2. БЛАЖЕНСТВА
„И откако ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:
‘Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно’”
(Матеј 5:2,3).
Како нешто чудно и ново одекнувале овие зборови во ушите на изненаденото мноштво. Таквото учење било спротивно на сето она што дотогаш го слушнале од свештениците или рабините. Во него не можеле да најдат ништо што би ѝ ласкало на нивната гордост или би ги задоволило нивните славољубиви надежи. Но од тој нов Учител зрачела слава која ги привлекувала и восхитувала нивните срца. Мирисот на божествената љубов се излевала од Неговото битие како мирис од цвет. Неговите зборови паѓале „како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја” (Псалм 72:6). Сите некако чувствувале дека тука се наоѓа некој кој ги чита тајните на душата, но сепак им пристапува со најнежно сочувство. Луѓето му ги отвориле своите срца и додека слушале, Светиот Дух донекаде им го открил значењето на оваа поука која му била толку потребна на човештвото во сите времиња. (MГ 6.1)
Во времето на Христа верските водачи на народот сметале дека поседуваат големо духовно богатство. Молитвата на фарисејот: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе” (Лука 18:11), ги изразувала чувствата на тој општествен слој, а во голема мерка и чувствата на целата нација. Но, во мноштвото насобрано околу Исуса, имало и такви кои ја чувствувале својата духовна сиромаштија. Кога во чудесниот улов на риба се открила Христовата сила, Петар паднал покрај нозете на Спасителот извикувајќи: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек” (Лука 5:8). Така и меѓу мноштвото собрано на гората имало души кои соочени со Неговата чистота чувствувале дека секој човек е „беден и проколнат, сиромав, слеп и гол” (Откровение 3:17); и тие копнееле за благодат Божја „спасителна за сите луѓе” (Тит 2:11). Христовите зборови на охрабрување разбудиле надеж во овие души; сфатиле дека Бог сака да го благослови и нивниот живот. (MГ 6.2)
Исус им ја понудил чашата со благослов на оние кои мислеле: „Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба” (Откровение 3:17), но тие со презир го одбиле милостивиот дар. Оној кој себеси се смета за совршен, кој мисли дека е доволно добар и е задоволен со својата состојба, не може да стане учесник во Христовата благодат и праведност. гордоста не чувствува никаква потреба и затоа го затвора срцето за Христа и за неизмерните благослови кои Тој дошол да ги подари. Во срцето на таквата личност нема место за Исуса. Сите оние кои во своите очи се богати и достојни за почит, не бараат со вера, и затоа и не го примаат Божјиот благослов. Чувствуваат дека се сити, но си заминуваат гладни. Помошта што само Христос може да ја даде ја ценат само оние кои знаат дека никако не можат сами да се спасат или сами од себе да направат какво било добро дело. Тоа се сиромашните со духот, за кои Тој вели дека ќе бидат благословени. (MГ 7.1)
Пред да ни прости, Христос нè наведува на покајание а Светиот Дух ни помага да ја согледаме својата грешна состојба. Оние чии срца се поттикнати под влијание на Божјиот Дух согледуваат дека немаат ништо добро во себе. Тие согледуваат дека сè што правеле е проникнато со грев и себичност. Слично како бедниот цариник, тие стојат на страна, не осмелувајќи се дури ни погледот да го вперат кон небото, и викаат: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот” (Лука 18:13). Таквите примаат благослов. Покајникот прима простување бидејќи Христос е „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе” (Јован 1:29). Божјото ветување гласи: „Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели” (Исаија 1:18). „Ќе ви дадам ново срце… ќе го внесам во вас Мојот дух” (Езекиел 36:26,27). (MГ 7.2 )
За сиромашните по дух Христос вели: „Нивно е царството небесно”. Тоа царство не е, како што се надевале Христовите слушатели, минливо и земно. Христос на луѓето им го отворил духовното царство на Својата љубов, милост и праведност. Знак дека припаѓаме на царството на Месијата пред сè е сличност со Синот човечки. Неговите поданици се сиромашни по дух, кротки, прогонети заради правдата. Ним им припаѓа царството небесно. Иако сѐ уште не е целосно остварено, во нив започнало делото кое ќе ги „направи способни да учествуваат во наследството на светиите во светлината” (Колосјаните 1:12). (MГ 8.1)
Сите оние кои ја чувствуваат големата сиромаштија на својата душа и сфаќаат дека во себе немаат ништо добро, можат да добијат праведност и сила гледајќи во Исуса. Тој вели: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети” (Матеј 11:28). Тој ве моли својата сиромаштија да ја замените со богатството на Неговата благодат. Ние не сме достојни за Божјата љубов, но Христос, нашиот Гарант, е достоен за неа и целосно е во состојба да ги спаси сите оние кои доаѓаат кај Него. Какво и да било вашето искуство во минатото, колку и да се обесхрабрувачки вашите сегашни околности, ако дојдете кај Исуса такви какви што сте, слаби, беспомошни и очајни, нашиот милостив Спасител, полн со сочувство, уште оддалеку ќе ви излезе во пресрет, ќе ве прегрне со рацете на својата љубов и ќе ве наметне со наметката на својата праведност. Тој ќе нè претстави кај Отецот во белата облека на својот сопствен карактер. Тој се залага за нас пред Бога велејќи: „Јас го зазедов местото на овој грешник. Немој да гледаш на ова самоволно дете, туку погледни на Мене”. Колку и да зборува гласно сатаната против нашата душа, укажувајќи на гревот и тврдејќи дека ние сме негов плен, Христовата крв зборува со поголема сила. (MГ 8,2)
„Само во Господ, ќе велат за Мене, има правда и сила… Преку Господ ќе биде оправдано и прославено целото племе Израелово” (Исаија 45:24,25). (MГ 9,1)
„Блажени се оние што плачат,
зашто тие ќе се утешат”
(Матеј 5:4).
Плачењето спомнато овде е искрено жалење поради гревот. Исус вели: „И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе” (Јован 12:32). Кога некој ќе биде поттикнат да погледне во Исуса распнат на крстот, тој ја сфаќа сета грешност на човечкиот род и сфаќа дека гревот го мачел и распнал Господарот на славата. Согледува дека животот му поминал во неблагодарност и бунт, додека Бог го љубел со неискажлива нежна љубов. Се откажувал од својот најдобар Пријател и го злоупотребувал најскапоцениот дар на небото. Самиот повторно го распнувал Божјиот Син и повторно го прободувал тоа рането срце кое крвари. Бездната на гревот, огромна, мрачна и длабока, го одвојува од Бога и тој плаче со скршено срце. (MГ 9,2)
Кој така плаче ветено е дека „ќе се утеши”. Бог ни ја открива нашата вина за да можеме да најдеме засолниште во Христа, со Негова помош да се ослободиме од ропството на гревот и да се радуваме во слободата на Божјите деца. Со вистинско покајание можеме да дојдеме до подножјето на крстот и тука да го оставиме нашето тешко бреме. (MГ 10,1)
Зборовите на Спасителот носат порака на утеха за оние што страдаат од болка или тешка загуба. Нашите неволји и страдања не никнуваат од земјата. „Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува синовите човечки” (Плачот на Еремија 3:33). Кога Бог ќе дозволи да наидат искушенија и неволји тоа е за наша „полза, та да учествуваме во Неговата светост” (Евреите 12:10). Искушението колку и да изгледа горчливо и тешко, ако се поднесува со вера, ќе се покаже како благослов. Некој тежок удар кој ги уништува земните радости, може да послужи како средство нашиот поглед да го насочиме кон небото. Колку има такви кои никогаш не би го запознале Исуса да не ги натерало страдањето да побараат утеха во Него. (MГ 10.2)
Животните неволји се Божји работници кои треба да ја отстранат нечистотијата и грубоста од нашиот карактер. Делкањето, сечењето, длабењето, мазнењето и полирањето кои тие го вршат е болен процес. Не е лесно да се биде пристиснат во направа за мазнење. Но вака обработениот камен е подготвен да го заземе своето место во небесниот храм. Мајсторот не би работел толку грижливо и темелно на некој безвреден материјал. Само скапоцените камења се полираат за да можат да се вградат во палатата. (MГ 10.3)
Господ ќе им помогне на сите што се надеваат во Него. Оние кои веруваат ќе извојуваат големи победи, ќе научат драгоцени поуки и ќе стекнат драгоцени искуства. (MГ 11.1)
Нашиот небесен Отец никогаш не е рамнодушен кон оние кои се обземени со тага. Кога Давид во една прилика се искачувал на Маслиновата гора „тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа” (2. Самоилова 15:30). Господ го посматрал со сожалување. Давид, кој бил облечен во кострет (вреќа), го печела совеста. Надворешните знаци на понизност сведочеле за неговото длабоко покајание. Со скршено срце и целиот во солзи го изнел пред Бога својот случај и Господ не го отфрлил својот слуга. Никогаш Давид не му бил толку драг на срцето на бескрајната љубов како во тој момент кога обземен со грижата на совеста, бегал да го спаси својот живот од непријателите, кои биле поттикнати на бунт од страна на неговиот роден син. Господ вели: „Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се” (Откровение 3:19). Христос го лекува скрушеното срце и ја облагородува натажената душа за да може да се насели во неа. (MГ 11.2)
Но кога ќе дојде неволја на нас, колкумина од нас се однесуваат како Јаков! Мислиме дека е тоа раката на непријателот, и во темнина слепо се бориме сè додека не ја потрошиме нашата сила и повеќе не можеме да најдеме утеха или ослободување. Божјиот допир во мугрите му го открил на Јакова оној со кого се борел – Ангелот на заветот; и тој плачејќи и беспомошен, паднал врз градите на Бескрајната Љубов за да го добие благословот по кој копнеела неговата душа. И ние исто така треба да научиме дека неволјите претставуваат благослов, и не треба да ги презираме казнувањата од Господа ниту пак да губиме надеж кога Тој нè изобличува. (MГ 11.3)
„Блажен е човекот кого Бог го опоменува. Затоа не отфрлувај ги поуките на Седржителот, зашто Тој нанесува рани и Самиот ги преврзува; Тој поразува, и со Свои раце лекува. Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне” (Јов 5:17-19). Христос ѝ приоѓа на секоја ранета душа за да ја исцели. Животот полн со откажувања, маки и страдања може да биде осветлен со драгоценото откривање на Неговата присутност. (MГ 12.1)
Бог не сака после болката што нè тишти да останеме наведнати со рането и скршено срце. Тој сака својот поглед да го кренеме горе и да го сретнеме Неговото мило лице полно со љубов. Спасителот кој благословува стои крај многумина чии што очи толку се заматени со солзи што дури и не го забележуваат. Тој сака да нè фати за рака и да нè поттикне да гледаме во Него со детска доверба, дозволувајќи му да нè води. Неговото срце е секогаш отворено за нашите неволји, таги и искушенија. Тој нè љуби со вечна љубов и нè опкружува со нежна добрина. Нашето срце секогаш може да се потпре на Него и дење и ноќе да размислува за Неговата добрина. Тој ќе ја издигне душата над секојдневните таги и неволји и ќе ја воведе во царството на мирот. (MГ 12.2)
Мислете на тоа, деца на страдањата и болката, и радувајте се во надежта. „И ова е победата што го победи светот – верата наша” (1. Јованово 5:4). (MГ 12.3)
Блажени се и оние кои заедно со Исуса плачат со длабоко сочувство кон светот што страда и тагуваат поради неговите гревови. Во таквото плачење нема ниту една себична мисла. Исус бил човек на болката: поднесувал душевно страдање кое не може ниту еден јазик да го опише. Срцето му се кинело а духот му бил скршен поради престапите на луѓето. Со сесрдност полна со самопрегорност настојувал да ја ублажи бедата и маките на човештвото, а душата му ја обземала тешка тага додека го набљудувал мноштвото што одбивало да дојде кај Него за да имаат живот. Сите Христови следбеници ќе поминат низ истото искуство. Бидејќи во себе ја носат Неговата љубов, тие и ќе соработуваат со Него во спасувањето на изгубените. Ќе учествуваат во Христовите страдања, но и во славата што ќе се покаже. Бидејќи биле едно со Него во Неговото дело, пиејќи ја заедно со Него чашата на страдањето, тие ќе имаат удел и во Неговата радост. (MГ 12.4)
Христос токму низ страдањето го стекнал искуството на утешител. Тој учествувал во сите човечки таги (Исаија 63:9). „Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне” (Евреите 2:18). И сите оние кои стапиле во заедница со Неговите страдања, ја имаат таа предност да учествуваат во оваа служба. „Зашто, како што изобилуваат Христовите страдања во нас, така изобилува и утехата наша преку Христос” (2. Коринтјаните 1:5). Господ на нажалените им укажува посебна милост, а Неговата сила може да го омекне срцето и да ја придобие душата. Неговата љубов го отвара патот пред ранетата и скрушена душа и станува лековит мелем за оние што тагуваат. „Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха. Тој нè утешува при секоја наша неволја, та и ние да можеме да ги утешиме сите оние кои се во неволја со онаа утеха со која Бог нè утешува нас самите” (2. Коринтјаните 1:3,4). (MГ 13.1)
„Блажени се кротките”
(Матеј 5:5).
Во Блаженствата постои развојна линија на христијанското искуство. Оние кои почувствувале дека Христос им е потребен, оние кои плачеле поради своите гревови и заедно со Христа ја минале школата на страдање, ќе ја научат кротоста од Божјиот Учител. (MГ 13.2)
Особината на кротко и благо поднесување на неправдата не ја ценеле ниту незнабошците ниту Евреите. Изјавата дадена од Мојсеј под влијание на Светиот Дух дека тој бил најкроткиот човек на земјата, луѓето во тоа време не ја сметале како пофалба; овие зборови попрво предизвикувале сожалување или презир. Но Исус кротоста ја става на чело на особините неопходни за влез во Неговото царство. Божествена убавина на оваа драгоцена доблест се открила во Неговиот живот и карактер. (MГ 14.1)
Исус, сјајот на славата на Отецот, „не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга” (Филипјаните 2:6,7). Се согласил да помине низ најтешките искуства на овоземниот живот, чекорејќи среде децата човечки не како Цар кој бара почести, туку како некој чија должност е да им служи на другите. Во Неговото однесување немало ниту трага од верско занесеништво или студена строгост. Откупителот на светот по својата природа бил повозвишен од ангелите, но сепак во Неговата божествена величественост биле соединети кротоста и понизноста, а тоа ги привлекувало луѓето кон Него. (MГ 14.2)
Исус се одрекол од самиот себе и со ниту едно свое дело не се истакнувал себеси. Во сѐ се покорувал на волјата на својот Отец. Кога Неговата мисија на земјата била веќе при крај, можел да каже: „Јас Те прославив на земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам” (Јован 17:4). Христос нѐ повикува: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце”. „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе” (Матеј 11:29; 16:24). Затоа да ги отфрлиме нашите себични интереси и тие повеќе да не владеат со душата. (MГ 14.3)
Оној кој гледа на Христовото самоодрекување и Неговото понизно срцето, ќе биде принуден да каже, како што тоа го сторил Даниел кога го видел Оној кој бил сличен на Синот човечки: „Во мене не остана сила и лицето ми пребледе многу” (Даниел 10:8). Тогаш независноста и само истакнувањето со кои сме се гордееле ни се прикажуваат во сета своја ништожност, како сигурни знаци на робување на сатаната. Човечката природа секогаш се стреми да се истакне и секогаш е подготвена да се бори за првенство; но оној што учи од Христа повеќе не живее неговото „јас”, и во него нема гордост ни желба за превласт и во неговата душа владее мир. Нашето „јас” се покорува на Светиот Дух и тогаш ние веќе не се бориме за највисокото место. Не негуваме славољубив копнеж да се наметнуваме за да обрнеме внимание на себе, туку чувствуваме дека нашето највозвишено место е покрај нозете на Спасителот. Гледаме во Исуса очекувајќи да нè води Неговата рака и го слушаме Неговиот глас. Апостол Павле го имал ова искуство, и тој рекол: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене” (Галатјаните 2:20). (MГ 15.1)
Ако го примиме Христа како постојан гостин во нашата душа, Божјиот мир, „што надвишува секој ум”, ќе ги сочува нашите срца и мисли во Исуса Христа. Животот на нашиот Спасител на земјата, иако низ судири, бил живот на мир. Додека разбеснетите непријатели постојано го прогонувале, Тој велел: „Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што му е угодно” (Јован 8:29). Никаква бура на човечкиот или на сатанскиот гнев не можела да го наруши мирот на Неговата совршена заедница со Бога. И Тој ни вели: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам”. „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши” (Јован 14:27; Матеј 11:29). Носете го со Мене јаремот на службата во слава на Бога и спас на човештвото, и ќе сфатите дека мојот јарем е благ и бремето Мое лесно. (MГ 15.2)
Љубовта кон себе го нарушува нашиот мир. Кога нашето „јас” живее во нас, ние секогаш сме подготвени да го браниме од нападите и навредите; а кога тоа е мртво, и нашиот живот е скриен со Христа во Бога, тогаш никогаш нема да нѐ рануваат омаловажувањето и потценувањето. Ќе бидеме глуви за префрлувањата и слепи за презирањата и навредите. „Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сè покрива, во сè верува, на сè се надева, сè поднесува. Љубовта никогаш не пропаѓа” (1. Коринтјаните 13:4-8). (MГ 16.1)
Среќата која потекнува од земните извори е променлива, како што се променливи и околностите од кои зависи. Но Христовиот мир е непроменлив и траен. Тој не зависи од животните околности, од големината на земното богатство ниту од бројот на земните пријатели. Христос е извор на жива вода, и среќата која потекнува од Него никогаш нема да престане. (MГ 16.2)
Христовата кротост, покажана во домот, ќе ги усреќи сите домашни. Таа не предизвикува кавга, не возвраќа налутено, туку ги смирува вознемирените темпераменти и зрачи со благост која ја чувствуваат сите оние кои се наоѓаат во нејзиниот магичен круг. Секаде каде се негува, таа ги прави семејствата на земјата дел од едно големо небесно семејство. (MГ 16.3)
За нас би било далеку подобро да страдаме поради лажни обвинувања отколку самите да си создаваме мака одмаздувајќи им се на своите непријатели. Духот на омраза и одмазда потекнува од сатаната и може да му донесе само зло на оној кој го носи во себе. Понизноста на срцето, онаа кротост која е плод на престојувањето во Христа, тоа е тајната на вистинската среќа. „Ќе ги возвиши кротките, спасувајќи ги” (Псалм 149:4). (MГ 17.1)
Кротките „ќе ја наследат земјата”. Гревот дошол на земјата токму поради желбата за самовозвишување и така нашите прародители ја изгубиле власта над онаа убава земја, своето царство. А Христос преку самоодрекување го откупил она што било загубено. Тој вели дека и ние треба да победиме како што победил Тој. (Откровение 3:21). Преку понизност и самооткажување можеме да станеме Негови сонаследници кога кротките ќе ја наследат земјата. (Псалм 37:11). (MГ 17.2)
земјата ветена на кротките нема да биде слична на оваа замрачена со сенката на смртта и проклетството. „Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правда” (2. Петрово 3:13). „И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе му служат” (Откровение 22:3). (MГ 17.3)
Таму нема разочарувања, ниту тага ниту грев, никој нема да каже: болен сум; таму нема погребни поворки, нема плачење, нема смрт, нема разделби, нема скршени срца; бидејќи таму е Исус, таму е мир. Таму спасените „нема да трпат глад и жед, нема да ги удри припек и сонце; зашто Оној, Кој ги милува, ќе ги води и ќе ги доведе при извори водни” (Исаија 49:10). (MГ 17.4)
„Блажени се гладните и жедните за правда,
зашто тие ќе се наситат”
(Матеј 5:6).
Правдата е светост, сличност со Бога, а „Бог е љубов” (1. Јованово 4:16). Таа е во согласност со Божјиот Закон „зашто сите Твои заповеди се праведни” (Псалм 119:172), а „љубовта е исполнување на Законот” (Римјаните 13:10). Правдата е љубов, а љубовта е светлина и живот Божји. Божјата правда е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата. (MГ 18.1)
Оваа правда не се стекнува со мачни напори, заморна работа, со дарови или жртви, туку таа претставува доброволен дар за секоја гладна и жедна душа. „Вие, што жедувате, дојдете сите при водите, купувајте и јадете… без пари и без плаќање”. „Тоа е наследство на Господовите слуги, тоа им е победа од Мене”. „И еве го името со кое ќе го наречуваат: ‘ГОСПОД, НАША ПРАВДА’” (Исаија 55:1; 54:17; Еремија 23:6). (MГ 18.2)
Никаква човечка сила не може да го даде она што ќе ја задоволи гладта и жедта на душата. Но Исус вели: „Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене”. „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни” (Откровение 3:20; Јован 6:35). (MГ 18.3)
Како што ни е потребна храна за да ја одржиме физичката сила, така ни е потребен Христос, Лебот небесен, да нè поткрепи во духовниот живот и да ни даде сила за работа во Божјото дело. Како што телото постојано прима хранливи состојки кои го одржуваат животот и силата, така и душата мора да биде постојано поврзана со Христа, покорувајќи му се и целосно потпирајќи се на Него. (MГ 19.1)
Како што изморениот патник во пустина копнее по изворот, и наоѓајќи го, ја гасне својата голема жед, така и христијанинот ќе сака, и ќе ја добие чистата вода на животот чиј извор се наоѓа во Христа. Кога ќе го запознаеме совршенството на Христовиот карактер, ние ќе посакаме целосно да се преобразиме и да се обновиме според примерот на Неговата чистота. (MГ 19.2)
Колку повеќе знаеме за Бога, толку повозвишен ќе биде и нашиот идеал за карактерот, а копнежот да му бидеме слични, посериозен. Кога душата копнее по Бога божественото се соединува со човечкото, а срцето полно со копнеж тогаш вели: „Душо моја, мирот е само во Бога, мојата надеж е само на Него” (Псалм 62:5). (MГ 19.3)
Ако сте свесни за потребите на својата душа, ако сте гладни и жедни за правда, тоа е доказ дека Христос влијае на вашето срце да го повикате преку дарот на Светиот Дух да го стори за вас она што сами не можете да го сторите. Ние не треба да се обидуваме својата жед да ја гаснеме на плитки потоци, бидејќи големиот извор се наоѓа токму над нас, а од неговите обилни води можеме слободно да пиеме, само ако малку повеќе се издигнеме на патеката на верата. (MГ 19.4)
Божјите зборови се извор на животот. Ако копнеете по тие живи извори, тогаш под влијание на Светиот Дух, ќе остварите заедница со Христа. Веќе познатите вистини ќе ви се откријат во нов аспект, библиските текстови како блесок на светлината ќе заблескаат со ново значење, ќе ја забележите поврзаноста на останатите вистини со делото на откупувањето и ќе знаете дека ве води Христос, дека Божјиот Учител е покрај вас. (MГ 20.1)
Исус рекол: „Водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, извирајќи во вечен живот” (Јован 4:14). Додека Светиот Дух ви ја открива вистината, вие ќе стекнете многу драгоцени искуства и ќе копнеете и на другите да им зборувате за утешните вистини кои ви се откриени. Кога ќе дојдете во допир со нив, вие ќе им пренесете некоја нова мисла во поглед на Христовиот карактер и дело. Ќе можете да им соопштите некое ново откритие за Неговата нежна љубов на оние кои го љубат, но и на оние кои не го љубат. (MГ 20.2)
„Давајте и ќе ви се даде” (Лука 6:38); бидејќи за речта Божја се вели: „Кладенецот е во мојата градина, извор на жива вода што тече од Ливан” (Песна над песните 4:15). Срцето кое еднаш ја вкусило Христовата љубов секогаш ќе копнее за уште подлабоко познавање, и ако им давате на другите, и самите ќе примите уште во поголема мерка. Секое откривање на Бога во душата ја зголемува нејзината способност да спознава и да сака. Постојаната молба на ваквото срце е: „Повеќе за Тебе”, а духот секогаш одговара: „Многу повеќе” (Римјаните 5:9,10). Нашиот Бог се радува „да направи прекумерно над сè што ние молиме или мислиме” (Ефесјаните 3:20). Кога се одрекол од себеси за да го спаси изгубеното човештво, на Исуса му бил даден Светиот Дух без мерка. Така ќе му биде даруван и на секој Христов следбеник кој своето срце целосно ќе му го предаде на Бога да биде Негово живеалиште. Самиот Господ ни заповеда: „Но исполнете се со Дух” (Ефесјаните 5:18), а таа заповед истовремено претставува и ветување дека ќе биде исполнета. „Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота”, „и вие да бидете исполнети во Него” (Колосјаните 1:19; 2:10). (MГ 20.3)
Како што дождот ја освежува земјата така и Бог изобилно ја излева својата љубов. Тој вели: „Росете, небеса, одозгора, и облаците нека изливаат правда; нека се распука земјата и нека никне спасение, заедно да изникне и правдата”. „Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Израелов, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини; пустината ќе ја направам езеро и сувата земја – водни извори” (Исаија 45:8; 41:17,18). (MГ 21.1)
„И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат” (Јован 1:16). (MГ 21.2)
„Блажени се милостивите, зашто тие
ќе бидат помилувани”
(Матеј 5:7).
Човечкото срце по својата природа е студено, мрачно и без љубов; а ако некој покаже дух на милост и простување, тој не го прави тоа сам од себе, туку под влијание на Божјиот Дух кој влијае на неговото срце. „Ние го љубиме, бидејќи Тој отпрвин нè возљуби” (1. Јованово 4:19). (MГ 21.3)
Само Бог е извор на секоја милост. Неговото име е „дарежлив и милостив” (Излез 34:6). Тој не постапува со нас онака како што сме заслужиле. Тој не прашува дали сме достојни на Неговата љубов, туку нè опсипува со нејзините богатства за да нè направи достојни. Тој не е одмаздлив. Тој не сака да казнува, туку да спаси. Дури и строгоста што ја покажува во своето провидение служи за спасување на заблудените. Тој премногу копнее да ги ублажи човечките страдања и да стави мелем на нивните рани. Вистина е дека Бог „не го оправдува виновникот” (Излез 34:7), но Тој сака да ја прости вината. (MГ 22.1)
Милостивите се „учесници во Божјата природа” (2. Петрово 1:4), и во нив Божјата љубов, полна со сочувство, доаѓа до израз. Сите оние чии срца сочувствуваат со срцето на бескрајната Љубов, ќе се трудат да насочат кон подобар пат, а не да осудат. Христос кој престојува во душата е непресушен извор. Таму каде што Тој пребива, таму се прелева од добродетелство. (MГ 22.2)
Кога заблудените, сироти жртви на искушенијата, страстите и гревот, повикуваат за помош, вистинскиот христијанин не прашува: Дали тие се достојни? туку, што можам да сторам за нивно добро? Во најбедните и нај понижените тој гледа души за чие спасение Христос умрел и поради кои Бог на своите деца им ја доверил службата на помирување. (MГ 22.3)
Милостиви се оние кои покажуваат сочувство кон сиромашните, кон оние што страдаат и кон угнетените. Јов вели: „Јас го спасував страдалникот што викаше и беспомошниот сирак. Врз мене доаѓаше благословот на оној што пропаѓаше; на вдовичиното срце му донесував радост. Се облекував во правда, и судот ми беше како наметка и венец. Јас бев очи на слепиот и нозе на хромиот; за сиромасите бев татко и внимателно ја проучував поплаката, која не ја знаев” (Јов 29:12-16). (MГ 22.4)
Постојат мнозина на кои животот им е мачна борба; тие ги чувствуваат своите недостатоци, несреќни се и неверни; сметаат дека немаат ништо за што би требало да бидат благодарни. Љубезните зборови, погледите полни со сочувство, изразите на благодарност, за многуте осамени и измачени ќе бидат како чаша ладна вода на жедната душа. Еден збор на сочувство, еден чин на љубезност, ќе го поткрене бремето кое со сета своја тежина почива на уморните плеќи. А секој збор, секое дело на несебична љубов претставува израз на Христовата љубов кон изгубеното човештво. (MГ 23.1)
Милостивите „ќе бидат помилувани”. „Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен” (Изреки 11:25). Во душата која сочувствува со другите владее сладок мир. Живот исполнет со несебична служба за добро на другите за неа претставува благословена награда. Светиот Дух кој престојува во душата ѝ се открива во животот, ќе ги смекне тврдите срца и ќе разбуди сочувство и љубов. „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее”. „Блажен е оној, што се грижи за бедните… Господ ќе го пази и ќе го одржи во живот и ќе му даде среќа на земјата; и нема да го предаде во рацете на непријателот негов. Господ ќе му помогне кога лежи болен в постела. Ти ја исцелуваш секоја болка при болеста негова” (Псалм 41:1-3). (MГ 23.2)
Оној кој му го посветил својот живот на Бога за да им служи на Неговите деца е поврзан со Оној кој управува со сите богатства на вселената. Неговиот живот со златен ланец на непроменливи ветувања се поврзува со Божјиот живот, и Господ нема да го напушти во мигот на страдање и потреба. „Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус” (Филипјаните 4:19). И во часови на крајна потреба, милостивите ќе најдат засолниште во милоста на сочувствителниот Спасител и ќе бидат примени во вечните живеалишта. (MГ 24.1)
„Блажени се чистите по срце,
зашто тие ќе го видат Бога”
(Матеј 5:8).
Евреите биле толку строги во поглед на одржувањето на церемонијалната чистота, па затоа и нивните бројни прописи биле премногу тешки. Мислите им биле окупирани со правила, ограничувања и со страв од надворешно обесветување и не ги забележувале дамките кои себичноста и злобата ги оставаат на душата. (MГ 24.2)
Исус не мислел на таа церемонијална чистота како на еден од условите за влегување во Неговото царство, туку укажувал на потребата од чистотата на срцето. мудроста која е одозгора „е најнапред чиста” (Јаков З:17). Во Божјиот град нема да влезе ништо нечисто. Оние кои сакаат да се населат во него уште овде треба да бидат со чисто срце. Кај оној кој учи од Исуса, сè повеќе ќе се јавува одбивност кон непромислените постапки, непристојните зборови и нечистите мисли. Кога Христос престојува во срцето, мислите и однесувањето секогаш ќе бидат чисти и благородни. (MГ 24.3)
Но Исусовите зборови: „Блажени се чистите по срце” имаат едно подлабоко значење. Не станува збор само за чисто срце во онаа смисла во која светот ја сфаќа чистотата, имено да биде слободен од сè што е сетилно, неизвалкан со телесните уживања, туку да биде искрен и во најскриените намери и мотиви на срцето, без гордост и самољубие, скромен, несебичен, сличен на дете. (MГ 25.1)
Само сличните можат доволно да се ценат и да се разбираат еден со друг. Сѐ додека во својот живот не го оствариме принципот на самопожртвувана љубов која е основен принцип на Неговиот карактер, не можеме да го запознаеме Бога. Срцето кое е измамено од сатаната на Бога гледа како на некое тиранско, немилосрдно битие; себичните човечки особини, па дури и на сатаната, му се припишуваат на Создателот полн со љубов. „Ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти” (Псалм 50:21). Неговите провиденија се толкуваат како израз на некоја самоволна, одмаздлива природа. А исто така се гледа и на Библијата, ризница на богатствата на Неговата милост. Славата на нејзините вистини кои се високи како небото и допираат до вечноста, речиси и не се забележува. За мнозина Христос е како „стебленце од сува земја”, тие во Него не ја гледаат убавината „што ќе нè привлекува кон Него“ (Исаија 53:2). Кога Исус беше меѓу луѓето, како објава на Бога на човештвото, книжевниците и фарисеите му велеа: „Не зборуваме ли право дека си Ти Самарјанин и дека зол дух има во Тебе” (Јован 8:48)? Дури и Неговите ученици биле заслепени поради себичноста на своите срца, така што бавно го сфаќале Оној кој дошол да им ја покаже љубовта на Отецот. Затоа Исус, иако бил среде луѓе, сепак одел сам. Само на небото целосно бил сфатен. (MГ 25.2)
Кога Христос ќе дојде во својата слава, грешниците нема да можат да го издржат Неговиот поглед. Светлината на Неговата присутност која претставува живот за оние што го љубат, за безбожниците значи смрт. Очекувањето на Неговото доаѓање за нив претставува „страшно очекување на суд и јаростен оган” (Евреите 10:27). А кога Тој ќе се појави тие ќе посакаат да се скријат од лицето на Оној кој умрел за да ги откупи. (MГ 26.1)
Но срцата очистени од Светиот Дух кој престојува во нив, ќе бидат целосно преобразени. Таквите срца можат да го запознаат Бога. Мојсеј бил скриен „во пукнатината на карпата“ (Излез 33:22) кога му се открила Господовата слава; така можеме и ние, скриени во Христа, да ја гледаме Божјата љубов. (MГ 26.2)
„Оној што љуби чисто срце, и чии зборови се пријатни, и на царот му станува пријател” (Изреки 22:11). Ние со вера го гледаме уште овде и сега. Во нашето секојдневно искуство ја сфаќаме Неговата добрина и милост кои се откриваат преку делата на Неговото провидение. го препознаваме во карактерот на Неговиот Син. Светиот Дух ги издвојува вистините кои се однесуваат на Бога и на Оној кого Тој го пратил и ги открива на нашиот разум и срце. Оние кои се со чисто срце го гледаат Бога во нова, пријатна светлина, како свој Откупител; и додека ја гледаат чистотата и убавината на Неговиот карактер и самите настојуваат да го одразуваат Неговиот лик. Тие во Него гледаат Отец кој копнее да го прегрне синот кој се кае, а нивните срца им се исполнуваат со неискажлива радост и слава. (MГ 26.3)
Оние кои се со чисто срце го спознаваат Создателот преку делата на Неговата моќна рака, во убавините на сето она што ја исполнува вселената. И сè им станува многу појасно кога во Неговиот пишан збор читаат за откривањето на Неговата милост, добрина и благодат. Вистините што се скриени од мудрите и разумните, им се откриваат на простите. Убавината и богатството на вистината, која не ја забележуваат луѓето напоени со световна мудрост, сè повеќе им се открива на оние кои искрено, како деца, се стремат да ја спознаат и исполнуваат Божјата волја. Ние ја запознаваме вистината кога и самите стануваме учесници во божествената природа. (MГ 26.4)
Оние кои се со чисто срце живеат како да се наоѓаат во Божјата присутност уште овде, на овој свет. И тие, исто така, ќе го гледаат лице в лице во иднина, во бесмртна состојба, како што Адам го гледал додека одел и разговарал со Бога во Едем. „Сега гледаме како низ огледало, нејасно, а тогаш – лице в лице” (1. Коринтјаните 13:12). (MГ 27.1)
„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се
наречат синови Божји”
(Матеј 5:9).
Христос е „Кнез на мирот” (Исаија 9:6), и Неговата мисија е да го поврати мирот и на небото и на земјата кој бил нарушен поради гревот. „И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос” (Римјаните 5:1). Секој оној кој ќе се согласи да се откаже од гревот и да го отвори своето срце за Христовата љубов, ќе има удел во овој небесен мир. (MГ 27.2)
Освен овој не постои некој друг темел за мирот. Христовата благодат примена во срцето, ќе го задуши секое непријателство; ја смирува секоја кавга и ја исполнува душата со љубов. Оној што е во мир со Бога и со своите ближни не може да биде несреќен. Во неговото срце нема да има завист; злите претпоставки тука немаат место, а омразата не може да постои. Срцето кое е во хармонија со Бога има удел во небесниот мир, а неговото благословено влијание се шири на сите страни. Духот на мирот почива како роса на срцата кои се уморни и измачени од земните судири. (MГ 27.3)
Христовите следбеници се испратени по светот со порака на мир. Секој оној кој со тивко и несвесно влијание на светиот живот ќе ја открие Христовата љубов; секој оној кој со збор или дело ќе го наведе другиот да се откаже од гревот и своето срце да му го предаде на Бога, е миротворец. (MГ 28.1)
„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји”. Духот на мирот е доказ дека тие се поврзани со небото. Нив ги опкружува пријатниот Христов мирис. Пријатниот здив на животот и убавината на карактерот му го откриваат на светот фактот дека тие се Божји деца. Луѓето согледуваат дека тие биле со Исуса. „Секој, кој љуби, е роден од Бога”. „Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов“, туку „оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји” (1. Јованово 4:7; Римјаните 8:9,14). (MГ 28.2)
„А остатокот од Јаков меѓу многуте народи ќе биде како роса од Господ, како ситен дожд по трева. Тој нема да зависи од човек и нема да се потпира на смртници” (Михеј 5:7). (MГ 28.3)
„Блажени се гонетите заради правда,
бидејќи нивно е царството небесно”
(Матej 5:10).
Исус кај своите следбеници не поттикнува надеж дека ќе стекнат земна слава и богатство, дека ќе живеат без неволји, туку им укажува на предноста заедно со својот Учител да одат по патеката на самоодрекување и понижување, бидејќи светот не ги познава. (MГ 29.1)
На Оној, кој дошол да го откупи изгубениот свет, му се спротивставиле обединетите сили на Божјите и човечки непријатели. Злите луѓе и злите ангели се здружиле во немилосрдниот заговор против Кнезот на мирот. Иако секој Негов збор и секое Негово дело искажувале божествена сомилост, тоа што се разликувал од светот предизвикало најогорчено непријателство. Бидејќи не ги одобрувал злите страсти на човечката природа, предизвикал најжестоко противење и непријателство. Така е и со сите оние кои сакаат побожно да живеат во Исуса Христа. Помеѓу правдата и гревот, љубовта и омразата, вистината и лагата, се води постојана борба. Кога некој во својот живот ја открива Христовата љубов и убавината на светоста, тој на тој начин ги оттргнува поданиците од царството на сатаната, а кнезот на злото станува да му се спротивстави. Сите оние кои се исполнети со Христовиот дух ги очекува прогонство и понижување. Карактерот на прогонството се менува со текот на времето, но во основата на сето тоа се наоѓа оној ист дух кој почнувајќи од Авел, постојано ги прогонува Божјите избраници. (MГ 29.2)
Штом луѓето ќе посакаат да дојдат во согласност со Бога, ќе сфатат дека маките на крстот не престанале. Началствата, силите и духовите на пакоста под небото секогаш се подготвени да станат против сите оние кое се покоруваат на небесниот закон. Затоа, наместо да предизвикуваат жалост, прогонствата треба да им донесат радост на Христовите ученици, бидејќи тоа претставува доказ дека ги следат стапките на својот Учител. (MГ 29.3)
Иако Господ на својот народ не му ветил живот без искушенија, Тој им ветил нешто многу подобро. Тој вели: „И додека траат деновите твои ќе трае и твојата снага”. „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила се покажува потполно во слабоста” (Повторени закони 33:25; 2. Коринтјаните 12:9). Ако сте повикани заради Него да поминете низ огнена печка, Исус ќе биде со вас како што беше со тројцата верни во Вавилон. Оние кои го љубат својот Откупител, ќе се израдуваат на секоја можност со Него да го споделат понижувањето и срамот. Љубовта што ја негуваат кон Господа, го ублажува страдањето на кое се изложени заради Него. (MГ 30.1)
Сатаната во сите векови го прогонувал Божјиот народ. Тој ги мачел верните и ги убивал, но тие и умирајќи победувале. Тие со својата цврста вера го откривале Оној кој е посилен од сатаната. Сатаната можел да го мачи и да го убие телото, но тој не може да го извалка животот кој со Христа бил сокриен во Бога. Тој може да ги фрли во затвор, но не може да го врзе духот. Тие сепак, низ темнината, можеле да ја согледаат славата на идниот свет и да кажат: „Зашто мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата која треба да се открие кон нас”. „Зашто нашите сегашни незначителни страдања ни донесуваат многу пообилна и вечна тежина на славата” (Римјаните 8:18; 2. Коринтјаните 4:17). (MГ 30.2)
Божјата слава – Божјиот карактер – се открива во искушенија и прогонства кај Неговите избраници. Божјата црква, омразена и прогонета од светот, се воспитува и се дисциплинира во Христовата школа. Тие на земјата одат по тесни патеки и се прочистуваат во печката на неволјите. Тие го следат Христа низ тешката борба, се согласуваат на самоодрекување и преживуваат горчливи разочарувања; низ своите мачни искуства ја запознаваат сета тежина и беда на гревот и на сето тоа гледаат со одвратност. Бидејќи учествуваат во Христовите страдања, наменето им е да учествуваат и во Неговата слава. Во света визија пророкот го видел триумфот на Божјиот народ. Тој вели: „И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; и оние што го победија… стоеја на тоа стаклено море и имаа харфи Божји. И ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: ‘големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!’“ „Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето. Затоа се пред престолот на Бога, Кому му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив” (Откровение 15:2,3; 7:14,15). (MГ 31.1)
„Блажени сте вие, кога ќе ве срамат”
(Матej 5,11).
Уште од својот пад сатаната постојано работи служејќи се со измама. Како што Бога го прикажал во лажна светлина, исто така преку своите слуги лажно ги прикажува и Божјите деца. Спасителот вели: „Навредите на оние што Те хулат, паѓаат врз мене” (Псалм 69:9). На сличен начин тие паѓаат и врз Неговите ученици. (MГ 31.2)
Никој не бил толку свирепо клеветен како Синот човечки. Тој бил исмејуван и му се подбивале поради Неговата непоколеблива послушност кон начелата на светиот Божји Закон. го мразеле без причина. Сепак, Тој мирно стоел пред своите непријатели изјавувајќи дека понижувањето е дел од христијанското наследство, советувајќи ги Неговите следбеници како да ги пресретнат стрелите на злобата, повикувајќи ги да не потклекнат на прогонството. (MГ 32.1)
Иако клеветењето може да го оцрни угледот, тоа не може да го извалка карактерот бидејќи тој е во Божја власт. Сè додека не му потклекнеме на гревот, нема таква сила ни човечка ни сатанска, која би можела да ја извалка душата. Човекот чие срце се потпира на Бога, и во часот на најболни искушенија и под најтешки околности, останува потполно ист како и во благосостојба, кога изгледа дека го осветлува светлината и Божјата милост. Неговите зборови, неговите мотиви и постапки можат да бидат лажно прикажувани и погрешно толкувани, но тој на тоа не обрнува внимание затоа што мора да се залага за нешто многу повозвишено. Како и Мојсеј, тој сè поднесува „оти се држеше за оној што не се гледа, како да го гледа” (Евреите 11:27); „не гледајќи на ова што се гледа, туку на она што не се гледа” (2. Коринтјаните 4,18). (MГ 32.2)
Христос е запознаен со сето она што луѓето погрешно го сфатиле и погрешно го прикажувале. Неговите деца можат да најдат сила стрпливо и мирно чекајќи во надеж, без оглед на тоа колку ги омаловажуваат и презираат; бидејќи нема ништо тајно што нема да се открие, а Бог на оние кои го почитуваат и самиот ќе им укаже чест пред луѓето и ангелите. (MГ 32.3)
„Кога ќе ве навредуваат и гонат”, вели Исус, „радувајте се и веселете се”. Потоа како „пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово” (Јаков 5:10). Авел, првиот христијанин од Адам, умрел како маченик. Енох одел со Бога, но светот не го познал. Ное бил исмејуван како фанатик кој внесувал немир меѓу луѓето. „А други поднесоа подигрување и камшикување, па дури и окови и затвор”. „А други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение” (Евреите 11:36,35). (MГ 33.1)
Во сите векови Божјите избраници биле понижувани и прогонувани, но сепак, преку нивните неволји, знаењето за Бога се ширело на сите страни. Секој Христов ученик мора да стапи во овие редови и да го продолжи истото дело, знаејќи дека непријателите на делото не можат да сторат ништо против вистината, туку само за вистината. Бог сака вистината на сите да им стане позната, и да стане предмет на испитување и дискусија, дури и ако презирањето ги навело луѓето на тоа. Човечките умови мора да бидат потресени. Секој судир, секој укор, секој напор да се ограничи слободата на совеста, сето тоа се Божји средства да се разбудат умовите кои инаку би можеле да заспијат. (MГ 33.2)
Колку пати ова се потврдило во животот на Божјите гласници! Кога благородниот и речит Стефан бил каменуван до смрт на поттик на Синедрионскиот совет, тоа не му нанело никаква загуба на делото на Евангелието. Небесната светлина која го осветлувала со слава неговото лице, и божественото сочувство со која дишела неговата смртна молитва, биле како остра стрела на осведочување за верски закоравениот член на Високиот совет кој тука присуствувал. И Савле, иако фарисеј и прогонувач, станал избран сад да го донесе Христовото име „пред народи и цареви и синовите Израелови” (Дела 9:15). Многу подоцна Павле како старец пишува од затворот во Рим: „Некои, навистина, од завист и желби за кавга, а други од добра волја го проповедаа Христос… од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови… Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда” (Филипјаните 1:15,16,18). Заробеништвото на Павле придонело Евангелието да се прошири на сите страни и некои души биле придобиени за Христа дури и во самата царска палата, благодарение на напорите на сатаната да го уништи „нераспадливото живо и вечно Божјо слово“ (1. Петрово 1:23), кое е посеано во човечките срца. Преку срамотење и прогонство на Божјите деца, Христовото име било воздигнувано, а душите се спасувале. (MГ 33.3)
голема награда на небото ги очекува сите оние кои во прогонствата и понижувањата сведочат за Христа. И додека луѓето копнеат за земните добра, Исус им укажува на небесната награда. Меѓутоа, Тој не зборува само за наградата која ги очекува во идниот живот; уште овде таа почнува да се реализира. Во старо време Господ му се јавил на Авраам и му рекол: „Јас сум ти закрила, и наградата твоја ќе биде многу голема” (Создавање 15:1). Тоа е наградата на оние кои го следат Христа. Јехова, Емануел – Тој „во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето”, „зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството” (Колосјаните 2:3,9) – да се дојде во согласност со Него, да го носиме во себе додека срцето сè повеќе се отвора да ги прими Неговите особини, да се запознае Неговата љубов и моќ, да се поседува Неговото недостижно богатство, сè повеќе да се сфати „што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја” (Ефесјаните 3:18,19) – „тоа е наследство на слугите Господови, нивна победа од Мене, вели Господ” (Исаија 54:17). (MГ 34.1)
Таква радост ги исполнувала срцата на Павле и Сила додека околу полноќ, во затворската темница во Филипи, му се молеле на Бога и му пееле славопојки. Христос бил таму покрај нив, а светлината на Неговото присуство ја растерала темнината со славата на небесните дворови. Не обрнувајќи внимание на своите окови, бидејќи видел како се шири Евангелието, Павле пишува од Рим: „И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам” (Филипјаните 1:18). Истите зборовите кои Христос ги изговорил на гората, повторно одекнуваат во Павловото послание до верниците во Филипи, среде нивните прогонства: „Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се” (Филипјаните 4:4). (MГ 35.1)
„Вие сте солата на земјата”
(Матej 5,13).
Солта ја чува и одржува храната. Бог своите деца ги нарекува сол. Тој со тоа сака да им каже дека им ја дал својата милост за да станат орудија во спасувањето на другите. Бог од сите народи за себе одбрал еден народ, не само да ги усвои како синови и ќерки, туку светот преку нив да може да прими „благодат, спасителна за сите луѓе” (Тит 2:11). Бог го избрал Авраама да биде не само посебен Божји пријател, туку и алатка со посебни предности кои Бог сакал да им ги даде на сите народи. Во својата последна молитва за учениците, непосредно пред распнувањето, Исус рекол: „И за нив јас се посветувам, та и тие да бидат осветени преку вистината” (Јован 17:19). Прочистени од вистината, христијаните ќе имаат спасоносни својства кои ќе го сочуваат светот од целосна морална изопаченост. (MГ 35.2)
Солта мора да биде измешана со супстанцијата на која се додава; таа мора да навлезе во таа материја за да може да ја зачува. Исто така, преку личен контакт и дружењето со луѓето спасоносната сила на Евангелието допира до нив. Тие не се спасуваат како група, туку поединечно. Личното влијание има голема моќ. Мораме да им се приближиме на оние на кои сакаме да им помогнеме. (MГ 36.1)
Вкусот на солта ја претставува животната сила на христијанинот – Исусовата љубов во срцето, Христовата правда која го исполнува животот. Христовата љубов се шири и не може да се задржи. Ако се наоѓа во нас, таа ќе се излева и на другите. Мораме толку да им се приближиме така што нивните срца ќе можат да се загреат од нашиот несебичен интерес и љубов. Искрените верници шират животна енергија која има голема пробивна моќ и им дава нова морална сила на душите за коишто работат. Силата на Светиот Дух, а не човечката сила, го врши делото кое го преобразува срцето. (MГ 36.2)
Исус го додаде и сериозното предупредување: „Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето” (Матеј 5:13). (MГ 36.3)
Додека ги слушал Христовите зборови, народот можел да ја види белата сол како светка на патеката, а таму била фрлена затоа што го изгубила вкусот и така станала неупотреблива. Со тоа точно е прикажана состојбата на фарисеите и влијанието на нивната религија врз општеството. Со тоа е прикажан и животот на секоја душа од која отстапила силата на Божјата милост, душа која станала студена и го изгубила Христа. Без оглед каква религија некој исповеда, таа им е блуткава и невкусна и на ангелите и на луѓето. Токму на таквите Христос им вели: „О, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја” (Откровение 3:15,16). (MГ 36.4)
Без жива вера во Христа како во личен Спасител, невозможно е нашето влијание да се почувствува во овој скептичен свет. Не можеме на другите да им го дадеме она што и самите не го поседуваме. Нашето влијание ќе му послужи на благослов и спасение на човечкиот род само онолку колку самите сме се посветиле и предале на Христа. Таму каде што нема делотворна служба, искрена љубов и вистинско искуство, нема ниту сила да се помогне, нема поврзаност со небото, ниту пак Христовиот „вкус” во животот. Ако Светиот Дух не може да нè употреби како свои орудија преку кои на светот ќе му ја пренесе вистината, онаква каква е во Исуса, тогаш сме слични на солта која го изгубила својот вкус и станала сосем безвредна. Ако во својот живот не ја покажеме Христовата милост, тоа ќе биде сведоштво за светот дека вистината која ја исповедаме нема сила да ја посвети душата; и на тој начин, до каде што се протега нашето влијание, Божјата реч поради нас го губи своето влијание. „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, штом љубов немам, ништо не ми користи” (1. Коринтјаните 13:1-3). (MГ 37.1)
Кога љубовта го исполнува срцето, таа ќе се излева и на другите – не поради тоа што тие ни чинат услуги, туку затоа што љубовта нѐ поттикнува на акција. Љубовта го менува карактерот, управува со мотивите, ги потиснува непријателствата и ги облагородува чувствата. Оваа љубов е бескрајна како универзумот, таа е во хармонија со љубовта на ангелите. Кога се негува во срцето, љубовта го засладува целиот живот и насекаде го излева својот благослов. Благодарение на неа и само на неа, можеме да станеме сол за земјата. (MГ 38.1)
„Вие сте светлината на светот”
(Матej 5,14).
За да ги направи поуките интересни и да го привлече вниманието на своите слушатели, Исус честопати го поучувал народот служејќи се со примери од природата која ги опкружувала. Народот се беше собрал уште од раните утрински часови. Сјајното сонце, издигнувајќи се сѐ повисоко на синото небо, ги растеруваше сенките кои се сокривале по долините и тесните планински клисури. Руменилото на источната страна на небото сѐ уште не беше избледело. земјата беше осветлена со сјајните сончеви зраци. Од мирната површина на езерото се одбиваше златната светлина, а розовите утрински облаци се рефлектираа на неа. Секоја пупка, секој цвет, секое разлистено гранче, блескаа од капките роса. Природата се насмевнуваше на благословот на новиот ден, а птиците на дрвјата милно пееја. Спасителот погледнал во луѓето пред себе, а потоа и во сонцето кое се раѓаше, а потоа им рекол на своите ученици: „Вие сте светлина на светот” (Матеј 5:14). Како што сонцето тргнува напред на својот пат на љубовта, изгонувајќи ги ноќните сенки и будејќи го светот на нов живот, така и Христовите следбеници треба да одат напред во својата мисија, ширејќи ја небесната светлина на оние кои се наоѓаат во темнината на заблудите и гревот. (MГ 38.2)
На околните ридови на блескавата утринска светлина сѐ појасно се оцртуваа градовите и селата и со својата привлечност ја надополнуваа сликата. Укажувајќи на нив Христос рече: „Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина”, а потоа додаде: „Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи” (Матеј 5:14,15). Меѓу Христовите слушатели најмногу имаше земјоделци и рибари, чиишто сиромашни живеалишта имале само една просторија во која единствената свеќа на свеќникот им светела на сите во куќата. Исус рекол: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да го прослават вашиот Отец небесен” (Матеј 5:16). (MГ 39.1)
Никогаш грешниот човек не го осветлила, ниту пак некогаш ќе го осветли, некоја друга светлина освен онаа која потекнува од Христа. Исус, нашиот Спасител, е единствената светлина која може да ја осветли темнината на светот потонат во гревот. За Христа е запишано: „Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето” (Јован 1:4). Учениците само ако го примат Неговиот живот можат да станат носители на светлината. Христовиот живот во душата, Неговата љубов откриена во карактерот, ќе ги направи светлина на светот. (MГ 39.2)
Човечкиот род сам по себе нема светлина. Без Христа сме како незапалена свеќа, слично на месечината кога сончевите зраци не допираат до нејзиното лице. Ние не поседуваме ниеден зрак на светлина кој би ја растерал темнината на светот. Но, кога ќе се свртиме кон Сонцето на правдата, кога ќе дојдеме во допир со Христа, целата душа е огреана со сјајот на божествената присутност. (MГ 40.1)
Христовите следбеници не треба да им светат само на луѓето од нивната најблиска околина, тие треба да бидат светлина на светот. На сите кои го повикуваат Неговото име, Исус им вели: Вие ми се предадовте Мене, а Јас ве предавам на светот како Мои претставници. Како што Отецот го пратил во светот, така, вели Тој, „и Јас ги пратив во светот” (Јован 17:18). Како што Христос е канал за откривање на Отецот, така и ние треба да бидеме канали за откривање на Христа. Иако нашиот Спасител е голем извор на блескава светлина, не заборавај, о христијанину, дека Тој е откриен преку човештвото. Божјите благослови се даваат преку човечки орудија. Самиот Христос дошол на светот како Син човечки. Кога човечката природа ќе се соедини со божествената, човештвото мора да биде допрено. Христовата црква и секој ученик на големиот Учител, претставува небесен канал за да го открие Бога пред луѓето. Ангелите на славата чекаат преку вас да ја пренесат небесната светлина и сила на душите кои се наоѓаат на работ на пропаста. Дали човечкото орудие ќе успее да го изврши делото кое му е наменето? Ох, тогаш во иста мерка на светот ќе му биде ускратено ветеното влијание на Светиот Дух. (MГ 40.2)
Меѓутоа, Христос не им заповедал на своите ученици: „Потрудете се вашата светлина да засвети“, туку рекол: „Нека свети”. Ако Христос престојува во срцето, тогаш е невозможно да се сокрие светлината на Неговото присуство. Ако оние кои тврдат дека се Христови следбеници не се светлината на светот, тоа е затоа што животодавната сила ги напуштила; ако немаат да подарат светлина, тоа е затоа што ја изгубиле секоја врска со Изворот на светлината. (MГ 41.1)
Во сите векови, „Духот Христов… Кој беше во нив” (1. Петрово 1:11), ги направил Божјите вистински деца да бидат светлина на луѓето во нивната генерација. Јосиф бил носител на светлината во Египет. Со својата чистота, добрина и детска љубов го претставувал Христа среде идолскиот народ. Додека Израелците патувале од Египет до Ветената земја, луѓето со чисто срце меѓу нив биле светлина за околните народи. Преку нив Бог му се откривал на светот. Преку Даниел и неговите другари во Вавилон, преку Мардохеј во Персија, сјајните зраци на светлината заблескале среде темнината на царските дворови. Така и Христовите ученици се поставени да бидат носители на светлината на патот кон небото; преку нив добрината и милоста на Отецот се откривала на светот обвиткан со темнината на погрешната претстава за Бога. Кога ќе ги видат нивните добри дела, луѓето ќе бидат поттикнати да го слават Отецот кој е на небото; бидејќи се покажало дека на престолот на вселената се наоѓа Бог чијшто карактер е достоен за пофалба и имитација. Божествената љубов која светли во срцето, Христовата хармонија која се покажува во животот, сето тоа е слично на еден краток поглед на небото кој им овозможува на луѓето од светот да можат да се восхитуваат на неговата совршена убавина. (MГ 41.2)
Така луѓето се наведуваат да веруваат во „љубовта, која Бог ја има кон нас” (1. Јованово 4:16). Така се чистат и преобразуваат срцата кои некогаш биле грешни и изопачени за да можат да се покажат „непорочни во радосно воскликнување пред Својата слава” (Јуда 24). (MГ 42.1)
Зборовите на Спасителот: „Вие сте светлината на светот”, укажуваат на тоа дека Тој на своите следбеници им ја доверил службата која го опфаќа целиот свет. Во времето на Христа себичноста, горделивоста и предрасудите подигнале непробоен и висок ѕид помеѓу поставените чувари на светите пророштва и останатите народи на земјата. Но Спасителот дошол сето тоа да го измени. Зборовите што народот ги слушал од Неговите усни биле толку различни од сето она што дотогаш го слушал од свештениците и рабините. Христос го отстранил тој ѕид на поделба, самољубјето, националните предрасуди и проповеда љубов кон сите припадници на човечко семејство. Тој ги изведува луѓето од тесниот круг во кој биле затворени поради својата себичност. Тој ги отстранува сите територијални граници и вештачки создадените разлики во општеството. Не прави никаква разлика помеѓу соседот и странецот, пријателот и непријателот. Тој нè поучува во секоја душа на која и е потребна помош да гледаме како на својот ближен, и целиот свет како наше поле за работа. (MГ 42.2)
Како што сончевите зраци се пробиваат и до најоддалечените катчиња на земјината топка, така по Божја наредба и светлината на Евангелието треба да допре до секоја душа на земјата. Кога Христовата црква верно ќе го исполни планот на нашиот Господ, светлина ќе ги осветли сите оние што се наоѓаат во темнината и во долината на смртната сенка. Кога членовите на црквата, наместо да се собираат на едно место, избегнувајќи ја одговорноста и носењето на крстот, ќе се разотидат по сите земји, кога ќе дозволат преку нив да заблеска Христовата светлина и кога ќе работат како Тој што работел за спасување на душите, ова „евангелие за царството” брзо ќе биде објавено „по целиот свет” (MГ 42.3)
Така Божјата намера да си избере народ, почнувајќи од Авраама во Месопотамија па сè до нас во денешните дни, ќе доживее целосно остварување. Тој вели: „Ќе те благословам… и самиот ќе бидеш благослов” (Создавање 12:2). Христовите зборови упатени преку пророкот евангелист и кои биле само повторени во Беседата на гората, се однесуваат и на нас во ова последно поколение: „Дигни се, заблескај, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе” (Исаија 60:1). Ако твојата душа ја осветлила славата Господова, ако си ја набљудувал убавината на Оној кој е „поубав од десет илјади други… и целиот е прекрасен”, ако душата ти е огреана со присуството на Неговата слава, тогаш и на тебе се упатени овие зборови на Учителот. Дали со Христа сте биле на гората на преобразувањето? Долу во рамнината се наоѓаат души заробени од сатаната; тие го чекаат зборот на верата и молитвата за да ги ослободи. (MГ 43.1)
Не е доволно само да размислуваме за Христовата слава, туку треба и да зборуваме за Неговите доблести. Исаија не ја посматрал само Христовата слава, туку и зборувал за Него. Додека Давид размислувал, во неговата душа би се разгорел оган, а потоа и јазикот би проговорил. Додека размислувал за чудесната Божја љубов не можел а да нè зборува за она што го видел и почувствувал. Кој може со вера да го види прекрасниот план на откупувањето, славата на еднородниот Божји Син, а да не зборува за тоа? Кој може да размислува за неизмерната љубов која се открила на крстот на Голгота при Христовата смрт, за да не загинеме, туку да имаме живот вечен – кој може да го види сето тоа и да не пронајде зборови со кои ќе ја величи славата на Спасителот? (MГ 43.2)
„Во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова” (Псалм 29:9). Омилениот пеач Израелов го слави на харфата велејќи: „За велелепната слава на Твојата светост ќе зборуваат и за Твоите чудеса ќе известуваат. Ќе говорат и за силата на Твоите страшни дела, и ќе прикажуваат и за Твоето величие” (Псалм 145:5,6). (MГ 44.1)
Крстот на Голгота треба високо да се издигне пред луѓето, обземајќи ги нивните умови и насочувајќи ги нивните мисли кон Него. Тогаш самиот Бог ќе ги исполни со божествена сила сите духовни способности. Тогаш сите сили ќе бидат сосредоточени на вистинската работа за Господарот. Работниците како живи орудија, одредени да ја осветлат земјата, ќе го просветлат светот со зраците на светлината. (MГ 44.2)
Христос го прима, ох, со задоволство, секое човечко орудие кое сака да му се предаде. Тој човечкото го спојува со божественото за да може на светот да му ја објави тајната на воплотената љубов. Раскажувајте за тоа, молете се за тоа, пејте за тоа; објавувајте ја насекаде веста за Неговата слава и итајте кон небесните висини. (MГ 44.3)
Трпеливото поднесување на неволјите, примањето на благословите со благодарност, храброто спротивставување на искушенијата, секојдневното покажување на духот на кротост, добрина, милосрдност и љубов – сето тоа се извори на светлина со кои блеска вистинскиот карактер, спротивно на темнината на себичното срце во кое никогаш не заблескала светлината на животот. (MГ 44.4)