Вовед — хиперреалистична илустрација

ГОЛЕМАТА БОРБА

Вовед

Сподели го ова:

Пред да се појави гревот, Адам уживал во лична комуникација со својот Творец, но откако човекот преку престапот се одделил од Бога, човечката раса е лишена од оваа голема привилегија. Меѓутоа, со планот на спасението отворен е пат, преку кој жителите на оваа земја можат и понатаму да одржуваат врска со небото. Со посредство на Својот Дух, Бог комуницирал со луѓето, а божествената светлина на светот му била упатувана преку откровенија дадени на Неговите избрани слуги. „Светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух” (2. Петрово 1:21). {ГБ 5.1}

Во текот на првите две илјади и петстотини години од човечката историја немало пишувано откровение. Оние што биле научени од Бога, своето знаење го пренеле на другите, и така тоа преминувало од татко на син во текот на идните поколенија. Подготовката на пишаното слово започнала во времето на Мојсеј. Вдахновените откровенија тогаш влегле во составот на една вдахновена книга. Оваа работа продолжила во текот на долгиот период од илјада и шестотини години, почнувајќи од Мојсеј, историчарот на создавањето на светот и на објавувањето на законот на Синај, па сѐ до Јован, писателот на највозвишените вистини на евангелието. {ГБ 5.2}

Библијата укажува на Бога како нејзин автор, но сепак, таа е пишувана со човечки раце; и со разновидноста на стилот во своите разновидни книги таа ги открива особините на своите писатели. Сите откриени вистини, иако изразени со човечки јазик „од Бога се вдахновени” (2. Тимотеј 3:16). Бесконечниот со Својот Свет Дух ги расветлил умовите и срцата на Своите слуги. Им давал соништа и визии, симболи и слики; и тие на кои вистината им била откриена на таков начин, самите ја оформиле мислата и ја изразиле со човечки јазик. {ГБ 5.3}

Десетте заповеди ги изговорил лично Бог и ги напишал со Своја рака. Нив ги составил Бог, а не човек. Но, Библијата, со своите од Бога дадени вистини, изразени со човечки јазик, претставува обединување на божественото со човечкото. Такво обединување постоело и во Христовата природа, кој бил Син Божји и Син Човечки. Затоа за Библијата со право може да се каже она што е запишано за Христа: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас” (Јован 1:14). {ГБ 5.4}

Пишувани во различни епохи, од страна на луѓе кои значајно се разликувале по својата положба и занимање, во умствени и духовни способности, библиските книги покажуваат голема разновидност не само во стилот, туку и во разноликоста на предметите што се изнесуваат во неа. Разни писатели различно се изразувале; често една иста вистина, еден писател ја прикажал повпечатливо отколку другиот. Бидејќи повеќе писатели, истиот предмет го прикажуваат од различни гледишта и односи, на површниот и небрежен читател, полн со предрасуди, сето тоа може да му изгледа недоследно и противречно, додека длабоко мисловниот, понизен и полн со почит испитувач, со појасен увид во предметот, секаде препознава само совршена хармонија. {ГБ 6.1}

Бидејќи вистината е прикажана од различни поединци, таа е прикажана од различни аспекти. Еден писател повеќе е под впечаток на една страна од предметот; тој ги сфаќа и обработува оние точки што се во согласност со неговото искуство или со неговата способност за претстава и правилно сфаќање; друг пак го посматра истиот предмет од некоја друга страна, и така секој, под водството на Светиот Дух, го изнесува она што кај него оставило најсилен впечаток – различни аспекти на вистината кај секој поединец, но совршена хармонија кај сите заедно. Вистините откриени на овој начин прават совршена целина, приспособена да ги задоволи потребите на луѓето во сите околности и животни искуства. {ГБ 6.2}

Божја волја била Својата вистина да му ја пренесе на светот преку човечки орудија, и Тој самиот, преку Својот Свет Дух, ги оспособил за тоа и им овозможил да го извршат тоа дело. Тој го водел нивниот ум при изборот што да пишуваат и што да зборуваат. Тоа богатство им било доверено на „земните садови”, но сепак тоа богатство има небесно потекло. Сведоштвото, до нас е пренесено со помош на несовршениот израз на човечкиот јазик, но сепак тоа е Божјо сведоштво, и послушното и верно Божјо дете во него ја гледа славата на божествената сила, полна со благодат и вистина. {ГБ 6.3}

Во Своето слово, Бог на луѓето им го дал неопходното знаење за спасение. Библијата треба да се прифати како единствено, авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја. Таа претставува стандард за карактерот, откровение на секоја доктрина и тест за секое искуство. „Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност, за да биде Божјиот човек усовршен и совршено подготвен за секое добро дело” (2. Тимотеј 3:16,17). {ГБ 7.1}

Сепак, фактот дека Својата волја Бог му ја открил на човекот преку Своето слово, не ја исклучува потребата од постојано присуство и водство на Светиот Дух. Напротив, Спасителот ветил дека на Своите слуги ќе им Го испрати Светиот Дух за да им го открие словото и да ги расветли неговите учења, за да можат да ги применат во животот. И бидејќи Божјиот Дух ја инспирирал Библијата, не е можно учењето на Светиот Дух да биде во спротивност со учењето на пишаното слово. {ГБ 7.2}

Духот не е даден – ниту пак некогаш ќе биде даден – да ја замени Библијата; зашто Писмото категорично тврди дека Божјото слово е стандард според кој мора да се провери секое учење и секое искуство. „Возљубени, не верувајте му на секој дух” вели апостол Јован, „туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот” (1. Јованово 4:1). А Исаија изјавува „Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив” (Исаија 8:20). {ГБ 7.3}

Луѓето што тврдат дека се просветлени со Светиот Дух, и дека немаат потреба од Божјото слово како водич, го срамотат делото на Светиот Дух. Таквите се раководат според впечатоците што ги сметаат за Божји глас во својата душа. Но духот, што управува со нив, не е Божјиот Дух. Да ги следиме впечатоците, а да го занемаруваме Писмото, може да доведе само до забуна, измама и пропаст. Тоа само ги потпомага намерите на лукавиот. Бидејќи службата на Светиот Дух е од витално значење за Христовата црква, сатаната лукаво настојува со помош од заблудата на екстремистите и фанатиците да го изложи на презир делото на Светиот Дух, и на тој начин да го наведе и Божјиот народ да го занемари овој извор на сила кој самиот Господ му Го дал. {ГБ 7.4}

Во склад со Божјото слово, Неговиот Дух треба да го продолжи Своето дело низ целиот период додека евангелието се објавува на светот. Во текот на сите векови, во кои се пишувани Светите списи на Стариот и Новиот завет, Светиот Дух не престанувал да ги просветлува умовите на поединците, независно од откровенијата што требало да бидат вклучени во Светиот Канон. Самата Библија известува како луѓето, преку Светиот Дух, примале предупредувања, укори, совети и упатства, и тоа за прашања кои не биле во непосредна врска со објавувањето на Писмото. Се спомнуваат и пророци коишто живееле во различни времиња, а за чиишто објави ништо не е запишано. На сличен начин, откако е довршен канонот на Библијата, Светиот Дух и понатаму требало да го продолжи Своето дело, да ги просветлува, предупредува и утешува Божјите деца. {ГБ 8.1}

Исус им ветил на Своите ученици: „А утешителот, пак, Светиот Дух, Кого што Отецот ќе го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал”. „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; и ќе ви ја каже иднината” (Јован 14:26,16,13). Писмото јасно учи дека овие ветувања не се ограничени само на апостолските денови, туку се однесуваат на Христовата црква во сите времиња. Спасителот ги уверува Своите следбеници: „И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот” (Матеј 28:20). Павле изјавува дека даровите и откровенијата на Духот ѝ се дадени на црквата „за усовршување на светиите во делото на службата, за изградување на Христовото тело; додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Божјиот Син, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство” (Ефесјаните 4:12,13). {ГБ 8.2}

За верниците во Ефес апостолот се молел: „Та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состои надежта на повиканите од Него… и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме според дејствувањето на Неговата моќна сила” (Ефесјаните 1:17-19). Службата на божествениот Дух во просветлувањето на разумот и разоткривање на длабоките тајни на светото Божјо слово, тоа бил благословот што Павле толку усрдно го барал за црквата во Ефес. {ГБ 9.1}

По чудесното манифестирање на Светиот Дух на денот на Педесетницата, Петар го повикувал народот на покајание и крштевање во Христовото име поради простување на гревовите, и рекол: „И ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог” (Дела 2:38,39). {ГБ 9.2}

Во непосредна врска со сцените на големиот Божји ден, Господ преку пророкот Јоил ветил посебна манифестација на Својот Дух (Јоил 2:28). Ова пророштво делумно се исполнило при излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница, но своето целосно остварување ќе го има при манифестацијата на божествената милост која ќе го прати завршното дело на евангелието. {ГБ 9.3}

Интензитетот на големата борба помеѓу доброто и злото ќе се зголемува до самиот крај. Гневот на сатаната против Христовата црква се манифестирал во сите векови; Бог на Својот народ му ја подарил Својата благодат и Дух, за да го зајакне да може да се спротивстави на силата на злиот непријател. Кога Христовите апостоли требало да го објават Неговото евангелие на светот и да го запишат за сите подоцнежни поколенија, тие биле посебно надарени со просветлување од Светиот Дух. Но, како што црквата се приближува кон своето конечно избавување, така сатаната ќе дејствува со многу поголема сила: „Зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време” (Откровение 12:12). Тој ќе дејствува „со секаква сила и знаци и лажни чудеса” (2. Солунјаните 2:9). Веќе шест илјади години овој генијален ум, кој некогаш бил највозвишен меѓу Божјите ангели, потполно е наклонет кон делото на измама и пропаст. И сета таа сатанска вештина и сето лукавство, и сета свирепост стекната во вековната борба, тој ќе ја употреби против Божјиот народ во конечниот судир. И токму во тоа време на опасност, Христовите следбеници треба да го предупредат светот укажувајќи му на второто Христово доаѓање, за да се подготви еден народ кој при Неговото доаѓање ќе застане пред Него „неосквернет и непорочен” (2. Петрово 3:14). Во тоа време на црквата ќе ѝ биде потребна посебна Божја благодат, не помала од онаа во дните на апостолите. {ГБ 9.4}

Со просветлувањето на Светиот Дух, на писателот на оваа книга му се откриени сцените на долготрајната борба меѓу доброто и злото. Од време на време ми беше дозволено да ги набљудувам сцените на оваа голема борба низ вековите помеѓу Христа: Кнезот на животот, Творецот на нашето спасение, и сатаната: кнезот на злото, зачетникот на гревот и првиот престапник на Божјиот свет закон. Своето непријателство кон Христа, сатаната го покажал и кон Неговите следбеници. Низ целата историја на човештвото се забележува истата омраза кон начелата на Божјиот закон, истиот метод на измама кој на заблудата и дава облик на вистина, а човечките закони ги става на местото на Божјиот закон и ги наведува луѓето да го обожаваат созданието наместо Творецот. Низ сите векови сатаната се трудел погрешно да го претстави Божјиот карактер со цел луѓето да добијат погрешна претстава за Бога и да Му оддаваат почит со страв и омраза наместо со љубов; сатаната настојува да го отстрани Божјиот закон и да ги наведе луѓето да поверуваат дека се ослободени од неговите барања; ги прогонува оние што се осмелуваат да се спротивстават на неговите измами. Сето тоа го гледаме кога ги проучуваме биографиите на патријарсите, пророците и апостолите, на мачениците и на реформаторите. {ГБ 10.1}

Во последниот голем судир сатаната ќе се послужи со истата тактика, ќе го покаже истиот дух и ќе се стреми кон истата цел, како и во сите изминати векови. Тоа што било, пак ќе биде; само што битката што следува ќе биде со толку голем интензитет каков што светот сѐ уште не видел. Сатанските измами ќе бидат сѐ полукави, а неговите напади сѐ порешителни. Ќе се обиде да ги измами „ако е можно, и избраните” (Марко 13:22). {ГБ 11.1}

Кога Божјиот Дух ми ги откри големите вистини на Божјото слово и ми ги покажа сцените на минатото и иднината, ми заповеда и другите да ги известам за она што ми е покажано; да ја опишам борбата во минатите векови, и така да ја прикажам за таа да ја расветли претстојната битка, која брзо се приближува. Во согласност со даденото упатство, настојував настаните од историјата на Божјата црква така да ги одберам и подредам на тој начин за да биде прикажан развојот на големите вистини кои во разни времиња му биле дадени на светот, како тие вистини предизвикале гнев кај сатаната и непријателство на црквата која го сакала светот, и како се сочувани преку сведоштвото на оние кои „не се грижеа за својот живот, сѐ до самата смрт” (Откровение 12:11). {ГБ 11.2}

Во тие записи може да се види навестувањето на борбата која нас нѐ очекува. Ако ги разгледуваме во светлината на Божјото слово, и ако сме просветлени со Неговиот Дух, можеме да ги видиме разоткриените стапици на лукавиот непријател и опасностите од кои мораат да се чуваат оние кои при доаѓањето на нашиот Господ сакаат да бидат „без мана”. {ГБ 11.3}

Големите настани кои го обележале напредокот на реформацијата во минатите векови, се познати историски факти и општо признаени во протестантскиот свет, факти кои никој не може да ги побие. Оваа историја јас ја прикажав накратко, во сообразност со целта и обемот на книгата; фактите се собрани на толкав простор во текстот, колку што беше неопходно правилно да се разбере нивната примена. Во некои случаи каде што историчарот ги групирал настаните така што тие накратко даваат јасен поглед на одредениот предмет, или поединостите уредно ги поврзал во една целина, ги цитирав неговите зборови; но во некои случаи не им е дадена особена доверба, зашто цитатите не се дадени со намера да го истакнат писателот како авторитет, туку затоа што неговите искази овозможуваат јасен и убедлив приказ на настанот. Слично постапував и при наведувањето на објавените искуства и мислења на оние кои во наше време го унапредуваат делото на реформацијата. {ГБ 11.4}

Целта на оваа книга не е толку да ни ги изнесе новите вистини за борбите водени во минатото, туку да ги истакне фактите и начелата кои можат да бидат од значење за настаните во иднината. Меѓутоа, согледани како дел на вековната борба помеѓу силите на светлината и темнината, овие записи за минатото добиваат ново значење; преку нив одредена светлина паѓа на иднината и го осветлува патот на оние кои, како реформаторите од минатите времиња, по цена на опасност да изгубат сѐ на овој свет, ќе бидат повикани да „сведочат за Божјото слово и за сведоштвото на Исуса Христа”. {ГБ 12.1}

Да се изведат на виделина сцените на големата борба помеѓу вистината и заблудата; да се откријат лукавствата на сатаната и средствата со кои можеме успешно да му се спротивставиме; да се даде вистинско решение за големиот проблем на злото, осветлувајќи го неговото потекло и конечната победа над гревот на еден таков начин во кој потполно ќе се согледа праведноста и добрината на Творецот во сите Негови постапки кон Неговите созданија; и да се истакне светоста и непроменливоста на Неговиот закон – тоа е целта која треба да се постигне со оваа книга. Искрена молитва на нејзиниот писател е оваа книга да повлијае многу души да се ослободат од власта на темнината и да станат учесници во „наследството на светите во светлината”, во слава на Оној што нас нѐ љубел и Себеси се предал за нас. {ГБ 12.2}

Сподели го ова:

Поврзани статии