4. ВИСТИНСКИ МОТИВИ ВО СЛУЖБАТА
„Гледајте да не ја покажувате својата праведност
пред луѓето само за да бидете забележани”
(Матеј 6:1).
Христовите зборови на гората биле израз на она што Тој без зборови го учел со својот живот, но луѓето тоа не успеале да го разберат. Тие не можеле да сфатат зошто Тој, со толку голема моќ, не се служи со неа да го обезбеди она што тие го сметале за најголемо добро. Нивниот дух, мотивите и методите биле спротивни на Неговите. Додека се прикажувале како ревнители за честа на Законот, всушност сопствената слава била нивната вистинска цел кон која стремеле. Затоа Христос се трудел да им покаже дека самољубивиот човек е престапник на Законот. (MГ 79.1)
Меѓутоа, начелата кои фарисеите ги негувале се карактеристични за човештвото во сите времиња. Духот на фарисејството е духот на човечката природа. Бидејќи Спасителот укажал на спротивноста помеѓу Неговиот сопствен дух и духот на рабините и помеѓу Своите и нивните методи, Неговото учење подеднакво може да се примени на луѓето од сите времиња. (MГ 79.2)
Во деновите на Христа, фарисеите постојано се обидувале да ја придобијат наклоноста на небото, со цел да си обезбедат световна чест и просперитет кои ги сметале како награда за доблеста. Истовремено пред народот се расфрлале со своите дела на милосрдие, со цел да го привлечат нивното внимание и да добијат глас дека се свети луѓе. (MГ 79.3)
Исус го прекорил нивното расфрлање, изјавувајќи дека Бог не ја прима таквата служба и дека ласкањето и восхитувањето на народот, за кои тие толку копнееле, се единствената награда која некогаш ќе ја добијат. (MГ 80.1)
„А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот небесен Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно” (Матеј 6:3,4). (MГ 80.2)
Со овие зборови Исус не рекол дека добрите дела секогаш треба да се чуваат во тајност. Апостол Павле, пишувајќи под влијание на Светиот Дух, не го затаил великодушното самопожртвување на македонските христијани, туку говорел за благодатта, со која Христос ги препородил, и на тој начин и другите биле проткаени со истиот Дух. Исто така, пишувајќи и на црквата во Коринт рекол: „Вашата ревност поттикна мнозина” (2. Коринтјаните 9:2). (MГ 80.3)
Христовите зборови се сопствени толкувачи. Кога правиме дела на милосрдие целта не треба да биде да обезбедиме пофалба и чест од луѓето. Вистинската побожност никогаш не поттикнува на парадирање. Оние кои сакаат зборови на пофалби и ласкање, и се хранат со нив како со сладок залак, се христијани само по име. (MГ 80.4)
Со своите добри дела Христовите следбеници не треба да се слават самите себе, туку Оној со чија благодат и сила тоа го направиле. Секое добро дело е направено под влијание на Светиот Дух, а Духот е даден да го прослави не примателот, туку Дарителот. Кога Христовата светлина светли во душата, усните ќе бидат исполнети со пофалба и благодарност кон Бога. Вашите молитви, вашето извршување на должноста, вашите добри дела, вашето самоодрекување нема да бидат предмет на вашите мисли или разговори. Исус ќе биде величан, нашето „јас” ќе биде сокриено, а Христос ќе биде сѐ во сѐ. (MГ 80.5)
Треба искрено да даваме – не со цел да се расфрламе со своите добри дела, туку од сожалување и љубов кон страдалниците. Искреноста на намерата, вистинската добрина на срцето, тоа се мотивите кои небото ги цени. Душата која е искрена во својата љубов, искрена во својата посветеност, многу е подрагоцена во Божјите очи од златните шипки од Офир. (MГ 81.1)
Ние не треба да мислиме за наградата, туку за службата; но добрината покажана во таквиот дух нема да остане без награда. Отецот „Кој гледа тајно, ќе те награди јавно”. Иако е вистина дека самиот Бог е всушност таа голема награда која ги опфаќа сите останати, душата ќе го прими и ќе му се радува само ако стане слична во карактерот. Само сличните можат меѓусебно да се ценат. Ако себеси му се предадеме на Бога за да му служиме на човештвото, тогаш и Тој ни се предава нам. (MГ 81.2)
Оној кој ќе дозволи преку неговото срце и живот да тече река на Божјите благослови на другите, и самиот ќе биде богато награден. Падините и рамнините кои градат пат за планинските потоци на патот до морето, со тоа ништо не губат. Она што тие го даваат, стократно им се враќа. Потокот кој жуборејќи тече, зад себе остава дар на бујно зеленило и плодност. Тревата на нејзините брегови е позелена, дрвјата се побујни, а цвеќињата се пораскошни. Кога земјата после летната жега, која сѐ изгорува, останува пуста и опалена, една зелена линија го обележува речниот тек, а рамнината, која ги отворила своите пазуви за да го донесе планинското богатство до морето, се облекува со свежина и убавина како сведок на наградата која Божјата милост им ја дава на сите оние кои доброволно стануваат канали по кои таа се излева на светот. (MГ 81.3)
Таков благослов примаат оние кои им укажуваат милост на сиромашните. Пророкот Исаија вели: „Раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се. Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува… ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат” (Исаија 58:7,8,11). (MГ 82.1)
Делото на милосрдието е извор на двократен благослов. Оној кој им дава на сиромашните, им служи на благослов, но и самиот е благословен во уште поголема мера. Христовата милост во душата развива карактерни црти кои се спротивни на себичноста, карактерни црти кои ќе го очистат, облагородат и збогатат животот. Добрите дела направени во тајност цврсто ќе ги спојат срцата и уште поблиску ќе ги доведат до срцето на Оној од кого потекнува секој благороден мотив. Ситните вниманија, малите дела на љубовта и жртвувањата со кои зрачи животот, толку незабележливо како што мирисот незабележливо се шири од цвеќето, го сочинуваат големиот дел на животните благослови и среќата. На крајот ќе се открие дека самоодрекувањето за доброто и среќата на другите, иако на овој свет тоа малку се цени и не се препорачува, на небо се признава како обележје на нашето единство со Него, Царот на славата кој, иако богат, станал сиромашен поради нас. (MГ 82.2)
Делата на милосрдието можат да се направат во тајност, но не може да се сокрие нивното влијание врз карактерот на оној кој ги сторил. Кога со целото срце ќе работиме како Христови следбеници, срцето ќе биде тесно поврзано со Бога; кога Божјиот Дух ќе делува на нашиот дух, во душата, како одговор на божествениот допир, ќе настане света хармонија. (MГ 83.1)
Оној кој заработените таленти им ги дава на оние кои мудро се користеле со даровите што им биле доверени, со радост ја прима службата на својот верен народ во Љубениот, со чија мудрост и сила тие и работеле. Оние кои настојувале да го развијат и усовршат христијанскиот карактер, усовршувајќи ги своите способности во добрите дела, во идниот свет ќе го пожнеат она што го посеале. Делото започнато на земјата ќе се заврши во повозвишен и посвет живот, кој ќе трае низ целата вечност. (MГ 83.2)
„И кога се молиш, не биди како лицемерите”
(Матеј 6:5).
Фарисеите имале одредени часови за молитва; и кога, како што честопати се случувало, би се нашле во назначеното време надвор од домот, тие би застанеле без оглед каде се наоѓаат, можеби на улица или на плоштадот, среде забрзаното мноштво, и тука гласно ги повторувале своите формални молитви. Таквата молитва, искажана единствено со цел за само фалење, го предизвикала Исусовиот строг прекор. Сепак, Тој не ја отфрлил јавната молитва, бидејќи и самиот заедно со своите ученици се молел во присуство на мноштвото. Но, Тој учи дека тајната молитва не треба да се изговара јавно. Нашите тајни молитви треба да стигнат само до увото на Бога кој ќе ги слушне. Ниедно љубопитно уво не треба да ја чуе содржината на таквите молитви. (MГ 83.3)
„А ти кога се молиш влези во твоето катче”. Имајте место за тајна молитва. Исус имал посебно место за општење со Бога, а така и ние треба да чиниме. Нам ни е потребно често да се повлечеме на некое место, колку и да е скромно, каде што можеме да бидеме сами со Бога. (MГ 84.1)
„Помоли му се на твојот Отец, Кој е во тајност” (Матеј 6:6). Со детска доверба ние можеме да дојдеме пред Бога во Исусово име. Ниеден човек не ни е потребен како посредник. Преку Исуса ние можеме да му го отвориме своето срце на Бога, како на Оној кој нѐ познава и нѐ сака. (MГ 84.2)
На осаменото место за молитва, каде може да нè види само Божјото око и чуе само Неговото уво, можеме да ги излееме сите свои најскриени желби и копнежи пред Отецот, полн со неизмерно сожалување; и додека душата во мир и тишина чека, гласот кој никогаш не пропуштил да одговори на лелекањата на страдалниците, ќе проговори и на нашите срца. (MГ 84.3)
„Зашто Господ е многумилостив и сочувствителен” (Јаков 5:11). Тој чека со неуморна љубов да ги чуе признанијата на заблудените и да го прифати нивното покајание. Тој бара од нас некаков знак на благодарност, како што мајката очекува саканото дете со насмевка да и покаже дека ја препознало. Тој сака да сфатиме колку искрено и нежно Неговото срце копнее за нас. Тој нѐ повикува да дојдеме кај Него за да земе учество во нашите неволји. Со својата љубов да ги ублажи нашите јадови, да ги излечи нашите рани, да нè зајакне во слабоста и да ја исполни нашата празнина. Никој кој дошол кај Него не се разочарал. „Кон Него погледнете и разведрете се, и лицата ваши нема да се посрамат” (Псалм 34:5). (MГ 84.4)
Оние кои во тајност го бараат Бога, изнесувајќи ги пред Него своите потреби и бараат помош, нема да се молат напразно. „Отецот твој Кој гледа тајно, ќе те награди јавно”. Ако Христос биде секојдневно со нас, ќе почувствуваме дека нѐ опкружува сила на еден невидлив свет. Гледајќи во Исуса ќе се преобразиме во Неговиот лик. Со гледање ние се менуваме. Карактерот станува нежен, префинет и облагороден за небесното царство. Сигурен резултат на нашето општење и заедница со нашиот Господ ќе биде поголема побожност, чистота и ревност. Ќе станеме поразумни во своите молитви. Ние добиваме божествено воспитување, а тоа се покажува во животот полн со трудољубивост и ревност. (MГ 85.1)
Душата која секојдневно му се обраќа на Бога за помош, поддршка и сила, ќе има благородни стремежи, јасно сфаќање на вистината и должностите, возвишени цели во работата и постојано ќе биде гладна и жедна за праведност. Ако постојано одржуваме врска со Бога, ќе бидеме оспособени и на другите, во дружењето со нив, да им ја пренесеме светлината, мирот и ведрината кои владеат во нашето срце. Силата што ја стекнуваме во молитвата кон Бога, обединета со истрајните напори во вежбањето на умот да биде внимателен и грижлив, нѐ подготвува за секојдневните должности и ја одржува смиреноста на духот во сите околности. (MГ 85.2)
Ако се приближиме кон Бога, Тој ќе ги стави во нашите усти зборовите со кои ќе сведочиме за Него и ќе го славиме Неговото име. Тој ќе нè научи да пееме ангелски песни и да му укажеме благодарност на нашиот небесен Отец. Секоја постапка во нашиот живот ќе ја открива светлината и љубовта на Спасителот кој престојува во нас. Надворешните неволји не можат да го загрозат животот кој се живее со вера во Синот Божји. (MГ 85.3)
„Кога се молите, не говорете многу
како незнабошците”
(Матеј 6:7).
Незнабошците сметале дека со молитвата можат да заслужат простување на гревот. Мислеле дека ако молитвата е подолга тогаш и заслугата е поголема. Кога би можеле да станат свети со сопствените напори, тогаш би имале во себе нешто во што би можеле да уживаат, некоја основа за фалење. Таквата претстава за молитвата не е многу подобра од принципот на самоиспитување, кој се наоѓа во основата на сите системи на лажна религија. Фарисеите го усвоиле ова паганско сфаќање за молитвата, а тоа не изумрело ниту во нашево време, дури и кај оние кои тврдат дека се христијани. Повторувањето на вообичаените фрази, додека срцето не чувствува потреба од Бога, е од ист карактер, како и „празните повторувања“ на незнабошците. (MГ 86.1)
Молитвата не е откупување за гревот. Сама по себе таа нема вредност ниту заслуга. Сите украсни зборови со кои располагаме, се помалку вредни од една света желба. И најречитите молитви се само празни зборови ако не ги изразуваат вистинските чувства на срцето. Меѓутоа, кога молитвата доаѓа од искреното срце изразувајќи ги едноставните потреби на душата, како да молиме некој земен пријател за услуга очекувајќи да ни ја направи, тоа е молитва на вера. Бог не ги сака нашите формални изрази на почит, но неискажаниот крик на срцето, кое е скрушено и скршено од чувството на сопствената вина и сеопшта слабост, го наоѓа патот до Отецот на секоја милост. (MГ 86.2)
„Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите”
(Матеј 6:16).
Постот што го налага Божјата Реч е нешто повеќе од форма. Тој не се состои само од одбивање на храна, во носење кострет, во посипување на главата со пепел. Оној кој пости и вистински жали поради гревот, никогаш со тоа нема да се фали. (MГ 87.1)
Целта на постот на кој Бог нѐ повикува не се состои во измачување на телото поради гревот на душата, туку да ни помогне да ја сфатиме страшната природа на гревот, да го понизиме срцето пред Бога и да го примиме Неговото милостиво простување. Неговата заповед кон Израел беше: „Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ вашиот Бог” (Јоил 2:13). (MГ 87.2)
Нема да ни биде од никаква корист ако го мачиме своето тело и ако си ласкаме себеси дека со сопствените дела ќе заслужиме или купиме наследство меѓу светите. Кога на Христа му поставиле прашање: „Што да правиме за да извршуваме Божји дела?“ Тој одговорил: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого го испрати Тој” (Јован 6:28,29). Покајание е свртување од себе кон Христа; и кога ќе го примиме Христа, така што преку вера Тој може да го живее својот живот во нас, тогаш ќе се видат и добри дела. (MГ 87.3)
Исус вели: „А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност” (Матеј 6:17,18). Што и да се прави во слава на Бога, треба да се чини радосно, а не мрачно и жалосно. Во Христовата религија нема ништо мрачно. Ако христијаните со својот мрачен изглед оставаат впечаток како да се разочарале во Бога, тие лажно го претставуваат Неговиот карактер и на тој начин сами им пружаат докази на своите непријатели. Иако со зборови можат да кажат дека Бог им е Отец, со својата мрачност и тага на светот му даваат слика на сирачиња. (MГ 88.1)
Христос сака својата служба за Него да ја прикажеме привлечна, каква што навистина е. Да му ги откриеме своите самооткажувања и тајните искушенија на срцето на Спасителот, полн со сочувство. Да го оставиме својот товар во подножјето на крстот и да продолжиме по својот пат радувајќи се во љубовта на Оној кој најпрвин нас нè љубел. Луѓето можеби никогаш нема да дознаат што во тајноста се случувало помеѓу душата и Бога, но резултатот на делувањето на Духот на срцето ќе им се покаже на сите, бидејќи Оној „Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно”. (MГ 88.2)
„Не собирајте богатства на земјата”
(Матеј 6:19).
Богатството собрано на земјата, не е трајно; крадци го поткопуваат и крадат; молецот и ‘рѓата расипуваат; огнот и бурата го уништуваат вашиот имот. „Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше” (Матеј 6:21). Богатството собрано на земјата ќе го обземе умот до таа мера што во него не ќе има место за она што е небесно. (MГ 88.3)
Љубовта кон парите била владејачката страст кај Евреите во тоа време. Световноста го присвоила местото кое Бог и религијата треба да го заземат во душата. Така е и сега. Страсната алчност за богатство, толку ги маѓепсува луѓето со своето влијание, така што нивната благородност се изопачува, човечкото се расипува, сѐ додека не бидат изгубени. Службата на сатаната е полна со грижи, маки и заморна работа, и тоа богатство што луѓето со мака ќе го соберат на земјата, трае само некое време. (MГ 88.4)
Исус рекол: „Но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше” (Матеј 6:20,21). (MГ 89.1)
Налогот гласи: „Но собирајте си богатства на небото”. Во ваш личен интерес е да си обезбедите небесно богатство. Единствено тоа, од сè што имате, е навистина ваше. Богатството собрано на небото е неуништливо. Ни оган ни вода не можат да го уништат, крадецот не може да го украде, молците или ‘рѓата не можат да го расипат, оти самиот Бог го чува. (MГ 89.2)
Ова богатство кое Христос го смета за поскапоцено од секое друго е „богатството на славата од наследството Негово во светиите” (Ефесјаните 1:18). Христовите ученици се наречени Негови скапоцени камења, Негово скапоцено и посебно богатство. Тој вели дека тие ќе бидат како „камења на круна”. „Ќе направам така, што човекот ќе биде повреден од чисто злато, смртникот – повреден од офирско злато” (Захарија 9:16; Исаија 13:12). Христос, големиот Центар, од којшто зрачи сета слава, гледа во својот народ, очистен и усовршен, награда за сите свои страдања, своите понижувања и својата љубов, види дополнување на својата слава. (MГ 89.3)
Дозволено ни е да се соединиме со Него во големото дело на откупувањето и со Него да го делиме богатството кое Тој го стекнал со својата смрт и страдање. Апостол Павле им пишувал на христијаните во Солун: „Кој е нашата надеж или радост, или венец за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус Христос при Неговото доаѓање? Да, вие сте нашата слава и радост” (1. Солунјаните 2:19,20). Тоа е богатството за кое Христос ни налага да се трудиме. Карактерот е големата жетва на животот. А секој збор или дело кое преку Христовата милост ќе предизвика во душата некој поттик кој досега до она што е небесно, секој напор насочен кон формирање на карактер сличен на Христовиот, претставува собирање богатство на небото. (MГ 89.4)
Таму каде што е богатството, таму ќе биде и срцето. Секогаш кога се трудиме на другите да им чиниме добро, тогаш си чиниме добро и на самите себе. Оној кој жртвува пари или време за ширење на Евангелието, го вложува својот интерес и своите молитви за делото и за душите кои со тоа ќе се придобијат. Неговите чувства се посветени на ближните, и тој е поттикнат на поголема посветеност на Бога, за да биде оспособен да им направи најголемо добро. (MГ 90.1)
А кога ќе дојде последниот ден, кога сето земно богатство ќе пропадне, оној кој собирал богатство на небото, ќе го види она што го стекнал со својот живот. Ако сега внимаваме на Христовите зборови тогаш, во моментот кога ќе се собереме околу големиот бел престол, ќе ги видиме душите кои се спасени со нашиот труд, и ќе дознаеме дека тие спасиле други, а овие пак други, едно големо мноштво доведено е така во пристаништето на мирот благодарение на нашиот труд, таму да ги положат своите круни пред Исусовите нозе и да го фалат низ бескрајното време на вечноста. Со каква само радост Христовиот соработник ќе ги гледа овие спасени кои сега учествуваат во славата на Спасителот! Колку скапоцено ќе биде небото за оние кои биле верни во работата на спасувањето на душите! (MГ 90.2)
„И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога” (Колосјаните 3:1). (MГ 91.1)
„И така, ако твоето око биде здраво
и целото твое тело ќе биде светло”
(Матеј 6:22).
Чесност во намерата, сесрдна верност кон Бога, тоа се условите на кои укажуваат зборовите на Спасителот. Бидете искрени и непоколебливи во своето настојување да ја запознаете вистината, да и се покорите по секоја цена и тогаш ќе примите божествено просветлување. Вистинската побожност почнува кога ќе се прекине секој компромис со гревот. Тогаш и нашето срце заедно со апостол Павле ќе проговори: „Го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос”. „Поради Кого се одреков од сè, и сè сметам за отпад, само за да го придобијам Христос” (Филипјаните 3:13,14,8). (MГ 91.2)
Но, ако окото е заслепено со самољубие, насекаде владее само темнина. „Но ако твоето око биде расипано, сето тело твое темно ќе биде”. Токму таква темнина ги обземала Евреите во нивното упорно неверување, спречувајќи ги правилно да го сфатат карактерот и мисијата на Оној кој дошол да ги избави од нивните гревови. (MГ 91.3)
Попуштање на искушението започнува во оној момент кога на својот ум ќе му дозволите да се колеба, да биде непостојан во својата доверба во Бога. Ако не решиме целосно да му се предадеме на Бога, ние сме во темнина. Ако било што задржиме за себе, оставаме отворена врата низ која сатаната може да влезе да нè заведува со своите искушенија. Тој знае дека ако успее да ја замрачи нашата визија, така што окото на верата не може да го види Бога, нема да има пречка против гревот. (MГ 92.1)
Превласта само на една грешна желба покажува дека душата е измамена. Секое попуштање на таквата желба го јакне непријателството на душата кон Бога. Кога чекориме по патеката која сатаната ја одбрал, опкружени сме со сенките на злото, а секој следен чекор води во уште поголема темнина и сè повеќе го заслепува срцето. (MГ 92.2)
Во духовниот како и во природниот свет владее истиот закон. Оној што секогаш живее во мрак, најпосле ќе ја изгуби моќта на видот. Таквиот човек е фрлен во бездната потемна и од полноќта, нему дури и најблескавите пладневни зраци не можат да му донесат светлина. Тој „во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови” (1. Јованово 2:11). Со тоа што упорно го негува злото и тврдоглаво ги занемарува повиците на божествената љубов, грешникот ја губи љубовта кон доброто, стремежот за Бога, па и самата способност да ја прима небесната светлина. Повикот на милоста сѐ уште е полн со љубов, светлината блеска исто толку јасно како тогаш кога прв пат заблескала во душата, но гласот наидува на глуви уши, светлината паѓа на заслепени очи. (MГ 92.3)
Бог никогаш не остава ниедна душа и не ја препушта на сопствените патишта сè додека постои и најмала надеж за нејзино спасение. Човекот се свртува од Бога, а не Бог од него. Нашиот небесен Отец ни ги упатува своите повици, опомени и уверувања во својата милост сè додека не се исцрпат сите предности и можности. Одговорноста почива на грешникот. Со тоа што се противи на Духот Божји денес, тој подготвува пат пак да се спротивстави на светлината кога таа ќе дојде со уште поголема сила. Така тој постојано сè повеќе се противи, сè додека светлината најпосле не го изгуби секое влијание и тој целосно престане да одговара на повиците на Божјиот Дух. И така „светлината што е во тебе” станува темнина; па дури и самата вистина што ја познаваме станува толку изопачена што уште повеќе ја зголемува заслепеноста на душата. (MГ 93.1)
„Никој не може да им слугува
на двајца Господари”
(Матеј 6:24).
Христос не рекол дека човекот нема да сака или дека не смее, туку дека не може да им служи на двајца Господари. Интересите на Бога и интересите на мамона немаат никакво заедништво и никаква сродност. Токму таму каде што совеста го предупредува христијанинот да биде трпелив, да се одрече од себе, да застане, токму таму телесниот човек ја пречекорува границата за да им попушти на своите себични склоности. Од едната страна на границата стои Христовиот самопрегорен следбеник, а од друга страна љубителот на светот, кој им угодува на своите склоности, се поведува по модата, се однесува лекомислено и ужива во забранетите задоволства. На таа страна од границата христијанинот не може да премине. (MГ 93.2)
Никој не може да заземе неутрален став, не постои средна класа на луѓе која не го љуби Бога, но и не му служи на непријателот на праведноста. Христос треба да живее во човечките орудија, да се служи со нивните дарови и да се користи со нивните способности. Нивната волја мора да биде потчинета на Неговата, тие мора да работат во Неговиот Дух. Тогаш тие веќе не живеат, туку во нив живее Христос. Оној кој себеси целосно не му се предаде на Бога, се наоѓа под контрола на друга сила, слуша друг глас чиишто совети се од сосем поинаква природа. Половичната служба го става човечкото орудие на страна на непријателот и го прави успешен сојузник на четите на темнината. Кога луѓето кои тврдат дека се Христови борци, стапат во сојуз со сатаната и ѝ помагаат на таа страна, тие со тоа докажуваат дека се Христови непријатели. Тие ја изневериле светата доверба. Станале врска помеѓу сатаната и вистинските борци и преку нив непријателот постојано настојува да ги зароби срцата на Христовите војници. (MГ 94.1)
Најсилниот бедем на порокот во нашиот свет не е развратниот живот на расипаниот грешник или деградираниот отпадник, туку оној живот кој инаку изгледа беспрекорен, чесен и благороден, но во кој се потхранува некој грев и некој порок. За душата која во тајност се бори против некое големо искушение, треперејќи на самиот раб на пропаста, таквиот пример претставува една од најсилните поттици на грев. Оној кој е надарен со највозвишената претстава за животот, вистината и честа, а сепак намерно престапува еден пропис на светиот Божји Закон, ги изопачува сите благородни дарови кој ги примил од Него, и ги претвора во мамка за грев. Генијалноста, талентот, сочувството па дури и благородното и љубезно однесување можат да станат сатанска мамка и другите души да ги доведе до работ на пропаста за овој и за идниот живот. (MГ 94.2)
„Не љубете го светот и сè што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сè што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет” (1. Јованово 2:15,16). (MГ 95.1)
„Немојте да се грижите”
(Матеј 6:25).
Оној кој ви го подарил животот знае дека вам ви е потребна и храна за да го одржите. Оној кој го создал телото, не заборава дека ви е потребна облека. Зарем Оној кој го дал најголемиот дар, нема исто така да даде сè што е потребно тој дар да биде потполн? (MГ 95.2)
Исус на своите слушатели им укажал на птиците, кои неоптоварени со грижни мисли, весело ги пееле своите милни песни и кои „ни сеат, ни жнеат”, а сепак големиот Отец се грижи и за нивните потреби. А потоа ги прашал: „Зар не сте вие многу поскапи од нив?” (MГ 95.3)
Тој се грижи за секое врапче што паѓа,
Тој ја познава секоја понизна душа;
Бидејќи Тој е со нас насекаде,
Ја забележува секоја горчлива солза која тече,
И Тој нема никогаш, никогаш, никогаш
Да ја остави душата која некогаш му се доверила. (MГ 95.4)
Полињата и падините биле покриени со цвеќе. Укажувајќи на цвеќето во росната свежина на утрото, Исус рекол: „Погледнете ги полските кринови како растат” (Матеј 6:28). Вештата човечка рака може да ги наслика прекрасните облици и нежните преливи на боите на билките и цвеќињата, но чиј допир може да му подари живот дури и на еден цвет или тревка? Секој цвет покрај патот му го должи своето постоење на онаа иста сила која таму горе ги утврдила ѕвездените светови. Во сè што е создадено пулсира животот на големото Божјо срце. Неговата рака го облекува полското цвеќе во уште пораскошни облеки од оние што некогаш ги имале земните владетели. „Па, ако полската трева, што денеска ја има, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе ќе стори за вас, маловерни!?“ (Матеј 6:30). (MГ 95.5)
Оној кој го создал цвеќето и му ја дал на врапчето неговата песна, вели: „Погледнете ги полските кринови”, „погледнете ги птиците”. Убавините на природата можат да ве научат многу повеќе за Божјата мудрост отколку луѓето кои се образуваат во некои училишта. На ливчињата на кринот Бог напишал порака за тебе, пишана со јазик што твоето срце може да ја прочита само ако заборави на моментите на недовербата, себичноста и грижата која нагризува. Зошто Бог ви ги дал распеаните птици и нежното цвеќе? Зарем нè го сторил тоа поради неизмерната љубов која ја има срцето на Отецот, за да ја развесели вашата животна патека? Сè што ви е потребно за одржување на животот би го имале и без цвеќето и птиците. Меѓутоа, на Бога не му било доволно да ви го даде само она што ви е неопходно за најосновните животни потреби. Тој ја исполнил земјата, воздухот и небото со глетки на убавина за да ви раскажуваат колку Тој во својата љубов мисли на нас. Убавината на сето она што е создадено е само еден зрак на сјајот на Неговата слава. Ако е толку дарежлив во украсувањето на природата за да ве усреќи и израдува, зарем можете да се сомневате дека Тој ќе ви го подари секој благослов кој ви е потребен? (MГ 96.1)
„Погледнете ги полските кринови”. Секој цвет кој ги отвора своите ливчиња на сончевите зраци, се потчинува на истите големи закони кои управуваат со ѕвездите. А колку е едноставен, прекрасен и складен неговиот живот! Бог сака преку цвеќето да го обрне нашето внимание на убавината на карактерот, сличен на Христовиот. Оној кој им подарил таква убавина на цвеќињата, уште повеќе сака нашата душа да ја облече во убавината на Христовиот карактер. (MГ 97.1)
Погледнете, вели Исус, како растат полските кринови; како, кога никнуваат од студената, мрачна земја или од калта на речното корито, се развиваат во цветови полни со убавина и мирис! Кој би помислил во колку убав цвет може да се развие грубата, кафеава главица на кринот? Но кога животот од Бога, сокриен во него, се развие на Неговиот повик, благодарение на дождот и сонцето, луѓето се восхитуваат гледајќи ја неговата слава и убавина. Исто така ќе се развие и животот од Бога во секоја човечка душа која ќе ја прифати службата на Неговата милост, која изобилно, како дождот и сонцето, се спушта со своите благослови на сите. Божјата Реч е сила која го создава цвеќето, а таа иста реч ќе ги развие и во вас доблестите на Неговиот Дух. (MГ 97.2)
Божјиот Закон е закон на љубовта. Бог ве опкружил со убавина за да ве поучи дека вие не сте дошле на земјата само да истражувате, да копате и градите, напорно да работите и ткаете, туку со Христовата љубов да го направите животот посветол, радосен и убав – слично на цвеќето да го развеселувате животот на другите со службата на љубовта. (MГ 97.3)
Татковци и мајки, нека вашите деца се поучат од цвеќето. Поведете ги со себе во градината, полето, или под разлистените дрвја и учете ги во природата да ја читаат пораката на Божјата љубов. Кога размислувате за Него поврзете го со птиците, цвеќето и дрвјата. Поучете ги децата во сѐ што е пријатно и убаво да го гледаат изразот на Божјата љубов кон нив. Препорачајте им ја својата религија со нејзината пријатна страна. Нека законот на добрината управува со вашите усни. (MГ 97.4)
Поучете ги децата дека благодарение на големата Божја љубов и нивната природа може да се измени и да се доведе во согласност со божествената природа. Учете ги дека Бог сака да го направи нивниот живот убав како што цвеќето е убаво. Учете ги додека ги собираат прекрасните цвеќиња, дека Оној кој го создал цвеќето е многу поубав од него. Така нежните ластари на нивните срца ќе бидат испреплетени за Него. Оној кој „целиот е прекрасен” ќе биде нивен секојдневен придружник и близок пријател, а нивниот живот ќе се преобрази во ликот на Неговата чистота. (MГ 98.1)
„Но барајте го најнапред царството на Бога”
(Матеј 6:33).
Народот кој ги слушал Христовите зборови желно очекувал да биде прогласено земното царство. Додека Исус им ги отворал небесните ризници, мислите на мнозина биле преокупирани со прашањето: како врската со Него ќе придонесе за нашето напредување во светот? Исус им покажал дека се слични со околните незнабожечки народи, затоа што најголемо внимание обрнуваат на она што е земно и се однесуваат како да не постои Бог, кој нежно се грижи за своите созданија. (MГ 98.2)
„Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде” (Лука 12:30,31; Матеј 6:32,33). Дојдов да ви го отворам царството на љубовта, правдата и мирот. Отворете ги вашите срца за да го добиете ова царство и нека службата за него ви биде поважна од сѐ друго. Иако природата на тоа царство е духовна, не плашете се дека вашите потреби во овој живот ќе останат незадоволени. Ако се посветите на Божјата служба, Оној кој ја има сета власт на небото и на земјата ќе се погрижи и за вашите потреби. (MГ 99.1)
Исус не нѐ ослободува од вложувањето на потребните напори, но Тој учи дека треба да ни биде прв, последен и најдобар во сè. Ние не треба да се впуштаме во работи кои би го попречувале извршувањето на Неговата правда преку нашиот карактер и живот, ниту пак смееме да се занимаваме со таква работа и копнееме по такви задоволства. Што и да правиме, треба да биде направено од срце, како за Господа. (MГ 99.2)
Додека живеел на оваа земја, Исус се покажал достоен во секој момент на својот живот, на луѓето им ја откривал славата Божја и во сè и се потчинувал на волјата на својот Отец. Ако го следиме Неговиот пример, Тој нè уверува дека ќе ни се „додаде” сѐ што ни е потребно во овој живот. Сиромаштија или богатство, болест или здравје, едноставност или мудрост – сето тоа го предвидел кога ни ја ветил својата милост. (MГ 99.3)
Вечната Божја рака е испружена над душата која му се обраќа за помош, па колку и да е слаба. Драгоцените украси „од старите планини … и вечните ридови” (Повторени закони 33:15), ќе пропаднат, но душата која живее за Бога, ќе пребива со Него. „А светот е минлив и похотите негови, а оној што ја извршува волјата Божја, останува довека” (1. Јованово 2:17). Божјиот град ќе ги отвори своите златни порти да го прими оној кој додека бил на земјата научил да се потпира на Бога, кога и среде страдањата и загубите научил да му се обраќа на Бога за водство, мудрост, утеха и надеж. Ангелите со своите песни ќе му посакаат добредојде, а дрвото на животот за него ќе раѓа род. „Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува” (Исаија 54:10). (MГ 99.4)
„Немојте да се грижите за утре…
на секој ден доволна е неговата неволја”
(Матеј 6:34).
Ако сте се предале на Бога да го извршувате Неговото дело, тогаш не треба да се грижите за утре. Оној, чиј слуга сте, го знае крајот уште од самиот почеток. Настаните на утрешниот ден, скриени од вашиот поглед, откриени се пред очите на Оној кој е семоќен. (MГ 100.1)
Кога ние во свои раце ќе го преземеме управувањето со работите кои ни се доверени, и кога потпирајќи се на својата мудрост, сакаме да постигнеме успех, го преземаме товарот кој Господ не ни го дал и се обидуваме да го носиме без Негова помош. Ние на себе ја преземаме одговорноста која му припаѓа на Бога и така всушност се ставаме на Неговото место. Тогаш со право можеме да бидеме загрижени и да очекуваме опасности и загуби, бидејќи тие сигурно ќе нè снајдат. Но, ако вистински веруваме дека Бог нè љуби и ни посакува само добро, тогаш ќе престанеме да се грижиме за иднината. Ќе се надеваме на Бога како што детето се надева на своите родители, кои ги сака. Тогаш ќе престанат нашите грижи и маки, бидејќи нашата волја целосно се соединила со Божјата волја. (MГ 100.2)
Христос не ни ветил дека денес ќе ни помогне да го носиме товарот на утрешниот ден. Тој рекол: „Доста ти е Мојата благодат” (2. Коринтјаните 12:9); но како и маната во пустината, Неговата милост се излева секој ден за потребите на тој ден. Како и четите Израелови во текот на својот патнички живот, и ние можеме од утро до утро да го наоѓаме небесниот леб и со него да ги задоволуваме своите потреби за тој ден. (MГ 101.1)
Нам ни припаѓа само еден единствен ден и во текот на тој ден ние треба да живееме за Бога. За тој еден ден ние треба да ги предадеме во Христови раце, во свечена служба, сите свои намери и планови, префрлајќи ги сите свои грижи на Него, бидејќи Тој се грижи за нас. „Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж”. „Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во кротката надеж е вашата сила” (Еремија 29:11; Исаија 30:15). (MГ 101.2)
Ако го барате Господа, и ако секој ден се преобразувате, ако според сопствениот избор бидете слободни и радосни во Бога, ако со радосно срце одговорите на Неговиот милостив повик да го понесете Христовиот јарем, јарем на послушност и служба, повеќе нема да се слуша мрморење, ќе бидат отстранети сите ваши тешкотии и ќе бидат решени сите замрсени проблеми со кои сега се соочувате. (MГ 101.3)