22 Исполнети пророштва
Кога помина времето во кое првпат се очекуваше Христовото доаѓање – пролетта 1844. година, оние кои со вера го очекуваа Неговото доаѓање, извесно време живееја со сомневање во срцето и во неизвесност. Додека светот нив ги гледаше како поразени и разочарани луѓе и им докажуваше дека сето тоа било заблуда, извор на нивна утеха сè уште беше Светото Писмо. Мнозина продолжија да го истражуваат Писмото. Повторно ги испитуваа доказите за својата вера и внимателно ги проучуваа пророштвата за да дојдат до поголема светлина. Се чинеше дека Библијата јасно и решително го потврдуваше нивното гледиште. Знаците што не можеа да бидат погрешно сфатени упатуваа на скорешното Христово доаѓање. Божјите благослови, како при преобратувањето на грешниците така и при будењето на духовниот живот меѓу христијаните, посведочија дека веста за Христовото доаѓање е од небото. Иако верните не можеа да го објаснат своето разочарување, сепак, чувствуваа сигурност дека Бог ги водеше во нивното верско искуство. {ГБ 391.1}
Во пророштвата што упатуваа на скорешното Христово доаѓање се наоѓаа и поуки кои одговараа токму на нивната состојба на неизвесност и очекување и ги храбреа стрпливо да истраат, верувајќи дека она што сега им се чинеше темно, во одредено време ќе им стане јасно. {ГБ391.2}
Меѓу овие пророштва беше и она од Авакум 2:1-4: „Ќе застанам на стража, ќе се качам на кулата за да набљудувам за да разберам, што ќе ми каже Тој, и што ќе ми одговори на моите поплаки. Ми одговори Господ и ми рече: Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној, што ќе чита, да може да го прочита; зашто видението се однесува на определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави. И ете, гордата душа ќе пропадне, а праведникот ќе живее преку верата“. {ГБ 392.1}
Упатството во пророштвото: „Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној, што чита, да може да го прочита“, го поттикна Карл Фич уште во 1842. година да направи пророчка карта и сликовито да ги изнесе виденијата на пророкот Даниел и на Откровението. Објавувањето на оваа карта се сметаше како исполнување на заповедта дадена преку пророкот Авакум. Меѓутоа, тогаш никој не забележа дека во ова пророштво е спомнато некое одложување при исполнувањето на ова видение, некое време на очекување. По разочарувањето, овој дел на пророштвото изгледаше мошне значаен: „Зашто видението се однесува на определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави… а праведникот ќе живее преку верата“. {ГБ 392.2}
Исто така и еден дел од пророштвото на Езекиeл за верниците претставувало сила и утеха: „И дојде слово Господово до мене: ’Сине човечки, каква е таа поговорка кај вас во земјата израелска: Деновите минуваат а пророчките виденија не се извршуваат!‘ Затоа кажи им – вака вели Господ… ’Блиски се деновите и извршувањето на секое пророчко видение. Зашто нема веќе да остане попусто ниедно пророчко видение, и ниедно предвестување нема да биде лажно во домот на Израел‘… Ете, домот израелски вели: пророчкото видение, што го виде тој, ќе се изврши по многу денови и тој пророкуваше за далечни времиња. Затоа кажи им: вака вели Господ Бог: ’Ниеден Мој збор нема да биде одложен, но зборот, што ќе го кажам Јас, ќе се изврши,‘ вели Господ Бог“ (Езекиел 12:21-25,27,28). {ГБ 392.3}
Оние што чекаа се израдуваа со овие зборови, верувајќи дека Оној, кој од почеток го знае крајот, гледа низ вековите и Тој, бидејќи однапред го видел нивното разочарување, им упати зборови со кои ги охрабри и им влеа надеж. Кога не би имало во Светото Писмо такви места што ги храбреа стрпливо да чекаат и цврсто да се надеваат во Божјото слово, нивната вера ќе се угасеше во оној тежок миг на искушение. {ГБ 393.1}
Споредбата со десетте девојки во Евангелието според Матеј 25-та глава исто така го прикажува искуството на оние што го чекаат Христовото доаѓање. Во Матеј 24-та глава, Господ на прашањето на Своите ученици во врска со знаците на Неговото доаѓање и крајот на светот, истакнал некои од најважните настани во историјата на светот и црквата што ќе се одиграат меѓу Неговото прво и второ доаѓање, како што се: разурнувањето на Ерусалим, големата неволја што ќе ја снајде Божјата црква за време на многубожечките и папските прогонства, затемнувањето на сонцето и месечината и паѓањето на ѕвездите. Потоа зборувал за доаѓањето во Своето царство и им ја изнел споредбата за два вида слуги што различно гледале на Неговото доаѓање. Дваесет и петтата глава почнува со зборовите: „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки“. Тука е прикажана црквата која живее во последните денови, онаа што се спомнува на крајот од 24-та глава. Во оваа парабола нејзиното искуство е прикажано со примерот на ориенталната (источна) свадба. {ГБ 393.2}
„Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте неразумни. Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло; а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садовите свои и масло; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: ’Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!‘“ (Матеј 25:1-6). {ГБ 393.3}
Христовото доаѓање, објавено со првата ангелска вест, е прикажано со доаѓањето на младоженецот. Ширењето на реформацијата, помогнато со проповедањето на веста за второто Христово доаѓање, е претставено со излегувањето на девојките во пресрет на младоженецот. Во оваа парабола, како и во онаа во Матеј 24, ни се прикажуваат два вида луѓе. Сите девојки зеле светилки, Библијата, и со нејзината светлина пошле во пресрет на младоженецот. „Неразумните ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло; а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садовите свои и масло“. Во нашиот случај, оваа последна група ја прими Божјата милост, преродбенската и просветувачката сила на Светиот Дух, што Неговото слово го прави видело на нозете и светлина што го осветлува патот. Тие со Божји страв го истражуваа Светото Писмо за да ја дознаат вистината и сериозно се стремеа кон чистота на срцето и животот. Овие мудри девојки имаа лично искуство, вера во Бога и во Неговото слово, што разочарувањето и одолговлекувањето не можеа да ја надвладеат. Другите „ги зедоа светилките свои, но не понесоа со себе масло“. Нив ги водеа нивните чувства. Свечената вест кај нив разбуди страв, но тие се потпираа врз верата на своите браќа, задоволни со треперливата светлина на добрите побуди, без темелно сфаќање на вистината и без вистински род на милост во своите срца. Тие излегоа во пресрет на Господа, полни со надеж во скорешна награда, но не беа подготвени за одолговлекувањето и за разочарувањето. Кога наидоа искушенија, нивната вера ослабе и нивните светилки почнаа да се гаснат. {ГБ 393.4}
„Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа“. Со задоцнувањето на младоженецот е прикажано истекувањето на времето кога се очекуваше Христовото доаѓање, разочарувањето и привидното одложување. Во ова време на неизвесност, површните и неутврдените почнаа да се колебаат; нивните напори попуштија. Но оние, чијашто вера се темелеше на лично познавање на Библијата, под своите нозе имаа карпа која брановите на разочарувањето не можеа да ја однесат. Сите „задремаа и заспаа“ – една група рамнодушно ја напушти својата вера, а друга стрпливо очекува појасна светлина. Но, се чини дека и оваа, последнава група, во ноќта на искушението во извесна мера ја загуби својата ревност и посветеност. Површните и неутврдените не можеа повеќе да се потпираат врз верата на своите браќа. Секој мораше за себе да стои или да падне. {ГБ 394.1}
Токму во тоа време почна да се појавува фанатизам. Некои што тврдеа дека цврсто веруваат во веста го отфрлија Божјото слово како единствен непогрешлив водич. Тврдејќи дека се водени од Духот, тие целосно им се предадоа на своите сопствени чувства, на своите впечатоци и на својата мечта. Некои покажуваа слепа и лицемерна ревност, осудувајќи ги сите што не го следеа нивниот пример. Нивните фанатични поими и постапки не наидоа на одобрување кај повеќето адвентисти, но многу придонесоа да се срамоти делото на вистината. {ГБ 395.1}
Сатаната на овој начин се обиде да се спротивстави на Божјото дело и да го уништи. Адвентното движење силно го разбранува народот. Илјадници грешници се обраќаа, а верните луѓе не престанаа да ја објавуваат вистината дури и тогаш кога изгледаше дека Младоженецот доцни. Кнезот на злото ги губеше своите приврзаници. Но, за да го осрамоти Божјото дело, настојуваше да ги измами оние што веруваа и да ги вовлече во фанатизам. Сатанските агенти секогаш биле подготвени секоја заблуда, секоја грешка и секоја невешта постапка да му ја прикажат на народот во најцрна боја, за да ги омразат адвентистите и нивната вера. Така, колку бил поголем бројот на оние што успеа да ги наведе формално да ја прифатат верата во второто Христово доаѓање, а при тоа во срцето да останат под негова контрола, толку имал поголема корист, насочувајќи го вниманието на јавноста кон нив, како на претставници на сите верни. {ГБ 395.2}
Сатаната е „обвинител на браќата“; неговиот дух ги инспирира луѓето да бараат грешки и мани кај Божјиот народ за да ги изнесат на виделина, додека неговите добри дела не ги спомнуваат. Тој секогаш е активен кога Бог работи за спасение на душите. Кога Божјите синови доаѓаат да се јават пред Господа, тогаш и сатаната доаѓа со нив. Во секое духовно будење тој е подготвен да доведе луѓе кои се непосветени во срцето и со неурамнотежен дух. Кога тие ќе прифатат некои точки на вистината и ќе добијат место меѓу верните, тогаш сатаната работи преку нив за да воведе теории што ќе ги измамат невнимателните. Не значи дека некој е добар христијанин ако може да се види во друштво на Божјите деца па дури и на местото на богослужението, или дури на Господовата трпеза. Сатаната често е присутен и при најсвечените пригоди во лицата на оние што може да ги употреби како свои агенти. {ГБ 395.3}
Кнезот на злото се бори за секоја стапка на земјата по која чекори Божјиот народ на својот пат кон небесниот град. Во целата историја на црквата никогаш не е спроведена некоја реформација што не наидувала на сериозни пречки. Така било и во деновите на Павле. Секаде каде што апостолот основал некоја црква имало такви кои тврделе дека ја прифаќаат верата, а сепак, внесувале во неа лажна наука која, да била прифатена, би ја потиснала љубовта кон вистината. И Лутер имал големи тешкотии и неприлики со постапките на фанатиците кои тврделе дека Бог зборува непосредно преку нив. Тие своите лични мислења и сфаќања ги ставиле над сведоштвата на Светото Писмо. Мнозина, на кои им недостигала вера и искуство, но кои за себе имале високо мислење и сакале да слушнат и да проповедаат нешто ново, биле измамени со учењето на овие нови учители и се здружиле со сатанското орудие да го урнат она што го изградил Лутер поттикнат од Бога. Двајцата браќа Весли, како и многу други кои со своето влијание и својата вера биле благослов за светот, на секој чекор наидувале на ова сатанско лукавство, кое исклучително ревните, непосветените и неурамнотежените ги турка во секој можен фанатизам. {ГБ 396.1}
Вилијам Милер не беше наклонет кон овие влијанија што водеа во фанатизам. Тој, како и Лутер, изјавил дека секој дух треба да биде испитан со Божјото слово. „Сатаната“, рекол Милер, „во нашето време над некои има голема моќ. А како ќе знаеме чиј дух имаат тие? Библијата одговара: ’Ќе ги познаете според нивните плодови‘… Многу духови излегоа на светот, и нам ни е наредено да ги испитуваме духовите. Оној дух што не нè упатува да живееме трезвено, праведно и побожно, не е Христов Дух. Сè повеќе сум осведочен дека во овие диви движења е вмешан сатаната… Мнозина меѓу нас, кои тврдат дека се потполно посветени, следат човечки обичаи и очигледно не знаат за вистината повеќе од оние што не се фалат дека ја познаваат“ (Bliss, pages 236, 237). „Духот на заблудата нè одвраќа од вистината, а Божјиот Дух нè води кон вистината. Но, ќе речете, човекот може да биде во заблуда, а да мисли дека ја има вистината. Што тогаш? Ние одговараме: Духот и Божјото слово се во хармонија. Ако човекот себеси се споредува со Божјото слово и ако утврди дека е во совршена хармонија со сите негови прописи, тогаш мора да верува дека ја има вистината. Но, ако утврди дека духот што го води не е во хармонија со духот на Божјиот закон или со Неговото слово во целост, тогаш треба да биде внимателен за да не биде фатен во сатанска стапица“ (The Advent Herald and Signs of the Times Reporter, vol. 8, No. 23 (Jan. 15, 1845)). „Многу почесто бев уверуван во нечија внатрешна побожност кога гледав солзни очи, влажни образи и зборови на каење отколку кога слушав бучно фалење на овие таканаречени христијани“ (Bliss, page 282). {ГБ 396.2}
Во деновите на реформацијата нејзините непријатели сите зла на фанатизмот ги припишувале токму на оние што најенергично му се противеле на фанатизмот. Слично постапуваа и противниците на адвентното движење. Не се задоволија само со тоа што лажно ги претставуваат и зголемуваат заблудите на одделни екстремисти и фанатици, туку ширеа мошне неповолни вести што ниту малку не наликуваа на вистината. Овие луѓе беа исполнети со предрасуди и со омраза. Нивниот мир беше нарушен со објавата дека Христос е пред вратата. Тие се плашеа дека тоа би можело да биде вистина, но сепак, се надеваа дека не е така, и тоа беше причината за нивното непријателство кон адвентистите и кон нивната вера. {ГБ 397.1}
Фактот што во редовите на адвентистите се вовлекоа некои фанатици не може да биде причина за тврдењето дека движењето не е од Бога. Така, и во времето на Павле и Лутер присуството на фанатиците и измамниците во црквата не било доволно оправдание да се осуди нивната работа. Божјиот народ нека се разбуди од сон и сериозно нека почне дело на покајание и реформа; нека го истражува Писмото за да ја запознае вистината онаква каква што е во Исуса; наполно нека му се предаде на Бога; ако постапува така, тогаш бргу ќе се покаже дека сатаната сè уште е буден и активен. Со сите можни измами тој ќе ја открива својата моќ, повикувајќи ги на помош сите паднати ангели на своето царство. {ГБ 398.1}
Фанатизмот и раздорот не беа предизвикани од објавувањето на веста за повторното Христово доаѓање. Тие се појавија во летото 1844. година кога адвентистите беа во неизвесност и забуна во врска со својот вистински став. Проповедањето на првата ангелска вест и на „полноќниот вик“ беше насочено кон тоа да се потисне фанатизмот и раздорот. Оние што учествуваа во ова свечено објавување беа исполнети со меѓусебна љубов и со љубов кон Исуса и се надеваа дека наскоро ќе Го видат. Заедничката вера и заедничката блажена надеж ги издигна над контролата на секое човечко влијание, и се покажа како штит против сите сатански напади. {ГБ 398.2}
„И бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: ’Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!‘ Тогаш сите девојки станаа и ги приготвија своите светилки“ (Матеј 25:5-7). Во летото 1844. година, во средината на времето кога првпат се очекуваше крајот на 2300 денови, и есента истата година, кога тие денови навистина истекле, како што се докажа подоцна, веста се објавуваше со библиските зборови: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ {ГБ 398.3}
Она што доведе до ова движење беше откритието дека декретот на Артаксеркс за обнова на Ерусалим, кој беше појдовна точка на пророчкото време од 2300 дена, стапил во сила есента 457. година пред Христа, а не на почетокот на таа година, како што се мислеше порано. Ако овие 2300 години почнуваат есента 457. година пред Христа, тогаш овој период завршува во есента 1844. година (Види Додаток) {ГБ 398.4}
Доказите од старозаветната симболичка служба во Светилиштето упатува исто така на есента како време кога ќе се одигра настанот означен како „чистење на Светилиштето“. Ова стана мошне јасно кога вниманието беше свртено на начинот како се исполниле симболите што се однесувале на првото Христово доаѓање. {ГБ 399.1}
Колењето на пасхалното јагне било претслика на Христовата смрт. Павле вели: „Зашто Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас“ (1. Коринтјаните 5:7). Снопот од првината на жетвата, што бил вртен пред Господа за време на празникот Пасха, бил претслика на Христовото воскресение. Зборувајќи за Господовото воскресение и за воскресението на целиот Негов народ, Павле кажува: „Христос е првиот плод; потоа при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови“ (1. Коринтјаните 15:23). Слично на вртениот сноп кој бил прво зрело жито пожнеано пред жетвата, и Христос е првенец на онаа бесмртна жетва на откупените, што ќе биде собрана во Божјите амбари при идното воскресение. {ГБ 399.2}
Овие претслики се исполниле не само во врска со настаните, туку и во врска со времето. Четиринаесеттиот ден во првиот еврејски месец, истиот ден и месец во кој за време на долгите петнаесет векови се колело пасхално јагне, Христос, јадејќи ја со своите ученици пасхалната вечера, воспоставил свечена уредба што требало да биде спомен на Неговата сопствена смрт како „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот“ (Јован 1:29). Истата ноќ тој паднал во безбожните раце кои го распнале и убиле. И слично на пораката што ја носел во себе вртениот сноп, нашиот Спасител третиот ден воскреснал од мртвите и станал „првина за упокоените“. Тој е слика на сите воскреснати праведници чиешто „понизено тело“ ќе „стане подобно на Неговото славно тело“ (1. Коринтјаните 15:20; Филипјаните 3:21). {ГБ 399.3}
На сличен начин мора да се исполнат претсликите што се однесуваат на второто Христово доаѓање во времето претскажано со симболичката служба во Светилиштето. Според старозаветната служба, големиот Ден на помирување или чистењето на Светилиштето, се совпаѓал со десеттиот ден во седмиот еврејски месец (Левит 16:29-34). Кога првосвештеникот го извршил чистењето за цел Израел и со тоа ги отстранил од Светилиштето нивните гревови, излегол надвор и го благословил народот. Така се верувало дека нашиот Првосвештеник, Христос, ќе дојде да ја исчисти земјата со уништување на гревот и грешниците и дека на Својот народ ќе му даде бесмртност. Десеттиот ден во седмиот месец – времето на чистење на Светилиштето и големиот Ден на помирување – кој во 1844. година се паднал на 22. октомври, се сметаше за ден на Христовото доаѓање. Тоа беше во согласност со веќе изнесените докази дека 2300 дена ќе завршат таа есен. Овој заклучок се чинеше несоборлив. {ГБ 399.4}
Во параболата од Евангелието според Матеј 25, по времето на чекање и дремење следи доаѓањето на младоженецот. Ова беше во согласност со изнесените докази во пророштвото и од симболичната служба. Овие докази убедливо зборуваа во прилог на својата вистинитост, и илјадници верни го објавуваа „полноќниот вик“. {ГБ 400.1}
Ова движење се ширеше низ земјата како плима. Преминуваше од град во град, од село во село, сè додека Божјиот народ, кој го чекаше Христовото доаѓање, не беше наполно разбуден. Пред ова објавување исчезна фанатизмот како ран мраз кога се појавува сонце. Кај верните исчезнаа сомневањето и збунетоста, а нивните срца ги исполнуваше надеж и храброст. Делото беше лишено од оние претерувања што се појавуваат секогаш кога ќе дојде до израз човечката возбуда неконтролирана од Божјото слово и од Божјиот Дух. Ова време беше слично на времињата на понизност и враќање кај Господа што настанувале во стариот Израел после предупредувањето на Божјите слуги. Тоа имаше исти карактеристики кои го одбележувале Господовото дело во сите времиња. Тука имаше помалку одушевување, а повеќе темелно испитување на срцето, признавање на гревот и откажување од светот. Подготовката за средба со Господа беше главната грижа што ги мачеше душите на сите верници. Верните постојано се молеа и безрезервно му се предаваа на Бога. {ГБ 400.2}
Опишувајќи го ова дело, Милер вели: „Нема голем излив на радост; се чини дека тоа е задржано за идната пригода кога сето небо и сета земја, полни со слава, ќе се радуваат со неискажлива радост. Не се слушаат ниту радосни извици; и тоа е сочувано за часот кога ќе се слушне небесниот триумф… Нема спротивности во чувствата; сите се еднодушни и едномислени“ (Bliss, pages 270, 271). {ГБ 401.1}
Друг учесник во ова движење сведочи: „Ова движење насекаде предизвикуваше темелно испитување на срцето и понизно каење пред возвишениот небесен Бог. Тоа ги наведе сите луѓе да ги презрат световните работи, споровите беа средени, грешките признаени, а скршеното и покајничко срце пекаше пред Бога за милост и простување. Тоа доведе до лична понизност пред Бога и до каење какво што никогаш порано не сме виделе. Беше слично со она што го кажал Бог преку пророкот Јоил за часот кога ќе се приближи Господовиот ден, кога ги искинале срцата а не облеката и му се приближиле на Господа со пост, со плачење и тага. Како што рекол Бог преку Захарија, врз Неговите деца е излеан дух на милост и молитва; погледале во Оној што го прободеле; тогаш настанала голема жалост во земјата… а оние што го чекале Господа ги мачеле пред Него своите души“ (Bliss, in Advent Shield and Review, vol. I, p. 271 (January, 1845)). {ГБ 401.2}
Од сите големи религиозни движења од времето на апостолите, ниедно не било послободно од човечко несовршенство и од сатански измами од она во есента 1844. година. Дури и сега, по толку години, сите што учествуваа во движењето и што останаа цврсти на темелот на вистината, го чувствуваат влијанието на тоа Господово дело и сведочат дека тоа дело беше од Бога. {ГБ 401.3}
На повикот: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“, сите што чекаа станаа и „ги приготвија своите светилки“. Тие го проучуваа Божјото слово со дотогаш невидена ревност. Ангелите беа пратени од небото да ги разбудат оние што беа обесхрабрени и да ги приготват да ја прифатат веста. Ова дело не се темелеше врз човечко знаење и мудрост, туку врз Божјата моќ. Не најнадарените, туку наједноставните и најпреданите беа тие што први го слушаа повикот и го прифатија. Земјоделците го оставија своето жито на полето, занаетчиите својот алат и појдоа со солзи во очите и со голема радост да ја објават опомената. Поранешните водачи беа меѓу последните што му се придружија на ова движење. Црквите насекаде ѝ ја затвораа вратата на оваа вест, а голем број од оние што ја прифатија излегоа од нив. Со Божјото провидение оваа вест се соедини со втората ангелска вест и на ова дело му даде посебна сила. {ГБ 402.1}
Веста: „Еве го младоженецот“, не се ширеше толку врз основа на докази, иако доказите од Светото Писмо беа јасни и уверливи. Неа ја придружуваше незапирлива сила што ги движеше душите. Тука немаше сомневање ниту прашање. При победоносното Христово влегување во Ерусалим, народот што се собрал од сите страни на земјата да празнува празник, побрзал кон Маслиновата Гора, и кога се помешал со мноштвото што го придружувало Исуса, сите ги освоило сеопштото одушевување и заедно го засилиле триумфот: „Благословен е Тој што доаѓа во името Господово!“ (Матеј 21:9). На сличен начин и неверните кои масовно доаѓале на адвентистичките собири – некои од љубопитство, а други да се подбиваат – ја чувствуваа незадржливо убедливата моќ што ја придружуваше веста: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате!“ {ГБ 402.2}
Во тоа време верните имале таква вера која им овозможила да добијат одговор на нивните молитви, вера што не останува без награда. Како пороен дожд што ја освежува жедната земја, Духот на милоста слезе врз оние што сериозно го истражуваа Божјото слово. Тие што очекуваа наскоро да го видат својот Откупител лице в лице, чувствуваа света радост што не може да се опише. Силата на Светиот Дух, што смекнува и потчинува, ги растопи срцата кога Божјиот благослов обилно се излеа врз верните верници. {ГБ 402.3}
Оние што ја прифатија веста се приближуваа внимателно и свечено кон времето кога се надеваа дека ќе го сретнат својот Господ. Секое утро чувствуваа дека нивна прва должност е де се уверат дека Бог ги прима. Нивните срца беа тесно поврзани и тие многу се молеа заедно и едни за други. Често се состануваа на осамени места да се молат на Бога. Молитви кон небото се издигнуваа од полињата и шумичките. Сигурноста дека ја уживаат наклонетоста на Спасителот ја сметаа за поважна од својата секојдневна храна; а ако некаков облак ги помрачеше нивните души, тие не мируваа додека истиот не беше отстранет. Чувствувајќи го доказот на милоста што простува, тие копнееја да го видат Оној што нивната душа толку го љубеше. {ГБ 403.1}
Но, требаше пак да доживеат разочарување. Времето на очекување помина, а нивниот Спасител не се појавил! Со непоколеблива доверба го очекуваа Неговото доаѓање, а сега го почувствуваа она што го почувствувала и Марија кога дошла кај гробот на Спасителот и го нашла празен. Таа со солзи извикала: „Го кренале Господ мој и не знам каде Го положиле“ (Јован 20:13). {ГБ 403.2}
Чувството на стравопочит и стравот дека веста би можела да биде вистинита, извесно време го задржуваа неверниот свет, а кога времето помина, тоа чувство не можеше веднаш да исчезне; во почетокот не се осмелија толку дрско да триумфираат над разочараните верници. Но, кога не се покажаа знаци на Божји гнев, тие закрепнаа од својот страв и почнаа одново да ги исмеваат и да ги подбиваат верните. Голем број од оние што тврдеа дека веруваат во скорешното Господово доаѓање ја напуштија својата вера. Некои кои беа мошне самоуверени, во својата горделивост беа толку повредени што сакаа да исчезнат од светот. Тие се жалеа на Бога како Јона, и повеќе сакаа смрт отколку живот. Оние што својата вера ја темелеа врз мислењето на други, а не врз Божјото слово, беа готови да ги изменат своите погледи. Подбивачите ги придобија слабите и страшливите во своите редови, а потоа сите се соединија и изјавија дека не треба повеќе да стравуваат или нешто да очекуваат. Времето помина, Господ не дојде, и светот може да остане ист уште илјадници години. {ГБ 403.3}
Сериозните и искрени верници се откажаа од сè заради Христа и ја чувствуваа Неговата близина како никогаш порано. Тие беа уверени дека на светот му ја објавија последната опомена и очекувајќи наскоро да бидат примени во друштво на својот божествен Учител и на небесните ангели, речиси наполно се повлекоа од друштвото на оние што не ја прифатија веста. Со топол копнеж се молеа: „Да, дојди Господе Исусе!“ Но Тој не дојде. А сега, пак, да се преземе тешкиот товар на грижите и тешкотиите на овој живот, да се поднесува исмевање и подбивање од страна на светот – навистина беше тешко искушение за нивната вера и трпение. {ГБ 404.1}
Меѓутоа, ова разочарување не беше толку големо како она што го доживеале учениците во времето на првото Христово доаѓање. Кога Исус со слава влегол во Ерусалим, Неговите ученици мислеле дека Тој има намера да седне на Давидовиот престол и да го ослободи Израел од неговите угнетувачи. Со големи надежи и со радосно очекување се натпреварувале како на својот Цар да му укажат поголема почит. Мнозина своите горни облеки ги простирале како килим на Неговиот пат или пред Него ставале палмови гранки. Во своето одушевување се соединиле во радосен извик: „Осана на синот Давидов!“ Кога фарисеите, вознемирени и лути поради оваа радост, барале Исус да ги укори своите ученици, Тој одговорил: „Ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат“ (Лука 19:40). Пророштвото морало да се исполни. Учениците ја исполнувале Божјата намера, па сепак, морале да искусат горко разочарување. Поминале само неколку дена од тој настан и тие биле сведоци на маченичката смрт на Спасителот, а потоа го положиле в гроб. Нивните очекувања не биле исполнети ниту во една подробност, а нивните надежи умреле заедно со Исуса. Дури тогаш, кога нивниот Господ славно воскреснал од гробот, сфатиле дека сето тоа во пророштвата порано било објавено „дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите“ (Дела 17:3). {ГБ 404.2}
Петстотини години пред тоа, Господ преку пророкот Захарија рекол: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај ќерко ерусалимска; ете, Царот твој се враќа кај тебе; праведен е и со победоносна сила, кроток, седнат на магаре, рожба на магарица“ (Захарија 9:9). Кога учениците би знаеле дека Христос ќе оди на суд и во смрт, тие не би можеле да го исполнат ова пророштво. {ГБ 405.1}
На сличен начин Милер и неговите соработници го исполнија пророштвото и ја објавија веста што ја претскажало Божјото слово. Но, тие не ќе можеа да ја објават кога во целост би ги разбрале пророштвата што укажувале на нивното разочарување, а кои едновремено ја содржат и втората вест што требаше да им се објави на сите народи пред Господовото повторно доаѓање. Првата и втората ангелска вест беа објавени во вистинско време и го извршија делото што Бог имаше намера да го изврши со нивна помош. {ГБ 405.2}
Светот очекуваше да биде напуштена сета наука на адвентизмот ако времето помине а Христос не дојде. Но, додека едни, притиснати од тешки искушенија, ја напуштија својата вера, други и понатаму останаа цврсти. Плодовите на адвентното движење – понизноста и испитувањето на сопственото срце, откажувањето од светот и промената на животот – што се белези на ова дело, сведочеа дека тоа е од Бога. Не се осмелуваа да одречат дека проповедањето на веста за Христовото доаѓање е проследено со силата на Светиот Дух и не можеа да откријат ниту една грешка во адвентистичкото сметање на пророчките периоди. Ниту на најспособниот противник не му успеа да го урне нивниот систем на толкување на пророштвата. Без библиски докази не можеа да се согласат да го напуштат ставот до кој дојдоа со сериозно и предано истражување на Светото Писмо, со ум расветлен од Божјиот Дух и со срце што гореше со Неговата жива сила. Не можеа да ги напуштат заклучоците што ѝ одолеваа на најострата критика и на најогорчените напади од страна на верските учители и на мудрите луѓе на овој свет, на здружените напори на ученоста и речитоста, како и на шегите и подбивите на луѓето од повисоките и пониските слоеви. {ГБ 405.3}
Навистина, очекуваниот настан не се исполни, но дури ни тоа не можеше да ја поколеба нивната вера во Божјото слово. Кога Јона на улиците на Ниневија објавувал дека градот во рок од четириесет дни ќе биде уништен, Бог го примил покајанието на жителите на Ниневија и го продолжил нивното време на милост; сепак, веста на Јона била пратена од Бога, а Ниневија испитана според Неговата волја. Адвентистите веруваа дека Бог и нив ги водеше кога упатуваа опомена за судот. „Таа“, велеа тие, „ги провери срцата на сите што ја слушнаа и кај нив разбуди љубов кон Господовото доаѓање или, од друга страна, предизвика повеќе или помалку забележлива, но на Бога добро позната омраза против тоа доаѓање. Таа повлече гранична линија, така што оние кои сакаа да ги испитуваат своите срца можеа да знаат на која страна би се наоѓале кога Господ би дошол тогаш; дали би извикнале: ’Еве, ова е нашиот Бог, Него го чекавме, и ќе нè спаси!‘, или би им викале на горите и камењата да паднат врз нив и да ги скријат од лицето на Оној што седи на престолот и од гневот на Јагнето. Верувавме дека Бог на овој начин ги испитуваше Своите деца, ја проверуваше нивната вера дали ќе се повлечат во мигот на искушенијата од своите места на кои ги поставил и дали ќе се откажат од овој свет и ќе покажат безусловно надевање во Божјото слово“ (The Advent Herald and Signs of the Times Reporter, vol. 8, No. 14 (Nov 13, 1844.)). {ГБ 406.1}
Чувствата на оние кои сè уште веруваа дека Бог ги водеше во нивните минати искуства, Милер ги изразува со зборовите: „Кога уште еднаш би живеел со истите докази што ги имав во првиот живот, и во вториот живот би го сторил она што го сторив во првиот за да бидам чесен пред Бога и пред луѓето“. „Се надевам дека мојата облека ја исчистив од крвта на душите. Верувам дека, колку што ми беше можно, се ослободив од секоја вина во врска со нивната осуда“. „Иако бев два пати разочаран“, пишува овој Божји човек, „сепак, уште не сум поразен и обесхрабрен… Мојата надеж во Христовото доаѓање е посилна од кога и да е порано. Јас го правев само она, што по многу години на сериозно размислување, го сметав за своја света должност. Ако сум згрешил, тоа беше од христијанска љубов кон моите ближни и од уверување за мојата должност кон Бога“. „Едно знам: го проповедав само она во што верував. Со мене беше Божјата рака. Неговата сила се откри во делото и направени се многу добра“. „Со проповедањето на пророчкото време се поттикнати многу илјадници да го проучуваат Светото Писмо и со негова помош и со Христовата крв многумина се помирени со Бога“ (Bliss, pages 256, 255, 277, 280, 281). „Јас никогаш не се трудев да стекнам милост од страна на горделивите луѓе, но и не се обесхрабрив ниту тогаш кога светот ми се закануваше. Ни сега нема да ја купувам нивната наклонетост ниту ќе предизвикувам нивна омраза пречекорувајќи ја мојата должност. Никогаш нема да го барам мојот живот од нивните раце ниту пак, се надевам, ќе одбијам да го жртвувам ако одреди така Бог во Своето добро провидение“ (J. White, Life of Wm. Miller, page 315). {ГБ 406.2}
Бог не се откажа од Својот народ; Неговиот Дух сè уште е со оние што не се откажаа од светлината што ја примија, ниту станаа против адвентното движење. Во посланието до Евреите се напишани зборови што охрабруваат и опомена за оние кои во ова време на неволја беа проверени: „И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, сосем малку и ’Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни. А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува‘. Ние, пак, не сме од оние што отстапуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат“ (Евреите 10:35-39). {ГБ 407.1}
Дека оваа опомена ѝ е упатена на црквата во последните денови јасно се гледа од зборовите што укажуваат на близината на Господовото доаѓање: „Уште малку, мошне малку, и ќе дојде Оној кој доаѓа и нема да се забави“. Од ова јасно произлегува дека треба да настане некакво привидно задоцнување и дека Господ навидум се колеба со Своето доаѓање. Оваа поука мошне добро одговара на искуството на адвентистите во тоа време. Сите, на кои им се упатени овие зборови, беа во опасност да доживеат бродолом на својата вера. Тие ја извршуваа Божјата волја прифаќајќи го водството на Неговиот Дух и на Неговото слово, но не можеа да ја сфатат Неговата намера во своето минато искуство, ниту да го видат патот пред себе, и затоа беа во искушение да се посомневаат дали навистина ги водеше Бог. На тоа време се однесуваа зборовите: „А праведникот преку верата ќе биде жив“. На нивниот пат засвети јасната светлина на „полноќниот вик“ и тие го отпечатија пророштвото и кога видоа дека бргу се исполнуваат знаците што им зборуваа за скорешното Христово доаѓање, навистина живееја така како да го гледаа Христовото доаѓање. Но сега, скршени со неисполнетите надежи, можеа да се одржат само со верата во Бога и во Неговото слово. Светот, кој се подбиваше, рече: „Измамени сте! Напуштете ја вашата вера и кажете дека адвентното движење беше од сатаната“. Но, и Божјото слово зборуваше: „Јас не се радувам за ниеден кој отстапува“. Да ја напуштат сега својата вера и да се откажат од силата на Светиот Дух што ја придружуваше оваа вест, би значело да се вратат во пропаст. Зборовите на апостол Павле ги поттикнуваа кон истрајност: „И така, не отфрлајте ја вашата доверба која има голема награда. Имено, вам ви е потребно трпение… Зашто: уште малку, мошне малку, и ќе дојде Оној Кој доаѓа, и нема да се забави“. Единствена нивна сигурност беше и понатаму да ја негуваат светлината што ја примија од Бога, и цврсто да се држат за Неговите ветувања, да продолжат да го истражуваат Светото Писмо и стрпливо да чекаат и да бдеат додека не добијат повеќе светлина. {ГБ 408.1}