21 Отфрлена опомена

Сподели го ова:

Вилијам Милер и неговите соработници ја проповедаа науката за повторното Христово доаѓање со една цел: да ги поттикнат луѓето да се подготват за судот. Тие настојуваа приврзаниците на верата да ги потсетат на вистинската надеж на црквата и да им укажат на потребата од подлабоко христијанско искуство. Исто така настојуваа необратените да ги уверат дека нивна должност е неодложно да се покајат и да се преобратат кон Бога. „Не се обидуваа никого да го преобратат во некаква секта или верска група, па затоа работеа меѓу сите групи и секти, не мешајќи се во нивните организации и црковни прописи“. {ГБ 375.1}

,,Во сета моја работа“, кажува Милер, „никогаш не сакав и никогаш немав намера да создадам нов правец надвор од постојните цркви или на една од нив во било што да ѝ дадам предимство на сметка на друга. Имав намера на сите да им бидам од полза. Претпоставував дека сите христијани ќе се радуваат за надежта во скорешното Христово доаѓање и дека сите што не можеа да ја разберат оваа вистина, како што ја разбрав јас, нема помалку да ги сакаат другите што ќе ја прифатат оваа наука, и не помислував дека некогаш ќе има потреба од одвоени состаноци. Единствена моја цел беше луѓето да ги поврзам со Бога, на светот да му го објавам судот што доаѓа и моите ближни да ги поттикнам да извршат подготовка на срцата, што ќе им помогне во мир да го пречекаат својот Господ. Големо мноштво од оние што беа преобратени со мојот труд преминаа во другите цркви“ (Bliss, page 328). {ГБ 375.2}

Бидејќи Милер со својата работа ги утврдуваше црквите, извесно време на него гледаа со наклонетост. Но, кога проповедниците и верските водачи се свртеа против адвентната вест и решија да задушат секакво ширење на науката, ѝ се спротивставија не само од проповедална, туку на своите верници им забранија и да слушаат проповеди за второто доаѓање и на своите состаноци да зборуваат за оваа надеж. Така верниците се најдоа во тешка положба и беа збунети. Тие ги сакаа своите цркви и не сакаа да се одделат од нив. Но, кога видоа дека сведочењето на Божјото слово се потиснува и дека им се негира правото да ги истражуваат пророштвата, беа уверени дека верноста кон Бога е на прво место. Не можеа оние што го отфрлаа сведоштвото на Божјото слово да ги сметаат за Христова црква која е „столб и тврдина на вистината“. Затоа тие сметаа дека е оправдано да се одвојат од своите довчерашни цркви. Летото 1844. година околу педесет илјади членови ги напуштија своите цркви. {ГБ 376.1}

Во тоа време во повеќето цркви во Соединетите Држави се забележуваше значајна промена. Многу години наназад се забележуваше постепено и сѐ поголемо прилагодување кон световните обичаи и навики и поради тоа сѐ поголемо опаѓање на вистинскиот духовен живот. Но, таа година речиси во сите цркви во земјата се покажаа знаци на нагло и значајно опаѓање. Се чинеше дека никој не може да ја пронајде причината за оваа појава, но овој факт беше познат и за тоа се расправаше и во печатот и од проповедалната. {ГБ 376.2}

На собирот на проповедниците во Филаделфија, господинот Бернс, авторот на еден мошне познат библиски коментар и проповедник на една од водечките цркви во овој град „изјавил дека веќе дваесет години е во проповедничка служба и дека никогаш, до последниот обред на Господовата вечера, не поделил причест а да не прими во црквата поголем или помал број нови членови. Но, сега нема повеќе будење, нема преобраќање, меѓу верниците нема видливо растење во милоста и никој не доаѓа повеќе да разговара со него за спасението на својата душа. Со зголемувањето на бизнисите и со сѐ поголемиот процут на трговијата и индустријата, се појавува сѐ поголем пораст на световен дух. Така е кај сите верски заедници“ (Congregational Journal, May 23, 1844.). {ГБ 376.3}

Во февруари истата година, професорот Фини од колеџот во Оберлин, рекол: „Забележавме дека сите протестантски цркви во нашата земја се рамнодушни или дури непријателски расположени речиси кон сите морални реформи на нашето време. Има некои исклучоци, но не толку овој факт да не можеме да го сметаме како општ. Имаме уште еден друг факт што го докажува ова: речиси целосно отсуство на она влијание што ги оживува црквите. Сите ги проникнала духовна рамнодушност и таа е мошне длабока; тоа го потврдува и верскиот печат ширум нашата земја… Верниците на црквата во голема мера ја прифатиле модата, одат рака под рака со неверните на излети, на игранки и на други разни забави, итн… Но, да не зборуваме повеќе за овие мачни работи. Доста е што се напластуваат докази кои тешко нѐ товарат. Тоа покажува дека црквите жално се изопачиле. Тие многу се оддалечиле од Господа и Тој се повлекол од нив“. {ГБ 377.1}

Еден писател во познатото верско списание ,,Религиозен телескоп“, пишува: „Никогаш до сега не сме биле сведоци на такво општо верско опаѓање. Навистина, црквата треба да се разбуди и да ги испита причините за својата бедна состојба, зашто секој што го сака Сион, мора да утврди дека состојбата на црквата навистина е бедна. Кога мислиме за тоа колку се ретки случаите на вистинско преобратување, а од друга страна, кога ја гледаме неспоредливата безочност и окоравеност на грешниците, тогаш и не сакајќи мораме да извикнеме: ’Зарем Бог заборавил да биде милостив, или можеби вратата на милоста е затворена?‘“ {ГБ 377.2}

Причината за ваквата состојба лежи во самата црква. Духовната темнина што ги обвива народите, црквите и поединците, во никој случај не смее да му се припише на Господа, на некакво Негово самоволно лишување на луѓето од помошта на божествената милост, туку за тоа се виновни луѓето затоа што ја занемариле и ја отфрлиле божествената светлина. Добар пример за таа вистина ни дава историјата на Евреите во Христово време. Оддавајќи се на световни уживања и заборавајќи го Бога и Неговото слово, нивните сфаќања станале затемнети, а нивните срца телесни и сенилни. Затоа не знаеле ништо за Христовото доаѓање и во својата гордост и неверство го отфрлиле Избавителот. Но, и тогаш Бог уште не го лишил еврејскиот народ од познавањето на спасението и од учеството во Неговите благослови. Меѓутоа, оние што ја отфрлиле вистината, загубиле секаква желба за небесниот подарок. „Од мракот создале светлина, а од светлината мрак“, додека светлината што била во нив не станала темнина; а колку тешка била оваа темнина! (Матеј 6:23). {ГБ 377.3}

На сатаната му одговара луѓето на изглед да бидат побожни, а не да имаат и дух на жива, вистинска побожност. По отфрлањето на евангелието, Евреите ревносно продолжиле да ги извршуваат своите стари обреди. Строго ги чувале своите национални огради, додека најпосле и самите морале да признаат дека Бог не се појавува повеќе во нивната средина. Пророштвото на Даниел толку јасно упатувало на времето на доаѓањето на Месија и толку точно ја претскажало Неговата смрт, што еврејските свештеници ги одвраќале луѓето од проучувањето на ова пророштво. Најпосле рабините ги проколнале сите што се обидувале да го пресметаат времето на доаѓањето на Месијата. Илјада и деветстотини години израелскиот народ живее во слепило и непокајание, рамнодушен кон милостивите понуди на спасението и немарен за благословите на евангелието. Тоа е свечена и страшна опомена што предупредува на опасноста од отфрлање на небесната светлина. {ГБ 378.1}

Истите причини секогаш имаат исти последици. Оној што намерно го задушува чувството на својата должност затоа што тоа се коси со неговите склоности, на крајот воопшто нема да биде во состојба да ја разликува вистината од заблудата. Разумот слабее, совеста отапува, срцето се стврднува, а душата се одделува од Бога. Таму каде што се омаловажува и се презира веста на божествената вистина, црквата ќе биде обвиена во темнина; верата и љубовта се повеќе оладуваат и настанува отуѓеност и раздор. Членовите на црквата своите интереси и сили ги сосредоточуваат на световните работи, а грешниците стануваат уште потврди во своето непокајание. {ГБ 378.2}

Првата ангелска вест од Откровението 14. глава, која го објавува времето на Божјиот суд и ги повикува луѓето да му се поклонат на Бога, беше одредена да го оддели Божјиот народ од штетното влијание на светот и да го разбуди за да ја запознае својата вистинска состојба, состојбата на телесност и отпад. Во оваа вест Бог на цркватаи прати опомена, и да беше прифатена, таа ќе го отстранеше злото што ги одделуваше луѓето од Него. Да ја прифатеа небесната вест, да ги понизеа своите срца пред Господа и искрено да се приготвеа за да опстанат во Негова близина, меѓу нив ќе се манифестираше Духот и Божјата сила. Црквата пак, ќе ја постигнеше онаа благословена состојба на единство, вера и љубов, што постоеле во времето на апостолите кога сите верни имале „едно срце и една душа“, и кога „слободно го проповедаа словото Божјо“, и „Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво“ (Дела 4:32,31; 2:47). {ГБ 379.1}

Оние што тврдеа дека се Божји народ, да ја прифатеа светлината што ги осветлуваше од Божјото слово, ќе го постигнеа она единство за кое се молел Христос, а кое апостол Павле го опишува како „единство на Духот преку врските на мирот“. Тоа е, кажува тој, „едно тело и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера и едно крштение“ (Ефесјаните 4:3-5). {ГБ 379.2}

Такви благословени резултати доживеаја оние што ја примија адвентната вест. Тие дојдоа од разни верски заедници, но ги урнаа оградите што ги делеа и ги отстранија противречните верувања. Ја напуштија небиблиската надеж во земно илјадагодишно царство, ги исправија погрешните мислења за второто Христово доаѓање и ја отстранија гордоста и прилагодувањето кон светот. Неправдите беа надминати, срцата се соединија во најчиста братска заедница и завладеаја љубов и радост. Кога оваа наука го стори тоа за овие малку луѓе што ја прифатија, истото тоа таа ќе го стореше за сите христијани кога сите би ја прифатиле. {ГБ 379.3}

Но, повеќето цркви не ја прифатија оваа опомена. Нивните проповедници, како „чувари во домот Израелов“, први требаше да ги забележат знаците на Христовото доаѓање. Меѓутоа, тие не ја научија вистината ниту од сведоштвата на пророците ниту од знаците на времето. Бидејќи нивните срца беа исполнети со световен дух и со световни амбиции, љубовта кон Бога и верата во Неговото слово олади, и кога почна да се изнесува адвентната наука, таа кај нив разбуди само предрасуди и неверство. Фактот што оваа вест во поголем број случаи ја проповедаа обични членови на црквата беше истакнуван како доказ против неа. Како и некогаш, наспроти јасното сведоштво на Божјото слово, се поставуваше прашањето: „Поверува ли во Него некој од кнезовите фарисејски?“ Гледајќи дека е тешко да се негираат доказите до кои се дојде со проучување на пророчките времиња, ги одвраќаа другите од проучување на пророштвата и тврдеа дека пророчките книги се запечатени и дека не можат да се разберат. Мнозина, кои слепо им веруваа на своите духовни пастири, одбиваа да ја слушаат опомената; а други, иако осведочени во вистината, не се осмелија да ја признаат „за да не бидат исклучени од црквата“. Веста што ја прати Бог да ја испита и да ја исчисти црквата јасно откри колку голем беше бројот на оние што својата љубов му ја подариле на светот наместо на Христа. Врските што ги врзуваа за земјата беа посилни од оние што ги привлекуваа кон небото. Решија да го слушаат гласот на световната мудрост и се одвратија од веста на вистината која го испитува срцето. {ГБ 380.1}

Отфрлајќи ја опомената на првиот ангел, го отфрлија и средството што го предвидело небото за нивна духовна обнова. Го презреа гласникот на милоста кој можеше да ги отстрани пречките што ги делеа од Бога и со уште поголема желба се вратија на световните уживања. Тоа беше причината за онаа страшна состојба на световност, за отпадот и за духовната смрт што владееше во црквите во 1844. година. {ГБ 380.2}

Во Откровение 14. глава првиот ангел го следи друг кој објавува: „Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство“ (Откровение 14:8). Изразот ,,Вавилон“ доаѓа од зборот „вавел“, и означува конфузија. Овој израз се употребува во Светото Писмо да означи разни облици на лажни или отпаднати религии. Во Откровение 17. глава Вавилон е прикажан како жена – слика која се користи во Библијата како симбол на црква. Жената полна со доблести ја претставува чистата црква, а неморалната жена отпаднатата црква. {ГБ 381.1}

Во Библијата светиот и траен карактер на односот меѓу Христа и Неговата црква се прикажува со брачна врска. Господ Својот народ го соединил со Себе со свечен завет и ветил дека ќе биде негов Бог, а народот се обврзал дека ќе му припаѓа Нему и само Нему. Тој вели: „Ќе те свршам за Себе вечно, и ќе те свршам за Себе во правда и справедливост, во благослов и милосрдност“ (Осија 2:19). И повторува: „Јас сум ваш маж“ (Еремија 3:14). И Павле го употребува истиот израз во Новиот завет кога кажува: „Ве свршив за еден маж, за да ве претставам пред Христос како чиста девица” (2. Коринтјаните 11:2). {ГБ 381.2}

Неверството на црквата кон Христа се споредува со браколомство кое се јавува кога таа својата доверба и љубов ги пренасочува од Господа кон светот – кога нејзината душа ја проникнува љубов кон светот. Гревот на старозаветниот Израел во оддалечувањето од Господа е прикажан токму со таа илустрација. А Божјата прекрасна љубов што тој ја презрел, се изнесува трогателно со овие зборови: „Ти се заколнав и стапив во сојуз со тебе, вели Господ Бог, и ти стана Моја“. „И беше многу убава, за царица достојна. И се разнесе славата твоја меѓу народите поради твојата убавина Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите, зашто таа претставуваше полно совршенство со Мојот накит, со кој те искитив… Но ти се занесе од убавината своја, и користејќи се со славата своја, почна да блудствуваш, и живееше блудно со секој минувач, подавајќи му се“. „Но, навистина, како што жена вероломна го изневерува сопругот свој, така вероломно постапивте со Мене вие, доме Израелов, вели Господ“. „Но беше како неверна жена, која место својот маж, прибра туѓи мажи” (Езекиел 16:8,13-15; Еремија 3:20; Езекиел 16:32). {ГБ 381.3}

И во Новиот завет слични зборови им се упатени на христијаните кои повеќе се наклонети кон светот отколку кон Бога. Апостол Јаков вели: „Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли дека пријателството со овој свет е непријателство на Бога? Зашто, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога” (Јаков 4:4). {ГБ 382.1}

Жената (Вавилон) во Откровение 17. глава се прикажува како жена „облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, со драгоцени камења и бисери. Во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино. А на челото и беше напишано името: ’Тајна, великиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии‘“. Пророкот вели: „И ја видов жената како се опива со крвта на светиите и со крвта на сведоците Исусови“ (Откровение 17:4-6). Понатаму за Вавилон се кажува дека е „голем град кој царува над земните цареви“ (Откровение 17:18). Силата која многу векови деспотски господарела над христијанските владетели бил Рим. Пурпурот и црвеното, златото, скапоцените камења и бисерот, живо го прикажуваат сјајот и царскиот раскош со кој се гордеел Рим. Ниту за една друга власт не може со толкаво право да се каже дека е „пијана од крвта на светите“ како за онаа која толку свирепо ги прогонувала Христовите следбеници. Вавилон е виновен и за грев поради незаконски врски со „земните цареви“. Со оддалечувањето од Господа и со врската со многубошците, еврејската црква станала блудница; а Рим, кој и самиот на ист начин се расипал, барајќи поддршка од световните власти, добива иста осуда. {ГБ 382.2}

За Вавилон се вели дека е „мајка на блудниците“. Со симболот на нејзини ќерки мора да се прикажани оние цркви кои се придржуваат до нејзиното учење и традиции и нејзините преданија и го следат нејзиниот пример, зашто ја жртвуваат вистината и Божјата наклонетост за да стапат во незаконита врска со светот. Веста во Откровението 14. глава, што го објавува падот на Вавилон, мора да се однесува на верските заедници кои некогаш биле чисти, па се расипале. Бидејќи по оваа вест следи опомена за судот, значи дека таа мора да се објави во последните денови, и затоа не може да се однесува само на Римската црква, зашто таа веќе многу векови се наоѓа во падната состојба. Понатаму, во осумнаесеттата глава на Откровението Божјиот народ се повикува да излезе од Вавилон. Според овој текст на Светото Писмо, многу Божји деца уште се наоѓаат во Вавилон. Но во кои верски заедници се наоѓа денес поголемиот дел на Христовите следбеници? Без сомнение, во разни заедници што исповедаат протестантска вера. Во времето кога настанале, овие заедници имале исправен став кон Бога и кон Неговата вистина и врз нив почивал Негов благослов. Дури и неверниот свет морал да ги признае благотворните последици што ги носело прифаќањето на начелата на евангелието, како што му кажал пророкот на Израел: „И се разнесе славата твоја меѓу народите поради твојата убавина, зашто таа претставуваше полно совршенство со Мојот накит, со кој те искитив – вели Господ Бог“ (Езекиел 16:14). Но овие заедници паднале поради истите стремежи што му донеле на Израел проклетство и пропаст – поради стремежот да ги прифатат обичаите на неверниците и да се спријателат со нив. „Но ти се занесе од убавината своја, и користејќи се со славата своја, почна да блудствуваш” (Езекиел 16:15). {ГБ 382.3}

Многу протестантски цркви го следат примерот на Рим во недозволените врски со „земните цареви“. Државните цркви тоа го прават со своите односи кон световните власти, а другите верски заедници со тоа што бараат наклонетост од светот. Изразот Вавилон (конфузија) со право може да се примени на овие верски заедници, зашто сите тие тврдат дека своите учења ги темелат на Библијата, па сепак, се поделени во безброј секти, кои се мошне противречни во исповедањето на верата и во теориите. {ГБ 383.1}

Освен недозволените врски со светот, црквите што се одделиле од Рим покажуваат уште и други негови особини. {ГБ 383.2}

Едно римокатоличко дело тврди дека: „Ако Римската црква е виновна за идолопоклонство затоа што почитува светци, тогаш виновна е и нејзината ќерка, Англиканската црква, која десет храмови ѝ посветила на Марија, а само еден на Христа“ (Richard Challoner, The Catholic Christian Instructed, Preface, pages 21, 22). {ГБ 384.1}

Д-р Хопкинс во својата „Студија за илјадагодишното царство“ изјавува: „Немаме причина антихристијанскиот дух и неговите обичаи да ѝ ги припишеме само на онаа црква што сега се нарекува Римска црква. Протестантските цркви во себе имаат многу антихристијанско, и далеку се од тоа дека целосно се реформирани…, ослободени од расипаноста и од безбожноста“ (Samuel Hopkins, Works, vol. 2, p. 328). {ГБ 384.2}

Во врска со одделувањето на Презбитеријанската црква од Рим, др. Гатри пишува: „Пред триста години нашата црква ја напуштила вратата на Рим со отворена Библија на своето знаме и со девизата: ’Истражувајте го Писмото!‘“ Потоа, тој поставува значајно прашање: „Дали таа излегла чиста од Вавилон?“ (Thomas Guthrie, The Gospel in Ezekiel, page 237). {ГБ 384.3}

Сперџон кажува: „Се чини дека целата Англиканска црква е исполнета со учења за светите тајни; но тие што се одделиле од оваа црква изгледа дека исто така прифатиле многу од филозофското безверие. Оние од кои очекувавме нешто подобро, еден по еден ги напуштаат темелите на верата. Наполно сум осведочен дека самото срце на Англија е заразено со погубно неверство што сè уште се осмелува да се качува на проповедална и да се нарекува христијанство”. {ГБ 384.4}

Што било причина за големиот отпад? Како црквата во почетокот се оддалечила од едноставноста на евангелието? Таа се прилагодила кон обичаите на многубошците за да им го олесни прифаќањето на христијанството. Апостол Павле уште во тоа време изјавил: „Тајната на беззаконието веќе дејствува“ (2. Солунјаните 2:7). Додека биле живи апостолите, црквата била сразмерно чиста. Но „кон крајот на вториот век, повеќето цркви примиле нов облик. Исчезнала поранешната едноставност. Незабележано, кога изумреле старите ученици, дошле нивните деца и новообратеници… и настанала нова состојба“ (Robert Robinson, Ecclesiastical Researches, ch. 6, par. 17, p. 51). За да придобијат приврзаници, ги снижиле возвишените начела на христијанската вера, а како последица на тоа настапила „незнабожечка поплава која навлегла во црквата и со себе ги донела своите обичаи, церемонии и идоли“ (Gavazzi, Lectures, page 278). Кога христијанската религија си обезбедила наклонетост и поддршка од страна на световните владетели, таа со зборови била масовно прифатена; но иако според надворешноста биле христијани, „мнозина всушност останале многубошци, почитувајќи ги тајно своите идоли“ (Исто, page 278). {ГБ 384.5}

Зарем истиот процес не се повторувал речиси во секоја црква што се вика протестантска? Кога умреле нејзините основачи, кои биле проникнати со вистински дух на реформа, дошле нивните наследници и сѐ добило нов изглед. Држејќи се слепо за верувањето на своите татковци и одбивајќи да прифатат било која нова вистина надвор од реформацијата, следбениците на реформаторите отишле далеку од примерот на предците во понизноста, во самопрегорот и во самооткажувањето од светот. Така „исчезнала првобитната едноставност“. Црквата ја поплавил световен бран кој „со себе ги донел своите обичаи, церемонии и идоли”. {ГБ 385.1}

Леле, до колку страшен степен пријателството кон светот, кое претставува „непријателство кон Бога” денес се негува меѓу таканаречените Христови следбеници. Колку многу популарните цркви во христијанскиот свет се оддалечиле од библискиот стандард на понизност, од самоодрекувањето, од едноставноста и побожноста! Зборувајќи за вистинската употреба на парите, Џон Весли рекол: „Не трошете ниту малку од тој толку драгоцен дар за да ја задоволите желбата за излишна и скапоцена облека или за непотребно украсување, за вештачка декорација на вашите домови, за излишна и скапоцена покуќнина или непотребна декорација… Не трошете ништо на суетниот живот за да предизвикате восхит и да го привлечете вниманието на луѓето… Додека ти е добро, луѓето за тебе ќе зборуваат добро. Додека се облекуваш во пурпур и во скапоцена облека и живееш секој ден во изобилство, без сомнение, мнозина ќе го воспеваат твојот вкус, твојата дарежливост и твоето гостопримство, но немој да ја плаќаш толку скапо нивната наклонетост; подобро е да се задоволиш со честа што доаѓа од Бога“ (Wesley, Works, Sermon 50, “The Use of Money)”. Меѓутоа, во многу цркви на нашето време нема ниту трага од такво учење. {ГБ 385.2}

Да се припаѓа на една вероисповед во светот станало нешто вообичаено. Владетелите, политичарите, правниците, лекарите, трговците – сите стануваат членови на некоја црква за на тој начин да си обезбедат почит и доверба од општеството и да бидат поуспешни во своите работи. Така, тие се обидуваат своите неправедни работи да ги покријат со наметка на христијанската вероисповед. Разни верски заедници, засилени со богатството и со влијанието на овие покрстени световни луѓе, можеле уште повеќе да стекнат популарност и поголем број покровители. Во најубавите улици подигнати се величествени цркви, раскошно украсени. Верниците што доаѓаат на богослуженијата се облекуваат според модата и во скапоцени облеки. На надарените проповедници им се дава голема плата да го забавуваат и да го привлекуваат народот. Нивните проповеди не смеат да ги жигосаат народните гревови туку мораат да бидат мили за нивните уши и убаво да звучат. Така во црковните книги се запишувани угледни грешници, а омилените гревови се покриваат со наметка на побожноста. {ГБ 386.1}

Еден познат весник, зборувајќи за сегашниот однос на американските христијани кон светот, пишува: „Црквата незабележано го прифатила духот на времето и своите богослуженија ги прилагодила кон современите барања. Навистина, црквата сега употребува како свое орудие сѐ што може верата да ја направи привлечна“. Еден писател во њујоршкиот весник „Индепендент“ за денешниот методизам го пишува следното: „Сѐ повеќе се губи границата што ги разделува побожните од безбожните, а ревните луѓе од обете страни се трудат сосема да ја избришат разликата помеѓу своите постапки и забави… Популарноста на религијата придонела многу да се зголеми бројот на оние што сакаат да ги уживаат нејзините благослови, но не и често да ги исполнуваат своите должности”. {ГБ 386.2}

Хауард Крозби вели: „Многу нѐ загрижува тоа што христијанската црква толку малку ги исполнува Господовите намери. Како некогаш Евреите што се одвратиле од Бога поради пријателските врски со идолопоклониците… така и денешната Христова црква го напушта вистинскиот, божествен живот, поради не дозволените врски со неверниот свет, образложувајќи го тоа со докази и заклучоци кои се потполно туѓи на Божјото откровение и спротивни на секое растење во милоста“ (The Healthy Christian: An Appeal to the Church, pages 141, 142). {ГБ 387.1}

Во оваа поплава на световно влијание и желба за уживање речиси сосем исчезнало самооткажувањето и самопожртвувањето заради Христа. „Некои луѓе, кои сега работат во нашите цркви, како деца биле поучувани да се жртвуваат за да бидат способни нешто да дадат и да сторат за Христа. Но сега, во случај да нема средства… од никого не се бара нешто да даде. О не! Приредете журка, лотарија, шеговита вечер, банкет, или што било, само народот да се забавува”. {ГБ 387.2}

Гувернерот на Винсконсин Вошберн во својот годишен проглас на 9. јануари 1873. година изјавил: „Се чини дека се неопходни закони за да се укинат училиштата што создаваат коцкари. Тие се наоѓаат насекаде. Дури и црквата (без сомнение несвесно) понекогаш го врши ова сатанско дело. Се организираат приредби со подароци, со доброволни лотарии и со разни извлекувања, често во религиозни и добротворни цели, но мошне малку корисни. Лотаријата, пакетите и слично, ја постигнуваат целта да се дојде до пари, а да не се даде противвредност. Ништо не е толку опасно за моралот и толку отровно, особено за младината, отколку да се стекнуваат пари и имот без труд. Кога угледни лица се занимаваат со лотарија, а нивната совест се умирува со тоа што тие пари одат во добротворни цели, тогаш не треба да се чудиме што младината станува роб на опасни навики кои возбудливата игра на среќа речиси кај секого ги предизвикува”. {ГБ 387.3}

Сите христијански цркви се проникнати со дух на прилагодување кон светот. Роберт Ејткинс, во едно предавање, одржано во Лондон, ја прикажал темната слика на духовното опаѓање што се забележува во Англија. Тој рекол: „Сѐ помалку има вистински праведници на земјата, а на тоа никој не обрнува внимание. Денешните приврзаници на религијата во секоја црква го љубат светот, се однесуваат световно, сакаат лична удобност и се стремат кон углед. Тие се повикани да трпат за Христа, но се плашат од секој прекор. Отпад, отпад, отпад – напишано е на челото на секоја црква. Кога тие би го знаеле тоа и кога би можеле да го чувствуваат, уште би имало надеж; но, леле! Тие велат: ’Богати сме и се збогативме и не чувствуваме никаков недостиг!‘“ (Second Advent Library, tract No. 39). {ГБ 388.1}

Големиот грев што го товари Вавилон е тоа што „со отровното вино на својот блуд ги напои сите народи“. Оваа опојна чаша што оваа отпадната црква ја нуди на светот, го претставува лажното учење што таа го присвоила како последица на својата незаконска врска со земните цареви. Пријателството со светот ја расипало нејзината вера и таа врши штетно влијание врз светот, ширејќи учења што се спротивни на јасното учење на Светото Писмо. {ГБ 388.2}

Рим на народот му ја одзел Библијата и од секого барал да ја прими неговата наука наместо науката на Светото Писмо. Задача на реформацијата била на човештвото да му го врати Божјото слово. Но, зарем не е вистина дека црквите на нашето време проповедаат – човекот својата вера мора да ја засновува повеќе на вероисповедта и на догмите на својата црква отколку на Светото Писмо? Карл Бичер ни вели за протестантските цркви: „Тие се плашат од секој остар збор против нивната вероисповед со иста чувствителност што ја покажувале и светите отци поради острите зборови против почитувањето на светците и мачениците што тие ги поддржувале… Протестантските евангелистички заедници така си ги врзале рацете една на друга, а и

самите себеси, што кај нив никој не може да биде проповедник а да не прифати и по некоја друга книга освен Библијата… Нема претерување кога ќе се каже дека застапниците на догмите во протестантските редови почнуваат да ја забрануваат Библијата како што го правел тоа Рим, само на многу полукав начин“ (Sermon on “The Bible a Sufficient Creed,” delivered at Fort Wayne, Indiana, Feb. 22, 1846). {ГБ 388.3}

Кога Божјото слово го толкуваат верни учители, тогаш се подигаат учени луѓе, проповедници по занимање, кои тврдат дека го разбираат Светото Писмо, здравата наука ја нарекуваат кривоверство и на овој начин ги одвраќаат од вистината оние што искрено ја бараат. Кога светот не би бил толку безнадежно опиен со отровното вино на Вавилон, јасните вистини на Божјото слово кои можат да го трогнат срцето би осведочиле и би обратиле мнозина. Но, на подрачјето на верата владее таква конфузија и неслога, што народот не знае повеќе што да верува како вистина. Одговорноста за непокајаноста на светот лежи врз црквата. {ГБ 389.1}

Втората ангелска вест од Откровение 14. глава првпат се проповедаше летото во 1844. година и истата се однесуваше особено на црквите во Соединетите Држави каде што опомената за судот најмногу се објавуваше и главно беше отфрлена и каде што опаѓањето на црквата беше најбрзо. Но, веста на вториот ангел не се исполни целосно во 1844. година. Тогаш црквите што се противеа да ја прифатат светлината на адвентната вест доживеаја морален пад, но сепак, тој пад не беше целосен. Бидејќи тие продолжија да ги отфрлаат посебните вистини одредени за тоа време, паѓаа сѐ подлабоко. Сепак, уште не можеше да се каже: „Падна големиот Вавилон… зошто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство“. Вавилон уште не ги опил сите народи. Духот на прилагодување кон светот и на рамнодушност кон вистините кои претставуваат проверка на верноста за нашето време постои и се прошири во протестантските цркви во сите христијански земји; и сите тие цркви се опфатени со свеченото и страшно обвинување на вториот ангел. Но делото на отпадот сѐ уште не го достигнал својот врв. {ГБ 389.2}

Библијата ни кажува дека пред Господовото доаѓање сатаната ќе дејствува „со секаква сила и знаци и лажни чудеса и со секакво неправедно измамување“; и оние што „не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле“, ќе ги прифатат сите измами и ќе ѝ веруваат на лагата (2. Солунјаните 2:9-11). Дури кога ќе настапи ваква состојба и кога во целото христијанство ќе се постигне обединување на црквата со светот, тогаш падот на Вавилон ќе биде целосен. Промената ќе настанува постепено, а пророштвото од Откровение 14:8 целосно ќе се исполни во иднина. {ГБ 389.3}

И покрај духовната темнина и отстапувањето од Бога во црквите што го сочинуваат Вавилон, мнозинството вистински Христови следбеници сè уште се наоѓаат во тие верски заедници. Меѓу нив има многу такви кои никогаш не слушнале за посебните вистини за нашето време. Мнозина се незадоволни со својата сегашна состојба и копнеат за појасна светлина. Тие напразно го бараат Христовиот лик во црквите во кои се наоѓаат. Бидејќи овие верски заедници сѐ повеќе се оддалечуваат од вистината и се соединуваат со светот, разликата меѓу овие две групи ќе станува сѐ поочигледна, и најпосле ќе дојде до нивно одделување. Ќе дојде време кога оние што го љубат Бога повеќе од сѐ не ќе можат и понатаму да останат поврзани со оние кои се „повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле” (2. Тимотеј 3:4,5). {ГБ 390.1}

Откровение 18. глава укажува на времето кога црквата, затоа што ќе ја отфрли тројната опомена од Откровение 14:6-12, во целост ќе ја достигне состојбата што ја изнел вториот ангел, а Божјиот народ, кој сè уште е во Вавилон, ќе биде повикан да излезе од своите цркви. Ова е последна вест што ќе му биде објавена на светот и таа ќе ја изврши својата задача. Кога оние „кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“ (2. Солунјаните 2:12), ќе бидат предадени на силата на измамата да ѝ веруваат на лагата, тогаш светлината на вистината ќе ги осветли оние чиишто срца се подготвени да ја примат, и сите Божји деца што се наоѓаат во Вавилон ќе го прифатат повикот: „Излезете од неа, народе Мој!” (Откровение 18:4). {ГБ 390.2}

Сподели го ова:

Слични објави