17 Утрински предвесници
Библијата за нив била темел на верата, извор на мудроста и устав на слободата. Нејзините начела трудољубиво се проучувале во домот, на училиште и во црквата, а нејзините плодови се покажале во благосостојбата, образованоста, моралната чистота и умереноста. Можел некој со години да живее во пуританските колонии, „а да не сретне пијан човек, да не чуе ниту една пцовка, и да не види ниту еден просјак” (Bancroft, pt. 1, ch. 19, par. 25). Тоа претставувало очигледен доказ дека начелата на Библијата се вистинска гаранција за националната големина. Слабите и зафрлени колонии прераснале во сојуз на моќни држави, а светот со чудење забележал како во мир и напредок се развива „црква без папа и држава без крал”. {ГБ 296.3}
Но, кон брегот на Америка постојано доаѓале луѓе чиишто намери немале никаква врска со мотивите на првите доселеници. Иако едноставната вера и чистиот живот имале големо влијание, сепак, тоа влијание сѐ повеќе слабеело сообразно со зголемувањето на бројот на оние што барале само материјална корист. {ГБ 296.4}
Уредбата донесена од страна на првите колонисти: дека само членовите на црквата имаат право на глас, и дека само тие можат да заземат одговорни позиции во државната служба – донела катастрофални последици. Овие мерки се воведени како средство да се сочува чистотата на државата, но тие предизвикале пропаст на црквата. Бидејќи исповедањето на верата станало услов да се добие правото на глас и работно место во државната служба, мнозина ѝ се придружиле на црквата водени исклучиво од материјални побуди, не доживувајќи промена на срцето. Така членството на црквата во голема мера се состоело од необратени луѓе; дури и меѓу проповедниците имало такви кои не само што проповедале заблуди, туку и за силата на светиот Дух, кој единствено може да го прероди срцето, не знаеле ништо. Пак се покажало – она што толку често можело да се види во историјата на црквата од деновите на царот Константин до денес – како не треба црквата да се подига со помош на државата и да се повикува световната власт да го поддржува евангелието на Оној кој рекол: „Моето царство не е од овој свет“ (Јован 18:36). Соединувањето на црквата со државата, па тоа и да е во најмал степен, не го приближува светот кон црквата, како што се чини, туку, всушност, секогаш црквата ја приближува кон светот. {ГБ 297.1}
Големиот принцип, толку благородно застапуван од Робинсон и Роџер Вилијамс: дека вистината е прогресивна и дека христијаните треба да бидат подготвени да прифатат секој нов зрак на светлина, што може да засвети од Божјото слово, нивните потомци ја изгубиле од вид. Протестантските цркви во Америка, како и оние во Европа, кои имале среќа да го примат благословот на реформацијата, не успеале да напредуваат на патот на започнатата реформа. Иако од време на време, понекои верни луѓе станувале да ги проповедаат новите вистини и да ги разоткријат долго негуваните заблуди, повеќето, како и Евреите во времето на Христа и папистите во времето на Лутер, биле наклонети да веруваат само во она во што верувале нивните татковци и да живеат како што живееле тие. Затоа нивната вера повторно прераснала во формализам; а заблудите и празноверието кои, кога црквата би продолжила да живее во светлината на Божјото слово, можеле да бидат отфрлени, се задржале дури и биле омилени. Така духот на реформацијата постепено исчезнувал, и најпосле во протестантските цркви се појавила иста потреба од реформа како и во Римската црква во времето на Лутер. Тука владеел истиот светски дух, истото духовно мртвило, истото обожавање на човечкото мислење, а на местото на Божјото слово се издигнувале човечки теории. {ГБ 297.2}
Силното ширење на Библијата во почетокот на деветнаесеттиот век и огромната светлина што се излеала на тој начин врз светот, не донеле соодветен напредок во познавањето на откриените вистини и во религиозниот живот. Сатаната не можел, како во старо време, Божјото слово да го држи далеку од народот; тоа секому му било при рака; но сепак, за да ја постигне својата цел, мнозина навел да не го ценат доволно. Луѓето не го истражувале Светото Писмо и затоа продолжиле да ги прифаќаат лажните толкувања и да негуваат учења што немале библиски темел. {ГБ 298.1}
Гледајќи дека не може да ја уништи вистината со прогонства, сатаната повторно го прифатил планот на компромисот, кој во првите векови довел до голем отпад и до создавање на Римската црква. Тој ги навел христијаните да се соединат, сега не со незнабошците, како во времето на царот Константин, туку со оние кои, обожавајќи го богатството на овој свет, се покажале исто толкави идолопоклоници. Последиците од ова соединување биле исто толку опасни како и оние во минатите векови. Гордоста и раскошот се негувале под наметките на верата, а црквите се расипале. Сатаната продолжил да ги извртува учењата на Библијата, а човечките традиции кои ќе уништат милиони души, фатиле длабок корен. Црквата ја чувала и штитела традицијата, наместо да се бори „за вистинската вера, која им е дадена на светиите еднаш засекогаш” (Јуда 3). Така биле омаловажени начелата за кои реформаторите толку многу се залагале и страдале. {ГБ 298.2}
- УТРИНСКИ ПРЕДВЕСНИЦИ
Една од најсвечените и најславни вистини откриени во Библијата е вистината за второто Христово доаѓање кој ќе дојде да го доврши големото дело на откупувањето. Ветувањето за доаѓањето на Оној кој е „воскресение и живот”, Кој „заточените пак ќе ги врати дома”, на Божјиот патнички народ, кој мора толку долго да патува низ „долината на смртната сенка”, му дава славна и блажена надеж. Учењето за второто Христово доаѓање е главна наука на Светото Писмо. Почнувајќи од денот кога првиот човечки пар со жално срце го напуштил Едем, децата на верата го чекале доаѓањето на Ветениот, Кој ќе ја скрши моќта на непријателот и повторно ќе ги врати во изгубениот рај. Светите луѓе од далечното минато, во славното доаѓање на Месијата гледале исполнување на своите надежи. Енох, седмиот од Адам, „кој триста години живеел еднакво по Божја волја“, ја имал таа чест оддалеку да го посматра доаѓањето на Ослободителот. „Ете”, рекол тој, „доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да им суди на сите” (Јуда 14:15). А патријархот Јов, во ноќта на своите маки извикал со непоколеблива сигурност: „Но јас знам: Заштитникот мој е жив; Тој го има последниот збор на оваа земја… кога ќе се распадне кожата моја, во телото мое ќе Го видам Бога. Јас сам ќе Го видам; моите очи, не очите на друг, ќе Го видат Него” (Јов 19:25-27). {ГБ 299.1}
Христовото доаѓање, со кое ќе биде воспоставено царството на правдата, ги инспирирало авторите на светите книги на највозвишени и најогнени зборови. Библиските поети и пророците пишувале за тоа со зборови што гореле со небесен жар. Пеејќи за моќта и величината на Израелскиот Цар, Псалмистот вели: „Од Сион, кој е врв на убавината, заблескува Бог; доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи… Тој ќе ги повика небото горе и Земјата, за да му суди на Својот народ” (Псалм 50:2-4). „Нека се развесели небото и да се возрадува Земјата!… зашто иде, зашто Тој иде да и суди на Земјата. Тој ќе и суди на вселената по правда, и на народите – според Својата вистина” (Псалм 96:11-13). {ГБ 300.1}
Пророкот Исаија вели: „Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав; зашто Твојата роса е роса на светлина, и земјата ќе ги даде мртовците”. „Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ. И ќе речат во тој ден: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нè спаси! Тој е Господ; Него Го чекавме; да се радуваме и веселиме за спасението од Него” (Исаија 26:19; 25:8.9). {ГБ 300.2}
И Авакум, во занес од светата визија, го опишува Христовото доаѓање: „Бог дојде од Теман и Светецот од гората Паран. Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила Тој стана и земјата се затресе; погледа – и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа; но патиштата Негови се вечни… Па си седнал на коњите Свои, на победничките бојни коли… Кога Те видоа, планините затреперија… бездната го пушти гласот свој. Месечината застана на своето место пред болскотот на вперените стрели Твои, пред светкањето на сјајните копја Твои… Ти излегуваш за спасение на народот Твој, за спасение на помазаникот Свој” (Авакум 3:3-13). {ГБ 300.3}
Пред да се раздели со Своите ученици, Спасителот ги тешел со уверување дека повторно ќе дојде: „Да не се плаши срцето ваше… Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење… Одам да ви приготвам место. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе” (Јован 14:1-3). „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи” (Матеј 25:31.32). {ГБ 301.1}
Ангелите, кои им се јавиле на учениците на Маслиновата Гора по Христовото вознесение, им го повториле ветувањето за Неговото враќање: „Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1:11). А апостол Павле, инспириран со Светиот Дух, сведочи: „Бидејќи Сам Господ со заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото” (1. Солунјаните 4:16). Пророкот од Патмос вели: „Ете, иде со облаци, и ќе го види секое око” (Откровение 1:7). {ГБ 301.2}
Од Неговото славно доаѓање зависи воспоставувањето на сè „што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот” (Дела 3:21). Тогаш ќе се скрши долготрајното владеење на злото; „Царството на светот“ ќе стане „царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови” (Откровение 11: 15). Тогаш „ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат”. „Господ Бог ќе направи да никне правда и слава пред сите народи”. „Во тој ден Господ Саваот ќе биде убав венец и славна круна за остатокот од Својот народ” (Исаија 40:5; 61:11; 28:5). {ГБ 301.3} Тогаш долго очекуваното царство на Месијата, царството на мирот ќе се воспостави под целото небо. „Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пустините негови како рај и степите негови – како градина Господова”. „Славата на Ливан ќе му се даде, великолепието – на Кармил и Сарон”. „Нема веќе да те нарекуваат ‘оставен’, ниту земјата твоја повеќе ќе ја именуваат ‘пустина’, туку ќе те нарекуваат ‘Мое благоволение кон него’, а земјата твоја – ‘омажена’”. „Како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог” (Исаија 51:3; 35:2; 62:4.5). {ГБ 302.1}
Доаѓањето на Господ во сите векови било блажена надеж на Неговите вистински следбеници. Ветувањето што го дал Спасителот при разделбата на Маслиновата Гора дека повторно ќе дојде, на Неговите ученици им ја расветлуваше иднината, нивните срца ги исполнуваше со радост и надеж која никаква жалост не можеше да ги угаси ниту прогонство да ги затемни. Среде страдањата и прогонствата, „славното јавување на нашиот Семоќен Бог и Спасител, Исус Христос”, претставуваше „блажена надеж” (Тит 2:13). Кога солунските христијани ја оплакувале загубата на своите мили, кои се надевале дека ќе останат живи до Христовото враќање, апостол Павле ги тешел зборувајќи им за воскресението што ќе се случи при Христовото доаѓање. Тогаш ќе воскреснат мртвите во Христа и заедно со живите ќе бидат земени во пресрет на Христа на небото. „А потоа”, кажува тој, „секогаш ќе бидеме со Господ. Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови” (1. Солунјаните 4:16-18). {ГБ 302.2}
На карпестиот Патмос, љубениот ученик го слушнал ветувањето: „Да, ќе дојдам скоро!” а неговиот одговор, полн со копнеж, ја изразува молитвата на црквата низ сите векови: „Да, дојди, Господи Исусе” (Откровение 22:20). {ГБ 302.3}
Од затворите, кладите, и губилиштата, каде светите и мачениците храбро сведочеле за вистината, одекнува во сите векови овој ист извик на вера и надеж. „Цврсто осведочени дека Христос навистина воскреснал, и дека според тоа и нив ќе ги повика од гробот при Своето второ доаѓање”, еден од таквите христијани рекол дека „тие ја презреле смртта и се издигнале над неа” (Daniel T. Taylor, The Reign of Christ on Earth: or, The Voice of the Church in All Ages, page 33). Биле готови да слезат во гроб за да можат од него „да излезат слободни” во мигот на воскресението. (Исто, page 54). Сите тие очекувале „на облаците да дојде Господ во славата на Неговиот Отец” и да „настапи времето светите да го преземат царството”. (Исто, pages 129-132). Истата вера ја негувале и Валденжаните. Виклиф доаѓањето на Спасителот го сметал за надеж на црквата (Исто, pages 132-134). {ГБ 302.4}
Лутер изјавил: „Јас навистина сум убеден дека до судниот ден нема да поминат ниту триста години. Бог не сака и не може да го трпи овој расипан свет многу подолго”. „Се приближува големиот ден кога царството на гнасотиите ќе биде соборено” (Исто, pages 158, 134). {ГБ 303.1}
„Овој остарен свет не е далеку од својот крај”, рекол Меланхтон. Калвин ги повикувал христијаните „да не се двоумат и со сето срце да копнеат за денот на Христовото доаѓање како за најсвет настан”, и изјавил дека „целото семејство на верните очите ги насочило кон тој ден”. „Мораме да копнееме за Христа, да Го бараме, да размислуваме за Него“, рекол тој, „до разденувањето на оној голем ден, кога нашиот Господ целосно ќе ја открие славата на Своето царство” (Исто, pages 158, 134). {ГБ 303.2}
„Нели нашиот Господ Исус се вознел на небото во наше тело?” рекол шкотскиот реформатор Нокс, „и зарем нема пак да дојде? Ние знаеме дека Тој пак ќе дојде и тоа мошне бргу”. Ридли и Латимер, кои ги положиле своите животи за вистината, исто така со вера го гледале Господовото доаѓање. Ридли напишал: „Без сомнение – јас во тоа верувам, и затоа зборувам – светот се приближува кон својот крај. Да извикнеме заедно со Божјиот слуга Јован во нашите срца кон нашиот Спасител Исус Христос: Дојди, Господи Исусе, дојди!” (Исто, pages 151, 145). {ГБ 303.3}
„Мислата за Господовото доаѓање”, рекол Бакстер, „помила ми е од сѐ друго” (Richard Baxter, Works, vol. 17, p. 555). „Дело на верата и одликата на Неговите свети е да го сакаат Неговото доаѓање и желно да го очекуваат остварувањето на таа блажена надеж”. „Ако смртта е последниот непријател кој ќе биде уништен при воскресението, тогаш можеме да разбереме зошто верните треба да копнеат и да се молат за Христовото доаѓање кога и оваа последна победа ќе биде извојувана” (Исто, vol. 17, p. 500). Тоа е ден кој сите верни треба да го очекуваат и за кој треба да копнеат, зашто тогаш целосно ќе се оствари делото на нивниот откуп и ќе се исполнат сите нивни желби и стремежи. „Побрзај, о Господе, со овој благословен ден” (Исто, vol. 17, pp. 182, 183). Таква била надежта и на апостолската црква, „црквата во пустината” и на реформаторите. {ГБ 303.4}
Пророштвото не зборува само за начинот и целта на Христовото доаѓање, туку ги дава и знаците со кои луѓето можат да знаат дека тој настан е близу. Исус рекол: „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите” (Лука 21:25). „Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите небески ќе паѓаат, и силите, што се на небото, ќе попуштат. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема сила и слава” (Марко 13:24-26). А Јован во Откровението, првите знаци што ќе му претходат на второто Христово доаѓање ги опишува вака: „Настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв” (Откровение 6:12). {ГБ 304.1}
Овие знаци се забележани пред почетокот на деветнаесеттиот век. Како исполнување на ова пророштво (Откровение 6:12) во 1755. година се случил најстрашниот земјотрес кој кога и да е, е забележан. Иако е познат како лисабонски земјотрес, тој се проширил и на поголемиот дел од Европа, Африка и Америка. Се почувствувал во Гренланд, во Западна Индија, на островот Мадеира, во Норвешка и Шведска, Велика Британија и Ирска. Опфатил површина поголема од шест милиони квадратни километри. Во Африка земјотресот се почувствувал речиси исто толку силно како во Европа. Голем дел од Алжир бил уништен, а недалеку од Мароко едно гратче кое имало околу осум до десет илјади жители било проголтано. Огромен бран го зафатил брегот на Шпанија и Африка, поплавувајќи градови и предизвикувајќи голема пустош. {ГБ 304.2}
Во Шпанија и Португалија потресот бил најразорен. Во Кадис еден бран, велат очевидците, достигнал речиси осумнаесет метри. Некои од највисоките планини во Португалија се потресле речиси до темел; врвовите на некои планини се отвориле, и потоа на чуден начин се распукале и се парчосале, при што огромни карпи се фрлени во соседните долини. Се зборува дека од тие планини избувнал пламен” (Sir Charles Lyell, Principles of Geology, page 495). {ГБ 304.3}
Во Лисабон „прво се слушнал подземен татнеж, а веднаш потоа еден силен удар го срушил поголемиот дел од градот. За шест минути загинале шеесет илјади луѓе. Морето најнапред се повлекло оставајќи зад себе сув песочен брег; а потоа со страшен налет се вратило назад, подигајќи се преку петнаесет метри или повеќе над вообичаеното ниво”. „Покрај другите невообичаени настани што се случиле за време на катастрофата во Лисабон, се спомнува исчезнувањето на новоизградениот кеј, кој со огромни трошоци бил изграден целосно од мермер. Големо мноштво се собрало тука поради безбедност, за да бидат надвор од дофатот на урнатините што паѓале; но, одеднаш кејот потонал заедно со сите луѓе што се наоѓале на него, и ниедно мртво тело не испливало на површината” (Исто, page 495). {ГБ 305.1}
„Ударот на земјотресот предизвикал уривање на сите цркви и манастири, на речиси сите големи јавни згради и на повеќе од една четвртина од куќите. Околу два часа по земјотресот, во разни делови на градот избувнале пожари, кои речиси три дена беснееле со таква жестина, така што градот бил целосно опустен. Земјотресот се случил на денот на еден празник, кога црквите и манастирите биле полни со посетители; и малку луѓе се спасиле” (Encyclopedia Americana, art. “Lisbon“, note (ed. 1831)). „Стравот на народот бил неопислив. Никој не плачел; трагедијата ги задушила солзите. Луѓето трчале натаму – наваму, избезумени од страв и ужас, удирајќи се во лице и гради, викајќи: ‘Мизерикордиа! (Милост, милост) – дојде крајот на светот!’ Мајките заборавиле на своите деца и трчале по улиците со распетие во рацете. За жал, мнозина трчале кон црквите, барајќи заштита. Залудно била изложена светата тајна; залудно овие несреќни созданија ги прегрнувале олтарите, иконите и статуите на светците; свештениците и народот – сите заедно биле закопани во урнатините”. Се проценува дека околу деведесет илјади луѓе ги загубиле своите животи во тој кобен ден. {ГБ 305.2}
Дваесет и пет години подоцна се појавил следниот знак спомнат во пророштвото – затемнување на сонцето и месечината. Овој знак бил впечатлив затоа што времето на неговото појавување било точно одредено. Во разговорот со Своите ученици на Маслиновата Гора, опишувајќи го долгиот период на искушенија за црквата, 1260 – те години на папските прогонства, за кое ветил дека ќе биде скратено – Спасителот спомнува некои настани што треба да му претходат на Неговото доаѓање и го одредува времето кога првиот од нив треба да се појави: „Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина” (Марко 13:24). Споменатите 1260 дена или години завршуваат во 1798. година. Четврт век порано, прогонствата речиси сосема престанале. По овие прогонства, според Христовите зборови, сонцето треба да се затемни. Ова пророштво се исполнило на 19. мај 1780. година. {ГБ 306.1}
„Речиси осамен меѓу феномените од овој вид стои таинствениот и до денес неразјаснет мрачен ден, 19. мај 1780. година – неразјаснетото затемнување на целото видливо небо и на атмосферата во Нова Англија” (R. M. Devens, Our First Century, page 89). {ГБ 306.2}
Еден очевидец од Масачусетс овој настан го опишува на следниот начин: „Сонцето изутрината излезе сјајно, но набргу почна да го губи сјајот. Облаците се спуштија многу ниско, а од нивната темнина злокобно светкаа молњи, се слушна грмеж и почна да паѓа ситен дожд. Околу девет часот облаците станаа посветли и добија бакарен изглед; а земјата, карпите, дрвјата, зградите, водата и луѓето изгледаа сосема поинаку од оваа чудна необична светлина. Неколку минути подоцна, целото небо го покри тежок црн облак, со исклучок на тесниот венец на хоризонтот, и темнината стана толку густа, како што тоа обично се случува околу девет часот навечер во летно време… {ГБ 306.3}
Постепено луѓето ги обземаше страв и ужас. Жените стоеја пред вратите, гледајќи во мракот што ја покри земјата, мажите се враќаа од нивите, дрводелецот го оставаше својот алат, ковачот ја напушташе својата работилница, а продавачот својата тезга. Училиштата се распуштаа и децата кои се тресеа од страв бегаа дома. Патниците се засолнуваа во најблиските куќи. ‘Што ќе се случи?’ – тоа прашање беше присутно на сите усни и во сите срца. Се чинеше дека ураганот на пропаста само што не се истурил на земјата, или како да дошол крајот на сѐ”. {ГБ 306.4}
Беа запалени свеќи; огнот од огништата светеше толку силно како во есенски ноќи кога нема месечина… Кокошките отидоа на спиење, добитокот се собра на излезот на пасиштата и мукаше; се огласија и жабите, птиците ги пееја своите вечерни песни, а слепите лилјаци слободно летаа на сите страни. Но, луѓето знаеја дека уште не настапила ноќ“. {ГБ 307.1}
„Доктор Натанаил Витекер, пастор на евангелската црква во Салем, токму во тоа време држел проповед во која нагласил дека темнината е натприродна. Во многу други места се одржувале состаноци. Сите цитати, од вака набрзина подготвените проповеди, укажувале на неспорниот факт дека темнината се совпаѓа со библиското пророштво… Темнината била најгуста малку по единаесет часот” (The Essex Antiquarian, April, 1899, vol. 3, No. 4, pp. 53, 54). Во повеќето места темнината во текот на целиот ден била толку густа што не можеле да се видат стрелките на часовникот, ниту можело да се руча, ниту пак да се извршува било каква домашна работа без запалена свеќа… {ГБ 307.2}
Распространетоста на оваа темнина била со несфатливи размери. Допирала до Фалмаут на исток и на запад достигнувала до надворешните делови на Конектикат и Алабама. На југ можела да се гледа долж целиот морски брег, а на север се протегала над најоддалечените американските населби” (William Gordon, History of the Rise, Progress, and Establishment of the Independence of the U.S.A., vol. 3, p. 57). {ГБ 307.3}
Еден или два часа пред зајдисонце, небото делумно се расчисти, и се појави сонце, иако сѐ уште скриено со црна густа магла. „По зајдисонце, облаците повторно дојдоа и бргу се стемни”. „Темнината на ноќта беше исто толку страшна и необична како и онаа во текот на денот; без оглед на полната месечина, никаков предмет не можеше да се распознае без вештачка светлина која, гледано од соседните куќи или од другите оддалечени места, се наѕираше како низ некој вид египетска темнина што не можеа да ја пробијат светлосните зраци” (Isaiah Thomas, Massachusetts Spy; or, American Oracle of Liberty, vol. 10, No. 472 (May 25, 1780)). Еден очевидец на оваа глетка кажал: „Не можам да се ослободам од помислата дека, кога секое светло тело во вселената би се завиткало во непробивна темнина или би престанало да постои, тогаш темнината не би можела да биде погуста” (Letter by Dr. Samuel Tenney, of Exeter, New Hampshire, December, 1785 (in Massachusetts Historical Society Collections, 1792, 1st series, vol. 1, p. 97)). Иако месечината таа ноќ во девет часот беше полна, „таа не можеше ниту малку да ја растера сенката слична на смртта”. По полноќ мракот исчезна, а кога месечината се покажа, беше како крв. {ГБ 307.4}
Деветнаесетти мај 1780. година е познат во историјата како „мрачен ден“. Од времето на Мојсеј не е забележан случај на толку густа темнина, на толкаво пространство, и да траело толку долго. Описот на овој настан, како што ни го даваат очевидците, е само одглас на Господовите зборови што ги објавил пророкот Јоил две илјади и петстотини години пред да се исполнат: „Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот Господов, великиот и страшниот” (Јоил 2:31). {ГБ 308.1}
Христос го предупредил Својот народ да внимава на знаците на Неговото доаѓање и да се радува кога ќе ги види знаците за доаѓањето на својот Цар. „А кога ќе почне тоа да станува”, рекол Тој, „исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување”. Укажувајќи им на Своите следбеници на дрвјата што почнале да пуштаат пупки во пролет, Тој продолжил: „Кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете дека летото е веќе близу. Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте дека се приближи царството Божјо” (Лука 21:28.30.31). {ГБ 308.2}
Но, бидејќи духот на понизноста и побожноста во црквата им го отстапил местото на гордоста и формализмот, се оладила љубовта кон Христа и верата во Неговото доаѓање. Потполно обземени со световен дух и со желба за уживања, тие што тврделе дека се Божји народ станале слепи за учењето на Спасителот во врска со знаците на Неговото доаѓање. Учењето за второто Христово доаѓање целосно било занемарено; библиските стихови што се однесувале на второто Христово доаѓање биле замаглени со погрешно толкување, сѐ додека целосно не биле занемарени и заборавени. Ова особено се однесува на црквите во Америка. Слободата и удобноста што ја уживале сите општествени сталежи, амбициозната желба за богатство и луксуз која предизвикувала алчност за заработување пари, желбата за слава и моќ што секому му се чинеле достапни, сето тоа ги натерало луѓето своите интереси и надежи да ги сосредоточат кон овој живот, и свечениот ден, кога ќе дојде крајот на сегашниот тек на настаните, да го потиснат во далечна иднина. {ГБ 309.1}
Кога на Своите следбеници им укажал на знаците на Своето враќање, Спасителот предвидел состојба на духовно назадување што ќе завладее непосредно пред Неговото второ доаѓање. Ќе биде како во Ноево време, ќе се покаже жив интерес за работите на овој свет и желба за уживање: луѓето ќе купуваат, ќе продаваат, ќе садат, ќе ѕидаат, ќе се мажат и ќе се женат, заборавајќи на Бога и на идниот живот. Предупредувањето на Спасителот, упатено до оние што живеат во тие денови, гласи: „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно”. „Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Синот Човечки“ (Лука 21:34.36). {ГБ 309.2}
Во Откровението Спасителот со следниве зборови ја опишува состојбата на црквата во последните денови: „Ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а мртов си”. А на оние што не сакаат да се тргнат од својата рамнодушна сигурност, упатено им е ова свечено предупредување: „Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе” (Откровение 3:1,3). {ГБ 309.3}
Беше потребно луѓето да се предупредат на опасноста што им се заканува, да се разбудат и подготват за свечените настани што се поврзани со крајот на времето на милоста. „Голем е денот Господов”, кажува пророкот, „и многу е страшен, и кој ќе истрпи?” (Јоил 2:11). Кој може да опстане кога ќе се покаже Оној чиишто „очи се пречисти, за да гледаат зло. Ти не можеш да ги гледаш беззаконијата” (Авакум 1:13). На оние што викаат: „Те познаваме, Боже Израелев”, а во исто време го престапуваат Неговиот завет и трчаат по други богови, во своето срце кријат беззаконие и го љубат патот на неправдата – за таквите „денот Господов е мрак, а не светлина, тој е мрак, и во него нема виделина” (Осија 8:1,2; Псалм 16:4; Амос 5:20). „Во тоа време”, вели Господ, „Јас ќе го прегледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите остатоци и велат во своето срце: ’Господ не прави ни добро ни лошо’“ (Софонија 1:12). „Јас ќе го казнам светот за злото, и нечесните – за нивните беззаконија; ќе го премавнам високоумството на гордите и ќе ја понизам надуеноста на угнетувачите” (Исаија 13:11). „Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господов!” „Нивното богатство ќе биде оставено на грабеж, нивните куќи на запустување” (Софонија 1:18,13). {ГБ 310.1}
Гледајќи го во пророчка визија тоа страшно време, пророкот Еремија извикнал: „Утробо моја! Утробо моја! Нажален сум до дното на срцето свое, се бранува во мене срцето мое, не можам да молчам; зашто ти слушаш, душо моја, звук од труба, боен повик. Зло по зло, цела земја се опустошува “ (Еремија 4:19,20). {ГБ 310.2}
„Тој ден е ден на гнев, ден на жалост и на мачнотија, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив, ден на труба и боен повик против утврдените градови и високите кули” (Софонија 1:15,16). „Ете, денот Господов доаѓа лут… за да ја претвори земјата во пустина и да ги истреби од неа грешниците нејзини” (Исаија 13:9). {ГБ 310.3}
Обрнувајќи внимание на овој голем ден, пострашен од сите денови, Божјото слово со најсвечени и највпечатливи изрази го повикува Божјиот народ да се разбуди од својата духовна летаргија и со понизност и покајание да го бара Неговото лице. „Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите жители земни, зашто доаѓа денот Господов, близу е“. „Наредете пост и објавете свечен собир. Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старешините, соберете ги децата и доенчињата; нека излезе младоженецот од свадбената соба и невестата од својата одаја. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господ“. „Вратете се кај Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува” (Јоил 2:1,15-17,12,13). {ГБ 311.1}
Треба да се спроведе голема реформа за да се подготви еден народ кој ќе може да се одржи во Божјиот ден. Бог видел дека мнозина, кои тврдат дека се Негов народ, не градат за вечност и во Својата милост Тој им испраќа порака на предупредување за да ги разбуди од нивното мртвило и да ги наведе да се подготват за Христовото доаѓање. {ГБ 311.2}
Ова предупредување се наоѓа во 14-тата глава на Откровението. Овде тројната ангелска порака е прикажана како да ја објавуваат небесни суштества, а веднаш потоа следи доаѓањето на Синот Човечки „да го пожнее земното жито”. Првата порака го најавува приближувањето на судот. Пророкот видел еден ангел како лета „среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: ’Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори’” (Откровение 14:6,7). {ГБ 311.3}
За оваа порака е речено дека претставува дел на „вечното евангелие”. Проповедањето на евангелието не им е доверено на ангелите, туку на луѓето. Небесните ангели управуваат со тоа дело; тие водат големо движење наменето да му донесе спасение на човечкиот род, но самото проповедање го вршат слугите на живиот Бог што живеат на земјата. {ГБ 312.1}
Ова предупредување требало да му го објават на светот верните луѓе кои ги прифатиле упатствата на Светиот Дух и учењата на Неговото слово. Тие внимавале на „најсигурното пророчко слово“, кое апостол Петар го споредува со „светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (2.Петрово 1:19). Тие барале знаење за Бога повеќе отколку сите закопани богатства и истото го ценеле повеќе „отколку ризници со сребро и злато“ (Изреки 3:14). Ним Господ им открил големи работи за Своето царство. „Близок им е Господ на оние што имаат стравопочит кон Него: ним им го открива заветот Свој“ (Псалм 25:14). {ГБ 312.2}
Учените теолози ниту ја познавале ниту ја проповедале таа вистина. Кога би биле верни стражари, кога трудољубиво и со молитва би го проучувале Писмото, тие би го запознале времето на ноќта; од пророчкото слово би ги запознале настаните што треба да се одиграат. Но тие тоа не го сториле и поради нивната рамнодушност веста им е доверена на понизните луѓе. Исус рекол: „Одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина!“ (Јован 12:35). Тие што ќе ја напуштат светлината што им ја дал Бог или што ќе занемарат да ја бараат додека им е при рака, ќе бидат оставени во темнина. Исус изјавува: „Кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот“ (Јован 8:12). Оној што искрено ја бара волјата Божја и живее според светлината што ја има, ќе прими уште поголема светлина; на таа душа ќе ѝ биде пратена небесна ѕвезда со посебен сјај да ја води во секоја вистина. {ГБ 312.3}
Во времето на првото Христово доаѓање, свештениците и книжевниците на Светиот град, луѓе на кои им бил доверен светиот залог на Божјите пророштва, можеле да ги препознаат знаците на времето и први да го проповедаат доаѓањето на ветениот Месија. Пророштвото на Михеј го означило местото на Неговото раѓање; Даниел го објавил времето кога Месијата ќе се појави (Михеј 5:2; Даниел 9:25). И двете пророштва Бог им ги доверил на еврејските водачи; и тие со ништо не можеле да се оправдаат, затоа што не знаеле и што не му објавиле на народот дека доаѓањето на Месијата е пред вратата. Нивното незнаење било само последица на грешното занемарување на пророштвата. Евреите, им подигале споменици на убиените пророци, а додворувајќи им се на големите световни луѓе, им давале почести на слугите на сатаната. Обземени со своето честољубие и со борбата за положба и власт, сосема од вид ги изгубиле божествените почести што им ги понудил Небесниот Цар. {ГБ 313.1}
Со длабока почит и со големо интересирање израелските водачи требало да го проучуваат местото, времето и околностите на најголемиот настан во историјата на светот – доаѓањето на Божјиот Син за спасение на човекот. Сиот народ требало да биде буден и да чека за да биде меѓу првите што ќе му посакаат добредојде на Откупителот на светот. Но што гледаме? Во Витлеем двајца уморни патници, почнувајќи од назаретските ритчиња, по должината на тесната улица сѐ до источниот крај на градот, напразно бараат одмор и преноќиште. Ниедна врата не се отворила да ги прими. Најпосле наоѓаат прибежиште во едно бедно засолниште наменето за добиток и тука се родил Спасителот на светот. {ГБ 313.2}
Ангелите ја виделе славата која Божјиот Син ја делел со Отецот на небото пред создавањето на светот, и тие со жив интерес го очекувале Неговото доаѓање на земјата, гледајќи во Него најрадосен настан за сите народи. Била одредена чета ангели да им го објави доаѓањето на Месијата на оние кои се подготвиле да ја примат таа вест и радосно да им ја објават на земните жители. Христос толку се понизил што зел на Себе човечка природа; требало на Себе да ја земе неизмерната тежина на страдањата и Својата душа да ја положи во откуп за гревот; сепак, ангелите сакале Синот на Севишниот, и покрај своето понижување, да дојде во крилото на човечкото семејство со достоинство и слава која одговара на Неговата положба. Дали земните големци ќе се соберат во Ерусалим да го поздрават Неговото доаѓање? Дали легиите ангели ќе му го претстават на народот кој го чекал? {ГБ 313.3}
Еден ангел ја посетил земјата за да види дали луѓето се подготвуваат да го дочекаат Исуса. Но не забележал никаков знак на очекување; не слушнал никаков глас на пофалба и слава затоа што доаѓањето на Месијата било пред врата. Ангелот некое време лебдел над избраниот град и над храмот каде што со векови се откривало Божјото присуство, но и тука владеела иста рамнодушност. Свештениците, во својата раскош и гордост, принесувале во храмот осквернети жртви. Фарисеите му држеле на народот гласни говори и изговарале фаленички молитви. Ниту во царските палати, ниту на собирите на филозофите, ниту во школите на рабините – никаде никому не му било грижа за настанот кој небото го исполнувало со радост и со песни на благодарност затоа што набргу на земјата ќе се појави Спасителот на човештвото. {ГБ 314.1}
Никаде не можело да се забележи никаков знак дека се очекува Христовото доаѓање; никој не се подготвувал да го прими Кнезот на животот. Изненаден, небесниот весник штотуку се подготвувал да се врати на небото со срамен извештај, кога наеднаш забележал група пастири како ноќе ги чуваат своите стада и кои, посматрајќи го ѕвезденото небо, разговарале за пророштвата за Месијата кој треба да дојде на земјата и копнееле за доаѓањето на Откупителот на светот. Тоа биле луѓе кои биле подготвени да ја примат веста од небото. Одненадеж им се појавил ангелот и им ја објавил радосната вест. Низината била преплавена со небесна слава; тогаш се појавиле мноштво ангели, и радоста како да била премногу голема за да може да ја објави само еден небесен весник, мноштво гласови запеале песна која еден ден ќе ја пеат избраните од сите народи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја” (Лука 2:14). {ГБ 314.2}
О, колку поуки содржи оваа прекрасна историја за Витлеем! Каков укор за нашата неверност, гордост и себичност! Какво предупредување да не бидеме рамнодушни и поради тоа неспособни да ги разликуваме знаците на нашето време и на тој начин да не го препознаеме денот на нашата посета! {ГБ 315.1}
Небесните весници не нашле луѓе само на јудејските полјанки, меѓу скромните пастири, кои го чекале доаѓањето на Месијата. И меѓу незнабошците имало такви кои го чекале Месијата. Тоа биле филозофите од Исток – мудри, богати и благородни луѓе. Овие мудреци ја проучувале природата и го препознале Бога во Неговите дела. Во еврејските списи го пронашле пророштвото за „Ѕвездата која излегува од Јакова“, и нестрпливо го очекувале доаѓањето на Оној кој треба да биде не само „утеха Израелова“, туку и „светлина за просвета на незнабошците“ и „спасение до крајот на земјата“ (Лука 2:25,32; Дела 13:47). Тие барале светлина и светлината од небесниот престол го осветлила патот на нивните чекори. Додека свештениците и рабините во Ерусалим, повластените чувари и толкувачи на вистината потонале во мрак, небото пратило ѕвезда да ги води овие странци до местото на раѓањето на новородениот Цар. {ГБ 315.2}
Исто така Христос по „втор пат ќе им се јави“, но не заради гревот, „на оние што Го екуваат, туку за нивно спасение“ (Евреите 9:28). Веста за раѓањето на Спасителот и веста за Христовото второ доаѓање, не им била доверена на религиозните водачи на народот. Тие ја прекинале својата врска со Бога и ја одбиле небесната светлина; затоа не се вбројуваат меѓу оние за кои пишува апостол Павле: „Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината“ (1. Солунјаните 5:4,5). {ГБ 315.3}
Стражарите на ѕидовите на Сион требало први да ја прифатат радосната вест за доаѓањето на Спасителот; требало први да го објават Неговото доаѓање и да го предупредат народот да се подготви за Неговото доаѓање. Но тие биле рамнодушни, сонувале за мир и сигурност, а народот спиел во своите гревови. Исус Својата црква ја видел како неродна смоква, покриена со обилни лисја, но без драгоцен плод. Таа имала изглед на побожност, религиозна форма, но ѝ недостигала вистинска понизност, покајание и вера, без што нема вистинска служба на Бога. Наместо родови на Божјиот Дух, тука се покажувал дух на горделивост, формализам, празна слава, себичност и насилство. Црквата, која сѐ повеќе се оддалечувала од Бога, ги затворила очите пред знаците на времето. Бог не ја оставил; Тој не отстапил од Својата верност, туку таа отстапила од Него и се одвоила од Неговата љубов. Бидејќи одбила да ги исполни условите, Бог не можел да ги исполни Своите ветувања. {ГБ 315.4}
Мораат да дојдат неизбежни последици кога не се цени светлината и предностите кои Бог ги нуди. Штом црквата ќе престане да живее во светлината, штом ќе занемари да го прифати секој зрак на светлината и да ја исполни секоја должност, религијата неизбежно се сведува на формализам и духот на вистинската побожност исчезнува. Оваа вистина многу пати се обистинила во црковната историја. Бог од Својот народ бара дела на вера и послушност, кои одговараат на примените благослови и предностите. Послушноста бара жртви и крст; тоа е причината зошто многу самонаречени христијани не се волни да ја прифатат светлината што им ја праќа небото, и како некогаш Евреите, не можат да го препознаат времето на својата посета (Лука 19:44). Поради нивната гордост и нивното неверство, Бог ги напуштил и Својата вистина им ја открил на оние кои, како витлеемските пастири и мудреците од Исток, внимаваат на секој зрак на светлина кој им е даден. {ГБ 316.1}