34 Спиритизам
Службата на светите ангели, како што е прикажана во Светото Писмо, е мошне утешна и драгоцена вистина за секој Христов следбеник. Но библиското учење за овој предмет е изопачено и замаглено со заблудите на популарната теологија. Учењето за природна бесмртност, најпрвин позајмено од паганската филозофија и воведено во христијанската вера за време на мракот на големиот отпад, ја заменило вистината за која Светото Писмо толку јасно зборува, а тоа е дека „мртвите не знаат ништо“. Илјадници веруваат дека духовите на умрените се оние „служителски духови испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението“. А ова е спротивно на сведоштвото на Светото Писмо кое учи дека небесните ангели постоеле и биле поврзани со историјата на човештвото пред смртта на кое и да е човечко суштество. {ГБ 551.1}
Учењето за свесната состојба на човекот за време на смртта, особено верувањето дека духовите на умрените се враќаат за да им служат на живите, го подготвило патот на современиот спиритизам. Ако мртвите се наоѓаат во присуство на Бога и светите ангели, и ако располагаат со далеку поголемо знаење отколку што имале порано, зошто не би се вратиле на земјата да ги просветлат и да ги поучат живите? Ако, според учењата на популарните теолози, духовите на умрените лебдат над своите пријатели на земјата, зошто да не им биде дозволено да комуницираат со нив, да ги опоменуваат да не грешат и да ги тешат во неволјите? Како можат оние, кои веруваат дека човекот за време на смртта е свесен, да го отфрлат она што им доаѓа како божествено просветлување со посредство на овие прославени духови? Еве еден канал кој се смета за свет, преку кој сатаната се служи да ги постигне своите цели. Паднатите ангели, кои ги извршуваат неговите налози, се појавуваат како гласници од светот на духовите. Додека тврди дека живите ги поврзува со мртвите, кнезот на злото врши магиско влијание на нивниот ум. {ГБ 551.2}
Тој има моќ да го имитира пред луѓето ликот на нивните починати пријатели. Имитацијата е совршена: познатиот изглед, зборовите, гласот – сè се прикажува со извонредна точност. Мнозина се утешени со уверувањето дека нивните најблиски уживаат во блаженство на небото, и не насетувајќи ја опасноста, слушаат „измамнички духови и злодуховски учења“ (1. Тимотеј 4:1). {ГБ 552.1}
Кога се наведени да веруваат дека мртвите всушност се враќаат да комуницираат со нив, сатаната прави да им се појават оние кои неподготвени заминале во гроб. Тие тврдат дека се среќни на небото и дека таму заземаат високи положби. На овој начин се шири заблудата дека нема разлика меѓу праведните и злите. Божемните посетители од духовниот свет понекогаш даваат опомени и предупредувања што се покажуваат точни. Но кога ќе се здобијат со доверба, тие изнесуваат такви учења кои директно ја поткопуваат верата во Светото Писмо. Под изговор дека длабоко се интересираат за благосостојбата на своите пријатели на земјата, ги водат во најопасни заблуди. Фактот што тие изнесуваат некои вистини и дека понекогаш можат да ги претскажуваат идните настани, на нивните изјави им дава изглед на веродостојност; и голем број луѓе ги прифаќаат нивните лажни учење толку бргу, и веруваат толку слепо, како да се работи за најсветите библиски вистини. Божјиот закон се отфрла, Духот на милоста се презира, а крвта на заветот се смета како нешто несвето. Духовите го негираат Христовото божество, па дури и Творецот го изедначуваат со себе. На овој начин големиот бунтовник под нова маска ја продолжува својата војна против Бога што ја започнал на небото и која речиси шест илјади години продолжува на Земјата. {ГБ 552.2}
Многумина настојуваат спиритистичките манифестации во целост да ги припишат на измамите и на заслепувачките вештини на самиот медиум. Но, иако е вистина дека триковите на маѓепсничките вештини често се сметаат како вистински манифестации, имало и извонредни манифестации на натприродни сили. Таинственото тропање, со кое почнал модерниот спиритизам, не било дело на човечка измама или лукавство, туку директно дело на злите ангели кои на овој начин вовеле една од најуспешните заблуди за уништување на душата. Многумина ќе се фатат во стапица верувајќи дека спиритизмот е само обична човечка измама, но кога ќе се соочат со појави кои ќе мораат да ги признаат за натприродни, тие ќе бидат измамени и наведени да ги прифатат како голема Божја сила. {ГБ 553.1}
Овие луѓе ги занемаруваат сведоштвата на Светото Писмо во врска со чудата што ги прават сатаната и неговите претставници. Со помош на сатаната фараоновите волшебници го имитирале Божјото дело. Павле сведочи дека пред второто Христово доаѓање ќе има слични манифестации на сатанската сила. На Господовото доаѓање ќе му претходи „дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса“ (2. Солунјаните 2:9). А апостол Јован, опишувајќи ја чудотворната сила што ќе се појави во последните денови, изјавува: „И правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. И ги мамеше земните жители со чудата што му беа дадени да ги врши“ (Откровение 13:13,14). Овде не станува збор за обични измами. Луѓето ќе бидат измамени со чудата кои сатанските орудија ќе можат да ги прават, а не само да ги имитираат. {ГБ 553.2}
Кнезот на темнината, кој толку време сите сили на својата голема интелигенција и ги посветува на измамата, вешто ги приспособува своите искушенија кон луѓето од сите сталежи и положби. На угледните и образованите луѓе, тој спиритизмот им го прикажува од неговиот фин и интелектуален аспект и на тој начин успева многумина да вовлече во својата стапица. Мудроста што ја дава спиритизмот, според зборовите на апостол Јаков, не „доаѓа озгора“ туку таа е „земна, душевна, бесовска“ (Јаков 3:15). Меѓутоа, големиот измамник ова вешто го крие кога прикривањето може добро да послужи на неговата цел. Оној кој во пустината на искушението се појавил пред Христа во сјај на небесен серафим, и на луѓето им се појавува во најпривлечен облик како ангел на светлината. Тој му ласка на разумот откривајќи му возвишени теми; тој ја одушевува човечката мечта со величествени сцени и ги освојува чувствата со своите речити описи на љубовта и добрината. Тој ги храбри луѓето во своите мечти да се вознесат толку горделиво и за себе и за својата сопствена мудрост да имаат толку високо мислење за во срцата да го презираат Вечниот. Ова силно битие, кое го одвело Откупителот на светот на највисоката гора за да Му ги покаже сите земни царства и нивната слава, и пред луѓето ќе ги изнесе своите искушенија на начин со кои ќе ги изопачи сетилата на сите кои не се под заштита на божествената сила. {ГБ 553.3}
Денес сатаната ги мами луѓето со ласкање како што ја измамил Ева во Едем, поттикнувајќи кај нив желба за здобивање на забрането знаење и амбиција за самовозвишување. Со попуштања на овие лоши желби е предизвикано неговото паѓање, а сега настојува преку нив да предизвика и пропаст на луѓето. „Ќе станете како богови“, изјавува тој, „и ќе знаете што е добро, а што зло“ (Создавање 3:5). Спиритизмот учи „дека човекот е прогресивно битие и дека нему му е одредено постојано, од раѓањето па сè до вечноста, да се приближува кон божеството“. И понатаму: „Секое разумно суштество ќе си суди самото на себе, а не друго“. „Судот ќе биде праведен, зашто тоа е сопствен суд… Престолот е во самиот тебе“. Кога кај еден спиритистички учител се разбудила оваа „духовна свест“, рекол: „Сите мои ближни се непаднати полубогови“. А друг изјавува: „Секое праведно и совршено суштество е Христос“. {ГБ 554.1}
Така сатаната, наместо правдата и совршенството на вечниот Бог, вистинскиот предмет за почитување, и наместо совршената праведност на Неговиот закон, вистинското мерило на човечките достигања, ја поставил грешната и непостојана човечка природа, како единствен предмет на почитување, како единствено мерило на судот или стандард на карактерот. Тоа е напредување, но не напред, туку назад. {ГБ 555.1}
Закон на нашата интелектуална и духовна природа е дека со гледање ние се менуваме. Умот постепено се приспособува на она на што се задржуваат мислите. Ние стануваме слични на тоа што сме навикнале да го сакаме и почитуваме. Човекот никогаш нема да се издигне повисоко од неговото сфаќање за чистотата, за добрината и вистината. Ако неговото „јас“ е негов највисок идеал, тој никогаш нема да постигне нешто повозвишено. Напротив, тој ќе паѓа сè пониско и пониско. Божјата благодат претставува единствена сила која може да го издигне човекот. Препуштен сам на себе, тој неминовно ќе тоне сè подлабоко. {ГБ 555.2}
На луѓето кои се самопопустливи и желни за уживање, спиритизмот им се претставува во помалку прикриена форма отколку на оние што се интелектуално воспитани; во неговите груби облици тие го наоѓаат токму она што е во согласност со нивните склоности. Сатаната го проучува секој знак на слабост на човечката природа, ги забележува гревовите што е склон да ги прави секој поединец и внимава да не пропушти ниту една можност да ги задоволи нивните склоности кон зло. Тој ги наведува луѓето да претеруваат во она што само по себе е законско и преку неумереноста да ја ослабнат својата физичка, ментална и морална сила. Тој уништил и сè уште уништува илјадници луѓе по пат на задоволување на ниските страсти, со што ја брутализирал целата човечка природа. И за да го заврши своето дело, тој преку духовите тврди дека „вистинското знаење го издигнува човекот над сите закони“; дека „сè што постои е добро“; дека „Бог никого не осудува“ и дека „сите гревови што ги правиме се невини“. Кога луѓето на ваков начин се заведени да веруваат дека желбата е највисок закон, дека слободата значи разврат, и дека човекот си е одговорен само на себеси, дали треба да се чудиме што насекаде владее толкава расипаност и морална изопаченост? Мноштвото со нетрпение го прифаќа учењето што им дава слобода да ги задоволат сите желби на своето телесно срце. Отфрлајќи секакво самосовладување, луѓето целосно се оддаваат на задоволување на своите желби и страсти, духовната и умствената моќ се подложни на животински склоности, а сатаната ликувајќи во својата мрежа фаќа илјадници такви кои тврдат дека се Христови следбеници. {ГБ 555.3}
Но, никој не треба да биде заведен со лажните тврдења на спиритизмот. Бог му дал на светот доволно светлина, така што луѓето можат да ги откријат стапиците на ѓаволот. Како што веќе е покажано, теоријата што го гради темелот на спиритизмот е во противречност со јасните тврдења на Светото Писмо. Библијата учи дека мртвите не знаат ништо, дека нивните мисли престанале, дека тие немаат удел во ништо што се случува под Сонцето, ниту пак нешто знаат за радостите и неволјите на оние што им биле најмили на земјата. {ГБ 556.1}
Освен тоа, Бог изречно забранил секаква наводна комуникација со духовите на починатите. Меѓу Евреите постоеле луѓе кои тврделе, како и денешните спиритисти, дека одржуваат врска со мртвите. Но „гатачките духови“, како што се наречени овие посетители од другите светови, во Библијата се нарекуваат „ѓаволски духови“ (спореди: Броеви 25:1-3; Псалм 106:28; 1. Коринтјаните 10:20; Откровение 16:14). Одржувањето на врска со ваквите духови е гад пред Господа и Тој под закана на смртна казна забранил одржување на врска со ваквите духови (Левит 19:31; 20:27). Веќе самото име „гатање“ денеска предизвикува презир. Тврдењето дека луѓето можат да стапат во контакт со злите духови се смета како приказна од мрачниот среден век. Но, спиритизмот, кој брои стотици илјади, па дури и милиони приврзаници, кој проникнал дури и во научните кругови, кој се вовлекол во црквите и наишол на наклоност кај законодавните тела, па дури и во царските дворови – оваа мамутска измама не е ништо друго туку само оживување, во нова маска, на гатањето, кое е осудено и забрането уште од античко време. {ГБ 556.2}
Дури и ако не постојат други докази за вистинскиот карактер на спиритизмот, за христијаните би требало да биде доволно тоа што овие духови не прават никаква разлика меѓу правдата и гревот, меѓу најчистите и најблагородните Христови апостоли и најрасипаните слуги на сатаната. Тврдејќи дека најзлобните луѓе се на небото и дека таму заземаат висока позиција, тој на светот му кажува: „Не е важно колку сте грешни, не е важно дали верувате во Бога и во Библијата или не. Живејте како што сакате. Небото е ваш дом“. Всушност учителите на спиритизмот тврдат: „Секој што прави зло, добар е пред очите на Господ и таквите Му се мили, а и каде е Бог, Кој право суди?“ (Малахија 2:17). Божјото слово кажува: „Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина“ (Исаија 5:20). {ГБ 557.1}
Овие лажни духови се јавуваат во вид на „апостоли“ кои му противречат на она што го пишувале апостолите вдахнати со Светиот Дух додека биле на земјата. Тие го негираат божественото потекло на Библијата и на тој начин го уриваат темелот на христијанската надеж и ја отфрлаат светлината која го открива патот кон небото. Сатаната прави светот да верува дека Библијата е само една измислица или книга што одговара на времето на детството на човечкиот род, но на која сега треба да се гледа со омаловажување, или како застарена целосно да се отфрли. А како замена за Божјото слово, тој ги истакнува спиритистичките појави. Тоа е канал кој е целосно под негова контрола, и со ова средство тој може да направи светот да верува онака како што тој сака. Книгата која треба да го осуди него и неговите следбеници се фрла во сенка, токму како што тој и сака, а Спасителот на светот се прикажува како обичен човек. Како што римските стражари, кои го чувале Исусовиот гроб, ги ширела лажните извештаи, која во нивните усни ја ставиле свештениците и старешините за да го негираат Неговото воскресение, така и приврзаниците на спиритистичките појави настојуваат да создадат впечаток дека во животот на нашиот Спасител нема ништо натприродно. Бидејќи на тој начин Исуса го ставиле во позадина, тие вниманието го свртуваат на своите чуда истакнувајќи дека тие далеку ги надминуваат Христовите дела. {ГБ 557.2}
Вистина е дека спиритизмот денеска го менува својот облик, и прикривајќи некои свои најгруби црти, поприма христијански облик. Но неговите изјави со години истакнувани од говорниците и преку печатот, го откриваат неговиот вистински карактер. Овие учења не може да се негираат ниту да се сокријат. {ГБ 558.1}
Дури и во својот сегашен облик, далеку од тоа дека се смета подостоен за толеранција отколку порано, спиритизмот всушност е уште поопасен зашто претставува далеку полукава измама. Додека порано го осудувал Христа и Библијата, сега изјавува дека ги прифаќа обете. Но Библијата се толкува на начин што му одговара на непрепороденото срце, а нејзините свечени и најважни вистини се сметаат за безвредни. Љубовта се истакнува како главна Божја особина, но таа се унижува до степен на разнежнета сентименталност која доброто одвај го разликува од злото. Божјата праведност, Неговото гнасење над гревот, барањата на Неговиот свет закон, сето тоа се губи од вид. Народот се учи Десетте заповеди да ги смета за мртво слово. Пријатните и волшебни приказни делуваат врз сетилата и луѓето ги наведуваат да ја отфрлат Библијата како темел на својата вера. Од Христа и сега се откажуваат како и некогаш; но сатаната толку ги заслепил очите на луѓето така што тие не ја препознаваат измамата. {ГБ 558.2}
Малку има такви кои имаат вистинска претстава за измамничката моќ на спиритизмот и за опасностите од потпаѓањето под негово влијание. Мнозина се занимаваат со него само за да го задоволат своето љубопитство. Всушност тие не веруваат во него и со ужас би отстапиле назад при помислата дека би можеле да паднат под власта на духовите. Но сепак се осмелуваат да стапат на забрането тло, а силниот непријател ја покажува над нив својата моќ и против нивната волја. Само ако еднаш се изложат на неговото влијание, тој ги заробува. Не е можно со своја сопствена сила да се оттргнат од неговата заводлива и примамлива магија. Ништо, освен Божјата сила, дарувана како одговор на сериозна молитва проникната со вера, не може да ги ослободи овие души фатени во стапица. {ГБ 558.3}
Сите оние кои им попуштаат на грешните склоности на својот карактер или намерно негуваат некој познат грев, ги повикуваат сатанските искушенија на себе. Тие се одделуваат од Бога и од заштитата на Неговите ангели; и кога сатаната им ги сервира своите измами, тие немаат одбрана и лесно стануваат негов плен. Оние, кои на овој начин ја прифаќаат неговата сила, не ни насетуваат каде ќе заврши нивниот пат. Кога еднаш ќе успее да ги совлада, искушувачот ќе ги употреби како свои агенти, преку нив да намами и други во пропаст. {ГБ 559.1}
Пророкот Исаија кажува: „И кога ќе ви речат: ’Обратете се кон оние, што извикуваат мртовци, и кон маѓепсници, кон бајачи и оние што говорат од стомак, тогаш одговарајте: не треба ли народот да се обрнува кон својот Бог? Се прашуваат ли мртви за живи?‘ Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина“ (Исаија 8:19.20). Кога луѓето би биле подготвени да ја прифатат вистината толку јасно изнесена во Светото Писмо, во врска со природата на човекот и состојбата на мртвите, тие во тврдењата и манифестацијата на спиритизмот би го препознале „сатанското дејствување, со секаква сила, со знаци и лажни чудеса” (2. Солунјаните 2:9). Но, наместо да ја отфрлат лажната слобода, толку привлечна за телесното срце, и да се откажат од гревовите што ги сакаат, многумина ги затвораат очите пред светлината и без оглед на предупредувањата продолжуваат по својот пат, додека сатаната ја плете својата мрежа околу нив, и тие стануваат негов сигурен плен. „Затоа што не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата“ (2. Солунјаните 2:10,11). {ГБ 559.2}
Оние што ќе му се спротивстават на учењето на спиритизмот, за противници ќе ги имаат не само луѓето, туку и сатаната и неговите ангели. Тие влегуваат во борба против властите и против силите на темнината од овој век. Сатаната нема да даде ниту еден центиметар од земјата, освен ако биде потиснат со силата на небесните гласници. Божјиот народ треба да биде способен да му се спротивстави како и нашиот Спасител со зборовите: „Пишано е!“ Сатаната и денес може, како и во Исусово време, да го цитира Светото Писмо, и тој ќе го изопачува неговото учење за да ги поткрепи своите заблуди. Оние што сакаат да опстанат во ова време на опасност, мораат самите добро да го познаваат сведоштвото на Светото Писмо. {ГБ 559.3}
Мнозина ќе се соочат со ѓаволските духови што ќе им се појават како нивни мили роднини и пријатели објавувајќи им најопасни заблуди. Овие посетители ќе влијаат врз нашите најнежни чувства и ќе прават чуда за да ги поткрепат своите тврдења. Мораме да бидеме подготвени да им се спротивставиме со библиската вистина дека мртвите не знаат ништо и дека тие што се јавуваат така всушност се ѓаволски духови. {ГБ 560.1}
Токму пред нас е „часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет за да ги искуша оние што живеат на земјата“ (Откровение 3:10). Сите оние чијашто вера не е цврсто втемелена на Божјото слово, ќе бидат измамени и совладани. Сатаната се труди „со секакво неправедно измамување“ целосно да загосподари со човечките синови. Но тој својата цел може да ја оствари само тогаш кога човекот доброволно се потчини на неговите искушенија. Оние кои сериозно сакаат да ја спознаат вистината и се стремат преку послушност да ја исчистат својата душа, правејќи сè што е во нивна моќ да се подготват за овој судир, ќе најдат сигурна заштита во Бога, кој е извор на вистината. „Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и јас ќе те запазам“ (Откровение 3:10), гласи ветување на Спасителот. Тој побргу ќе ги испрати сите небесни ангели за да го заштитат Неговиот народ, отколку да му дозволи на сатаната да совлада една душа која се надева на Него. {ГБ 560.2}
Пророкот Исаија ја изнесува страшната измама со која ќе се соочат грешниците и која толку ќе ги заслепи така што тие ќе се чувствуваат сигурни од осудата на Божјиот суд: „Сме склучиле сојуз со смртта и со пеколот сме направиле договор: кога ќе минува камшикот, кој казнува сè, тој нема да дојде до нас, зашто лагата ја направивме наше засолниште и со измама ќе се прикриеме“ (Исаија 28:15). Во оваа група луѓе се вбројуваат сите кои во својата тврдоглава непокајаност се тешат со уверувањето дека за грешникот нема казна, дека сите луѓе, колку и да се расипани, ќе отидат на небото каде што ќе бидат како Божји ангели. Но уште посигурни се сметаат оние што направиле завет со смртта и договор со пеколот, кои ги отфрлаат вистините што ги предвидело небото како заштита за праведниците во деновите на неволјата, а бараат прибежиште во лагите што ги пласира сатаната во вид на примамливи измами на спиритизмот. {ГБ 560.3}
Несфатлива и чудна е заслепеноста на луѓето на нашето поколение. Илјадници го отфрлаат Божјото слово како недостојно за верување, додека ревно ги прифаќаат измамите на сатаната. Скептиците и подбивачите ги обвинуваат како верски фанатици оние што се борат за верата на пророците и апостолите, и наоѓаат задоволство во тоа да ги исмеваат свечените изјави на Светото Писмо за Христа, за планот на спасението и за судот што ќе ги погоди сите кои ја отфрлаат вистината. Тие длабоко ги сожалуваат оние кои, според нивно мислење, се толку ограничени, слаби и празноверни, штом ги признаваат Божјите права и ги прифаќаат барањата на Неговиот закон. Тие покажуваат таква сигурност, како навистина да склучиле сојуз со смртта и договор со гробот, како да подигнале непроодна, непробивна бариера меѓу себе и Божјата одмазда. Ништо не може кај нив да разбуди страв. Тие во толкава мера му се предале на искушувачот, што тесно се соединиле со него и во толкава мера се проникнати со неговиот дух, што немаат сила ниту желба да се оттргнат од неговата стапица. {ГБ 561.1}
Сатаната одамна се подготвува за својот последен напор да го измами светот. Тој поставил темел за својата работа со уверувањето што и го дал на Ева во Едем: „Не, нема да умрете! Но… оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“ (Создавање 3:4,5). Малку по малку го подготвил патот за својата најголема измама во развојот на спиритизмот. Тој сè уште не ги остварил во целост своите намери, но ќе ги оствари во последното време. Пророкот вели: „И видов… три нечисти духа, како жаби; зашто тоа се ѓаволски духови кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бог Седржителот“ (Откровение 16:13,14). Со исклучок на оние што ќе ги сочува Божјата сила со вера во Неговото слово, во оваа измама ќе биде вовлечен цел свет. Народот, успиен во кобна сигурност, ќе се разбуди дури тогаш кога врз него ќе почне да се излева Божјиот гнев. {ГБ 561.2}
Господ Бог вели: „Ќе ја поставам правдата за мерило, и справедливоста за терезија; врнежи од град ќе го уништат засолништето на лагата, и води ќе го потопат местото на заклонот. И сојузот ваш со смртта ќе биде уништен, договорот ваш со пеколот нема да остане. Кога ќе мине камшикот, кој казнува сè, вие ќе бидете згазени“ (Исаија 28:17,18). {ГБ 562.1}