1 Разурнувањето на Eрусалим

Сподели го ова:

Кога би можел во овој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа е сега сокриено од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со ровови и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те срамнат со земјата тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не си го позна времето кога беше посетен” (Лука 19:42-44). {ГБ 17.1}

Од врвот на Маслиновата Гора Исус го набљудувал Ерусалим. Глетката која се покажувала пред Него пленела со убавина и спокој. Било време на Пасха, и потомците на Јаков од сите страни и од сите земји се собрале за да го прослават овој голем национален празник. Среде градините, лозјата и зелените падинки, послани со шаторите на поклониците, се издигале степенести ритчиња, прекрасни палати и масивните тврдини на Израелската престолнина. Изгледало како Сионската ќерка гордо да зборува: „Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам” (Откровение 18:7); била толку чудесна и убедена во наклоноста на небото, исто како порано, кога псалмистот прекрасно пеел: „Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион… градот на големиот Цар” (Псалм 48:2). На хоризонтот, особено се истакнувале величествените градби на храмот. Сончевите зраци на заоѓање ја осветлувале снежната белина на неговите мермерни ѕидови и се одбивале од златните врати и кули. Тука стоел храмот „совршенство од убавина” гордост на еврејскиот народ. Кое Израелско дете, гледајќи ја таа глетка, не би затреперило од радост и восхит! Меѓутоа, сосема други мисли ја обземале Исусовата душа. „А кога се приближи и го виде градот, заплака над него” (Лука 19:41). Среде сеопштата радост при триумфалното влегување во Ерусалим, кога радосните извици „осана” одекнувале од околните ритчиња, додека Му мавтале со палмови гранчиња и илјадници гласови Го нарекувале цар, Спасителот на светот ненадејно го совладала таинствена тага. Тој, Божјиот Син, Ветениот Месија и „Надежта на Израелот” чијашто сила ја победувала смртта и ги повикувала заробените од гробовите, заплакал, но тоа не биле солзи на обична жалост или болка, туку длабоки и незадржливи агонии на душата. {ГБ 17.2}

Тој не се оплакувал Себеси, иако добро знаел каде води Неговиот пат. Пред Него се простирала Гетсиманија, местото каде Го чекала голема душевна борба. Ја видел и овчата врата низ која со векови биле доведувани животни за жртва, а која наскоро требало да се отвори и пред Него кога ќе биде воден „како јагне на колење” (Исаија 53:7). Недалеку од таму се наоѓала Голгота, местото на распнувањето. На патеката по којашто набргу требало да тргне за да ја положи својата душа за откуп на гревот, требало да се спушти ужасно густ мрак. Меѓутоа, размислувањето за сето тоа не била вистинската причина за тагата која го обземала Исуса во тој час на сеопшта радост. Никакви насетувања за сопствените натчовечки страдања не можеле да го поматат Неговиот несебичен дух. Тој ја оплакувал судбината на илјадниците собрани во Ерусалим – заради заслепеноста и непокајанието на оние коишто дошол да ги благослови и спаси. {ГБ 18.1}

Историјата на Божјата особена наклоност и татковска грижа, покажувана кон избраниот народ повеќе од илјада години, живописно се појавувала пред очите на Исуса. Тука била гората Морија, каде што ветениот син Исак – жртвата без отпор – симбол на жртвувањето на Божјиот Син – бил врзан на олтарот. Тука славното ветување за доаѓањето на Месијата било потврдено со заклетва и завет на таткото на сите верни (Создавање 22:16-18). Тука пламенот од подигнатиот жртвеник на Орнановото гумно (1. Летописи 21:22) се издигал кон небото како симбол кој укажувал на жртвата на Спасителот и на Неговото посредување за грешните луѓе – го отстранил мечот на ангелот испратен да убива. Ерусалим бил уважен од Бога најмногу од сите народи на земјата – „Зашто Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него” (Псалм 132:13). Тука пророците со векови ги објавувале своите пораки и предупредувања. Тука свештениците каделе со своите кадилници, а облакот од димот на кадилниците заедно со молитвите на верниците се издигал кон Бога. Тука секојдневно била принесувана крвта од жртвуваните јагниња, однапред укажувајќи на Божјото Јагне. Тука Јехова го откривал Своето присуство во облакот на слава над престолот на милоста. Тука била основата на оние таинствени скалила помеѓу земјата и небото кои Јаков ги видел во својот сон (Создавање 28:12) – скалила по кои ангелите се качуваат и симнуваат (Јован 1:51), и кои на светот му го отвориле патот кон Светињата над Светињите. Израел, како нација, да ја сочувал својата првобитна оданост кон небото, Ерусалим би стоел „довека” (Еремија 17:21-25) како од Бога избран град. Но историјата на овој привилегиран народ е само серија на записи за непрекинато назадување, паѓање од грешка во грешка и за постојани буни. Тие се спротивставиле на Небесната милост, ги злоупотребиле своите привилегии и ги изгубиле своите предимства. {ГБ 18.2}

И покрај тоа што „тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци” (2. Летописи 36:15,16), Тој сѐ уште им се откривал како „Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински” (Создавање 34:6). И покрај нивното постојано и упорно одбивање на Неговата милост, Тој продолжил да се залага за нив и да ги повикува на покајание. Исполнет со љубов, поголема од онаа која само таткото може да ја чувствува кон саканиот син, „Тој испраќаше кај нив рано Свои гласници, ги испраќаше постојано, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште” (2. Летописи 36:15). И кога сите предупредувања, молби и укори не вродиле со плод, им го испратил Својот најголем дар; дури и повеќе, во Својот единствен Дар им го дарувал целото изобилство на небото. {ГБ 19.1}

Испратен е самиот Божји Син, лично да се заземе за жителите на овој град, толку ненаклонети на покајание. Лично Христос бил Тој кој Израилот како добра лоза го пренел од Египет (Псалм 80:8). Со Сопствена рака ги истерал од пред него незнабошците. Тој како Свое лозје го посадил „на родно место”. Со Своја заштита го оградил како со жива ограда. Ги испратил Своите слуги да го негуваат. „Што уште требаше да направам за Моето лозје се прашувал Тој – и не го направив?” (Исаија 5:1-4). Иако со полно право очекувал да роди грозје, тоа родило диво грозје – Тој, сѐ уште надевајќи се на род  – лично дошол во Своето лозје; за да го спаси од пропаста. Го окопувал, кроел и негувал. Неуморно настојувал да ја спаси лозата што Самиот ја посадил. {ГБ 19.2}

Три години Господ на светлината и славата лично одел меѓу Својот народ. Записот за тоа кажува: „Тој одеше вршејќи добри дела и исцелувајќи ги сите што беше ги нападнал ѓаволот” (Дела 10:38); ги лечел скрушените по срце, ги ослободувал заробените, на слепите им го враќал видот; правел кривите да одат, глувите да слушаат, лепрозни очистувал, мртви оживувал и на сиромашните им го проповедал евангелието (Лука 4:18; Матеј 11:5). На сите без разлика им упатувал повик на милост: „Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор” (Матеј 11:28). {ГБ 20.1}

Иако му враќале само зло за доброто и омраза за љубовта (Псалм 109:5), Тој сепак непоколебливо ја продолжувал Својата мисија на милосрдие. Никогаш не ги одбил оние што копнееле за Неговата милост. Иако како патник и бездомник секојдневно бил изложен на презир и сиромаштија, Тој живеел за да служи за потребите на другите, ублажувајќи ги нивните маки и поттикнувајќи ги да го примат дарот на животот. Брановите на милоста, одбивајќи се од тврдите срца, се враќале во вистинска плима на сомилост и со неискажана љубов. Но Израел се свртел од својот најдобар Пријател и единствен Помошник. Предупредувањата на Неговата љубов биле презрени, Неговите совети отфрлени и исмевани. {ГБ 20.2}

Часовите на надеж и простување биле при крај; чашата со долго одложуваниот Божји гнев, била речиси полна. Црните облаци на несреќата, кои се собирале во текот на вековите на отпадништво и бунт, сега потполно го замрачиле небото и само што не се истуриле врз народот кој упорно останувал во својот грев; а Тој кој единствено можел да ги спаси од трагедијата која им претстоела, бил презрен, малтретиран и отфрлен и наскоро требало да биде распнат. Кога Христос ќе биде распнат на крстот на Голгота, деновите за Израелот како од Бога привилегиран и благословен народ ќе завршат. Загубата дури само и на една душа претставува несреќа која неспоредливо ја надминува добивката и богатството на целиот свет; меѓутоа, пред Христовите очи, додека го набљудувал Ерусалим, била трагичната судбина за цел еден град и цела една нација, и тоа за оној град и оној народ што Бог некогаш го избрал за Свое посебно богатство. {ГБ 20.3}

Пророците плачеле над отпадништвото и стравотните опустошувања што ги снаоѓале Израелевите синови поради нивните гревови. Еремија посакувал очите да му бидат извор на солзи, да може да плаче ден и ноќ за убиените на ќерката на својот народ (Еремија 9:1), и за Господовото стадо кое било заробено (Еремија 13:17). А, колкава била тогаш болката на Оној кој со Својот пророчки поглед ги опфаќал не само годините туку и сите векови! Тој го гледал ангелот уништувач со меч подигнат кон градот кој толку долго бил место на Божјото живеалиште меѓу луѓето. Од врвот на Маслиновата Гора, од истото место кое подоцна го зазел Тит со својата војска, преку долините, Христос ја набљудувал светата градба и предворјето со столбовите, и пред Неговите од солзи замаглени очи се покажал застрашувачки призор: ѕидовите на градот биле опколени од непријателска војска. Ја слушнал вревата при наидувањето на римските легии подредени за напад. Ги слушнал гласовите на многуте мајки и деца, како во опколениот град молат за леб. Видел како светиот и величествен храм, палатите и кулите на Ерусалим ги зафаќа пламен и како местата каде што некогаш стоеле се претвораат во куп од урнатини што полека догоруваат. {ГБ 21.1}

Гледајќи понатаму низ вековите, го видел народот на заветот расеан по сите земји, „како остатоци од брод на пуст брег”. Во привремената казна, која само што не била излеана врз жителите на Ерусалим, Тој ги видел само првите капки од чашата на гневот што тие на последниот суд мораат да ја испијат сѐ до талогот. Божествената сомилост, длабоката љубов што била трогната, нашла израз во зборовите полни со болка: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте” (Матеј 23:37). О, ти народе со најголеми предности, да го познаеше времето на својата посета и да сфатеше што е потребно за твојот мир! Јас го задржував ангелот за праведна одмазда, те повикував на покајание, но напразно. Ти ги презре и отфрли не само слугите, пратениците и пророците, туку и самиот Светец Израелев, својот Откупител. Кога ќе бидеш разорен, одговорноста за тоа ќе ја носиш само ти. „Но не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот” (Јован 5:40). {ГБ 21.2}

Христос во Ерусалим видел симбол на светот окоравен во неверство и бунт, свет кој се приближува кон Божјиот суд. Трагедијата на паднатиот човечки род ја притискала Неговата душа и од устата Му се оттргнал овој горчлив крик. Ја видел историјата на гревот испишана со човечка беда, солзи и крв; Неговото срце било трогнато со бескрајно сожалување за несреќните и страдните на земјата; копнеел на сите да им даде олеснување. Но дури ниту Неговата рака не можела да ја сопре поплавата на човечката трагедија; малку се оние што ќе се обратат до единствениот Извор за помош. Бил подготвен Својата душа на смрт да ја предаде за да им овозможи спасение; но сепак малку од нив дошле при Него да добијат живот вечен. {ГБ 22.1}

Небесното Величество во солзи! Синот на вечниот Бог со вознемирен дух, изнемоштен од душевната болка! Оваа глетка што целото небо го исполнила со чудење, ни ја открива целата тежина и одвратноста на гревот; таа ни покажува колку била тешка задачата дури и за Безграничната Сила да ги спаси грешниците од последиците на престапот на Божјиот закон. Гледајќи со пророчко око до последното поколение, Христос го видел светот вовлечен во измама слична на онаа, која била причина за разорувањето на Ерусалим. Големиот грев на Евреите се состоел во нивното отфрлање на Христа, големиот грев на христијанскиот свет ќе биде во отфрлањето на Божјиот закон кој претставува темел на Неговото владеење на небото и Земјата. Прописите на Божјиот закон ќе бидат презрени и отфрлени. Милиони робови на сатаната во оковите на гревот и осудени на втора смрт, ќе одбијат да го послушаат зборот на вистината кога за тоа ќе имаат можност. Каква страшна заслепеност! Какво несфатливо безумие! {ГБ 22.2}

Два дена пред Пасха, излегувајќи последен пат од храмот, откако го осудил лицемерството на еврејските поглавари, Исус со Своите ученици повторно се упатил на Маслиновата Гора и седнал со нив на падината обрасната со трева од каде се гледал целиот град. Уште еднаш ги набљудувал неговите ѕидови, кули и палати. Уште еднаш го набљудувал храмот во неговиот блескав сјај, круната на убавина што ја крунисала светата гора. {ГБ 23.1}

Илјада години пред тоа псалмистот ја величел Божјата милост кон Израел, бидејќи неговото светилиште го направил свој дом. „Во Шалем е Неговото место, а Неговото живеалиште – на Сион” (Псалм 76:2). „Туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби. И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш” (Псалм 78:68,69). Првиот храм бил подигнат за време на најпросперитетниот период од историјата на Израел. Огромни резерви на богатство за оваа намена биле собрани од царот Давид, а плановите за неговата изградба биле направени со божествено вдахновение (1. Летописи 28:12,19). Соломон, најмудриот Израелски владетел, ја завршил работата. Овој храм бил највеличествената градба што светот некогаш ја видел. Сепак Господ, зборувајќи преку пророкот Агеј, во врска со вториот храм изјавил: „Славата на овој нов храм ќе биде поголема отколку на поранешниот”. „Ќе ги стресам сите народи – и ќе дојде богатството на сите народи и ќе се исполни овој дом со слава, вели Господ Саваот” (Агеј 2:9,7). {ГБ 23.2}

По уништувањето на храмот од страна на Навуходоносор, тој бил повторно изграден околу петстотини години пред Христовото раѓање од страна на луѓе кои по седумдесетгодишното ропство се вратиле во пустата и ненаселена земја. Меѓу нив имало и старци кои ја виделе славата на Соломоновиот храм, а при поставувањето на темелите на новиот храм плачеле затоа што вториот храм бил толку поскромен од претходниот. Чувството што тогаш преовладувало пророкот го опишува со убедливите зборови: „Кој од вас што останавте, го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи?” (Агеј 2:3); (Ездра 3:12). Потоа било дадено ветувањето дека славата на овој храм ќе биде поголема од онаа на претходниот. {ГБ 23.3}

Меѓутоа, вториот храм по величественоста навистина не можел да се изедначи со првиот, ниту, пак, бил посветен со видливи знаци на Божјото присуство како првиот храм. Неговото осветување не било пратено од никаква манифестација на натприродна сила. Новоизграденото светилиште не било исполнето со облак на слава. Од небото не се појавил оган за да ја запали жртвата на нејзиниот олтар. Божјата слава (Шекината) не била присутна меѓу херувимите во светињата над светињите; ковчегот на заветот, престолот на милоста и плочите на сведоштвото не се наоѓале повеќе во него. Од небото не се слушнал никаков глас на прашањето на свештеникот кој требало да ја објави волјата на Јехова. {ГБ 24.1}

Со векови Евреите напразно настојувале да покажат дека Божјото ветување дадено преку пророкот Агеј се исполнило; сепак, гордоста и неверството го замрачиле нивниот ум така што не можеле да го разберат вистинското значење на зборовите на пророкот. Вториот храм не бил почествуван со облакот на Јеховината слава, туку со живото присуство на Оној во кого живеела сета полнина на Божеството – кој сам бил Бог откриен во тело. Оној кој истиот пророк го нарекува „Копнеж на сите народи” навистина дошол во Својот храм кога Исус од Назарет поучувал и лекувал во неговите свети предворја. Благодарение на Христовото присуство, вториот храм навистина ја надминал славата на првиот. Но Израел го одбил понудениот Дар од небото. Тој ден, кога понизниот Учител го пречекорил прагот на златната врата од храмот, Божјата слава засекогаш го напуштила храмот. Веќе почнале да се исполнуваат зборовите на Спасителот: „Ете, ви се остава пуст вашиот дом” (Матеј 23:38). {ГБ 24.2}

Учениците биле исполнети со стравопочит и чудење од Христовото пророштвото за разорувањето на храмот, и сакале поцелосно да го разберат значењето на Неговите зборови. Огромни богатства, труд и градежна вештина биле вложувани без никакво штедење преку четириесет години за да го зголемат неговиот сјај. Ирод Велики без штедење го трошел и римското и еврејското богатство, па дури и римскиот император што тогаш владеел со светот го збогатил со своите подароци. Огромни блокови од бел мермер, со неверојатни димензии, испратени од Рим, сочинувале дел од неговата градба; и со тоа учениците го свртеле вниманието на   својот   Учител   велејќи: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!” (Марко 13:1). {ГБ 24.3}

На тие зборови, Исус свечено и сериозно одговорил: „Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат” (Матеј 24:2). {ГБ 25.1}

Разурнувањето на Ерусалим учениците го поврзале со настаните на Христовото лично доаѓање во овоземна слава, кога Тој ќе седне на престолот на сеопштото светско царство, да ги казни непокајаните Евреи, а нацијата да ја ослободи од римскиот јарем. Господ им рекол дека Тој ќе дојде по вторпат. Поради тоа при спомнувањето на пресудата врз Ерусалим, тие помислиле на тоа доаѓање; и кога на Маслиновата Гора се собрале околу Спасителот, го поставиле прашањето: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?” (Матеј 24:3). {ГБ 25.2}

Од милост кон учениците, иднината била сокриена од нив. Во тоа време кога тие целосно би ги сфатиле двата ужасни факти – страдањето и смртта на Спасителот и разурнувањето на нивниот град и храм, тие би биле преплашени од ужасот. Затоа, Христос само во главни црти им го покажал значењето на истакнатите настани што ќе се одиграат пред крајот на времето. Неговите зборови не биле целосно разбрани, но нивното значење требало да биде откриено тогаш кога ќе им бидат потребни упатствата што ги дал во нив. Пророштвото што го изговорил имало двојно значење; тоа се однесувало на разурнувањето на Ерусалим, но исто така ги претскажувало и стравотиите на последниот голем ден. {ГБ 25.3}

На учениците што го слушале Исус им зборувал за казните што ќе го снајдат Израел, а особено за одмаздата што ќе ги стигне поради нивното отфрлање и распнувањето на Месијата. На страшниот крај ќе му претстојат непогрешливи знаци. Страшниот час ќе дојде одненадеж и брзо. Затоа Спасителот ги предупредил Своите следбеници: „Па така, штом го видите гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел – кој чита нека разбере, тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат по планините” (Матеј 24:15,16; Лука 21:20,21). Кога идолопоклоничките знамиња на Римјаните ќе бидат поставени на светата земја, која се простира неколку стотици метри надвор од градските ѕидини, тогаш Христовите следбеници требало да најдат сигурност во бегство. Кога ќе го видат знакот на ова предупредување, оние кои сакаат да избегаат не смеат да одлагаат. На дадениот знак за бегство, требало да се реагира без никакво одлагање, не само во Ерусалим туку и во цела Јудеја. Оној што случајно би се затекнал на покривот, не смеел да слегува во куќата, дури ни да го собере и она што го сметал за најдрагоцено. Оние што работеле во полето или во лозјето, не смееле да се задржуваат враќајќи се да ги земат дури ниту своите горни облеки што ги оставиле настрана додека работеле на дневните горештини. Не смееле да се двоумат ниту еден миг за да не бидат зафатени со општото уништување. {ГБ 25.4}

За време на владеењето на Ирод, Ерусалим не само што бил многу разубавен, туку со изградбата на кулите, ѕидовите и тврдините, поради својата добра природна положба, бил направен навидум неосвоив. Во тоа време некој јавно да го прорекувал неговото уништување, како и Ное во своето време, би го нарекле луд злокобник. Но Христос рекол: „Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат” (Матеј 24:35). Божјиот гнев против Ерусалим го предизвикале самите негови жители, а нивното тврдоглаво неверување ја запечатило неговата судбина. {ГБ 26.1}

Господ преку пророкот Михеј нагласил: „Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израелов, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сè што е право. Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда. Поглаварите негови судат со поткуп, свештениците учат за да заработат, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се повикуваат на Господ, велејќи: „Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нè постигне” (Михеј 3:9-11). {ГБ 26.2}

Овие зборови, точно ја опишуваат расипаноста и самоправедноста на Ерусалимските жители. Иако тврделе дека строго се придржуваат до прописите на Божјиот закон, тие всушност ги престапувале сите Негови начела. Го мразеле Христа затоа што Неговата чистота и светост ги откривале нивните беззаконија; Го обвинувале како Тој да бил причинител за сите несреќи што ги снашле поради нивните гревови. Иако знаеле дека Тој бил безгрешен, изјавиле дека Неговата смрт е неопходна и дека тоа го бараат интересите на нивната национална безбедност. „Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот” (Јован 11:48). Ако го жртвуваат Христа тие мислеле дека ќе станат силен и единствен народ. Така тие расудувале, делејќи го мислењето на својот првосвештеник дека е подобро да умре еден човек отколку да пропадне целиот народ. {ГБ 27.1}

На тој начин водачите на еврејската нација го граделе „Сион со крв и Ерусалим со неправда” (Михеј 3:10). Но сепак, иако својот Спасител го убиле само затоа што ги жигосал нивните гревови, во слепилото на својата самоправедност сѐ уште мислеле дека како од Бога избран народ со право можат да очекуваат Тој да ги ослободи од нивните непријатели. „Затоа”, продолжува пророкот, „поради вас Сион ќе биде разорен како нива, а Ерусалим ќе стане купиште од урнатини, и планината на тој дом ќе зарасне во шума” (Михеј 3:12). {ГБ 27.2}

Иако му враќале само зло за доброто и омраза за љубовта (Псалм 109:5), Тој сепак непоколебливо ја продолжувал својата мисија на милосрдие. Никогаш не ги одбил оние што копнееле за Неговата милост. Иако како патник и бездомник секојдневно бил изложен на презир и сиромаштија, живеел за да служи за потребите на другите, ублажувајќи ги нивните маки и поттикнувајќи ги да го примат дарот на животот не само со Христовото раѓање и живот, туку и со Неговата смрт и воскресение. Значи децата не биле осудени поради гревот на родителите; туку откако ја запознале светлината дадена на нивните родители и ја отфрлиле исто така како и светлината која дополнително им била дадена токму на нив, станале соучесници во гревовите на своите родители дополнувајќи ја мерката на нивното беззаконие. {ГБ 27.3}

Долгото Божјо трпение кон Ерусалим уште повеќе ги зацврстило Евреите во нивното упорно непокајание. Во својата омраза и свирепост кон Исусовите ученици, ја отфрлиле последната понуда на милост. Дури тогаш Бог престанал да ги заштитува и да им дава сила која ја спречувала моќта на сатаната и неговите ангели, со тоа народот бил препуштен под власт на водачот којшто самиот си го избрал. Нивните деца ја презреле Божјата милост, која би ги оспособила да ги совладаат своите зли склоности, и сега тие ја однеле победата. Сатаната во нив ги разбудил најжестоките и најниските страсти. Потполно престанале да се раководат по разумот; станале безумни, попуштајќи пред нагонот и слепиот бес. Во својата свирепост се однесувале сатански. Во семејството како и меѓу народот, во највисоките како и во најниските слоеви насекаде владеела недоверба, завист и омраза, раздор, буни и убиства. Никаде немало безбедност. Пријатели и роднини се предавале едни со други. Родителите ги убивале своите деца, а децата родителите. Тие што ја држеле власта во свои раце не биле во состојба да владеат сами со себе. Неспречуваните страсти ги направиле вистински тирани. Евреите ги прифатиле лажните сведоштва за да го осудат невиниот Божји Син. Сега лажните тужби го направиле несигурен и нивниот сопствен живот. Со своите дела тие одамна зборувале: „Отстранете го од очите наши Светецот Израелов” (Исаија 30:11). Сега желбата им се исполнила. Стравот од Бога повеќе не ги вознемирувал. На чело на нацијата се наоѓал сатаната и највисоките граѓански и верски власти биле под негова контрола. {ГБ 28.1}

Водачите на спротивставените партии понекогаш се согласувале единствено во крадењето и малтретирањето на своите несреќни жртви, а потоа се нафрлале едни на други истребувајќи се безмилосно. Дури ни светоста на храмот не можела да ја совлада нивната страшна свирепост. Поклониците биле убивани пред самиот олтар, а светињата била сквернавена од лешевите на убиените. А сепак, во својата слепост и богохулна дрскост, поттикнувачите на овие дрски постапки „патриотски” изјавувале дека не се плашат од можноста Ерусалим да биде разорен, зашто тој е Божји град. Со цел власта уште повеќе да ја зацврстат, поткупиле лажни пророци кои, дури и тогаш кога римските легии го опколиле храмот, објавувале дека народот треба да очекува ослободување од Бога. Сѐ до последен момент народот цврсто верувал дека Севишниот ќе се вмеша и ќе ги уништи нивните непријатели. Но Израел со презир ја отфрлил божествената заштита и сега немал никаква одбрана. Несреќниот Ерусалим најнемилосрдно бил растргнат со внатрешни судири, неговите улици биле црвени од крвта на неговите деца што меѓусебно се колеле, додека туѓите армии ги разорувале неговите тврдини и ги убивале неговите војници! {ГБ 29.1}

Сѐ што претскажал Христос за разорувањето на Ерусалим, буквално се исполнило. Евреите ја искусиле вистинитоста на Неговите предупредувања: „Со каков суд судите, со таков ќе бидете судени” (Матеј 7:2). {ГБ 29.2}

Како некоја кобна најава на претстојната несреќа и пропаст се појавиле знаци и чудеса. На полноќ, над храмот и олтарот, се појавила неприродна светлина. На зајдисонце, на облаците се појавиле бојни коли и војници подготвени за битка. Свештениците кои ноќта служеле во светињата биле преплашени од таинствените гласови, земјата се затресла и се слушале гласови на големо мноштво: „Да бегаме одовде”. Големата источна врата, толку тешка што едвај дваесет луѓе можеле да ја затворат, осигурена со огромни железни лостови забиени во цврстата камена подлога, на полноќ се отворила сама од себе (Milman, The History of the Jews, book 13). {ГБ 29.3}

Седум години еден човек постојано одел по улиците на Ерусалим, и ги најавувал несреќите што ќе го снајдат градот. Ден и ноќ како налудничав пеел чудна тажачка: „Глас од исток! Глас од запад! Глас од четирите ветра! Глас против Ерусалим и против храмот! Глас против младоженците и невестите! Глас против целиот народ” – (Исто).

Овој чудак бил затворен и камшикуван, но ниту еден лелек не се слушнал од неговите усни. На сите навреди и измачувања тој само одговарал: „Тешко, тешко на Ерусалим! Тешко, тешко на неговите жители!” Не престанал со своите опомени сè додека не бил убиен во опсадата што самиот ја прорекол. {ГБ 30.1}

Во уништувањето на Ерусалим ниту еден христијанин не загинал. Христос ги предупредил Своите ученици и сите кои верувале во Неговите зборови внимавале на ветениот знак. „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски” – рекол Тој, „знајте, дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините, а кои се во градот, да излезат од него” (Лука 21:20,21). Римјаните најнапред под водство на Цестиј го опколиле градот, а потоа на неочекуван начин тие ја повлекле опсадата токму во моментот кога сѐ изгледало дека е поволно за непосреден напад. Опколените, кои во своето очајување помислиле дека секој отпор е безуспешен, штотуку сакале да се предадат, кога римскиот заповедник без никаква видлива причина ги повлекол своите сили. Меѓутоа, Бог милостиво управувал со настаните во корист на Својот народ. Така, ветениот знак им бил даден на христијаните, коишто чекале на него, и сега на сите што сакале да го послушаат предупредувањето на Спасителот, им се пружила поволна можност. Провидението така управувало со настаните, така што ниту Евреите ниту Римјаните не им пречеле на христијаните во бегството. Веднаш по повлекувањето на Цестиј, Евреите, навалувајќи од Ерусалим, во својот налет продолжиле да ја прогонуваат неговата војска, која се повлекувала, и додека двете војски на тој начин биле потполно зафатени, христијаните имале можност да го напуштат градот. Во тој момент околината била ослободена од непријателите кои евентуално би можеле да ги задржат. За време на опсадата, Евреите штотуку биле собрани во Ерусалим за да го прослават празникот Сеници, и така христијаните во целата земја непречено можеле да побегнат. Без никакво одлагање бегале на сигурно место, во градот Пела, во земјата Переја од другата страна на Јордан. {ГБ 30.2}

Еврејските трупи гонејќи го Цестиј и неговата војска, на деловите на нивната заштитница, се нафрлиле со огромна жестокост сакајќи сосема да ги уништат. Римјаните со големи тешкотии успеале да се повлечат, додека Евреите речиси без никакви загуби и со голем плен и триумф се вратиле во Ерусалим. Меѓутоа, овој привиден успех им донел само зло. Ги исполнил со дух на тврдоглав отпор кон Римјаните, што на градот осуден на пропаст му донело неискажливи страдања. {ГБ 31.1}

Страшни несреќи го снашле Ерусалим кога под водство на Тит повторно бил опколен. Градот бил опколен за време на Пасха, кога милиони Евреи биле собрани внатре во неговите ѕидови. Резервите од продуктите за живот, кои би можеле, кога грижливо би биле чувани, да ги задоволат потребите на жителите во текот на повеќе години, биле уништени поради завист и освета на спротивставените фракции кои меѓусебно се бореле за превласт; затоа сега ги преживувале сите стравотии на гладот. Мерка пченица била продавана за еден талант. Маките што ги предизвикал гладот толку биле ужасни што луѓето ги џвакале своите кожни ремени, сандали и кожните навлаки на своите штитови. Многумина, ноќе се прикрадувале за да соберат диви растенија, кои можеле да се најдат само надвор од градските ѕидини. Некои биле фатени и убиени во страшни маки; а често на оние кои безбедно се враќале, им било одземено сето она што во опасност го собрале. Оние што ја имале власта во свои раце, применувале најнехумано насилство врз народот погоден од немањето и гладот, за насила да им ги изнудат можеби и последните остатоци од сокриената храна. А тие насилства најчесто ги правеле луѓе кои самите биле добро снабдени, но само сакале да соберат резерви за во иднина. {ГБ 31.2}

Илјадници умирале од глад и чума. Се чинело дека природните чувства биле уништени. Мажите ги краделе своите жени, а жените своите мажи. Можело да се види како децата го грабнуваат лебот од устата на своите стари родители. Прашањето на пророкот: „Може ли жена да го заборави породот свој?” (Исаија 49:15) добило одговор внатре меѓу ѕидовите на овој на пропаст осуден град. „Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ” (Плачот на Еремија 4:10). Повторно се исполнило пророштвото дадено четиринаесет века порано: „Жена најчувствителна и најнежна меѓу вас, која поради својата нежност никогаш со нога не стапнала на земја, со безмилосно око ќе гледа на саканиот маж свој, на синот свој, на ќерката своја… ни децата, што би ги родила; зашто, при скудноста во сè, таа ќе ги јаде тајно, во притеснетоста во која ќе те стави непријателот твој во твоите градови” (Второзаконие 28:56,57). {ГБ 32.1}

Римските водачи се обиделе да ги натераат Евреите да се предадат со примена на застрашувања. Заробениците кои давале отпор, ги камшикувале, мачеле и распнувале под градските ѕидови. Секој ден стотици луѓе биле убивани на овој начин и тоа ужасно дело продолжило сѐ додека во долината на Јосафат и на Голгота не биле подигнати толку крстови, што едвај можело да се помине меѓу нив. Така се исполнила страшната клетва изговорена во судницата на Пилат: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца” (Матеј 27:25). {ГБ 32.2}

Тит бил готов да ѝ стави крај на оваа ужасна сцена, и на тој начин, да го поштеди Ерусалим од целосно уништување. Тој бил исполнет со ужас при погледот на мртвите кои на купишта лежеле во долината. Набљудувајќи го од врвот на Маслиновата Гора величествениот храм, бил како во занес и издал заповед да не се допира ниту еден негов камен. Пред да се обиде да го освои ова утврдување, тој упатил срдечен апел до еврејските водачи да не го присилуваат со крв да го обесчести тоа свето место. Ако излезат и се борат на друго место, ниту еден римски војник нема да ја наруши светоста на храмот. Нивниот сонародник Јосиф*, со најодбрани зборови ги молел да се предадат, да се спасат себеси, својот град и местото на своето богослужение. Но на неговите зборови возвратиле со горки клетви. На нивниот последен човечки посредник, се фрлани стрели додека стоел пред нив молејќи ги. Евреите ги отфрлиле најсрдечните молби на Божјиот Син, и сега сите расправии и повици ги правеле само уште порешителни да се спротивставуваат докрај. Сите Титови настојувања да го спаси храмот биле напразни. Оној којшто бил поголем од него, изјавил дека тука нема да остане ниту камен на камен. {ГБ 32.3}

Слепата тврдоглавост на еврејските водачи и одвратните злосторства што се случувале во опколениот град, кај Римјаните предизвикале ужас и огорченост, па Тит најпосле решил храмот да го заземе на јуриш. Настојувал, ако некако е можно да го сочува од разурнување. Но неговите наредби не биле почитувани. Потоа, во текот на ноќта кога се повлекол во својот шатор, Евреите со ненадеен напад, изведен токму од храмот, ги нападнале римските војници. Во настанатата борба, некој од војниците преку еден отвор во предворјето на храмот фрлил запален факел; просториите обложени со кедрово дрво, кои ја опкружувале светата градба, за миг биле во пламен. Тит, во придружба на своите војсководачи и легионери, веднаш побрзал до тоа место и на војниците им наредил да го изгаснат пожарот. Но никој не внимавал на неговите зборови. Во својот бес војниците фрлале запалени факели во просториите кои припаѓале на храмот, а потоа со мечеви заклале мнозина кои таму нашле засолниште. Низ скалите на храмот течела крв како вода. Загинале илјадници Евреи. Бојниот вик ги надвикал гласовите што викале: „Ишабод“! што значи: отиде славата. {ГБ 33.1}

Тит сфатил дека е невозможно да го смири бесот на војниците, влегол во храмот со своите офицери и со својот поглед ја опфатил внатрешноста на светата градба. Нејзината прекрасна убавина ги исполнувала со восхит, и бидејќи пламенот сѐ уште не навлегол до светињата, го вложил и последниот напор за да ја спаси; излегувајќи надвор, им наредил на војниците да го спречат понатамошното ширење на пожарот. Капетанот Либералис настојувал со својата заповедничка палка да изнуди послушност; но дури ниту царскиот авторитет не можел да го смири распаленото непријателство кон Евреите, дивата разгневеност предизвикана од борбата и незаситената желба за грабеж. Војниците виделе како сѐ околу нив блеска од злато што сјаело при фантастичната светлина на пламенот, и претпоставувале дека во светињата има натрупано непроценливо богатство. Еден војник незабележливо уфрлил запален факел помеѓу шарките на вратата и за еден момент целата зграда била во пламен. Заслепени од димот и огнот, офицерите биле принудени да се повлечат, а прекрасната зграда била препуштена на својата судбина. {ГБ 33.2}

„За Римјаните тоа била ужасна сцена, а уште повеќе за Евреите! Целиот врв на ридот што доминирал над градот, пламтел како вулкан. Зградите една по друга паѓале со ужасен трескот, исчезнувајќи во бездната на огнот. Покривите од кедар изгледале како море во пламен, позлатените кули блескале како огнени јазици, а од кулите на влезот се кревале огромни столбови од оган и дим. Блиските ритчиња биле осветлени, така што можеле да се видат групи луѓе како мрачни сенки, како со ужасен страв ги набљудуваат сѐ поголемите стравотии на пустошењето. На ѕидовите и возвишените места на горниот град се туркале мноштво луѓе, некои бледи од страшен очај, а други пак намуртени поради неможноста да се одмаздат. Извиците на римските војници кои брзале на сите страни и молбите на побунетите кои умирале во пламенот, се мешале со виорот на пожарот и со татнежот на гредите што се уривале. Одекот од околните гори ги повторувал ужасните крици на луѓето што се наоѓале на извишувањата, по должината на ѕидовите ечеле само гласови на молба и поплаки. Луѓето што умирале од глад ја собирале и последната сила за да можат уште еднаш да испуштат крик на ужас и безнадежност. {ГБ 34.1}

„Колежот во внатрешноста бил уште пострашен од глетката што можела да се види однадвор. Мажи и жени, стари и млади, востаници и свештеници, оние што се бореле и оние што се молеле за милост, сите без разлика биле заклани. Бројот на убиените го надминал бројот на убијците. Легионерите морале да се качуваат преку цели ридови од мртви тела за да го продолжат своето дело на целосно уништување” (Milman, The History of the Jews, book 16). {ГБ 35.1}

По разурнувањето на храмот, целиот град паднал во рацете на Римјаните. Водачите на Евреите ги напуштиле своите неосвоиви кули, така што Тит ги нашол сосема празни. Набљудувајќи ги вџашено, изјавил дека самиот Бог ги предал во неговите раце, зашто никакви воени орудија, колку и да биле силни не би можеле да ги освојат тие тврдини. И градот и храмот биле разурнати до темел, а земјата на која стоела светата градба била „разорана како нива” (Еремија 26:18). За време на опсадата и во колежот што настапил, загинале преку еден милион луѓе; преживеаните биле одведени во ропство, продавани како робови, одведени во Рим за да го зголемат триумфот на освојувачите, фрлани во амфитеатрите на диви ѕверови или како бездомници и скитници биле расеани по целата земја. {ГБ 35.2}

Евреите сами на себе си исковале окови, и самите ја преполниле чашата на одмаздата. Во целосното уништување што им се случило како нација, и во сите неволји што ги следат откако биле расеани по светот, тие само ја жнееле жетвата што ја посеале со сопствена рака. Пророкот вели: „Израеле, ти сам себе се уништи”, „пропаѓаш поради своето беззаконие” (Осија 13:9; 14:1). Нивните страдања често се претставени како казна што ги стигнала по Божја наредба. На тој начин големиот измамник настојува да го прикрие сопственото дело. Поради своето тврдоглаво отфрлање на божествената љубов и милост, Евреите ја изгубиле Божјата заштита, и на сатаната му било дозволено да загосподари над нив според неговата волја. Ужасните свирепости што се случиле при разурнувањето на Ерусалим, биле само манифестација на сатанската одмаздничка сила, над оние што го прифаќаат неговото водство. {ГБ 35.3}

Ние не сме во состојба да сфатиме колку му должиме на Христа за мирот и заштитата што ги уживаме. Божјата сила го задржува и спречува злото за да не падне човечкиот род потполно под власта на сатаната. Непослушните и неблагодарните имаат многу причини да му заблагодарат на Бога што во Својата милост и долго трпение ја задржува свирепата и зла сила на сатаната. Меѓутоа кога луѓето ќе ја преминат границата на божественото трпение, тогаш заштитата се повлекува. Бог не се поставува кон грешникот како извршител на пресудата поради престапот, туку оние што ја отфрлаат Неговата милост ги препушта сами да го жнеат она што го посеале. Секој отфрлен зрак на светлина, секое презрено или занемарено предупредување, секоја негувана страст, секој престап на Божјиот закон претставува сеидба која ќе донесе сигурна жетва. Ако постојано му се противиме на Божјиот Дух, Тој се повлекува и тогаш ние немаме никакви сили да ги совладаме своите зли страсти, ниту пак имаме заштита од сатанските злоби и непријателства. Разурнувањето на Ерусалим е страшно и сериозно предупредување за сите оние кои ја злоупотребуваат Божјата добрина и се спротивставуваат на повиците на Неговата милост. Никогаш не било дадено порешително сведоштво за Божјата омраза кон гревот и неминовноста од казната која ќе ги стигне виновниците. {ГБ 36.1}

Пророштвото на Спасителот во врска со казнувањето кое го снашло Ерусалим, треба да има уште едно исполнување, според кое оваа ужасна сцена на пустошење е само слаба сенка. Во судбината на избраниот град можеме да ја видиме судбината на светот кој ја отфрлил Божјата милост и го газел Неговиот закон. Мрачни се записите за човечката беда чијшто сведок морала да биде земјата за време на долгите векови на злосторства. Срцето се стега, и духот изнемоштува кога човекот размислува за сето тоа. Последиците биле ужасни поради отфрлањето на Божјиот авторитет. Меѓутоа, при откривањето на иднината покажани сѐ уште помрачни глетки. Извештаите за минатото – долгиот низ немири, судири и револуции, „време на војна и облека, извалкана од крв” (Исаија 9:5) – што е сето тоа во споредба со стравотиите на непокајаните во оној ден кога Божјиот Дух, кој дотогаш ја задржувал експлозијата на човечките страсти и сатанскиот гнев, целосно ќе им биде одземен! Тогаш светот, како никогаш порано ќе ги запознае последиците на сатанското владеење. {ГБ 36.2}

Но, во тој ден, како и во времето на разурнувањето на Ерусалим, Божјиот народ ќе се избави, „секој што ќе биде запишан за живот” (Исаија 4:3). Христос изјавил дека ќе дојде и по вторпат да ги собере Своите верни: „Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со голема слава и сила и ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата” (Матеј 24:30;31). Тогаш оние што не го прифатиле евангелието ќе бидат уништени со здивот на устата Негова и преку појавата на Неговото доаѓање ќе го истреби (2. Солунјаните 2:8). Слично на стариот Израел, непокајаните самите себеси ќе се уништат; ќе паднат поради „своето беззаконие” (Осија 14:1). Со својот грешен живот, тие толку се оддалечиле од Бога, гревот толку многу ја унижил нивната природа, така што самата појава на Неговата слава, за нив ќе биде оган што уништува. {ГБ 37.1}

Луѓето нека се чуваат за да не ја занемарат поуката што им е дадена во Христовите зборови. Како што ги предупредувал Своите ученици за претстојното разурнување на Ерусалим, и им дал знаци за приближувањето на пропаста за да можат да се избават, така го предупредил и светот во врска со денот на конечната пропаст и дал знаци за приближувањето на тој голем ден за сите што сакаат да можат да побегнат од гневот што доаѓа. „И ќе има знаци”, нагласил Тој, „на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите” (Лука 21:25). Оние што ќе ги видат предзнаците на Неговото доаѓање треба да знаат „дека е близу, пред вратата” (Матеј 24:33). „Бидете будни” (Марко 13:35) – биле зборовите на Неговото предупредување. Оние кои внимаваат на предупредувањето, нема да бидат оставени во темнина, и овој ден нема да ги најде неподготвени. Но за оние кои нема да бидат будни, „Денот Господов ќе дојде како крадец во ноќно време” (1. Солунјаните 5:2-5). {ГБ 37.2}

И денес, светот не е подготвен да ја прими пораката за нашето време, како и Евреите што не биле подготвени да го примат предупредувањето на Спасителот во врска со Ерусалим. Кога и да дојде, денот Господов за непокајаните ќе дојде ненадејно. Додека животот тече во својот вообичаен тек, додека луѓето се преокупирани со задоволства, работа, трговија и богатење, додека верските водачи го воздигнуваат светскиот прогрес и просветеноста, а народот живее во лажна сигурност –  како што крадецот на полноќ ги провалува становите што не се чувани, одненадеж ќе стигне погибел за безгрижните и непокајаните, „и не ќе можат да избегнат” (1. Солунјаните 5:3). {ГБ 38.1}

Сподели го ова:

Слични објави