1. НА ПАДИНАТА НА ГОРАТА

Сподели го ова:

„Никогаш човек не говорел

така како Овој Човек“

(Јован 7:46).

Повеќе од четиринаесет векови пред да се роди Исус во Витлеем, синовите Израeлoви се собрале во прекрасната Сихемска долина, а од двете страни на гората се слушаа гласовите на свештениците како изрекуваат благослов и проклетство – „благослов ако ги послушате заповедите на Господ, вашиот Бог… а проклетство ако не ги послушате заповедите на Господ” (Повторени закони 11:27,28). Оттаму, гората од каде беа изговорени зборовите на благословот станала позната како гора на блаженствата. Сепак, зборовите кои ќе станат благослов за грешното и бедно човештво не биле изговорени на Гаризим. Израел не успеал да го достигне возвишениот идеал кој му бил поставен. Требало некој друг, а не Исус Навин, да го одведе Неговиот народ во вистински покој на верата. Сега веќе Гаризим не е познат како гора на блаженствата, туку онаа безимена гора во близина на Генисаретското езеро, каде Исус ги изговорил зборовите на благословот на своите ученици и на насобраното мноштво. (MГ 1.1)

Да се вратиме во мислите на таа сцена, како заедно со учениците да седиме на падините на гората, да се обидеме да навлеземе во мислите и чувствата што ги исполнувале нивните срца. Кога ќе сфатиме од какво значење биле Христовите зборови за оние кои ги слушале, ние можеме во нив да спознаеме нова сила и убавина и да ги примиме во срцето нивните длабоки поуки. (MГ 1.2)

Кога Спасителот ја започнал својата служба, општо прифатената претстава за Месијата и Неговото дело била таква што потполно го онеспособила народот да го прифати. Духот на вистинската побожност се изгубил во традициите и надворешните обреди, а пророштвата биле толкувани според мислењето на гордите срца кои го љубеле светот. Евреите го очекувале Месијата, но не како Спасител од гревот, туку како голем водач, кој ќе ги покори сите народи под власта на Лавот од Јудиното племе. Залудно Јован Крстител со силата што ја имале старите пророци која ги испитува срцата, ги повикувал на покајание. Залудно тој на Јордан укажувал на Јагнето Божјо „кое ги зеде гревовите на светот врз Себе”. Бог се обидувал нивните мисли да ги насочи на пророштвото на Исаија за страдањето на Спасителот, но тие не сакале да слушаат. (MГ 1.3)

Кога учителите и водачите во Израел би се потчиниле на Неговата милост која ја преобразува душата, Исус би направил да бидат Негови амбасадори во светот. Во Јудеја најпрвин било најавено доаѓањето на Божјото царство и бил упатен повик на покајание. Истерувајќи ги од Ерусалимскиот храм оние кои го обесветувале тоа свето место, Исус се објавил себеси како Месија –  Оној кој ќе ја исчисти душата од нечистотиите на гревот и ќе направи Неговиот народ да стане свет Божји храм. Но, еврејските водачи не сакале да се понизат и да го прифатат скромниот Учител од Назарет. Кога по втор пат дошол во Ерусалим, Исус бил изведен пред Синедрионот, и само стравот од народот ги спречил овие великодостојници да не му го одземат животот. Тогаш, напуштајќи ја Јудеја, ја започнал својата служба во Галилеја. (MГ 2.1)

Овде работел неколку месеци пред да ја изговори Беседата на гората. Веста дека се „приближи царството небесно” (Матеј 4:17), се објавувала низ целата земја, го привлекла вниманието на сите слоеви и уште повеќе го разгорувала пламенот на нивните славољубиви надежи. Славата за новиот Учител се проширила надвор од границите на Палестина, и сите чувствувале, без оглед на ставот на свештениците, дека тоа мора да е Оној долго очекуван Ослободител. големо мноштво луѓе се туркале околу Исусовите нозе, а општото воодушевување сè повеќе растело. (MГ 2.2)

Дошло време и учениците, кои особено му биле приврзани на Христа, да почнат понепосредно да учествуваат во Неговото дело, со цел големото мноштво да не остане незгрижено, како стадо без пастир. Некои од дванаесетмината му се придружиле уште на почетокот на Неговата служба и речиси сите меѓусебно биле тесно поврзани како членови на Христовото семејство. Дури и оние што биле заведени од учењето на рабините, го очекувале земното царство. Затоа и не можеле да ги сфатат постапките на Исус. Збунети и вознемирени се прашувале зошто Тој воопшто не се труди да ја обезбеди поддршката на свештениците и рабините за Своето дело, и зошто не презема ништо да ја воспостави Својата власт како земен Цар. Требало уште многу да се работи учениците да бидат подготвени да ја прифатат светата одговорност која ќе им биде доверена кога Исус ќе се вознесе на небото. Сепак, одговориле на Христовата љубов, и иако биле со бавни срца да веруваат, Исус во нив видел луѓе кои ќе може да ги обучи и подготви за Своето големо дело. И сега, откако доволно долго биле со Него донекаде да ја утврдат нивната вера во божествениот карактер на Неговата мисија, и откако народот добил несоборливи докази за Неговата моќ, бил подготвен патот јавно да се изложат начелата на Христовото царство, а тоа ќе им помогне на учениците да ја сфатат Неговата вистинска природа. (MГ 3.1)    

Сам, на едно ритче во близина на Галилејското езеро, Исус цела ноќ поминал во молитва за своите избраници. Во мугрите ги повикал кај себе и, додека ги изговарал зборовите на молитва и поука, ги испружил рацете над нивните глави во знак на благослов, издвојувајќи ги на тој начин за делото на Евангелието. Потоа, заедно со нив, се упатил кон езерото, каде уште од раните утрински часови почнало да се собира големо мноштво. (MГ 4.1)

Освен вообичаеното мноштво од галилејските градови и села, таму биле присутни и мнозина од Јудеја, па дури и од самиот Ерусалим, од Переја, од полунезнабожечкиот Декаполис, од Идумеја, јужно од Јудеја, од Тир и Сидон, од феникиските градови на брегот на Средоземното Море. големото мноштво слушајќи „какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него” (Марко 3:8). „Тие беа дојдени да го слушаат и да се исцелат од болестите свои, а и оние што страдаа од нечисти духови беа излечени. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите” (Лука 6:18,19). (MГ 4.2)

Бидејќи на тој дел од тесниот појас покрај брегот,  до каде можело да допре Неговиот глас, немало доволно простор да ги прими сите оние кои сакале да го чујат, Христос повторно се упатил кон падината на гората. Стигнувајќи до една рамнина каде што имало доволно место за ова големо мноштво, Исус седнал на тревата, а тоа го сториле и учениците и народот. (MГ 4.3)

Чувствувајќи дека ќе се случи нешто несекојдневно, учениците се туркале околу својот Учител. Настаните од тоа утро ги зацврстиле во уверувањето дека сега ќе биде соопштено нешто во поглед на царството кое Тој, како тие искрено се надевале, наскоро ќе го воспостави. Мноштвото исто така било исполнето со чувство на исчекување и на сите лица се гледал длабок интерес. (MГ 4.4)

Додека седеле на зелената падина од гората, очекувајќи ги зборовите на божествениот Учител, нивниот ум бил исполнет со мисли за идната слава. Тука имало и книжевници и фарисеи кои со нетрпение го очекувале денот кога ќе загосподарат над омразените Римјани и ќе ги поседуваат сите богатства и раскошот на тоа големо светско царство. Сиромашните земјоделци и рибарите се надевале дека ќе чујат ветување дека нивните бедни колиби, оскудната храна, тешкиот живот и стравот од сиромаштија ќе бидат заменети со палати полни со изобилство и денови на благосостојба. Тие се надевале дека Христос, наместо единствената груба наметка која дење им служела како облека, а ноќе како покривка, ќе им ги даде раскошните и скапоцени облеки на нивните освојувачи. (MГ 5.1)

Сите срца трепереле со гордата надеж дека Израел наскоро ќе биде почестен пред сите народи како народ избран од Господа, а Ерусалим ќе се возвиши како глава на едно сеопшто царство. (MГ 5.2)

Сподели го ова:

Слични објави