3. ДА ЈА ЦЕНИМЕ ХРИСТОВАТА ЖРТВА
Вторник, 27 октомври 2026
а. Што мораме да разбереме за длабокото значење на Христовата мисија во Неговото доаѓање како Син Човечки? Колосјаните 1:19,20; 2:9.
„За да се разбере целосно вредноста на спасението, потребно е да се сфати платената цена. Поради погрешните поими за Христовите страдања, многумина не го ценат доволно големото дело на помирувањето… Во тој план се огледува чудесната Божја љубов кон паднатиот род.“
Извор: 2. Сведоштво, 200.
„Иако Христовата божествена слава за извесно време била прикриена со тоа што ја зел врз Себе човечката природа, Тој, сепак, со самото тоа што станал човек не престанал да биде Бог. Човечкото во Него не го зазело местото на божественото, ниту, пак, божественото го исклучувало човечкото. Во тоа се состои тајната на побожноста. Она што го изразуваме со зборовите „човечко“ и „божествено“ било неразделно соединето во Христос, а сепак и едното и другото ја задржале својата особеност. Иако се понизил станувајќи човек, Христос и понатаму го задржал Своето божество. Неговото божество не можело да исчезне додека Тој верно и вистински ја исполнувал Својата мисија. Опкружен со тага, страдања и морална изопаченост, презрен и отфрлен од народот на кој му биле доверени живите небесни пророштва, Исус сепак можел да зборува за Себе како за Синот Човечки кој е на небото. Тој бил подготвен повторно да ја прими Својата божествена слава дури откако ќе го заврши Своето дело на земјата.“
Извор: Коментари на библиските текстови, 538.
„Исус го поврзал крстот со светлината што доаѓа од небото, бидејќи токму таму требало да биде насочено вниманието на луѓето. Крстот е непосредно осветлен од светлината на божественото лице, така што, гледајќи кон крстот, луѓето можат да Го запознаат Бога и Исус Христос, Кого Тој Го испратил. Гледајќи го Оној што го дал Својот живот за нас, ние Го гледаме Бога. Гледајќи ги крстот и жртвата принесена на него, нашиот поглед се издигнува кон Бога, а тоа ни ја открива Неговата омраза кон гревот. Но додека во крстот ја гледаме Божјата омраза кон гревот, во него исто така ја гледаме и Неговата љубов кон грешникот – љубов посилна и од самата смрт.“
Извор: Коментари на библиските текстови, 546.
б. Како апостолот го сумира делото што Христос го врши за оние што целосно Му се предаваат? Колосјаните 1:21,22.
„Христос овозможил Неговата црква, исполнета со славата на Емануел, да биде преобразено тело, осветлено со небесна светлина. Негова цел е секој христијанин да биде опкружен со духовна атмосфера на светлина и мир. Нема граници за корисноста на оној што, откажувајќи се од сопственото јас, Му дозволува на Светиот Дух да дејствува во неговото срце и живее живот на целосна посветеност на Бога.“
Извор: 8. Сведоштво, 19.
