41 Земјата опустена

Сподели го ова:

“Бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини. Платете и како што и таа ви плати вам и дајте и двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која ве служеше, послужете ја двојно. Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете и. Зашто во срцето свое вели: ’Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам‘. Затоа во еден ден ќе ја сполетаат казните; смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ Кој ја суди. И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно,… ќе велат: ’Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, зашто во еден час дојде пресудата твоја!‘“ (Откровение 18:5-10) {ГБ 653.1}

„Трговците земни“, кои „се збогатија од нејзината голема раскош“… „ќе стојат оддалеку од страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи ќе зборуваат: ’Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘“ (Откровение 18:3,15-17). {ГБ 653.2}

Такви пресуди паднале врз Вавилон на денот на Божјиот гнев. Земјата ја исполнила мерката на своето беззаконие; нејзиното време истекло; таа е зрела за уништување. {ГБ 653.3}

Кога Божјиот глас ќе го ослободи Неговиот народ од ропство, тогаш доаѓа до страшно будење кај оние што загубиле сè во големата борба на животот. Додека траело времето на милоста, тие биле заслепени од измамите на сатаната, оправдувајќи го својот живот во грев. Богатите се гордееле со својата супериорност над оние на коишто животот помалку им бил наклонет; но тие своето богатство го стекнале со кршење на Божјиот закон. Тие занемариле да ги нахранат гладните, да ги облечат голите, да постапуваат праведно и да го љубат милосрдието. Постојано настојувале да се воздигнат себе си и да добијат посебна почит од страна на своите ближни. Сега се лишени од сè што ги правело големи и стојат бедни и немоќни. Со страв гледаат како се уништуваат нивните идоли што им биле поважни отколку нивниот Творец. Тие своите души ги продале за земните богатства и уживања и не се труделе да се збогатат во Бога. Последица на сето тоа е промашен живот; нивните уживања се претворени во горчина, а нивното богатство во гнилеж. Целата животна печалба исчезнала во еден миг. Богатите го оплакуваат уништувањето на нивните раскошни домови и расфрлањето на нивното сребро и злато. Но нивното лелекање е замолкнато поради стравот дека и самите ќе загинат со своите идоли. {ГБ 653.4}

Грешниците се исполнети со жалење, но не поради грешното занемарување на своите должности кон Бога и кон ближните, туку затоа што Бог победил. Плачат поради настанатите последици, но тие не се каат поради своите гревови. Би употребиле секакво средство да победат, само кога би можеле. {ГБ 654.1}

Жителите на светот гледаат дека токму оние на кои им се подбивале и им се потсмевале и кои сакале да ги уништат, неповредени поминуваат низ епидемии, бури и земјотреси. Оној кој за престапниците на Својот закон е оган кој проголтува, за Својот народ е безбедно засолниште. {ГБ 654.2}

Проповедникот кој ја жртвувал вистината за да ја придобие наклоноста на луѓето, сега го согледува карактерот и влијанието на своето учење. Сега му е јасно дека го следело окото на Семожниот кога стоел на проповедалната, додека одел низ улиците и кога во разни животни околности и ситуации се мешал со луѓето. Секоја емоција на душата, секој напишан ред, секој изговорен збор, секоја негова постапка што ги натерала луѓето да најдат засолниште во лагата – сето тоа било посеано семе; а сега кај бедните, загубени души околу себе, тој ја гледа жетвата. {ГБ 654.3}

Господ рекол: „Лекувајќи ја лесномислено раната на ќерката на Мојот народ, велат: ’Мир, мир‘, а мир нема“. „Со лага го жалостите срцето на праведникот, кого Јас не сакам да го жалостам, и ги поддржувате рацете на грешникот, за да не се одврати од својот порочен пат, па не го зачува својот живот“ (Еремија 8:11; Езекиел 13:22). {ГБ 655.1}

„Тешко им на пастирите, што ги погубуваат и растураат овците на Моето стадо, вели Господ. Затоа… еве, Јас ќе ве казнам за вашите злосторства, вели Господ“. „Плачете пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото; зашто дојдоа деновите ваши, да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете како скапоцен сад. И не ќе има прибежиште за пастирите и спас за водачите на стадото“. (Еремија 23:1,2; 25:34,35). {ГБ 655.2}

Проповедниците и народот гледаат дека не одржувале вистинска врска со Бога. Тие согледуваат дека се бунеле против Творецот на сите добри и праведни закони. Отстранувањето на божествените прописи било повод за илјадници зла: раздор, омраза, беззаконие, сè додека земјата не станала една огромна сцена на судири, бездна на расипаност. Тоа е сликата што се појавува сега пред оние што ја отфрлиле вистината и ја избрале лагата. Ниту еден јазик не може да го изрази копнежот што сега го чувствуваат непослушните и неверните за она што го загубиле засекогаш – вечен живот. Луѓето кои светот ги обожувал заради нивните способности и нивната речитост сега го гледаат сето ова во вистинско светло. Сфаќаат што загубиле со престапот, и паѓајќи пред нозете на оние чијашто верност ја презирале и ја исмевале, признаваат дека Бог ги љубел. {ГБ 655.3}

Луѓето увидуваат дека биле измамени. Тие се обвинувале еден со друг дека ги довеле до уништување; но сите се соединуваат во најогорчена осуда на проповедниците. Неверните пастири пророкувале само мили работи. Тие ги навеле своите слушатели да го отфрлат Божјиот закон и да ги прогонуваат оние кои го сметале за свет. Сега, во својот очај, овие учители ја признаваат пред светот својата измама. Народот, исполнет со гнев, вика: „Ние сме загубени, а вие сте причина за нашата пропаст!” Тие се свртуваат против своите лажни пастири. Врз оние, на кои некогаш најмногу им се восхитувале, изговараат најстрашни клетви. Рацете што некогаш ги крунисале со почести, ќе се подигнат за да ги уништат. Мечевите со кои требало да се убие Божјиот народ, сега се употребени против неговите непријатели. Насекаде има борби и крвопролевање. {ГБ 655.4}

„Писок ќе одекнува по сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Тој ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ“ (Еремија 25:31). Шест илјади години трае големата борба. Божјиот Син и Неговите небесни гласници биле во судир со силите на злото за да ги предупредат, да ги просветлат и да ги спасат синовите човечки. Сега секој ја донел својата одлука; грешниците потполно се соединиле со сатаната во неговата борба против Бога. Настапило време Бог да го одбрани авторитетот на Својот погазен закон. Сега не се води борба само со сатаната, туку и со луѓето. „Господ им суди на сите народи“, „нечесните ќе ги предаде на меч“. {ГБ 656.1}

Знак на ослободување е поставен врз оние „што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите што се вршат“. Ангелот на смртта оди напред, прикажан во видението на Езекиел како луѓе со смртно оружје во раката, на кого му е заповедано: „старец, момче и девојка, дете и жена, бијте ги до смрт, но не гибајте ни еден од луѓето кои имаат знак, а почнете од моето светилиште“. Пророкот вели: „И тие почнаа од старешините што стоеја пред домот“ (Езекиел 9:1-6). Уништувањето започнува од оние што тврделе дека се духовни чувари на народот. Лажните стражари се првите кои паѓаат. Ангелот на смртта нема никого да сожали или да го поштеди. Мажи, жени, девојки и деца – сите ќе загинат. {ГБ 656.2}

„Зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени“. (Исаија 26:21). „А еве какво ќе биде поразувањето, со кое Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим – месото ќе им се распаѓа уште додека стојат на нозете свои, и очите ќе им скапуваат во длабнатините, и јазикот ќе им изгние во устата нивна. И во тој ден ќе завладее голем смут од Господ, така што еден друг ќе се фаќаат за раката своја и секој ќе ја подига раката своја против раката на ближниот свој“. (Захарија 14:12,13). Во таа ужасна борба на сопствените жестоки страсти и од страшното излевање на Божјиот непомешан гнев, паѓаат грешните жители на Земјата – свештеници, владетели и народ, богати и сиромаси, големи и мали. „А во оној ден ќе има погубени од Господ од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ниту прибрани, ниту погребани“ (Еремија 25:33). {ГБ 656.3}

При Христовото доаѓање грешниците ќе бидат избришани од лицето на целата земја – убиени со духот на Неговата уста и уништени со светлината на Неговата слава. Христос Својот народ ќе го поведе во Божјиот град и земјата ќе остане без своите жители. „Ете, Господ ја опустошува земјата и ја прави неплодна; ја изобличува и ги распрснува оние што живеат на неа“. „Земјата ќе опустоши до крај и целата ќе биде ограбена, зашто Господ го изрече тоа слово“. „И земјата е осквернета под жителите свои, зашто тие ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет. Затоа проклетство ја јаде земјата, а жителите нејзини трпат казна; затоа се намалени жителите земни, малку луѓе останаа“ (Исаија 24:1,3,5,6). {ГБ 657.1}

Цела земја се претвора во ненаселена пустина. На површината на земјата лежат расфрлени урнатини од градовите и селата разурнати од земјотреси, искорнати дрвја, карпи исфрлени од морето или одронети од планините, додека огромни бездни ги обележуваат местата каде што стоеле планините. {ГБ 657.2}

И сега се одвива настанот кој симболично бил претставен со последната свечена служба на Денот на помирувањето. Откако била завршена службата во светињата над светињите, а гревовите на Израел отстранети од неа со крвта на жртвата за грев, тогаш бил доведен јарецот жив пред Господа, и во присуство на народот, првосвештеникот ги исповедал над него „сите беззаконија на синовите израелски, и сите нивни престапи“ (Левит 16:21), и ги пренел врз главата на јарецот. Исто така, кога ќе заврши делото на помирување во небесното Светилиште, во присуство на Бога, на светите ангели и на мноштвото откупени, гревовите на Божјиот народ ќе бидат пренесени врз сатаната. Тој ќе биде прогласен за виновен за сите зла кои ги навел да ги извршат. И како што јарецот Азазелов бил одведен во пустина, така и сатаната ќе биде протеран на опустената земја, ненаселена и тмурна пустина. {ГБ 657.3}

Писателот на Откровението претскажувајќи го прогонството на сатаната како и состојбата на хаос и пустош во која ќе се наоѓа земјата, кажува дека оваа состојба ќе трае илјада години. По опишувањето на сцените на второто Христово доаѓање и уништувањето на грешниците, пророштвото продолжува: „Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време“. (Откровение 20:1-3). {ГБ 658.1}

Дека изразот „бездна“ ја означува земјата во состојба на безредие и мрак, потврдуваат и други стихови во Светото Писмо. Во врска со состојбата на Земјата „во почетокот“, библискиот извештај кажува дека таа „беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната“ (Создавање 1:2). Пророштвото најавува дека земјата, барем делумно, ќе се врати во таква состојба. Гледајќи го во визија големиот Божји ден, пророкот Еремија кажува: „Ја гледам земјата – и ете, таа е разорена и пуста, – небесата, и нема на нив светлина. Ги гледам горите – и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат. Гледам – и ете, нема човек и сите небески птици одлетале. Гледам – и ете, плодното поле е пустина, и сите негови градови се сосипани од лицето Господово, од јароста на гневот Негов“. (Еремија 4:23-26). {ГБ 658.2}

Тука ќе престојуваат сатаната и неговите зли ангели илјада години. Ограничен само на Земјата, тој ќе нема пристап до другите светови да ги искушава и да ги вознемирува оние што никогаш не згрешиле. Во оваа смисла тој е врзан; нема повеќе над кого да ја покажува својата моќ. Тој е целосно отсечен од делото на измама и пропаст, што со векови било негово единствено задоволство. {ГБ 659.1}

Пророкот Исаија, гледајќи напред во времето кога сатаната ќе биде соборен, извикува: „Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во срцето свое си велеше: ’Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди… ќе бидам рамен на Севишниот‘. Но ти си соборен во пеколот, во дното на јамата. Оние што ќе те видат, ќе се загледаат во тебе, ќе си речат за тебе: тоа ли е човекот, кој земјата ја разнишуваше и царства потресуваше, вселената во пустина ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини, робовите не ги пушташе по домовите нивни?“ (Исаија 14:12-17). {ГБ 659.2}

Шест илјади години земјата се тресела од буните на сатаната. Тој е оној кој „вселената во пустина ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини, “ Тој е оној кој „робовите не ги пушташе по домовите нивни“. Шест илјади години  во темница го држел Божјиот народ и тој засекогаш би го држел во ропство, но Христос ги скршил оковите на смртта и ги ослободил заробените. {ГБ 659.3}

Дури и грешниците сега се надвор од моќта на сатаната. Сам со своите демони, сатаната може да ги согледа последиците на проклетството што го донел гревот. „Сите царства на народите, сите почиваат со чест, секој во својата гробница; а ти си фрлен надвор од гробот како отпадок… како изгазен труп, нема да се соединиш со нив во гробот; зашто ти ја разори земјата своја, го уби народот свој“ (Исаија 14:18-20). {ГБ 660.1}

Илјада години сатаната ќе талка на опустената Земја, гледајќи ги последиците на својот бунт против Божјиот закон. За тоа време тој многу ќе страда. Од својот пад, неговиот живот, исполнет со постојана активност, не му давал време за размислување. Но сега, одземена му е силата и оставен е да размислува за улогата што ја имал откако првпат се побунил против владеењето на небото и со страв и трепет да гледа во страшната иднина кога ќе мора да плати за сето зло што го сторил и да биде казнет за сите гревови што ги предизвикал. {ГБ 660.2}

На Божјиот народ заробеништвото на сатаната ќе му донесе веселба и радост. Пророкот кажува: „Во оној ден, кога Господ те оттргна од скрбта твоја, од стравот и од тешкото ропство, под кое беше заробен, ти ќе запееш победничка песна против вавилонскиот цар (ова се однесува на сатаната) и ќе речеш: како исчезна мачителот и прекина тиранијата! Господ го скрши жезолот на нечесните, скиптарот на владетелите, кој јаросно ги поразуваше народите со бескрајни удари, гневно владееше над племињата свои со незадржливо прогонување“ (Исаија 14:3-6). {ГБ 660.3}

За време на овие илјада години, меѓу првото и второто воскресение, ќе им се суди на грешниците. Апостол Павле укажува на овој суд како на настан што се случува по второто Христово доаѓање. „Не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ, Кој ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата“ (1. Коринтјаните 4:5). Даниел кажува дека, кога ќе дојде Старецот, ќе им го даде судот „на светиите од Севишниот“ (Даниел 7:22). Во ова време праведниците ќе владеат како цареви и свештеници на Бога. Јован во Откровението кажува: „И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат… Ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години“ (Откровение 20:4,6). Во ова време, како што предвидел Павле, „светите ќе го судат светот“ (1. Коринтјаните 6:2). Заедно со Христа тие ќе им судат на грешниците споредувајќи ги нивните дела со Книгата на законот, со Библијата, и ќе го решат случајот на секој поединец според делата што ги направил во животот. Тогаш казната што мора да ја искусат грешниците ќе биде одмерена според нивните дела и запишана покрај нивното име во книгата на смртта. {ГБ 660.4}

Христос и Неговиот народ ќе им судат на сатаната и на неговите зли ангели. Павле кажува: „Не знаете ли дека ангели ќе судиме?“ (1. Коринтјаните 6:3) А апостол Јуда изјавува: „Ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден“ (Јуда 6). {ГБ 661.1}

По истекот на овие илјада години, ќе настапи второто воскресение. Тогаш грешниците ќе воскреснат од мртвите и ќе се појават пред Бога за „да го изврши над нив напишаниот суд“ (Псалм 149:9). Така писателот на Откровението, откако го опишал воскресението на праведниците, вели: „Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години“ (Откровение 20:5). А Исаија, за грешниците, изјавува: „Ќе бидат собрани и затворени во јама, затворени во темница и казнети по многу денови“ (Исаија 24:22). {ГБ 661.2}

Сподели го ова:

Слични објави