Ум, карактер и личност
Советување
Потреба за советници. – О, колкава е потребата за генерали, мудри и обѕирно, урамнотежени луѓе, кои ќе бидат сигурни советници, кои имаат увид во човечката природа, кои знаат како да упатуваат и советуваат во Божји страв.—Letter 45, 1893. (Selected Messages 2:362.) {2УКЛ 763.1}
Уво кое може да слуша со сочувство. – Постои потреба за пастири кои под раководство на Главниот Пастир, ќе трагаат по изгубените и заблудените. Тоа подразбира поднесување на физички неугодности и жртвување на удобноста. Тоа значи нежна грижа за заблудените, божествено сожалување и трпеливост. Тоа значи да се има уво кое може со сочувство да слуша трогателни описи на грешки, деградација, очај и беда.—Gospel Workers, 184 (1915). {2УКЛ 763.2}
Важност на работата на пасторот советник. – Како што лекарот постапува со физичката болест, така и пастирот ѝ служи на душата болна од грев. Неговата работа е многу поважна од задачата на лекарот колку што вечниот живот е поважен од моменталната егзистенција. Пасторот се сретнува со бесконечно различни темпераменти и негова должност е да се запознае со членовите на семејствата кои го слушаат неговото учење за да се одреди кои средства најдобро ќе влијаат на нив во вистинска насока.—Gospel Workers, 388 (1915). {2УКЛ 763.3}
Прифатете ги луѓето таму каде што се. – Да се прифатат луѓето таму каде што се, каква и да е нивната положба, каква и да е нивната состојба, да им се помогне на секој можен начин тоа е евангелската служба. Можеби е неопходно проповедниците да ги посетуваат домовите на болните и да речат: „Подготвен сум да ти помогнам и ќе направам сѐ што можам. Не сум лекар, но јас сум проповедник и сакам да им служам на болните и оние кои се во неволја”. Оние кои се телесно болни речиси секогаш боледуваат во душата, а кога ќе се разболи душата се разболува и телото.—Manuscript 62, 1900. (Medical Ministry, 238). {2УКЛ 764.1}
Предвидување на жалости. – На Господовите работници им е потребна благотворната Исусова љубов во нивните срца. Секој проповедник нека живее како човек помеѓу луѓето. Со добро осмислени методи нека оди од куќа до куќа, носејќи го секогаш со себе кандилото на небесната мирисна атмосфера на љубов. Предвидете ги жалостите, тешкотиите, проблемите на другите. Учествувајте во радоста и грижата на големите и малите, богатите и сиромашните.—Letter 50, 1897. (Evangelism, 348, 349.) {2УКЛ 764.2}
Потреба за совет. – Неискусните мораат да се раководат според мудрите совети кога се во неволја или нападнати од искушение; мораат да научат дека достигнувањата во духовните работи ќе ги чинат постојан, добро насочен напор. Ние мораме често да им повторуваме на новодојдените во верата: „Ако на некој од вас му недостасува мудрост, нека побара од Бога, Кој дава секому великодушно и без прекорување, и ќе му се даде“ (Јаков 1:5). Овие зборови мораат да се презентираат во духот на Учителот кој ги има дадено, затоа што се подрагоцени од злато, сребро и од скапоцени камења. {2УКЛ 764.3}
Учете ги младите ученици да ги ставаат своите раце во Христовите, зборувајќи: „Води ме, управувај со мене”. Каква утеха, надеж и благослов ќе примат збунетите души кои се во потреба ако понизно го бараат Бога. Услов е да дојдат со вера, во ништо да не се сомневаат и да бараат водство во денот на неволјите. Ова ветување му се дава на секој искрен барател: „Ќе добиеш милостиви одговори”. „Ќе примиш”. {2УКЛ 764.4}
Често мора да се даде упатство дека она што Бог го кажал никогаш нема да изостане. Подобро е да се верува во Господ отколку да се потпираме на кнезовите. Ние мораме да ја учиме секоја душа во молитва да ги искаже своите потреби на престолот на милоста. Сила и благодат сигурно ќе дојдат до оној кој работи така, затоа што Господ ветил. Сепак, многумина се слаби затоа што не веруваат дека Бог ќе направи токму онака како што рекол.—Manuscript 19, 1894. {2УКЛ 765.1}
Бог ги одредил правилата. – Таткото е глава на семејството; и како Аврам, тој треба Божјиот закон да го направи правило во својот дом. Бог за Аврам рекол: „Знам дека ќе им заповеда на синовите свои и на домот свој“ (Битие 18:19). Тогаш нема да дојде до грешно занемарување да се контролира злото, нема да има слабо, неразумно, попустливо привилегирање, како и предавање на осведочувањето за должностите на барањата на погрешна приврзаност. Аврам не само што дал правилни упатства, туку и го одржувал авторитетот на праведните закони. {2УКЛ 765.2}
Бог ги дал правилата за да се придржуваме кон нив. Децата не треба да ги пуштиме да заталкаат од сигурната патека обележана во Божјата Реч на патиштата кои водат во опасност, кои се отворени на сите страни. Љубезно но одлучно, низ постојан напор со молитва, нивните погрешни желби треба да се сузбијат, нивните склоности да се ограничат.—Здравје и среќа, 390, 391 (1905). {2УКЛ 765.3}
Слушајте совети од оние кои имаат искуство (зборови до еден неразумен сопруг и татко). –Си талкал низ светот, но вечната вистина ќе се покаже како твое сидро. Треба да внимаваш на својата вера. Не се поттикнува од своите нагони и не негувај нејасни теории. Искуствената вера во Христа и покорноста кон Божјиот закон се од најголемо значење за тебе. Биди подготвен да примиш совет од оние кои имаат искуство. Не се колебај во делото за победување. Биди искрен кон себе, кон своите деца и кон Бога. На твојот несреќен (кој е во болка) син му е потребна нежна грижа. Како татко треба да запомниш дека нервите кои можат да се возбудат од задоволство, исто така можат да бидат возбудени и од длабоко страдање. Господ го изедначува Својот интерес со интересот на човештвото кое страда.—4. Сведоштво за црквата, 368 (1879). {2УКЛ 765.4}
Кога советот можел да ја спаси независната младина од неуспешен брак. – Кога ќе биде предоцна, тие откриваат дека направиле грешка и ја довеле во опасност својата среќа во овој живот и спасението на своите души. Тие не признаваат дека некој знаел нешто за тоа прашање повеќе од нив, додека ако примиле совет, би можеле да си поштедат себеси години на грижи и тага. Совет одбиваат само оние кои се одлучни да одат по сопствениот пат. Таквите личности носат страст преку секоја бариера која можат да ја постават разумот и судот.—The Review and Herald, September 25, 1888. (Messages to Young People, 459.) {2УКЛ 766.1}
Некои квалификации за советник. – Од голема важност е оној кој се бира да се грижи за духовните интереси на пациентите и помошниците да биде човек со здраво расудување и непоколебливо начело, човек кој ќе има морално влијание, кој знае како да постапува со човечкиот ум. Тоа треба да биде личност со мудрост и култура, приврзаност како и интелигенција. Тој можеби од почеток нема да биде успешен во секој поглед; но со сериозно размислување и вежбање на своите способности, треба да се квалификува за оваа важна работа. Потребна е најголема мудрост и благост за да се служи на оваа положба прифатливо но сепак со непоколеблива чесност; затоа што мора да се дочекаат предрасуди, фанатизам и заблуда од секаков вид.—4. Сведоштво за црквата, 546, 547 (1880). {2УКЛ 766.2}
Приватното советување може да биде стапица (совет до еден проповедник). – Мината ноќ ми беше свртено вниманието на твојот случај, и разговарав со тебе како што мајка зборува со својот син. Реков: „Брате _____, не мисли дека ти е должност да разговараш со млади дами за извесни предмети, дури и ако е присутна твојата жена. Ти им поттикнуваш идеја дека е исправно да им се соопштуваат на проповедниците семејните тајни и тешкотиите кои треба да бидат изнесени пред Бога, Кој го разбира срцето, Кој никогаш не греши и Кој праведно суди. Одби да слушаш било какво пренесување на приватни работи, кои се однесуваат на семејствата и на поединците. Ако луѓето се охрабрат да доаѓаат само кај еден човек за своите проблеми, ќе мислат дека е во ред да ја одржуваат оваа пракса и тоа ќе стане стапица, не само за душата која пренесува информации, туку и за оној на кој се доверуваат работите”. “.—Letter 7, 1889. {2УКЛ 766.3}
Ограничување на проповедничкиот совет за жените. – Си привлекувал жени, и тие биле подготвени да ги искажат сите свои приватни проблеми и семејни разочарувања. Не треба да ги слушаш, само кажи им дека и ти самиот си грешен смртник, дека Бог им е помошник. Исус ги познава тајните на секое срце и само Тој може да ги благослови и утеши. Кажи им дека можеш да донесеш погрешен суд и да бидеш наведен кон охрабрување на злото наместо да го укориш. Упати ги кон Божјото јагне „Кое ги зема гревовите на светот”. Ако навлечеш оклоп, кој може да биде тежок, и внесеш лична работа таму каде што е најпотребно за оние кои ја затвораат вратата на небесната светлина поради својата себичност и алчност, можеби нема да создадеш толку многу пријатели, но ќе спасуваш души.—Letter 48, 1888. {2УКЛ 767.1}
Повторени предупредувања. – Нека жените не бидат привлечени кон тебе. Застани во правичноста на својата душа и кажи им дека не си нивен исповедник. Исус е единствениот кој смее да ги дознае тајните на срцата. Ти си само човечко суштество, и судејќи само од човечка гледна точка, можеш да донесеш погрешни заклучоци, да дадеш погрешен совет.—Manuscript 59, 1900. {2УКЛ 767.2}
Не можам да видам никаква светлина, брате мој, во твоето одржување на состаноци само за млади дами. Искусни жени нека ги воспитуваат и учат младите жени на пристојно однесување и влијание. Не дозволувај им да ја искажуваат својата приватна историја на било кој жив човек. Тоа не е Божја намера и не охрабрувај било што од тој вид.—Letter 9, 1889. {2УКЛ 768.1}
Фактори за успешно советување. – Кога ќе наиде криза во животот на некоја душа, и вие ќе се обидете да дадете совет или забелешка, вашите зборови ќе ја имаат тежината на влијанието на добро кое за вас го стекнале вашиот сопствен пример и дух. Вие морате да бидете добри пред да бидете во состојба да правите добро. Вие не можете да вршите влијание кое ќе ги промени другите доколку вашите сопствени срца не се понижени, префинети и разнежени преку Христовата благодат. Кога оваа промена ќе се оствари во вас, ќе ви биде природно да живеете на благослов на другите исто како што ружата дава мирисни цветови или пак како лозата што е полна со пурпурни гроздови.—Мисли од гората на блаженството, 127, 128 (1896). {2УКЛ 768.2}
Обука и искуство кои го подготвиле Мојсеј како разумен советник. – Човекот со задоволство би се ослободил од тој долг период на макотрпна работа и неизвесност, сметајќи го за губење навреме. Но Бесконечната Мудрост го повикала оној кој требало да стане водач на својот народ, поминувајќи четириесет години во скромна пастирска работа. Така се развиле навиките за грижа, несебичност и нежна грижа за стадото кои го подготвиле да стане нежен израелски пастир кој долго трпи. Никаква предност која може да ја даде човечката обука или култура не можела да го замени ова искуство.—Патријарси и пророци, 247, 248 (1890). {2УКЛ 768.3}
Некои луѓе не се соодветни да се занимаваат со умовите (совет до еден проповедник). – Ти имаш некои карактерни црти кои те прават несоодветен за мудра работа со човечките умови. Ти не работиш на начин кој ќе даде најдобри резултати.—Letter 205, 1904. {2УКЛ 768.4}
Работата со умот е најчувствителна работа во која луѓето некогаш биле вклучени. – Не е секој соодветен за поправање на заблудените. Немаат сите мудрост да постапуваат праведно, љубејќи ја во исто време милоста. Тие не се склони да ја увидат неопходноста од мешањето на љубовта и нежното сочувство со верен укор. Некои се секогаш непотребно строги и не чувствуваат потреба за апостоловиот налог: „И така разликувајќи едни милувајте. А други со страв избавувајте ги и од оган вадете ги“ (Јуда 22, 23).—3. Сведоштво за црквата, 269, 270 (1873). {2УКЛ 769.1}
Човечкиот разум не е семоќен. – Јасното сфаќање за она што е Бог и што Тој бара од нас, ќе ни даде скромен поглед за себе. Оној кој правилно ја проучува Светата Реч ќе научи дека човечкиот интелект не е семоќен, дека без помош која никој освен Бог не може да ја пружи, човечката сила и мудрост се само слабост и незнаење.—5. Сведоштво за црквата, 24 (1882). {2УКЛ 769.2}
Манифестирање на Христовата благодат. – Бог би сакал секој поединец помалку да гледа на ограниченото, помалку да зависи од луѓето. Ние имаме советници кои докажуваат дека не поседуваат знаење за Христовата благодат и дека не ја разбираат вистината каква што е во Христа. {2УКЛ 769.3}
Оние кои соработуваат со Бога имаат скромно мислење за себе. – Тие не се фалбаџии, самозадоволни и самовозвишени. Тие долго трпат, љубезни се, полни со милост и добри родови. Човечката амбиција се потиснува во втор план. Христовата праведност оди пред нив, а Господовата слава е нивна заштита одзади.—SpT Series A, No. 3, p 49, May 7, 1895. (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, 215, 216.) {2УКЛ 769.4}
Прашања за советниците. – Кога се обидовме да ја изложиме здравствената реформа на нашите браќа и сестри и им зборувавме за важноста на консумирање храна и пијалаци и општо за сѐ што се прави на Божја слава, многумина кажаа за своите постапки: „Никого не треба да го засега дали јадам ова или она. За сѐ што правиме сами ќе си ги сносиме последиците”. {2УКЛ 769.5}
Драги пријатели, во голема заблуда сте. Нема само вие да страдате заради погрешен правец. Во голема мера, општеството во кое живеете ги сноси последиците на вашите грешки, како и вие самите. Ако вие страдате поради својата неумереност во јадењето или пиењето, ние кои сме околу вас или се дружиме со вас ќе трпиме од вашите слабости. Ние треба да страдаме заради вашиот погрешен правец. {2УКЛ 770.1}
Ако тоа влијае на намалување на вашите умни или телесни способности, ние тоа го чувствуваме додека сме со вас во друштво и тоа нѐ ослабнува. Ако сте намуртени наместо да сте со ведар дух, вие фрлате сенка на сите околу вас. Ако сме тажни, потиштени или сме во неволја, вие можете, кога би биле со добро здравје, да имате бистар мозок да ни покажете излез зборувајќи зборови на утеха. Но, ако вашиот мозок е замрачен поради вашиот погрешен правец на живеење, па не можете да ни дадете прав совет, нели се соочуваме и ние со загуба? Не зафаќа ли и нас вашето влијание? {2УКЛ 770.2}
Ние можеме да имаме значаен степен на доверба во своето расудување, па сепак ни се потребни советници; затоа „сигурноста е во многуте советници”. Ние сакаме нашиот правец да изгледа доследен за оние кои ги сакаме, и сакаме да бараме нивен совет и да се способни да ни го дадат со бистар ум. Каква е користа од вашето расудување ако вашата интелектуална сила до крајност е исцрпена, ако мозокот ја изгубил својата виталност затоа што желудникот примал храна која не му одговара, или пак поголема количина на здрава храна? Зар нам ќе ни биде грижа за судот на таквите личности? Тие гледаат преку голема количина на несварена храна. Затоа вашиот правец на живеење влијае на нас. Невозможно е да следите некој погрешен правец не предизвикувајќи страдање на другите.—2. Сведоштво за црквата, 356, 357 (1870). {2УКЛ 770.3}
Внимателен пристап. – Оние кои… се невнимателни и брзи во при стапувањето кон луѓето би покажале исти недостатоци во однесувањето, ист недостаток на такт и умешност во работата со умовите, и не треба да стапуваат во служба. —5. Сведоштво за црквата, 399 (1885). {2УКЛ 770.4}
Како да се кажат „јасни“ работи. – Оспособена сум да кажам некои многу јасни работи на оние кои се збунети. Не се осмелував да правам поинаку, отколку да им ја кажам вистината, затоа што ми беше дадена порака за нив.—Letter 271, 1903.{2УКЛ 771.1}
Учете се од Христовиот начин на постапување со умовите. – Учете да постапувате со умот исто како што правел Христос. Понекогаш мораат да се кажат остри работи, но Светиот Божји Дух нека престојува во вашето срце пред да кажете многу јасна вистина; потоа вистината нека сече. Вие не смеете да сечете.—G.C.D.B. April 13, 1891. (Selected Messages 2:371.) {2УКЛ 771.2}
Болните имаат емоционални потреби. – Често сочувството и тактичноста ќе се покажат од поголема корист за болните, отколку најумесниот третман пружен на студен, незаинтересиран начин. Кога лекарот ѝ приоѓа на болничката постела на рамнодушен начин, гледајќи го болниот со омаловажување, со зборови и дела оставајќи впечаток дека тој случај не бара големо внимание, и тогаш го остава пациентот на неговото размислување, тој многу му наштетил. Сомнежот и обесхрабрувањето предизвикани од неговата рамнодушност често ќе го неутрализираат позитивното дејство на лековите кои ги препишал.—Здравје и среќа, 244 (1905). {2УКЛ 771.3}
Не прекор, туку љубезна рака. – Ако забележите некого чии зборови или ставови покажуваат дека се одвоил од Бога, не осудувајте го. Не е ваша работа да му судите, туку да му пријдете и да му помогнете. Параболата за изгубената овца треба да послужи како мото во секоја постапка. {2УКЛ 771.4}
Божествениот Пастир остава деведесет и девет и оди во пустината во потрага по онаа која се изгубила. Помеѓу карпите постојат опасни вдлабнатини и гребени и Пастирот знае дека ако овцата се наоѓа во едно од тие места тогаш пријателската рака мора да ја извлече. Кога ќе ја пронајде изгубената, Тој не ја опсипува со прекори. Тој е радосен што ја нашол жива. Кога го слуша нејзиното далечно блеење, тој ја дочекува секоја потешкотија за да ја спаси својата овца која се изгубила. Со цврста, но од друга страна нежна рака тој ја вади од местото на кое се наоѓа, нежно ја подига на рамо и ја носи назад во трлото. Чистиот, безгрешен Откупител го носи грешниот, нечист човек.—Manuscript 17, 1895. {2УКЛ 771.5}
Мудро советување. – Сочувството е добро кога мудро се покажува, но тоа мора разумно да се дели, со сознание дека одредената личност заслужува сочувство. Што да се каже за примањето на совети? Мудри изреки 25:912: „Суди се со противникот, но туѓи тајни не откривај, за да не те прекори оној што ќе го чуе тоа… Љубезните зборови се како златни јаболки во сребрени садови. Златото е нараквица и накит од најдобро злато, мудар советник на оној кој слуша”. {2УКЛ 772.1}
Кога се сретнуваме за да си помогнеме едни на други на патот кон небото, кога се разговара за божественото и небесното, тогаш вреди да се зборува; но кога разговорот е насочен на себе и на земни и неважни работи, молчењето е злато. Послушното уво ќе прими укор со понизност, трпение и поучност. Единствено тогаш нашите разговори со другите се на благослов и ја исполнуваат улогата која Бог им ја наменил. Кога двете страни на божествениот налог ќе се исполнат, мудриот советодавец ја исполнува својата должност, а послушното уво слуша и добива благослов.—Letter 52, 1893. (Sons and Daughters of God, 166.) {2УКЛ 772.2}
Бидете мирни и љубезни, без разлика што се случува. – Секогаш ќе има работи кои вознемируваат, збунуваат и го искушуваат трпението… Тие мораат да се подготват за ова, да не се возбудуваат и да не ја губат присебноста. Мораат да бидат мирни и љубезни што и да се случува… Секогаш треба да имаат во предвид дека се работи со мажи и жени со болни умови, кои често ги согледуваат работите во изопачена светлина, а сепак се уверени дека совршено ги разбираат работите.—3. Сведоштво за црквата, 182 (1872). {2УКЛ 772.3}
Не очекувајте премногу. – Проповедниците мораат да бидат внимателни не очекувајќи премногу од личностите кои сѐ уште го опипуваат својот пат во темнината на заблудата… Тие треба да бидат трпеливи и мудри во работата со умовите, имајќи ги во предвид разновидните околности кои развиле такви карактерни црти кај луѓето.—4. Сведоштво за црквата, 262 (1876). {2УКЛ 773.1}
Атмосфера на мир. – Прва задача била, браќа мои, да го осигурите Божјиот благослов во сопствените срца. Потоа внесете го овој благослов во своите домови, отстранете го својот критицизам, победете го своето претерано барање и дозволете да преовладува духот на радост и љубезност. Атмосферата во домот ќе се пренесе од вас на работното место и небесниот мир ќе ги опкружува вашите души. Секаде каде што владее Исусовата љубов, тука има сочувствителна нежност и грижа за другите. Најдрагоцената работа која моите браќа можат да ја преземат е негување на Христолик карактер.—5. Сведоштво за црквата, 558, 559 (1889). {2УКЛ 773.2}
Водење на изворот на жива вода. – Оној кој бара да ја задоволи својата жед на изворите на овој свет ќе пие, но повторно ќе ожедни. Луѓето се секаде незадоволни. Тие копнеат по нешто што би ја задоволило потребата на душата. Само Еден може да ја задоволи оваа потреба. Потреба на светот, „Копнежот на сите народи“ е Христос. Божјата благодат кој единствено Тој може да ја даде е како жива вода која прочистува, освежува и ја окрепува душата.—Копнежот на вековите, 187 (1898). {2УКЛ 773.3}
Разбирање на световната точка на гледање. – Просветленото разбирање нѐ принудува да признаеме дека небесното е посупериорно од земното, па сепак изопаченото срце го наведува да дава предност на световните работи. Размислувањето на големите луѓе, теориите на лажни науки се мешаат со вистината на Светите Списи.—The Review and Herald, November 24, 1891. {2УКЛ 773.4}
Големиот советник. – Дојдете кај Бога со сите ваши потреби. Не одете кај други луѓе со своите искушенија; само Бог може да ви помогне. Ако ги исполните условите на Божјите ветувања, тие ветувања ќе ви бидат исполнети. Ако умот ви е насочен кон Бога, вие нема од оваа возвишена состојба да се симнете во долината на очајот, кога тестот и искушенијата ќе дојдат на вас. Нема да предизвикувате сомнеж и мрак кај другите. Вие нема да кажете: „Не знам за ова или она. Не се чувствувам среќен. Не сум сигурен дека ја имаме вистината.“ Нема ова да го правите бидејќи ќе имате сидро за душата, сигурно и постојано. {2УКЛ 774.1}
Кога изразуваме обесхрабрување и безволност, сатаната се радува, бидејќи знае дека ве заробил. Сатаната не може да ги чита нашите мисли, но тој може да ги види нашите постапки, да ги слушне нашите зборови, и од своето долгогодишно познавање на човечкото семејство, може да обликува свои искушенија и да ги искористи слабите точки на нашиот карактер. И многу често го упатуваме на кој начин да задобие победа над нас. Ох, кога би можеле да ги контролираме нашите зборови и постапки! Колку би биле силни доколку нашите зборови би биле такви да не се посрамиме на денот на судот. Колку поинаку ќе изгледаат на денот Божји од она како изгледале во денот кога сме ги изговориле.—The Review and Herald, May 19, 1891. {2УКЛ 774.2}
Најголем советник. – Меѓу вас стои Најмоќниот Советник на сите векови, повикувајќи ве да му ја подарите својата доверба. Ќе се свртиме ли од Него кон несигурните човечки суштества, кои во потполност зависат од Бога како и ние самите? Дали паднавме далеку под своите предности? Нема ли да бидеме виновни поради толку мали очекувања така што не го бараме од Бога она што Тој копнее да ни го даде?—The Review and Herald, June 9, 1910. {2УКЛ 774.3}
