ЗА БОЖЈИОТ СУД. ОТКРОВЕНИЕ 14:7 „ЗАШТО НАСТАПИ ЧАСОТ НА НЕГОВИОТ СУД“
Продолжуваме со проучување на последната порака од Бога до човештвото, пораката на трите ангели. И од зборовите: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава“, преминуваме на зборовите: „зашто настапи часот на Неговиот суд“ (види Откровение 14:7).
Во последната порака, Бог ги повикува луѓето да имаат страхопочит кон Него и да Му ја дадат славата што ја заслужува — а ова е тесно поврзано со пораката за Божјиот суд! Прво ќе ги разгледаме Божјите судови во светлината на Библијата, а потоа ќе зборуваме за времето на неговиот почеток, за што ни говори и пораката — „зашто настапи часот на Неговиот суд“.
Во Божјата реч, зборот „суд“ и сè што е поврзано со него се спомнува мошне често — стотици пати. Интересно е тоа што дури и луѓето кои се далеку од Бога многу често зборуваат за Божјиот суд, не разбирајќи за што зборуваат. Ова се случува кога го кажуваат зборот „судбина“. Овој збор потекнува од фразата „Божји суд“.
Порано светот бил доста религиозен и речиси сите знаеле од Божјата реч дека ќе има Божји суд за сите луѓе и дека овој суд никој не може да го избегне.
Но, подоцна општеството станало атеистичко. А зборот „судбина“ делумно го задржал своето значење, а делумно го изгубил. Изгубен е концептот дека тоа е Божји суд, но поимот неизбежност останал. Затоа и велат „не можеш да и избегаш на судбината“.
НАИЗГЛЕД КОНТРАДИКТОРНИ ТЕКСТОВИ ЗА СУДОТ
Што ни кажува Библијата за Божјиот суд? Истражувајќи ја оваа тема, ќе видите колку се погрешни мислењата на мнозина за овој концепт. Треба да го разбереме, бидејќи во спротивно нема да ја разбереме последната порака и затоа нема да можеме да им ја пренесеме на другите. Само ако ја разбереме вистината за судот во целост, ќе можеме да ги усогласиме навидум непомирливите текстови:
„Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2 Коринтјаните 5:10).
„Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот“ (Јован 5:24).
Или друг пример. Библијата зборува за судот над ангелите:
„Ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден“ (Јуда 1:6).
„Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги фрли во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат држани до судот“ (2 Петрово 2:4).
Значи, Бог недвосмислено ќе им суди и на ангелите. Но, како тогаш да се разберат зборовите на апостол Павле, кои тој ги изговорил за постапките на верниците во овој суд:
„Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи? Не знаете ли дека ангели ќе судиме, а не, пак, она секојдневното?“ (1 Коринтјаните 6:2,3).
„И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат, а и душите чии глави беа исечени поради сведоштвото Исусово и заради словото Божјо, а и оние што не му се поклонија на ѕверот ниту на неговата биста, и не примија белег на челата свои и на рацете свои и оживеаја и царуваа со Христос илјада години“ (Откровение 20:4).
НЕКОЛКУ ДЕФИНИЦИИ ЗА ЗБОРОТ „СУД“
Гледате дека вистината за судот не може да се разбере со еден потег. Потребно е сериозно истражување.
Зборот „суд“ во Библијата има широк спектар на дефиниции, но со еден заеднички именител.
Судот, претставува:
— спор (парница);
— собирање информации (поведување судски спор), т.е. истражен суд (истражна постапка);
— судска одлука (изрекување на судска пресуда);
— осуда.
Заедничкиот именител е еден — а тоа е воспоставување (обновување, враќање) на правдата. Но, воочете ја суштинската разлика, кога зборуваме за суд ние подразбираме парница меѓу две страни. Или, кога зборуваме за суд, подразбираме судска пресуда, или изрекување казна за виновникот. Читателот на Библијата може да утврди за што станува збор само од контекстот.
Судот, како спор (парница):
„Зашто Тој не е човек, како што сум јас, та да можам да Му одговорам и да отидам со Него на суд! Меѓу нас нема посредник што би ја ставил раката своја врз двајцата“ (Јов 9:32,33).
Судот како процес (истражна постапка):
„Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:14).
Судска одлука (изрекување на судска пресуда):
„Зашто, ете, ќе дојде Господ во оган, и колите Негови – како виор, за да го излее гневот свој со јароста и заканата Своја – со пламнат оган. Зашто Господ ќе суди со оган и со мечот Свој над секоја плот, и многумина ќе бидат убиени од Господ“ (Исаија 66:15,16).
Но, целосната слика на судот се добива по завршување на процесот. Односно, СУД — е она што започнува со конфронтација (судир) меѓу страните, доведува до судски спор, покренување на постапка, за на крајот правдата да се врати со изрекување казна над виновниците.
Човештвото, откако згрешило, се побунило против Бога, и го отфрлило Создателот како свој Бог. Откако го избрало сатаната за свој бог, човештвото било вовлечено во судски спор со Бога, во спор со Него.
НА НЕБОТО ПОСТОИ ЗАПИС (ДОСИЕ) ЗА СЕКОЈ ЧОВЕК
Текстовите што ќе ги читаме сега, Бог директно му ги изговорил на Израел, кој се одметнал од Него. Но, имајќи го во вид духот на овие зборови, тие се широко применливи и на падот на човештвото:
„Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам. Затоа отидете на бреговите на Китим и разгледајте, и испратете во Кедар и испитајте сесрдно и видете: станувало ли таму нешто слично на тоа? Ги променил ли некој народ боговите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше Славата своја за она што не помага. Чудете се на тоа, небеса, стресете се и грозете се, вели Господ. Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода“ (Еремија 2:9-13).
Како резултат на појавата на монструозната неправда во вселената, созданието се побунило против Создателот. За секој човек кој живее на земјата, на небото постои запис во кој се запишуваат сите зборови, дела и мисли, како добри, така и лоши:
„Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се плашат од Бога и го почитуваат името Негово“ (Малахија 3:16).
„Затоа, макар и да се измиеш со сапун и да употребуваш многу пепелница, – твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог“ (Еремија 2:22).
„И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден“ (Матеј 12:36).
„Затоа, пак, не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш секој ќе прими пофалба од Бога“ (1 Коринтјаните 4:5).
Не судете пред време, додека не дојде Господ, Кој на сите ќе им го открие внатрешниот свет. Само во тој случај ќе може да се направи објективна проценка на она што се случува.
ИСТРАЖНИОТ СУД НАД ЛУЃЕТО СЕ НАРЕКУВА И БОЖЈИ СУД
И така, откако ќе се соберат сите предмети, мора да се спроведе судска истрага — истражен суд, на кој, врз основа на собраниот материјал и во светлината на Божјиот закон, треба да се донесе одлука за секој човек. Овој настан исто така е забележан и на страниците на Библијата и се нарекува Божји суд:
„Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7:9,10).
По донесување на одлуката, се изрекува пресуда во согласност со собраниот материјал. По пресудата следува казна.
„И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро“ (Откровение 20:11-15)
Еве слика од донесувањето на пресудата во светлината на она што луѓето го направиле во својот живот. Никој и ништо не може да го промени тоа. Изрекувањето на казната исто така се нарекува Божји суд, иако, како што забележавме, ова е само еден дел од вкупната слика наречена Божји суд.
ПАРНИЦА (СУДСКА ПОСТАПКА) — ОВА НЕ Е ФАЗА НА СУДЕЊЕ СО КОЈА Е ПОВРЗАНА ПОРАКАТА НА ТРЕТИОТ АНГЕЛ
И така, гледате дека судот е поделен на фази (етапи), од кои секоја исто така се нарекува Божји суд. Наша задача е да дознаеме во која фаза се објавува последната порака од Бога: „ЗАШТО НАСТАПИ ЧАСОТ НА НЕГОВИОТ СУД“. Ова не е воопшто тешко да се разбере.
Јасно е дека ова не е прва фаза на судот, не е фаза на парница меѓу Бога и луѓето. Затоа што луѓето се побуниле против Бога пред околу 6.000 години. Затоа, не можеме да кажеме дека овде станува збор за почеток на судирот меѓу грешниците и Бога. Парницата трае онолку долго колку што поминало време од падот во грев.
„Сите згрешија и лишени се од славата Божја“ (Римјаните 3:23)
„Зошто се жалите кај Мене? Сите вие се одметнавте од Мене, вели Господ“ (Еремија 2:29).
НИТУ ПРЕСУДА, НИТУ КАЗНА
Можеби во втората фаза? Запис за сите дела, зборови и мисли на луѓето? Да, оваа фаза ќе се одвива сè додека човекот е жив и додека не се донесе одлука за него во онаа фаза од Божјиот суд, каде што се донесува пресуда. Но, оваа фаза не е вечна; да не е така, тогаш Божјиот суд никогаш не би завршил. Бидејќи луѓето секогаш ќе се раѓаат и ќе живеат, правејќи различни работи. Следствено на тоа, нивните дела ќе имаат траен карактер.
Но, Христос ги споредил последните денови пред Неговото враќање со Ноевите денови, а што значи ова? Факт е дека собирањето информации не трае вечно. Доаѓа време кога, врз основа на веќе собраните информации, Бог донесува одлука и ја соопштува пресудата, по што одлуката стапува на сила.
Пораката на тројцата ангели се слуша пред самото Христовото доаѓање. Таа е осмислена да го подготви светот за Божјиот суд. До која фаза, до платата (наградата)? Не. Христос ќе дојде со платата (наградата) според пресудата на небесниот суд, и тогаш ништо не може да се промени:
„И еве, ќе дојдам скоро, и платата (наградата) Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22:12).
Бесмислено е да се предупредува на последната фаза од судењето, во која ништо не може да се промени.
СОБИРАЊЕ НА ИНФОРМАЦИИ И ИСТРАГА
Пораката на првиот ангел гласи:
„Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд“ (Откровение 14:7).
Претходно забележавме која е Божјата желба:
„Тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бог, Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“ (1 Тимотеј 2:3,4).
Во светлината на оваа Божја желба да спаси, а не да уништи, мора да се разгледа последната порака. Исто како и во деновите на Ное, Бог ја дава пораката за потопот пред потопот, не само за да го објави неизбежното, туку и да им овозможи на оние кои ја примаат пораката да се покајат и да преминат од смрт во живот:
„Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сè што е на неа, ќе изгори“ (2 Петрово 3:9,10).
Како што разбирате, подобро е да се соработува со истрагата за време на истрагата, а не по објавувањето на пресудата. Значи ни останува само една фаза од судот, за која и зборува ангелот. Ова е собирање на информации и истрага.
КОЈА ФАЗА ОД СУДОТ Е СКРИЕНА ОД ЛУЃЕТО, А КОЈА НЕ Е?
Исто така, не е тешко да се претпостави дека последната фаза од судот (процесот) ќе биде видлива за луѓето:
„И царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари, велејќи им на планините и на карпите: ‘Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?’“ (Откровение 6:15-17).
Но, собирањето информации и истражниот суд се одвиваат на небото. И оваа фаза од процесот е скриена од погледот на луѓето:
„Но оние, кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се плашат од Бога и го почитуваат името Негово“ (Малахија 3:16).
„Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7:9,10).
БОГ ИМ ГО ОТВОРА НЕБОТО НА ЛУЃЕТО
Токму затоа што е скриена од луѓето, Бог ја објавува во последната порака: „Бојте се од Бога и дајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд“. Тоа значи дека преку оваа порака Бог ни го открива небото и она што се случува во него, за луѓето да го знаат времето во кое живеат, да знаат за истражниот суд кој започнал на небото, и знаејќи го сето тоа, да можат да ја променат својата судбина на подобро, од уништување до спасение. И тоа хармонично се вклопува во Божјата желба никој да не загине, туку луѓето да се покајат и да се спасат.
Затоа е толку важно кога истражуваме која било тема во Библијата да се увериме дека нашите заклучоци не се во спротивност со другите вистини во Светото Писмо. Сите теми содржани во словото Божјо треба да бидат поврзани една со друга, да претставуваат еден жив организам, а не куп мртви делови од телото. Бидејќи за словото Божјо се вели како за живо слово:
„Зашто, словото Божјо е живо и дејствува…“ (Евреите 4:12).
Кога верниците би ја разбрале оваа вистина за единството на сите теми во Библијата меѓу себе, немаше да создадат толку многу цркви со нивните спротивставени учења.
ИСТРАЖНИОТ СУД ЗАПОЧНУВА СО ПРАВЕДНИТЕ
Можеме ли да знаеме нешто за овој истражен суд кој се случува на небото? Се разбира, но не многу. Првото нешто што треба да го разбереме е дека на овој суд, Бог прво ги разгледува делата на праведните:
„Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од безбожниците и грешниците!?“ (1 Петрово 4:17,18).
Со оглед на фактот дека истражниот суд започнува со праведните, а тие едвај се спасуваат, зошто? Бидејќи, постои само еден пат до небото, а тоа е патот на Исусовиот живот:
„Исус му рече: ‘Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене’“ (Јован 14:6).
„Тој е оној камен што од вас ѕидарите беше отфрлен, Кој стана камен темелник; и во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:11,12).
Знаејќи го сето ова, го разбираме повикот кој се наоѓа во пораката да се подготвиме. А тоа е да стекнеме Божји страв и почит кон Неговата мудрост и величина. И, исто така, да Му оддадеме слава со прифаќање на Христа во нашите срце како наш личен Спасител.
„Зашто ние самите себе не се проповедаме, туку Христос Исус Господ; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исус. Зашто Бог, Кој некогаш заповеда од ‘темнината да изгрее светлина’, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло. Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас“ (2 Коринтјаните 4:5-7).
ПРАВЕДНИТЕ НА СУДОТ ЌЕ ГИ ЗАСТАПУВА ИСУС ХРИСТОС
Повикувајќи нè да се соединиме со Христа и да станеме носители на Божјата слава, Бог сака да се спасиме. Бидејќи судот ќе ги оправда само праведните.
Освен тоа, сите оние кои биле во Христа, кои живееле преку Христа, ќе се признаат како праведни:
„Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп“ (1 Коринтјаните 1:30).
„Мислете за небесното, а не за земното. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава“ (Колосјаните 3:2-4).
Светото Писмо не нè остава во темнина околу фактот дека самиот Исус на овој небесен суд ќе ги застапува интересите на оние кои веруваат во Христа:
„Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот“ (1 Јованово 2:1).
„Зашто Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9:24).
Ова значи дека нашиот случај, нашиот живот, ќе биде изнесен пред судот од Исус Христос, во Кого верувавме и во чии раце го доверивме нашиот живот. Тој ќе биде наш Посредник, Бранител (застапник) и Адвокат. Еве, како вистината, разгледана во целост, ги отстранува привидните противречности во вистината за Божјиот суд што ја проучуваме.
БОЖЈИОТ СУД ГО ЗЕМА ВО ПРЕДВИД САМО ОНА ШТО ЛУЃЕТО ГО НАПРАВИЛЕ ВО СВОЈОТ ЖИВОТ
Случајот на секој човек ќе биде разгледан на судот:
„А суштината на сè е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот; зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13,14).
Но делата на вистинските верници ќе ги претстави Христос, затоа Христос и рекол:
„Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот“ (Јован 5:24).
Зборот „суд“ во овој случај има неколку значења (казна, осуда). Ова значи дека христијанинот кој станал едно со Христа нема да биде осуден.
Исто така, многу е важно да се забележи дека Божјиот истражен суд го зема во предвид само она што самиот човек го направил за време на својот живот:
„Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ (2 Коринтјаните 5:10).
Овој текст нè учи дека додека сме живи, можеме да промениме нешто за нашата вечна судбина. Откако ќе умреме, ништо не можеме да направиме за да ја промениме нашата вечна судбина. Секој на судот ќе добие според она што го правел додека живеел во телото.
НИКОЈ СО СВОЈОТ ЖИВОТ НЕ МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ НА СУДБИНАТА НА ДРУГ ЧОВЕК
Станува јасно дека молитвите и молбите на многуте денешни христијани за упокојување на нивните мртви роднини немаат ништо заедничко со Божјата реч, и не им донесуваат никаква корист ниту на живите, ниту на мртвите. Единствена корист од ова имаат само оние кои си ги полнат џебовите, искористувајќи го незнаењето на луѓето по ова прашање. Оние кои се заинтересирани за сопственото богатење манипулираат со чувствата на измамените верници. Никој не може со својот живот, дури и ако е многу богобојазлив, да влијае на одлуката на Божјиот суд во врска со судбината на друг човек, дури и вашиот најблизок роднина:
„Сине човечки, кога некоја земја ќе згрешеше пред Мене, вероломно отстапувајќи од Мене, и Јас ја протегав врз неа раката Своја, ја уништував во неа лебната потпора, праќав врз неа глад и почнував по неа да ги погубувам луѓето и добитокот, па, ако се најдеа во неа тројца мажи: Ное, Даниил и Јов, тие со својата праведност ќе можеа да ги спасат само своите души, вели Господ Бог.
Или, ако пратев врз таа земја лути ѕверови што би ја опустошиле, и таа поради ѕверовите стане пуста и непроодна, тоа тројцата тие мажи во неа да се – жив сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките, а само тие би се спасиле, земјата пак би останала пуста.
Или, ако пратев врз таа земја меч и му речев: ‘мечу, мини преку земјата!’, и тој почнеше да истребува по неа луѓе и добиток, тоа само тие тројца мажи среде неа – жив сум Јас, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките, а би се спасиле само тие.
Или, да бев пратил врз таа земја помор и да бев ја излеал врз неа јароста Своја во крвопролевање, за да истребувам во неа луѓе и добиток,тоа Ное, Даниил и Јов среде неа – се колнам во Себе, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките; со својата праведност тие би ги спасиле само своите души” (Езекиел 14:13-20).
МОЖЕМЕ САМО ДА ГИ ОХРАБРУВАМЕ ДРУГИТЕ ЛУЃЕ ДА СЕ ОБРАТАТ КОН БОГА
Дури и на земјата, побожноста на мајката нема да го спаси синот-убиец од правдата. Тоа е негов живот и тој е одговорен за своите постапки. А на мајката и се суди според нејзините постапки.
„Душата, која згрешила, ќе умре; синот нема да го понесе гревот на татко си, и таткото нема да го понесе гревот на синот свој, правдата на праведниот кај него си останува и беззаконието на грешникот кај него си останува“ (Езекиел 18:20).
Спасението на секој човек зависи само од него. Нема праведност со членство во црква, нема праведност преку наследство. Колку и да ги сакам моите деца, не можам да ги спасам со мојата вера во Бога. Тие самите мора да изградат спасоносен однос со Бога, преку Христа. Апостол Павле ова го кажал појасно:
„И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14:12).
Во наша моќ е да ги охрабриме нашите деца, нашите роднини и едноставно сите луѓе да се обратат кон Бога, и да ги инспирираме со својот личен пример. Но, спасението е индивидуална одлука.
ШТО СИМБОЛИЗИРА ЗАПАЛЕНАТА СВЕТИЛКА ВО ИСУСОВАТА ПАРАБОЛА?
Последната порака од Бога е упатена до сите што живеат на земјата. За да биде јасно ова, Христос раскажал една парабола:
„Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте неразумни. Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло; а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садовите свои и масло; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!’ Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилки. Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилки гаснат.’ Мудрите им одговорија и рекоа: ‘Но, може да не ни стигне и нам и вам: подобро одете кај продавачите и купете си!’ А кога тие отидоа да купат, пристигна младоженецот и приготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија. Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’ А тој им одговори и рече: ‘Вистина, ви велам: не ве познавам!’ И така, бидете будни, зашто не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки“ ( Матеј 25:1-13 ).
Забележете на што укажува оваа парабола. Не е доволно себеси да се сметаме за верници во Второто доаѓање, не е доволно ниту да го очекуваме Христовото доаѓање, не е доволно да имаме светилка – Словото Божјо. Важно е оваа светилка да гори благодарение на маслото, т.е. важно е Словото Божјо да не биде мртво слово на хартија, туку духот на животот на верникот.
„Тој ни дал способност да бидеме слуги на новиот завет, не на буквата, туку на Духот; зашто буквата убива, а Духот оживотворува“ (2 Коринтјаните 3:6).
КАКО МОЖЕ ДА СЕ СТЕКНЕ СВЕТ ЖИВОТ?
„Јасно е дека вие сте Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку на човечки срца“ (2 Коринтјаните 3:3).
Обратете внимание дека станува збор за живот преобразен од Божјиот Дух, свет живот. И во параболата Христос вели дека верникот е должен самиот да купи такво богатство, тоа не може да се пренесе од еден верник на друг.
Зошто да купите? Која е поентата на купувањето и продавањето? Го земаш тоа што е твое и му го даваш на некој друг, за тоа што е негово да стане твое, а тоа што било твое, сега да му припадне нему. Јасно е дека бидејќи зборуваме за свет живот, а само Христос може да му го даде на верникот, тогаш јас можам да го стекнам само со тоа што ќе го купам од Христа. И да Му го дадам она што е мое, за да можам да го земам она што е Негово. За што станува збор? Што сум должен јас да му дадам на Христа?
„Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш“ (Псалм 51:17).
„Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, како ваша духовна богослужба“ (Римјаните 12:1)
Човек мора целото свое битие да му го даде на Бога во Неговата служба, — и духот и телото. За возврат, човекот ќе добие нешто што претходно не му припаѓало. Ова е нов човек, обновен од Бога преку Христа, односно нов карактер, ново срце:
„Но вие не Го познавте така Христос, ако навистина сте чуле за Него и во Него сте биле поучувани – дека вистината е во Исус, тогаш отфрлете го од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, за да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост“ ( Ефесјаните 4:20-24 ).
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2 Коринтјаните 5:17).
Секој жител на земјата мора да се облече во облеката на Христовата праведност.
ШТО НЀ УЧИ ИСУСОВАТА ПАРАБОЛА ЗА СВАДБЕНАТА ГОЗБА?
За да разбереме врз основа на што ќе биде изречена ослободителна или осудувачка пресуда на небесниот суд, Исус кажал уште една парабола:
„И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече: ‘Царството небесно прилега на еден цар, кој направи свадба за својот син. И ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат. Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: ‘Ете, приготвив јадење; јунците мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово; дојдете на свадбата!’ Но, тие не сакаа да знаат за тоа, туку си отидоа: кој на нива, кој по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмејаа и ги убија. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град.
Тогаш им рече на слугите свои: ‘Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по крстопатите и колкумина ќе најдете, поканете ги на свадба!’ И излегоа слугите на крстопатите, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ‘Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?’ А тој молчеше. Тогаш царот им рече на слугите: ‘Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби! зашто, мнозина се повикани, а малкумина избрани’“ (Матеј 22:2-14).
Во оваа парабола Исус го осветлил (објаснил) Божјиот повик до Евреите, за да се спасат, но тие ја отфрлаат пораката, убивајќи ги Божјите гласници, поради што и нивниот град Ерусалим бил уништен. Но исто така Христос им го осветлува (објаснува) и проповедањето на Евангелието до незнабошците, на сите оние кои се наоѓаат на сите патишта и крстопати. Со проповедање на вечното Евангелие, Бог ги повикува сите на свадбената гозба, во чест на Неговиот Син.
БОГ ИМ НУДИ СПАСЕНИЕ НА СИТЕ ЛУЃЕ, НЕ САМО НА ДОБРИТЕ
Поканувајќи ги сите, Бог не гледа на минатото на луѓето, и на тоа какви се во дадениот момент, добри или лоши. Затоа, не ни помислувајте дека Бог им нуди спасение само на добрите луѓе. Бог ги поканува сите. Но Бог исто така јасно кажува дека Евангелието, кое на човекот му ја носи надежта за вечност преку соединувањето со Христа, е преобразувачка сила која го менува човекот, менувајќи го неговиот карактер. Сите поканети пред поканата биле во валкани облеки на самоправедност:
„Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека; сите попаѓавме како лист; а беззаконијата наши како ветар нè однесуваат“ (Исаија 64:6).
Врската со Христа нè облекува во облеката на Неговата праведност, Неговиот свет карактер. Божјата заповед гласи:
„Соблечете ја од него извалканата облека; и нему лично: ‘Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека.’ Потоа рече: ‘Ставете Му на главата чист повој’, и Му ставија на главата чист повој и го облекоа во свечена облека. А ангелот Господов стоеше“ (Захарија 3:4,5).
Гледате што прави Бог со нас преку соединувањето со Христа. Бог нè прави свети, како Христос, и ни става повој (кидар) на главата.
Кидар е покривка за главата, која еврејските првосвештеници ја носеле на главата. Погледнете што на неа било напишано:
„А направи и плочка од чисто злато, и на неа изрежи како на печат ‘Светиња Господова’,и да ја врзеш со сина врвца за кидарот, така што да стои од предната страна на кидарот“ (Излез 28:36,37).
КОИ СЕ ЛИЦЕМЕРИТЕ И КАКВА СУДБИНА ГИ ЧЕКА НА СУД?
Натписот сведочел за оној што го носел, тој е ‘Светиња Господова’. Верникот, примајќи го Христа во своето срце, станува ‘Светиња Господова’, тој станува свет. Што ако тоа не се случи? Ако тој е верник, но продолжи да живее во своите гревови, тогаш наместо Светиња, што добиваме?
„Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш, и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот, и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак; наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот. Но, како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмовите; ти, кој се фалиш со Законот, а престапувајќи го Законот, зарем не Го срамотиш Бога? ‘Зашто поради вас името Божјо се хули меѓу незнабошците’, – така стои напишано“ (Римјаните 2:17-24).
Оној кој е ‘Светиња Господова’, не може со својот живот да хули на Бога. И ако тоа се случи, тогаш ова сведочи за тоа дека пред нас не е ‘Светиња Господова’, туку лицемер, за кој апостол Павле напишал во врска со последните времиња:
„Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив бегај!“ (2 Тимотеј 3:1-5).
Не е тешко да се разбере каква е судбината на таквите на истражниот суд. На крајот на краиштата, истражниот суд, како што претходно напоменавме, ќе започне од верните.
Дали се сеќавате што направил царот кој дошол да ги види гостите, со оној кој не бил во свадбена облека? Тој го осудил, а подоцна пресудата била спроведена во дело. Односно не е тешко да се разбере дека на истражниот суд на секој човек ќе му се суди во светлината на неговиот однос со Исуса. Оправдани на овој суд ќе бидат оние, кои Христа го направиле смисла на својот живот, — оние кои биле облечени во облеката на Неговата светост.
ПОРАКАТА ЗА ПОЧЕТОКОТ НА ИСТРАЖНИОТ СУД Е ОСОБЕНО ВАЖНА ЗА ВЕРНИЦИТЕ
Предупредувачката порака од Бога за почетокот на истражниот суд на небото е многу актуелна порака, пред сè, за самите верници, чии случаи се на врвот на агендата на овој суд. Затоа што нивната состојба во пресрет на Второто доаѓање е едноставно депресивна – ниту студена, ниту жешка.
И затоа Христос лично им вели:
„Те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш. Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се“ (Откровение 3:18,19).
Погледнете ја библиската вистина. Искусете го задоволство и восхитот од хармонијата на сите пораки што се наоѓаат во Божјата Реч. Секоја порака доаѓа една од друга, се разјаснува една со друга и се спојува во една. Ова е најјасен доказ дека Божјата реч има еден Автор – Бог.
СЕГА Е БЛАГОПРИЈАТНО ВРЕМЕ
Ајде да резимираме сè што научивме. Во последната порака, дадена на човештвото, постои повик до сите: да имаат страв од Бога, да имаат страхопочит кон Него и да Му оддадат слава, примајќи го Христа како свој личен Спасител. Бог го поттикнува ова со оглед на фактот дека Божјиот суд на небото влегол во фаза на истрага. Уште малку и оваа фаза ќе заврши. Тогаш Христос ќе дојде на земјата со награда за секој според пресудата донесена по истражниот суд.
Во оваа фаза од судот, ништо не може да се промени. Затоа, сега, додека сè уште трае истражниот суд, човекот со својата одлука може да ја промени својата судбина. Христос повикува, како да вели: Слушни го Мојот глас! Покај се! Отвори ја вратата на твоето срце! Купи бела облека од Мене, чист свет карактер. И тогаш нема да те претставам пред судот како грешник, туку како Светиња Господова, како Мој брат и сонаследник во вечното Царство. Затоа што ќе бидеш како Мене.
„Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“ (Римјаните 8:16,17).
Не пропуштајте ниту една минута од ова непроценливо време за да се подготвите за вечноста. Истражниот суд веќе е во тек, и никој и ништо не може да го запре. Со секоја измината минута сме се поблиску до неговиот завршеток. После тоа се чека само извршување на казната. И ќе биде невозможно да ја промениме својата судбина:
„Како соработници Христови, ние ве молиме да не ја примате напразно благодатта Божја. Зашто се вели: ‘Во благопријатно време те услишав и во денот на спасението ти помогнав.’ Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2 Коринтјаните 6:1,2).
Дали слушате? Сега е благопријатно време, сега е денот на спасението.