40 Божјиот народ ослободен

Сподели го ова:

Кога оние што ги почитуваат Божјите заповеди ќе бидат лишени од заштитата на човечките закони, тогаш во разни земји истовремено ќе се појави движење за нивно уништување. Кога ќе наближи времето одредено во декретот, луѓето ќе направат заговор да ја истребат оваа омразена секта. Ќе решат во една ноќ да извршат одлучувачки удар кој засекогаш ќе го замолкне гласот на несогласување и прекор. {ГБ 635.1}

Божјиот народ – некои во затворски ќелии, а други скриени во осамените засолништа по шумите и планините – сè уште се моли за Божја заштита, додека насекаде групи вооружени луѓе, поттикнувани од страна на злите ангели, се подготвуваат за смртоносното дело. И токму сега, во часот на најголема опасност, ќе се вмеша Израеловиот Бог да ги избави Своите избраници. Господ рекол: „А кај вас ќе има песни, како во празнични ноќи, и веселба во срцето, како кај оној што оди… кон карпата Израелова. И ќе загрми Господ со Својот величествен глас и ќе им го покаже замавот на Својата рака со силен гнев и со пламен огнен, кој сè проголтува, во бура, во силен дожд и во град“ (Исаија 30:29,30). {ГБ 635.2}

Со извици на триумф, исмевање и клетви, толпата на зли луѓе се упатува да се нафрли врз својот плен; но, на земјата паѓа густ мрак, погуст од најтемната ноќ. Тогаш над целото небо, како отсјај на славата која блескоти од Божјиот престол, се појавува виножито, оставајќи впечаток како да ја опкружува секоја група на верници затечени на молитва. Наеднаш разбеснетите толпи запираат. Нивните подбивни извици замолкнуваат. Предметот на нивниот убиствен бес е заборавен. Со страшно претчувство тие гледаат во симболот на Божјиот завет и сакаат што побргу да се сокријат од Неговиот силен сјај. {ГБ 635.3}

Божјиот народ слуша јасен, мелодичен глас, кој кажува: „Погледнете нагоре“, и подигајќи ги очите кон небото, тие го гледаат виножитото на ветувањето. Црните, заканувачки облаци, што го прекриваат небесниот свод се разделуваат, и како некогаш Стефан, тие без здив гледаат во небото и ја посматраат Божјата слава и Синот човечки како седи на Својот престол. На Неговата божествена појава тие забележуваат траги од Неговото понижување, а од Неговите усни ја слушаат молбата што му ја упатува на Својот Отец пред светите ангели: „Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас“ (Јован 17:24). Повторно се слуша мелодичен, триумфален глас, кој зборува: „Тие доаѓаат! Тие доаѓаат! Свети, невини и чисти. Тие ја одржаа речта на Моето трпение; тие ќе живеат меѓу ангелите“, а бледите и треперливи усни на оние кои цврсто се придржувале кон својата вера се оттргнува извик на победа.  {ГБ 636.1}

Точно е полноќ кога Бог ја открива Својата моќ да го ослободи Својот народ. Сонцето се појавува во својот целосен сјај. Бргу и последователно се редат знаци и чуда. Грешниците со страв и ужас ги гледаат овие сцени, а праведниците со свечена радост ги посматраат знаците на своето ослободување. Во природата се чини дека сè излегло надвор од својот нормален тек. Реките престануваат да течат. Темни, тешки облаци се појавуваа и се судираат едни со други. Среде гневното небо се гледа едно место на неопислива слава од каде што доаѓа Божјиот глас како звук на многу води, изјавувајќи: „Се сврши!“ (Откровение 16:17). {ГБ 636.2}

Овој глас ги потресува небесата и земјата. Настанува силен земјотрес, „таков голем и силен потрес, каков што немало откако има луѓе на земјата“ (Откровение 16:17,18). Се чини дека небото се отвора и затвора. Од Божјиот престол можат да се видат зраците на славата. Планините се тресат како трска на ветер, а на сите страни паѓаат одронети карпи. Се слуша татнеж на бура што доаѓа. Морето удира бесно. Се слуша завивање на ураган како глас на демони кога тргнуваат во поход да уништуваат. Сета Земја се подига и се набира како морски бранови. Нејзината површина пука. Се чини дека нејзините темели попуштаат. Тонат планински венци. Исчезнуваат населени острови. Морските пристаништа кои по злото станале како Содом, исчезнуваат во разбеснетите води. Големиот Вавилон се споменува пред Бога „за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев“ (Откровение 16:19). Град „голем како талант“ го довршува ова уништување (стих 21). Најграндиозните градови на земјата стануваат купишта урнатини. Раскошните палати, на кои световните големци го расфрлале своето богатство за да се прослават, се распаѓаат пред нивните очи. Ѕидовите на затворите се уриваат, а Божјиот народ, кој се држи во ропство поради својата вера, се ослободува. {ГБ 636.3}

Гробовите се отвораат „и многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат – едни за живот вечен, а други за вечен срам“ (Даниел 12:2). Сите што умреле со вера во третата ангелска вест излегуваат прославени од своите гробови да го слушнат заветот на Божјиот мир заедно со оние што го држат Неговиот закон. „И оние што Го прободоа“ (Откровение 1:7), како и оние што му се потсмевале на Христа во Неговите претсмртни маки, и најогорчените противници на Неговата вистина и на Неговиот народ, стануваат да Го видат во Неговата слава и да ги посматраат почестите што ќе им се дадат на верните и послушните. {ГБ 637.1}

Густите облаци сѐ уште го покриваат небото, но понекаде се пробива сонцето слично на одмаздничкото око на Јехова. Жестоки молњи го пробиваат небото, обвиткувајќи ја земјата во пламен. Посилно од татнежите на громовите се слушаат таинствени и страшни гласови, најавувајќи ја судбината на грешниците. Сите нема да ги разберат изговорените зборови, но лажните учители добро ќе ги разберат. Оние кои до пред малку беа толку безгрижни, фалбаџии и пркосни, кои ликуваа во својата свирепост кон народот кој ги држи Божјите заповеди, сега се збунети и треперат од страв. Нивното лелекање ја надвикува бучавата на ослободените стихии на природата. Демоните го признаваат Христовото божество и се тресат пред Неговата сила, додека луѓето преколнуваат за милост и од страв ползат по правот. {ГБ 637.2}

Гледајќи го во визија Господовиот ден, старите пророци извикувале: „Липајте, зашто денот Господов е близу, иде како разурнувачка сила од Семоќниот“ (Исаија 13:6). „Влези во пештерата и сокриј се во земјата од страв пред Господ и од славата на Неговото величие. Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господ Саваот против сè што е гордо и надуено и против сè што е превознесено, и тоа ќе биде понизено“. „Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се поклонува, за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата“. (Исаија 2:10-12,20,21).  {ГБ 638.1}

Низ пукнатина во облаците блескоти ѕвезда чијшто сјај е четирикратно посилен поради темнината што ја опкружува. Таа на верните им најавува надеж и радост, а на престапниците на Божјиот закон суровост и гнев. Оние што жртвувале сè за Христа, сега се сигурни, скриени како во скривница во Господовиот шатор. Тие се проверени, и пред светот и пред противниците на вистината ја докажале својата верност кон Оној кој умрел за нив. Каква чудесна промена се случи кај оние кои, и покрај тоа што се соочија со смртта, останаа верни на своето убедување. Тие одеднаш се ослободуваат од мрачната и страшната тиранија на луѓето претворени во демони. Нивните лица, до пред малку бледи, загрижени и преплашени, сега се озарени од восхит, вера и љубов. Нивните гласови се издигаат во триумфална песна: „Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја. Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша, и горите да се срушат во срцето морско. И ако бучат и се креваат водите нивни, и да се тресат горите од жестината нивна“ (Псалм 46:1-3). {ГБ 638.2}

Додека овие зборови на света доверба се издигнуваат кон Бога, облаците се разидуваат и се покажува ѕвезденото небо со неопислива убавина во спротивност со мрачниот и гневен свод на двете страни. Низ полуотворената врата блеска славата на небесниот град. Тогаш на небото се појавува рака која држи две камени плочи составени заедно. Пророкот кажува: „И небесата ќе ја огласат Неговата праведност, зашто Бог е судија“ (Псалм 50:6). Овој свет Закон, Божјата правда, кој е објавен на Синај среде грмотевици и пламен за да биде водич во животот, сега на луѓето им се открива како мерило на суд. Раката ги отвора плочите и се гледаат прописите на Десетте заповеди, како да се напишани со пламено перо. Зборовите се толку јасни, што секој може да ги прочита. Се буди сеќавањето, од секое срце исчезнува мракот на суеверието и ересот, а десетте кратки, разбирливи, и авторитативни Божји зборови, јасно им се предочени на сите жители на земјата. {ГБ 639.1}

Невозможно е да се опише ужасот и очајот на оние што ги газеле светите Божји прописи. Господ им го дал Својот закон и тие можеле со него да го споредат својот карактер и да ги запознаат своите недостатоци додека имало можност за покајание и поправање. Но тие, за да стекнат наклоност на светот, ги отфрлиле Неговите прописи и ги учеле и другите да ги кршат. Тие се обиделе да го присилат Божјиот народ да ја оскверни саботата. Сега тие се осудени со оној закон кој го презреле. Со страшна јасност увидуваат дека немаат никаков изговор. Самите избрале на кого ќе му служат и на кого ќе му се поклонуваат. „И тогаш ќе се обратите и ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи“. (Малахија 3:18). {ГБ 639.2}

Непријателите на Божјиот закон, од проповедниците па сè до најмалиот меѓу нив, сега имаат нова концепција за вистината и должноста. Премногу доцна увидуваат дека саботата од четвртата заповед е печат на живиот Бог. Премногу доцна ја увидуваат вистинската природа на својата лажна сабота и за песочниот темел на кого ѕидале. Сега им станува јасно дека всушност се бореле против Бога. Верските учители душите ги воделе во пропаст, додека тврделе дека ги водат до портите на рајот. Дури на денот на конечната пресметка ќе можат да сфатат колку е голема одговорноста на луѓето кои се во света служба и колку се страшни последиците на нивната неверност. Само во вечноста ќе можеме правилно да ја процениме загубата на една единствена душа. Страшна ќе биде судбината на оној на кого Господ ќе му каже: „Оди од Мене, зол слуго“! {ГБ 640.1}

Од небото се слуша Божјиот глас, како го објавува денот и часот на Исусовото доаѓање и го прогласува вечниот завет со Својот народ. Како тресок од најгласна грмотевица, Неговите зборови се шират низ земјата. Божјиот Израел стои и слуша со очи насочени нагоре. Нивните лица се осветлени со Неговата слава и блескаат како лицето на Мојсеј кога слегувал од Синај. Грешниците не можат да гледаат во нив. И кога ќе биде изречен благослов над оние кои го почитувале Бога држејќи ја Неговата света сабота, се слуша силен извик на победа. {ГБ 640.2}

Наскоро на исток се појавува мал темен облак, со големина на половина човечка дланка. Тоа е облак кој го опкружува Спасителот и кој оддалеку изгледа како да е обвиткан во мрак. Божјиот народ знае дека тоа е знакот на Синот човечки и во свечена тишина тие внимателно гледаат како тој се приближува кон земјата и станува сè посветол и повеличествен, додека не прерасне во голем бел облак, чијашто основа личи на оган кој проголтува, а над него се надвива виножитото на заветот. Исус оди напред како моќен победник. Тој сега не доаѓа како „човек на болки“ (Исаија 53:3), да ја пие горчливата чаша на срам и јад, туку како победник на небото и на земјата, да им суди на живите и мртвите. „Тој се вика Верен и Вистинит; и Тој праведно суди и војува“. „А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи“ (Откровение 19:11.14). Со мелодии на небесни химни, светите ангели, огромно и безбројно мноштво, го придружуваат на Неговиот пат. Небесниот свод изгледа како да е преполн со блескави суштества, „десет илјади по десет илјади, и илјада илјади“. Ниту едно човечко перо не може да ја опише оваа сцена; ниту еден ум на смртен човек не е способен да го сфати тој сјај. „Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот Му е како сончева светлина“ (Авакум 3:3,4). Бидејќи живиот облак се приближува, секое око го гледа Кнезот на животот. Неговата света глава не ја нагрдува веќе трнов венец; на Неговото свето чело почива славен венец. Неговото лице свети посилно од заслепувачкиот сјај на пладневното сонце. „На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: ’Цар над царевите‘ и ’Господар над господарите‘“ (Откровение 19:16). {ГБ 640.3}

Пред Неговата појава „лицата на сите им се бледи“. Оние што ја отфрлиле Божјата милост ги обзема страв на вечен очај. „Срцата се топат, колената треперат;… а лицата им се пребледени“ (Еремија 30:6; Наум 2:10). Праведниците извикуваат тресејќи се: „Кој може да опстане?“ Песната на ангелите престанува и настанува период на ужасна тишина. Тогаш се слуша Исусовиот глас кој вели: „Доста ти е Мојата благодат“ (2. Коринтјаните 12:9). Лицата на праведниците се осветлени и секое срце се исполнува со радост, а ангелите повторно сè посилно почнуваат да пеат, како што се приближуваат кон Земјата. {ГБ 641.1}

Царот над царевите слегува на облак, опкружен со огнен пламен. Небесата се виткаат како свиток, земјата се тресе пред Него, а сите гори и острови се поместуваат од своите места. „Доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура. Тој ќе ги повика небото горе и Земјата, за да му суди на Својот народ“ (Псалм 50:3-4). {ГБ 641.2}

„И царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари, велејќи им на планините и на карпите: ’Паднете врз нас и скријте нè од лицето на Оној Кој седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да опстане?‘“ (Откровение 6:15-17). {ГБ 642.1}

Погрдните потсмевања престанаа. Замолкнуваат усните што лажеле. Замолкнува ѕвекотот на оружјето, борбениот вик; „облеката извалкана од крв ќе изгори“ (Исаија 9:5). Сега не се слуша ништо, освен гласот на молитвата и звукот на плачење и тажење. Од усните на оние кои пред малку се подбиваа им се испушта извикот: „Дојде големиот ден на Неговиот гнев и кој може да опстане?“ Грешниците повеќе сакаат да паднат врз нив горските карпи отколку да се сретнат лице в лице со Оној што го презреле и отфрлиле. {ГБ 642.2}

Тие го познаваат тој глас кој продира до ушите на мртвите. Колку често со Својот тажен, нежен глас ги повикувал на покајание. Колку често го слушнале гласот на Спасителот во трогателните молби на пријателот и братот! За оние што ја отфрлиле Неговата милост, ниту еден друг глас не може да биде толку полн со осуда и толку тежок во пресудата, како оној кој толку долго ги преколнувал: „Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате“ (Езекиел 33:11). О, кога тоа за нив би бил глас на туѓинец! Исус кажува: „Јас викав, а вие не послушавте; ја протегав својата рака, но никој не ја забележа; вие ги отфрливте моите совети, не внимававте кога ве изобличував“ (Изреки 1:24,25). Овој глас ги буди сеќавањата кои тие сега со задоволство би сакале да ги избришат – презрените опомени, одбиените повици и занемарените предности. {ГБ 642.3}

Тука се оние кои му се подбивале на Христа во Неговото понижување. Со неодолива сила на ум им доаѓаат зборовите на Маченикот, кога на заколнувањето на Првосвештеникот свечено изјавил: „Отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци“ (Матеј 26:64). Сега Го гледаат во Неговата слава, и допрва ќе Го видат „како седи од десната страна на Силата“ (Марко 14:62). {ГБ 643.1}

Оние што се потсмевале на Неговите зборови дека е Божји Син, сега се без зборови. Тука е горделивиот Ирод кој се потсмевал на Неговата царска титула и им заповедал на војниците, кои му се подбивале, да го крунисаат како цар. Тука се истите оние луѓе кои со своите безбожни раце Го облекле во пурпурна облека, кои ставиле на Неговото свето чело трнов венец, а во Неговата рака подбивен жезол и се поклонувале пред Него со богохулни зборови. Луѓето што го удирале и го плукале Кнезот на животот, сега се кријат од Неговиот продорен поглед и сакаат да побегнат од големата слава на Неговото присуство. Оние што ги приковале Неговите раце и нозе со клинови и војникот што ги пробол Неговите ребра, овие рани ги гледаат со страв и со грижа на совест. {ГБ 643.2}

Со ужасна јасност свештениците и старешините се сеќаваат за настаните на Голгота. Со згрозување и со ужас се сеќаваат како со сатанско ликување вртеле со главите и Му довикувале: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Јудејски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова“ (Матеј 27:42,43). {ГБ 643.3}

Живо се сеќаваат на параболата на Спасителот за лозарите, кои одбиле да му го предадат на својот господар плодот на лозјето, кои сурово постапувале со неговите слуги и го убиле неговиот син. Тие исто така се сеќаваат и на зборовите што самите ги изговориле: Господарот на лозјето „злосторниците ќе ги погуби“ (Матеј 21:41). Во гревот и казната на тие неверни луѓе, свештениците и старешините ја гледаат својата сопствена постапка и својата праведна осуда. И сега се издига крик на смртна агонија. Погласно од извикот: „Распни Го! Распни Го!“, кој одѕвонувал низ улиците на Ерусалим, одекнува страшен и очаен лелек: „Тој е Син Божји! Тој е вистински Месија!“ Тие се обидуваат да побегнат од присуството на Царот над царевите. Напразно се обидуваат да се скријат во длабоките пештери на земјата формирани како резултат на нарушувањата на стихиите во природата. {ГБ 643.4}

Во животот на сите оние кои ја отфрлаат вистината, постојат моменти кога совеста се буди, кога сеќавањето ги изнесува на виделина мачните спомени за лицемерниот живот, а душата ја мачи залудно каење. Но, што е сето тоа во споредба со грижата на совеста во оној ден кога „ќе ве нападне ужас како бура, и зло како виор ќе мине над вас, кога ќе ве снајде неволја и мака“ (Изреки 1:27). Оние што решиле да го убијат Христа и Неговиот верен народ, сега ја гледаат славата што ги опкружува. Среде ужасот тие ги слушаат радосните извици на светиите кои извикуваат: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нè спаси!“ (Исаија 25:9).  {ГБ 644.1}

Среде лулањето на земјата, блесокот на молњите и татнежот на громовите, гласот на Божјиот Син ги повикува светите што спијат. Тој гледа кон гробовите на праведниците и тогаш, подигајќи ги рацете кон небото, извикнува: „Разбудете се, разбудете се, разбудете се, вие, што спиете во правот и станете!“ По целата должина и ширина на земјата, мртвите ќе го слушнат овој глас и, оние што ќе го чујат, ќе оживеат. Целата земја одѕвонува од чекорите на огромното мноштво од секоја нација, колено, јазик и народ. Тие доаѓаат од темнината на смртта, облечени во бесмртна слава, извикувајќи: „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“ (1. Коринтјаните 15:55). А живите праведници и воскреснатите свети ги соединуваат своите гласови во долг и радосен извик на победа. {ГБ 644.2}

Сите излегуваат од своите гробови со иста висина како кога биле закопани. Адам, кој се наоѓа меѓу воскреснатото мноштво, се истакнува по височина и по својот величествен изглед, по раст само малку понизок од Божјиот Син. Тој значително се разликува од луѓето од подоцнежните поколенија; тука се гледа колку човечкиот род се дегенерирал. Но, сите стануваат со свежина и сила на вечна младост. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик не само според карактерот, туку и според фигурата и изгледот. Гревот ја изобличил и речиси ја избришал божествената слика во човекот; но Христос дошол пак да го воспостави она што е загубено. Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на Своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно. Сите недостатоци и деформитети се оставени во гробот. Бидејќи ќе имаат пристап кон дрвото на животот во одамна загубениот Едем, откупените ќе растат до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги од проклетството на гревот, а Христовите верни ќе се појават во убавината на Господа, нашиот Бог, по духот, душата и телото, одразувајќи ја совршената слика на својот Господ. О, прекрасен откуп, за кој одамна се зборувало, желно се очекувал, но никогаш целосно не бил сфатен! {ГБ 644.3}

Живите праведници „одеднаш, за еден миг на око“ (1. Коринтјаните 15:52), се изменуваат. На Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и со воскреснатите свети се земени за да се сретнат со својот Господ во воздухот. Ангелите ги собираат „Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото“ (Марко 13:27). Малите деца светите ангели ги носат во прегратките на нивните мајки. Пријателите, кои толку долго смртта ги разделувала, пак се среќаваат за никогаш повеќе да не се разделат и со песни на радост се искачуваат заедно во Божјиот град. {ГБ 645.1}

На секоја страна на кочијата од облак се наоѓаат крилја, а под неа живи тркала, и штом кочијата ќе се крене, тркалата викаат: „Свет“, и крилјата додека се движат, викаат: „Свет“, и придружбата на ангелите вика: „Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот!“ И додека кочијата се движи кон Новиот Ерусалим, избавените извикуваат: „Алилуја!“ {ГБ 645.2}

Пред да влезат во Божјиот град, Спасителот на Своите следбеници им дава победнички одликувања и ги облекува во обележја што соодветствуваат на нивното царско достоинство. Околу нивниот Цар, чијашто величествена става е многу повисока од ставата на светите и на ангелите, а лицето му зрачи со неискажлива љубов, се поставени сјајни редови во вид на отворен четириаголник. Секој поглед на ова безбројно мноштво спасени е насочен кон Него; секое око ја гледа славата на Оној чиешто лице „беше обезличено повеќе, отколку на секој човек“ (Исаија 52:14). На главата на секој победник Исус со Својата десница става славна круна што го носи Неговото лично „ново име“ (Откровение 2:17) и натпис: „Посветен на Господа!“ Во секоја рака се наоѓа победничка палма и блескава харфа. А потоа, на знак на ангелот кој дава интонација, секоја рака вешто ги допира жиците од харфата, измамувајќи од нив слатка музика во богати и мелодични акорди. Секое срце го обзема неискажливо воодушевување и занес, а секој глас се издигнува во песна на благодарност: „Нему, Кој нè возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв и Кој нè направи пред Бога и Неговиот Отец царство на свештеници, слава и власт во вечни векови. Амин!“ (Откровение 1:5,6). {ГБ 645.3}

Пред спасеното мноштво е светиот град. Исус ширум ја отвора бисерната порта, и народот што ја одржал вистината влегува во него. Таму тие го гледаат Божјиот рај, домот на Адам во времето на неговата невиност. Тогаш се слуша глас, кој ја надминува секоја музика која некогаш ја слушнало смртното уво, велејќи: „Вашата борба е завршена!“ „Дојдете, благословени од мојот Отец, примете го царството што ви е подготвено од создавањето на светот“. {ГБ 646.1}

Сега се исполнува молитвата на Спасителот за Своите ученици: „Сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене каде што сум Јас“ (Јован 17:24). „Безгрешни и без порок… пред славата Своја во радост“ (Јуда 24). Христос му ги претставува на Отецот откупените со Својата крв, велејќи: „Ете, јас и децата што ми ги даде Господ“ (Исаија 8:18). „Оние, што си Ми ги дал, ги зачував“ (Јован 17:12). О, прекрасна спасоносна љубов! О, каква радост кога вечниот Отец, гледајќи ги откупените, пак ќе го види Својот лик, кога ќе види дека е отстранета нехармонијата што ја предизвикал гревот, неговото проклетство избришано и човекот повторно е доведен во целосна хармонија со Бога! {ГБ 646.2}

Со неискажлива љубов Исус ги поздравува Своите верни во „радоста на својот Господар“. Радоста на Спасителот се состои во тоа што во царството на славата ги гледа душите кои се спасени со Неговото страдање и понижување. А откупените ќе учествуваат во Неговата радост кога меѓу спасените ќе ги видат оние што ги придобиле за Христа со своите молитви, со својот труд и пожртвувана љубов. Собрани околу големиот бел престол, нивните срца ќе бидат исполнети со неискажлива радост кога ќе ги видат душите кои ги придобиле за Христа и кога ќе видат дека тие придобиле други, а овие пак други, и сите се доведени во пристаништето на мирот, тука да ги положат своите круни пред Исусовите нозе и да Го слават низ бесконечните времиња на вечноста. {ГБ 647.1}

Кога спасените ќе бидат поздравени со добредојде во Божјиот град, низ воздухот се разнесува радосен извик на воодушевување. Првиот и вториот Адам се среќаваат. Божјиот Син стои со раширени раце да го пречека таткото на нашиот род – суштеството што Тој го создал, кое згрешило против својот Творец и поради чијшто грев Спасителот ги носи знаците на распнувањето. Кога Адам ќе ги забележи трагите од страшните клинови, тој не паѓа на градите на својот Господ, туку понизно се фрла пред Неговите нозе, извикувајќи: „Достојно, достојно е Јагнето што е заклано!“ Спасителот нежно го подига и го повикува повторно погледот да го насочи кон Едем од кој толку долго бил протеран. {ГБ 647.2}

По неговото протерување од Едем, Адамовиот живот на земјата бил исполнет со тага. Секој овенат лист, секоја принесена жртва, секое несовршенство во природата, која некогаш била толку убава, секоја дамка во човековиот карактер, постојано го потсетувале на неговиот грев. Страшна била болката на каење кога видел како беззаконието се шири и кога како одговор на неговите предупредувања добивал само прекор дека тој го предизвикал гревот. Речиси илјада години трпеливо и понизно ја поднесувал казната на својот престап. Искрено се покајал за својот грев и се потпирал врз заслугите на ветениот Спасител и така умрел со надеж во воскресението. Божјиот Син го откупил човековиот неуспех и пад, и сега, благодарение на делото на помирување, Адам повторно ја добива својата „поранешна власт“ (Михеј 4:8). {ГБ 647.3}

Во занес од радост, тој ги набљудува дрвјата кои некогаш му причинувале радост – истите дрвја од кои некогаш кинел плодови во деновите на својата невиност и среќа. Ги гледа лозите што ги одгледувале неговите раце, истото цвеќе за кое некогаш со задоволство се грижел. Неговиот ум ја сфаќа сета реалност на сцената; тој сфаќа дека ова навистина е обновениот Едем, само сега многу поубав отколку кога бил протеран од него. Спасителот го води до дрвото на животот, кине прекрасен плод и му нуди да јаде. Тој гледа околу себе и забележува мноштво од своето спасено семејство во Божјиот рај. Тогаш својата блескава круна ја полага пред Исусовите нозе и, фрлајќи се на Неговите гради, го прегрнува Откупителот. Тој ја зема во раце златната харфа и низ небесниот свод одекнува победоносна песна: „Достојно, достојно, достојно е Јагнето што е заклано, и пак живее!“ Адамовото семејство ја прифаќа мелодијата, и полагајќи ги своите круни пред нозете на Спасителот, сите се поклонуваат пред Него, оддавајќи Му слава. {ГБ 648.1}

Ова повторно соединување го гледаат ангелите кои плачеле кога Адам паднал и се радувале кога Исус, по Своето воскресение, се вознел на небото, отворајќи ја вратата на гробот за сите што ќе поверуваат во Неговото име. Сега тие го гледаат делото на спасението довршено и своите гласови ги соединуваат во песна на благодарност. {ГБ 648.2}

На кристалното море пред престолот – на тоа стаклено море, кое во толкава мера ја одблеснува Божјата слава, што се чини како море измешано со оган – стои собрано мноштво, стојат оние „кои го победија Ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име“ (Откровение 15:2). Сто четириесет и четири илјади, кои се откупени од луѓето, стојат на гората Сион со Јагнето, „имајќи Божји харфи“, и како бучава на силни води, како татнеж на силна грмотевица, се слуша „глас на харфисти што свират на харфите свои“. Тие „пееја нова песна“ пред престолот, песна што не може никој да ја научи, освен оние сто четириесет и четири илјади. Тоа е песната на Мојсеј и на Јагнето, песна на ослободувањето. Никој, освен овие сто четириесет и четири илјади не може да ја научи таа песна, зашто во неа се внесени нивните искуства – такви искуства какви што немала ниту една друга група. „Тие го следеа Јагнето каде и да оди“. Земени од земјата меѓу живите, тие се сметаат како „првенци на Бога и на Јагнето“ (Откровение 15:3; 14:1-5). „Тие дојдоа од големата неволја“; тие поминале низ времето на страдање „какво што немало откако постојат луѓето“ (Даниел 12:1); го вкусиле стравот на маките на Јакова. За време на последното излевање на Божјите судови биле без Посредник. Но тие се ослободени, зашто „ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето“. „И во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни“ (Откровение 14:5). „Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив“. Тие ја виделе земјата опустена со глад и помор, сонцето кое ги печело луѓето со силна жега, а и самите тие претрпеле страдања, глад и жед. Но „нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето и никаква горештина; бидејќи Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни“ (Откровение 7:14-17). {ГБ 648.3}

Во сите векови избраниците на Спасителот биле воспитувани и дисциплинирани во школата на неволјите. Тие на земјата оделе по тесната патека; се исчистиле во печката на неволјите. Заради Исуса поднесувале напади, омраза и клевети. Тие Го следеле низ жестоки борби; поднесувале самоодрекување и преживувале горки разочарувања. Од своето сопствено болно искуство го запознале злото на гревот, неговата моќ и неговите кобни последици и го гледале со одвратност. Свеста за неизмерната жртва што е принесена за нивното исцелување ги прави мали во нивните сопствени очи и нивните срца ги исполнува со благодарност и со пофалба која оние што никогаш не паднале не можат да ја сфатат. Тие многу љубат, зашто многу им е простено. Бидејќи биле учесници во Христовите страдања, тие се удостоиле со Него да учествуваат во Неговата слава. {ГБ 649.1}

Божјите наследници доаѓаат од бедни поткровја, сиромашни колиби, од затворски ќелии, губилишта, од планините, од пустините, од земните пештери и од морските длабини. На земјата живееле „во сиромаштија, во маки, во срам“ (Евреите 11:37). Милиони слегле во гроб посрамени, бидејќи решително одбивале да им попуштат на измамливите барања на сатаната. Од страна на човечките судови тие биле вброени меѓу најопасните криминалци. Но, сега „Бог е судија“ (Псалм 50:6). Сега земните пресуди и одлуки се поништени. Бог „ќе го симне срамот од Својот народ“ (Исаија 25:8). „И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господ“ (Исаија 62:12). Тој одредил да им се даде „место пепел… украс, место плачење – мирисно масло на радост, место опаднат дух – славна облека“ (Исаија 61:3). Тие повеќе не се слаби, бедни, расеани и угнетувани. Отсега засекогаш ќе бидат со Господа. Тие стојат пред престолот, облечени во скапоцена облека каква што никогаш не носеле ниту најугледните луѓе на земјата. Накитени се со прекрасни круни, какви што никогаш не се ставени на челата на земните владетели. Деновите на болка и плачење засекогаш поминале. Царот на славата ги избришал солзите од сите лица; отстранета е секоја причина за тага. Под разнишаните палмови гранки сега се разлеваат милозвучни и хармонични песни на благодарност; секој глас ја прифаќа мелодијата и набргу под небесниот свод се ори химната: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“ А сите жители на небесата одговараат во хор: „Амин! Благослов и слава, мудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови“. (Откровение 7:10,12). {ГБ 650.1}

Во овој живот можеме само да почнеме да ја сфаќаме прекрасната тема за откупот на нашиот род. Со нашиот ограничен ум можеме најискрено да размислуваме за срамот и славата, животот и смртта, праведноста и милоста што се сретнале на крстот, па сепак, ниту со најголемиот напор на нашите духовни сили не можеме да го сфатиме

неговото целосно значење. Должината и ширината, височината и длабочината на спасоносната љубов, човекот може само донекаде да ја разбере. Планот на спасението нема да биде потполно сфатен дури ниту тогаш кога откупените ќе го видат неговото остварување со свои очи и кога ќе познаваат како што се познати; низ вечните времиња пред нивниот восхитен ум постојано ќе се откриваат нови вистини. И покрај тоа што земните грижи, страдања и искушенија се завршени и причината е отстранета, Божјиот народ секогаш ќе има јасна претстава за високата цена со која е платено нивното спасение. {ГБ 651.1}

Христовиот крст ќе биде главен предмет на проучување и песна на откупените низ сета вечност. Во прославениот Христос, ќе го видат распнатиот Христос. Никогаш нема да заборават дека Оној, чијашто моќ ги создала и ги одржува безбројните светови во вселената, Божјиот возљубен Син, небесното Величество, Оној на кого херувимите и сјајните серафими во занес Му се поклонуваат – се понизил Себеси за да го подигне паднатиот човек; дека ги примил на Себе вината и срамот на гревот и доживеал лицето на Отецот да се скрие од Него сѐ додека болката поради еден изгубен свет не го скршила Неговото срце на крстот на Голгота. Сознанието дека Оној кој ги создал сите светови и кој е Судија на сите луѓе, ја напуштил Својата слава и се понизил од љубов кон човекот, секогаш ќе предизвикува чудење и восхит во вселената. Кога спасените ќе го видат својот Избавител и кога ќе ја забележат на Неговото лице вечната слава на Отецот; кога ќе го видат Неговиот престол кој е поставен од вечноста и кога ќе помислат дека Неговото царство нема да има крај, тие воодушевено ќе ја запеат песната: „Достојно, достојно е Јагнето што е заклано и нè помири со Бога со Својата драгоцена крв!“ {ГБ 651.2}

Тајната на крстот ги објаснува сите други тајни. Во светлината која свети од Голгота, Божјите особини кои нè исполнуваат со страв и стравопочит изгледаат убави и привлечни. Милоста, нежноста и родителската љубов се соединуваат со светоста, со праведноста и со моќта. Додека го посматраме Величеството на Неговиот престол, висок и возвишен, го гледаме Неговиот карактер во Неговите милостиви постапки, и како никогаш порано, го сфаќаме значењето на она љубезно ословување: „Оче наш!“ {ГБ 652.1}

Ќе се види дека Оној, кој е бесконечен во мудроста, не можел да смисли ниеден друг план за нашето спасение освен да го жртвува Својот Син. Награда за оваа жртва е радоста што земјата ќе ја населат откупени, свети, среќни и бесмртни суштества. Исходот на борбата на нашиот Спасител со силите на темнината е радоста на откупените која на Божја слава ќе продолжи низ сета вечност. Вредноста на само една човечка душа е толку голема, што Отецот е задоволен со цената што е платена, а и самиот Христос, гледајќи ги плодовите на Својата голема жртва, е задоволен. {ГБ 652.2}

Сподели го ова:

Слични објави