39 Време на голема неволја

Сподели го ова:

“А во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес; но ќе се спасат во тоа време од твојот народ сите, кои ќе се најдат дека се запишани во Книгата” (Даниел 12:1). {ГБ 613.1}

Кога ќе заврши проповедањето на третата ангелска вест, милоста нема веќе да посредува за грешните жители на земјата. Божјиот народ го завршил своето дело. Тој го примил „позниот дожд“, „од Господ времиња за освежување“, и подготвен е за часот на искушението што е пред него. Ангелите брзаат насекаде на небото. Еден ангел, враќајќи се од земјата, објавува дека неговата работа е завршена. Светот е проверен и со последното искушение и сите оние што се покажале верни кон Божјите прописи го примиле „печатот на живиот Бог“ (Види Додаток). Тогаш Исус престанува со Својата посредничка служба во небесното Светилиште. Тој ги подига рацете и гласно изговара: „Се сврши!“, а сите ангелски чети ги симнуваат своите круни додека Исус свечено објавува: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште“ (Откровение 22:1). Случајот на секој поединец е решен за живот или за смрт. Христос го извршил помирувањето за Својот народ и ги избришал неговите гревови. Бројот на Неговите приврзаници е пополнет; „царството, власта и величеството под сето небо“ ќе им бидат дадени на наследниците на спасението, а Исус ќе владее како Цар над царевите и Господар над господарите. {ГБ 613.2}

Кога Исус ќе го напушти Светилиштето, земните жители ќе ги покрие темнина. Во тоа страшно време праведниците мора да живеат без посредник пред светиот Бог. Силата која до сега ги задржувала грешните е отстранета, и сатаната има целосна власт над грешниците кои не се покајале. Божјото трпение е завршено. Светот ја отфрлил Неговата милост, ја презрел Неговата љубов и го погазил Неговиот закон. Грешните ги пречекориле границите на времето на милоста што им било дадено. Божјиот Дух, на кого толку упорно му се противеле, најпосле се повлекол од нив. Незаштитени со Божјата милост, тие се без заштита пред нечестивиот. Тогаш сатаната земните жители ќе ги турне во голема, последна неволја. Кога Божјите ангели ќе престанат да ги задржуваат страшните ветришта на човечките страсти, ќе бидат ослободени сите елементи на судирот. Целиот свет ќе биде зафатен со пропаст пострашна од онаа што некогаш го снашла Ерусалим. {ГБ 614.1}

Еден единствен ангел ги убил сите првенци на Египќаните и сета земја ја исполнил со лелек. Кога Давид му згрешил на Бога пребројувајќи го народот, еден ангел го предизвикал она страшно уништување со кое бил казнет неговиот грев. Истата деструктивна моќ што ја покажале светите ангели кога Бог заповедал, ќе ја покажат и злите ангели кога Тој ќе го дозволи тоа. Тие сили сега се подготвени и само чекаат дозвола од Бога, насекаде да шират пустош. {ГБ 614.2}

Оние кои го почитуваат Божјиот закон ќе бидат обвинети дека ги предизвикале казните што го погодиле светот и ќе бидат сметани како причинители за страшните нарушувања во природата, за судирите и крвопролевањата меѓу луѓето, што земјата ја исполнуваат со јад. Силата што ќе ја придружува последната опомена ги разгневува грешниците. Нивниот гнев се распалува против сите што ја прифатиле веста, а сатаната ќе настојува постоечкиот дух на омраза и прогонство уште повеќе да го разгори. {ГБ 614.3}

Кога Божјото присуство најпосле се повлекло од еврејскиот народ, ниту свештениците ниту народот не го знаеле тоа. Иако биле под контрола на сатаната и биле проникнати со најстрашни и злобни страсти, тие сè уште себеси се сметале за Божји избраници. Службата во храмот и натаму се вршела. На осквернетите олтари се принесувале жртви и секој ден бил повикуван Божјиот благослов врз народот, кој бил виновен за крвта на Божјиот Син и кој се обидувал да ги убие Неговите слуги и апостоли. Значи, кога ќе биде изречена неотповиклива одлука во небесното Светилиште и кога судбината на светот засекогаш ќе биде запечатена, земните жители за тоа нема да знаат ништо. Оние, кои Божјиот Дух конечно го напуштил, ќе продолжат да ги одржуваат верските формалности, а сатанската ревност со која кнезот на злото ќе ги поттикне да ги извршат неговите пеколни намери, ќе наликува на вистинско ревнување за Бога. {ГБ 615.1}

Бидејќи саботата во целото христијанство станала посебен предмет на расправа, а световните и црковните власти се здружиле со сила да го наметнат празнувањето на неделата, упорното противење на малото малцинство да се покори на ова масовно барање ќе ги направи предмет на сеопшта омраза. Ќе се истакнува дека малкумината, кои и се спротивставуваат на институцијата на црквата и на законот на државата, не смеат да се толерираат; дека е подобро тие да страдаат отколку цели народи да бидат турнати во конфузија и анархија. Со истиот аргумент пред повеќе од осумнаесет векови се послужиле и еврејските старешини против Христа. „Поарно за нас е“, рекол лукавиот Кајафа, „да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне“ (Јован 11:50). Ваквиот аргумент ќе изгледа убедлив; и најпосле, против оние кои ја празнуваат саботата според четвртата заповед, ќе биде издаден декрет со кој ќе биде објавено дека заслужуваат најтешка казна, и на народот ќе му биде дозволено, по одредено време, да ги убие. Католицизмот во Стариот свет и отпаднатиот протестантизам во Новиот, ќе постапуваат потполно слично против оние кои ги почитуваат сите божествени прописи. {ГБ 615.2}

Тогаш Божјиот народ ќе биде изложен на оние страдања и душевни маки кои пророкот ги опишува како време на Јаковoви маки: „Вака вели Господ: глас од смут и ужас слушаме ние, а не мир. Ајде, распрашајте се и погледајте: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто се сите лица изобличени и побледени? Леле, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа” (Еремија 30:5-7). {ГБ 616.1}

Ноќта на душевните страдања на Јаков, кога во молитва се борел за избавување од рацете на Исав (Создавање 32:24-30), го прикажува искуството на Божјиот народ во времето на големата неволја. Поради измамата што ја направил за да го добие благословот на својот татко, кој бил наменет за Исав, Јаков, уплашен од смртните закани на својот брат, побегнал за да го спаси својот живот. По долги години поминати во прогонство, по Божја заповед тргнал на пат со своите жени, деца и стада, повторно да се врати во родниот крај. Пристигнувајќи до границата на својата земја, страшно се уплашил кога слушнал дека Исав се приближува со чета борци, без сомнение со намера да му се одмазди. Се чинело дека невооружената и незаштитена придружба на Јаков ќе падне како беспомошна жртва на насилство и колеж. Кон овие грижи и страв додатно и тешко бреме било сознанието за сопствената вина, зашто причина за оваа опасност бил токму неговиот личен грев. Негова единствена надеж била Божјата милост, а негова единствена одбрана била молитвата. Сепак, тој од своја страна не пропуштил ништо за да ја поправи неправдата направена на неговиот брат и да ја отстрани опасноста што му се заканувала. Исто така и Христовите следбеници, додека се приближуваат кон времето на неволјата, треба да направат сè од своја страна, пред народот да се покажат во вистинска светлина, да ги разоружаат предрасудите и да ја отстранат опасноста што и се заканува на слободата на совеста. {ГБ 616.2}

Откако го пратил своето семејство на другата страна на потокот за да не ја гледаат неговата мака, Јаков останал сам да се моли на Бога. Тој го признал својот грев и со благодарност ја признавал Божјата милост покажана кон него, повикувајќи се во длабока понизност на заветот направен со неговите татковци и на ветувањето што му е дадено онаа ноќ во визијата во Ветил и во земјата на неговото изгнанство. Дошло до криза во неговиот живот; сè било ставено на коцка. Во мрак и во самотија тој продолжува да се моли и да се понизува пред Бога. Одненадеж некој ставил рака врз неговото рамо. Тој помислил дека некој непријател сака да му го одземе животот и со сета сила, очајно почнува да се бори со напаѓачот. Кога почнало да се разденува, странецот употребил натчовечка сила; при неговиот допир, Јаков, кој инаку бил силен човек, останал како парализиран и плачејќи, како немоќен молител, паднал околу вратот на својот таинствен противник. Јаков сега дознал дека оној со кого се борел е Ангелот на заветот. Иако бил онеспособен и страдал од силни болки, тој не отстапил од својата намера. Долго поднесувал немир, грижа на совеста и болка поради својот грев; сега морал да добие уверување дека му е простено. Се чинело дека небесниот посетител како да сакал да си замине, но Јаков се прилепил за него молејќи го за благослов. Ангелот барал: „Пушти Ме веќе, зора е!“ Но патријархот извикнал: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш!“ Каква верба, каква решителност и истрајност се прикажани овде! Кога тоа би било фаленичко и дрско барање, Јаков веднаш би бил уништен; но тој имал сигурност каква што може да има само оној што ја признава својата слабост и недостојност, но сепак верувал во милоста на Оној кој Својот завет не го заборава. {ГБ 616.3}

„Се бореше со Ангел и го надвладеа“ (Осија 12:4). Со понизност, покајание и преданост, овој грешен, заблуден смртник го надвладеал небесното Величество. Тој, треперејќи, се потпрел врз Божјите ветувања, а срцето на неизмерната Љубов не можело да ја одбие молбата на грешникот. Како доказ за неговата победа и за охрабрување на другите да го следат неговиот пример, неговото име, кое потсетувало на неговиот грев, променето е во друго, кое потсетува на неговата победа. А фактот дека Јаков му одолеал на Бога бил гаранција дека ќе им одолее и на луѓето. Тој повеќе не се плашел од гневот на својот брат; зашто Господ бил негова одбрана. {ГБ 617.1}

Сатаната го обвинил Јакова пред Божјите ангели, тврдејќи дека има право да го уништи поради неговиот грев. Тој го навел Исава да тргне против него; и додека патријархот се борел цела ноќ, сатаната настојувал да му наметне чувство на вина за да го обесхрабри и да ја скрши неговата доверба во Бога. Јаков бил доведен речиси до очај, но знаел дека без помош од небото мора да пропадне. Тој искрено се покајал поради својот голем грев и ја побарал Божјата милост. Не сакал да се одврати од својата намера, туку држејќи се цврсто за Ангелот продолжил да ја изнесува својата молба сериозно, со болни воздишки сè додека не надвладеал. {ГБ 618.1}

Како што сатаната влијаел врз Исава да тргне против Јакова, така тој ќе ги поттикнува и грешниците да го уништат Божјиот народ во времето на неволјата. И како што го обвинил Јакова, така ќе ги истакнува и своите обвинувања против Божјиот народ. Тој луѓето во светот ги смета за свои поданици, но малата група која ги држи Божјите заповеди му се спротивставува на неговата превласт. Кога би можел да ја истреби оваа група од земјата, неговиот триумф би бил целосен. Тој гледа дека светите ангели ги чуваат и врз основа на тоа заклучува дека нивните гревови се простени, но не знае дека нивните случаи се решени во небесното Светилиште. Тој точно ги познава гревовите на кои ги навел и ги изнесува пред Бога во зголемена светлина, тврдејќи дека тој народ заслужува да биде лишен од Божјата милост како и самиот тој. Тој тврди дека Господ не може во Својата праведност да им ги прости гревовите, а него и неговите ангели да ги уништи. Тој полага право над нив како на свој плен и бара да бидат предадени во негови раце за да ги уништи. {ГБ 618.2}

Бидејќи сатаната го обвинува Божјиот народ поради неговите гревови, Господ му дозволува да ги искушува до крајни граници. Нивната доверба во Бога, нивната вера и решителност, ќе бидат тешко искушани. Кога гледаат во минатото, нивната надеж тоне, зашто во целиот свој живот можат да видат само малку добро. Тие се потполно свесни за својата слабост и недостојност. Сатаната настојува да ги заплаши со помислата дека нивниот случај е безнадежен и дека дамката на нивната нечистотија не може никогаш да се испере. Тој се надева дека на тој начин нивната вера ќе биде уништена до таа мера што ќе попуштат на неговите искушенија и ќе се откажат од својата верност кон Бога. {ГБ 618.3}

Иако Божјиот народ ќе биде опкружен со непријатели кои ќе настојуваат да го уништат, сепак, стравот што го поднесува не е страв од прогонство заради вистината; тој се плаши од тоа дека можеби не се покајал за секој свој грев и дека поради не-која своја грешка ќе биде лишен од ветувањето на Спасителот според кое ќе го „запази од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет“ (Откровение 3:10). Кога сигурно би знаеле дека гревовите им се простени, не би се плашеле од тортурата и од смртта; но, ако се покажат дека се недостојни и ако го загубат својот живот поради недостатоците во својот карактер, тогаш Господовото свето име ќе биде обесчестено. {ГБ 619.1}

На секој чекор слушаат заговори за предавство и го гледаат активното бунтовничко делување; и кај нив се јавува силна желба, искрен копнеж на душата на ова големо отпадништво и беззаконие на непокајаните веќе еднаш да му дојде крајот. Но, додека се молат на Бога да стави крај на бунтот, тие самите себеси си префрлаат што немаат сила да и се спротивстават на моќната струја на злото и да ја запрат. Тие чувствуваат дека кога сите свои способности би ги употребиле во Христовата служба и кога постојано би напредувале во силата, силите на сатаната во својата борба против нив би биле помалку успешни. {ГБ 619.2}

Тие ги мачат своите души пред Бога, укажувајќи на нивното поранешното покајание за многу свои гревови и повикувајќи се на ветувањето на Спасителот: „Ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене“ (Исаија 27:5). Нивната вера не престанува затоа што на нивните молитви не им е веднаш одговорено. Иако поднесуваат најголем страв, ужас и неволја, сепак, не престануваат да се молат. Тие се потпираат на Божјата сила како што Јаков се држел за Ангелот, а зборови на нивната душа се: „Нема да Те пуштам додека не ме благословиш”. {ГБ 619.3}

Кога Јаков претходно не би се покајал за својот грев затоа што го добил првенството со измама, Бог не би ја слушнал неговата молитва и не би го сочувал милостиво неговиот живот. Така и Божјиот народ за време на големата неволја би бил совладан кога би имал непокајани гревови од минатото што би излегувале пред него во миговите на страв и болка. Очајот би ја уништил нивната вера и тие не би имале смелост да Му се молат на Господа за избавување. Но, иако длабоко се свесни за својата недостојност, сепак, не можат да откријат ниту еден прикриен грев. Нивните гревови уште порано биле изнесени пред судот и избришани и затоа тие не се сеќаваат веќе на нив. {ГБ 620.1}

Сатаната мнозина наведува да веруваат дека Бог го превидува нивното неверство во малите нешта од животот; но со Својата постапка, во случајот со Јаков, Господ покажува дека Тој во никој случај не го одобрува ниту го трпи злото. Сите што се трудат своите гревови да ги оправдаат или да ги прикријат и што дозволуваат да останат во небесните книги непризнати и непростени, ќе бидат совладани од сатаната. Колку повозвишена е нивната професија и колку е повисока нивната положба, толку потежок е нивниот случај во Божјите очи и посигурна победата на нивниот непријател. Оние кои ја одложуваат својата подготовка за Господовиот ден, нема да бидат во можност тоа да го постигнат во времето на неволјата ниту во кое и да е подоцнежно време. Нивниот случај е безнадежен. {ГБ 620.2}

Оние таканаречени христијани, кои во овој последен и страшен судир ќе влезат неподготвени, во својот очај ќе ги исповедаат своите гревови со зборови на длабока болка, додека злите ќе ликуваат поради нивната мака. Овие признавања се слични на признавањата на Исав и на Јуда. Оние што постапуваат така, плачат поради последиците на престапот, а не поради својата вина. Тие не чувствуваат никакво вистинско каење ниту одвратност кон злото. Тие го признаваат својот грев поради страв од казна; но, како и фараонот некогаш, тие пак би се бунтувале против небото кога казните би биле повлечени. {ГБ 620.3}

Случајот на Јаков исто така е гаранција дека Бог нема да ги отфрли оние што биле измамени, искушувани и наведени на грев, но се вратиле кај Него со искрено покајание. Додека сатаната се обидува да ги уништи овие луѓе, Бог ги праќа Своите ангели да ги тешат и да ги заштитат во време на опасноста. Нападите на сатаната се жестоки и решителни и неговите измами страшни, но окото Господово бдее над Неговиот народ и Неговите уши ги слушаат нивните повици. Нивната болка е голема; се чини дека само што не ги проголтал пламенот на искушението; но Бог ќе ги спроведе низ огнот, како златото што се чисти во оган. Божјата љубов кон Неговите деца за време на нивното најтешко искушение е исто толку силна и нежна како и во деновите на нивната најголема благосостојба, но тие имаат потреба да поминат низ огнот на печката. Сè што е земно во нив мора да изгори, за да можат совршено да го одразуваат Христовиот лик. {ГБ 621.1}

Времето на неволја и страв, какво што е пред нас, ќе бара вера што може да поднесе премореност, одлагања и глад, вера која нема да се поколеба иако ќе биде жестоко испробана. Времето на милоста им се дава на сите за да се подготват за тоа време. Јаков победил затоа што бил истраен и решителен. Неговата победа е доказ за моќта на истрајната молитва. Сите што се потпираат на Божјите ветувања, како и Јаков, и ја покажуваат истата сериозност и истрајност, ќе одолеат како што одолеал и тој. Оние кои не сакаат да се откажат од самите себе, да се понизат пред Бога и долго и сериозно да се молат за Неговиот благослов, нема ни да го добијат. Да се бориш со Бога -колку малку луѓе знаат што е тоа! Колку малку се оние кои својата душа ја излевале пред Бога со толку силна желба сѐ додека снемале сила! Колку малку се оние кои со непоколеблива вера се потпреле на Божјите ветувања кога бранови на безнадежност, што не може да ги опише ниту еден јазик, го заплиснувале оној што се молел! {ГБ 621.2}

Оние кои сега толку малку се вежбаат во верата, се наоѓаат во најголема опасност да и подлегнат на моќта на сатанските измами и на декретот со кој ќе се врши насилство над совеста. Па дури и ако ја издржат пробата, сепак, тие во времето на неволјата ќе западнат во подлабока потиштеност и страв, бидејќи не навикнале да се потпираат на Бога. Лекциите на верата што ги занемариле, ќе бидат принудени да ги учат под страшниот притисок на обесхрабрувањето. {ГБ 621.3}

Сега треба да се запознаеме со Бога проверувајќи ги Неговите ветувања. Ангелите ја бележат секоја сериозна и искрена молитва. Ние попрво треба да се откажеме од себичните задоволства, отколку да ја занемариме заедницата со Бога. Најголемото сиромаштво и самооткажување со Него се подобри од сите богатства, почести, удобности и од сите пријателства без Него. Мораме да најдеме време за молитва. Ако дозволиме световните интереси да го окупираат нашиот ум, Бог можеби ќе ни даде време така што ќе ни ги одземе нашите идоли кои се состојат од злато, од куќи и од плодна земја. {ГБ 622.1}

Младите не би биле наведени на грев кога би одбиле да тргнат по било кој друг пат освен оној на кој можат да бараат Божји благослов. Кога гласниците што му ја објавуваат на светот последната свечена опомена би се молеле за Божји благослов – не студено, рамнодушно и безживотно, туку ревносно и со вера како Јаков – тогаш често би имале прилика да кажат: „Бога го видов лице в лице, и останав жив“ (Создавање 32:30). Небото би ги сметало за кнезови, кои имаат моќ да му одолеат и на Бога и на луѓето. {ГБ 622.2}

Наскоро ќе настапи „време тешко, какво што немало откако постојат луѓето“ (Даниел 12:1), и тогаш ќе ни биде потребно искуство што сега го немаме, а кое мнозина занемаруваат да го стекнат. Често се случува очекуваната неволја да ја преувеличуваме, отколку што е во стварноста, но тоа не е случај со кризата што е пред нас. Ниту најбујната мечта не може да замисли колку тешко ќе биде искушението. Во тоа време на искушение секоја душа ќе мора да стои сама за себе пред Бога. Ако Ное, Даниел и Јов беа на земјата „Се колнам во Себе, вели Господ Бог, не би ги спасиле ни синовите ни ќерките; со својата праведност тие би ги спасиле само своите души” (Езекиел 14:20). {ГБ 622.3}

Сега, додека нашиот Првосвештеник врши помирување за нас, треба да настојуваме да станеме совршени во Христа. Дури ниту со една единствена мисла нашиот Спасител не попуштил пред силата на искушението. Во човечкото срце сатаната обично ќе најде некоја слаба точка која може да ја искористи како свое упориште; понекоја грешна склоност секогаш се негува што ја потврдува силата на неговите искушенија. Но Христос со право можел да каже за Себе: „Иде кнезот на овој свет и во Мене Тој нема ништо“ (Јован 14:30). Сатаната не можел да најде во Божјиот Син ништо што би му овозможило да извојува победа над Него. Исус ги одржал заповедите на својот Отец и кај Него немало грев со кој сатаната би можел да се послужи во своја корист. Тоа е состојбата во која мора да се најдат сите оние што сакаат да се одржат во времето на големата неволја. {ГБ 622.4}

Уште во овој живот ние треба да се ослободиме од гревот, преку вера во Христовата крв на помирување. Нашиот драгоцен Спасител нè повикува да се соединиме со Него, нашите слабости да ги здружиме со Неговата сила, нашето незнаење со Неговата мудрост, нашата недостојност со Неговите заслуги. Божјото провидение претставува училиште во кое треба да се научиме на Христовата кротост и понизност. Господ секогаш пред нас ја става вистинската животна цела, а не патот кој ние би сакале да го избереме, кој ни изгледа полесен и поудобен. Наша должност е да соработуваме со орудијата што небото ни ги става на располагање, како нашиот карактер би го усогласиле според божествениот пример. Никој не може ова дело да го занемари или одложи, а со тоа  својата душа да не ја изложи на страшна опасност. {ГБ 623.1}

Апостол Јован слушнал во визија како од небото силно одекнува глас, велејќи: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:12). Страшни се сцените што го предизвикале овој извик од небото. Гневот на сатаната расте сообразно со скратување на неговото време, а неговото дело на измама и уништување ќе го достигне својот максимум во времето на големата неволја. {ГБ 623.2}

     Наскоро на небото ќе се видат страшни појави со натприроден карактер, како знак на моќта на демоните кои прават чуда. Духовите ѓаволски ќе одат кај земните цареви по целиот свет да ги измамат и да ги поттикнат да се здружат со сатаната во неговата последна битка против небесното владеење. Така со помош на овие орудија, владетелите и нивните поданици ќе бидат измамени. Ќе се појават луѓе кои ќе се преправаат дека се Христос и ќе бараат чест и обожавање што му припаѓаат само на Спасителот на светот. Тие ќе извршат чудесни исцелувања и ќе тврдат дека од небото добиле откровенија кои се во спротивност со сведоштвата на Светото Писмо. {ГБ 623.3}

Како круна во големата драма на измама, самиот сатаната ќе се прикаже како Христос. Црквата долго тврдела дека го чека доаѓањето на Спасителот како исполнување на нејзините надежи. Сега големиот измамник ќе создаде впечаток дека Христос веќе дошол. Во различни делови на светот, сатаната ќе се појави меѓу луѓето како величествено суштество со заслепувачки сјај, слично на описот на Божјиот Син во Јовановото Откровение (Откровение 1:13-15). Славата што ќе го опкружува ќе го надмине сето она што некогаш виделе смртните очи. Низ воздухот ќе одекнува победнички извик: „Христос дошол, Христос дошол!“ Народот ќе паѓа ничкум пред него; тој ќе ги подигне рацете и ќе ги благослови како Христос што ги благословувал Своите ученици кога живеел на Земјата. Неговиот глас ќе биде благ и придушен, но полн со мелодија. Со благ и чувствителен тон ќе изнесува некои прекрасни небесни вистини што ги изговорил Спасителот. Ќе лекува болести кај народот, а потоа, имитирајќи го Христовиот карактер, ќе тврди дека саботата ја променил во недела и на сите ќе им заповеда да го празнуваат денот кој Тој го благословил. Ќе каже дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден, го обесчестуваат неговото име, зашто одбиваат да ги слушаат неговите ангели што ги пратил кај нив со светлина и вистина. Ова ќе биде силна, речиси неодолива измама. Како и Самарјаните, кои биле измамени од Симон вражарот, народот, од најмалиот до најголемиот, ќе поверува во оваа магиска измама, велејќи: „Овој е голема Божја сила” (Дела 8:10). {ГБ 624.1}

Но Божјиот народ нема да биде заведен. Учењата на овој лажен христос не се во согласност со Светото Писмо. Тој својот благослов ќе го изрече над оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик – токму над оние луѓе за кои Библијата кажува дека врз нив ќе биде излеан Божјиот гнев неизмешан со милост (Откровение 14:9-11). {ГБ 624.2}

Освен тоа, на сатаната нема да му биде дозволено да го имитира начинот на Христовото доаѓање. Спасителот го предупредил Својот народ во овој поглед и точно го опишал Своето второ доаѓање: „Зашто ќе се појават лажни месии и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните… И така, ако ви речат: ’Ете, Тој е во пустината‘ – не излегувајте; или, ’ете во тајна соба е‘ – не верувајте! Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:24-27,31; 25:31; Откровение 1:7; 1. Солунјаните 4:16,17). Не е можно да се имитира ова доаѓање. Тоа ќе биде сеопшто познато – сите ќе го видат. {ГБ 625.1}

Само оние кои вредно го проучуваат Светото Писмо и кои имаат љубов кон вистината, ќе бидат заштитени од оваа моќна измама што ќе го зароби сиот свет. Со помош на сведоштвата на Светото Писмо тие ќе го откријат маскираниот измамник. Сите ќе бидат ставени на проба. Решетањето предизвикано од ова искушение ќе ги открие вистинските христијани. Дали Божјиот народ денес е толку цврсто втемелен во Неговото слово за да не се потпира врз своите сетила? Дали во таквата криза ќе се потпира врз Библијата, и само врз Библијата? Сатаната ќе се обидува, ако е можно, да ги спречи од толку неопходната подготовка за да се одржат во оној ден. Тој така ќе ги организира животните околности за да им го затворат патот, ќе ги зароби со земни богатства, ќе ги натовари со тежок и мачен товар така што нивните срца да бидат оптовари со световни грижи и денот на искушението да ги затече како крадец. {ГБ 625.2}

Бидејќи декретот, издаден од разни христијански владетели против оние што ги држат Божјите заповеди ќе ги лиши од заштита на властите и ќе ги препушти во рацете на оние што сакаат да ги уништат, Божјиот народ ќе бега од градовите и селата, ќе се собира во групи и ќе живее во пусти и осамени места. Мнозина ќе најдат засолниште во планинските утврдувања. Како и христијаните во долините на Пиемонт, високите гори ќе ги претворат во свои светилишта и ќе му благодарат на Бога за засолништата на „непристапните карпи“ (Исаија 33:16). Но мнозина, од сите народи и сите сталежи, високи и ниски, богати и бедни, црни и бели, ќе бидат фрлени во најнеправедно и најсвирепо ропство. Возљубените од Бога ќе поминуваат тешки денови, врзани во синџири, зад затворски решетки, осудени на смрт, а некои во мрачни и одвратни ќелии, очевидно препуштени да умрат од глад. Ниедно уво не ќе сака да ги слушне нивните лелеци; ниту една човечка рака не ќе биде подготвена да им помогне. {ГБ 625.3}

Дали Бог ќе го заборави Својот народ во овој час на искушение? Дали го заборавил верниот Ное кога претпотопниот свет бил погоден со казни? Дали го заборавил Лот кога од небото паднал оган да ги спали градовите во низината? Дали го заборавил Јосиф, опкружен со идолопоклоници во Египет? Дали го заборавил Илија кога Језавела му се заканила со судбината на Вааловите пророци? Дали го заборавил Еремија во мрачната и страшна јама? Дали ги заборавил трите храбри момчиња во огнената печка? Или Даниел во лавовската јама? {ГБ 626.1}

„А Сион велеше: ’Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!‘ Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те врежал“ (Исаија 49:14-16). Господ над војските рече: „Зашто, кој чепка во вас, чепка во зеницата на окото Мое” (Захарија 2:8). {ГБ 626.2}

Иако непријателите можат да ги фрлат во затвор, сепак, ѕидовите на затворите не можат да ја прекинат комуникацијата меѓу нивните души и Христа. Оној кој ја познава секоја нивна слабост, кој е запознаен со сите нивни искушенија, поголем е и помоќен од сите земни сили; и ангелите ќе ги посетат во нивните осамени ќелии и ќе им донесат небесна светлина и мир. Затворот ќе биде како палата, зашто тука ќе престојуваат оние што се богати со вера, и мрачните ѕидови ќе бидат осветлени со небесна светлина, како тогаш кога Павле и Сила на полноќ се молеле и пееле песни на благодарност во затворот во Филипи. {ГБ 626.3}

Божји судови ќе ги погодат сите оние што ќе се обидат да го угнетуваат или да го уништат Неговиот народ. Божјото долго трпение кон грешните ги охрабрило луѓето да прават зло, но нивната казна, иако толку долго одложувана, нема поради тоа да биде помалку сигурна и страшна. „Зашто Господ ќе се крене, како на гората Перасим; ќе се разгневи, како во долината Гаваон, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Својата таинствена работа“ (Исаија 28:21). На нашиот милостив Бог казнувањето му е нешто туѓо. „Кажи им, жив сум јас, вели Господ Бог: Јас не ја посакувам смртта на грешникот“ (Езекиел 33:11). Господ е „човекољубив и милостив“. Тој проштава „беззаконија, неправди и гревови“. Сепак, Тој „виновни не остава неказнети“. „Господ е долготрпелив, а силен во моќта, така што не го остава виновникот без казна“ (Излез 34:6,7; Наум 1:3). Со страшни потези на правдата Тој ќе го одбрани авторитетот на Својот погазен закон. Строгата казна што ги чека престапниците се гледа од Господовото одложување да го изврши судот. Народот со кој Бог имал толку трпение и кого не сака да го казни сè додека не ја наврши мерката на своето беззаконие во Божјиот извештај, најпосле ќе мора да ја испие чашата на гневот непомешана со милост. {ГБ 627.1}

Кога Христос ќе ја заврши Својата посредничка служба во небесното Светилиште, врз оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик, и кои го примиле неговиот жиг, ќе се излее неразводнет гнев (Откровение 14:9,10). Злата што се излеале врз Египет, кога Бог имал намера да го ослободи Израел, се слични по својот карактер со оние уште пострашни и поголеми казни што ќе го снајдат светот токму пред конечното ослободување на Божјиот народ. Писателот на Откровението, опишувајќи ги овие страшни казни, вели: „И се појави лоша и лута рана на луѓето, кои ја имаа ознаката (жигот) на Ѕверот и кои му се поклонуваа на неговиот лик“. „И стана како крв од мртовец и умре секое живо суштество во морето“. Реките и водните извори „и тие станаа крв“. Колку и да се страшни овие судови, сепак, Божјата правда е сосема оправдана. Божјиот ангел кажува: „Праведен си, Господи… зашто пресуди така; зашто тие ја пролеаја крвта на светите и на пророците, и крв им даде да пијат, тоа го заслужуваат” (Откровение 16:2-6). Осудувајќи го Божјиот народ на смрт, навлекле на себе вина за нивната крв како тие да ја пролеале со свои раце. На сличен начин Христос ги прогласил Евреите во свое време виновни за сета крв на светите што е пролеана од деновите на Авел, зашто тие имале ист дух како и убијците на пророците и сакале да го извршат истото дело. {ГБ 627.2}

Во казната што следи, на Сонцето ќе му биде дадена сила „да ги жари луѓето со оган. И силна жега ги опфати луѓето“ (Откровение 16:8,9). Еве како ја опишуваат пророците состојбата на земјата во тоа страшно време: „Опустошено е полето, тагува земјата, зашто е уништено житото… Сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата меѓу луѓето исчезна“. „Изгниени се зрната под сувите грутки, запустени се житниците… Ете, стенка добитокот, скитаат стадата волови, зашто нема за нив пасиште… зашто секна водата по потоците и оган ги изгоре пасиштата во пустината“. „Песните во храмот во оној ден ќе се претворат во плачење, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум” (Јоил 1:10-12,17-20; Амос 8:3). {ГБ 628.1}

Овие зла нема да бидат сеопшти, зашто инаку сите земни жители би биле уништени. Сепак, тие ќе бидат најстрашни казни кои смртниците некогаш ги доживеале. Сите судови што ги снаоѓале луѓето пред крајот на времето на милоста биле помешани со милост. Христовата крв ги штитела грешниците да не ја примат целосната мерка за својата вина. Но во конечната пресуда, Божјиот гнев ќе се излее непомешан со милост. {ГБ 628.2}

Во оној ден мнозина ќе посакаат заштита од божествената милост која толку долго ја презирале. „Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови. И ќе талкаат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи го словото Господово, и нема да го најдат” (Амос 8:11,12). {ГБ 629.1}

Божјиот народ нема да биде поштеден од страдања. Но, иако ќе биде прогонуван и угнетуван, иако ќе поднесува немаштија и ќе страда од недостиг на храна, сепак, нема да биде оставен да загине. Бог, кој се грижел за Илија, нема да заобиколи ниту едно од Своите пожртвувани деца. Оној кој ја избројал косата на нивната глава, ќе се грижи за нив, и за време на гладот нема да чувствуваат недостиг. Додека грешните ќе умираат од глад и од чума, ангелите ќе ги штитат праведните и ќе ги задоволуваат сите нивни потреби. На оној што „оди во правда“ му е дадено ветување: „Ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши“. „Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Израелов, нема да ги оставам” (Исаија 33:15,16; 41:17). {ГБ 629.2}

„Макар и да не процути смоквата, а и да нема плод по лозите, макар маслината и да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема, јас и тогаш ќе се радувам во Господ и ќе се веселам во Бога на моето спасение” (Авакум 3:17,18). {ГБ 629.3}

„Господ е Твој чувар; Господ е твоја закрила откај твојата десна рака. Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети. Господ ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја“. „Зашто Тој ќе те избави од стапицата на ловецот, и од чумата погубна. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност: Неговата верност е штит и одбрана. Нема да се уплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, од чумата што пустоши во темнина, од зараза што опустошува напладне. Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат; само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш казната на нечестивите. Зашто, Господ ти е засолниште, надеж моја, Севишниот го избра за свое прибежиште; зло нема да ти се случи, и неволја нема да се приближи до шаторот твој” (Псалм 121:5-7; 91:3-10). {ГБ 629.4}

Сепак, според човечко мислење, се чини дека Божјиот народ наскоро ќе мора да го запечати своето сведоштво со крв, како и мнозина маченици пред нив. И тој самиот ќе почне да се плаши мислејќи дека Бог го оставил да падне во рацете на своите непријатели. Тоа е време на ужасна душевна агонија. Дење и ноќе ќе викаат пред Бога за избавување. Грешните ќе ликуваат дофрлувајќи им подбивно: „Каде е сега вашата вера? Зошто сега Бог нè ве ослободи од нашите раце ако навистина сте Негов народ?“ Но оние кои чекаат на ослободување, ќе се сетат како поглаварите свештенички и старешините подбивно му довикувале на Исуса кога умирал на крстот на Голгота: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Јудејски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него“ (Матеј 27:42). Како и Јаков, сите тие ќе се борат со Бога. Нивните лица ќе ја покажуваат нивната внатрешна борба. Бледило ќе се гледа на секое лице, сепак тие нема да престанат со своите сериозни молитви. {ГБ 630.1}

Кога луѓето би можеле да гледаат со небесни очи, би виделе чети на силни ангели како ги опкружуваат оние што го одржале словото на Христовото трпение. Со нежност полна со сочувство, ангелите се сведоци на нивните неволји и ги слушаат нивните молитви. Тие чекаат заповед од својот Заповедник да ги избават од опасностите. Но тие мораат да чекаат уште малку. Божјиот народ мора да ја испие чашата и да биде крстен со страдалничко крштевање. Токму ова болно одложување претставува најдобар одговор на нивната молитва. Додека се трудат со сигурност да се потпрат на Господа, чекајќи Тој да го направи своето, тие се наведени да се вежбаат во верата, надежта и трпението, што во својот религиозен живот многу малку го правеле. Сепак, заради избраните, времето на неволјите ќе биде скратено. „Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги одбрани набргу“ (Лука 18:7,8). Крајот ќе дојде побргу отколку што луѓето го очекуваат. Пченицата ќе се собере и ќе се врзе во снопови за Божјите амбари, а плевелот ќе биде врзан во врзопи за огнот на уништувањето. {ГБ 630.2}

Верни на својата должност, невидливите стражари и понатаму стражарат. Иако со сеопшта наредба ќе биде утврдено времето кога треба да бидат убиени сите што ги држат Божјите заповеди, сепак, нивните непријатели во некои случаи и предвреме ќе се обидат да им го одземат животот. Но никој не ќе може да помине покрај силните чувари кои ја чуваат секоја верна душа. Некои, бегајќи од градовите и селата, ќе бидат нападнати, но мечевите што ќе се подигнат против нив ќе се скршат и ќе паднат на земјата како сламки. Други пак ангелите ќе ги штитат во лик на вооружени борци. {ГБ 631.1}

Бог во сите времиња му помагал на Својот народ и го ослободувал преку Своите свети ангели. Небесните суштества активно учествувале во животот и во работата на луѓето. Ангелите се појавувале во облека која блескала како молња или доаѓале облечени во прашлива облека како патници. Тие им се јавувале во човечки облик на Божјите луѓе. На пладне се одморале под даб како да се уморни, прифаќале гостопримство по домовите на луѓето. Ноќе на задоцнети патници им служеле како водичи. Со свои раце го потпалувале огнот на олтарот. Отворале затворски врати и ги изведувале на слобода Божјите слуги. Облечени во небесни облеки дошле да го отстранат каменот од гробот на Спасителот. {ГБ 631.2}

Ангелите често се наоѓаат на собирите на праведниците во облик на луѓе и ги посетуваат собирите на грешниците, како што некогаш отишле во Содом за да направат извештај за нивните дела и да утврдат дали ја пречекориле границата на Божјото трпение. Господ ја сака милоста; и заради неколкумина кои навистина Му служат, Тој е подготвен да го одложи уништувањето и да го продолжи мирот на многумина. Малкумина од оние што грешат против Бога сфаќаат дека својот живот им го должат на малиот број верни што тие често ги исмеваат и угнетуваат! {ГБ 631.3}

Иако владетелите на овој свет не го знаат тоа, сепак, ангелите се главните говорници на нивните советувања. Човечки очи ги гледале; човечки уши ги слушале нивните молби; човечка уста се противела на нивните предлози и ги исмевала нивните совети; човечки раце ги навредувале и злоупотребувале. На советите и во судниците овие небесни весници покажувале дека точно ја познаваат човечката историја; тие подобро ги застапувале угнетените отколку нивните нај-способни и најречити застапници. Тие осуетиле многу намери и задржале многу зла кои во голема мера би го попречувале Божјото дело и би предизвикале многу страдања на Неговиот народ. За време на неволјите „ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува” (Псалм 34:7). {ГБ 632.1}

Со голем копнеж Божјиот народ го очекува знакот на доаѓањето на својот Цар. Кога стражарите ќе бидат прашани: „Стражару, кое време е во ноќта?“, ќе дадат јасен одговор: „Наближува утрото, но и ноќта“ (Исаија 21:11,12). На облаците, над високите планини, блеска светлина. Наскоро ќе се открие Неговата слава. Набргу ќе блесне Сонцето на правдата. Утрото и ноќта веќе се тука – осамнување на бесконечниот ден за праведните и почеток на вечна ноќ за грешните. {ГБ 632.2}

Додека оние што се борат му упатуваат на Бога молитви, завесата што ги дели од невидливиот свет се чини дека речиси е отстранета. Не-бесата веќе се осветлуваат од осамнувањето на вечниот ден, и слично на мелодијата на ангелските песни до нивните уши допираат овие зборови: „Стојте цврсто во својата верност! Доаѓа помошта!“ Христос, Семоќниот Победник, на Своите уморни борци им дава круни на бесмртна слава, а низ полуотворената врата се слуша Неговиот глас: „Јас сум со вас! Не плашете се! Јас ги познавам сите ваши неволји; ги носев вашите грижи. Вие не се борите против непобедлив непријател. Јас се борев за вас, и во Мое име вие сте повеќе отколку победници!” {ГБ 632.3}

Спасителот ќе ни прати помош токму тогаш кога таа ќе ни биде потребна. Патот кон небото е посветен со Неговите стапки. Секој трн што ја ранува нашата нога, ја ранил и Неговата. Секој крст што сме повикани да го носиме, Тој го носел пред нас. Господ дозволува да поминеме низ борба, за да ја подготви душата за мир. Времето на големата неволја претставува страшно огнено искушение за Божјиот народ; но за секој вистински верник тоа е време да го подигне погледот и со вера да го види виножитото на ветувањето што го опкружува. {ГБ 633.1}

„Ќе се вратат избавените од Господ, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат. Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е како трева? Го забораваш Господа, својот Творец,… непрестајно, секој ден се плашиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби. Но каде е сега јароста на угнетувачот? Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе му недостига леб. Јас сум Господ твој, Кој го бранува морето, та брановите негови бучат – Јахве Саваот е името Негово. И Јас ги ставив Моите слова во устата твоја, и со сенката на раката Своја те покрив (Исаија 51:11-16)“. {ГБ 633.2}

“И така, ислушај го ова ти, кој си страдалник и пијан, но не од вино. Вака вели Господ твој, Господ и Бог твој, кој одмаздува за Својот народ, ете, Јас земам од раката твоја чаша што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш. Ќе ја дадам во раката на твоите мачители, кои ти велеа: Падни ничкум, за да минам под тебе; и ти го правеше грбот свој како земја и како улица за минувачите”. (Исаија 51:21-23). {ГБ 633.3}

Божјото око, гледајќи низ вековите, било насочено токму на кризата која мора да наиде на Божјиот народ кога сите земни сили ќе се здружат против него. Слично на протераните заробеници, тие ќе се плашат од смрт со глад и насилство. Но Светиот, кој го раздвоил Црвеното Море пред Израелците, и сега ќе ја покаже Својата моќна сила и ќе го укине нивното ропство. „Тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што го готвам, и ќе бидам милостив кон нив како што татко е милостив кон синот свој, кој му служи“ (Малахија 3:17). Кога крвта на верните Христови сведоци во тоа време би била пролеана, таа не би можела, како крвта на мачениците некогаш, да претставува семе кое требало да донесе род за жетва на Бога. Нивната верност не би била сведоштво кое другите би ги осведочило за вистината, зашто брановите на милоста се одбиле од закоравените срца за никогаш повеќе да не се вратат. Кога праведниците сега би биле препуштени да паднат како плен на своите непријатели, тоа би значело триумф за кнезот на темнината. Псалмистот вели: „Зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето живеалиште; би ме искачил на карпа“ (Псалм 27:5). Христос рекол: „Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, сокри се за миг, додека да мине гневот (Господов); зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие“ (Исаија 26:20,21). Славно ќе биде ослободувањето на оние кои стрпливо го чекале Неговото доаѓање, чиишто имиња се запишани во Книгата на животот. {ГБ 634.1}

Сподели го ова:

Слични објави