Други лековити средства
Облог од смокви за Езекија
Кога Езекија бил болен, Божјиот пророк му донел вест дека ќе умре. Царот повикал кон Господа, и Господ го слушнал, и му испратил ветување дека ќе му се додадат петнаесет години на неговиот живот. Еден Божји збор, еден допир на Божјиот прст бил доволен Езекија моментално да се исцели. Но, наместо тоа, биле дадени инструкции да направи облог од смокви, и да го стави на заболениот дел од телото. Така е и направено, и здравјето на Езекија било обновено. Би било мудро да го цениме рецептот што Господ го дал ,повеќе отколку што го правиме тоа во моментот. (Ракопис 29, 1911)
Вредноста на маслото од еукалиптус
Многу ми е жал што слушнав дека на сестра Ц не и е добро. Не можам да препорачам подобар лек против нејзината кашлица од еукалиптус и мед. Во сад со мед ставете неколку капки еукалиптус, добро промешајте и применувајте кога ќе настапи напад на кашлица. Лично имав осетни потешкотии со моето грло, но секогаш кога го земам тој лек, проблемите бргу исчезнуваат. Го користев само неколку пати, а кашлицата ја снема. Ако го користиш овој рецепт, можеш да бидеш свој сопствен лекар. Доколку првата примена не доведе до решавање на проблемот, обидете се повторно. Најдобро време за негова примена е непосредно пред спиење. (Писмо 348, 1908)
Веќе ти реков за лекот кој го користам кога страдам од проблеми со моето грло. Земам една чаша варен мед и во неа ставам неколку капки масло од еукалиптус, и добро ќе го измешам. Кога ќе настапи кашлица, земам мала лажичка од таа мешавина, и олеснувањето настапува речиси моментално. Јас секогаш го користев ова средство со одлични резултати. Ти препорачувам да го користиш истиот лек кога те мачи кашлица. Овој рецепт можеби ти се чини многу едноставен така што не се осмелуваш да да му веруваш, но јас го користам многу години и го препорачувам со целосна доверба. (Одбрани пораки 2, 301)
Исто така, примени топли купки за нозете во која ќе ставите лисја од дрвото еукалиптус. Во овие лисја има голема сила, и ако самата го испробаш, ќе се увериш во вистинитоста на моите зборови. Маслото од еукалиптус е особено ефикасно во случаи на кашлица и болки во градите и белите дробови. Сакам да го пробаш овој лек кој е толку едноставен, а тоа не ве чини ништо. (Писмо 20, 1909)
Оздравување на Џејмс Вајт
Пред многу години, додека мојот сопруг беше оптоварен со сериозни одговорности во Батл Крик, на него почнаа да се покажуваат последиците од напорите. Неговото здравје бргу се влоши. Најпосле се скрши умно и телесно, и не беше во состојба воопшто да работи. Моите пријатели ми рекоа: „Госпоѓо Вајт, твојот сопруг нема да живее.“ Бев одлучна во намерата да го преселам на место кое ќе одговара за неговото закрепнување. Неговата мајка рече: „Елена, мора да останеш и да се погрижиш за твоето семејство.“
„Мајко“, одговорив, „никогаш нема да дозволам овој величествен ум во целост да пропадне. Ќе работам со Бога, и Бог ќе работи со мене, за да го спасиме умот на мојот сопруг.“
Како би имале средства за нашето патување, ги собрав своите плетени теписи и ги продадов… Со парите што ги добив од продажбата на теписите купив покриена кочија и се подготвив за патување, па во кочијата ставив простирка на која таткото ќе лежи во колата. Во придружба на Вили, кој тогаш беше момче од само единаесет години, се упативме кон градот Врајт во државата Мичиген.
Додека бевме на патот, Вили се обиде да ги стави уздите во устата на еден од коњите, но се покажа дека не може. Му реков на својот сопруг: „Стави ја раката на моето рамо, и дојди да ги ставиш уздите на коњот.“
Тој рече дека не гледа како може да го стори тоа. „Се разбира дека можеш.“ Така и направи, и успеа да ги стави уздите на коњот. Тогаш знаеше дека тоа ќе мора да го стори и следниот пат.
Континуирано го одржував мојот сопруг зафатен со такви мали работи. Не му дозволував да биде во мир, туку се обидував да го одржувам активен. Ова е планот според кој треба да се држат лекарите и помошниците во нашите санаториуми. Помогнете им на пациентите да напредуваат чекор по чекор, чекор по чекор, одржувајќи ги нивните умови преокупирани со работа, така што ќе немаат време да се занимаваат со мрачни мисли за нивната состојба.
Поттикнување на телесните и умните активности
Нашите браќа често доаѓаа кај нас за совет. Мојот сопруг не сакаше да прими никого. Тој би отишол во друга соба кога ќе дојдеа посетителите. Но, обично го доведував гостинот пред него, пред да може да забележи дека некој дошол во посета, и му велев: „Мажу, овде е брат кој сака да ти постави прашање, и бидејќи ти на тоа прашање можеш да му одговориш многу подобро од мене, јас го доведов кај тебе.“ Се разбира дека тогаш немаше излез. Тој мораше да остане во собата и да одговори на прашањето. На овој начин, како и на многу други начини, го наведував да го вежба својот ум. Ако не беше принуден да го користи својот ум, тој многу бргу во целост би избледел.
Мојот сопруг секојдневно излегуваше на прошетка. Во текот на зимата дојде страшна снежна бура, а неговиот татко мислеше дека не може да излезе на бура и снег. Отидов кај братот Рут и реков: „Брате Рут, дали имаш еден пар чизми?“
„Имам“, одговори тој.
„Би сакала да ги позајмам ова утро“, реков. Откако ги обув чизмите излегов надвор, и одев четвртина милја (400 метри) низ длабок снег. Кога се вратив, го замолив својот сопруг да се прошета. Тој рече дека не може да излезе на такво време. „О да, можеш“, одговорив, „сигурно можеш да одиш по моите стапки.“ Тој беше човек кој многу ги почитуваше жените; и кога ги виде моите стапки, мислеше дека ако една жена може да оди на тој снег, може и тој. Тоа утро ја направи својата вообичаена прошетка.
Во пролет мораше да се засадат овошни дрвја и да се грижиме за градината. „Вили“, реков, „те молам оди и купи три мотики и три гребла. Погрижи се да купиш три парчиња од сѐ.“ Кога ги донесе кај мене, му реков да земе една мотика за себе, а другата да му ја даде на својот татко. Таткото се пожали, но ја прифати. И самата зедов една, и почнавме да работиме; иако добив плускавци на рацете, предводев во работата. Таткото не можеше да стори многу, но работеше колку што можеше. Користејќи такви методи, се обидував да соработувам со Бога во обновување на здравјето на мојот сопруг. И како нѐ благослови Господ!
Секогаш го земав мојот сопруг со мене кога одев со кочијата. Исто така го земав со мене кога одев каде било да проповедам. Имаше некои места кои редовно ги посетував. Не успеав да го убедам да застане зад катедрата додека проповедав. Конечно, по неколку месеци, му реков: „Сега, мажу мој, денес ќе застанеш зад катедрата.“ Тој не сакаше да оди, но бев непопустлива. Го зедов со мене до катедрата. Тој ден им се обрати на насобраните. Иако собата за состаноци беше исполнета со неверници, не можев половина час да се воздржам од плачење. Моето срце беше исполнето со радост и благодарност. Знаев дека е извојувана победа.