Улогата на водата во превенцијата и лекувањето

Сподели го ова:

Благословите од водата

И во здравје и во болест, чистата вода претставува еден од најдобрите небесни благослови. Нејзината правилна употреба го обновува здравјето.

Таа е пијалок кој, според Божјото провидение, треба да ја гасне жедта на животните и на човекот. Таа ги задоволува потребите на организмот, помагајќи ѝ на природата да ѝ се спротивстави на болеста. Надворешната употреба на водата претставува едно од наједноставните и најповолните средства за регулирање на крвотокот. Ладниот или освежителен туш претставува одлично средство за зајакнување. Топлата вода ги отвора порите на кожата и на тој начин го потпомага исфрлањето на нечистотиите од организмот. Наизменичната употреба на топла и млака вода ги смирува нервите и ја урамнотежува циркулацијата.

Но мнозина едноставно се плашат од водата, бидејќи нивното лично искуство никогаш не ги соочило со благословите од нејзината правилна употреба. Лекувањето со вода не се вреднува колку што би требало, а мнозина немаат волја да се ползуваат со таа вештина, бидејќи бара многу работа. Но никој не треба да мисли дека незнаењето или рамнодушноста во овој поглед ќе го оправдаат. Водата може да се употреби на многу начини за ублажување на болките и спречување на болеста. Сите треба да бидат упатени во примената на едноставното домашно лекување со вода. Особено мајките треба да знаат како треба да се грижат за членовите на своите семејства, и во здравје и во болест.

„Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: ‘Татко, да ти кажеше пророкот да направиш нешто потешко, немаше ли да го направиш? А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!’ Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божјиот човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти“ (2 Царевите 5:13,14).
Општи напомени и подготовка на пациентот

Општи напомени при подготовката на пациентот и контрола на микроклиматските услови, со цел да се постигне максимален терапевтски ефект на водата употребена на различни начини:

Пред и по одреден третман, телото треба добро да се затопли. Пациентот треба 10–15 минути да биде добро покриен во кревет или да прави едноставни гимнастички вежби. Ако по некоја купка пациентот чувствува студ и трепери, треба да остане во кревет, покриен, а на колковите да стави шише со врела вода или некое друго средство со чија помош може да се загрее.

Колку што е пониска температурата на водата, а површината на телото што е во вода поголема, толку времето на контакт со водата треба да биде пократко. На пример, ладно туширање при кое дејството на водата е врз целото тело трае од 30 секунди до 3 минути.

Пациентите кои имаат појака и поотпорна телесна градба можат уште од самиот почеток да применуваат купка со ладна вода која ќе трае подолго. Анемичните, старите и болни лица, како и оние со чувствително здравје, треба да ја применуваат оваа купка пократко. Температурата на водата на почетокот треба да биде потопла, а потоа постепено да се намалува до температурата одредена за ладна купка. Исто така, постепено се продолжува и времето на контакт со водата.

Пациентите со срцеви и бубрежни заболувања, кога започнуваат третман со ладна вода, треба постојано да ја следат реакцијата на својот организам. На почетокот, контактот со вода треба да трае пократко, а потоа постепено да се зголемува времетраењето.

Ако се применуваат купки со топла вода или пареа, пациентите со срцеви заболувања и хипертензија (висок крвен притисок) треба што пократко да се изложуваат на ваков третман, во зависност од здравствената состојба на секој од нив. Во текот на примената на топлите купки се ставаат ладни облоги во зоната над срцето и на челото, и се менуваат на секои 1–3 минути. Во овој случај може да се примени и кеса со мраз.

Деловите на телото кои биле под дејство на топла вода или пареа треба да се масираат со платнена крпа натопена во ладна вода или да се тушираат со ладна вода. На тој начин се затвораат порите на кожата и се спречува настинка. Потоа пациентот треба да прави едноставни гимнастички вежби или да остане во кревет сѐ додека не почувствува топлина.

Најдобро е купката да се применува 15–20 минути пред јадење. Може да се практикува и еден час по јадење, доколку оброкот бил умерен, или четири часа по јадење, доколку оброкот бил обилен.

Просторијата во која се врши купката треба да биде добро загреана и не смее да има промаја.

Во текот на менструацијата, жените не треба да практикуваат водени и парни купки. Топлите купки треба внимателно да се применуваат кај лица со зголемена чувствителност на температура. Во тој случај се препорачува употреба на термометар за мерење на температурата на водата.

Во случај на поодминат дијабетес, при што настануваат проблеми со микроциркулацијата, а подоцна и со поголемите артерии, како и во случај на други заболувања кои предизвикуваат тегоби во периферната циркулација (хронична атеросклероза, Бургерова болест), не се препорачува претерано жешка вода. На пример, температурата на водата за купка треба да биде од 30 до 40 °C.

Во текот на третманот, опкружувањето и атмосферата треба да бидат пријатни, со музика што релаксира (класична или духовна). Сите напомени во ова поглавје, со малку фантазија, добра волја и вера во Семоќниот, се применливи и делотворни и во наједноставни домашни услови.

Методи на лекување со вода

Наизменична купка на нозе

Оваа купка се применува кај бронхијална астма, хроничен бронхитис, дијабетес, епилепсија, мозочен удар, плантарна хиперхидроза (прекумерно потење на нозете), синузитис (воспаление на синусите) и хипертензија (зголемен крвен притисок).

Потребни реквизити:
  • Два поголеми сада, од кои секој има волумен од 10 l;
  • Еден со жешка вода, загреана на температура што пациентот може да ја издржи;
  • Еден сад со ладна вода, со температура од 5–10 °C;
  • Пепел од изгорено дрво (100 g) или 50 g ситно сомелено семе од горушица, кое се додава во садот со топла вода.
Начин на примена:

Наизменично се потопуваат двете нозе: во садот со жешка вода: 4 минути; во садот со ладна вода: 1 минута. Оваа постапка се применува 4 пати последователно. Купката почнува со топла вода, а завршува со ладна.

Топла купка на раце и нозе

Оваа купка се применува кај бронхиектазија (деформација на бронхиите, која се карактеризира со зголемен волумен на дишните цевки), бронхитис, голема кашлица и грип.

Неопходни реквизити:
  • Два лонци, за секоја рака по еден, чија димензија е сразмерна со должината на подлактницата, вклучувајќи го и лактот;
  • Сад со топла вода за нозе. Водата што се користи за рацете и нозете треба да биде загреана до онаа температура што телото може да ја поднесе;
  • Шолја (250 ml) чај што го поттикнува потењето.
Начин на подготовка:

Пред третманот, пациентот треба да испие половина шолја чај. Пациентот треба да седне на помала столица и, додека ги држи нозете во садот со топла вода, од левата и десната страна да има по еден сад со топла вода во кој ќе ги држи рацете до подлактниците. Во текот на купката треба да го испие преостанатиот дел од чајот. Траење на купката: 15 минути. По купката, деловите од телото кои биле во контакт со топла вода треба да се тријат со платнена крпа натопена во ладна вода, 30–60 секунди.

Инхалација

Една од варијантите на парцијална парна купка е инхалацијата, постапка што се користи при заболувања на респираторниот тракт (дишните патишта), синусите и друго. Постапката подразбира вдишување на пареа што испарува од топол чај од камилица или од некои други билки, во кој има етерично масло. На садот со врела вода се поставува сито со крупна морска сол и ситно исечкан кромид. Наместо ова, кромидот и солта можат да се стават во чајот или, уште поедноставно, во чајот да се додадат 3–4 капки етерично масло од нане.

Пациентот треба да се наведне со лицето над садот со чај. Со пешкир треба да се покријат главата и садот. Траење на постапката: 10–15 минути. По постапката, лицето треба да се истрие со крпа навлажнета со ладна вода или да се истушира со ладна вода. Се препорачува по оваа терапија пациентот да избегнува контакт со ладен воздух во следните 2–3 часа.

Клизма (Чистење на дебелото црево)

Оваа постапка не се применува при дијареја, дијабетес, грозница, грип, енуреза, епистакса, инсомнија, инфекција меѓу прстите, опаѓање на косата, камен во бубрег и бешика, исчашување, менопауза, заушки, повреди, амнезија и сипаници. Оваа постапка има за цел чистење на дебелото црево од фекалните материи.

Неопходни реквизити:
  • Иригатор (волумен 2 l); гумено црево; пластичен дел со славина;
  • Раствор за клизма: обична вода загреана до телесна температура;
  • Опции: вода со сапун/глицерин (2–4 лажици на 2 l), билен чај или минерално масло.
Начин на примена:

Пациентот треба да лежи на грб или на страна. Иригаторот се поставува на висина од 50 см над аналниот отвор. Пластичниот завршеток треба да се намачка со масло. Полека се отвора славината за да се избегне нагло ширење на цревото. Кога течноста ќе помине, со стегање на мускулот се задржува 3–5 минути. За тоа време пациентот се врти (десен колк, стомак, лев колк) за темелно чистење. Потоа течноста се исфрла во тоалет.

Сподели го ова:

Поврзани статии