35 Намерите на папството
Протестантите денес на католицизмот гледаат со многу поголема благонаклонетост отколку во поранешните години. Во оние земји каде што католицизмот нема доминација, и каде што католиците заземаат помирлив став за да го прошират своето влијание, се забележува сè поголема рамнодушност во врска со учењата што ги одвојуваат реформираните цркви од папската хиерархија; сè повеќе преовладува мислењето дека, на крајот на краиштата, разликите за важните точки не се толку големи како што се претпоставувало и дека само мала отстапка од страна на протестантите може да доведе до подобри односи со Рим. Имало време кога протестантите високо ја ценеле слободата на совеста која била толку скапо платена. Своите деца ги учеле да се згрозуваат од папството и секој стремеж кон пријателство со Рим го сметале за неверство кон Бога. Но колку се поинакви чувствата што денес се покажуваат! {ГБ 563.1}
Бранителите на папството изјавуваат дека нивната црква е наклеветена; а протестантскиот свет е склон да го прифати ова тврдење. Мнозина сметаат дека е неправедно што денешната Римска црква се проценува според гнасотиите и безумноста што го обележувале нејзиното владеење за време на вековите на незнаење и темнина. Тие ја оправдуваат нејзината страшна свирепост, припишувајќи и ја на варварството во тоа време и тврдат дека влијанието на современата цивилизација го сменило ставот на црквата во многу работи. {ГБ 563.2}
Дали овие луѓе заборавиле дека оваа арогантна сила осум века тврдела дека е непогрешлива? Далеку од тоа дека ќе отстапи од ова свое барање, таа во XIX век го истакнува со уште поголема решителност од кога и да е порано. Додека Рим тврди дека „црквата никогаш не згрешила, ниту пак, според Светото Писмо, кога и да е ќе згреши“ (J. L. Mosheim, Institutes of Ecclesiastical History, knj. III, Centura 11, part. 2. gl. sect. 9), како тогаш може да се откаже од начелата со кои се раководела во минатото? {ГБ 563.3}
Папската црква никогаш нема да се откаже од своето тврдење за непогрешливост. Таа тврди дека е во право во сè што направила, кога ги прогонувала оние што ги отфрлиле нејзините догми; и зарем таа не би ги повторила истите дела кога би и се дала можност за тоа? Само нека се отстранат ограничувањата што сега ги наметнува световната власта, а Рим повторно ја воспостави својата поранешната власт, набргу ќе оживее неговата тиранија и прогонство. {ГБ 564.1}
Еден познат писател (Josiah Strong, D.D., In „Our Country,” pp. 46-48.) зборува вака за ставот на папската власт кон слободата на совеста и за опасностите што посебно им се закануваат на Соединетите Американски Држави ако таа успее да ја спроведе својата политика: {ГБ 564.2}
„Мнозина стравот од католицизмот во Соединетите Држави го сметаат за ограниченост или за детинштина. Тие не гледаат во карактерот и во ставот на римокатолицизмот ништо што би било противречно со нашите слободни институции, ниту во неговото јакнење наоѓаат нешто што би било опасно. Затоа најпрво да споредиме некои од главните начела на нашата држава со начелата на Католичката црква”. {ГБ 564.3}
Уставот на Соединетите Држави гарантира слобода на совеста. Ништо не е поскапоцено или поважно од тоа. Папата Пие IX во своето послание од 19. август 1854. година рекол: ‘Бесмислените и погрешни учења и празното филозофирање за одбрана на слободата на совеста се најубиствени заблуди, чума која најмногу и се заканува на една држава’. Истиот папа во своето послание од 8. декември 1864. година изрекува проклетство над ‘оние што ја бранат слободата на совеста и верата’, како и над ‘сите што го поддржуваат мислењето дека црквата не смее да употребува сила’. {ГБ 564.4}
„Мирољубивиот тон на Рим во Соединетите Држави во никој случај не значи промена на срцето. Рим е толерантен само кога е немоќен. Бискупот О’ Конор кажува: ’Слободата на вероисповедта само се трпи додека не може да се постапи поинаку без опасност по католичкиот свет‘… Надбискупот на Св. Луј во една пригода рекол: ’Кривоверството и неверувањето се злосторства; и во христијанските земји, како на пример во Италија и Шпанија, каде што целото население е католичко, и каде што католичката религија е битен дел од законот на земјата, тие се казнуваат како и секое друго злосторство‘… {ГБ 564.5}
Секој кардинал, надбискуп и бискуп во Католичката црква пред папата полага заклетва на верност која ги содржи овие зборови: ’Ветувам дека со сите мои сили ќе ги прогонувам еретиците, расколниците и бунтовниците кои не го почитуваат нашиот господар (папата) или неговите наследници, и дека најенергично ќе им се спротивставувам‘“ (Josiah Strong, Our Country, ch. 5, pars. 2-4). {ГБ 565.1}
Вистина е дека и во Римокатоличката црква постојат вистински христијани. Илјадници луѓе во таа црква му служат на Бога според најдобрата светлина што ја имаат. Ним не им е дозволен пристап до Божјото слово и затоа не можат да ја запознаат вистината. Тие никогаш не ја забележале разликата меѓу живата служба на срцето и низата празни форми и обреди. Бог со нежно сочувство гледа на тие сироти души кои се воспитани во верата која е полна со измами и која не може да ја задоволи душата. Тој ќе стори зраците на светлината да проникнат низ густата темнина што ги опкружува. Тој ќе им ја открие вистината онаква каква што е во Исуса и мнозина ќе се придружат на Неговиот народ. {ГБ 565.2}
Католицизмот како верски систем ниту денес не е во согласност со Христовото евангелие повеќе отколку што бил во кој и да е поранешен период на својата историја. Протестантските цркви се во голема темнина, зашто инаку би ги забележале знаците на времето. Римската црква е далекусежна во своите планови и начини на работа. Таа се бори со сите средства да го прошири своето влијание и да ја зголеми својата сила; таа се подготвува за жестока и решавачка битка повторно да ја задобие контролата над светот, повторно да воведе прогонство и да го урне сето она што го изградил протестантизмот. Католицизмот освојува терен на сите страни. (Види Додаток) Погледнете го сѐ поголемиот број на негови цркви и капели во протестантските земји. Погледнете ја популарноста на неговите колеџи и семинари во Америка, кои протестантите ги посетуваат во голем број. Погледнете го растот на ритуализмот во Англија и колку чести се преминувањата во редовите на католицизмот. Овие појави треба да ги вознемират сите оние што ги ценат чистите начела на евангелието. {ГБ 565.3}
Протестантите се поврзуваат со папството и го штитат; тие прават компромиси и отстапки од кои и самите католици се изненадени до таа мера што не можат да го сфатат тоа. Луѓето ги затвораат очите пред вистинскиот карактер на римокатолицизмот и пред опасностите што им се закануваат од неговата превласт. Народот треба да се разбуди и да му се спротивстави на јакнењето на овој најопасен непријател на граѓанските и верските слободи. {ГБ 566.1}
Многу протестанти претпоставуваат дека католичката религија не е привлечна и дека нејзиното богослужение е здодевна и бесмислена церемонија. Тие се лажат. Иако католицизмот е заснован на измами, измамата не е груба и невешта. Богослужението на Римската црква, со своите церемонии, остава најдлабок впечаток. Нејзиниот блескотен раскош и нејзините свечени обреди ги зашеметуваат сетилата и го замолкнуваат гласот на разумот и совеста. Окото е восхитено. Раскошните храмови, величествените процесии, златните олтари, со скапоцени камења украсените светилишта, одбраните слики и уметничките кипови – сето тоа буди љубов кон она што е убаво и привлечно. И увото е восхитено. Музиката е ненадмината. Кога ќе зазвучат богатите тонови на оргулите, придружувани со мелодии на многу гласови, и кога ќе се разнесат низ високите сводови и колонади на величествените катедрали, душата се исполнува со стравопочит. {ГБ 566.2}
Овој надворешен сјај, раскош и церемонија, што само ја залажуваат духовната глад на душите оптоварени со грев, е доказ за внатрешната расипаност. На Христовата религија, за да се препорача, не и е потребен ваков раскош. Во светлината што свети од крстот, вистинското христијанство изгледа толку чисто и привлечно, што никакви надворешни украсувања не можат да ја зголемат неговата вистинска вредност. Убавината на светоста, кроткиот и мирен дух, е она што е вредно пред Бога. {ГБ 566.3}
Брилијантниот стил не мора да биде знак на чисти и возвишени мисли. Смисла за уметност и префинет вкус често имаат и оние што се сосема телесни и наклонети кон сетилните уживања. Сатаната често се служи со тоа да ги наведе луѓето да ги заборават потребите на својата душа, да ја загубат од вид иднината на вечниот живот, да се одвратат од својот силен Помошник и да живеат само за овој свет. {ГБ 566.4}
Религијата полна со надворешен сјај е привлечна за непрепороденото срце. Раскошот и церемониите на католичкото богослужение имаат заводлива, волшебна сила која мнозина измамила; така што тие на Католичката црква гледаат како на врата од самото небо. Само оние што цврсто стојат на темелите на вистината, и чиишто срца се обновени со Божјиот Дух, се заштитени од нејзиното влијание. Илјадници кои немаат живо искуство со Христа ќе бидат заведени да ја прифатат надворешната побожност која нема никаква сила. Таквата религија е токму она што мнозина го посакуваат. {ГБ 567.1}
Тврдењето на црквата дека има право да ги простува гревовите ги наведува католиците да се чувствуваат слободни да грешат; уредбата за исповедање, без која црквата не дава простување, исто така многу придонесува за злото. Оној кој клекнува пред грешен човек, и во исповедта му ги открива тајните мисли и побудите на своето срце, го понижува своето човечко достоинство и го изопачува секое благородно чувство на својата душа. Откривајќи му ги своите гревови на свештеникот – на грешен и смртен човек, кој често се оддава на пиење и пороци – човекот го слабее и го расипува својот карактер. Неговото сфаќање за Бога е сведено на сличност со паднатиот човек, зашто свештеникот тука стои како Божји застапник. Ова понижувачко исповедање на човекот пред човек е таен извор од кој излегуваат многу зла што го поганат светот и го подготвуваат за конечно уништување. Но, на оној кој е попустлив кон самиот себеси поугодно му е да му се исповеда на смртен човек отколку своето срце да му го отвори на Бога. На човечката природа повеќе и одговара да доживее срам и покор отколку да се откаже од гревот. Полесно му е да го мачи своето тело во вреќиште и со коприви и остри синџири отколку да ги распне телесните желби. Телесното срце повеќе сака да носи тешки окови отколку да го прими Христовиот јарем. {ГБ 567.2}
Постои голема сличност меѓу Римокатоличката и Еврејската црква во времето на првото Христово доаѓање. Додека Евреите тајно го газеле секое начело на Божјиот закон, тие надворешно мошне строго се придржувале кон неговите прописи. Народот го оптоварувале со разни прописи и преданија кои послушноста ја правеле мачна и тешка. Како што Евреите тврделе дека го почитуваат Законот, така и католиците тврдат дека го почитуваат крстот. Тие го издигнуваат симболот на Христовите маки, додека во својот живот се откажуваат од Оној кого тој крст го претставува. {ГБ 568.1}
Католиците крстот го ставаат на своите цркви, на олтарите и нивните облеки. Насекаде се гледаат обележја на крстот. Насекаде тој јавно се почитува и издигнува, но Христовото учење е закопано под мноштво бесмислени преданија, под лажни толкувања и строги прописи. Христовите зборови, упатени до фанатичните Евреи, во уште поголема мера можат да се применат на водачите на Римокатоличката црква: „Тие врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат“ (Матеј 23:4). Совесните души во крилото на Католичката црква постојано стравуваат плашејќи се од гневот на осветољубивиот Бог, додека многу достоинственици на црквата живеат во раскош и во сетилни задоволства. {ГБ 568.2}
Обожавањето на слики и мошти, повикување на светците и извишувањето на папата – сето тоа се трикови на сатаната што имаат за цел да го одвратат вниманието на народот од Бога и од Неговиот Син. За да ги упропасти душите, сатаната се труди нивното внимание да го сврти од Оној во кого единствено можат да најдат спасение. Тој го насочува нивното внимание кон било кој предмет кој може да биде замена за Оној кој рекол: „Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети и Јас ќе ви дадам одмор” (Матеј 11:28). {ГБ 568.3}
Сатаната постојано се труди погрешно да го претстави Божјиот карактер, природата на гревот околу кој, всушност, се води голема борба. Со своите подмолни учења, тој се обидува да ја намали одговорноста кон Божјиот закон и на луѓето им дозволува да грешат. Во исто време сатаната им помага да негуваат лажни претстави за Бога, така што на Него повеќе да гледаат со страв и омраза отколку со љубов. Свирепоста, што е составен дел на неговиот карактер, сатаната му ја припишува на Творецот. Таа е олицетворена во верските системи и изразена во форма на богослужение. На овој начин, луѓето се духовно заслепени и сатаната ги употребува како свои орудија во војна против Бога. Поради изопачените претстави за божествените особини, многубожечките народи биле наведени да веруваат дека за добивање на наклоност од страна на божеството се потребни човечки жртви; и така во разните облици на идолопоклонство се направени најстрашни свирепости. Римокатоличката црква, која го соединила многубоштвото со христијанството, и слично на многубоштвото, погрешно го претставила Божјиот карактер, исто така прибегнувала кон не помалку свирепи и грозоморни постапки. Во времето на превласта на папскиот Рим постоеле разни средства за мачење со чија помош луѓето биле присилувани да се согласат со неговите учења. Оние што не се согласиле со неговите барања биле осудувани на клада. Имало многу колежи за кои никогаш нема да се дознае додека не бидат откриени на судниот ден. Достоинствениците на црквата учеле од својот учител, сатаната, измислувајќи такви средства што ќе предизвикаат најсилни маки, а при тоа нивните жртви сепак, да останат живи. Во многу случаи пеколната постапка се повторувала до крајни граници на човековата издржливост сè додека човечката природа не попуштила во борбата, а маченикот смртта ја поздравувал како слатко ослободување. {ГБ 568.4}
Таква била судбината на оние што му се спротивставувале на Рим. Своите приврзаници црквата исто така ги дисциплинирала со разни казни како што се камшикување, глад и сите можни тортури. За да стекнат небесна наклоност, покајниците, прекршувајќи ги природните закони, ги кршеле Божјите закони. Биле поучувани да ги раскинат врските кои Бог му ги дал на човекот за да го разубави и да го благослови неговиот живот на земјата. Црковните дворови говорат за милиони жртви кои своите животи ги поминале во залудни настојувања да ги задушат своите природни чувства, да ги потиснат како нешто навредливо за Бога, сите мисли и чувства на наклоност кон некое сакано суштество. {ГБ 569.1}
Ако сакаме да ја сфатиме страшната суровост на сатаната, која јасно се манифестирала со векови, и тоа не меѓу оние кои никогаш не слушнале за Бога, туку во срцето на христијанството, потребно е само да ја разгледаме историјата на Римокатолицизмот. Со помош на својот огромен систем на измами, кнезот на злото ја остварил својата намера да го осрамоти Бога и да му зададе болка на човекот. И кога ќе видиме како тој успева да се маскира и да ја оствари својата цел преку водачите на оваа црква, тогаш можеме подобро да разбереме зошто тој има толку голема одвратност кон Библијата. На оној што ја чита Библијата Бог ќе му ја открие Својата милост и љубов. Тој ќе види дека Бог не става врз луѓето ниту еден од овие тешки товари. Сè што бара Тој е кротко и понизно срце, покајнички и послушен дух. {ГБ 570.1}
Христос во Својот живот не ни оставил пример мажите и жените да се затворат во манастири за да се оспособат за небото. Тој никогаш не поучувал дека љубовта и сочувството треба да се потиснуваат. Срцето на Спасителот било преплавено со љубов. Колку човекот повеќе се приближува кон моралното совршенство, толку е почувствителен, неговото забележување на гревот поостро, а неговото сочувство кон неволните подлабоко. Папата тврди дека е Христов заменик, но како може неговиот карактер да се спореди со карактерот на нашиот Спасител? Дали Христос некогаш ги осудувал луѓето на затвор или на мачење затоа што не сакале да Го почитуваат како Небесен Цар? Дали Тој некогаш барал да се осудат на смрт оние што не Го примиле? Кога бил омаловажен од страна на жителите на едно самарјанско село, и кога апостол Јован во својот гнев Го прашал: „Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?“ Исус со жалење го погледнал Својот ученик и го укорил неговиот немилостив дух, велејќи: „Зашто Човечкиот Син не дојде да погубува човечки души, но да ги спаси“ (Лука 9:54,56). Каква разлика меѓу духот што го покажал Христос и духот на неговиот таканаречен заменик! {ГБ 570.2}
Римската црква сега се прикажува пред светот како мирољубива; таа се обидува да го оправда извештајот за своите суровости. Се облекла во облека слична на Христа, но не се изменила. Секое начело со кое се раководело папството во минатите векови постои и денеска. Таа сè уште се држи за учењето што е воведено во мрачниот среден век. Никој нека не се лаже! Папството што протестантите сега се подготвени да го почитуваат е истото она што владеело со светот во деновите на реформацијата кога Божјите луѓе станале, по цена на својот живот, да го објават неговото беззаконие. Тоа сè уште исто толку гордо и дрско полага право да владее над царевите и кнезовите и да ги присвојува правата што ги има само Бог. Неговиот дух е исто толку суров и деспотски и сега како и тогаш кога ја газел човечката слобода и ги убивал светците на Севишниот. {ГБ 570.3}
Папството е токму она што го кажало пророштвото: отпад на последното време (2. Солунјаните 2:3.4). Составен дел на неговата политика е да се преправа, земајќи таков облик што во дадениот момент најдобро ќе одговара на неговите цели; но под променливиот изглед на камелеон, тоа секогаш го крие непроменливиот змиски отров. „Не треба да се држи зборот даден на еретик и на оние што се осомничени за ерес“, кажува тоа (Lenfant, volume 1, page 516). Дали карактерот и намерите на папството оваа сила, чијашто историја во текот на илјада години е пишувана со крвта на светите, сега ќе се признае како дел на Христовата црква? {ГБ 571.1}
Во протестантските земји не се истакнува без причина дека сега католицизмот не се разликува толку многу од протестантизмот како во поранешните времиња. Се случила промена, но не кај папството. Всушност, католицизмот е мошне сличен на денешниот протестантизам затоа што протестантизмот во голема мера се изопачил од времето на реформаторите. {ГБ 571.2}
Бидејќи протестантските цркви бараат наклоност од светот, нивните очи се заслепени од лажното милосрдие. Тие не можат да увидат зошто не би било исправно да се верува дека секое зло е добро, и како неизбежна последица на тоа на крајот ќе поверуваат дека секое добро е зло. Наместо да застанат во одбрана на верата која еднаш засекогаш им е предадена на светите, тие сега се извинуваат на Рим поради своето неповолно мислење за него и молат за прошка поради својата нетрпеливост. {ГБ 571.3}
Голем број луѓе, дури и оние што немаат поволно мислење за папството, не ја сфаќаат опасноста од неговата сила и влијание. Мнозина истакнуваат дека интелектуалната и моралната темнина која владеела во средниот век поволно влијаела врз ширењето на неговите догми, суеверија и на угнетувањето и дека поголемата просветеност на новото време, сеопштата раширеност на знаењето и сè поголемата слобода во верските работи, не дозволуваат повторно да завладеат нетолерантност и тиранија. Самата помисла дека би можела пак да се врати ваквата состојба наидува на потсмев. Вистина е дека на ова поколение му свети голема интелектуална, морална и верска светлина. Од отворените страници на светото Божјо слово се излева небесна светлина на светот. Но, не треба да се заборави дека колку е поголема светлината, толку е поголема и темнината на оние што ја изопачуваат и ја отфрлаат. {ГБ 572.1}
Проучувањето на Библијата со молитва ќе им го покаже на протестантите вистинскиот карактер на папството и тоа ќе ги натера да се згрозат од него и да го одбегнуваат; но мнозина се толку мудри во своите очи, што не чувствуваат потреба понизно да бараат од Бога да ги упати во вистината. Иако се фалат со својата просветеност, тие не го познаваат ниту Писмото, ниту силата Божја (Марко 12:24). Тие мораат да имаат нешто со што би ја смириле својата совест, и затоа го бараат она што е најмалку духовно и понижувачко. Она што сакаат тие е да го заборават Бога, но пред јавноста да важат како оние што постојано Го имаат на ум. Папството е мошне погодно да ги задоволи желбите на таквите луѓе. Тоа одговара на стремежите на двете групи луѓе што го опфаќаат речиси целиот свет: оние што сакаат да бидат спасени со своите лични заслуги и оние што сакаат да бидат спасени во своите гревови. Тука е тајната на неговата моќ. {ГБ 572.2}
Се покажало дека времето на големата духовна темнина било поволно за успехот на папството. Но ќе се покаже дека и времето на големата интелектуална просветеност е исто толку поволно за неговиот успех. Во минатите векови, кога луѓето биле без Божјото слово и кога не ја познавале Неговата вистина, нивните очи биле заслепени и илјадници паднале во мрежите, зашто не ги виделе стапиците што им биле поставени. Во ова поколение има многу такви чиишто очи се заслепени со блесокот на човечките шпекулации, со таканареченото „лажно знаење“. Тие не ја забележуваат мрежата и паѓаат во неа како да се заслепени. Бог сака умните способности да ги сметаме за дар на Творецот и да ги употребуваме во служба на правдата и вистината. Но кога се негуваат горделивост и амбиција и кога луѓето своите лични теории ги издигнуваат над Божјото слово, тогаш разумот може да направи поголема штета отколку незнаењето. На овој начин лажната наука на нашето време што ја поткопува верата во Библијата,
ќе се покаже како успешно средство во подготвувањето на патот за прифаќање на папството во неговиот современ и привлечен облик, исто како што ограничувањето на знаењето во средниот век отворило пат за неговото издигнување. {ГБ 572.3}
Во движењата што се развиваат во ова наше време во Соединетите Држави, а кои настојуваат установите и црковните обичаи да добијат поддршка од државата, протестантите одат по стапките на католиците. Уште повеќе, тие му ја отвораат вратата на папството повторно во протестантска Америка да ја поврати врховната власт што ја загубило во Стариот свет. А на ова движење уште поголемо значење му дава фактот што негова главна цел е да го наметне празнувањето на неделата – обичај кој потекнува од Рим и кој, според неговото сопствено тврдење, е знак на неговиот авторитет. Духот на папството – духот на прилагодување кон световните обичаи и прифаќањето на човечките преданија наместо Божјите заповеди – навлегува во протестантските цркви и ги наведува да ја издигнуваат неделата како што тоа го правело и папството пред нив. {ГБ 573.1}
Ако читателот сака да разбере кои сили ќе бидат вклучени во претстојната борба, тој треба само да ги следи записите за средствата што Рим ги употребувал за таа цел во минатото. Ако сака да знае како ќе постапуваат католиците и протестантите, кога ќе се обединат, со оние што ќе ги отфрлаат нивните догми, нека обрнат внимание на духот што Рим го манифестирал кон саботата и нејзините бранители. {ГБ 573.2}
Царските едикти, општите собори и црковните прописи, поддржани од страна на световните власти, беа чекорите со чија помош овој многубожечки празник е издигнат на својата почесна положба во христијанскиот свет. Првата јавна мерка за задолжително празнување на неделата бил законот на Константин (321. година по Христа). Овој едикт барал од граѓаните да се одмораат во „чесниот ден на Сонцето“, но на селаните им било дозволено несметано да ги извршуваат земјоделските работи. Иако ова бил првенствено многубожечки закон, тој бил спроведен од страна на царот откако формално го прифатил христијанството. {ГБ 574.1}
Бидејќи царската наредба не се покажала доволно силна да го замени божествениот авторитет, бискупот Еузебиј, кој барал наклоност од кнезовите и бил голем Константинов пријател и ласкавец, тврдел дека Христос саботата ја заменил со недела. Како доказ за ова нова учење не е наведено ниту едно единствено место од Библијата. Самиот Еузебиј несакајќи признал дека неговото тврдење е лажно и укажува на вистинските автори на оваа промена: „Сè што требаше да се први во сабота“, кажува тој, „ние го пренесовме на денот Господен“ (Robert Cox, Sabbath Laws and Sabbath Duties, page 538). Но овој аргумент во прилог на неделата, колку и да бил без основа, на луѓето им послужил да ги охрабри да ја погазат саботата Господова. Сите што сакале да бидат почитувани од светот го прифатиле овој популарен празник. {ГБ 574.2}
Кога папството се зацврстило, продолжило издигањето на неделата како празник. Извесно време народот и во недела, кога не присуствувал на богослужение, ги извршувал земјоделските работи, додека саботата сè уште се сметала како ден за одмор. Но постепено настанувала промена. На оние кои извршувале црковни должности им било забрането во недела да се занимаваат со граѓански спорови. Наскоро е издадена заповед за луѓето од сите сталежи, под закана на парична казна за слободните, а со казна шибање за робовите, во недела да се воздржуваат од секојдневната работа. Подоцна е наредено богатите да се казнуваат со конфискување на половина од нивниот имот, а ако останат упорни во престапувањето на неделата, да се прогласат за робови. Пониските сталежи требало да се казнуваат со доживотно прогонство. {ГБ 574.3}
И чуда биле повикувани на помош. Меѓу другите чуда се зборувало и тоа дека на еден селанец, кој во недела сакал да ја ора својата нива, парче железо цврсто му се забило во раката кога со него го чистел плугот и морал да го носи насекаде со себе две години, „со голема болка и срам“ (Francis West, Historical and Practical Discourse on the Lord’s Day, page 174). {ГБ 575.1}
Подоцна папата наредил свештеникот во својата парохија да ги предупредува оние што ја престапуваат неделата и да бара од нив да одат во црква да се молат за да не навлечат некоја голема несреќа на себе и на своите соседи. На еден црковен собор бил изнет доказ, кој од тоа време толку често се наведувал, дури и од страна на протестантите, дека неделата мора да биде ден за одмор, зашто луѓето што работеле во тој ден биле погодени од гром. „Очигледно е“, велеле бискупите, „дека Бог многу се гневи на оние што го презираат тој ден“. Тогаш е упатен повик до свештениците, проповедниците, кралевите, кнезовите и сите верници „да вложат најголеми напори и грижа, на овој ден повторно да му се врати честа и во иднина да биде поревносно празнуван за доброто на христијанството“ (Thomas Morer, Discourse in Six Dialogues on the Name, Notion, and Observation of the Lord’s Day, page 271). {ГБ 575.2}
Бидејќи одлуките на црковните собори се покажале недоволни, побарано е од световните власти да издадат наредба која кај народот ќе натера страв и ќе го присили во недела да се воздржува од работа. На еден синод, одржан во Рим, сите поранешни одлуки биле потврдени со уште поголема сила и свеченост, потоа се приклучени кон црковните закони, а со помош на граѓанските власти наметнати на целиот христијански свет“ (Heylyn, History of the Sabbath, pt. 2, ch. 5, sec. 7). {ГБ 575.3}
Сепак, недостигот на библиски докази во прилог на празнувањето на неделата бил причина за голема забуна. Народот им го оспорувал правото на своите учители да ја отфрлат јасната изјава на самиот Јехова: „А седми ден е сабота Господова, ден на твојот Бог“, за да го празнуваат денот на Сонцето. За да се надополни недостигот од библиски докази, биле потребни и други средства. Еден ревен поборник на неделата, кој кон крајот на дванаесеттиот век ги посетил црквите во Англија, наишол на отпор кај верните сведоци на вистината. Неговиот труд бил толку безуспешен што за извесно време ја напуштил земјата за да пронајде некој подобар доказ со кој би го поткрепил своето учење. Кога се вратил, недостатокот бил потполнет, и тој својата работа ја продолжил со поголем успех, зашто донел со себе свиток хартија за кој тврдел дека е лично од Бога, а кој ги содржел саканите прописи во врска со празнувањето на неделата и страшни закани наменети за непокорните. Овој драгоцен спис – исто така беден фалсификат како и самата установа што ја поддржувал – се тврдело дека паднал од небото и дека бил најден во Ерусалим, на олтарот на свети Симеон, на Голгота. Всушност, папската палата во Рим бил изворот од каде потекнувал. За да се зголеми силата и напредокот на црквата, папската хиерархија во сите времиња сметала дека е дозволено да се служи со лаги и измами. {ГБ 576.1}
Овој спис забранува секаква работа од деветтиот час, односно од три часот во сабота попладне, па сè до изгрејсонце во понеделник. Се тврдело дека автентичноста на овој спис е потврдена со многу чуда. Се зборувало дека луѓето кои работеле во забранетото време биле погодени со парализа. Еден воденичар, кој се обидел да меле жито, видел дека, наместо брашно, тече крв, а воденичкото тркало не се вртело наспроти силната водена струја. Една жена, која ставила тесто во печка, го нашла непечено кога го извадила иако печката била силно усвитена. Една друга жена, која подготвила тесто да го пече во сабота по три часот попладне, но сепак, решила да го остави до понеделник, следниот ден утврдила дека божествената сила направила од тестото лебови и ги испекла. Еден човек, кој во сабота по три часот попладне печел леб, следното утро, кога го скршил, забележал дека од него тече крв. Со вакви апсурдни и празноверни измислици застапниците на неделата се обидувале да ја докажат нејзината светост (Roger de Hoveden, Annals, vol. 2, pp. 526-530). {ГБ 576.2}
Во Шкотска, како и во Англија е обезбедено поголемо почитување на неделата со тоа што со неа се соединил еден дел од старата сабота. Но, времето што се сметало за свето се менувало. Со еден декрет на шкотскиот крал било наредено саботата да се смета за света од дванаесет часот напладне и никој не смеел од тој час, па сè до понеделник изутрина, да извршува световни работи (Morer, pages 290, 291). {ГБ 577.1}
Но, и покрај сите овие напори да се докаже светоста на неделата, самите паписти јавно го признале божествениот авторитет на саботата и човечкото потекло на установата со која таа била заменета. Во шеснаесеттиот век, еден папски собор јасно изјавил: „Сите христијани треба да се сетат дека седмиот ден Бог го посветил, и дека го почитувале и празнувале не само Евреите, туку и сите што тврделе дека Му служат на Бога; иако ние христијаните, нивната сабота сме ја замениле со Господовиот ден“. (Исто, pages 281, 282). Оние што се осмелиле да го променат Божјиот закон, навистина биле свесни за карактерот на своето дело. Тие свесно се издигнале над Бога. {ГБ 577.2}
Највпечатлива илустрација на односот на Рим кон оние кои не се согласувале со него, е дадена во долгиот и крвав прогон на Валденжаните, од кои некои ја празнувале саботата. И други поднесувале слични страдања заради својата верност кон четвртата заповед. Во тој поглед особено значајна е историјата на христијанските цркви во Етиопија и Абисинија (Види Додаток). Среде мракот на средниот век, светот ги изгубил од вид и заборавил на овие христијани во централна Африка, и тие повеќе векови уживале слобода на верата. Но најпосле Рим дознал за нивното постоење и владетелот на Абисинија бил прелажан да го признае папата како Христов намесник. Следеле и други отстапки. Бил издаден декрет со кој, под закана на најстроги казни, било забрането празнувањето на саботата (Michael Geddes, Church History of Ethiopia, pages 311, 312). Папската тиранија наскоро станала толку тежок јарем, што Абисинците решиле да го симнат од својот врат. По една страшна борба приврзаниците на Рим биле протерани од своите поседи и повторно е воспоставена старата вера. Црквите пак ја уживале својата слобода и никогаш веќе не го заборавиле искуството што го стекнале во врска со измамата, со фанатизмот и со насилствата на Рим. Биле задоволни и понатаму да останат во својата осаменост, непознати за останатиот христијански свет. {ГБ 577.3}
Африканските цркви ја празнувале саботата како што ја празнувала Римската црква пред својот целосен отпад. Иако го празнувале седмиот ден во согласност со Божјиот закон, африканските цркви се воздржувале од работа и во недела во согласност со обичаите на црквата. Кога се здобил со врховна власт, Рим ја погазил Божјата сабота за да го извиши својот ден за одмор, но овие цркви во Африка, скриени речиси илјада години, не учествувале во овој отпад. Кога потпаднале под власта на Рим, биле присилени да ја напуштат вистинската сабота и да го празнуваат лажниот ден за одмор. Но откако повторно стекнале независност, пак се вратиле на послушноста на четвртата заповед (Види Додаток). {ГБ 578.1}
Овие записи од минатото јасно го откриваат непријателството на Рим кон вистинската сабота и нејзините бранители, како и средствата што ги употребувал за да го наметне почитувањето на установата што самиот ја воспоставил. Божјото слово учи дека сите овие сцени ќе се повторат кога римокатолиците и протестантите ќе се обединат да ја издигнат неделата. {ГБ 578.2}
Пророштвото од 13. глава на Откровението вели дека силата што е прикажана во симболот на ѕверот со два рога како кај јагне ќе стори „целата земја и жителите нејзини“ да му се поклонат на папството – кое е прикажано како „леопард“. Ѕверот со два рога, според истото пророштво, ќе им зборува на „жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот“. Понатаму, тој ќе направи „сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови“ – да примат „жиг на ѕверот“ (Откровение 13:11-16). Веќе беше споменато дека ѕверот со „два рога како кај јагне“ ги претставува Соединетите Држави и дека ова пророштво ќе се исполни кога Соединетите Држави со сила ќе го наметнат празнувањето на неделата, што Рим го смета за посебно признание на својата превласт. Но во ова почитување на папството Соединетите Држави нема да бидат сами. Влијанието на Рим во земјите што некогаш ја признавале неговата власт, сè уште не е уништено. И пророштвото претскажува обнова на неговата власт: „И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот“ (Откровение 13:3). Нанесувањето на смртната рана укажува на падот на папството во 1798. година. Укажувајќи на ова време, пророкот вели: „Но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот“. Павле јасно вели дека „човекот на беззаконието“ ќе постои сè до второто Христово доаѓање (2. Солунјаните 2:8). Тој ќе продолжи со своите измами сè до крајот на времето. Писателот на Откровението, мислејќи исто така за папството кажува: „И ќе му се поклонат сите земни жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето“ (Откровение 13:8). На папството ќе му биде укажана почит во Новиот како и во Стариот свет со тоа што ќе биде воспоставено празнувањето на неделата, зашто таа (неделата) почива единствено врз авторитетот на Римската црква. {ГБ 578.3}
Ова сведоштво истражувачите на пророштвата во Соединетите Држави му го објавуваат на светот уште од средината на деветнаесеттиот век. Во настаните што се одигруваат сега јасно се гледа брзиот напредок во исполнувањето на пророштвото. И протестантските учители тврдат дека празнувањето на неделата се темели на некаков божествен авторитет, иако за тоа немаат никакви докази од Библијата, како што немале ниту папските водачи кога измислувале разни чуда за да ја заменат Божјата заповед. Тврдењето дека луѓето ќе ги погоди Божји суд поради престапувањето на неделата, која е поставена на местото на саботата, ќе се повтори. Движењето за задолжително празнување на неделата бргу се засилува. {ГБ 579.1}
Римската црква особено се истакнува со своето лукавство и препреденост. Таа е во состојба да чита што ќе се случи. Гледајќи дека протестантските цркви ја почитуваат со тоа што ја прифаќаат лажната сабота и дека се подготвуваат да ја спроведат со истите средства со кои и таа самата се служела во минатото, таа мирно го чека својот час. Оние што ја отфрлаат светлината на вистината, ќе бараат помош од оваа самопрогласена непогрешлива сила за да ја издигнат установата што потекнува од неа. Не е тешко да се наслути колку лесно Католичката црква ќе им помогне на протестантите во оваа работа. Кој знае подобро од папските водачи како треба да се постапува со оние што не и се послушни на црквата? {ГБ 579.2}
Римокатоличката црква, со своите ограноци по целиот свет, сочинува една огромна организација што се наоѓа под контрола на папската столица и е одредена да и служи на нејзините интереси. Милиони нејзини членови во сите земји на светот се поучуваат дека се должни да покажат поданичка покорност на папата. Без оглед на нивната националност или општественото уредување на нивната земја, тие треба авторитетот на црквата да го сметаат за поголем од секој друг. Иако и се заколнуваат на државата на верност, сепак, над сè стои заветот на послушност кон Рим кој ги ослободува од секое ветување што не е во согласност со неговите интереси. {ГБ 580.1}
Протестантите малку знаат што прават кога ја прифаќаат помошта на Рим во издигнувањето на неделата. Додека тие гледаат да ја постигнат својата цел, Рим се стреми да ја зацврсти својата сила за да ја поврати својата загубена превласт. Историјата ни сведочи за вештината и за упорните напори на папството да се вовлече во државните работи, и обезбедувајќи си поддршка, да настојува да ги оствари своите цели дури и по цена на пропаст на принцови и народи. Во 1204. година, папата Инокентие III изнудил од Арагонскиот крал Петар II да ја положи оваа необична заклетва: „Јас, Петар, крал Арагонски, го признавам и му ветувам на мојот господар, папата Инокентие, на неговите католички наследници и на Римската црква, постојана верност и послушност. Верно ќе го чувам моето кралство, покажувајќи послушност кон него, ќе ја бранам католичката вера, а ќе ја гонам кривоверската расипаност“. (John Dowling, The History of Romanism, b. 5, ch. 6, sec.). Ова се согласува со тврдењето во врска со моќта на римскиот понтиф дека тој има „законско право да ги соборува царевите“ и дека „може да ги ослободи поданиците од нивната заклетва на верност која ја дале на неправедните владетели“ (Mosheim, b. 3, cent. 11, pt. 2, ch. 2, sec. 9, note 17). (Види Додаток). {ГБ 580.2}
Не треба да се заборави дека Рим се фали токму со тоа што никогаш не се менува. Принципите на Гргур VII и на Иноќентие III сè уште се принципи на Католичката црква. Кога би имала власт, црквата тие принципи би ги спроведувала со истата енергија со која го правела тоа во минатите векови. Соединетите Држави нека го усвојат принципот според кој црквата може да ја контролира државата; верските прописи да се наметнуваат од страна на граѓанските закони; накратко, авторитетот на црквата и државата нека имаат власт над совеста, и триумфот на Рим во оваа земја ќе биде осигурен. {ГБ 580.3}
Божјото слово предупредило за претстојната опасност; ако се отфрли оваа опомена, протестантскиот свет ќе дознае какви се вистинските намери на Рим, но тогаш ќе биде предоцна да се избегне поставената стапица. Моќта на Рим незабележано расте. Неговите учења имаат големо влијание врз законодавните собранија, врз црквите и врз човечките срца. Тој подига високи и масивни градби, во чиишто тајни подземни простории ќе се повторат неговите поранешни прогонства. Потајно и незабележано тој ги зајакнува своите сили за да ги оствари своите цели и да нападне кога ќе настапи решавачкиот миг. Сè што сака тој е да заземе поповолна положба, а можност за тоа веќе му е дадена. Наскоро ние ќе видиме и ќе почувствуваме каква намера има Рим. Секој оној што сака да верува и да му биде послушен на Божјото слово, со тоа ќе биде изложен на подбив и прогонство. {ГБ 581.1}