9 Швајцарски реформатор
При изборот на орудија за реформа на црквата се забележува истиот божествен план како и при основањето на црквата. Небесниот учител ги заобиколил големите луѓе на земјата, благородниците и богатите кои како водачи на народот биле навикнати од луѓето да примаат пофалби и почести. Исполнети со чувство на моќ, тие не можеле да сочувствуваат со своите ближни ниту да станат соработници на понизниот Човек од Назарет. На необразованите галилејски рибари им бил упатен повикот: „Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе“ (Матеј 4:19). Тоа биле понизни луѓе, готови да бидат поучувани како ученици. Колку помалку биле под влијание на лажното учење во своето време, дотолку поуспешно Христос можел да ги поучи и обучи за Неговата служба. Така било и во деновите на Големата Реформација. Водечките реформатори биле луѓе со скромно потекло, ослободени од гордост и од влијанието на свештенството и фанатизмот во тоа време. Тоа бил Божји план, за големи успеси секогаш да се користат скромни орудија. Тогаш славата не се припишува на луѓето, туку на Оној кој преку нив ја извршува Својата волја. {ГБ 171.1}
Неколку недели по Лутеровото раѓање, во колибата на еден саксонски рудар се родил Урлих Цвингли во куќата на еден пастир меѓу Алпите. Околината на Цвингли во неговото детство и неговото прво воспитување претставувале добра подготовка за неговата идна мисија. Воспитуван среде величествените убавини на природата, многу рано бил импресиониран од Божјата големина, моќ и величество. Историјата на јуначките дела на неговите сонародници кај него ги запалила неговите младешки стремежи. Од својата побожна баба ги слушал скапоцените приказни од Библијата што таа ги собрала од легендите и црковните преданија. Со голем интерес слушал за големите дела на патријарсите и пророците, за пастирите што ги паселе своите стада по ритчињата на Палестина, каде што ангелите разговарале со нив за Детето од Витлеем и за Човекот од Голгота. {ГБ 171.2}
Како и Џон Лутер, така и таткото на Цвингли сакал неговиот син да биде образован, и момчето рано отишло од неговата родна долина. Неговиот ум бргу се развивал, и наскоро се покренало прашањето каде да се најдат учители кои би биле во состојба да го поучуваат. На тринаесет години отишол во Берн каде се наоѓала најпознатата школа во Швајцарија во тоа време. Меѓутоа, тука се појавила опасност која се заканувала да ја уништи неговата иднина. Монасите вложувале најрешителни напори да го привлечат кон манастирот. Доминиканците и Фрањевците се бореле кој ќе задобие поголема наклоност кај народот. Тоа се обидувале да го постигнат со богато украсување на нивните цркви, со сјајот на своите церемонии и со привлечноста на прочуените реликвии и чудотворни слики. {ГБ 172.1}
Доминиканците од Берн виделе дека, доколку го придобијат овој млад и надарен ученик, за себе ќе си обезбедат и добивка и чест. Неговата енергична младост, неговата вродена дарба како говорник и писател, неговиот талент за музика и поезија, ќе ја зголемат нивната популарност и следствено на тоа ќе ги зголемат нивните приходи. Со ласкање и со измама настојувале да го наведат Цвингли да стапи во нивниот манастир. Лутер како студент, се закопал во ќелија на манастир; тој би бил загубен за човештвото кога Божјото провидение не би го избавило оттаму. Цвингли не смеел да се изложи на истата опасност. Провидението одредило неговиот татко да дознае за намерата на монасите. Тој не сакал неговиот син да води празен и бескорисен монашки живот. Сфаќајќи дека иднината на неговиот син е загрозена тој му наредил веднаш да се врати дома. {ГБ 172.2}
Момчето се покорило на татковата заповед, но не можело долго да остане во неговата родна долина, и по извесно време, отпатувал во Базел за да ги продолжи своите студии. Таму Цвингли за првпат ја слушнал радосната вест за Божјата благодат. Професорот по стари јазици, Витембах, додека го студирал грчкиот и еврејскиот јазик, дошол во контакт со Светото Писмо и преку неговите предавања зраците на божествената светлина го осветлиле умот и на неговите ученици. Тој учел дека постои постара вистина, многу повредна од теориите на филозофите и теолозите. Оваа стара вистина е сознанието дека Христовата смрт е единствен откуп за грешниците. За Цвингли овие зборови биле првите зраци на светлина што ѝ претходеле на зората. {ГБ 173.1}
Наскоро Цвингли бил повикан да го напушти Базел и да ја прифати својата животна задача. Неговото прво поле за работа била една парохија во Алпите, недалеку од неговата родна долина. Бидејќи бил ракоположен за свештеник, „со сето срце се посветил на проучување на божествената вистина“, зашто, според зборовите на еден соработник „бил свесен колку многу треба да знае оној на кого му е доверено Христовото стадо“ (Wylie, b. 8, ch. 5). Колку повеќе го истражувал Светото Писмо сè појасно ја забележувал разликата помеѓу библиските вистини и заблудите на Рим. Библијата ја прифатил како Божјо слово, единствено совршено и непогрешливо мерило на верата и животот. Увидел дека таа мора да биде самата свој толкувач. Не се осмелил да се служи со Светото Писмо за да поддржи некоја однапред измислена теорија, туку сметал дека негова должност е да разбере сè што е напишано. Се обидел да искористи секаква помош за да добие целосно и правилно разбирање на Божјото слово и барал помош од Светиот Дух кој, како што тој често истакнувал, ќе им ја открие вистината на сите што ја бараат искрено и со молитва. {ГБ 173.2}
„Светото Писмо“, зборувал Цвингли, „потекнува од Бога, а не од човек. Бог, кој просветлува, ќе ти даде да разбереш дека Неговите зборови доаѓаат од Него. Божјото слово… не може да погреши – тоа е јасно, самото поучува, се открива себеси, ја просветлува душата со спасение и со милост, ја теши во Бога, ја прави понизна, така што душата заборава на себе и го прифаќа Бога“. Цвингли на себе ја искусил вистинитоста на овие зборови. Зборувајќи за своето искуство од тоа време, пишувал: „Кога целосно се посветив на проучувањето на Светото Писмо, постојано ме вознемируваа филозофијата и сколастиката (теологијата). Најпосле дојдов до заклучок дека морам сето тоа да го отфрлам и да го побарам Бога единствено во Неговото слово. Тогаш почнав да се молам за просветлување, и Светото Писмо ми стануваше сѐ појасно“ (Исто, b. 8, ch. 6). {ГБ 174.1}
Учењето што го проповедал Цвингли не потекнувало од Лутер. Тоа било Христово учење. „Ако Лутер го проповеда Христа“, зборувал швајцарскиот реформатор, „тогаш и двајцата исто правиме. Бројот на оние што ги довел тој кај Христа е поголем од бројот на оние што сум ги довел јас. Но, тоа не е важно. Јас не сакам да носам друго име освен Христовото, чијшто војник сум, и Тој е мој единствен Водач. На Лутер никогаш не сум му напишал ниту еден единствен збор, а ни тој мене. Зошто?… За да се покаже како Божјиот Дух не си противречи на самиот себеси, зашто обајцата, без никакво несогласување, учиме единствена Христова наука“ (D’Aubigne, b. 8, ch. 9). {ГБ 174.2}
Во 1516. година, Цвингли бил поканет да стане проповедник во манастирот Ајнзиделн. Тука требало да добие појасна слика за расипаноста на Рим, и како реформатор да изврши влијание што ќе се почувствува далеку од неговите родни Алпи. Меѓу главните атракции на Ајнзиделн претставувала сликата на Дева Марија, за која се зборувало дека имала моќ да прави чуда. Над вратата на влезот во манастирот стоел натпис: „Овде може да се добие потполно простување на гревовите“ (Исто, b. 8, ch. 5). Во секое годишно време доаѓале поклоници да се поклонат пред олтарот на Дева Марија, меѓутоа, на големиот годишен празник, посветен во нејзина чест, дошол народ од сите краишта на Швајцарија, па дури и од Франција и Германија. Цвингли, длабоко трогнат од оваа сцена, ја користел можноста на овие робови на празноверието да им ја објави слободата што ја донесува евангелието. {ГБ 174.3}
„Немојте да си мислите“, рекол тој, „дека Бог е повеќе во оваа црква, отколку на друго место. Било каде да се наоѓате, Бог е околу вас и ве слуша… Можете ли со бескорисни дела, со долги и поклонички патувања, со дарови и со слики, со повикување на Дева Марија или на светците, да ја осигурите за себе Божјата милост? Каква е користа од мноштвото зборови со кои ги украсувате вашите молитви? Колку ќе помогне сјајната одежда, добро избричената глава, долгата и набрана облека, или обувките везени со злато?… Бог гледа на срцето, а нашето срце толку е далеку од Него“. „Христос“, додал тој, „кој еднаш бил принесен на крст, е наша жртва на помирување која е доволна за гревовите на сите верници за сета вечност“ (Исто, b. 8, ch. 5). {ГБ 175.1}
На многу слушатели овие учења не им биле по волја. Тоа за нив било горчливо разочарување да слушнат дека нивниот напорен пат е напразно направен. Не можеле да сфатат дека Христос им нуди бесплатно простување. Тие биле задоволни со стариот пат кон небото кој им го трасирал Рим. Се исплашиле од тешкотиите на кои би наишле при барањето на подобар пат. Им било полесно во поглед на спасението да се надеваат на свештениците и папата, отколку да бараат чистота на срцето. {ГБ 175.2}
Но другите со радост ја примиле веста за откупот преку Христос. Обичаите и обредите што им ги пропишал Рим не им донеле душевен мир, и тие со вера ја примиле крвта на Спасителот како средство за свое очистување. Се вратиле во своите домови и на другите да им ја откријат драгоцената светлина што ја примиле. На тој начин вистината се пренесувала од село до село, од град до град, а бројот на поклониците на Дева Марија сѐ повеќе се намалувал. Се намалиле и даровите од народот, а со самото тоа и приходите на Цвингли кои потекнувале од тие дарови. Меѓутоа, сето тоа нему му причинувало само радост, затоа што видел дека моќта на празноверието и фанатизмот се руши. {ГБ 175.3}
Црковните власти не биле слепи за делото што Цвингли го постигнал, но сѐ уште ништо не преземале. Се надевале дека неговата служба ќе им биде од корист, настојувале да го придобијат со ласкање, но во меѓувреме вистината сѐ повеќе се зацврстувала во срцата на луѓето. {ГБ 176.1}
Работата на Цвингли во Ајнзиделн го подготвила за пошироко поле на работа во кое набргу требало да стапи. По три години тој бил повикан за проповедник во катедралата во Цирих. Во тоа време Цирих бил најзначајниот град во швајцарската конфедерација, и влијанието извршено во тој град морало надалеку да се почувствува. Меѓутоа, црковните лица кои го повикале во Цирих, сепак, настојувале да спречат какви било новотарии и поради тоа се потрудиле да го поучат на неговите должности. {ГБ 176.2}
„Вложете крајни напори“, рекле тие, „да ги зголемите приходите на црквата, и немојте да ги занемарувате ситниците. Потсетувај ги верниците и од проповедална и во исповедалницата да ги плаќаат сите десетоци и дарови за да ја покажат својата љубов кон црквата. Потруди се да ги зголемиш приходите од болните, од мисата и од сите верски обреди воопшто“. „Во твојата должност спаѓаат делењето на Светите тајни (причеста), проповедањето и грижата за стадото“, додале неговите ментори, „меѓутоа, во тие должности, а особено во проповедањето, може да те замени твојот помошник. Светите тајни ќе ги делиш само на угледни личности, и само кога ќе те повикаат; ти се забранува да му делиш секому, не осврнувајќи се на неговата положба“ (Исто, b. 8, ch. 6). {ГБ 176.3}
Цвингли сето тоа мирно го сослушал, и откако се заблагодарил за честа што е повикан на толку важна служба, почнал да им објаснува како сака да постапи: „Христовиот живот долго време бил скриен од народот“, рекол тој. „Јас особено ќе го проповедам евангелието според Матеј, една по една глава… користејќи го како изворен материјал само Светото Писмо, и испитувајќи ги неговите длабочини, споредувајќи еден дел со друг и барајќи ја смислата во постојана усрдна молитва. Ќе ја посветам својата служба во слава и во чест на Бога и на Неговиот единороден Син, за вистинското спасение на душите и за нивно утврдување во вистинската вера“ (Исто, b. 8, ch. 6). Иако некои свештеници не го одобрувале неговиот план и настојувале да го одвратат, Цвингли сепак останал непоколеблив. Изјавил дека нема намера да воведува нова метода, туку само старата метода, што ја користела црквата порано додека во своето учење била почиста. {ГБ 176.4}
Веќе бил разбуден интересот за вистината што ја изнесувал, и луѓето се собираа во голем број да ги слушаат неговите проповеди. Меѓу неговите слушатели се наоѓале и такви кои одамна престанале да присуствуваат на службата. Својата служба секогаш ја почнувал со отворање на евангелието, ги читал и им ги толкувал на своите слушатели вдахновените записи за животот, учењето и смртта на Исус Христос. Тука, како и во Ајнзиделн, Божјото слово го истакнувал како единствен непогрешлив авторитет, а Христовата смрт како единствена целосна жртва. „Сакам да ве одведам кај Христа“, рекол тој, „кај Христа, вистинскиот извор на спасение“ (Исто, b. 8, ch. 6). Додека зборувал, околу него се собирал многу народ од сите класи, почнувајќи од државниците и научниците, па сѐ до занаетчиите и селаните. Со длабок интерес ги слушале неговите зборови. Тој не им зборувал само за спасението кое на грешникот му се нуди како незаслужен дар, туку бестрашно ги укорувал злата и пороците на своето време. Многумина, враќајќи се од катедралата го фалеле Бога зборувајќи: „Овој човек навистина е проповедник на вистината. Тој ќе ни биде Мојсеј, кој нас ќе нè изведе од египетската темнина“ (Исто, b. 8, ch. 6). {ГБ 177.1}
Меѓутоа, иако неговото дело во почетокот било примено со големо воодушевување, сепак по некое време се појавил отпор. Монасите се кренале да го попречат неговото дело и да ги осудат неговите учења. Многумина со него се подбивале и го исмејувале, а некои и му се заканувале. Но Цвингли сето тоа стрпливо го поднесувал, велејќи: „Ако сакаме грешните и злобни луѓе да ги придобиеме за Христа, мораме да ги затвориме очите пред многу работи“ (Исто, b. 8, ch. 6). {ГБ 177.2}
Отприлика во тоа време реформацијата добила неочекувана поддршка. Еден пријател на реформацијата од Базел во Цирих испратил човек по име Луцијан со Лутеровите списи, сугерирајќи дека продавањето и растурањето на тие книги би можело да биде моќно средство за ширење на светлината. „Провери“, му напишал на Цвингли: „Дали овој човек е доволно разумен и вешт, доколку е така, тогаш нека ги продава Лутеровите списи меѓу Швајцарците, од место до место, од град до град, од село до село и од куќа до куќа, а особено нека им ја објаснува молитвата „Оче наш“, која е наменета за народот. Колку повеќе знаат за тие списи, толку повеќе копии ќе продадете“ (Исто, b. 8, ch. 6). Така светлината си го трасирала патот. {ГБ 178.1}
Кога Бог се подготвувал да ги скрши оковите на незнаење и суеверие, сатаната со сета сила работел да ги обвие луѓето со уште поголема темнина и уште посилно да ги стегне нивните окови. Кога во разни земји почнале да се појавуваат луѓе да објават простување на гревовите и оправдување со Христовата крв, Рим уште поенергично ја продолжил својата срамна трговија меѓу христијанскиот свет, нудејќи им простување на гревовите за пари. {ГБ 178.2}
Секој грев имал одредена цена, и на луѓето им била дадена слобода да прават злосторства, само ако се полнат црковните благајни. Така паралелно дејствувале две движења: едното нудело простување на гревовите за пари, а другото нудело простување преку Христа – Рим го одобрувал гревот и го направил извор на својот профит; Реформаторите го осудувале гревот и укажувале на Христа како на Откупител и Избавител. {ГБ 178.3}
Во Германија продажбата на индулгенции им била доверена на доминиканските монаси, и била спроведена од злогласниот Тецел. Во Швајцарија трговијата била ставена во рацете на фрањевците и била предводена од Самсон, еден од италијанските монаси. Самсон веќе направил добра услуга во црквата, собирајќи огромни суми на пари за папската ризница во Германија и Швајцарија. Сега тој патувал низ цела Швајцарија и привлекувал толпи луѓе околу себе, им ги одземал на сиромашните селани нивните скромни приходи, а од богатите изнудувал богати дарови. Влијанието на реформацијата довело до нагло намалување на продажбата на индулгенции, иако сè уште се одвивала. Цвингли бил сѐ уште во Ајнзиделн, кога Самсон набргу по своето доаѓање во Швајцарија ја отпочнал трговијата во еден соседен град. Веднаш штом реформаторот бил информиран за ова, тој веднаш му се спротивставил. Обајцата противници не се сретнале, но успехот на Цвингли во разоткривањето на трговијата на монахот бил толку голем што тој бил принуден да го напушти тој крај и да оди во други предели. {ГБ 178.4}
Во Цирих Цвингли ревно проповедал против трговијата со индулгенции, а кога Самсон се приближил до овој град, во пресрет му дошол претставникот на градското собрание советувајќи го да не влегува во градот. Успевајќи со итрина да добие дозвола и да влезе во него, сепак, бил вратен назад, не продавајќи ниту една единствена индулгенција, и набргу потоа ја напуштил Швајцарија. {ГБ 179.1}
Силен поттик на реформацијата и дала појавата на чума, или „црна смрт“, која ја зафатила Швајцарија во 1519. година. Соочени со смртта, многумина увиделе колку се безвредни и бескорисни прошталниците што неодамна ги купиле за пари, и тогаш копнееле за поцврст темел за нивната вера. Исто така и Цвингли се разболел. Неговата состојба била толку тешка и безнадежна што се ширеле гласини за неговата смрт. Но, дури и во тој тежок час на искушение, неговата надеж и храброст останале непоколебливи. Тој со вера гледал на крстот на Голгота, надевајќи се дека Христовата жртва е доволна за простување на гревовите. Избегнувајќи ја прегратката на смртта, тој го проповедал евангелието со уште поголема ревност од кога и да е порано, а неговите зборови имале неодолива сила. Луѓето радосно го поздравувале својот сакан духовен учител кој се вратил од работ на гробот. Бидејќи самите бдееле крај креветот на болните и на оние што умирале, подобро од кога и да е порано ја чувствувале вредноста на евангелието. {ГБ 179.2}
Цвингли појасно ја разбрал вистината и поцелосно ја искусил на себе нејзината обновувачка моќ. Падот на човекот и планот на спасението биле предмети на кои тој постојано се задржувал. „Во Адам“, рекол тој, „сите сме мртви, потонати во расипаност и во проклетство“ (Wylie, b. 8, ch. 9). „Христос… ни осигурил вечно спасение… Неговото страдање е вечна жртва што донесува вечно спасение, таа ја задоволува Божјата правда за сите оние кои со цврста и непоколеблива вера се потпираат на таа жртва“. Сепак, јасно учел дека Христовата милост не ни дава слобода и понатаму да грешиме. „Каде има вера во Бога, таму е Бог, а каде се наоѓа Бог, таму е и ревност која нѐ гони да правиме добри дела” (D’Aubigne, b. 8, ch. 9). {ГБ 180.1}
Интересот за проповедите на Цвингли бил толку голем, што катедралата била полна со слушатели кои доаѓале да го чујат. Малку по малку, колку што можеле неговите слушатели да примат, им ја откривал вистината. Бил внимателен и веднаш од почеток не им ги откривал точките што би можеле да ги збунат и кај нив да создадат предрасуди. Негова цел била да ги задобие нивните срца за Христовата наука, да ги трогне со Неговата љубов и пред нивните очи да го оживее Христовиот пример. Кога ќе ги прифатат начелата на евангелието, нивното суеверие и нивните празноверни обичаи ќе исчезнат. {ГБ 180.2}
Непријателите подигнале силен отпор. Една година порано еден монах од Витенберг на папата и на царот во Вормс им го кажал своето решително „не“, а сега се чинело дека папските интереси ќе наидат на слично противење во Цирих. Цвингли бил изложен на постојани напади. Повремено во папските кантони учениците на евангелието биле спалувани на клада, но тоа не било доволно: учителот на кривоверството требало наполно да се замолкне. За таа цел бискупот од Констанца пратил во Цирих тројца пратеници да го обвинат Цвингли дека народот го учи да ги гази црковните закони и со тоа го доведува во опасност мирот и добриот ред на општеството. Ако се презира црковната власт, порачал тој, ќе настане општа анархија. Цвингли одговорил дека веќе четири години го проповеда евангелието во Цирих и дека тој град „е потивок и помирен од кој и да е друг град во Швајцарија“. „Поради тоа, зарем не е христијанството“, заклучил тој, „најдобар чувар на општата сигурност?“ (Wylie, b. 8, ch. 11). {ГБ 180.3}
Пратениците на бискупот им советувале на градските одборници да останат во црквата, бидејќи, како што изјавиле, надвор од неа нема спасение. Цвингли одговорил: „Ова обвинување против мене нека не ве вознемирува! Темел на црквата е истата Карпа, истиот Христос кој на Петар му го дал неговото име, зашто тој верно го признал. Секој, кој со цело срце верува во Христа, секаде и во секој народ, ќе биде спасен. Тоа е вистинската црква и надвор од неа нема спасение“ (D’Aubigne, London ed., b. 8, ch. 11). Како резултат на тој разговор, еден од пратениците на бискупот ја примил реформираната вера. {ГБ 181.1}
Советот одбил да преземе мерки против Цвингли, а Рим се подготвувал за нов напад. Дознавајќи за заговорот на своите непријатели, реформаторот извикал: „Нека дојдат, се плашам од нив колку што се плаши издадената карпа од пенливите бранови што беснеат во нејзиното подножје“ (Wylie, b. 8, ch. 11). Напорите на свештениците само го унапредувале делото што имале намера да го уништат. Вистината продолжила да се шири. Лутеровите приврзаници во Германија, обесхрабрени поради неговото исчезнување, пак се охрабриле кога слушнале за напредокот на евангелието во Швајцарија. {ГБ 181.2}
Како што се зацврстувала реформацијата во Цирих така и нејзините плодови сѐ повеќе се забележувале во сузбивањето на пороците и во одржувањето на редот и слогата. „Во нашиот град се насели мир“, пишувал Цвингли; „нема веќе караници, завист, лицемерство и неслога. Од каде може да дојде таква хармонија ако не од Господа и од нашата наука што нѐ исполнува со родови на мир и побожност?“ (Исто, b. 8, ch. 15). {ГБ 181.3}
Победите што ги извојувала реформацијата, ги поттикнала папистите на уште порешителни напори за да ја уништат. Увидeле дека малку постигнале во намерите Лутеровото дело во Германија да го уништат со прогонство, затоа решиле на реформацијата да и се спротивстават со нејзиното сопствено оружје. Со Цвингли закажале јавна расправа, а за да бидат сигурни во победата, го задржале правото тие да го одредат не само местото каде што ќе се води расправата, туку и судиите што ќе одлучат кој меѓу противниците е во право. А ако успеат да го земат Цвингли под своја власт, ќе се погрижат повеќе да не им побегне. Штом водачот ќе биде замолкнат, си мислеле тие, движењето на реформацијата бргу ќе биде задушено. Сепак, овој договор се држел во најголема тајност. {ГБ 181.4}
Било одредено расправата да се одржи во Баден, но Цвингли не бил таму присутен. Советот на градот Цирих, сомневајќи се во намерите на папистите спомнувајќи си за кладите што тие ги подигале за следбениците на евангелието во сите папски кантони, му забраниле на својот пастор да се изложи на оваа опасност. Во Цирих тој бил подготвен да се соочи со секој пратеник што Рим можел да го испрати, но да се оди во Баден, каде крвта на мачениците за вистината штотуку била пролеана, би значело да се оди во пресрет на сигурна смрт. Еколампад и Халер биле избрани да ја застапуваат реформацијата, додека фамозниот доктор Ек, поддржан од мноштво учени доктори и прелати бил бранител на Рим. {ГБ 182.1}
Иако Цвингли не бил присутен на состанокот, неговото влијание се чувстувувало. За писари биле одбрани само приврзаниците на папата, додека на другите им било забрането под закана на смртна казна да прават прибелешки. Наспроти тоа, Цвингли секој ден примал точен извештај за сѐ што се зборувало во Баден. Еден студент, кој присуствувал на расправата, секоја вечер составувал извештај за она што се случувало преку денот. Двајца други студенти преземале на себе обврска овие извештаи да му ги праќаат на Цвингли заедно со секојдневните писма на Еколампад. Реформаторот одговарал давајќи совети и упатства. Неговите писма се пишувани ноќе, а студентите рано изутрина се враќале со нив во Баден. Овие, за да не предизвикаат сомневање кај стражарите на градската порта, на главите носеле кошници со пилиња и така непречено влегувале во градот. {ГБ 182.2}
На таков начин Цвингли се борел со своите лукави непријатели. „Тој повеќе сторил“ вели Микониј, „со своето размислување, со своите непроспиени ноќи, со своите совети и упатства отколку лично да бил присутен на расправата со своите непријатели“ (D’Aubigne, b. 11, ch. 13). {ГБ 183.1}
Восхитени и сигурни во претстојната победа, папистите заминале за Баден облечени во своите најубави облеки и најсјајни накити. Живееле раскошно; се хранеле со избрана и изобилна храна; нивните трпези биле полни со најскапоцени разновидни слатки и со одбрани вина. Товарот на своите црковни должности го олеснувале со забави и гозби. Реформаторите покажувале сосем спротивна слика. Со својата едноставна надворешност на народот им изгледале едвај подобри од просјаци, а нивната скромна храна била слична на храната на аскетите. Домаќинот, кај кого отседнал Еколампад, го проверувал својот гостин во неговата соба и секогаш го наоѓал како проучува и се моли и со чудење известил дека „тој еретик е мошне побожен“. {ГБ 183.2}
При отворањето на конференцијата, „Ек горделиво се качил на сјајно накитената говорница, додека понизниот Еколампад, облечен едноставно, морал да заземе место наспроти својот горделив противник на едно грубо изработено столче“ (Ibid., b. 11, ch. 13). Ек имал ѕвонлив глас и неограничена сигурност. Златото и славата го поттикнувале на ревност, а за одбраната на верата очекувал да биде богато награден. Кога немал доволно докази, се служел со навреди и дури со клевети. {ГБ 183.3}
Еколампад, по природа воздржлив и скромен, долго се колебал да земе учество во расправата, но кога решил да проговори, однапред дал свечена изјава: „Јас за правило на верата го признавам само Божјото слово“ (Ibid., b. 11, ch. 13). Благ и учтив, тој исто така се покажал учен и решителен. Додека бранителите на црквата постојано се повикувале на црковните обичаи, реформаторот цврсто се држел за Светото Писмо. „Обичаите“, рекол тој, „немаат важност во Швајцарија, освен ако се во согласност со уставот; а по прашањата на верата Библијата е наш устав“ (Исто, b. 11, ch. 13). {ГБ 183.4}
Контрастот помеѓу двајцата соперници не бил без ефект. Мирен и јасен во своите докази, благ и скромен во своето излагање, реформаторот ги придобил за себе слушателите кои со одвратност ги отфрлиле горделивите и фаленички тврдења на Ек. {ГБ 184.1}
Расправата траела осумнаесет дена. На крај приврзаниците на папата себеси се прогласиле за победници. Бидејќи повеќето делегати биле приврзаници на Рим, соборот реформаторите ги прогласил за победени и ги исклучил од црквата заедно со нивниот водач Цвингли. Но плодовите на расправата покажале кој имал право. Оваа расправа ѝ дала уште поголем поттик на реформацијата и набргу важните градови Берн и Базел ја прифатиле реформацијата. {ГБ 184.2}