Пророци и цареви
2. Храмот и неговото посветување
Соломон мудро го спровел Давидовиот долготраен план да подигне храм на Господа. Седум години Ерусалим бил полн со вредни работници кои биле ангажирани да го израмнат избраниот локалитет, да подигнат огромни потпорни ѕидови, да постават широки темели – „големи одбрани камења за основата на храмот, камења делкани” (1. Царевите 5:17), – да обработуваат дрвја донесени од Ливанските шуми и во подигнување на прекрасното светилиште. {ПЦ 35.1}
Истовремено со подготвувањето на дрвјата и камењата, за кои многу илјади луѓе ги посветиле своите сили, работата напредувала и околу внатрешното уредување на храмот и тоа под раководство на Хирам од Тир, „надарен со знаења”, кој „знае да прави изработки од злато и од сребро, од бакар и од железо, од камен и од дрво, од пурпурна и сина преѓа, од висон и од багреница” (2. Летописи 2:13,14). {ПЦ 35.2}
Така градбата на гората Морија нечујно се подигала со „готови изделкани камења, така што за време на градењето на храмот не се слушаше, ни чекан, ни тесла, ниту некакво друго железно орудие” (1. Царевите 6:7). Истовремено се подготвувале прекрасни предмети според мострите на Давид кој му ги покажа на својот син „сите други предмети за Божјиот дом” (2. Летописи 4:19). Тука спаѓале златниот жртвеник, и трпезата за приносните лебови, светилникот и кандилата, со садовите и направите потребни за службата на свештениците во светињата „од злато, од најчисто злато” (2. Летописи 4:21). Бакарните работи, олтарот за жртви паленици, морето врз дванаесетте волови, помалите мијалници и многу други садови, кои што „Царот ги излеа во глинена земја од околината на Јордан, меѓу Сукот и Цередата”. Сето тоа било донесено во доволни количества како ништо не би недостасувало. (Стих 17) {ПЦ 35.3}
Величествената градба која Соломон и неговите помагачи ја подигнале за Бога и Неговата служба, била исклучително убава и раскошна. Украсена со скапоцени камења, опкружена со пространи тремови со величествени пристапи, обложена со длабоко резбарство во кедровина и сјајно злато, градбата со своите извезени завеси и богат мебел претставувала подобен симбол за црквата на живиот Бог на земјата, која со текот на времето се градела во согласност со Божјиот модел, од материјал кој е спореден „со злато, сребро, драгоцени камења”, „накитени и украсени како столбови во храмот”. (1. Коринтјаните 3:12; Псалм 144:12). Во тој духовен храм како камен темелник е „Самиот Исус Христос, врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ”. (Ефесјаните 2:20,21) {ПЦ 36.1}
Најпосле храмот кој што го замислил цар Давид а го градел неговиот син Соломон, бил довршен. „И го заврши Соломон домот Господов и домот царски, заврши успешно сè што беше наумил во срцето свое да го изврши во Господовиот дом и во својот дом” (2. Летописи 7:11). Затоа што дворецот кој беше подигнат на ритчето Морија не бил наменет за човек „туку за Господ Бог” (1. Летописи 29:1), како што Давид тоа многу го сакаше, останало уште со свечена церемонија официјално да се посвети на Јехова и Неговата служба. {ПЦ 37.1}
Местото на кое што храмот бил изграден долго време се сметало за свето. На тоа место Авраам, таткото на верните, ја открил својата подготвеност да го жртвува својот единствен син покорувајќи и се на Божјата заповед. Тука Бог го обновил својот завет на благослов со Авраам, завет кој го содржел славното месијанско ветување до човечкиот род за избавување преку жртвата на Синот на Севишниот. (Види во Создавање 22:9, 16-18). На тоа место Давид принел жртва паленица и жртва на благодарност за да го оттргне мечот на ангелот истребител, а Господ му одговорил пуштајќи му оган од небото. (Види во 1. Летописи 21.) Сега, уште еднаш, слугите Господови се собрале на ова место да излезат пред Него и да го обноват својот завет на верност кон Него. {ПЦ 37.2}
За посветување на храмот било избрано најпогодно време – седмиот месец, кога по обичај народот од целото царство се собирал во Ерусалим за да го прослави празникот Сеници. Овој празник претежно бил повод за радост. Се одржувал по завршување на жетвата а пред почеток на нова работа и народот слободен од грижи, можел да ужива во тие свети и радосни мигови. {ПЦ 37.3}
Во определеното време се собрале Израелците и богато облечените претставници од многу земји во предворјето на храмот. Тоа бил необично величествен призор. Соломон, заедно со израелските старешини и најугледните луѓе во народот, дошол од другиот крај на градот, од каде го донеле ковчегот на заветот. Од светилиштето на Гаваонските височини бил пренесен древниот „ковчег и скинијата на собранието и сите свети садови, што беа во скинијата” (2. Летописи 5:5). Тие работи кои биле длабоко почитувани и кои потсетувале на некогашните искуства на децата на Израел за време на нивното талкање низ пустината и освојувањето на Ханан, сега нашле постојан дом во прекрасната зграда, подигната да го заземе местото на преносната структура. {ПЦ 38.1}
Носејќи го ковчегот во светиот храм, во кој имало две плочи од камен, на кои биле напишани со прст Божји десетте заповеди, Соломон го следел примерот на неговиот татко Давид. Принесувал жртви на секои шест чекори. Со пеење, музика и свечена церемонија „свештениците го внесоа ковчегот на заветот Господов на местото негово, во Светињата над светињите“ (Стих 7). Кога влегле во светињата, ги заземале своите места. Пеачите – Левитите облечени во свечени бели облеки со кимвали, харфи и лири стоеле на источната страна на жртвеникот и со нив заедно сто и дваесет свештеници, трубеле со труби. (Стих 12). {ПЦ 38.2}
„И додека трубеа и пееја сложно во еден глас воспевајќи и славопоејќи Го Господа и кога го подигнаа звукот од труби, кимвали и други свирки, и сите Го фалеа Господа дека е добар, дека милоста Негова е вечна, – тогаш домот Господов се исполни со облак, така што поради облакот свештениците не можеа да продолжат со служба, зашто славата Господова го исполни Божјиот дом”. (Стихови 13,14). {ПЦ 38.3}
Соломон разбирајќи што значи овој облак, изјавил: „Господ беше рекол дека ќе благоволи да престојува во темен облак, но јас, на Твоето свето име Му изградив дом на Твоето живеалиште, место за Твоето вечно престојување”. (Летописи 6:1,2) {ПЦ 39.1}
„Господ се зацари: нека треперат народите!
Тој седи на херувими: нека се затресе Земјата!
Велик е Господ на Сион
и возвишен е Тој над сите народи.
Нека го слават името Твое велико:
зашто тоа е свето…
Превознесувајте Го Господ, нашиот Бог,
поклонувајте Му се во подножјето на нозете Негови,
зашто тоа е свето!” (Псалм 99:1-5) {ПЦ 39.2}
„Среде дворот” на храмот било поставено „бакарно подножје” или платформа „долго пет лакти, широко пет лакти и високо пет лакти”. На него Соломон застана и со кренати раце кон небото го благослови мноштвото што стоеше пред него. „И сето собрание на Израелците стоеше” (2. Летописи 6:13,3). {ПЦ 39.3}
„Нека е благословен Господ, Бог Израелов” извикна Соломон, „Кој го изврши со светата рака Своја она, како што го беше рекол со устата Своја на татка ми Давида велејќи: го избрав Ерусалим, за да биде во него Моето име. (Стихови 4,6) {ПЦ 39.4}
Потоа Соломон клекнал на подножјето и пред целиот народ изговорил молитва на посветување. Верниците ги наведнале своите глави кон земјата а царот ги подигнал рацете кон небото молејќи се: „Господе Боже Израелов! Нема Бог таков каков што си Ти, ниту на небото ниту на земјата, Кој го чуваш заветот и милоста на слугите свои, кои одат пред тебе со целото свое срце”. {ПЦ 40.1}
„Ќе живее ли Бог со луѓето на земјата? Ете, небото и небесата Твои не те собираат, дотолку помалку ќе Те собере овој храм, што сум го изградил. Но погледни милостиво кон повикот на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата, со која Твојот слуга се моли пред Тебе. Нека бидат очите Твои отворени кон овој храм дење и ноќе, кон местото, во кое си ветил дека ќе го ставаш името Свое, за да ја слушаш молитвата, со која слугата Твој ќе се моли на ова место. Чуј ги молбите на Твојот слуга и на Твојот народ Израелот, со кои ќе се молат на ова место: чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се… {ПЦ 40.2}
Кога Твојот народ Израелот ќе биде поразен од непријателот, затоа што згрешил пред Тебе, и се врати и го исповеда името Твое, ако повика и се помоли пред Тебе во овој храм, чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израелот и врати го во земјата, што си му ја дал нему и на татковците негови. {ПЦ 40.3}
Кога ќе се заклучи небото и ќе снема дожд, затоа што тие згрешиле пред Тебе, и ќе се помолат на ова место, и ќе го исповедаат името Твое и ќе се свртат од своите гревови, затоа што си ги понизил, чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израел, покажувајќи им го добриот пат, по кој што треба да одат: и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство. {ПЦ 41.1}
Ако биде глад во земјата или помор, огнен ветар или гламја, скакулци или гасеници, или ако го притиснат непријателите негови во земјата, што ја владее, или некое зло ако се случи или пак некаква болест, секоја молитва, секој извик од кој и да е човек, или од сиот народ Твој Израелот, кога секој ќе ја почувствува неволјата своја и тагата своја и ќе ги подаде рацете кон Твојот храм, чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и прости и подај му на секого според патиштата негови, како што го познаваш срцето негово, зашто само Ти ги познаваш срцата на синовите човечки, за да се плашат од Тебе и да одат по Твоите патишта во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни. {ПЦ 41.2}
Дури и туѓинецот, што не е од Твојот народ Израелот, кога ќе дојде од далечна земја поради Твоето големо име, поради Твојата моќна рака и Твојата подигната мишка, дојде и се помоли во овој храм, чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и направи сѐ, за кое туѓинецот ќе те повика, та сите земни народи да го познаат Твоето име и да се плашат од Тебе, како и Твојот народ Израелот, и да знаат, дека овој дом, што јас го изградив, е наречен по Твоето име. {ПЦ 41.3}
Кога твоите луѓе ќе излезат во војна против непријателите свои по патот, по кој ќе ги испратиш Ти, и Ти се помолат, обрнувајќи се кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име, тогаш послушај ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи им го она што е таму потребно. {ПЦ 42.1}
Кога ќе згрешат пред Тебе, (затоа што нема човек што не греши) и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и оние, што ги заробиле, ќе ги одведат во далечна или блиска земја, кога во земјата, во која ќе бидат заробени, ќе дојдат на собеси, ќе се свртат и ќе Ти се помолат во земјата на своето ропство, велејќи: згрешивме, направивме беззаконија и неправди, и ќе се обрнат кон тебе со сето свое срце и со сета своја душа, во земјата на своето ропство, каде што ќе бидат одведени во плен, и ќе се помолат, обрнувајќи се кон земјата своја, што си им ја дал на татковците нивни, и кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твое име, тогаш чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, чуј ја молитвата нивна и молбата нивна, и направи го она што им е потребно, и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе. {ПЦ 42.2}
Боже мој, очите твои нека бидат отворени и ушите твои нека бидат внимателни кон молитвата на ова место! И сега, Господи Боже, застани во Твоето почивалиште, Ти и ковчегот на Твојата сила. Твоите свештеници, Господи Боже, нека се облечат во спасение, и нека Твоите светии се радуваат во добрина. Господи Боже, не свртувај го лицето од помазаникот Свој, присети се на милостите ветени кон Својот слуга Давид”. (Стихови 14-42) {ПЦ 42.3}
Кога Соломон ја заврши молитвата „слегна оган од небото и ја изгори жртвата паленица и другите жртви”. Свештениците не можеле да влезат во храмот затоа што „со славата Господова се наполни домот Господов”, и сите синови Израелови ја видоа славата Господова врз домот, ги приклонија лицата кон земјата до подот, поклонувајќи се и фалејќи го Господа, велејќи: затоа што Тој е добар, затоа што е вечна Неговата милост”. {ПЦ 45.1}
Тогаш царот и народот му принесоа жртва на Господа. „Така го осветија Божјиот дом царот и сиот народ” (2. Летописи 7:1-5). Седум дена мноштво собрано од сите краишта на царството, од границите „од Емат до египетскиот поток”, „многу голем собор”, го славеа овој голем настан. Следната недела повторно ја поминале славејќи го празникот сеници. По завршувањето на овој празник од повтореното посветување и радост, луѓето се вратија во своите домови, „сите радосни и весели во срцето поради доброто, што Господ му го направи на Давид и Соломон и на својот народ Израел”. (Стихови 8,10). {ПЦ 45.2}
Царот направил сѐ што било во негова моќ да го мотивира народот потполно да му се посвети на Бога и на Неговата служба и да го величаат Неговото име. Господ му посведочил на владетелот на Израел дека го примил и го благословил, како што е тоа еднаш веќе направено на почетокот на неговото владеење, во Гаваон. Ноќно време во едно видение му се покажал Господ со една вест: „Ја чув твојата молитва и Си го одбрав тоа место за дом на жртвопринесувања. Ако го заклучам небото и да нема дожд, ако им заповедам на скакулците да ја испасат земјата, или да испратам помор врз Мојот народ, и Мојот народ, кој се именува со Моето име, се понизи, почне да се моли, да го бара лицето Мое и се одврати од своите лоши патишта, Јас ќе чујам од небото и ќе му ги простам гревовите негови и ќе ја излекувам земјата негова. И сега очите Мои ќе бидат отворени и ушите Мои внимателни кон молитвата во ова место. И сега Јас го избрав и го осветив овој дом, та името Мое да биде таму засекогаш; и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни”. (Стихови 12-16). {ПЦ 45.3}
Доколку Израел му останал верен на Господа, овој величествен храм би стоел како вечен знак на посебна Божја милост кон избраниот народ. „И синовите на туѓинците, што се присоединиле кон Господ, за да Му служат и да го сакаат името на Господ”, рекол Господ, „да бидат слуги Негови, – сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој, Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва: сепалениците нивни и жртвите нивни ќе бидат благопријатни врз Мојот жртвеник, зашто Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи”. (Исаија 56: 6,7). {ПЦ 46.1}
Давајќи му на царот до знаење дека е прифатен, Господ истовремено го означил и патот на должности по кој како цар треба да го оди. „И, ако одиш пред лицето Мое, како што одеше татко ти Давид, и ако вршиш сè, што сум ти заповедал, и ако ги пазиш повелбите Мои и законите Мои, Јас ќе го зацврстам престолот на царството твое, како што му бев ветил на татко ти Давид, велејќи: ‚нема да снема маж, што ќе владее над Израел.’” (2. Летописи 7:17,18). {ПЦ 46.2}
Доколку Соломон продолжил да му служи на Господа во понизност, неговото владеење би извршило големо влијание на добро меѓу околните народи, кои инаку чувале убави спомени на владеење на неговиот татко Давид и на кои им оставиле голем впечаток мудрите зборови и сјајните дела од првите години на неговото владеење. Предвидувајќи страшни искушенија кои ги следат успехот и славата, Бог го предупредил Соломон за злото на отпадништвото и страшните последици на гревот. Тој рекол дури и за овој прекрасен храм, кој всушност е посветен, ќе стане приказна и потсмев помеѓу народите” (Стихови 20 и 22) ако Израелците се одречат од „Господа Бога на татковците нивни” и отидат во идолопоклонство. {ПЦ 47.1}
Соломон поткрепен во срцето и радосен заради вестите од небото дека неговата молитва за Израелот е услишена, зачекорил во најубавото време од своето владеење, кога „сите цареви земски сакаа да го видат Соломона и да ја чујат неговата мудрост, која му ја даде Господ во срцето негово” (2. Летописи 9:23). Мнозина доаѓале да го проучуваат неговиот начин на владеење и да побараат од него совет за решавање на своите потешкотии. {ПЦ 47.2}
Соломон ги учел луѓето што го посетувале дека Бог е творец на сѐ што е создадено, па така тие се враќале кон своите домови со појасни поими за Израеловиот Бог и Неговата љубов кон човештвото. Тие во природните појави виделе знаци на Неговата љубов и откривање на Неговиот карактер и мнозина почнале да Му служат како на свој Бог. {ПЦ 47.3}
Соломоновата понизност во времето кога го понел бремето на одговорности во државата, кога признал пред Бога „јас сум уште сосем млад”, (1. Царевите 3:7) неговата голема љубов кон Бога и длабокото почитување кон сѐ што е божествено, немањето доверба во себеси, воздигнувањето на вечниот Творец на сѐ што е создадено, сите тие карактерни особини кои биле толку ценети, се откриле во текот на посветувањето на храмот, кога во молитва клечел како понизен молител. Христовите следбеници денеска мораат да се чуваат да не го изгубат духот на стравопочитување кон Бога. Светото писмо ги учи луѓето како тие треба да пристапуваат кон Творецот во понизност и стравопочит, со вера во божествениот Посредник. Псалмистот објавил: {ПЦ 47.4}
„Бог е велик Господ, и велик Цар над сите богови. Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да клекнеме пред Господа, нашиот Творец”. (Псалм 95:3,6) {ПЦ 48.1}
И во молитва на јавно место и во домот треба да клекнеме пред Бога кога Му се обраќаме. Исус кој е наш пример, „клекна на колена и се молеше на Бога”. (Лука 22:41). Тоа исто е запишано и за Неговите ученици: „клекнаа на колена и се помолија на Бога”. (Дела 9:40) Павле рекол: „Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос”. (Ефесјаните 3:14) Ездра клечејќи пред Бога ги исповедал гревовите на Израел. (Ездра 9:5) Даниел „три пати во текот на денот ги преклонуваше колената свои и Му се молеше на својот Бог и Го славословеше”. (Даниел 6:10) {ПЦ 48.2}
Вистинското стравопочитување кон Бога доаѓа од сознанието за Неговата бескрајна големина и свеста за Неговата присутност. Секое срце мора да има свесно и длабоко чувство за Неговото присуство. Часот и местото на молитвата се свети, затоа што е тука Бог. Исполнувањето на ова почитување и држењето на ставот само го продлабочува ова чувство. „Страшно е и свето името Негово”. (Псалм 111:9), вели Псалмистот. Ангелите го кријат своето лице изговарајќи го Господовото име. Со какво стравопочитување треба да го изговараме ние кои што сме паднати грешници! {ПЦ 48.3}
Добро би било и старите и младите да размислуваат за зборовите на Светото писмо кое покажува како треба да се почитуваат местата на кои е присутен Бог. „Соблечи ги обувките свои од нозете, затоа што земјата на која што стоиш е света”, Му рекол Тој на Мојсеја кај капината која била во оган. (Излез 3:5). Кога Јаков во видение здогледал ангел, извикал: „Сигурно е Господ на ова место: а јас не знаев! Не е друго, а е дом Божји, ова е вратата небесна!” (Создавање 28:16,17) {ПЦ 49.1}
Соломон во својата молитва за посветувањето се трудел од духот на присутните да ги отстрани разните суеверни разбирања во поглед на Творецот, на кои им робувале незнабошците. Небесниот Бог не се врзува за храмови кои луѓе ги подигнале со своја рака, како што е тоа случај со незнабожечките богови. Сепак, ако Неговиот народ се собере во домот кој е подигнат за служба за Него, Неговиот дух ќе биде таму присутен. {ПЦ 49.2}
Павле многу векови подоцна ја искажал истата вистина со овие зборови: „Бог, кој го создаде светов и сѐ што е во него, бидејќи Тој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови, ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, дишење и сѐ… за да го бараат Господа, та не би ли некако Го усетиле и нашле, иако Тој не е далеку од секој еден од нас: оти ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме”. (Дела 17: 24-28) {ПЦ 49.3}
„Блажен е оној народ, чиј што Бог е Господ; и луѓето, кои Тој ги избрал за наследство Свое. Од небесата гледа Господ, ги гледа сите синови човечки: од местото на своето живеалиште, ги гледа сите, кои живеат на земјата: {ПЦ 50.1}
Господ го поставил Својот престол на небесата, и царството Негово владее над сѐ. {ПЦ 50.2}
О Боже, свет е твојот пат:
Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог?
Ти си Бог, кој прави чудеса:
Ти ја покажа силата Своја меѓу народите:
(Псалм 33:12-14; 103:19; 77: 13,14) {ПЦ 50.3}
И покрај тоа што Бог не престојува во храмови подигнати од човечки раце, тој сепак со своето присуство го осветува собранието на својот народ. Тој ветил дека ќе им го открие својот Дух на оние кои ќе се соберат да Го побараат, ќе ги признаат своите гревови и ќе се молат едни за други. Но оние кои се собираат за да Го слават, мораат да ја отстранат секоја зла мисла. Нивното собирање нема да има никаква вредност ако не се молат со духот на вистината и во убавината на светоста. За ваквите луѓе Господ вели: „Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене”. (Матеј 15: 8,9). Оние кои се поклонуваат на Бога мораат да се поклонуваат со „дух и вистина, зашто Отецот сака такви поклоници”. (Јован 4:23). {ПЦ 50.4}
„Господ е во Својот свет храм: нека молчи целата земја пред лицето Негово!” (Авакум 2:20). {ПЦ 50.5}
