12 Реформацијата во Франција
По протестите во Шпаер и исповедта во Аугсбург, кои ја означиле победата на реформацијата во Германија, следувале години на борби и мрак. Ослабена од поделбите меѓу нејзините поддржувачи и постојано напаѓана од страна на моќните непријатели, се чинело дека протестантизмот бил предодреден на целосно уништување. Илјадници своите сведоштва ги запечатиле со крв. Избувнала граѓанска војна; протестантизмот го предал еден од неговите водечки приврзаници; најблагородните кнезови, приврзаници на реформацијата, паднале во рацете на царот и биле влечени од град во град како заробеници. Но, во часот на својот привиден триумф, царот доживеал пораз. Видел како пленот му бега од рацете и најпосле бил присилен да загарантира толеранција на учењето, чиешто уништување го сторил како своја животна задача. Го ставил на коцка своето царство, своето богатство, па и самиот живот, само да го искорени ересот. Сега ги видел неговите војски истрошени од војувањето, ризниците испразнети, неговите многубројни покраини загрозени од буни, додека верата, која напразно настојувал да ја задуши, и понатаму се ширела на сите страни. Карло V се борел против Семоќниот Бог. Бог рекол: „Нека биде светлина“, но царот настојувал со сила да ја задржи темнината. Неговите планови пропаднале; остарен предвреме и исцрпен од долгата борба тој се откажал од престолот и го завршил својот живот во манастир. {ГБ 211.1}
Во Швајцарија, како и во Германија, за реформацијата настапиле мрачни денови. Додека многу кантони ја прифатиле реформираната вера, други продолжиле слепо да се држат за верата на Рим. Прогонството на оние што сакале да ја примат вистината, најпосле довело до граѓанска војна. Цвингли и многу други што се здружиле со него во реформацијата, паднале на крвавото поле кај Капела. Еколампад, потресен од оваа страшна несреќа набргу умрел. Рим триумфирал; и на многу места изгледало како да освоил сѐ што порано загубил. Но Оној, чиишто намери се вечни, не го оставил ниту Своето дело ниту Својот народ. Неговата рака им донела ослободување. Тој во други земји разбудил нови работници за да ја продолжат реформацијата. {ГБ 211.2}
Во Франција зората на реформацијата почнала да осамнува пред да се слушне за Лутер. Еден од првите што почнал да ја сфаќа светлината на вистината бил стариот Лефевр, човек со широки хоризонти, професор на Парискиот универзитет и искрен и ревносен католик. Додека ја проучувал старата книжевност, неговото внимание го привлекла Библијата и тој ја вовел како предмет на проучување за своите студенти. {ГБ 212.1}
Лефевр бил одушевен поклоник на светците и врз основа на црковните легенди решил да напише житија за светците и за мачениците. Оваа работа барала многу труд. Лефевр веќе значително напредувал во тоа, кога се досетил дека Библијата во тоа би можела да му биде од голема помош, па затоа почнал да ја проучува. Тука, навистина нашол опис на светците, но не таков како што бил прикажан во римскиот календар. Порој од божествена светлина го расветлила неговиот ум. Со одвратност се свртел од задачата што претходно сам си ја поставил и се посветил на проучување на Божјото слово. Скапоцените вистини што тука ги открил наскоро почнал и да ги проповеда. {ГБ 212.2}
Во 1512. година, пред Лутер и Цвингли да го започнат делото на реформацијата, Лефевр пишувал: „Само Бог е Оној кој нѐ оправдува за вечен живот со Својата милост, преку верата“ (Wylie, b. 13, ch. 1). Размислувајќи за тајните на спасението извикал: „О, колку несфатлива замена: Невиниот е осуден, а виновникот оправдан; Благословениот е проклет, а проклетиот благословен; Животот (Оној кој е извор на Животот) умира, а мртвиот прима живот; Славата се покрива со срам, а оној кој не знае за ништо друго освен за срам на лицето е облечен во слава (D’Aubigne, London ed., b. 12, ch. 2). {ГБ 212.3}
И покрај тоа што учел дека славата за откупувањето му припаѓа само на Бога, тој исто така изјавил дека човекот е должен да биде послушен. „Ако си член на Христовата црква“, зборувал тој, „тогаш си дел од Христовото тело и како таков исполнет си со божествена природа… О, кога луѓето би можеле да ја сфатат оваа предност, колку чисто, чесно и свето би живееле; сета слава на овој свет би ја сметале за срам, во споредба со внатрешната убавина што е скриена за телесните очи“ (Исто, b. 12, ch. 2). {ГБ 213.1}
Меѓу Лефевровите студенти имало неколку такви кои со голем интерес ги слушале неговите зборови, и кои, кога гласот на нивниот учител не се слушал повеќе, уште долго продолжиле да ја објавуваат вистината. Меѓу овие се нашол и Гијом Фарел. Како син на побожни родители, воспитуван безусловно и слепо да верува во учењето на црквата, тој можел за себе да каже заедно со апостол Павле: „Јас, како фарисеј, најстрого живеев по учењето на нашата вера“ (Дела 26:5). Како ревен католик, горел од желба да ги уништи сите што ќе се осмелат да се спротивстават на црквата. „Крцкав со забите како бесен волк“, изјавил подоцна, раскажувајќи за тој период од својот живот, „кога ќе слушнев дека некој зборува против папата“ (Wylie, b. 13, ch. 2). Тој бил неуморен во обожавањето на светците и заедно со Лефевр, ги обиколувал сите париски цркви, клечел пред олтарите и пред реликвиите оставал дарови. Но, таа побожност не можела да му донесе мир на душата. Наспроти сите дела на побожноста и каењето, со него завладеало чувство на вина. Зборовите на реформаторот: „Спасението е дар на милоста“, за него биле како глас од небото. „Невиниот е осуден, а виновникот оправдан“. „Само Христовиот крст ја отвора небесната врата и ја затвора вратата на пеколот“ (Исто, b. 13, ch. 2). {ГБ 213.2}
Фарел со радост ја прифатил вистината. Со преобратување, слично на Павловото, тој се свртел од ропството на традицијата во слободата на Божјите синови. „Наместо крвожедно срце на месојаден волк“, добил срце на „кротко и безопасно јагне“; тој се свртел од папата и целосно се предал на Христа (D’Aubigne, b. 12, ch. 3). {ГБ 214.1}
Додека Лефевр продолжил да ја шири светлината меѓу своите студенти, Фарел, кој сега ревно работел за Христовото дело како што по-рано работел за папата, почнал јавно да ја проповеда вистината. Набргу му се придружил еден црковен великодостојник, бискупот од Мо. Други учители, кои уживале висок углед поради своите способности и својата ученост, исто така се придружиле кон проповедањето на евангелието. Новата вера задобила приврзаници меѓу сите сталежи, почнувајќи од занаетчиите и селаните, па до благородниците и кнезовите. Маргарета Наварска, сестрата на Франсоа I, кој тогаш владеел, ја примила реформираната вера. Самиот крал и кралицата мајка, се чинело, извесно време биле наклонети кон новата вера, и реформаторите, полни со надеж, го очекувале времето кога Франција ќе биде придобиена за делото на евангелието. {ГБ 214.2}
Но, нивните надежи не се исполниле. Христовите ученици ги чекале страшни искушенија и прогонства. Сепак ова било милостиво сокриено од нивните очи. Настапило едно време на мир, каде можеле да соберат сили за претстојната бура, и реформацијата брзо напредувала. Бискупот од Мо, ревносно работел во својата бискупија за да ги поучува свештениците и народот. Неморалните и неуките свештеници биле отстранети и колку што било можно, биле заменети со образовани и побожни луѓе. Бискупот многу сакал неговите верници сами да имаат пристап до Божјото слово, и наскоро тоа го постигнал. Лефевр почнал да го преведува Новиот завет, и токму во времето кога Лутеровата Библија излегла од печат на германски јазик во Витенберг, Новиот завет е печатен во францускиот град Мо. Бискупот не штедел ниту труд ниту средства да го рашири во своите парохии, и така набргу селаните од подрачјето на градот Мо имале Свето Писмо. {ГБ 214.3}
Како што жедниот патник кој умира од жед радосно го поздравува изворот на животворна вода, така овие души ја примиле небесната порака. Работниците на полињата, како и занаетчиите во своите работилници, внесувале ведрина во својата секојдневна работа зборувајќи за драгоцените вистини од Библијата. Наместо во вечерните часови да навраќаат во крчмите, тие оделе едни кај други да го читаат Божјото слово и да се соединат во молитва и во славење на Господа. Наскоро во сите овие места настапила голема промена. Иако припаѓале на најниската класа, необразовани и принудени на тешка физичка работа, сепак во нивниот живот била видлива силата на божествената милост. Скромни, љубезни и свети, тие биле жив пример за она што евангелието може да го направи за оние што искрено го прифаќаат. {ГБ 215.1}
Светлината што била запалена во градот Мо, далеку ги фрлала своите зраци. Бројот на верните секој ден се зголемувал. Кралот за извесно време го зауздувал гневот на хиерархијата, зашто ја презирал тесноградоста и нетолеранцијата на монасите, но папските водачи најпосле победиле. Подигната била клада. Бискупот од Мо, кој бил присилен да бира помеѓу огнот и откажувањето, го избрал полесниот пат. Но, иако паднал водачот, неговото стадо останало непоколебливо. Многумина среде пламенот, храбро сведочеле за вистината. Со својата храброст и верност на клада, овие понизни христијани им зборувале на илјадници други кои во мир и благосостојба можеби никогаш не би го слушнале нивното сведоштво. {ГБ 215.2}
Не се осмелиле само сиромашните и понизните да сведочат за Христа среде подбивањата и неволјите. Во величествените замоци и палати имало благородни луѓе кои повеќе ја ценеле вистината од богатството и положбата, па дури и од животот. Витешката опрема криела поблагороден и похрабар дух од бискупската облека и од митрите. Еден од таквите бил и Луј Беркен, по потекло благородник, храбар дворски витез, предан на науката, со префинети манири и со беспрекорен морал. „Тој бил“, кажува еден писател, „голем чувар на папските уредби и ревносен посетител на сите манастири и проповеди … и како врв на сѐ, длабоко го презирал учењето на Лутер“. Но, како и многу други, и тој со Божјото провидение бил поттикнат да ја проучува Библијата и се зачудил кога во неа не ја нашол „науката на Рим, туку науката на Лутер“ (Wylie, b. 13, ch. 9). Од тој миг целосно се посветил на делото на евангелието. {ГБ 215.3}
Како „најучен француски благородник“, на многумина им се чинело дека токму тој, поради неговата генијалност и речитост, непоколеблива храброст, херојска ревност и неговото влијание на дворот, бидејќи бил кралски миленик, судбински бил предодреден да биде реформатор на својата земја. Теодор Беза рекол за него: „Беркен би бил втор Лутер кога во Франсоа I би нашол друг изборен кнез“. „Тој е полош од Лутер“, викале приврзаниците на папата (Исто, b. 13, ch. 9). И навистина, тој бил поопасен за приврзаниците на папата во Франција од Лутер. Тие го затвориле како еретик, но кралот го ослободил. {ГБ 215.4}
Борбата траела со години. Франсоа I се колебал меѓу Рим и реформацијата; понекогаш ја штител и ја ограничувал гневната ревност на монасите. Три пати папските власти го затворале Беркен и секој пат кралот го ослободувал, зашто бил восхитен од генијалноста и неговиот благороден карактер и затоа одбил да го предаде на милост и немилост на црковните водачи. {ГБ 216.1}
Беркен постојано бил предупредуван на опасноста што му се заканувала во Франција, па затоа одлучил да го следи примерот на оние кои нашле засолниште во доброволен прогон. Плашливиот и непостојан Еразмо, на кого и покрај сјајната наобразба, сепак му недостасувала онаа морална величина која животот и честа ѝ ги потчинува на вистината, му пишувал на Беркен: „Барај да те испратат како амбасадор во некоја странска земја; или отпатувај во Германија. Го познаваш Бед и сличните на него. Тој е чудовиште со илјада глави кој на сите страни исфрла отров. Ти имаш легија непријатели. И кога твоето дело би било подобро од Исусовото, тие пак нема да те пуштат сѐ додека не те уништат. Не се надевај многу на заштитата на кралот. Во секој случај, немој да ме вбројуваш меѓу теолозите“ (Исто, b. 13, ch. 9). {ГБ 216.2}
Меѓутоа, како што се натрупувале опасностите, така Беркеновата ревност се зголемувала. Не сакал да ја прифати политиката на претпазливост што му ја советувал Еразмо, туку се решил на уште похрабри мерки. Не само што застанал во одбрана на вистината, туку ги напаѓал и заблудите. Обвинувањата за ерес, што папистите настојувале да ги подигнат против него, тој ги свртел против нив. Негови најактивни и најогорчени непријатели биле учените доктори и монасите на Теолошкиот оддел на големиот Универзитет во Париз, еден од најголемите црковни авторитети како во градот така и во државата. Од списите на овие теолози, Беркен издвоил дванаесет правила кои јавно ги прогласил како „спротивни на Библијата и еретички“, и апелирал до кралот барајќи од него да биде судија во овој спор. {ГБ 216.3}
Кралот не бил против тоа водачите на завојуваните страни да ја измерат својата сила и својата моќ на расудување, и радосен што ќе има можност да ги понижи гордите и арогантни монаси, им наредил на папистите да ја градат својата одбрана врз основа на Библијата. Но, тие добро знаеле дека ова оружје малку ќе им користи; затворите, мачењата и кладите претставувале оружје со кое тие знаеле подобро да ракуваат. Сега нивните улоги се сменија, и тие самите увиделе дека се наоѓаат на работ на амбисот во кој имале намера да го турнат Беркен. Збунети и изненадени барале начин како да се извлечат од новонастанатата ситуација. {ГБ 217.1}
„Токму во тоа време се случило статуата на Дева Марија, која стоела на аголот на една улица во градот, да биде осакатена“. Ова предизвикало голема возбуда меѓу граѓаните. Толпа народ се собрал на местото, со изрази на жалост и огорченост. Кралот исто така бил длабоко трогнат. Сега им се дала можност на монасите што можеле да ја искористат и тие тоа не го пропуштиле. „Ова се плодовите на учењето на Беркен“, велеле тие. „Сѐ наскоро ќе биде срушено со овој заговор на лутераните: и религијата и законот и престолот“ (Исто, b. 13, ch. 9). {ГБ 217.2}
Беркен повторно бил уапсен. Во тоа време кралот не бил во Париз, и монасите биле слободни да работат по своја волја. Реформаторот бил сослушан и осуден на смрт, а за да не може кралот Франсоа I повторно да го спаси, пресудата била извршена истиот ден кога била и изречена. Напладне Беркен бил изведен на губилиште. Огромна толпа народ се собрала да биде сведок на настанот. Мнозина со чудење и со ужас забележале дека жртвата е избрана меѓу најблагородните и најугледните луѓе на Франција. Зачуденост, огорченост, презир и горчлива омраза ги засенила лицата на присутните; но, само едно лице останало смирено. Мислите на маченикот биле далеку од овие превирања; тој бил свесен само за присуството на својот Господ. {ГБ 217.3}
„Не обрнувал внимание на страшната кола на која седел, ниту на намуртените лица на своите прогонители, ниту на ужасната смрт на која ѝ одел во пресрет. Покрај него се наоѓал Оној кој е жив, а бил мртов, Оној кој живее вечно и ги има клучевите од пеколот и смртта. Лицето на Беркен светело со небесен сјај. Ја облекол својата омилена облека, наметка од кадифе, елек од сатен и дамаст панталони од позлатена ткаенина“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 16). Бил готов својата вера да ја посведочи во присуство на Царот над царевите и пред очите на целата вселена и поради тоа ниту еден знак на жалост не смеел да ја помати оваа радост. {ГБ 218.1}
Додека поворката полека минувала по преполнетите улици, луѓето со чудење го гледале неговиот непоматен мир и триумфот на радост во неговиот поглед и држење. „Тој изгледа“, велеле тие, „како оној што седи во храм и размислува за свети работи,“ (Wylie, b. 13, ch. 9). {ГБ 218.2}
На кладата Беркен се обидел на народот да му каже неколку збора; но монасите, плашејќи се од последиците, почнале да викаат, а војниците со ѕвекотот на своето оружје направиле голема врева и целосно го задушиле гласот на маченикот. Така, во 1529. година, највисокиот книжевен и црковен авторитет на Париз, кој се сметал за град на културата, „задушувајќи ги на клада светите зборови на маченикот што умира, му дал лош пример на разбеснетиот народ од 1793. година“ (Исто, b. 13, ch. 9). {ГБ 218.3}
Беркен бил задавен, а потоа неговото мртво тело било фрлено во оган. Веста за неговата смрт предизвикала голема жалост меѓу пријателите на реформацијата низ цела Франција. Но, неговиот пример не бил напразен. „И ние сме подготвени“, изјавиле сведоците на вистината, „радосно да одиме во смрт, насочувајќи го својот поглед кон идниот живот“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 16). {ГБ 218.4}
За време на прогонствата во градот Мо, на учителите на реформираната вера им било забрането да проповедаат, и тие заминале во други области. По некое време, Лефевр заминал во Германија. Фарел се вратил во својот роден град во источна Франција за да ја шири светлината на вистината во своето родно место. И таму стигнала веста за она што се случило во Мо и вистината што Фарел почнал да ја проповеда со бестрашна ревност, нашла свои слушатели. Но, властите наскоро се обиделе да го замолчат, а потоа го протерале од градот. Иако повеќе не можел да работи јавно, тој крстосувал по околните села и проповедал во приватни куќи и на осамени ливади, а засолниште наоѓал по шумите и пештерите кои добро ги познавал од времето на својата младост. На таков начин Бог го подготвувал за поголеми искушенија. „Неволјите, прогонствата и сатанските интриги за кои однапред бев предупредуван, ги имаше во изобилие“, рекол тој, „тие беа претешки за да можам сам да ги издржам; но Бог е мојот Татко. Тој ми даваше потребна сила и секогаш ќе ми ја даде силата што ја барам“ (D’Aubigne, History of the Reformation of the Sixteenth Century, b. 12, ch. 9). {ГБ 219.1}
Како и во деновите на апостолите, прогонствата „придонесоа за поголем успех на евангелието“ (Филипјаните 1:12). Протерани од Париз и Мо, „тие што се беа распрснале, сега одеа наоколу благовестувајќи го словото“ (Дела 8:4). На овој начин светлината навлезе во многу далечни провинции во Франција. {ГБ 219.2}
Бог подготвувал нови работници за да го шират Неговото дело. Во една париска школа се наоѓало едно сериозно и мирно момче, со силен и прониклив дух, кое се истакнувало како со чистотата на својот живот, така и со големата ревност за проучување и со побожноста. Неговата генијалност и трудољубивост го направиле гордост на школата, и сите очекувале дека Жан Калвин ќе биде еден од најспособните и најпочитуваните бранители на Римската црква. Но, зракот на божествената светлина проникнал дури и низ ѕидовите на схоластиката и празноверието со кои Калвин бил опкружен. Тој бил згрозен од новото учење и не се сомневал дека еретиците навистина го заслужуваат огнот во кој се фрлани. Сепак, сосема случајно бил соочен со оваа ерес, и бил принуден да ја преиспита моќта на римокатоличката теологија, за да ја побие протестанската наука. {ГБ 219.3}
Калвиновиот братучед, кој ја прифатил реформацијата, живеел во Париз. Двајцата роднини често се среќавале и разговарале за прашања што го вознемириле христијанскиот свет. „Во светот постојат само две религии“, рекол Оливетан, кој бил протестант. „Едната ја измислиле луѓето и според нив човекот се спасува преку обредите и добрите дела; другата религија е онаа која е откриена во Библијата и која учи дека спасението е дар на Божјата милост“. {ГБ 220.1}
„Не сакам да имам врска со твоето ново учење“, извикал Калвин. „Мислиш ли дека цел живот сум бил во заблуда?“ ( Wylie, b. 13, ch. 7). {ГБ 220.2}
Но, во неговиот ум се разбудиле мисли кои и покрај сета своја волја не можел да ги отера. Во самотијата на својата собичка размислувал за зборовите на својот братучед. Одеднаш станал свесен за својата грешност. Се видел себеси без посредник, во присуство на еден свет и праведен Судија. Посредувањето на светците, добрите дела, црковните обреди, сите тие биле немоќни да го ослободат од гревот. Пред себе го гледал само ужасот на вечниот очај. Залудно теолозите се обидувале да го охрабрат. Залудно барал прибежиште во исповеданието и покајанието; ништо не можело да ја помири неговата душа со Бога. {ГБ 220.3}
Додека ги преживувал тие тешки душевни борби, еден ден, Калвин, случајно на јавниот плоштад бил очевидец на спалувањето на еден еретик. Тој бил зачуден од спокојството што се гледало на лицето на маченикот. Во маките на оваа страшна смрт, и под уште пострашната осуда и проклетството на црквата, маченикот покажувал вера и храброст, и тоа младиот студент со болка го споредувал со сопствениот очај и мрак, иако животот го поминувал во строга послушност кон црквата. Знаел дека еретиците својата вера ја темелат на Библијата и решил да ја проучи и, ако е можно, да ја открие тајната на нивната радост. {ГБ 220.4}
Во Библијата го нашол Христа. „О, Оче!“ – извикал со олеснување, „Неговата жртва го умолостивила Твојот гнев; Неговата крв ги измила моите гревови; на крстот Тој го носел моето проклетство; Неговата смрт ми донесе оправдување… Ние сме измислиле многу непотребни глупости. Но Ти си го ставил пред мене Твоето слово како запален факел. Ти го трогна моето срце да ги презрам сите други заслуги, освен заслугите на Исус“ (Martyn, vol. 3, ch. 13). {ГБ 221.1}
Калвин се подготвувал за свештенички позив. Уште во својата дванаесетта година бил назначен за капелан во една мала црква, и според црковниот канон, бискупот свечено му ја избричил главата. Тој не бил ракоположен, ниту ја вршел должноста на свештеник, но сепак станал член на свештенството и ја носел титулата и поради тоа примал и соодветна плата. {ГБ 221.2}
Бидејќи чувствувал дека никогаш нема да може да стане свештеник, извесно време се посветил на студиите по право, но најпосле се откажал од тоа и решил целосно да се посвети на евангелието. Сепак се двоумел јавно да истапи како проповедник. По природа бил плашлив и големата одговорност на таа положба му се чинела претешка, затоа решил да ги продолжи студиите. Најпосле, сепак се согласил да ги задоволи љубезните молби на своите пријатели. „Убаво е“, рекол тој „кога на некој од толку ниско потекло ќе му се укаже толку голема чест“ (Wylie, b. 13, ch. 9). {ГБ 221.3}
Калвин мирно го започнал своето дело и неговите зборови биле како роса што паѓа да ја освежи земјата. Го напуштил Париз и се населил во еден провинциски град под заштита на принцезата Маргарета, која од љубов кон евангелието ги заштитувала оние што го прифатиле. Калвин сѐ уште бил момче, многу благороден, скромен и ненаметлив. Своето дело го започнал по куќите. Опкружен од членовите на домаќинството, ја отворал Библијата и им ги толкувал вистините за спасението. Оние што ја слушнале оваа спасоносна порака радосно ја носеле и на другите, и така учителот од големиот град наскоро почнал да ги посетува и околните мали места и села. Калвин имал пристап како во дворците така и во колибите; храбро го расчистувал патот на евангелието, поставувајќи ги темелите на црквите од кои излегувале бестрашни сведоци на вистината. {ГБ 221.4}
Неколку месеци подоцна се вратил во Париз. Во круговите на учените и образованите луѓе завладеала голема возбуда. Изучувајќи ги древните јазици луѓето се запознале со Библијата и мнозина, чиишто срца уште не биле допрени од нејзините вистини, жестоко дебатирале за овие прашања, понекогаш влегувајќи во дискусија со папистите. Иако Калвин бил добар борец во теолошките расправи, тој морал да изврши поголема мисија од овие бучни теолози. Народот доживеал духовно будење, и дошло време да му се открие вистината. Додека универзитетските ходници одекнувале од теолошките спорови, Калвин одел од куќа до куќа, ја отворал Библијата и на народот му зборувал за Христа и за Неговата жртва на крстот. {ГБ 222.1}
Со Божјото милостиво провидение, Париз требало да слушне и друг повик за да го прими евангелието. Повиците на Лефевр и на Фарел биле отфрлени, но секој жител на овој град морал повторно да ја чуе пораката. Кралот, од политички причини, не застанал сосема на страната на Рим во борбата против реформацијата. Принцезата Маргарета сѐ уште се надевала дека протестантизмот ќе триумфира во Франција. Решила во Париз да се проповеда реформираната вера. Додека царот бил отсутен, таа на еден протестантски проповедник му наредила да проповеда во градските цркви. Кога папските великодостојници го забраниле тоа, тогаш принцезата го отворила дворот. Една соба била уредена како капела и објавено е дека секој ден, во одредено време, ќе се одржува проповед на која се повикуваат луѓето од сите сталежи. Мноштво луѓе доаѓале на проповедта. Не само црквата, туку и предворјето и соседните простории биле полни со народ. Илјадници луѓе се собирале секој ден – благородници, државници, адвокати, трговци и занаетчии. Царот, наместо да ги забрани таквите собири, наредил да се отворат две цркви во Париз. Никогаш пред тоа градот не бил толку обземен со Божјото слово. Се чинело дека од небото врз народот дувнал дух на живот. Пијанството, развратноста, безделништвото беа заменети со умереноста, чистотата, редот и трудољубивоста. {ГБ 222.2}
Но и свештенството не било неактивно. Царот сѐ уште се притеснувал да го забрани проповедањето и тие се свртеле кон народот. Ги употребиле сите средства за да предизвикаат страв, предрасуди и фанатизам кај неуките и празноверните луѓе. Покорувајќи им се слепо на своите лажни учители, Париз, слично на Ерусалим во старо време, не го препознал времето на својата посета и она што служело за негов мир. Две години Божјото слово било проповедано во главниот град; и додека мнозина го прифатиле евангелието, сепак, мнозинството го отфрлило. Кралот Франсоа I од лични политички цели покажал извесна верска трпеливост, но подоцна папските приврзаници пак задобиле превласт. Црквите пак биле затворени и кладите повторно подигнати. {ГБ 223.1}
Калвин сѐ уште бил во Париз подготвувајќи се со проучување, со размислување и со молитва за својата идна работа, а во исто време продолжил да ја шири светлината. Најпосле станал сомнителен и властите донеле одлука да го спалат на клада. Сметајќи се сигурен во својата повлеченост, Калвин не ни помислувал на опасност, кога одеднаш во неговата соба дотрчале неговите пријатели со вест дека веќе се испратени стражари да го уапсат. Истиот миг се слушнало силно тропање на надворешната врата. По-веќе не смеел да се колеба. Некои од неговите пријатели ги задржале стражарите на вратата, додека другите му помогнале на реформаторот да се спушти низ прозорецот, и тој бргу побегнал кон периферијата на градот. Наоѓајќи засолниште во колибата на еден работник кој бил пријател на реформацијата, Калвин се преоблекол во облеката на својот домаќин и со мотика на рамото, тргнал понатаму. Се упатил кон југ, каде што пак нашол прибежиште на подрачјето на принцезата Маргарета. (Погледнете во D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 30.) {ГБ 223.2}
Тука останал неколку месеци, под сигурна заштита на своите моќни пријатели, занимавајќи се како и порано со проучување. Но, евангелизацијата на Франција му останала во срцето, и не можел долго да остане неактивен. Штом бурата малку стивнала, побарал ново поле за работа во Поатје, каде имало универзитет и каде новата наука наишла на добар прием. Луѓето од сите сталежи радосно го слушале евангелието. Тука Калвин не проповедал јавно, но во куќата на градоначалникот, во својот стан, а понекогаш и во некој парк го изнесувал Божјото слово на оние кои сакале да го чујат. Подоцна, кога бројот на неговите слушатели се зголемил, сметале дека е посигурно да се состануваат некаде надвор од градот. Се состанувале во една пештера, во тесната и длабока горска клисура, каде што дрвјата и наведнатите карпи ја потполнувале осаменоста. Мали групи на верници, напуштајќи го градот од разни насоки, незабележано стигнувале до тоа скриено собиралиште. Во тоа зафрлено место била читана и толкувана Библијата. Овде протестантите на Франција првпат прославиле вечера Господова. Од оваа малечка црква подоцна излегле многу верни евангелисти. {ГБ 224.1}
Калвин уште еднаш се вратил во Париз. Сѐ уште не можел да се откаже од надежта дека Франција како нација ќе ја прифати реформацијата. Но, во својата работа речиси насекаде наидувал на затворена врата. Да се проповеда евангелието значело да се оди директно на клада, и тој најпосле решил да оди во Германија. Штом ја преминал границата, во Франција повторно избило прогонство против протестантите. Кога би останал подолго во својата татковина, сигурно би бил повлечен во општа пропаст. {ГБ 224.2}
Француските реформатори, сакајќи нивната земја да оди паралелно со Германија и Швајцарија, цврсто биле решени да поведат борба против празноверните обичаи на Рим. Тие се надевале дека на тој начин ќе ја разбудат целата нација. За таа цел, едно утро по цела Франција осамнале плакати во која е напаѓана мисата. Но, наместо да ја унапреди реформацијата, овој лошо пресметан чекор донел пропаст не само на неговите извршители, туку и за сите пријатели на реформацијата ширум Франција. Со тоа, на приврзаниците на Рим им се дало она што долго го посакувале, изговор за потполно уништување на еретиците, како опасни бунтовници против сигурноста на престолот и мирот на нацијата. {ГБ 224.3}
Една непозната рака – на некој непромислен пријател, или на лукавиот непријател кој никогаш не е откриен, залепилa плаката на вратата на кралската приватна резиденција. Кралот бил вчудовиден. Во овој плакат немилосрдно е нападнато празноверието, кое со векови длабоко било почитувано. Беспримерната храброст, со која отворено биле изнесени овие обвинувања пред очите на владетелот, го распалила неговиот гнев. Зачуден, тој неколку часа стоел тресејќи се и не бил во состојба да изговори ниту еден збор. Потоа неговиот гнев се излеал во страшните зборови: „Нека се уапсат сите што се под сомневање дека се лутерани. Сакам сите да ги истребам!“ (Исто, b. 4, ch. 10). Коцката паднала. Кралот решил сосема да премине на страната на Рим. {ГБ 225.1}
Веднаш се преземени сите мерки да се уапси секој лутеран во Париз. Еден беден занаетчија, приврзаник на реформацијата, кој обично ги повикувал верниците на нивните тајни состаноци, бил уапсен и, под закана на неизбежна смрт на клада, му било наредено папскиот пратеник да го води во куќата на секој поединечен протестант во градот. Во првите мигови тој со одвратност одбил да го прави тоа, но подоцна се согласил натеран со стравот од огнот и така станал предавник на своите браќа. Кралскиот крвник, Морин, придружуван од предавникот, пред кој е носена хостија, опкружен со придружба на свештеници, носители на кадилници, со монаси и со војска, поминувал полека и молчешкум низ градските улици. Поворката требало да изгледа дека е организирана во чест на „светите сакраменти“, како очистување за навредата што ѝ ја нанеле протестантите на мисата; но зад тој свечен изглед се криела сатанската намера. Пристигнувајќи до куќата на некој протестант, предавникот давал знак, не изговарајќи ниту еден збор. Поворката застанувала, луѓето влегувале во куќата, ги влечеле домашните надвор и ги оковувале во синџири, и страшната поворка одела понатаму да бара нови жртви. „Не поштедил ниту една куќа, ниту големите ниту малечките, ниту парискиот универзитет… Пред Морин се тресел цел град… Тоа било време на ужасен терор“ (Исто, b. 4, ch. 10). {ГБ 225.2}
Жртвите умирале во најстрашни маки, зашто било наредено огнот да гори полека за да се продолжат нивните претсмртни маки. Но тие умирале како победници. Нивната решителност останала непоколеблива, а нивниот мир непоматен. Нивните прогонители се чувствувале поразени, бидејќи биле немоќни да ја поколебаат нивната нескршлива вера. „Биле подигнати клади во сите делови на Париз, а спалувањето било вршено секојдневно. Со ширењето на свирепото погубување, сакале да се шири и стравот од кривоверство. Но победата сепак на крај била на страната на евангелието. Цел Париз можел да види какви луѓе создала новата вера. Навистина нема поречити проповедални од кладите на мачениците. Тивката радост која зрачела од лицата на овие луѓе кога оделе на губилиште, нивното херојско држење среде лутиот пламен, нивното благо и милостиво простување на неправдите, често гневот го претвориле во сомилост, а омразата во љубов и со неодолива речитост сведочеле во корист на евангелието“ (Wylie, b. 13, ch. 20). {ГБ 226.1}
Свештениците, сакајќи да поттикнат гнев кај народот, ширеле најстрашни обвинувања против протестантите. Ги обвинувале дека заговараат масовен колеж на католиците, соборување на власта и убиство на кралот. Но, тоа свое тврдење со ништо не можеле да го поткрепат. Сепак, овие злокобни пророштва требало да се исполнат, но во сосема различни околности и од сосема други причини. Стравотиите што католиците ги извршиле над недолжните протестанти, преколнувале за освета, и на подоцнежните векови им ја донеле токму онаа судбина која според нивното пророштво му се заканувала на кралот, на неговата влада и на неговите приврзаници, но од рацете на неверниците, а причина биле самите паписти. Не зацврстувањето, туку угнетувањето на протестантизмот на Франција по триста години ѝ ги донело оние ужасни стравотии. {ГБ 226.2}
Сомнежите, недовербата и стравот ги зафатиле сите општествени сектори. Среде сеопштата возбуда било очигледно колку длабоко била вкоренета Лутеровата наука во срцата на луѓето кои се одликувале со воспитување, влијание и со беспрекорен карактер. Положбите од доверба и чест одеднаш останале празни. Занаетчии, печатари, научници, универзитетски професори, писатели па дури и дворски службеници, исчезнале од градот. Стотици луѓе го напуштиле Париз и доброволно ја напуштиле својата родна земја. На тој начин многумина за првпат дале до знаење дека и припаѓаат на реформираната вера. Папистите биле зачудени при помислата колку неосомничени еретици живееле во нивната средина. Својот гнев го излеале врз мноштвото скромни жртви што биле под нивна власт. Затворите биле преполни, а воздухот како да потемнел од чадот на запалените огнови, што биле запалени за приврзаниците на евангелието. {ГБ 227.1}
Франсоа I порано се фалел дека е водач на големата културна преродба што го обележала почетокот на шеснаесеттиот век. Сакал на својот двор да собира учени луѓе од сите земји. Неговата толерантност кон реформацијата донекаде треба да ѝ се припише на неговата љубов кон науката и на неговиот презир кон незнаењето и празноверието на монасите. Но, целиот обземен со ревност да го искорени „кривоверството“, овој заштитник на науката издал декрет со кој во цела Франција била укината слободата на печатот. Франсоа I претставува еден од многуте примери во историјата кои докажуваат дека образованието не претставува заштита против верската нетрпеливост и прогонство. {ГБ 227.2}
Со една свечена и јавна церемонија, Франција го почнала прогонството и целосното уништување на протестантизмот. Свештениците барале навредата направена кон небото со отфрлањето на мисата, да биде покајана со крв, и дека кралот, во интерес на нацијата, мора јавно да го одобри ова ужасно дело. {ГБ 227.3}
За оваа ужасна церемонија бил избран 21. јануари 1535. година. За таа цел поттикнати се празноверни стравувања и слепа омраза кај целиот народ. Париските улици биле полни со луѓе кои дошле од внатрешноста. Денот требало да започне со величествена и раскошна поворка. „Куќите, покрај кои требало да помине оваа поворка, биле накитени со црни знамиња, а на некои места биле подигнати олтари“. Пред секоја врата горел факел во чест на „светиот сакрамент“. Уште пред разденувањето, поворката почнала да се формира пред кралската палата. „На чело на поворката биле носени крстови и знамиња на поедини црковни парохии, а по нив оделе граѓани, двајца по двајца, со запалени факели. Зад нив оделе четири монашки реда, сите облечени во посебни одежди. Потоа ги носеле моштите на познатите светци, зад кои јавале црковни великодостојници во своите пурпурни и скерлетни облеки, украсени со скапоцени камења – сјајна и блескава поворка“. {ГБ 228.1}
„Хостијата ја носел парискиот бискуп под величествен балдахин кој го држеле четири најугледни кнеза на Франција… Зад хостијата одел кралот… тој ден Франсоа I не ја носел ниту круната, ниту царската облека“. „Гологлав, со наведнат поглед, држејќи во рацете запалена свеќа“, кралот на Франција се појавил „како покајник“ (Исто, b. 13, ch. 21). Пред секој олтар покорно се поклонил, не поради пороците што ја сквернавеле неговата душа, ниту поради невината крв што ги извалкала неговите раце, туку поради наводно „смртните гревови“ на неговите поданици што се осмелиле да ја отфрлат „светата миса“. По него одела кралицата, а потоа државните великодостојници, исто така во ред двајца по двајца и секој со запален факел во рака. {ГБ 228.2}
Како дел од службата, кралот одржал говор во големата сала на бискупската палата пред високите државни чиновници. Истапил пред нив со нажалено лице и со трогателни зборови ја оплакувал „изопаченоста на богохулните, денот на тагата и срамот“ што осамнал за француската нација. Тогаш го повикал секој верен приврзаник да помогне да се истреби опасната „ерес“, која ја турка Франција во пропаст… „Како што е вистина, господа, дека јас сум ваш крал“, рекол тој, „така кога би знаел дека еден од моите делови на телото е извалкан или заразен со овој одвратен гнилеж, би ви дал да го отсечете… Уште повеќе: кога би видел дека дури и едно од моите деца е осквернето со тоа, не би го поштедил… Јас самиот би се одрекол од него и би го жртвувал на Бога!“ Неговиот говор го задушиле солзи, а целиот собир заплакал и еднодушно извикнал: „Ќе живееме и ќе умреме за католичката вера!” (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 4, ch. 12). {ГБ 228.3}
Мрак се спуштил врз оваа нација кога ја отфрлила светлината на вистината. „Божјата благодат која носи спасение за сите луѓе“ (Тит 2:11), се открила. Но, Франција, иако ја видела нејзината моќ и светлина, иако илјадници биле привлечени со нејзината божествена убавина и цели градови и села осветлени со нејзиниот сјај, се одвратила од вистината, зашто нејзините жители повеќе ја сакале темнината отколку светлината. Французите како нација го отфрлиле небесниот дар што им бил понуден. Тие не престанувале „злото да го нарекуваат добро, а доброто зло“ (Исаија 5:20), сè додека не станале жртви на својата тврдоглава самоизмама. Попусто сметале дека на Бога му вршат служба прогонувајќи го Неговиот народ, нивната искреност не можела да ги ослободи од вината. Тие свесно ја отфрлиле светлината што можела да ги сочува од измама и да ги одврати нивните души од крвопролевање. {ГБ 229.1}
Во големата катедрала била положена свечена заклетва дека „кривоверството“ целосно ќе се искорени. Тука, малку помалку од три века подоцна, народот кој го заборавил живиот Бог, на престолот ја издигнал „божицата на разумот“. Повторно е формирана процесија и претставниците на Франција го почнале делото за кое се заколнале дека ќе го извршат. „На кратки растојанија биле подигнувани клади за спалување на „кривоверците“. Наместено е одделни клади да бидат запалени кога ќе наиде кралот за да биде сведок на погубувањето (Wylie, b. 13, ch. 21). Деталите од претрпените маки на овие Христови следбеници премногу се грозни за да се опишат, но сепак жртвите не покажувале никакво колебање или нерешителност. Кога бил присилен да се откаже од својата вера, еден маченик одговорил: „Верувам само во она што некогаш го проповедале пророците и апостолите и во што верувале сите заедници на светите“. „Мојата вера се потпира на Бога, и ќе им се спротивстави на сите сили на пеколот“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 4, ch. 12). {ГБ 229.2}
Така поворката се запирала на сите места за мачење. Враќајќи се на своето појдовно место, пред кралската палата, народот се разотишол, а кралот и неговите великодостојници се повлекле, задоволни со настаните на денот. Решено е почнатото дело да продолжи до целосно истребување на кривоверството. {ГБ 230.1}
Евангелието на мирот што го отфрлила Франција, требало да биде искоренето, но колку страшни ќе бидат последиците! На 21. јануари 1793. година, двесте педесет и осум години подоцна, сметајќи од денот кога Франција го најавила целосното истребување на протестантите, низ улиците на Париз поминувала една друга поворка и со сосема друга цел. „Повторно кралот бил главна личност; повторно се слушнал вик на народот кој барал нови жртви; повторно се подигале нови губилишта за страшни егзекуции. Луј XVI, отимајќи им се на своите темничари и крвници, бил довлечен на гилотина и тука сосила е држан додека не паднала секирата и додека неговата глава не се стркалала на губилиштето“ (Wylie, b. 13, ch. 21). Кралот не бил единствената жртва; во текот на тие крвави денови од владеењето на теророт, биле погубени две илјади и осумстотини луѓе. {ГБ 230.2}
Реформацијата на светот му ја открила Библијата; укажала на Божјиот закон, објавувајќи дека сè уште важат неговите барања и права над човечката совест. Бесконечната љубов на луѓето им ги открила небесните уредби и начела. Господ кажал: „И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе чујат за сите тие наредби, ќе речат: овој голем народ е мудар и разумен народ“ (Второзаконие 4:6). Отфрлајќи го небесниот дар, Франција посеала семе на анархија и пропаст, што неизбежно довело до револуција и насилство. {ГБ 230.3}
Уште пред прогонството, предизвикано со непромисленото лепење на плакати, храбриот и ревен Фарел бил присилен да бега од својата татковина. Отишол во Швајцарија каде со својата работа му помогнал на Цвингли во борбата за победа на реформацијата. Овде ги поминал своите последни години, но сепак, вршел и значително влијание врз реформацијата во Франција. За време на првите години на Фареловото прогонство, неговите напори особено биле насочени кон ширењето на евангелието во неговата татковина. Многу време поминал проповедајќи го Светото Писмо меѓу своите сонародници во близина на границата, од каде неуморно ја следел борбата што се водела во татковината, помагајќи со охрабрувачки зборови и совети. Со помош и на другите азиланти, биле преведени списите на германските реформатори на француски јазик и заедно со француската Библија биле печатени во голем број. Колпортерите овие дела ги продавале низ цела Франција. Книгите на колпортерите им се давани по цена пониска од продажната, а добивката им овозможувала без прекин да ја продолжат работата. {ГБ 231.1}
Фарел својата работа во Швајцарија ја започнал како скромен учител. Повлекувајќи се во една мала парохиска црква, тој се посветил на воспитување на децата. Покрај вообичаените училишни предмети, почнал внимателно да ги запознава децата со библиските вистини, надевајќи се дека преку децата ќе допре и до родителите. Некои од нив поверувале, но се вмешале свештениците за да ја спречат неговата работа, и суеверното население било наговорено да му се спротивстави. „Ова не може да биде евангелието на Христос“, велел свештеникот, „зашто очигледно е дека неговата проповед не донесува мир, туку војна“ (Wylie, b. 14, ch. 3). Следејќи го примерот на првите ученици, кога бил прогонет од еден град, Фарел бегал во друг. Патувал пеш од село во село, од град во град, поднесувајќи скудност, глад, зима, умор и насекаде неговиот живот бил во опасност. Проповедал на пазариштата, во црквите, па дури и од проповедалните на катедралите. Често наоѓал црква без слушатели; понекогаш неговите проповеди биле прекинувани со извици и со подбиви; често се случувало со сила да го симнат од проповедалната. Повеќепати толпата го напаѓала и го претепувала до смрт. Сепак, непоколебливо одел напред. Иако во борбата честопати бил одбиен, тој со неуморна истрајност ги повторувал нападите. Доживеал да види како градови и села, кои дотогаш биле тврдина на папството, еден по друг ја отворале вратата на евангелието. Малата парохија во која работел на почетокот, наскоро ја прифатила реформацијата. Градовите Мора и Нојшател ги напуштиле римокатоличките обичаи и ги исфрлиле од своите цркви идолопоклоничките слики. {ГБ 231.2}
Фарел одамна сакал во Женева да го подигне знамето на протестантизмот. Кога би бил задобиен овој град, тој би станал центар на реформацијата за Франција, во Швајцарија и Италија. Со таа цел, продолжил да работи додека не придобил многу околни градови и села. Потоа се вратил во Женева, придружуван од еден свој соработник. Му дозволиле да одржи само две проповеди. Свештениците настојувале да ги наговорат градските власти да го осудат; кога тоа не им успеало, го повикале пред црковниот совет, на кој дошле со оружје скриено под својата облека, цврсто решени да го убијат. Пред салата се собрала разјарена толпа народ, вооружена со палки и мечеви, спремни да го убијат доколку сака да побегне од собранието. Но, благодарение на градските власти и на еден одред вооружени војници тој сепак бил спасен. Следниот ден, во рани зори, тој со својот другар бил одведен преку езерото на сигурно место. Така се завршил неговиот прв обид да ја евангелизира Женева. {ГБ 232.1}
За следниот обид било избрано поскромно орудие – млад човек со таков непривлечен изглед што дури и непријателите на реформацијата студено го примиле. Но, што можел да стори толку неискусен човек, кога самиот Фарел бил одбиен? Како некој, кој имал толку мала храброст и искуство, можел да ја преживее бурата пред која најсилните и најхрабрите биле принудени да бегаат? „Не со сила не со снага, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4:6). „Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните“. „Зашто Божјото безумие е помудро од луѓето, и Божјата слабост е посилна од луѓето“ (1. Коринтјаните 1:27,25). {ГБ 232.2}
Младиот човек, по име Фромен, своето дело го започнал како учител. Вистините со кои ги поучувал децата на училиште, тие ги повторувале дома. Наскоро и родителите почнале да доаѓаат да ги слушнат толкувањата на Библијата, додека училишната сала не била полна со внимателни слушатели. Биле разделени многу Нови завети и трактати и на тој начин допреле до мнозина што не се осмелувале јавно да го слушнат излагањето на новото учење. Набргу и овој млад проповедник бил присилен да побегне; но вистините што ги проповедал останале во срцето и мислите на луѓето. Семето на реформацијата било посеано и тоа продолжило да се засилува и да се шири. Проповедниците се вратиле и конечно, благодарение на нивниот труд, во Женева е воведено протестантско богослужение. {ГБ 232.3}
Градот веќе се изјаснил за реформацијата кога Калвин, по многу талкања и тешкотии влегол низ неговата врата. Враќајќи се од својата последна посета на своето родно место, бил на пат за Базел, но бидејќи патот бил запоседнат од војската на Карло V, бил принуден да појде по заобиколен пат, преку Женева. {ГБ 233.1}
Во таа Калвинова посета на Женева, Фарел ја видел Божјата рака. Иако Женева веќе ја прифатила реформираната вера, сепак тука требало да се заврши голема работа. Луѓето се обраќаат на Бога како поединци, а не како цели цркви, затоа делото на духовната преродба мора да биде извршено во срцата и во совеста со силата на Светиот Дух, а не со декрети на црковните собори. Жителите на Женева, иако го отфрлиле авторитетот на Рим, сѐ уште не биле подготвени да се одречат од пороците што цутеле под негова закрила. Не било лесно да се воспостават чистите начела на евангелието, а народот да се подготви достојно да го заземе местото кое му го понудило Провидението. {ГБ 233.2}
Фарел бил осведочен дека во Калвин нашол човек кој може навистина да му се придружи во тоа дело. Во име на Бога, свечено го заколнал младиот евангелист да остане тука и да соработува со него. Калвин, уплашен, се колебал. По природа кроток и мирољубив, се плашел да стапи во допир со храбрите, независни и дури избувливи граѓани на Женева. Кревкото здравје и желбата за проучување го гонеле да бара повлеченост. Верувајќи дека со своето перо би можел најдобро да ѝ послужи на реформацијата, Калвин копнеел да најде едно тивко место за проучување, од каде со пишаниот збор би ги поучувал и би ги изградувал црквите. Но свечениот повик на Фарел му дошол како повик од небото и тој немал смелост да го одбие. Му се чинело, како што подоцна рекол: „Како да се подала Божјата рака од небото, која го фатила и неотповикливо го ставила на местото од кое одвај чекал да побегне“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 9, ch. 17). {ГБ 233.3}
Во тоа време, на протестантизмот му се заканувала голема опасност. Против Женева грмеле папските анатеми, а моќните нации ѝ се заканувале со целосно уништување. Како овој мал град да ѝ се спротивстави на моќната хиерархија која толку често ги присилувала царевите и владетелите да ѝ се потчинат? Како да се одржи пред армиите на големите светски освојувачи? {ГБ 234.1}
Во целото христијанство протестантизмот бил опкружен со страшни непријатели. Првите победи на реформацијата поминале, а Рим собирал нови сили надевајќи се дека ќе ја уништи новата вера. Во тоа време е основан редот на езуитите – најсвиреп, најбезобзирен и најсилен бранител на папството. Раскинувајќи ги сите земни врски и човечки интереси, мртви кон барањата на природните склоности, замолкнувајќи го гласот на совеста и разумот, езуитите ја признавале власта само на својот ред, и единствена должност им била да ја зголемат неговата моќ (Види Додаток). Христовото евангелие ги оспособило своите приврзаници храбро да им се спротивстават на опасностите, да ги издржат страдањата, студот, гладот, тешките напори и сиромаштвото, и високо да го подигнат знамето на вистината, и покрај затворите, мачењата на тркало и кладите. Во борбата против реформацијата, езуитите биле задоени со фанатизам, кој ги оспособувал да ги претрпат истите опасности и на силата на вистината да ѝ го спротивстават сето оружје на измамата. Ниту едно злосторство за нив не било толку болно за да не можат да го извршат; ниту една измама толку ниска за да не можат да ја применат, ниту едно лицемерство толку ниско за да не можат да го употребат. Иако се заветувале на вечна сиромаштија и понизност, настојувале да стекнат богатство и моќ за да ги употребат за уништување на протестантизмот и за воспоставување на врховна власт на папството. {ГБ 234.2}
Кога се појавувале како членови на редот, се појавувале под наметка на светост: посетувале затвори и болници, им служеле на болните и несреќните, тврделе дека се откажале од светот и дека го носат светото име на божествениот Исус кој одел насекаде правејќи добро. Но под ова беспрекорна надворешност често се криеле злосторнички и убиствени намери. Основното начело на овој ред било – целта ги оправдува средствата. Според тој закон – лагата, кражбата, кривоклетството и атентатите не само што се простувале, туку се препорачувале, доколку служат во интерес на црквата. На различни начини езуитите се вовлекувале во државната администрација, станувале советници на кралевите и управувале со политиката на нациите. Служеле како слуги за да ги шпионираат своите господари. Основале колеџи за воспитување на кнежевските и благородничките синови и училишта за обичниот народ; а децата на протестантските родители ги присилувале да ги прифаќаат папските обреди. Целиот надворешен сјај и раскош на римското богослужение имало за цел на народот да му го заслепи умот, да ја занесе и да ја зароби мечтата; и така се случувало синовите да ја продаваат слободата за која нивните татковци се бореле и ја пролевале својата крв. Езуитите бргу се прошириле низ Европа и секаде каде што отишле, дошло до заживување на папството. {ГБ 235.1}
За да се зголеми моќта на езуитите, папата издал декрет со кој повторно се воведува инквизицијата (Види Додаток). И покрај општото гнасење со кое се гледало на тоа дури и во католичките земји, овој страшен суд сепак повторно бил воведен од страна на папските владетели. Премногу страшни и свирепи за да бидат изнесени на виделина, биле злоделата што се повторувале во мрачните ќелии на инквизиторските темници. Во многу земји на Европа, илјадници луѓе кои претставувале цвет на својата нација – најчистите и најблагородните, најобразованите и најдобро воспитаните, побожните и предани проповедници, трудољубивите и родољубиви граѓани, сјајните научници, талентираните уметници и вештите занаетчии, биле најнемилосрдно убивани или присилени да бегаат во други земји. {ГБ 235.2}
Такви биле средствата што Рим ги употребил за да ја угаси светлината на реформацијата, луѓето да ги лиши од Библијата и повторно да го воспостави незнаењето и празноверието на мрачниот среден век. Но, благодарение на Божјиот благослов и несебичните напори на оние благородни луѓе што Бог ги покренал за да го наследат Лутер, протестантизмот не бил уништен. Неговата моќ не зависела од милоста на кнезовите и нивното оружје. Најмалите земји, најскромните и најслабите нации, станале нејзини упоришта. Тука била малечката Женева, среде моќните непријатели што настојувале да ја уништат; тука била Холандија, која на своите песочни брегови на Северното Море се борела против шпанската тиранија, која во тоа време била една од најголемите и најбогати држави во светот, тука била и пустата и неплодна Шведска, која исто така придонела за победата на реформацијата. {ГБ 235.3}
Речиси триесет години Калвин работел во Женева, најнапред да основа црква која ќе се држи до моралните начела на Библијата, а потоа и за унапредување на реформацијата низ цела Европа. Неговиот јавен живот не бил беспрекорен, ниту неговото учење без заблуди. Но тој бил орудие во објавувањето на вистини кои биле од особена важност во неговото време, во одржување на начелата на протестантизмот против наглото подигање на папството, и во протестантските цркви да воведе чист и едноставен живот наместо гордоста и расипаноста потпомогната од Римското учење. {ГБ 236.1}
Од Женева излегувале публикации и учители кои го ширеле учењето на реформацијата. Кон неа се обраќале прогонетите од сите земји, барале поуки, совети и охрабрување. Калвиновиот град станал прибежиште за прогонетите реформатори од цела Западна Европа. Бегајќи од ужасните прогонства, кои траеле со векови, бегалците барале прибежиште пред портите на Женева. Гладни, ранети, лишени од семејството и роднините, овде наоѓале топол прием и нежно гостопримство. Тука, наоѓајќи нова татковина, тие станале благослов за градот кој толку љубезно ги примил, со својата уметност, со своето знаење и со својата побожност. Мнозина што побарале прибежиште, пак се вратиле во своите земји за да и се спротивстават на тиранијата на Рим. Џон Нокс, храбриот шкотски реформатор, големиот број на англиски пуританци (претставници на реформираната црква во Англија), протестантите од Холандија и Шпанија, како и француските хугеноти, од Женева го понеле факелот на вистината за да ја растераат темнината во својата татковина. {ГБ 236.2}