20 Силно верско будење

Сподели го ова:

Пророштвото запишано во 14. глава на Откровението, претставува појава на едно силно верско будење како резултат на проповедањето на веста за скорeшното Христово доаѓање. Јован видел ангел „како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ“. Тој со „висок глас“ ја објавува веста: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Нeговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создаде небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14:6,7). {ГБ 355.1}

Значаен е фактот каде се кажува дека гласник на ова предупредување треба да биде еден ангел. Божествената мудрост сакала со чистотата, славата и силата на еден небесен гласник да го прикаже возвишениот карактер на делото што треба да се изврши и силата и славата што ќе го придружуваат. А летот на ангелот „среде небото“, „високиот глас“ со кој се проповеда веста и нејзиното ширење меѓу сите „жители земни“ – „на секое племе и колено, јазик и народ“ – ја покажуваат брзината со која се шири движењето и неговата светска распространетост. {ГБ 355.2}

Самата вест го открива времето кога ќе настане ова движење. Се кажува дека таа е дел на „вечното евангелие“ и дека го објавува почетокот на судот. Веста на спасението се проповедала во сите времиња, но веста за Христовото доаѓање е дел на евангелието што може да се објавува само во последните денови, зашто само тогаш ќе се знае дека дошол часот на судот. Пророштвата изнесуваат низа настани што се одигруваат до почетокот на судот. Ова е посебно случај со книгата на пророкот Даниел. Но, оној дел од неговото пророштво што се однесува на последното време, Даниел морал да го затвори и да го запечати „до последното време“. Дури кога ќе настапи тоа време, ќе може да биде објавена веста за судот што се темели на исполнувањето на ова пророштво. Но, во ова последно време, вели пророкот, „мнозина ќе ја истражуваат (таа книга) и знаењето ќе се умножи“ (Даниел 12:4). {ГБ 355.3}

Апостол Павле ја предупредил црквата Христовото доаѓање да не го очекува во неговите денови: „Оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде до отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта“ (2. Солунјаните 2:3). Дури по еден голем отпад и по едно долго владеење на таканаречениот „човек на гревот“ можеме да го очекуваме доаѓањето на нашиот Господ. „Човекот на гревот“, наречен и „тајна на беззаконието“, „син на погибелта“ и „беззаконик“, го претставува папството кое, како што е кажано во пророштвото, ќе има превласт 1260 години. Овој период завршил во 1798. година. Христовото доаѓање не можело да се случи пред оваа година. Опомената на Павле го опфаќа целиот христијански период до 1798. година. Дури по оваа година требало да се проповеда веста за второто Христово доаѓање. {ГБ 356.1}

Таква вест никогаш не е објавена во минатото. Како што видовме, Павле не ја проповедал; тој своите браќа ги упатувал на Господовото доаѓање во далечна иднина. Реформаторите исто така не ја проповедале. Мартин Лутер судот го очекувал отприлика триста години по своето време. Но од 1798. година отпечатена е книгата на Даниел, пророштвото почнало сè повеќе да се сфаќа и мнозина ја објавувале свечената вест за скорешниот суд. {ГБ 356.2}

Како и големата реформација во шеснаесеттиот век, и адвентното движење се појавило истовремено во разни христијански земји. Во Европа и Америка, луѓе од вера и молитва биле поттикнати да ги проучуваат пророштвата и на тој начин пронашле убедливи докази дека крајот на сите нешта е близу. Во разни земји се појавиле осамени групи христијани кои, проучувајќи го Светото Писмо, откриле дека доаѓањето на Спасителот е близу. {ГБ 357.1}

Во 1821. година, три години откако Милер ги разјаснил пророштвата што упатуваат на времето на судот, д-р Јосиф Волф, „светски мисионер“, почнал да го објавува скорешното Господово доаѓање. Волф бил роден во Германија, со еврејско потекло. Татко му бил рабин. Уште во својата рана младост Јосиф Волф се осведочил во вистинитоста на христијанската вера. Решителен и со мошне силен истражувачки дух, тој во својот родителски дом, каде што секојдневно се состанувале побожните Евреи, со големо интересирање ги слушал разговорите што ги воделе тие за надежите и за очекувањата на својот народ, за славата на Месијата кој ќе дојде и за воспоставувањето на израелското царство. Еден ден, кога слушнал како го спомнуваат Исуса од Назарет, Јосиф прашал кој е тој. Му одговориле дека тој бил Евреин со мошне големи дарби, но бидејќи тврдел дека е Месија, еврејскиот суд го осудил на смрт. „Зошто“, прашал Јосиф, „зошто е разурнат Ерусалим и зошто ние сме во ропство?“ „Ах“, одговорил татко му, „затоа што Евреите ги убивале пророците“. Наеднаш на момчето му светнала мислата: „Можеби Исус од Назарет бил пророк а Евреите го убиле иако бил невин“ (Travels and Adventures of the Rev. Joseph Wolff, vol. 1, p. 6). Ова чувство било толку силно што, и покрај забраната да влезе во христијанска црква, сепак, често стоел пред врата за да слушне проповед. {ГБ 357.2}

Кога имал само седум години, му се фалел на својот стар сосед, христијанин, со идната слава на Израел кога ќе дојде Месијата, при што старецот љубезно му рекол: „Драго момче, ќе ти кажам кој е вистинскиот Месија: тоа е Исус од Назарет… кого твоите предци го распнале на крст, како што во старо време ги убивале пророците. Оди дома и прочитај ја 53. глава од книгата на пророк Исаија и ќе се увериш дека Исус Христос е Божји Син“ (Исто, vol. 1, p. 7). Момчето веднаш го обзело цврсто уверување дека тоа е вистина. Отишло дома и ја прочитало таа глава, чудејќи се како тие стихови целосно се исполниле во Исуса од Назарет. Дали зборовите на овој христијанин се вистинити? Момчето го замолило татка си да му го протолкува ова пророштво, но тој му одвратил со мрачно молчење. Детето никогаш веќе не се осмелило да го спомне овој предмет. Меѓутоа, ова само ја зголемило неговата желба што повеќе да дознае за христијанската вера. {ГБ 357.3}

Знаењето што го барал Јосиф во својот еврејски семеен круг било грижливо криено од него; но кога имал одвај единаесет години, го напуштил татковиот дом и се упатил во светот да стекне образование и да избере вера и животно занимање. За извесно време нашол засолниште кај своите роднини, но набргу тие го отерале како отпадник и така, сам и без средства, морал да се снаоѓа меѓу туѓинците. Патувал од место во место, а во исто време и трудољубиво учел и сам се издржувал давајќи часови по еврејски јазик. Под влијание на еден католички учител ја примил римската вера и решил да биде мисионер меѓу својот сопствен народ. За таа цел, неколку години подоцна, отишол во Рим да ги продолжи своите студии на тамошниот факултет за пропаганда. Поради своите навики да мисли независно и да зборува отворено, овде го прогласиле за еретик. Отворено ја напаѓал злоупотребата на црквата и барал реформа. Иако од почеток папските достоинственици му биле наклонети, сепак, по извесно време морал да си замине од Рим. Под контрола на црквата одел од место до место додека не се увериле дека никогаш не ќе можат да го подложат под јаремот на Рим. Најпосле е прогласен за непоправлив и отпуштен да си оди каде што сака. Се упатил во Англија каде што ја примил протестантската вера и стапил во Англиканската црква. По двегодишно студирање, во 1821. година ја започнал својата мисија. {ГБ 358.1}

Откако Волф ја прифатил големата вистина за првото Христово доаѓање, Кој „беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања“, сфатил дека пророштвата со иста јасност го опишуваат и Неговото второ доаѓање во сила и слава. И додека својот народ го упатувал на Исуса од Назарет како ветен Месија, и на Неговото прво доаѓање во понижување како жртва за гревот на луѓето, истовремено им укажувал и на Неговото второ доаѓање. {ГБ 358.2}

Велел: „Вистинскиот Месија, Исус од Назарет, чиишто раце и нозе биле прободени, кој бил воден како јагне на колење, кој бил познат како човек на болката и страдањата, кој дошол првпат кога скиптарот и владејачката палка се одземени од Јуда – ќе дојде по вторпат на небесните облаци со труба на архангел,“ (Joseph Wolff, Researches and Missionary Labors, page 62) „и Неговите нозе во тој ден ќе застанат на Маслиновата Гора. А онаа власт над сѐ што е создадено, што му била дадена некогаш на Адама и која тој со падот во грев ја загубил (Создавање 1:26; 3:17), ќе му биде дадена на Исуса. Тој ќе биде цар над сета земја. Ќе престанат жалбите и воздишките на сите созданија, а ќе се слушне песна на слава и похвала… Зашто ќе дојде Синот човечки во славата на Отецот со своите ангели, … и прво ќе воскреснат мртвите во Христа (1. Солунјаните 4:16; 1. Коринтјаните 15:23). Тоа е она што ние христијаните го нарекуваме прво воскресение. Тогаш и животинското царство ќе ја измени својата природа (Исаија 11:6-9) и ќе му биде потчинето на Исуса (Псалм 8). Ќе владее сеопшт мир“ (Journal of the Rev. Joseph Wolff, pages 378, 379). „Господ пак ќе погледне на земјата и ќе каже: ’Ете, сѐ е мошне добро!‘“ (Исто, page 294). {ГБ 359.1}

Волф верувал дека Господовото доаѓање е близу. Неговото толкување на пророчките времиња се разликуваше само за неколку години од времето кога Милер го очекуваше големото исполнување. Врз основа на зборовите: „А за тој ден и час никој не знае“, некои се обидувале да докажат дека во врска со близината на Христовото доаѓање луѓето не можат ништо да знаат; ним Волф им одговорил: „Зар нашиот Господ рекол дека денот и часот нема никогаш да бидат познати? Зар не ни дал знаци на времето за да можеме да го знаеме барем приближувањето на Неговото доаѓање, како што може да се знае дека е близу летото според смоквата која разлистува? (Матеј 24:32). Зар никогаш да не дознаеме за ова време кога самиот Тој нѐ опоменува не само да го читаме пророкот Даниел, туку и да го разбереме? А токму во Даниел стои дека тие зборови ќе бидат запечатени сѐ до последното време, дека ’мнозина ќе истражуваат‘ и дека ’знаењето ќе се умножи‘ (во врска со тоа време) (Даниел 12:4). Впрочем, со ова Спасителот не сакал да каже дека приближувањето на времето нема да биде познато, туку дека одредениот ’ден‘ и ’час‘ не го знае никој. Тој кажува дека навистина ќе се знае според знаците на времето за да нѐ поттикне да се подготвиме за Неговото доаѓање, како Ное што го подготвил ковчегот“ (Wolff, Researches and Missionary Labors, pages 404, 405). {ГБ 359.2}

За вообичаеното толкување и извртување на Светото Писмо, Волф пишувал: „Поголемиот дел на христијанската црква се оддалечил од јасната смисла на Светото Писмо и се свртел кон мамките на будистичката наука која учи дека идната среќа на човечкиот род се состои од постојано движење горе долу во воздухот. Кога го читаат зборот Евреи, тие мислат дека под тоа треба да се подразберат незнабошците; а кога читаат Ерусалим, дека под тоа се подразбира црквата; кога пишува земја, тоа значи небото; дека Господовото доаѓање всушност го претставува напредокот на мисионерските друштва; а да се оди на гората Господова, во домот на Јакововиот Бог, значи да се оди на некој голем собор на методистите“ (Journal of the Rev. Joseph Wolff, page 96). {ГБ 360.1}

Во текот на дваесет и четири години, од 1821. до 1845. година, Волф патувал по светот. Во Африка ги посетил Египет и Етиопија; a во Азија патувал низ Палестина, Сирија, Персија, Бухар и Индија. Ги посетил и Соединетите Држави, откако претходно на патот за Америка проповедал на островот Света Елена. Во август 1837. година стигнал во Њујорк; откако зборувал во овој град, проповедал во Филаделфија и во Балтимор, а потоа отишол во Вашингтон. „Овде“, кажува тој, „на предлог на поранешниот претседател, Џон Квинси Адамс, едногласно ми е ставена на располагање конгресната сала за едно предавање што го одржав една сабота, почестен со посетата на сите членови на Конгресот, епископот од Вирџинија, како и свештенството и граѓаните на Вашингтон. Иста чест ми укажаа и членовите на владата на Њу Џерси и во Пенсилванија, во чиешто присуство држев предавања за моите истражувања во Азија, како и за личното владеење на Исуса Христа“ (Исто, pages 398, 399). {ГБ 360.2}

Д-р. Волф патувал по нецивилизирани земји без заштита на која и да е европска влада, претрпувајќи многу неволји и опкружен со безброј опасности. Го тепале по табаните, поднесувал глад, бил продаван како роб и три пати осудуван на смрт. Бил напаѓан од разбојници и повеќе пати ќе умрел од жед. Еднаш му било одземено сѐ што имал и морал да патува пеш стотици километри низ планините, додека снегот го удирал по лицето, со боси нозе кои не ги чувствувал од студ. {ГБ 361.1}

Кога му советувале да не оди без оружје меѓу диви и непријателски племиња, одговорил дека е вооружен со добро оружје – „со молитва, со ревност за Христа и со сигурност во Неговата моќ“. „Јас сум“, рекол, „вооружен во срцето со љубов кон Бога и кон ближниот, а во рака имам Библија“ (W.H.D. Adams, In Perils Oft, page 192). Со себе секогаш носел Библија на еврејски и на англиски јазик. За еден свој подоцнежен пат рекол: „Во раката држев отворена Библија… Чувствував дека мојата сила се наоѓа во таа книга и дека нејзината сила ќе ме крепи“ (Исто, page 201). {ГБ 361.2}

На тој начин издржал во својата работа сѐ додека веста за судот не била објавена во голем дел на земјината топка. Меѓу Евреите, Турците, Персијците, Индусите и меѓу многу други народи и племиња, го ширел Божјото слово на разни јазици и насекаде го објавувал приближувањето на царството на Месијата. {ГБ 361.3}

На своите патувања во Бухара (Узбекистан), наишол на наука за Господовото доаѓање среде еден оддалечен и осамен народ. Тој кажува: „Арапите во Јемен имаат книга наречена ’Сеера‘, која содржи вест за Христовото доаѓање и за Неговото царство во слава и тие очекуваат во 1840. година да се случи голем настан“ (Journal of the Rev. Joseph Wolff, page 377). „Во Јемен… бев шест дена со синовите Рихавови. Тие не пијат вино, не садат лозја, не сеат жито, живеат во шатори и си спомнуваат за зборовите на Јонадава, синот на Рихава. Кај нив се наоѓаат и деца Израелеви од племето Даново… кои, заедно со синовите Рихавови, го очекуваат доаѓањето на Месијата на небесните облаци“ (Исто, page 389). {ГБ 361.4}

Со слично верување нашол уште еден мисионер кој се наоѓал во Татарија. Еден татарски свештеник прашал еден мисионер кога Христос ќе дојде по вторпат. Кога мисионерот одговорил дека за тоа не знае ништо, свештеникот многу се зачудил како не го знае тоа човекот кој тврди дека е учител на Библијата и рекол дека, според Негово лично верување, засновано на пророштвото, Христос ќе дојде околу 1844. година. {ГБ 362.1}

Во Англија во 1826. година веќе почнала да се проповеда адвентната вест. Овде движењето не добило толку одреден облик како во Америка. Точното време на Христовото доаѓање не било толку општо проповедано, но објавувана е големата вистина за Христовото доаѓање во сила и слава и тоа не само меѓу дисидентите и нонконформистите. Еден англиски книжевник, Моурант Брок, тврди дека околу седумстотини проповедници на Англиканската црква го објавувале ова „евангелие за царството“. Веста што упатувала на 1844. година како на време на Христовото доаѓање е објавувана во Велика Британија. Печатените списи за адвентното движење се ширеле од Соединетите Држави на сите страни. Во Англија се препечатувани книги и списанија, а во 1842. година Роберт Винтер, по потекло Англичанец, кој ја прифатил адвентната надеж во Америка, се вратил во својата татковина да го објави Господовото доаѓање. Во ова дело се здружиле мнозина со него и веста за судот се објавувала во разни делови на Англија. {ГБ 362.2}

Во Јужна Америка, Лакунца, шпански езуит, среде незнаењето и измамите на свештениците, нашол пат до Светото Писмо и така ја запознал вистината за скорешното Христово доаѓање. Поттикнат да ја соопшти вистината, а сакајќи да ги избегне црковните казни на Рим, своите погледи ги објавувал под името „Раби Бен-Езра“ претставувајќи се како преобратен Евреин. Лакунца живеел во осумнаесеттиот век, но дури околу 1825. година неговата книга, откако пристигнала во Лондон, е преведена на англиски јазик. Нејзиното издавање послужило во Англија да се зголеми веќе разбуденото интересирање за Господовото доаѓање. {ГБ 363.1}

Оваа наука во Германија во осумнаесеттиот век ја проповедал Бенгел, епископ на лутеранската црква и прочуен библиски научник и критичар. По своето школување, Бенгел се „посветил на студиите по теологија, кон кои го привлекувал неговиот по природа религиозно наклонет ум, продлабочен и засилен со неговото образование и со дисциплината од раната младост. Како и други сериозни млади луѓе пред и по него, и тој морал да се бори со сомневања и со тешкотии од религиозна природа. Во своите списи со многу чувства спомнува ’многу стрели што го прободувале неговото срце и неговата младост ја сториле тешко поднослива‘“. Кога станал член на црковниот совет во Виртемберг, се борел за верска слобода. „Иако на црквата ѝ ги признавал сите права и предимства, барал да се дозволи да истапат од државната црква сите чијашто совест го бара тоа“ (Encyclopaedia Britannica, 9th ed., art. “Bengel”). Добрите последици на оваа постапка и денеска се чувствуваат во неговата татковина. {ГБ 363.2}

Еднаш, кога подготвувал проповед за претстојната недела од Откровение 21. глава, одеднаш му светнала мисла за второто Христово доаѓање. Пророштвата од Откровението му станале појасни од кога и да е порано. Сознанието за големата важност и неизмерната слава на сцените што ги опишале пророците толку го возбудило, што бил принуден извесно време да прекине со проучувањето на овој предмет. Но, на проповедалната повторно му се појавила истата слика со сета нејзина сила и јасност. Од тоа време се посветил на проучување на пророштвата, особено на оние во Откровението, и набргу се уверил дека тие упатуваат на Христовото доаѓање кое не е далеку. Датумот што го утврдил тој, како време на второто Христово доаѓање, се разликувал само за неколку години од оној што подоцна го прифатил Милер. {ГБ 363.3}

Бенгеловите списи се рашириле низ целиот христијански свет. Во неговата родна област, Виртемберг, а донекаде и во другите делови на Германија, веќе прилично биле прифатени неговите погледи на пророштвата. По неговата смрт, движењето и понатаму се ширело. Адвентната вест во Германија се слушнала во исто време кога и во другите земји. Уште порано некои верници отишле во Русија и таму основале колонии, а верувањето во скорешното Христово доаѓање сè уште се проповеда во германските цркви на оваа земја. {ГБ 364.1}

Во Франција и во Швајцарија исто така блеснала светлината. Во Женева, каде што Фарел и Калвин ги рашириле вистините на реформацијата, Госен ја проповедал веста за второто Христово доаѓање. Додека студирал на универзитетот, врз Госен влијаел духот на рационализмот, кој во втората половина на осумнаесеттиот и во почетокот на деветнаесеттиот век владеел во цела Европа, и кога стапил во проповедничка служба, бил не само неупатен во вистинската вера, туку и наклонет кон сомневање. Во својата младост се заинтересирал за пророштвата. Читајќи ја Роленовата „Историја на стариот век“, неговото внимание било свртено кон втората глава на Даниел. Бил изненаден од чудната точност со која се исполниле пророштвата, како што се гледа тоа од приказот на овој историчар. Тука се наоѓало сведоштво за божественото вдахновение на Светото Писмо, кое во различни опасности на подоцнежните години му служело како котва. Не можел повеќе да се задоволи со науката на рационализмот,  и  проучувајќи ја Библијата и барајќи појасна светлина, по извесно време се утврдил во верата. {ГБ 364.2}

Кога продолжил да ги проучува пророштвата, се уверил дека Господовото доаѓање е близу. Под влијание на свеченоста и важноста на оваа голема вистина, истата сакал да ја изнесе пред народот. Но, верувањето раширено кај народот дека Даниеловите пророштва се тајна и дека не можат да се разберат, било голема пречка при остварувањето на неговата намера. Најпосле решил, како што сторил пред него Фарел кога на Женева ѝ го донел евангелието, да почне со децата, преку кои се надевал дека ќе ги привлече и родителите. {ГБ 364.3}

Зборувајќи подоцна за својата намера во овој потфат, тој рекол: „Би сакал тоа да го разбереме, не затоа што овие поуки имаат малечко значење туку, напротив, затоа што се мошне важни. Затоа сакав тоа да го прикажам на еден прифатлив начин и да им се обратам на децата. Сакав мојот глас да се слушне, а се плашев дека тој нема да се слушне ако прво им се обратам на возрасните“. „Затоа решив да им се приближам на најмладите. Ги собрав како слушатели само децата. Ако нивниот број се зголемува, ако се види дека слушаат, дека им се допаѓа, дека ги привлекува, дека го разбираат предметот и можат да го објаснат, тогаш ќе бидам сигурен дека набргу ќе имам и друг круг слушатели, зашто возрасните ќе увидат дека вреди да се седне и да се проучува вистината. Ако биде така, тогаш успехот е сигурен“ (L. Gaussen, Daniel the Prophet,vol. 2, Preface). {ГБ 365.1}

Трудот бил успешен. Кога Госен им се обраќал на децата, доаѓале и постари луѓе да го слушаат. Галериите на неговата црква биле полни со внимателни слушатели. Меѓу нив имало и учени и угледни, како и странци кои ја посетувале Женева; преку нив веста е однесена во други краишта. {ГБ 365.2}

Охрабрен со овој успех, Госен ги печател своите поуки со надеж дека во црковните окрузи, каде што се зборува француски, ќе го поттикне проучувањето на пророчките книги. Тој кажува: „Да се објават поуки што можат да ги разберат и децата”, нагласувал Госен, „значи дека на сите оние кои под лажен изговор дека пророчките книги се неразбирливи го занемаруваат нивното проучување, може да им се каже: ’Како можат да бидат неразбирливи, кога ги разбираат вашите деца?’ „Од сѐ срце сакам”, додава тој, „познавањата на пророштвата, по можност, да се направат што е можно попристапни за нашето стадо”. „Според мене навистина нема учење што повеќе би одговарало на потребите на нашето време”. „Само со проучување и запознавање на пророштвата можеме да се подготвиме за неволјите што ни претстојат и будни да го очекуваме Исус Христос“. {ГБ 365.3}

Иако Госен бил еден од најистакнатите и најомилените проповедници на француски јазик, сепак, по извесно време тој е разрешен од својата должност, а како причина е наведено тоа што при своето поучување на младите ја употребувал Библијата наместо црковниот катихизис, една здодевна и рационалистичка книга, која била речиси без никаква позитивна вера. Подоцна станал професор во едно теолошко училиште, додека во неделите продолжил да работи со децата, поучувајќи ги од Светото Писмо. Неговите дела за пророштвата разбудиле голем интерес. Преку својата катедра како наставник, со печатеното слово и со своето најомилено занимање како учител на децата, со години вршел силно влијание и бил орудие со кое вниманието на многу луѓе било свртено кон проучување на пророштвата, кои покажувале дека Господовото доаѓање е близу. {ГБ 366.1}

И во Скандинавија била проповедана веста за второто Христово доаѓање и разбудила голем интерес. Многумина се тргнале од својата безгрижна сигурност, и биле наведени да ги признаат и отфрлат своите гревови и во Христово име да побараат простување. Меѓутоа, на движењето му се спротивставило свештенството на државната црква и под негово влијание некои од оние што ја проповедале оваа вест биле затворени. Во многу места, каде што проповедниците на скорешното Христово доаѓање на овој начин биле замолкнати, Бог решил веста да ја објави на еден необичен начин, преку децата. Бидејќи биле уште малолетни, државните закони не можеле да ги ограничуваат и тие можеле непречено да зборуваат. {ГБ 366.2}

Движењето се ширело особено меѓу пониските сталежи. Во скромните станови на работниците, се собирал народ да ги слушне опомените. Децата кои како проповедници им ја пренесувале вистината на другите и самите потекнувале од сиромашни куќички. Некои од нив не биле постари од шест до осум години, и додека нивниот живот покажувал дека го љубат Спасителот и дека сакаат да бидат послушни на светите Божји прописи, нивниот општ изглед покажувал само обичен разум на деца од нивна возраст и ништо повеќе од обични детски способности. Но, кога стоеле пред луѓето, било очигледно дека биле водени од влијание што ги надминувало нивните природни способности. Нивниот глас и целото нивно битие се менувале, и со свечена сила ја објавувале веста за судот, служејќи се при тоа со зборовите на Светото Писмо: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава зашто настапи часот на Неговиот суд“. Ги укорувале гревовите на народот осудувајќи го не само развратот и пороците, туку и неверството и желбата за световен живот, повикувајќи ги своите слушатели да се покајат за да го избегнат гневот што доаѓа. {ГБ 366.3}

Народот ги слушал тресејќи се. На нивните срца им зборувал Божјиот Дух. Мнозина биле побудени со нова и подлабока ревност да го проучуваат Светото Писмо. Неумерените и неморалните почнале нов живот, a други се откажале од своите нечесни навики. Било извршено толку необично дело, што и проповедниците на државната црква морале да признаат дека ова движење го води Божјата рака. {ГБ 367.1}

Бог сакал да се рашири веста за доаѓањето на Спасителот низ скандинавските земји, а кога Неговите слуги биле замолкнати, Бог го излеал Својот Дух врз децата за да го завршат тоа дело. Кога Исус се приближувал кон Ерусалим, придружуван од веселиот народ кој со извици на триумф и размавтани палмови гранки го поздравувал како Давидов син, завидливите фарисеи барале од Него да му заповеда на народот да молчи. Но, Исус им одговорил дека со тоа се исполнува пророштвото, и ако замолкнат тие, ќе проговорат камењата. Народот, заплашен со заканите на свештениците и старешините, престанал да ја искажува својата радост кога поминувал низ вратата на Ерусалим, но децата во предворјето на храмот продолжиле да се радуваат и да пеат мавтајќи со палмови гранки: „Осана на синот Давидов!“ Кога фарисеите со гнев му рекле: „Слушаш ли што велат тие?“, Исус одговорил: „Да! Зар никогаш не сте читале: ’Од устата на новороденчињата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба?“ (Матеј 21:8-16). Како што сторил Бог со децата во времето на првото Христово доаѓање, така и сега со нив се послужил да ја објави веста за второто Христово доаѓање. Со објавувањето на веста за доаѓањето на Спасителот на сите народи, племиња и јазици, се исполнило Божјото слово {ГБ 367.2}

На Вилијам Милер и на неговите соработници им беше дадена задача да ја проповедаат адвентната вест во Америка. Оваа земја стана средиште на големото адвентно движење. Овде директно се исполни пророштвото на првата ангелска вест. Милеровите списи и списите на неговите другари беа однесени во најоддалечените земји. Каде и да пристигнеа мисионери, беше објавена и радосната вест за скорешното Христово доаѓање. На сите страни се ширеше веста на вечното евангелие: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава зашто настапи часот на Неговиот суд“. {ГБ 368.1}

Сведочењето на пророштвото кое, како што се чинело тогаш, укажувало на второто Христово доаѓање во пролетта 1844. година, оставило длабок впечаток врз народот. Како што се ширеше веста од држава во држава, насекаде настануваше големо будење. Мнозина беа осведочени дека доказите, засновани на пророчкото сметање на времето се исправни, и напуштајќи ги своите лични мислења, со радост ја прифаќаа вистината. Некои проповедници ги отфрлија своите тесногради погледи и чувства, се откажаа од своите плати и од своите цркви и се соединија во објавувањето на повторното Исусово доаѓање. Но, сразмерно малку беа проповедниците што ја прифатија оваа вест; затоа таа во поголема мера им беше доверена на понизните лаици. Земјоделците ги напуштаа своите полиња, занаетчиите своите работилници, трговците својот добиток, службениците своите положби; сепак, бројот на работниците беше недоволен во однос на делото што требаше да се изврши. Состојбата во која се наоѓаше безбожната црква и светот потонат во зло ги тиштеа душите на верните стражари и тие доброволно поднесуваа неволји, страдања и скудност за да можат да ги повикаат луѓето на покајание и спасение. Иако сатаната им се противеше, делото сепак постојано напредуваше, а вистината за повторното Христово доаѓање ја прифатија многу илјадници. {ГБ 368.2}

Насекаде се објавуваше сериозна вест што ги предупредуваше грешниците, световните луѓе и членовите на разни цркви да го избегнат гневот што доаѓа. Како и Христовиот претходник, Јован Крстител, проповедниците ја полагаа секирата на коренот на дрвото, барајќи од сите да донесат вистински плодови на покајание. Нивните трогателни повици беа видна спротивност на уверувањата за мир и сигурност што се слушаа од проповедалните на официјалните цркви. Каде и да се проповедаше веста, народот беше поттикнат. Едноставното и непосредно сведоштво на Светото Писмо, придружувано со сила на Светиот Дух, беше толку силно што ретко кој можеше да му се спротивстави. Оние што беа христијани само по име се тргнаа од својата лажна сигурност. Го увидоа својот отпад од верата, својата љубов кон светот и неверството, својата гордост и себичност. Мнозина го бараа Господа со покајание и понизност. Склоноста што ја покажуваа кон земните работи сега ја насочија кон небото. Врз нив почиваше Божјиот Дух и со скршено и понизно срце се соединија во извикот: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава зашто настапи часот на Неговиот суд!“ {ГБ 369.1}

Грешниците плачејќи се прашуваа: „Што треба да правам за да се спасам?“ Оние, чијшто живот не беше чесен, настојуваа да ја поправат својата неправда. Сите што најдоа мир во Христа, копнееја своите благослови да ги поделат со другите. Срцата на родителите се обраќаа кон нивните деца, а срцата на децата кон родителите. Оградите на гордоста и непристапноста беа отстранети. Се слушаа искрени признавања, а членовите на семејствата се трудеа околу спасението на оние што им беа најблиски и најмили. Често се слушаа сериозни молитви за други. Секаде душите во голем страв се бореа со Бога. Мнозина се молеа цели ноќи за доказ дека гревовите им се простени или за преобраќање на своите роднини и соседи. {ГБ 369.2}

Луѓе од сите слоеви брзаа на собирите на адвентистите. Богати и сиромаси, големи и мали, од различни причини сакаа да ја слушнат науката за Христовото доаѓање. Господ го задржуваше духот на отпорот кога Неговите слуги ги изнесуваа основите на својата вера. Често орудието беше слабо, но Божјиот Дух на вистината ѝ даваше сила. На овие собири се чувствуваше присуство на светите ангели и секој ден мноштво се придружуваше кон верните. Кога беа повторувани доказите за скорешното Христово доаѓање, големо мноштво, мирно и без здив, ги слушаше тие свечени зборови. Се чинеше дека небото и земјата меѓусебно се приближиле. Божјата моќ ја чувствуваа и младите и старите, и оние од средни години. Луѓето се враќаа дома со пофалби на усните и низ тивкиот ноќен воздух се разлеваше радосен глас. Никој од оние што присуствуваа на овие состаноци не можеше да ги заборави оние сцени на најдлабок интерес. {ГБ 369.3}

Објавувањето на утврденото време на Христовото доаѓање предизвика голем отпор кај мнозина од сите сталежи, почнувајќи од проповедниците на проповедалните, па сѐ до најокоравениот грешник. Се исполнија зборовите на пророштвото: „Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе се подбиваат и ќе живеат според своите похоти. Ќе велат: ’Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Зашто, откако татковците наши изумреа, сè си стои така како од создавањето на светот‘“ (2. Петрово 3:3,4). Мнозина кои тврдеа дека го љубат Спасителот изјавија дека немаат никаков приговор против науката за Неговото второ доаѓање, туку дека се само против одреденото време. Но Божјото око, кое гледа сѐ, читаше што се наоѓа во нивните срца. Тие не сакаа да слушнат ништо за тоа дека Христос ќе дојде да му суди на светот според правдата. Тие беа неверни слуги. Нивните дела не би можеле да го поднесат Божјиот поглед што ги испитува срцата и затоа се плашеа да се сретнат со својот Господ. Како и Евреите во времето на првото Христово доаѓање, ниту тие не беа подготвени да го поздрават Христа. Не само што одбиваа да ги слушнат јасните докази од Писмото, туку им се подбиваа на оние што го чекаа Господа. Сатаната и неговите ангели ликувале од радост и им се подбивале на Христа и на светите ангели затоа што народот, кој тврдел дека е Негов, има толку малку љубов кон Него и не го сака Неговото доаѓање. {ГБ 370.1}

„А за тој ден и час никој не знае“, гласеше најчесто истакнуваниот доказ на противниците на адвентната вест. Овој стих дословно гласи: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец“ (Матеј 24:36). Оние што го чекаа својот Господ дадоа разбирливо и точно толкување на ова место во Библијата така што веднаш беше очигледно како противниците погрешно го толкуваат тој стих. Овие зборови Христос ги изговорил во оној важен разговор со Своите ученици на Маслиновата Гора кога за последен пат излегол од храмот. Учениците го прашале: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“ Исус им навел некои знаци и рекол: „Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата“ (Матеј 24:33). Една изјава на Спасителот не смее да биде прикажана така за да побива друга. Иако никој не го знае денот ниту часот на Неговото доаѓање, сепак, од нас се бара да знаеме кога доаѓањето е близу. Потоа Исус кажува дека намерно да се занемарува времето во врска со Неговото скорешно доаѓање е исто толку кобно колку и незнаењето на претпотопниот свет за доаѓањето на потопот. Христовата споредба за верниот и неверниот слуга во истата глава кажува како ќе постапи Исус со нив. Христос ќе му суди на оној кој рекол во своето срце: „Господарот мој уште за долго време нема да дојде“, а ќе ги награди оние што стражарат и што го објавуваат Неговото доаѓање. „Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го наоѓа дека постапува така“ (Матеј 24:42-51). „Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе“ (Откровение 3:3). {ГБ 370.2}

Павле зборува за оние луѓе за кои доаѓањето Господово ќе биде неочекувано. „Бидејќи вие самите многу добро знаете: денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време. И додека уште велат: ’Мир и безбедност!‘, Тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст и не ќе можат да избегнат“. За оние што ја ценеле Господовата опомена, додава: „Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да може да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината“ (1. Солунјаните 5:2-5). {ГБ 371.1}

Од ова јасно се гледа дека Библијата не го оправдува човекот ако остане во незнаење во врска со близината на Христовото доаѓање. Но дрските подбивачи и божемните проповедници на Исуса Христа бараа изговор и ги затвораа ушите пред оваа вистина, продолжувајќи да повторуваат: „А за тој ден и час никој не знае“. Кога народот се разбуди и почна да го бара патот на спасението, верските учители застанаа меѓу него и вистината, обидувајќи се неговото стравување да го стивнат со лажни толкувања на Божјото слово. Неверните стражари му се придружија на делото на големиот измамник и викаа: „Мир, мир“, кога Бог не велеше: „Мир!“ Како и фарисеите во деновите на Христос, мнозина одбиваа да влезат во небесното царство и ги спречуваа оние што сакаа да влезат. Крвта на овие души ќе се бара од нивни раце. {ГБ 372.1}

Најпонизните и најпобожните членови на црквата обично беа први што ја примија веста. Оние што сами ја проучуваа Библијата, неминовно мораа да увидат колку спротивно на Писмото беше вообичаеното мислење за пророштвата. Секаде каде што народот не беше заведен со влијанието на свештенството и каде што сам го истражуваше Божјото слово, беше доволно само да се спореди адвентната наука со Светото Писмо и да се види нејзиното божествено потекло. {ГБ 372.2}

Мнозина беа протерани од своите неверни браќа. Некои решија да не ја признаат јавно својата надеж за да ја задржат својата положба во црквата; меѓутоа, други чувствуваа дека верноста кон Бога не им дозволува да ја скријат вистината што им ја доверил Бог. Мнозина беа исклучени од црквата само затоа што јавно ја изразија својата вера во доаѓањето на Спасителот. За оние чијашто вера беше ставена на проверка, беа драгоцени зборовите на пророкот: „Вашите браќа, кои ве мразат и кои ве гонат заради Моето име, велат: ’Нека се јави Господ во Својата слава па да ја видиме радоста ваша‘. Но тие ќе бидат посрамени“ (Исаија 66:5). {ГБ 372.3}

Божјите ангели со најголем интерес го следеа успехот на предупредувањето. Кога црквите ја отфрлија веста, ангелите со тага ги напуштија. Но имаше уште многу такви чијашто вера во Христовото доаѓање не беше проверена. Мнозина, заведени од сопругата или сопругот, од родителите или од децата, веруваа дека е грев да се слуша таква еретичка наука што ја проповедаат адвентистите. На ангелите им беше наредено грижливо да внимаваат на тие души зашто нивната патека требаше да ја осветли нова светлина од Божјиот престол. {ГБ 372.4}

Оние што ја прифатија оваа порака со неискажлив копнеж ја очекувале појавата на својот Спасител. Времето што го очекуваа да му појдат во пресрет беше пред вратата. Мирно и свечено се приближуваа кон тој час. Живееја во слатка заедница со Бога – залогот на мирот што ќе им биде даден во идната слава. Никој, кој лично ја искуси оваа надеж, не може да ги заборави тие прекрасни мигови на очекување. Неколку седмици пред очекуваното време, повеќето ги прекинаа своите земни работи. Искрените верници грижливо ја испитуваа секоја мисла и секоја желба на своето срце како да се наоѓаа на претсмртна постела и како за неколку часа да мора да ги затворат очите за сѐ што е на земјата. Не се шиеја „облеки за вознесение“, но сите чувствуваа потреба од внатрешно осведочување дека се подготвени да го сретнат Спасителот; нивната бела облека беше чистотата на душата, карактерот исчистен во Христовата крв на помирување. О, кога Божјиот народ сега би имал таков дух на самоиспитување, таква сериозна и решителна вера! Кога би продолжил на таков начин да оди понизно пред Господа и да упатува свои молби кон престолот на милоста, сега би имал многу подрагоцени искуства отколку што ги има. Премалку има молитви, премалку има искрено осведочување за личната грешност, а недостигот од жива вера мнозина ги лишува од изобилната милост што нашиот Откупител е готов да им ја даде. {ГБ 373.1}

Бог сакаше да го испита Својот народ. Неговата рака покри една грешка во сфаќањето на пророштвото. Адвентистите не ја открија грешката, ниту ја открија нивните учени противници. Овие велеа: „Вашето сметање на пророчкото време е исправно. Во најскоро време ќе се одигра некој голем настан, но тоа не е она што го претскажува Милер; тоа е преобраќање на светот, а не второто Христово доаѓање“ (Види Додаток). {ГБ 373.2}

Времето на очекување помина, а Христос не дојде да го ослободи Својот народ. Оние што го очекуваа својот Спасител со искрена вера и со срдечна љубов, доживеаја горко разочарување. Но, Божјата намера беше постигната. Тој ги испита срцата на оние што тврдеа дека го чекаат Неговото доаѓање. Меѓу нив имаше многу такви кои не беа поттикнати од никакви повозвишени побуди, туку само од страв. Нивното исповедање на верата немаше никакво позитивно влијание на нивното срце и животот. Кога не се исполни очекуваниот настан, овие луѓе тврдеа дека не се разочарани; тие всушност никогаш и не верувале дека Христос ќе дојде. Тие беа меѓу првите што ја исмева болката на искрените верници. {ГБ 374.1}

Но Исус и сите небесни војски со љубов и сочувство ги гледаа проверените и  разочарани верници. Кога би се подигнал невидливиот превез што го дели видливиот од невидливиот свет, тогаш би можеле да се видат ангелите како им се приближуваа на овие непоколебливи души и како ги штитат од стрелите на сатаната. {ГБ 374.2}

Сподели го ова:

Similar Posts