На работното место

Сподели го ова:

5. НА РАБОТНОТО МЕСТО

Четврток, 19 ноември 2026

а. Без оглед на нашата положба на работното место или во општеството, која перспектива треба да нè вдахновува на вистински христијански став? Колосјаните 3:22–4:1,5.

„И наједноставната работа бара одредено умеење, и кога сите така би гледале на трудот, би увиделе дека тој го облагородува човекот. Со што и да се занимаваме, треба во својата работа да вложуваме и срце и душа; тогаш ќе бидеме радосни и успешни… Секоја работа што е потребна и треба да се изврши е чесна. Божјиот закон треба да биде мерило за нашето постапување, а тоа треба да ја облагородува и посветува секоја работа. Верноста во извршувањето на секоја должност ја прави работата благородна и открива карактер што Бог може да го одобри. ’Љуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила.’ Бог бара љубов што се изразува во служба со нашето срце, ум и физички сили… Вие можете да изберете: или ќе се утврдите во погрешен начин на постапување затоа што не сте доволно решителни да завладеете со сопственото ’јас’ и да се промените; или ќе ги развивате своите способности, оспособувајќи се за најдобра служба, и тогаш ќе бидете барани насекаде. Ќе бидете ценети според својата вистинска вредност. ’Сè што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го според својата сила.’ ’Во работата не бидете мрзливи; бидете огнени во духот, служете Му на Господа.’“

Извор: Коментари на библиските текстови, 500, 501.

„Не знаеме какви последици може да определи еден ден, еден час или еден миг, и затоа никогаш не треба да го започнуваме денот без да Му ги довериме своите патишта на нашиот небесен Отец. Тој на Своите ангели им заповеда да нè чуваат и, ако се ставиме под нивната грижа, тие во секој миг на опасност ќе ни бидат од десната страна. Кога несвесно ќе се најдеме во опасност да шириме негативно влијание, ангелите ќе бидат покрај нас, упатувајќи нè на подобар пат, помагајќи ни да ги избереме зборовите што треба да ги изговориме и влијаејќи врз нашите постапки. И така нашето влијание може да биде тивка, несвесна, но моќна сила која ќе ги привлекува другите кон Христос и небесниот свет.“

Извор: Христовите очигледни поуки, 341, 342.

Сподели го ова:

Поврзани статии