2. СВЕТЛИНА ВО ТЕМНИНАТА
Понеделник, 19 октомври 2026
а. Каков прекрасен повик упатува Павле од затворот? Филипјаните 4:4.
„Фалете Го Господа, дури и кога ќе се најдете во темнина. Фалете Го и во искушение. Апостолот вели: ’Радувајте се секогаш во Господа и пак велам: радувајте се’. Ќе внесе ли тоа темнина во вашето семејство? Не, навистина; ќе внесе сончев зрак. Така вие ќе собирате зраци на вечната светлина од престолот на славата и ќе ги ширите околу себе. Ве повикувам да пристапите на тоа дело, да ја ширите таа светлина и живот околу себе, не само на својата сопствена патека туку и на патеката на оние со кои се дружите. Ваша цел нека биде да ги направите оние околу вас подобри, да ги издигнете, да им укажете на небото и на славата, упатувајќи ги дека над сите земски работи треба да копнеат по вечните вредности на бесмртното наследство, кон богатствата кои се нераспадливи.“
Извор: 2. Сведоштво, 593, 594.
„Каква и да е вашата карактерна природа, Бог може да ја обликува така што ќе стане блага и слична на Христовата. Вежбајќи жива вера, можете да се одвоите од сè што не е во согласност со Божјата волја и така уште на оваа земја да внесете небесна атмосфера во својот живот. Ако постапувате така, на секој чекор ќе ги чувствувате пријатните зраци на небесната светлина. Кога непријателот ќе се обиде да ја обвие вашата душа со темнина, пејте и зборувајте за верата, и ќе увидите дека преку песната и разговорот сте излегле во светлината. Ние самите ги отвораме браните за поројот — или на жалоста или на радоста. Ако дозволиме нашите мисли постојано да бидат обземени со грижите и безначајните нешта од овој свет, нашето срце ќе се исполни со мрачни претчувства, потиштеност и неверие. Но ако своите мисли ги насочиме кон она што е горе, Христовиот глас ќе прозбори во нашето срце, негодувањето ќе исчезне, а тешките и мрачни мисли ќе се претворат во песна на фалба кон нашиот Избавител.“
Извор: Counsels to Parents, Teachers, and Students, pp. 233, 234.
б. Што треба секогаш да имаме на ум во овој забрзан и стресен свет? Филипјаните 4:5-7.
„Кога нè снаоѓаат неволји, тоа се случува со цел Бог да ја открие Својата сила и мудрост одговарајќи на нашата понизна молитва. Имајте доверба во Него како во вистински Бог, Кој ја слуша молитвата и одговара на неа. Тој ќе ви се открие. Оној, Кој може да помогне во секоја мака, Кој го создал човекот, Кој му дарува чудесни физички, умствени и духовни способности, нема да му го скрати она што е неопходно за одржување на животот, кој исто така претставува Негов дар.“
Извор: Здравје и среќа, 199.
