КАДЕ ГО ВОДАТ ПРЕДАНИЈАТА ВЕРНИКОТ?
Денес ќе зборуваме за преданијата (традициите) и за тоа, до каде тие ги водат верниците. Светот станува сè повеќе и повеќе религиозен. Во секој случај, сите луѓе ќе станат верници, на овој или оној начин, како што вели Божјата реч. Но, зад позадината на зголемувањето на бројот на верници во светот, Христовите зборови не делуваат логично, па дури звучат и застрашувачки:
„Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18:8).
Синот Божји поставува прашање, кое претставува тест за целото човештво. Во современата реалност на времето, ова прашање звучи вака: Кога Јас ќе дојдам на оваа земја, кога религијата ќе биде особено раширена на земјата и кога сите знаци на Моето враќање ќе бидат присутни, кога Мојот народ ќе ја објави последната порака, тројната ангелска вест на човештвото што пропаѓа, кога меѓу верниците ќе има разни знаци и чуда, дали Јас во тоа време ќе најдам вера на земјата? Забележете, не во која било посебна земја, бидејќи денес христијанството безумно се обидува да се национализира; не во било која посебна црква.
Не! Христос прашува дали Тој ќе најде вера на земјата? Односно во целиот наш и ваш дом, кој јас и вие го нарекуваме планетата Земја. Но, најтажното што го читаме во Христовото прашање е дека Тој не е уверен во тоа. И ако и најде, тоа ќе биде повеќе реткост отколку правило на живот за оние што живеат на земјата во овие последни денови. Зарем тоа не ве плаши, верници?
ШТО РЕКОЛ ИСУС ЗА ПРЕДАНИЈАТА
За да разбереме, како такво нешто може да се случи, а ќе се случи, ќе ја проучуваме Божјата реч, бидејќи таа содржи одговори на сите прашања што нè засегаат:
„Се собраа кај Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим.И кога видоа дека некои од Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно со немиени раце, ги укорија. (Зашто фарисеите и сите Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите; и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат; миење чаши, чинии, котли и столови.) Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: ‘Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб?’ А Тој им одговори и рече: ‘Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: Овој народ со уста Ме почитува, но срцето им е далеку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби. Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко: миење чинии и чаши, и вршите многу други слични работи.’
И им рече: ‘И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание. Зашто Мојсеј рече: Почитувај ги татка си и мајка си и кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни.А вие велите: Ако некој каже на татка си или на мајка си: она, со кое би можел да те издржувам е корбан, односно, прилог е, тогаш таквиот не го оставате веќе ништо да стори за својот татко или за својата мајка, престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предале вие; многу такви слични работи вршите“ (Марко 7:1-13).
Христос дошол во потполно религиозна држава, во која сите биле верници, од најмлади до најстари. Уште од раѓање, тие биле научени да веруваат во Бога и верувале во Него сè до крајот на својот живот. Целиот нивен живот бил тесно поврзан со верата во Бога. Сè им зборувало за Бога: Списите, Законот и саботата, празниците, храмот, свештенството.
ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ Е ЗАМЕНА НА СЛУЖБАТА СО ПРЕДАНИЈАТА
Овој настан, опишува еден од судирите помеѓу Божјиот Син и оние кои сметале дека длабоко веруваат во тоа дека се деца на Авраам. Но, Божјиот Син отишол и им рекол дека се лицемери. Нивните срца не биле посветени на Бога. И можеби најлошото нешто во врска со нив во Неговите зборови е тоа што, според Него, тие не го почитуваат Бога со своите напори и служба, сето тоа е бескорисна и бесмислена служба во очите на Небото, ништо повеќе.
Ако некој денес им каже вакво нешто на разните деноминации (конфесии), тоа би предизвикало невиден гнев. На крајот на краиштата, сите верници се длабоко убедени во исправноста на нивната служба и дека Бог ја одобрува и прифаќа нивната служба. Затоа, да направиме паралели помеѓу оваа библиска приказна со нашето време. Така што оние што сакаат да ја дознаат Божјата вистина, да слушнат што би рекол Самиот Исус, Синот Божји, за нивната служба денес. Ова ќе бидат зборовите на Синот Божји од минатото кон луѓето што живеат во сегашноста.
Ајде внимателно да ги разгледаме Христовите зборови за да разбереме зошто службата на овие рани верници била бесмислена и бесплодна во Божјите очи?
„Овој народ со уста Ме почитува, но срцето им е далеку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби. Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко… И им рече: ‘И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание?’“ (Марко 7:7-9).
Ова е коренот на проблемот – во службата дошло до замена. Божјата Реч е заменета со човечкото предание.
Многу верници денес мошне ревно се држат до преданијата (традициите), а не на Божјата Реч и не ја забележуваат. Многу често, во религиозните преноси на радиото и телевизијата слушаме за „преданијата на старите“ како фундаментални за учењето на животните правила, а ниту еден збор за Светото Писмо како Божја Реч.
ПРАВИЛНО РАЗБИРАЊЕ НА ЗБОРОВИТЕ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ ЗА ПРЕДАНИЈАТА
И, некои, знаејќи го ова, ја оправдуваат оваа ревност со тоа дека Апостол Павле им заповедал на христијаните да се држат до преданијата:
„Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат кој живее неуредно, а не според преданието што го добивте од нас“ (2. Солунјаните 3: 6).
Прво – зборот предание значи – пренесено учење.
Второ – од контекстот јасно се подразбира дека учењето што се пренесува е Словото Божјо:
„Потоа, браќа, молете Му се на Бога за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое место, како и меѓу вас“ (2. Солунјаните 3:1).
„Ние сме уверени за вас во Господ дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме“ (2. Солунјаните 3:4).
И на уште две други места во своите посланија, тој го споменува зборот предание (пренесено учење), но тој под ова мислел на Божјата реч што им ја проповедал:
„И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание“ (2. Солунајните 2:15).
„Угледајте се на мене, како и јас на Христос! Ве пофалувам, браќа, зашто во сè си спомнувате за мене и ги држите преданијата така како што сум ви ги предал“ (1. Коринтјаните 11:1,2).
Овде очигледно се работи за Божјата реч, бидејќи Библијата јасно кажува што апостол Павле им рекол на верниците додека бил во Коринт:
„Потоа Павле ја напушти Атина и дојде во Коринт… И секоја сабота тој зборуваше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Елините… Тој остана таму една година и шест месеци и ги поучуваше во словото Божјо“ (Дела 18:1,4,11).
После ова учење, кога заминал од Коринт, тој им напишал писмо на верниците во кое ги пофалил што се држат до она што ги научил. Тие се држеле до учењето што им го пренел на нив, односно на словото Божјо.
Значи, проблемот тука и не е во името, ниту во зборот „предание“, туку во потеклото на учењето . Словото, со кое апостол Павле го поучувал верниците се нарекува предание, или поточно преведено како пренесено учење, но тоа било словото Божјо, ова учење е со небесно потекло.
ЗОШТО ЧОВЕЧКОТО УЧЕЊЕ Е ПОГУБНО?
Наспроти она што апостол Павле ги учел верниците, Христос ги прекорил верниците кои по раѓање се Евреи, Авраамови деца, дека нивните преданија немаат никаква врска со Божјото Слово, бидејќи тоа биле човечки заповеди и учења.
Станува збор за погубното влијание на човечките учења, учења со земно потекло, за кои Христос вели дека колку и да изгледаат побожно, тие во својата суштина:
1. Верникот го прават лицемер.
2. За разлика од Божјото Слово, тоа не е насочено кон промена на грешното срце, туку кон видот на побожност што толку ја храни човечката гордост.
3. И најлошото е што, кога верникот ќе се сврти кон човечкото предание, тој го отстранува Божјото Слово од својот живот, бидејќи овие различни учења се НЕСПОИВИ.
Од влијанието на човечкото предание врз верникот, можеме да разбереме зошто Христос имал негативен став кон ваквите земни учења и никогаш не ги проповедал. Затоа Тој не одел во рабинските училишта, за да не му дозволи на сатаната преку овие училишта да го полни Неговиот ум со човечки преданија, а не со словото Божјо. И Христос успеал да го постигне посакуваниот резултат:
„И се чудеа Јудејците, велејќи: ‘Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?’“ (Јован 7:15).
Христовите зборови и примерот на Неговиот живот ни кажуваат дека во прашањата на служење на Бога, во прашањата на спасението, не треба наместо на Божјото Слово да се потпираме на човечките преданија, колку и да изгледаат привлечно.
БОЖЈОТО УЧЕЊЕ Е СПРОТИВНО НА ГРЕШНОТО ЧОВЕЧКО УЧЕЊЕ
Бидејќи човечкото учење е под влијание на гревот, како резултат на падот во грев, и во суштина е спротивно на учењето на Светиот Бог, и затоа е немоќно во борбата со ѓаволот.
Од времето на Каин и Авел до денес, се забележува овој контраст помеѓу божественото и човечкото. Авел му принел угодна жртва на Бога; а Каин, навидум од добри мотиви, принел жртва, но спротивна на Божјата реч. Принел плодови од својот труд. И, колку неговата служба, диктирана не од небото, туку од неговите желби, довела до промена во неговото срце? Убивајќи го својот брат, тој ја покажал својата природа.
Човек кој не се потпира на Божјата реч, туку на човечко учење или мислење, е во состојба да го убие оној што се потпира на Божјата реч, бидејќи човечкото учење не ја трансформира грешната природа на човекот. Дали сега разбирате зошто секој што ја носи вистинската Божја реч, Христовото учење, ќе биде убиен! За ова зборува и самиот Христос:
„Ќе ве исклучуваат од синагогите. Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба“ (Јован 16:2).
„Но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли“ (Јован 3:19).
„Луѓето, пак, во Содом беа лоши, и многу грешни пред Господ“ (Создавање 13:13).
„Но не како Каин, кој беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни“ (1. Јованово 3:12).
Што гледате во грешната природа на човекот? Беззаконие! Каков е човекот, такво е неговото човечко учење; каков е изворот, таква е и водата во него.
Дрвото се познава по својот плод. Божјото свето учење е спротивно на грешното човечко учење:
„Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра“ (Римјаните 7:12).
„Ако го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам со законот дека е добар“ (Римјаните 7:16).
„А ние знаеме дека Законот е добар, ако некој законски го применува“ (1. Тимотеј 1:8).
Ова значи дека заедно со вас гледаме дека на земјата постојат две категории на верници – едните кои го мерат својот живот со Божјото Писмо, а другите со човечки преданија. Разликата е во изворот на нивното духовно просветлување и збогатување.
БОЖЈАТА РЕЧ Е ЕДИНСТВЕНИОТ ВИСТИНСКИ ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИИ ЗА ЧОВЕКОТ
Но, реалноста на големата борба е таква што единственото нешто против кое ѓаволот е немоќен е светата Божја реч. Запомнете ја Христовата победа над ѓаволот во пустината со зборовите „напишано е“.
Изворот на Светото Писмо е Светиот Бог. Тој ја содржи духовната сила на самиот Бог, против која ѓаволот е немоќен.
Искусниот земјоделец, гледајќи ја болеста на растението, ќе каже зборови кои ќе пропишат правилен третман на растението, така што неговите зборови ќе бидат животна сила за растението. Но, што може да се каже за еден просечен и неук земјоделец, какви ќе бидат неговите зборови за растението во овој случај? Смртна казна?
Искусен лекар, гледајќи ја болеста и знаејќи како да се справи со тоа, ќе каже зборови во кои ќе биде пропишан вистинскиот третман на пациентот, така што неговите зборови ќе бидат животна сила за човекот. А што е со советот на лекарот со купена диплома? Ова е сигурна смрт со мачење.
Човечкото предание, кој е неговиот извор и каква духовна сила има тоа? Неговиот извор е грешниот човек и во него има исто толку духовна сила колку што има и грешниот човек да му се спротивстави на ѓаволот:
„Сите згрешија и лишени се од славата Божја“ (Римјаните 3:23).
„Зашто, не знаејќи за Божјата праведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не и се подредија на Божјата праведност“ (Римјаните 10:3).
„Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека“ (Исаија 64:6).
Тажната грешна состојба на човекот, која го одделила од Бога, понекогаш го спречува дури и да разбере што е добро, а што зло. Христос им рекол на Евреите:
„Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите“ (Јован 5:43).
„Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате?“ (Јован 8:45,46).
Гледате, уште од детството, верниците, Евреите, биле целосно дезориентирани. За нив, светлината е темнина, а темнината е светлина; белото е црно а црното е бело; доброто е зло, а злото е добро. Дали е можно да се избере вистинскиот пат со ваква дезориентација? Дали ваквиот дезориентиран лекар би поставил правилна дијагноза? И, колку ваков дезориентиран проповедник или теолог ќе го посочи правилниот пат кон спасението?
БЕЗ БОЖЈАТА РЕЧ, ЛУЃЕТО СЕ ОСУДЕНИ ДА ЖИВЕАТ ПОД КОНТРОЛА НА САТАНАТА
Многу луѓе не ја разбираат духовната природа на големата борба помеѓу доброто и злото. Заради падот, ние сме на страната на непријателот, подмолниот и лукав непријател кој нè измамил и нè измамува и ние подлегнуваме на оваа измама. Затоа што по падот (во грев) го изгубивме разбирањето за вистината. И како последица на тоа, спасоносната територија за нашиот ум не е она што го имаме, туку она што го немаме, она што го изгубивме после падот, имено Божјата светост:
„Со кротост да ги превоспитува противниците за да би можел Бог да им даде покајание, за да ја познаат вистината,и да се ослободат од мрежата на ѓаволот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја“ (2. Тимотеј 2:25,26).
Како во Христовите денови, така и сега има многу луѓе кои се наоѓаат во ропството на ѓаволот и кои не се сметаат себеси за робови, туку за водачи на верниците:
„И ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи. Му одговорија и рекоа: ‘Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: Ќе бидете слободни?‘Исус им одговори: ‘Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот’“ (Јован 8:32-34).
„Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата. А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате“ (Јован 8:44,45).
Гледате ли, без познавање на вистината (а Божјата реч е вистина) луѓето се осудени да живеат во лагата на ѓаволот и да бидат под негова контрола.
КОЈ Е ИЗВОРОТ НА ЧОВЕЧКИТЕ ПРЕДАНИЈА?
Да разгледаме повнимателно на изворот, чие име е грешен човек, што се наоѓа во него?
„Штом меѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?“ (1. Коринтјаните 3:3).
„Бог не е човек, та да се колеба, ниту е син човечки, па да се изменува“ (Броеви 23:19).
„Ненаситни … очите човечки“ (Изреки 27:20).
„Сите патишта на човекот се прави пред очите негови“ (Изреки 21:2).
„Да ги криев грешките свои како многу луѓе и да ги таев во градите своите престапи“ (Јов 31:33).
Таков е изворот кој раѓа преданија. И преку овие преданија луѓето се придружуваат како што тие мислат кон Бога, но дали кон Бога? Или поточно, кон кој Бог? Богот на овој век, сатаната?
КАКОВ БИЛ АПОСТОЛ ПАВЛЕ ПРЕД ДА ГИ ОТФРЛИ ЧОВЕЧКИТЕ УЧЕЊА?
Впечатлив пример и жртва на таквата евангелизација, според човечките преданија, е токму Савле, прогонувач на Божјата црква. Еве како самиот тој сведочи за ова:
„Сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква и ја разорував; и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија“ (Галатјаните 1:13,14).
„Савле, пак, ја пустошеше Црквата, одеше по куќите и извлекуваше мажи и жени, па ги предаваше во затвор“ (Дела 8:3).
Која била движечката сила на гонителот на Божјата црква, Савле? Што го лишило од милост кон христијаните, кон слабите жени? Човечките преданија, за кои тој бил неумерен фанатик. Евангелизацијата на другите луѓе, од страна на луѓето како Савле и оние што го преобратиле, според Христос, не го води човекот во Божјото царство, туку недвосмислено го осудува на уништување:
„Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден следбеник, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас“ (Матеј 23:15).
Луѓето кои пијат од изворот на човечките преданија се способни само за лицемерие, бидејќи само Божјата реч може да изврши внатрешно, длабоко дело на прочистување на внатрешното „ЈАС“ од гревот:
„Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12).
„Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17).
„Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност,за да биде Божјиот човек усовршен и совршено подготвен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16,17).
БОЖЈАТА РЕЧ НЕ НÈ УЧИ ДА СЕ МРАЗИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ
Без Божјата реч, под влијание на човечките преданија, човекот станува духовно чудовиште како прогонителот Савле. Зошто верниците од една деноминација денес ги мразат верниците од друга деноминација? Дали ова го учи ова Божјата реч?
„Но вам, што слушате, вам ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;благословувајте ги оние што ве колнат, молете се за оние што ве навредуваат!На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе наметката, подај му ја и кошулата.Секому, кој ти бара, подај; од оној што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! И ако ги сакате оние што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Зашто и грешниците го прават истото. И ако им дадете заем на оние од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Тој е добар кон неблагодарните и кон лошите.И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец“ (Лука 6:27-36).
Кажете, зарем не го разбирате учењето на Божјата реч? Дали таа ги учи луѓето со различни погледи да се мразат едни со други? Не, не е така!
БОЖЈАТА РЕЧ Е ДОВОЛНА САМА НА СЕБЕ И НЕ И СЕ ПОТРЕБНИ ЧОВЕЧКИ ПРЕДАНИЈА
Застапниците на преданијата честопати велат: „Преданијата се засновани на Божјата реч, па затоа тие се како Божјата реч“. Ако ова е вистина, тогаш зошто ни се потребни преданијата ако веќе ја имаме Божјата реч или не е доволна за спасение?
„Зашто го возвеличи Твоето слово, повисоко од Своето име“ (Псалм 138:2).
„Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои… Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе“ (Псалм 119:9,11).
„Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој лажен пат.Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 119: 104,105).
Гледате дека Светото Писмо е доволно само на себе и дека не му е потребна поддршка од човечките преданија. Самата Божја реч е доволна да нè преобрази во Божји лик, да живееме свет живот и да се спасиме. Прогонителот Савле бил заблуден исто како и оние што сега се придржуваат до човечките преданија. Тој исто така сметал дека живее според Божјата реч и дека неговата вера е исправна, но не живеел според Писмото, туку според преданијата на неговите татковци. Тој се сменил кога навистина се запознал со Божјата реч.
„Му благодарам на Христос Исус, нашиот Господ, Кој ми даде сили, зашто сметаше дека заслужувам доверба, кога мене ме постави на служба, мене, кој порано бев хулител, гонител и насилник; но ме помилува, бидејќи тоа го правев без да знам, во неверие. Но заедно со верата и љубовта во Христос Исус изобилуваше и благодатта на нашиот Господ. Верен е тој збор и достоен е сосема да се прифати: Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас. Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Исус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние кои ќе поверуваат во Него за живот вечен. А на Царот на вековите, на Нераспадливиот, Невидливиот, Единствен Премудар Бог – нека е чест и слава во сите векови. Амин!“ (1. Тимотеј 1:12-17).
Запомнете еднаш и засекогаш! Човечките преданија создаваат гонители на христијаните, Савлевци, но Божјата реч создава скромни мисионери и посветени апостоли, Павлевци.
БОЖЈИТЕ ЧИСТИ СПИСИ МУ ДАЛЕ НА САВЛЕ ДАР НА ПОНИЗНОСТ
„Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа; потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче, зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква. Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не беше напразна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене“ (1. Коринтјаните 15:3-10).
Кога гонителот Савле, наместо кон преданијата, се свртел кон Божјите Писма, и го видел Христа во нив (бидејќи Светото Писмо зборува за Него) како за Оној преку кого сме спасени од нашите гревови, тогаш тој нашол мир. Христос ги предупредил Своите следбеници дека ќе бидат прогонувани сè до самото Второ доаѓање од страна на „Савлевци“ кои не се потпираат на Писмото, туку на човечките преданија:
„Ова ви го кажав за да не се соблазните. Ќе ве исклучуваат од синагогите. Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. Тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Отецот, ниту Мене“ (Јован 16:1-3).
ПРОБНО ПРАШАЊЕ ЗА ВЕРНИКОТ
Светото Писмо учи дека последната битка на земјата ќе се води околу прифаќањето на Божјата реч или човечкото учење. Битка, чија суштина е одговор на прашањето: На кого му припаѓаат верниците, и на кого тие се поклонуваат? Односно сите верници ќе се соочат со тестот: дали ќе живеат според Писмото или според преданијата, и ова е прашање на вистинско и лажно обожавање. Од нашиот одговор ќе биде одредена и нашата вечна судбина. И сатаната ќе ги искористи сите средства што ги има на располагање, од чуда и измами, до физички репресалии, за да ги натера верниците да се придржуваат кон човечките учења и преданија, да ги натера на лажно обожавање:
„И правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. И ги мамеше земните жители со чудата што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на земните жители да му направат биста (лик, икона) на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот. И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни, та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово“ (Откровение 13:13-17).
И само верниот Божји остаток ќе остане верен на Светото Писмо, следејќи го примерот на животот на Синот Божји:
„Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14:12).
ЧОВЕЧКИ ПРЕДАНИЈА ШТО СЕ КОСАТ СО БИБЛИЈАТА, ВО ПРАВОСЛАВИЕТО И КАТОЛИЦИЗМОТ
Сатаната денес активно го трасира патот до човечкиот авторитет наместо Божјиот, затоа што луѓето кои не живеат според Божјата реч се робови на гревот. Очигледно ова ќе биде човечки авторитет, но зад тоа ќе стои самиот сатана. Постојано се подготвува теренот за замена на Божјата реч со човечки преданија: со помош на катехизми, работни црковни курсеви и црковни прирачници, кои постојано се менуваат и се препишуваат, за да одат во чекор со човечките гревови и падот на моралот.
Во црковните прирачници од 1995. година, постои целосната забрана за козметика во боја, а во 2000. година веќе е дозволена делумна употреба на козметиката, додека во следните прирачници (упатства) ова прашање е генерално нејасно. Катехизмите објаснуваат зошто, спротивно на втората Божја заповед да не се поклонуваат на слики, христијаните сè уште можат да обожаваат икони и мошти.
„Нашата Пресвета Мајка, Православната Црква, ни заповеда не само да ги имаме чуваме и почитуваме, туку и побожно да ги почитуваме светите икони на Христа, нашиот Спасител, Неговата Пречиста Мајка и другите светци…“
Овде е дефиницијата за Светиот седми вселенски собор: „Кој светите икони ги нарекува идоли – нека биде анатемисан, анатемисан, анатемисан!“
Нашите свети отци така размислуваат за светите икони:
„Честа на иконата се издига до оригиналот, т.е. до оној што е прикажан на неа; оној кој се поклонува на сликата се поклонува на оној што е прикажан на неа. Вселенската вера на црквата за побожното почитување на светите мошти е потврдено од божествените отци на Седмиот вселенски собор со нивниот указ“.
Таму исто така ќе објаснат зошто, спротивно на Божјата заповед во четвртата заповед да се држи саботата, верниците не би требало да ја држат саботата, туку неделата. И овие човечки списи, спротивно на Божјата реч, се претставени како објаснување на Божјата реч. Изненадувачки, луѓето веруваат во оваа очигледна измама. Зошто? Затоа што тие не живеат како Христос според секој збор што доаѓа од Божјата уста и губат од сатаната во битката во која Христос победил, кој е пример за нас во сè.
ПОЧИТУВАЊЕ НА ЧОВЕЧКИТЕ ПРЕДАНИЈА, А НЕ БОЖЈАТА РЕЧ ВО ПРОТЕСТАНТСКИТЕ ЦРКВИ
Веќе забележавте дека не само католиците туку и православните христијани грешат со човечките преданија. Но и протестантизмот самоуверено оди по истиот пат.
Во Светото Писмо нема ни навестување за ракополагање на жени за извршување на пастирска служба и библиски обреди. Овие одлуки се донесуваат на црковни состаноци или од црковни работни одбори. Од каде ова човечко учење во протестантизмот? Доаѓа од светот, од човекот. Англиканската црква има жени бискупи.
Феминизам (франц. Feminisme, од латински Femina — „жена“) — во поширока смисла — потрага по еднакви права на жените со мажите во сите сфери на општеството, во потесна смисла — женско движење насочено кон елиминирање на дискриминацијата врз жените и изедначување на нивните права со оние на мажите. (Главните фази на феминистичкото движење во XIX-XX век. Вовед).
Фактот дека во последно време традиционалното општество, а заедно со него и воспоставениот светски поредок, се рушат особено насилно, сите ние можеме да го видиме тоа во нештата како што се: родова еднаквост, истополови бракови, уништување на традиционалната култура, оживување на фашизмот и во многу други работи.
„Активистите на групата WATCH (Women and the Church – „жените и црквата“) велат дека обраќањето кон Бога во машки пол ги дискриминира правата на жените, пренесува The Guardian. Православната теологија тврди дека сите луѓе се создадени според ликот и подобието на Бога, и дека Бог нема пол. Тој истовремено е и маж и жена, а во исто време – надвор од полот. Значи, кога зборуваме за Бога во машки род, ние даваме нецелосна дефиниција за тоа што е Бог“, – рекол претставникот на групата WATCH, преподобниот Џоди Стоуел.
БОГ Е ПРОТИВ ЕДНАКВОСТ МЕЃУ МАЖОТ И ЖЕНАТА
Човечкото учење изгледа благородно и праведно — еднаквост на жените со мажите во сите сфери од животот. Но, што мисли Бог за ова, бидејќи дозволил нееднаквост во односите меѓу мажите и жените?
„А на жената и рече: ‘Кога ќе бидеш бремена, ќе ти ги умножам и преумножам маките; со болки ќе раѓаш деца, и ќе се приклониш кон мажот свој, и тој ќе ти биде господар’“ (Создавање 3:16).
Гледаме дека самиот Господ Бог се спротивставува на еднаквоста, како што проповеда човечкото учење. Зарем Тој не ги сака жените исто како оние што се залагаат за еднаквост? Се разбира, Бог ги сака Неговите созданија и жените не помалку од мажите, но разликата помеѓу Неговото мислење и човечкото мислење е во тоа што Бог и само Бог знае што е за наше добро, а ние тоа не го знаеме. Синот Божји рекол за жителите на пропаднатиот Ерусалим:
„А кога се приближи и го виде градот, заплака над негои рече: ‘Кога би можел во овој ден и ти да го дознаеш она што е потребно за твојот мир! Но тоа е сега сокриено од твоите очи’“ (Лука 19:41,42).
ПОТЧИНУВАЊЕТО НА ЖЕНАТА НА МАЖОТ – БОЖЈА ЛЕКЦИЈА ЗА НАШЕ ВОСПИТУВАЊЕ
По падот во грев, Бог веднаш започнал план за спасување на луѓето, а дел од тој план бил да ги казни виновниците (во Библијата тоа се нарекува проклетство), како дел од воспитниот процес:
„Бог го создал човекот совршено свет и среќен. A прекрасната Земја, кога излегла од рацете на Творецот, не покажувала ниту трага на распаѓање или сенка на проклетство. Престапот на Божјиот закон – законот на љубовта – било тоа што донело несреќа и смрт. Па сепак, и покрај страдањата предизвикани со гревот, се открива Божјата љубов. Напишано е дека Бог ја проколнал Земјата заради човекот (Создавање 3:17). Трњето и чичката – тешкотиите и искушенијата што го исполнуваат неговиот живот со напори и грижи, се одредени заради негово добро, како дел на воспитувањето неопходно во Божјиот план за неговото издигнување од пропаста и деградацијата што ги донел гревот. Иако грешен, светот не е исполнет само со тага и беда. И самата природа ни упатува пораки на надеж и утеха. На чичката може да се најде цвеќе, а трњето се прекриени со рози“ (Патот кон Христа, 9).
Потчинувањето на Ева на Адам, сопругите на мажите, е дел од проклетството што ги снашло луѓето по падот. И во ова потчинување, Бог ги изложил Своите лекции за воспитување на жените и мажите. А оној што учи нешто друго се спротивставува на Божјото воспитување и го отфрла Божјиот план на спасението.
Толку за човечките преданија. Луѓето се многу кратковиди во своите одлуки, но Бог знае сè од почеток до крај и затоа ги предупредува луѓето:
„Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли“ (Исаија 55:8,9).
КОЕ ЗДРАВО БОЖЈО УЧЕЊЕ ЗА ЖЕНИТЕ СЕ НАОЃА ВО СВЕТОТО ПИСМО?
Слична е состојбата и со ракополагање на жени. Да беше тоа за доброто на луѓето, тогаш Бог, кој им посакува добро на луѓето, ќе кажеше за тоа во Својата Света Реч. Но, ова не се наоѓа во Божјата реч, туку нагло е воведено во црквата преку човечки учења и замисли. А тоа значи дека луѓето одат против Бога и Неговата света волја за човекот:
„А ти, пак, зборувај го она што се согласува со здравото учење. Старците да бидат трезвени, целомудрени, чисти, здрави во верата, во љубовта, во трпението; старичките, исто така, да живеат како што им прилега на светии – да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, да учат за добро,за да ги вразумуваат невестите да ги сакаат мажите свои и децата свои; да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи, та да не се хули словото Божјо“ (Тит 2:1-5).
Апостол Павле вели дека Божјото здраво учење се состои во тоа, постарите и поискусни жени треба да ги едуцираат помладите жени да изградат свој дом, свое семејство, да ги сакаат своите сопрузи, да ги сакаат децата, да бидат чесни, чисти, да се грижат за домот, љубезни, покорни на своите сопрузи. Затоа што, ако не го прават тоа, тогаш Словото Божјо ќе биде осудено. Нема ни трага на навестување за пасторална дејност. Библиските поуки се актуелни за нас во сите времиња.
ЧОВЕЧКИТЕ ПРЕДАНИЈА ОБЕДИНУВАЛЕ РАЗЛИЧНИ ГРУПИ НА ВЕРНИЦИ ВО ВРЕМЕТО НА ИСУС ХРИСТОС
Светото Писмо нè учи дека во времето на Исус, Евреите што верувале биле во различни партии: фарисеи, садукеи, книжници; денес би можеле да ги наречеме деноминации, но што ги обединувало? Отфрлање на Божјата реч заради нивните човечки учења и преданија. И токму тоа е она што ги спречувало да го прифатат Христа.
„Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:‘Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Зошто не си ги мијат рацете кога јадат леб?’“ (Матеј 15:1,2).
„Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение…“ (Матеј 22:23).
Дали гледате дека тие живеат според преданијата, а не според Писмото? И оваа жед за човечки преданија и учења ги обединила против Христа, зашто Тој не се придржувал кон преданијата, туку само на Божјата реч:
„Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои.Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата.А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.Кој од Вас може да Ме обвини за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате?Кој е од Бога, тој ги слуша Божјите зборови. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога“ (Јован 8:43-47).
Дали гледате што човечкото предание работи со верниците? Тоа го поврзува човекот со ѓаволот кој го создал ова лажно учење. Придружувајќи се кон преданието, човекот, според Христос, станува човек кој не е од Бога, и кој повеќе не може да ја разбере ниту да ја прифати вистината на Божјата реч, вистината од Бога.
КОЈ ГИ ВДАХНОВУВА (ИНСПИРИРА) СИТЕ ДЕЛОВИ НА СОВРЕМЕНИОТ ВАВИЛОН?
Претставници на различни деноминации сега се обединуваат во Вавилон не врз основа на Божјата реч, туку врз основа на човечките учења, кои во суштина се демонски учења:
„А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења“ (1. Тимотеј 4:1).
„И видов кога од устата на змевот и од устата на ѕверот и од устата на лажниот пророк излегоа три нечисти духа, како жаби;зашто тоа се ѓаволски духови кои прават чуда; тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бог Седржителот“ (Откровение 16:13,14).
Еве, кој е идејниот вдахновител на сите составни делови на Вавилон, демоните, кои ги поробуваат луѓето со човечки лажни учења, со што ги оттргнуваат од вистината на Божјата реч, која може да го избави човекот од силата на сатаната.
ДВЕ ЗАБЛУДИ ШТО ЌЕ ГИ ОБЕДИНАТ ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА РАЗЛИЧНИТЕ ДЕНОМИНАЦИИ ВО БОРБАТА ПРОТИВ БОЖЈИОТ НАРОД
Целиот религиозен свет ќе се обедини околу човечките учења (заблуди), зад кои ќе стојат демоните, поточно светоста на неделата и спиритизмот:
„Преку двете големи заблуди – бесмртноста на душата и светоста на неделата – сатаната ќе успее да го прелаже протестантскиот свет. Додека првата заблуда поставува темел за спиритизмот, втората создава врска на пријателство со Рим“ (Големата борба, 588).
Во Библијата нема никаква основа за светоста на неделата. Ова го признаваат сите протестанти, православните и католиците. Последните не го кријат фактот дека токму тие ја замениле саботата со недела, односно ова учење не е Божјо, туку човечко.
„Бидејќи Библијата ја воспоставува саботата, а не неделата, зарем не е чудно што некатолиците, кои тврдат дека нивните религиозни убедувања се базираат единствено на Библијата, а не на црковните преданија, ја празнуваат неделата наместо саботата? Тие продолжуваат да го почитуваат овој обичај, иако тој се заснова на авторитетот на Католичката црква, а не на библискиот текст. Ова празнување ги потсетува на Мајката црква од која се одделија некатоличките секти – исто како што момче, бегајќи од својата мајка, сè уште во џебот носи слика од неа или прамен коса“ (Преподобниот Џон О’Брајан. Вера на милиони, стр. 421, 422).
БОЖЈИОТ ГЛАСНИК ЗА ЧОВЕЧКИТЕ УЧЕЊА
Послушајте ги Божјите вдахновени зборови на Божјиот гласник, во кои јасно се вели дека ние, како Божјиот народ, мора на овој свет да го објавуваме она што Христос ни заповедал да го објавиме:
„Во налогот што го оставил на Своите ученици, Христос не само што им ја одредил нивната задача, туку им ја дал и пораката која треба да ја објавуваат. ‘Научете го народот,’ рекол Тој, ‘да држи сѐ што вам ви заповедав’. Учениците требало да го поучуваат она што Христос го поучувал. Со тоа било опфатено сѐ што Тој кажал, не само лично, туку и преку пророците и учителите од Стариот Завет. Човечките учења се исклучени. Тука нема места за традиции, ниту за човечки теории и заклучоци или за црковни прописи. Тој налог не опфаќа никакви закони издадени од страна на црковни авторитети. Христовите слуги не треба да проповедаат ништо од тоа. ‘Законот и пророците’, заедно со она што е запишано за Христовите зборови и дела тоа богатство доверено на учениците требало да го пренесат на светот. Христовото име било нивна лозинка, знак за нивно распознавање, врска на нивното единство, овластување за нивната работа и извор на нивниот успех…“ (Копнежот на вековите, 826).
Овие зборови не се ништо повеќе од повторување на Христовите зборови, изречени од Него во врска со оној што Тој го признава како свој:
„Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка“ (Марко 3:35).
„Во овие последни денови, оној што некогаш бил славен ангел во небесното собрание, ќе ги всади човечките учења вдахновени од него самиот. Божјиот народ мора да преземе посебни мерки на претпазливост против измамливото влијание на искушувачот. Нашиот народ мора да се држи до вистините кои го повикале од овој свет и го направиле Божји народ“ (Ракопис 12, 1904).
ОДЛУКАТА Е НАША – ДАЛИ ДА ВЕРУВАМЕ ВО БИБЛИЈАТА ИЛИ ВО ЧОВЕЧКИТЕ ПРЕДАНИЈА
Тажен ќе биде крајот на оние верници кои не го отфрлаат човечкото учење и не стојат цврсто на темелот – „Напишано е!“ Тие нема да бидат спасени, за разлика од оние што ја држат верно Божјата реч во своите срца:
„Токму пред нас е ‘часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет за да ги искуша оние што живеат на земјата’ (Откровение 3:10). Сите оние чијашто вера не е цврсто втемелена на Божјото слово, ќе бидат измамени и совладани. Сатаната се труди ‘со секакво неправедно измамување’ целосно да загосподари со човечките синови. Но тој својата цел може да ја оствари само тогаш кога човекот доброволно се потчини на неговите искушенија. Оние кои сериозно сакаат да ја спознаат вистината и се стремат преку послушност да ја исчистат својата душа, правејќи сè што е во нивна моќ да се подготват за овој судир, ќе најдат сигурна заштита во Бога, кој е извор на вистината. ‘Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и јас ќе те запазам’ (Откровение 3:10), гласи ветување на Спасителот. Тој побргу ќе ги испрати сите небесни ангели за да го заштитат Неговиот народ, отколку да му дозволи на сатаната да совлада една душа која се надева на Него“ (Големата борба, 560).
Од вас зависи, драги браќа и сестри, пријатели, дали ќе живеете според човечките преданија, како што се светоста на неделата, бесмртноста на душата и ќе загинете, или ќе живеете според секој збор што доаѓа од Божјата уста и ќе се спасите.
Но, запомнете дека ако не прекинете со човечките преданија, тогаш вие и самите незабележливо ќе се претворите во Савле, ова е недвосмислено, Библијата го учи ова. И, безмилосно ќе ги прогонувате и измачувате Божјите деца, неуморно ревнувајќи кон преданијата на вашите татковци, а истовремено ќе мислите дека со тоа му служите на Бога.
На чија страна, со такво однесување, Христос ќе ве најде при Неговото второ доаѓање?