3. ДУХОТ НА ЗАКОНОТ
„Не сум дошол да ги поништам,
туку да ги исполнам”
(Матеј 5:17).
Самиот Христос среде громови и оган го објавил Законот на Синајската гора. Славата Божја, слична на огнот што проголтува, почивала на нејзиниот врв а планината се тресела од Божјото присуство. Војските Израелови, ничкум лежејќи на земја, со длабока страхопочит ги слушале светите прописи на Законот. Каква разлика помеѓу таа глетка и оваа на гората на блаженството! Под летното небо, во тишина која единствено ја нарушувале песните на птиците, Исус ги објаснувал начелата на своето царство. Оној кој тој ден му зборувал на народот со јазикот на љубовта, му ги откривал начелата на Законот кој бил објавен на Синај. (MГ 45.1)
При објавувањето на Законот било неопходно Израел, понижен поради долгото ропство во Египет, да добие вистински впечаток за Божјата сила и величество, па сепак и тогаш Бог им се открил како Бог на љубовта. (MГ 45.2)
„Господ дојде од Синај, им се јави во Сеир;
Заблеска од планината Фаран,
И пристигна со илјадници светии,
А во десницата Негова огнен закон за нив.
Сепак, Ти го сакаш Својот народ и сите светии се во раката Твоја;
И тие паднаа пред Твоите нозе,
За да ги слушнат зборовите Твои” (Повторени закони 33:2,3). (MГ 45.3)
Токму на Мојсеј Бог му ја открил својата слава со прекрасните зборови кои останале сочувани како најскапоцено наследство на сите векови: „Господ, Господ, Бог човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови” (Излез 34:6,7). (MГ 46.1)
Законот даден на Синај бил израз на начелата на љубовта, откровение на небесниот Закон на земјата. Тој бил ставен во раката на Посредникот, изговорен со гласот на Оној со чија сила срцата на луѓето можат да бидат доведени во согласност со Неговите начела. Бог ја открил целта на Законот кога на Израел му се обратил со зборовите: „И ќе Ми бидете свет народ” (Излез 22:31). (MГ 46.2)
Но Израелците не ја сфатиле духовната природа на Законот, и многу често нивната таканаречена послушност била само почитување на форми и церемонии, а не во потчинување на срцето на врховната власт на љубовта. Бидејќи Исус во својот карактер и дело им ги открил на луѓето светите милосрдни особини на Отецот, им укажал на безвредноста на церемонијалната послушност, и затоа еврејските водачи не го примиле ниту пак ги разбрале Неговите зборови. Мислеле дека Тој премногу лесно се однесувал кон барањата на Законот; и кога Тој им ги изнел токму оние вистини кои ја сочинувале суштината на нивната од Бога одредената служба, тие гледајќи само на формата, го обвиниле дека го крши Законот. (MГ 46.3)
Христовите зборови иако биле изговорени смирено, биле проткаени со сериозност и сила која ги потресувала срцата на луѓето. Тие очекувале да слушнат повторување на безживотните традиции и претераните барања на рабините, но залудно. „Народот се чудеше на Неговото учење, зашто Тој ги поучуваше како Оној Кој има власт, а не како книжниците” (Матеј 7:28,29). Фарисеите забележувале голема разлика помеѓу својот и Христовиот начин на поучување. Виделе дека величеството, чистотата и убавината на вистината со нејзиното длабоко и нежно влијание делува силно на разумот на многуте души. Божествената љубов и нежноста на Спасителот ги привлекувале срцата на луѓето кон Него. Рабините увиделе дека Тој со своето учење го поништил целиот систем на поуки кој тие му ги давале на народот. Тој го рушел ѕидот на поделба кој толку им годел на нивната гордост и исклучивост; се плашеле дека Тој, ако тоа му се дозволи, целосно ќе го одвои народот од нив. Затоа го следеле исполнети со одлучно непријателство, надевајќи се дека ќе им се даде некоја можност да го замразат со народот и така да му овозможат на Синедрионот да издејствува смртна пресуда за Него. (MГ 46.4)
На гората, шпионите внимателно го следеле Исуса; и додека Тој ги изнесувал начелата на правдата, фарисеите ги ширеле гласовите дека Неговото учење е спротивно на прописите што Бог ги дал на Синај. Спасителот не изговорил ниту еден збор кој би можел да ги разниша верувањата и уредбите кои биле дадени преку Мојсеј, бидејќи секој зрак на божествената светлина, кој големиот израелски водач му го пренесувал на народот, бил примен од Христа. Додека многумина во срцето си помислувале дека Тој дошол да го поништи Законот, Исус со зборови кои не можат погрешно да се разберат го изнесувал својот став кон Божјите прописи. „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците” (Матеј 5:17). (MГ 47.1)
Самиот Создател на луѓето и Дарителот на Законот изјавува дека Негова намера не е да ги укине неговите прописи. Сè во природата, од најситните честички во сончевиот зрак па до световите во висините, се покорува на одредени закони. И од послушноста кон тие закони зависи редот и складноста во светот на природата. Исто така постојат големи начела на правдата кои управуваат со животот на сите разумни суштества, и од покорувањето на тие начела зависи благосостојбата на целата вселена. Божјиот Закон постоел уште пред да биде создадена земјата. Ангелите се раководат според тие начела, а за да земјата биде во склад со небото, и луѓето исто така мораат да се потчинуваат на тие Божји уредби. Христос во Едем го запознал човекот со прописите на Законот во време „кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост” (Јов 38:7). Христовата мисија на земјата не била да го наруши Законот, туку со посредство на милоста повторно да ги наведе луѓето на послушност на неговите одредби. (MГ 48.1)
Љубениот ученик кој на гората ги слушал Христовите зборови, пишувајќи многу подоцна под влијание на Светиот Дух, зборува за Законот како за постојана обврска. Тој вели: „Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие” (1. Јованово 3:4). Тој објаснува дека Законот за кој зборува е „старата заповед, што ја имавте од почетокот” (1. Јованово 2:7). Тој говори за Законот кој постоел уште при создавањето и само бил повторен на Синајската гора. (MГ 48.2)
говорејќи за Законот Исус вели: „Не сум дошол да го поништам, туку да го исполнам” Тој овде го употребува зборот „исполнам” во иста смисла како и тогаш кога на Јован Крстител му објавил: „Зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда” (Матеј 3:15), а тоа всушност значи: да се исполнат барањата на Законот, да се даде пример на целосно потчинување на Божјата волја. (MГ 48.3)
Неговата мисија била „да го возвеличи и прослави Законот Свој” (Исаија 42:21). Тој требало да ја посочи духовната природа на Законот, да ги изнесе неговите далекусежни начела и да ја објасни неговата вечна важност. (MГ 49.1)
Со божествената убавина на Христовиот карактер, според која и најблагородните и најкротките луѓе се само слаб отсјај, Тој за кого Соломон вдахнат со Духот пишувал дека е „поубав од десет илјади други… целиот е прекрасен” (Песна над песните 5:10,16), Тој за кого Давид, гледајќи го во пророчка визија, рекол: „Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки” (Псалм 45:2), Исус вистинска слика на својот Отец, сјај на Неговата слава, Спасител полн со самоодрекување на својот пат на љубовта по овој свет, бил жива слика на карактерот на Божјиот Закон. Во Неговиот живот се открило дека љубовта со небесно потекло, начело кое нѐ прави слични на Христа, е основата на Законот на вечната правда. (MГ 49.2)
„Дури постојат небото и земјата“, рекол Исус, „ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè” (Матеј 5:18). Со својата послушност на Законот Христос го потврдил Неговиот непроменлив карактер и докажал дека секој Адамов син и секоја Адамова ќерка можат да бидат, благодарение на Неговата благодат, совршено послушни на Законот. Тој изјавил на гората дека од Законот нема да исчезне ниедна буквичка додека не се исполни сè, сѐ што се однесува на човечкиот род, сè што е во врска со планот на спасението. Тој не вели дека Законот некогаш ќе биде укинат, туку го насочува нашиот поглед до крајните граници на човечкиот видик, и нè уверува дека Законот ќе го сочува својот авторитет сè додека не стигнеме до таа граница, и тоа го прави така што никој не би можел да помисли дека Негова мисија е да ги укине прописите на Законот. Сè додека постојат небото и земјата ќе важат и светите начела на Божјиот Закон. Неговата правда ќе постои „како моќните гори” (Псалм 36:6), и ќе биде извор на благослови од кого се разлеваат потоци да ја освежат земјата. (MГ 49.3)
Бидејќи Господовиот Закон е совршен и според тоа и непроменлив, грешните луѓе сами по себе не се во состојба да го задоволат стандардот на неговите барања. Затоа и Исус дошол како наш Спасител. Неговата мисија била луѓето да ги направи учесници во божествената природа и да ги доведе во согласност со небесните начела. Кога ќе се откажеме од гревот и ќе го примиме Христа како свој Спасител, тогаш го издигаме Законот. Апостол Павле прашува: „А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме” (Римјаните 3:31). (MГ 50.1)
Ветувањето на Новиот завет гласи: „Ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам” (Евреите 10:16). Иако требало системот на симболот кој укажувал на Христа како на Јагне Божјо кое ќе ги понесе гревовите на светот да престане со смртта на Христа, начелата на правдата содржани во десетте Божји заповеди се непроменливи како и вечниот престол. Ниедна заповед не е поништена, ниедно слово или црта не се изменети. Овие начела кои во рајот му биле објавени на човекот како голем закон на животот, ќе постојат неизменети и во обновениот рај. Кога Едем повторно ќе процвета на земјата, на Божјиот Закон на љубовта ќе му се потчинат сите што живеат под сонцето. (MГ 50.2)
„Твоето слово засекогаш е утврдено на небото”. „Делата на рацете Негови се верност и правда; и верни се сите заповеди Негови, утврдени засекогаш, засновани врз верност и правдина”. „Одамна знам за Твоите уредби дека си ги утврдил засекогаш” (Псалм 119:89; 111:7,8; 119:152). (MГ 51.1)
„И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди
и така ги научи луѓето, ќе се нарече
најмал во царството небесно”
(Матеј 5:19).
Тоа значи дека за него таму нема да има место бидејќи оној кој намерно ќе прекрши само една заповед не може во духот и вистината ни останатите да ги одржи. „Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè” (Јаков 2:10). (MГ 51.2)
Гревот не е во големината на чинот на непослушноста, туку во секое па и најмало отстапување од откриената Божја волја, бидејќи тоа покажува дека врските меѓу душата и гревот сѐ уште не се прекинати. Срцето им служи на двајца Господари. Тоа всушност, отворено се откажува од Бога, и се буни против законот на Неговото владеење. (MГ 51.3)
Кога на луѓето би им се дозволило да ги занемарат Божјите барања и сами на себе да си пропишуваат правила за должностите, тогаш би постоеле мноштво различни стандарди кои би ги задоволувале различните умови, така што власта би била одземена од рацете на Господа. Човечката волја би станала врховна, а возвишената и света Божја волја – Неговата намера на љубовта кон Неговите созданија – би била обесчестена и презрена. (MГ 51.4)
Секогаш кога луѓето го избираат својот пат, тие доаѓаат во судир со Бога. За нив нема да има место во небесното царство, бидејќи тие војуваат против темелните начела на небото. Непочитувајќи ја Божјата волја тие се ставаат на страната на сатаната, непријателот на Бога и луѓето. Човекот ќе живее не со еден збор, не со многу зборови, туку „од секој збор кој излегува од устата Божја”. Не можеме да бидеме сигурни ако занемариме само еден збор, колку и да ни изгледа безначаен, ако сакаме да се спасиме. Не постои ниту една заповед во Законот која не служи за доброто и среќата на човекот, и во овој живот и во оној кој допрва ќе дојде. Со послушноста кон Божјиот Закон, човекот е заграден како со некоја ограда која го чува од злото. Кој само во една точка ја руши оваа бариера која Бог ја подигнал, ја уништува нејзината моќ да го заштити, бидејќи тој го отворил патот по кој непријателот може да влезе да пустоши и уништува. (MГ 52.1)
Со тоа што се осмелиле само во една точка да се оглушат на Божјата волја, нашите прародители ги отвориле браните преку кои злото го преплавило целиот свет. Секој кој ќе го следи нивниот пример, ќе пожнее слични резултати. Божјата љубов е темел на секој пропис на Неговиот Закон, а оној кој отстапува од заповедите, ја причинува сопствената несреќа и пропаст. (MГ 52.2)
„Ако вашата праведност не ја надмине праведноста
на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете
во царството небесно”
(Матеј 5:20).
Книжниците и фарисеите не само Исуса, туку и Неговите ученици ги прогласувале за грешници поради непочитувањето на обичаите и обредите кои ги пропишувале рабините. Често учениците биле збунети и вознемирени поради прекорите и обвинувањата од страна на оние кои навикнале да ги почитуваат како верски учители. Исус ја разоткрил таа измама. Тој изјавил дека правдата на која фарисеите им придавале толкава важност е безвредна. Евреите како нација се сметала за посебен верен народ кој ја ужива Божјата наклонетост, но Христос укажал на тоа дека нивната религија е лишена од верата која спасува. Привидната побожност, човечките измислици и церемонии, па дури и горделивото исполнување на формалните барања на Законот, не можеле да ги направат свети. Тие немале чисто срце, не биле благородни ниту слични на Христа според карактерот. (MГ 53.1)
Религијата која е заснована на оправдување со дела не може да ја доведе душата во согласност со Бога. Строгата и крута правоверност на фарисеите, без скромност, нежност и љубов, за грешниците претставувала само камен за сопнување. Тие биле слични на солта која го изгубила вкусот бидејќи немале сила која би го сочувала светот од расипаност. Единствената вистинска вера е онаа која „дејствува преку љубовта” (Галатјаните 5:6), и ја чисти душата. Таа е слична на квасецот и го преобразува карактерот. (MГ 53.2)
Евреите сето тоа веќе морале да го научат од учењата на пророците. Уште пред многу векови, душите во својот стремеж да се смират со Бога можеле да најдат одговор во зборовите на пророкот Михеј: „Со што да застанам пред Господ, да се поклонам пред небесниот Бог? Да застанам ли пред Него со сепаленици, со едногодишни телци? Но може ли да му се угоди на Господ со илјадници овни или неизмерни потоци масло? Дали да му го дадам мојот првороден син за престапите свои и плодот на утробата своја – за гревовите на душата своја? О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог” (Михеј 6:6-8). (MГ 53.3)
Пророкот Осија покажал во што е суштината на фарисејството со следните зборови: „Израел е празна лоза, таа донесува плод само за себе” (Осија 10:1). Тврдејќи дека му служат на Бога, Евреите всушност си служеле себеси. Нивната правда била плод на нивните напори да го одржат Законот, но по своја замисла и од користољубие. Затоа нивната правда и не можела да биде подобра од нив самите. Во своето настојување самите да се направат свети, всушност се обидувале чистото да го извлечат од нечистото. Божјиот Закон е свет како што е свет и самиот Бог, и совршен како и самиот Законодавец. Тој на луѓето им ја прикажува Божјата правда. Човекот сам по себе не е во состојба да го одржи Законот бидејќи човечката природа е расипана, обезличена и ниту најмалку слична на Божјиот карактер. Делата на себичното срце се „како нечист човек” и „секоја наша правда – како извалкана облека” (Исаија 64:6). (MГ 54.1)
Токму затоа што Законот е свет, Евреите не можеле со сопствени напори да постигнат правда и да го држат Законот. Ако сакаат да влезат во небесното царство, Христовите ученици мораат да стекнат правда која е со поинаков карактер од правдата на фарисеите. Бог во својот Син им ја пружил совршената правда на Законот. Да му ги отвориле целосно своите срца да го примат Христа, во нив би се населила полнотата на Божјиот живот и Неговата љубов, преобразувајќи ги во Неговиот лик; и така благодарение на доброволниот Божји дар можеле да ја добијат правдата која Законот ја бара. Меѓутоа, фарисеите го отфрлиле Христа; „зашто, не знаејќи за Божјата праведност и тежнеејќи да воспостават своја сопствена праведност, тие не и се подредија на Божјата праведност” (Римјаните 10:3). (MГ 54.2)
Исус продолжил да им објаснува на своите слушатели што значи да се држат Божјите заповеди – дека тоа е изградба на Христовиот карактер во нив. Бидејќи во Него, Бог секојдневно се откривал пред нив. (MГ 55.1)
„Секој, што се гневи на брата си (без причина),
ќе биде осуден пред судот”
(Матеј 5:22).
Господ преку Мојсеј рекол: „Во срцето свое не мрази го братот твој… Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе” (Левитска 19:17,18). Вистините кои Христос ги изнесувал биле истите за кои проповедале пророците, но тие постепено избледеле и станале нејасни поради закоравеноста на срцето и љубовта кон гревот. (MГ 55.2)
Зборовите на Спасителот им го откриле на Неговите слушатели фактот дека тие, осудувајќи ги другите како престапници, биле исто толку виновни, бидејќи негувале злоба и омраза. (MГ 55.3)
Од другата страна на езерото, од спротивната страна од местото каде што се собраа, се наоѓаше Васанската земја, една пуста област чиишто диви клисури и шумовити ридови одамна биле омилено место за разбојниците од секаков вид. Извештаите за грабеж и убиство извршени таму уште биле свежи во умовите на народот, и многумина ревнуваа да ги осудат овие злосторници. Но и самите истовремено биле избувливи и кавгаџии; негувале најогорчена омраза кон нивните римски угнетувачи и се чувствувале слободни да ги мразат и презираат сите други народи, па дури и нивните сограѓани кои воопшто не се согласувале со нивното мислење. Во сето тоа тие го кршеле Законот кој кажува: „Не убивај”. (MГ 56.1)
Духот на омразата и одмаздата потекнува од сатаната и тоа го навело да го убие Синот Божји. Секој оној кој во себе негува злоба или нељубезност, го негува истиот дух, чиј плод е смртта. Во одмаздничката мисла се крие зло дело, како што во семето се крие растението. „Секој што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе остане во него” (1. Јованово 3:15). (MГ 56.2)
„А оној што ќе го нарече брата си ,празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд” (Матеј 5:22). Дарувајќи го својот Син за нашето откупување, Бог покажал колку високо ја цени секоја човечка душа, и затоа Тој никому не му дозволува со презир да говори за својот ближен. Ние кај сите околу нас ќе забележиме грешки и слабости; меѓутоа Бог полага право на секоја душа како на своја сопственост, според создавањето, а уште повеќе според откупувањето со скапоцената Христова крв. Сите се создадени според Неговиот лик, затоа дури и со оние кои најдлабоко паднале треба да се постапува со почит и нежност. Пред Бога ќе бидеме одговорни дури и за еден единствен лош збор упатен на душата за која Христос го дал својот живот. (MГ 56.3)
„Зашто, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си примил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?” (1. Kopинтјаните 4:7). „Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот Господар тој стои или паѓа” (Римјаните 14:4). (MГ57.1 )
„Оној, пак, што ќе рече ,будала‘, ќе биде осуден за во пеколот” (Матеј 5:22). Во Стариот завет зборот „будала” се употребувал за отпадник или за оној кој целосно се предал на безбожноста. Исус вели дека секој кој ќе го обвини својот брат како отпадник или безбожник, покажува дека и самиот ја заслужува истата осуда. (MГ 57.2)
Самиот Христос „кога се препираше со ѓаволот за Мојсеевото тело, не се осмели да изрече хулна пресуда” (Јуда 9). Да го стореше тоа ќе стапнеше на тлото на сатаната, бидејќи обвинувањето е сатанско оружје. Тој во Писмото е наречен „напаѓач на нашите браќа”. Исус не сакал да употреби ниедно сатанско оружје. му се спротивставил само со зборовите: „Господ да те искара” (Јуда 9). (MГ 57.3)
Нека Тој ни послужи како пример. Кога ќе дојдеме во судир со Христовите непријатели, ние не смееме да возвраќаме со иста мера, ниту да кажеме нешто што би личело на навредлива осуда. Оној кој е одреден да зборува во Божјо име, не смее да изговара зборови кои ниту Височеството небесно не ги употребило кога се расправало со сатаната. Ние мораме на Бога да му го препуштиме делото на судење и осуда. (MГ 57.4)
„Помири се со брата си”
(Матеј 5:24).
Божјата љубов е нешто повеќе од едноставното воздржување од зли дела; таа е позитивно и делотворно начело, жив извор кој секогаш тече на благослов на другите. Ако Христовата љубов престојува во нас, не само што нема да негуваме омраза кон своите ближни, туку ќе се трудиме на секој начин да им покажеме љубов. (MГ 58.1)
Исус вели: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот” (Матеј 5:23,24). Жртвениот дар бил израз на верата дека преку Христа дародавецот ќе стане учесник во Божјата милост и љубов. Меѓутоа, да се изразува вера во Божјата љубов која простува, а истовремено да се негува бесчувствителен дух, е вистинска лакрдија. (MГ 58.2)
Кога некој кој тврди дека му служи на Бога, ќе му нанесе неправда на својот брат или навреда, тој со тоа лажно го прикажува Божјиот карактер; па затоа мора да се признае злото, мора да го признае како грев ако сака да биде во хармонија со Бога. Можеби тој брат ни направил поголема неправда отколку ние нему, но тоа не ја намалува нашата одговорност. Ако доаѓајќи пред Бога се сетиме дека некој има нешто на нас, должни сме да го оставиме својот молитвен дар, дарот на благодарност или доброволниот дар, и да го побараме братот со кој сме дошле до недоразбирање, понизно да го признаеме својот грев и да побараме проштевање. (MГ 58.3)
Ако на било кој начин сме го измамиле или повредиле својот брат мораме тоа да го поправиме. Ако во незнаење лажно сме сведочеле, ако неточно сме ги пренеле неговите зборови, ако на било кој начин сме го намалиле неговото влијание, треба да појдеме кај оние со кои сме разговарале за него и да ги повлечеме сите свои навредливи невистинити изјави. (MГ 59.1)
Кога несогласувањата меѓу браќата не би се изнесувале пред другите, колку зла би се спречиле! Кога искрено, во духот на христијанската љубов, би се решавале меѓу себе, колку зла би се избегнале! Колку бргу би биле уништени корените на горчината со која многумина биле осквернувани и уништени! Колку интимно и нежно Христовите следбеници би можеле да бидат обединети во Неговата љубов! (MГ 59.2)
„Секој што ќе погледне на жена со желба,
тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое”
(Матеј 5:28).
Евреите биле горди на својата моралност и со ужас гледале на неморалните практики на незнабошците. Присуството на римските офицери, кои царската власт ги довела во Палестина, постојано ги навредуваше чувствата на народот, бидејќи со овие странци како поплава пристигнале и незнабожечките обичаи, развратот и разузданоста. Во Капернаум, римските службеници често се појавувале со своите накитени љубовници на прослави и прошетки. Честопати звукот на бучната веселба ја нарушувал тишината на езерото, додека нивните луксузни чамци бавно пловеле по мирната површина на водата. Народот очекувал дека Исус строго ќе ги прекори овие луѓе; меѓутоа, колкаво било нивното изненадување кога ги слушнале зборовите кои им ја откриле злобата на нивното сопствено срце! (MГ 59.3)
Кога лошата мисла ќе омили и кога човек ја негува, макар и тајно, вели Исус, тоа покажува дека во срцето сè уште владее гревот. Душата сѐ уште е обземена со горчина и се наоѓа во оковите на беззаконието. Оној кој ужива во нечисти глетки и си дозволува лоша мисла, похотлив поглед, може во отворен престап и последиците кои тој ги повлекува со себе во својот срамен товар и болка која го раскинува срцето, да ја согледа вистинската природа на злото кое го криел во одаите на душата. Моментот на искушението, кога некој ќе западне во некој тежок грев, не го создало злото кое се открило, туку само го забрзал или открил она што веќе било скриено и заспано во срцето. „Зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој“, бидејќи од срцето „се изворите на животот” (Изреки 23:7; 4:23). (MГ 60.1)
„И десната рака, ако те наведува на грев,
исечи ја и фрли ја од себе”
(Матеј 5:30).
За да го спречи ширењето на болеста во организмот и уништувањето на животот, човекот е подготвен да ја прежали и десната рака. Колку повеќе тој треба да биде подготвен да се одрече од она што го загрозува животот на душата! (MГ 60.2)
Душите кои сатаната ги деградирал и заробил треба да бидат откупени преку Евангелието за да можат и тие да учествуваат во славната слобода на Божјите синови. Божјата намера не е само да нѐ ослободи од страдањето што е неизбежна последица на гревот, туку да спаси и од самиот грев. Изопачената и деформирана душа мора да се прочисти и преобрази за да може да се облече во убавината на „нашиот Господ Бог”, и да де се усогласи „со ликот на Неговиот Син”. „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои го љубат” (Псалм 90:17; Римјаните 8:29; 1. Kopинтјаните 2:9). Само вечноста може да ја открие славната судбина која ќе ја достигне човекот во кого е обновен Божјиот лик. (MГ 60.3)
Ако сакаме да го достигнеме овој висок идеал, мора да се жртвува сѐ што предизвикува сопнувањето на душата. Гревот се служи со посредство на волјата за да нè задржи под своја власт. Потчинувањето на волјата е претставено како вадење на окото или отсекување на раката. Често ни се чини дека покорувањето на Божјата волја значи и согласност да поминеме низ животот наказени или осакатени. Но, подобро е, вели Исус, вашето „јас” да биде осакатено, рането или куцо, само ако на тој начин можеш да влезеш во животот. Она што го сметаш за пропаст, всушност те води кон најголемиот благослов. (MГ 61.1)
Бог е извор на животот и ние можеме да имаме живот само ако сме во заедница со Него. Одвоени од Бога, можеме да постоиме само кратко време, но тоа не е живот. „Но онаа, пак, што живее распуштено, таа умрела уште додека е жива” (1. Тимотеј 5:6). Бог може да ни подари живот само ако својата волја ја предадеме на Неговата. Само со примање на Неговиот живот, преку само предавање можно е, вели Исус, да ги совладате скриените гревови на кои Тој укажува. Можете да ги закопате во вашите срца и да ги скриете од човечките очи, но како ќе опстанете во Божјото присуство? (MГ 61.2)
Ако се потпирате на себе, одбивајќи својата волја да ја предадете на Бога, вие ќе ја одберете смртта. За гревот, каде и да се наоѓа, Бог е оган кој согорува. Ако го изберете гревот и одбивате да се откажете од него, Божјото присуство кое го согорува гревот, ќе ве согори и вас. (MГ 62.1)
Ако сакате да му се предадете на Бога, тоа ќе бара жртва; но тоа е жртвување на пониското заради повозвишеното, земното заради духовното, пропадливото заради вечното. Бог не одредил нашата волја да биде уништена, бидејќи само ако со неа се служиме, можеме да го постигнеме она што Тој сака да го постигнеме. За да можеме повторно да ја примиме прочистена и облагородена и така тесно поврзана со Божјата волја, нашата волја мора да му се покори на Бога, за да може преку нас да ги излева даровите на својата љубов и сила. Колку болно и горчливо таквото предавање може да му се чини на тврдоглавото и самоволно срце, сепак тоа е подобро за нас. (MГ 62.2)
Сè додека осакатен и беспомошен не паднал на градите на Ангелот на заветот, Јаков не ја запознал победата на несовладливата вера, ниту пак ја добил титулата принц Божји. Токму тогаш кога тој „накривнуваше поради повредениот колк” (Создавање 32:31), Исавовите вооружени луѓе се смириле пред него, а фараонот, гордиот наследник на царската лоза, ја наведнал главата да побара од него благослов. Исто така и Поглаварот на нашето спасение станал совршен „преку страдања“ (Евреите 2:10), а децата на верата „од немоќни станаа крепки” и „прогонија туѓи војски” (Евреите 11:34). Така „сакатите ќе тргнат по грабеж” (Исаија 33:23), и слабите ќе станат „како Давид”, а „домот Давидов ќе стане како… ангел Господов” (Захарија 12:8). (MГ 62.3)
„Може ли човек да ја остави жената своја”
(Матеј 19:3).
Кај Евреите било дозволено човек да ја отпушти својата жена и за најситна навреда и жената тогаш имала право повторно да се омажи. Таквиот обичај предизвикувал големи несреќи и грев. Во Беседата на гората, Исус јасно изјавил дека брачната врска не може да се раскине освен во случај на неверство на брачниот завет. „Секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува” (Матеј 5:32). (MГ 63.1)
Кога подоцна фарисеите го прашале за законитоста на разводот, Исус ги потсетил своите слушатели на институцијата на бракот која била втемелена уште при создавањето: „Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така” (Матеј 19:8). Ги потсетил на блажените денови во Едем, кога Бог изјавил дека сè што создал „е многу добро”. Оттука потекнуваат бракот и саботата, две институции на слава Божја и за благослов на човештвото. Кога Создателот со брачен завет ги споил рацете на светиот пар со зборовите: „Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и (обата) ќе бидат едно тело” (Создавање 2:24), го прогласил законот за бракот за сите Адамови деца до крајот на времето. Она што самиот вечен Отец го прогласил за добро, претставува закон кој на луѓето требало да им донесе најголем благослов и да им овозможи највисок развој. (MГ 63.2)
Како што ги изопачил и сите други добри Божји дарови доверени на човештвото, така гревот го изопачил и бракот, но целта на Евангелието е да ја обнови неговата чистота и убавина. И во Стариот и во Новиот завет брачната врска се користи да ја прикаже нежната и света заедница што постои меѓу Христа и Неговиот народ, спасените кои Тој ги откупил на Голгота. „Не плаши се“, вели Тој, „зашто нема да бидеш посрамена; не возбудувај се, зашто нема да бидеш исмеана: ќе го заборавиш посрамувањето на младоста своја и нема повеќе да си спомниш за срамот на вдовството твое. Зашто твојот Творец е твојот сопруг; Јахве Саваот е името Негово, твој искупител е Светецот Израелов”. „Вратете се деца – отстапници, вели Господ, зашто Јас сум ваш Господар” (Исаија 54:4,5; Еремија 3:14). Во Песна над песните го слушаме гласот на невестата како вели: „Мојот возљубен е мој, јас, пак, сум негова”. А тој кој е за неа „поубав од десет илјади други” и вели на својата избраничка: „Цела си убава, мила моја, нема ни дамка на тебе” (Песна над песните 2:16; 5:10; 4:7). (MГ 64.1)
Подоцна апостол Павле, пишувајќи им на христијаните во Ефес, изјавил дека Господ го поставил мажот да биде глава на жената, да биде нејзин заштитник, домашна врска која ги соединува членовите на семејството, како што и Христос е глава на црквата и спасител на симболичното тело. Затоа тој вели: „Па, како што Црквата му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси” (Ефесјаните 5:24-28). (MГ 64.2)
Христовата милост, и само таа, може да направи оваа институција да биде она што Бог одредил да биде – средство за благослов и издигање на човечкиот род. И така семејствата на земјата, во своето единство, мир и љубов, можат да го претставуваат небесното семејство. (MГ 65.1)
Денес, како и во деновите на Христа, состојбата во општеството претставува тажна спротивност во однос на небесниот идеал за оваа света врска. Но, дури и на оние кои вкусиле само горчина и разочарување, таму каде очекувале пријателство и радост, Христовото Евангелие им нуди утеха. Трпението и нежноста, која може да ја всади Неговиот Дух, ќе ја засладат горчливата судбина. Срцето во кое живее Христос ќе биде толку исполнето и толку задоволно од Неговата љубов така што нема да обземено со желба да привлече сочувство и внимание на себе. Кога душата ќе му се предаде на Бога, Неговата мудрост ќе го направи она што човечката мудрост не успеала. Срцата кои некогаш биле рамнодушни или отуѓени, можат преку откривањето на Неговата милост да се поврзат со златни врски на љубов, поцврсти и потрајни од секоја земна врска, која ќе одолее на сите искушенија. (MГ 65.2)
„Не колнете се воопшто”
(Матеј 5:34).
Причина за оваа заповед е дадена: Ние не смееме да се колнеме „ниту во небото, зашто тоа е престол Божји; ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар. Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да направиш бело или црно” (Матеј 5:34-36). (MГ 66.1)
Сите нешта доаѓаат од Бога. Ние немаме ништо што не сме примиле; и, уште повеќе од ова, ние немаме ништо што не е купено за нас со Христовата крв. Сѐ што поседуваме ни доаѓа со печатот на крстот, купено со крвта која е поскапоцена од сè, бидејќи тоа е Божјиот живот. Оттука ништо од она што имаме, немаме право да понудиме како свое во залог како доказ дека ќе го исполниме нашиот збор. (MГ 66.2)
Евреите сфатиле дека третата заповед забранува напразна употреба на Божјото име; но мислеле дека останатите заклетви можат слободно да ги употребуваат. Давањето на заклетва било вообичаено кај нив. Преку Мојсеј им било забрането лажно да се заколнуваат, но тие секогаш наоѓале начини да се ослободат од обврската што им била наметната со заклетвата. Не се плашеле да се впуштат во богохулство; ниту пак се плашеле од кривоклетство сѐ додека било прикриено со вешто заобиколување на Законот. (MГ 66.3)
Исус тоа го осудил и изјавил дека нивниот обичај на давање на заклетва претставува престап на Божјите заповеди. Сепак, нашиот Спасител не ја забранил употребата на заклетвата во судот, со која Бог свечено се повикува за сведок дека она што е речено е вистина и само вистина. Самиот Исус, на своето сослушување пред Синедрионот, не одбил да сведочи под заклетва. Првосвештеникот му рекол: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш: Ти ли си Христос, Синот Божји?” Исус одговорил: „Ти рече!” (Матеј 26:63,64). Кога Христос во Беседата на гората би ја осудил заклетвата на судот, Тој во текот на своето сослушување би го прекорил првосвештеникот и така, за доброто на своите следбеници, би го поткрепил своето учење. (MГ 66.4)
Многумина не се плашат да ги измамат своите ближни, но тие се поучени и осведочени и од Божјиот Дух дека е страшно да се лаже нашиот Создател. Кога од нив се бара да положат заклетва, тие чувствуваат дека не сведочат само пред луѓето, туку и пред Бога, и дека во случај на лажно сведочење го навредуваат Оној кој ги чита срцата и ја знае вистината. Помислата на страшната казна која ќе следува поради таквиот грев делува на нив, па затоа се воздржуваат. (MГ 67.1)
Но, ако некој може доследно да сведочи под заклетва, тоа е христијанинот. Тој постојано живее во Божјо присуство, знаејќи дека секоја мисла е откриена пред очите на Оној на кого единствено му е одговорен. И кога од него се бара тоа да го стори на законски начин, правилно е да го повика Бога за сведок дека она што го зборува е вистина и само вистина. (MГ 67.2)
Исус во таа прилика сакал да воспостави начело кое ќе ја направи заклетвата непотребна. Тој учи дека правата вистина треба да биде закон на говорот. „Но зборот ваш да биде: ,да‘, ,да‘, или ,не‘, ,не‘, а сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е” (Матеј 5:37). (MГ 67.3)
Овие зборови ги осудуваат сите оние бесмислени фрази и пцовки кои се граничат со вулгарност. Тие ги осудуваат сите лажни комплименти, избегнувањето на вистината, ласкавите фрази, претерувањата, трговските измами, кои се толку вообичаени во општеството и во деловниот свет. Тие учат дека никој кој се обидува да се претстави за она што не е, или чии зборови не се израз на вистинските чувства на неговото срце, не може да се нарече вистинољубив. (MГ 68.1)
Кога овие Христови зборови би се почитувале, не би биле изречени толку зли претпоставки и нељубезни критики; бидејќи кој може да биде сигурен дека толкувајќи ги постапките и мотивите на другите ја зборува правата вистина? Колку пати гордоста, страста или личната нетрпеливост можат да имаат влијание на проценката што ја даваме! Еден поглед, еден збор, па дури и бојата на гласот можат да наведат на погрешен заклучок. Дури и фактите можат да бидат така изнесени да наведат на погрешен впечаток. „А сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е”. (MГ 68.2)
Сѐ што прават христијаните треба да биде јасно како сончевата светлина. Вистината е од Бога, а лагата, во сите свои безбројни облици, потекнува од сатаната; и оној кој на било кој начин скршне од правиот пат на вистината, се предава себеси на силата на Злиот. Сепак, не е едноставно ниту лесно да се зборува правата вистина. Вистината можеме да ја кажеме само ако ја познаваме. Колку пати предрасудите, однапред создаденото мислење, недоволното знаење, погрешните проценки, го спречуваат вистинското разбирање на проблемот кој мораме да го решаваме. Ние нема да бидеме во состојба да ја зборуваме вистината, ако со нашиот разум постојано не управува Оној кој и самиот е вистина. (MГ 68.3)
Христос преку апостолот Павле ни налага: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен”. „Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Колосјаните 4:6; Ефесјаните 4:29). Во светлината на овие стихови јасно се гледа дека Христовите зборови на гората ги осудуваат бесчувствителните, празните и несериозните разговори; тие бараат нашите зборови да бидат не само вистинити, туку и чисти. (MГ 68.4)
Оние кои учеле од Христа нема да бидат учесници во „бесплодните дела на темнината” (Ефесјаните 5:11). Во говорот, како и во животот тие ќе бидат едноставни, непосредни и искрени, бидејќи се подготвуваат за заедница со оние свети во чии усти „измама не се најде” (Откровение 14:5). (MГ 69.1)
„Не противете се на лукавиот.
Ако некој те удри по десниот образ,
заврти му го и другиот”
(Матеј 5:39).
Средбите со римските војници постојано предизвикувале кај Евреите огорченост. Војните одреди биле стационирани на разни места ширум Јудеја и Галилеја и нивното присуство го потсетувало народот на сопствената национална немоќ. Со горчина во душата го слушале продорниот звук на трубите и ги гледале четите како се собираат околу римското знаме и му се поклонуваат, оддавајќи му чест на симболот на римската моќ. Судирите помеѓу народот и војниците биле многу чести и тоа уште повеќе ја разгорувало омразата на луѓето. Често се случувало некој римски чиновник во воена придружба, додека брзал од место во место, да земе еврејски селанец кој работел во полето и го принудувал да носи товар низ ридот или пак да направат каква било друга услуга која била потребна. Тоа било во согласност со римскиот закон и обичај, а противењето на таквите барања само би предизвикало остри прекори и свирепост. Копнежот да го отфрлат римскиот јарем секој ден станувал сѐ посилен во срцето на народот. Духот на бунтовност особено бил силен меѓу храбрите Галилејци, со кои грубо се постапувало. Капернаум, како пограничен град, бил седиште на еден римски гарнизон и додека Исус поучувал, Неговите слушатели забележале една чета војници, што само ги потсетило на горчливата вистина за израелското понижување. Народот желно гледал во Христа, надевајќи се дека Тој е оној кој треба да ја скрши гордоста на Рим. (MГ 69.2)
Исус со тага ги набљудувал намуртените лица пред себе. Го забележувал духот на одмаздата кој веќе го беше втиснал својот зол печат во нив и знаел со колкава огорченост народот копнее со сила да ги сотре своите угнетувачи. Исполнет со тага Тој им налага: „Не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот” (Матеј 5:39). (MГ 70.1)
Овие зборови биле само повторување на учењето на Стариот завет. Вистина е дека правилото: „Око за око, заб за заб” (Левитска 24:20), била одредба во законите дадени преку Мојсеј, но само властите биле надлежни за тоа. Никој немал право сам да се одмаздува бидејќи тие добро знаеле за зборовите на Господа: „Не вели: ‘Ќе му се одмаздам на непријателот.’” „Не вели: ‘Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему.’” „Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне”. „Ако непријателот твој е гладен, нахрани го со леб; и ако е жеден, напој го со вода” (Изреки 20:22; 24:29,17; 25:21). (MГ 70.2)
Целиот Исусов живот на земјата бил приказ на ова начело. Нашиот Спасител го напуштил својот небесен дом да им го донесе на своите непријатели лебот на животот. Иако клетви и прогонства го следеле од јасли па сè до гробот, тоа кај Него предизвикувало само љубов која простува. Преку пророкот Исаија Тој вели: „Грбот свој го подметнав на оние што ме биеја, и образите свои – на оние што ме удираа; лицето свое не го скрив од подбив и плукање”. „Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја” (Исаија 50:6; 53:7). Од крстот на Голгота, низ сите векови допираат Неговите зборови на молитва за своите убијци и веста на надеж упатена на распнатиот злосторник кој бил на умирање. (MГ 71.1)
Отецот секогаш бил покрај Христа и можело да му се случи само она што Бескрајната Љубов ќе го дозволи за благослов на светот. Тука се наоѓал изворот на Неговата, но и нашата утеха. Оној кој е исполнет со Христовиот дух, престојува во Христа. Ударот што му е наменет нему, паѓа на Спасителот кој од сите страни го штити со својата присутност. Сè што доаѓа на него, доаѓа од Христа. Тој нема потреба да се брани од злото, бидејќи Христос е неговата одбрана. Ништо не може да го засегне, освен ако тоа нашиот Господ не го дозволи. „А знаеме дека на оние што го љубат Бога… сè им содејствува за добро” (Римјаните 8:28). (MГ 71.2)
„А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две” (Матеј 5:40,41). (MГ 71.3)
Исус им наложил на своите ученици наместо да се противат на барањата на власта, да прават дури и повеќе од она што од нив се бара, и колку е тоа можно, тие треба да ја исполнат секоја обврска, па дури и таа да е над она што го бара законот на таа земја. Законот, даден преку Мојсеј, налагал многу нежна грижа за сиромашните. Кога сиромашниот човек ја давал својата облека во залог, како гаранција за долгот, на заемодавецот не му било дозволено да влезе во неговиот стан за да ја земе, морал да почека на улица додека залогот не му се донесе. И залогот, без оглед на околностите, по заоѓањето на сонцето, морал да му се врати на сопственикот. (Повторени закони 24:10-13). Во деновите на Христа малку се обрнувало внимание на овие милосрдни одредби. Но Исус ги учел своите ученици да се потчинат на одлуката на судот, па дури и ако се бара повеќе од она што го пропишува Мојсеевиот закон. Сè што се барало, па дури и нивната облека, тие требало да дадат. И уште повеќе од тоа, морале да го вратат долгот на својот заемодавец, а ако е неопходно, да дадат и повеќе од она што судот го овластил да земе. „А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две”. (MГ 72.1)
Исус додал: „На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем” (Матеј 5:42). Преку Мојсеј е дадена истата поука: „Не го одвраќај срцето свое и не ја стискај раката своја пред твојот брат што има потреба, туку отвори ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува” (Повторени закони 15:7,8). Овој стих јасно го објаснува значењето на зборовите на Спасителот. Христос не нѐ учи да им даваме на сите без оглед кој од нас бара милостина, туку вели: „Отвори ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува”; а подобро е тоа да биде дар а не заем: „и на заем давајте, не очекувајќи ништо” (Лука 6:35). (MГ 72.2)
Кој се дава себеси со својот дар,
храни тројца: себе,
својот гладен сосед, и мене. (MГ 73.1)
„Љубете ги непријателите свои”
(Матеј 5:44).
Поуката на Спасителот: „Не противете се на лукавиот”, за одмаздољубивите Евреи била тврда беседа и тие меѓу себе негодувале против неа. Но, Исус сега дава уште поодлучна изјава: (MГ 73.2)
„Сте слушале дека е кажано: ,Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот.‘ А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат, за да бидете синови на Вашиот Отец небесен” (Матеј 5:43-45). (MГ 73.3)
Таков бил духот на законот кој рабините погрешно го толкувале како студен, крут кодекс на претерани барања. Себеси се сметале за подобри од другите луѓе и мислеле дека како родени Израелци имаат право на посебна Божја наклонетост; но Исус укажал на духот на љубовта која простува, на љубовта која единствено може да послужи како доказ дека се раководат од некои повисоки мотиви, отколку мотивите на цариниците и грешниците кои ги презирале. (MГ 73.4)
На своите слушатели им укажал на Владетелот на вселената, но под едно ново име – „наш Отец”. Настојувал да сфатат како Бог во своето срце нежно копнее по нив. Тој ги учел дека Бог се грижи за секоја изгубена душа; дека „како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него” (Псалм 103:13). Ниедна религија, освен библиската, не му пружила на светот таква претстава за Бога. Незнабошците ги учат луѓето да гледаат на Семоќниот како извор на страв, а не на љубовта – злобно божество кое треба да се смилостиви со жртви, а не како на Отец кој на своите деца им ги излева даровите на својата љубов. Дури и израелскиот народ станал толку заслепен за скапоцените учења на пророците за Бога, што ова откровение на Неговата татковска љубов било примено како нешто сосем необично, како нов дар на светот. (MГ 74.1)
Евреите сметале дека Бог ги љуби оние кои му служат, според нивното мислење, оние кои ги исполнувале барањата на рабините, а дека сите останати луѓе на светот се наоѓаат под Негово проклетство и негодување. Но Исус рекол дека тоа не е така; сите луѓе и лоши и добри, ги осветлува сончевата светлина на Неговата љубов. На оваа вистина требало да ги научи и самата природа оти Бог „го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните” (Матеј 5:45). (MГ 74.2)
земјата од година во година нè опсипува со дарежливост и го продолжува својот пат околу Сонцето, но тоа не го прави со некоја сила која се наоѓа во неа. Божјата рака ги води планетите и ги одржува во одредена положба по нивниот вообичаен пат низ вселената. Со Неговата сила редовно се сменуваат лето и зима, сеидба и жетва, ноќ и ден. Со Неговата реч вегетацијата цвета, се појавуваат лисјата и цветат цвеќињата. Секој добар дар што го имаме, секој сончев зрак, секоја капка дожд, секој залак на храна, секој миг од животот, сето тоа претставува дар на љубовта. (MГ 74.3)
Додека уште сме биле без љубов и по карактер немили, „живеевме во злоба и завист, бевме одвратни, се мразевме еден со друг“, нашиот небесен Отец се смилувал над нас. „А кога се јави добротата и човекољубието на нашиот Спасител, Бог, Тој нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновувањето од Светиот Дух” (Тит З:3-5). Ако ја примиме Неговата љубов, и ние на сличен начин ќе бидеме љубезни и нежни не само кон оние кои ни се допаѓаат, туку и кон најлошите, заблудените и грешните. (MГ 75.1)
Божји деца се оние кои имаат учество во Неговата природа. Ниту земната положба, ниту раѓањето, ниту националноста, ниту верските привилегии не се доказ дека сме членови на Божјото семејство, туку тоа го чини љубовта, љубовта која го опфаќа целото човештво. Дури и грешниците чии срца не се сосем затворени за влијанието на Божјиот Дух, ќе одговорат на љубезноста; кога можат на омразата да одговорат со омраза, тие исто така на љубовта ќе одговорат со љубов. Меѓутоа, само Божјиот Дух и на омразата одговара со љубов. Да се биде љубезен кон неблагодарните и злите, да се прави добро не очекувајќи ништо за возврат, тоа се карактеристиките на царското небесно семејство, сигурен знак со кој децата на Севишниот ја откриваат својата возвишена положба. (MГ 75.2)
„Но бидете совршени како што е
совршен вашиот Отец небесен”
(Матеј 5:48).
Зборот „но” наговестува некој заклучок, заклучок на она што претходно е кажано. Исус на своите слушатели им ја опишувал својата неисцрпна милост и љубов и затоа им налага да бидат совршени. Затоа што вашиот небесен Отец е „добар кон неблагодарните и кон лошите” (Лука 6:35), затоа што се понизил за да нè возвиши, рекол Исус, вие можете да станете слични на Него по карактерот и да стоите без мани и пред луѓето и пред ангелите. (MГ 76.1)
Условите за вечен живот по милоста се исти како во Едем – совршена праведност, хармонија со Бога, совршена согласност со начелата на Неговиот Закон. Истиот критериум за карактерот кој е прикажан во Стариот завет е прикажан и во Новиот. Овој критериум не е таков да не можеме да го достигнеме. Во секоја заповед или уредба која Бог ја дава, се наоѓа ветување, најсигурно ветување кое е содржано во сите прописи. Бог се погрижил да можеме да станеме слични на Него, а Тој тоа ќе го оствари за оние кои својата изопачена волја не ја мешаат за да го осуетат дејството на Неговата милост. (MГ 76.2)
Бог нè љубел со неискажлива љубов, а нашата љубов кон Него се буди кога барем донекаде ќе ја сфатиме должината, широчината, височината и длабочината на таа љубов која го надминува секој ум. Благодарение на откривањето на Христовата љубов која ги привлекува срцата, благодарение на познавањето на Неговата љубов која ни ја покажал уште кога бевме грешници, тврдото срце омекнува и станува кротко, а грешникот се преобразува и станува дете на небото. Бог не употребува насилни мерки, љубовта е единствено средство кое Тој го користи за да го истера гревот од срцето. Со нејзина помош тој гордоста ја претвора во понизност, а непријателството и неверувањето во љубов и вера. (MГ 76.3)
Евреите со сите сили настојувале да постигнат совршенство со сопствените напори, но во тоа не успеале. Христос веќе им кажал дека нивната правда никогаш не ќе може да ги однесе во небесното царство. Затоа сега им се укажува на карактерот на правдата која мора да ја поседуваат сите оние кои ќе влезат во небото. Во целата беседа на гората Тој ги опишувал нејзините плодови, а сега со една реченица укажал на нејзиниот извор и нејзината природа: Бидете совршени како што Бог е совршен. Законот е само копија на Божјиот карактер. Во својот небесен Отец гледајте го совршеното откривање на начелата кои се темел на Неговото владеење. (MГ 77.1)
Бог е љубов. И како што сонцето ги праќа сончевите зраци, така и љубовта, светлината и радоста се излеваат од Него врз сите Негови созданија. Во Негова природа е да дава. Самиот Негов живот претставува излевање на несебична љубов. (MГ 77.2)
„Со добрите дела на своите деца
Тој се слави и радува
со Татковска добрина” (MГ 77.3)
Тој ни вели да бидеме совршени како што е Тој совршен, на ист начин. Во својот мал делокруг ние мораме да бидеме светлина и благослов како што е Тој во вселената. Ние сами по себе ништо не поседуваме, но нас нè осветлува светлината на Неговата љубов и затоа треба да бидеме отсјај на нејзиниот сјај. Благодарение на добрината позајмена од Него, можеме да бидеме совршени во нашиот делокруг како што Бог е совршен во својот. (MГ 77.4)
Исус рекол: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец”. Ако сте деца Божји тогаш имате учество во Неговата природа и можете да му бидете слични. Секое дете живее со животот на својот Отец. Ако сте Божји деца, препородени со Неговиот Дух, ќе живеете со живот кој сте го добиле од Бога. Во Христа „телесно живее сета полнота на Божеството” (Колосјаните 2:9), а Исусовиот живот се открива во „нашето смртно тело” (2. Коринтјаните 4:11). Тој живот во вас ќе развие ист карактер и ќе чини исти дела како што ги чинел и преку Него. Така ќе бидете во согласност со сите прописи на Неговиот Закон бидејќи „непорочен е Законот Божји – душите ги укрепува” (Псалм 19:7). Со помош на љубовта „правдата на законот” ќе се исполни „во нас, кои не живееме по телото, туку по Духот” (Римјаните 8:4). (MГ 77.5)