неговата моќ била ограничена во толкава мера, што неговите намери не можеле да созреат и да донесат свој целосен плод. Народот не ги поврзал последиците со причината и не можел лесно да открие што го довело во таква жална состојба. Во текот на револуцијата Народното собрание отворено го отфрлило Божјиот закон, а за време на теророт што настапил потоа, секој можел да ја види вистинската врска меѓу причината и последиците. {ГБ 285.4}

Кога Франција јавно се откажала од Бога и ја отфрлила Библијата, безбожниците и духовите на темнината се радувале што најпосле ја постигнале толку саканата цел – да ја видат земјата ослободена од ограничувањата на Божјиот закон. „Кога нема брза пресуда за зло дело, човечкото срце е наклонето да прави зло“ (Проповедник 8:11). Но, престапувањето на еден праведен и свет Закон нужно повлекува по себе страдање и пропаст. Иако казната не доаѓа веднаш по престапот, сепак е сигурно дека таа не изостанува. Вековите на отпадот и злосторствата собирале гнев за денот на одмаздата, и кога се наполнила мерката на нивното беззаконие, презирачите на Бога предоцна сфатиле колку е страшно кога ќе се потроши Божјото трпение. Божјиот Дух, кој ја зауздува свирепата сатанска сила, во голема мера се повлекол, и оној што ужива во страдањата на луѓето можел да работи по своја волја. Оние што избрале патека на бунт, набргу ги жнееле нејзините плодови, додека земјата се наполнила со злосторства премногу страшни за перото да може да ги опише. Од опустошените покраини и разурнати градови се слушнал страшен крик – крик на очај. Франција се затетеравила како да ја потресол силен земјотрес. Верата, законот, општествениот поредок, семејството, црквата и државата – сето тоа е урнато со безбожната рака која се подигнала против Божјиот закон. Вистинити се зборовите на мудриот проповедник: „Нечестивиот ќе падне поради својата нечесност“. „Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам дека ќе им биде добро само на оние, што имаат страв од Бога, кои со почит стојат пред лицето Негово; а за безбожниот нема да има добро“ (Изреки 11:5; Проповедник 8:12,13). „Затоа што го намразија знаењето и не го примија стравот Господов… поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта и ќе се наситуваат од своите замисли“ (Изреки 1:29-31). {ГБ 286.1}

Иако богохулната сила, „која излегува од бездна“, ги погубила Божјите верни сведоци, сепак, тие нема долго да останат замолкнати. „И по три и пол дена во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние што ќе ги гледаат“ (Откровение 11:11). Во 1793. година француското Народно собрание изгласало укинување на христијанската религија и забрана на Светото Писмо. Три и пол години подоцна истото Собрание ја укинало својата поранешна одлука и пак ѝ дало слобода на Библијата. Светот бил вџашен од поплавата на злото што се појавило како последица на отфрлањето на Божјото слово и луѓето ја увиделе потребата од вера во Бога и во Неговото слово како темел на доблеста и моралот. Господ кажал: „Кого ти прекоруваше и навредуваше? Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо очите свои? Против Светецот Израелов“ (Исаија 37:23). „Затоа, еве, Јас ќе ги научам, ќе им ја покажам Својата рака и силата Своја, па ќе познаат дека името Мое е Јахве“ (Еремија 16:21). {ГБ 287.1}

За двајцата сведоци пророкот понатаму кажува: „Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: ’Искачете се ваму!‘ И тие ќе се искачат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги видат“ (Откровение 11:12). Откако Франција им објавила војна на двајцата сведоци, тие се почитувани повеќе од кога и да е порано. Во 1804. година основано е британското библиско друштво. На европскиот континент се основани слични друштва со многубројни филијали. Во 1816. година основано е американско библиско друштво. Кога било основано британското библиско друштво, тогаш Библијата е печатена на педесет јазици. До денес таа е преведена на повеќе стотици јазици и дијалекти (Види Додаток). {ГБ 287.2}

Во текот на педесетте години што ѝ претходеле на 1792. година, малку внимание и било посветено на мисионерската дејност во странските земји. Ниедно ново друштво не било основано, и имало малку верски заедници што се обиделе да го шират христијанството и во незнабожечките земји. Но, пред крајот на осумнаесеттиот век дошло до големи промени. Луѓето повеќе не се задоволувале со резултатите од рационализмот и тие почувствувале потреба за божествено откровение и практична, жива религија. Од тоа време, мисијата во странските земји тргнала напред како никогаш порано (Види Додаток). {ГБ 287.3}

Усовршувањето на печатарската вештина многу придонело за ширењето на Библијата. Подобрувањето на средствата за комуникација меѓу државите, отстранувањето на старите пречки, предрасудите или претераниот национализам, загубата на светската власт од страна на папата – сето тоа го отворило патот за ширење на Библијата во светот. Неколку години подоцна Библијата слободно се продавала на улиците на Рим, и навлегла во сите населени делови на земјината топка. {ГБ 288.1}

Неверниот Волтер, фалејќи се, еднаш рекол: „Уморен сум постојано да слушам дека христијанската религија ја основале дванаесет луѓе. Јас ќе докажам дека е доволно еден човек да ја урне“. Поминал еден ипол век од неговата смрт. Милиони му се придружиле во војната против Библијата, но не ја уништиле. Таму каде што во времето на Волтер имало сто примероци на Светото Писмо, денеска има десет илјади, па и сто илјади. Еден реформатор кажал: „Библијата е наковална на која се истрошиле многу чекани“. Господ кажува: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик кој би се подигнал против тебе на суд, ти ќе го обвиниш“ (Исаија 54:17). {ГБ 288.2}

„А словото на нашиот Бог останува вечно“ (Исаија 40:8). „Верни се сите заповеди Негови, утврдени засекогаш, засновани врз верност и правдина“ (Псалм 111:7.8). Сѐ што е изградено на човечки авторитет, ќе се распадне порано или подоцна; но она што е изградено на карпата на непроменливото Божјо слово, ќе остане засекогаш. {ГБ 288.3}

Сподели го ова:

Слични објави