Семејство во градина покрај селски дом — Живот на село

Живот на село

Предговор

Сподели го ова:

Брошурата „Живот на село“ за првпат беше објавена во 1946. година. Нејзините совети и предупредувања ги поттикнаа многу адвентисти внимателно да го испитаат влијанието на градскиот живот врз својот живот и повторно да направат проценка каде сакаат да живеат. Таа укажува на опасностите од поврзаноста со синдикатите и други извори на партиски судири во градовите. Истовремено, им помогна на оние што носат товар за евангелизација на градовите да размислат како најдобро да се биде во светот, но не и од светот.

Како што се приближува крајот на времето, овие упатства стануваат порелевантни од кога и да било порано. Новата генерација верници ќе ги пронајде овие совети како нешто што им отвора хоризонти какви што не предвиделе.

Списите на Елена Г. Вајт постојано ги истакнуваат предностите од животот на село. Како што се движиме кон последните настани, адвентистите на седмиот ден повторно се потсетуваат на Господовото упатство да ги напуштат градовите со нивниот метеж, корупција и судири. Градовите не обезбедуваат здрава околина за христијанските семејства.

Илјадници адвентисти со години биле упатувани во поглед на изборот на околината за своите домови и односот кон световните организации, преку советите за овие животно важни теми што се широко објавени во сведоштвата. Бидејќи застрашувачките знаци на претстојната криза укажуваат на подмолните опасности и на жестината на судирите што ни претстојат, се чини дека е соодветно повторно да се издадат овие совети во облик што ќе го привлече вниманието на секој верник во црквата.

Сериозниот повик изнесен во оваа брошура бара одлучно дејствување, но и сериозно предупредува против непромислени потези. Сакаме да ви обрнеме особено внимание на предупредувањата во седмиот отсек „Водени од Божјите провиденија“, на оригиналните страници од 24 до 28. Оваа брошура се издава како одговор на утврденото уверување на водството на црквата дека дошло времето повторно да се упати повикот: „Напуштете ги градовите“.

Застапници за публикациите на Елена Г. Вајт

Сподели го ова:

Поврзани статии