5 Џон Виклиф
Пред реформацијата имало време кога примероците на Библијата биле многу ретки, но Бог не дозволил Негово слово потполно да биде уништено. Нејзините вистини не смееле засекогаш да останат сокриени. Тој тие зборови на животот можел да ги ослободи од оковите исто така како што ги отворал затворските врати и железните решетки за да ги ослободи Своите слуги. Во разни земји на Европа Божјиот Дух ги поттикнал луѓето да ја бараат вистината како сокриено богатство. Упатени со Божјото провидение на Библијата, со најжив интерес ги проучувале нејзините свети страни. Биле подготвени да ја прифатат светлината, па колку сето тоа скапо да ги чинело. Иако не гледале сѐ јасно, биле во состојба да проникнат во многу долго закопани вистини. Тргнале како од Бога испратени гласници да ги раскинат оковите на празноверието и заблудата, повикувајќи ги оние кои толку долго биле заробени да станат и да ја бранат својата слобода. {ГБ 79.1}
Освен меѓу Валденжаните, Божјото слово со векови практично било заклучено од луѓето, зашто постоело на јазици достапни само за образованите, но дошло време Библијата да се преведе и предаде на народите во разни земји на нивниот мајчин јазик. Светот го пребродил времето на својата полноќ. Мракот исчезнувал и во многу земји се појавиле знаци на разденување. {ГБ 79.2}
Во четиринаесеттиот век во Англија се појавила „утринска ѕвезда на реформацијата“. Џон Виклиф бил гласник на реформацијата, не само за Англија, туку и за целото христијанство. Големиот протест против Рим што тој го најавил, никогаш не бил замолкнат. Тој протест прераснал во борба која резултирала со еманципација на поединци, на цркви и народи. {ГБ 80.1}
Виклиф бил воспитуван во дух ослободен од предрасуди, и за него Господовиот страв бил почеток на мудроста. Во училиште бил забележан по својата длабока побожност, извонредните таленти и големата ученост. Во својата жед за знаење се трудел да ја запознае секоја гранка на науката. Ја изучувал сколастичката филозофија, црковните канони, граѓанското право, а особено законите на сопствената земја. Вредноста на знаењата стекнати во младоста се покажале во неговата подоцнежна работа. Темелното познавање на шпекулативната филозофија од тоа време му овозможило да ги открие нејзините заблуди, а проучувањето на државното и црковното право го подготвило да се впушти во големата борба за граѓанска и верска слобода. Освен што вешто ракувал со оружјето од Божјото слово, се служел и со интелектуалната наобразба стекната во училиште, а ги разбирал и тактиките на учените луѓе. Моќта на неговата генијалност, степенот и темелноста на неговото образование му овозможиле почит и од пријателите и од непријателите. Неговите следбеници со задоволство гледале како нивниот водич застанал меѓу водечките умови на нацијата, а неговите непријатели не можеле да го презираат делото на реформацијата, укажувајќи на незнаењето или слабоста на нејзиниот поддржувач. {ГБ 80.2}
Виклиф уште на факултетот почнал да го проучува Писмото. Во она време кога Библијата постоела само на древните јазици (грчки и латински), таа била достапна за образованите, а за непросветените народни маси била сокриена. Така, уште тогаш бил подготвен патот за идното Виклифово дело како голем реформатор. Учените луѓе го проучувале Божјото слово, и во него ја пронашле големата вистина за Божјата милост кон луѓето. Во своите предавања го ширеле знаењето за оваа вистина и ги поттикнувале и другите да се свртат кон Изворот на животот. {ГБ 80.3}
Кога Виклиф своето внимание го насочил кон Библијата, тој ја истражувал со истата таа темелност која му овозможила успешно да ги совлада школските предмети. Дотогаш чувствувал голема празнина која не можеле да ја надополнат ниту сколастичките студии ниту сите црковни учења. Во Божјото слово го пронашол она што некогаш напразно го барал. Тука согледал дека е откриен планот на спасението, а Христос бил единствен посредник помеѓу Бога и човекот. Се посветил на Христовата служба и решил да ги објави вистините кои му се откриле. {ГБ 81.1}
Како и подоцнежните реформатори, Виклиф на почетокот на својата работа не предвидел каде таа ќе го однесе. Тој на Рим не му се спротивставил со намера. Меѓутоа, неговата преданост кон вистината го довела во конфликт со лагата. Колку појасно ја согледувал заблудата на папството, толку поревно го изнесувал учењето на Библијата. Видел дека Рим го заменил Божјото слово со човечки традиции; храбро го обвинил свештенството поради отфрлањето на Писмото, побарал тоа да му се врати на народот и неговиот авторитет повторно да се воспостави во црквата. Бил способен и искрен учител, речит проповедник, а неговиот секојдневен живот бил одраз на вистината што ја проповедал. Неговото познавање на Библијата, силата на расудување, чистотата на животот како и неговата непоколеблива храброст и чест, му донеле општа почит и доверба. Многумина од народот биле незадоволни од својата поранешна вера, кога го виделе беззаконието што владеело во Римокатоличката црква, па затоа вистините што Виклиф сам ги изнесувал ги прифатиле со отворена радост, но папските водачи се разгневиле кога сфатиле дека овој реформатор има поголемо влијание од нив. {ГБ 81.2}
Виклиф вешто ја откривал заблудата и храбро напаѓал многу злоупотреби одобрени од авторитетот на Рим. Како кралски капелан, храбро истапил против плаќањето на данок што папата го барал од англискиот монарх и покажал дека папското присвојување на авторитетот над светските владетели се противи и на разумот и на откровението. Барањата на папата предизвикале голема огорченост, а учењата на Виклиф извршиле силно влијание врз водечките умови на нацијата. Кралот и благородниците се обединиле во оспорувањето на папското полагање на право врз световната власт, и во одбивањето да се плати бараниот данок. На тој начин на папската превласт во Англија и бил нанесен голем удар. {ГБ 82.1}
Друго зло против кое реформаторот водел долга и решителна борба било воведувањето на монашко – просјачки ред. Овие монаси ја преплавиле цела Англија, предизвикувајќи сериозна штета на угледот и просперитетот на нацијата. Индустријата, просветата, моралот, сите го почувствувале нивното силно влијание. Монашкиот живот на безделништво и просење, не само што многу ги исцрпил изворите на националниот приход, туку и придонесол на секоја корисна работа да се гледа со презир. Младите целосно се деморализирале и расипувале. Под влијание на овие монаси, многумина биле наведени да заминат во манастири, посветувајќи се на монашкиот живот, а тоа го правеле не само без согласност и одобрување на своите родители туку и без нивно знаење и спротивно на нивните заповеди. Еден од првите великодостојници на Римската црква, истакнувајќи дека барањата на монаштвото се поголеми од обврските на детската љубов и должноста кон родителите изјавил: „Ако твојот татко би лежел пред твојата врата плачејќи и тажејќи, а твојата мајка би го покажувала телото што те носело, и градите што те доеле, прегази ги и појди кај Христа“. „Со оваа монструозна нечовечност“, како што Лутер подоцна ја нарекол, „која повеќе ну прилега на волк и тиранин, отколку на христијанин и човек“, се исполнувале срцата на младите, додека потполно не затврднале кон своите родители” (Barnas Sears, The Life of Luther, pages 70, 69). Така папските водачи, како и некогашните фарисеи, поради своите традиции ги укинувале Божјите заповеди (Марко 7:9-13). На тој начин многу домови останувале пусти, а родителите без своите синови и ќерки. {ГБ 82.2}
Дури и студентите на универзитетите, измамени од лажната претстава за монасите, биле поттикнати да им се придружат во нивните редови. Многумина подоцна се покајале за тој чекор, гледајќи дека ги уништиле сопствените животи, а своите родители ги ожалостиле, но, кога еднаш паднале во замка, било невозможно повторно да добијат слобода. Многу родители, плашејќи се од влијанието на монасите, не сакале своите деца да ги испраќаат на универзитет. Тоа предизвикало бројот на студентите во големите образовни центри значително да се намали. Школите стагнирале, а незнаењето преовладувало. {ГБ 83.1}
Папата на овие монаси им дал право да исповедаат гревови, и да даваат простување. Тоа станало извор на големо зло. Во настојувањето да ги зголемат своите приходи, овие монаси простувањето на гревовите го давале под толку лесни услови што секакви злосторници се обраќале до нив, а последица на тоа било брзото ширење на најлошите пороци и злосторства. Сиромашните и болните се оставани да страдаат, додека даровите што можеле да ги ублажат нивните неволји оделе кај монасите кои со заплашувања од народот изнудувале милостина, прогласувајќи ги за безбожни сите оние што ќе се осмелат да не ги даваат даровите на нивниот ред. Наспроти нивната наводна сиромаштија, богатството на монасите постојано се зголемувало, а нивните величествени палати и луксузни гозби само уште повеќе ја истакнувале сѐ поголемата сиромаштија на народот. И додека тие своето време го поминувале во раскош и задоволство, во светот испраќале неуки луѓе што знаеле само да го забавуваат народот со необични приказни, легенди и шеги, залажувајќи ги уште повеќе да им веруваат на монасите. Монасите продолжиле да манипулираат со суеверните луѓе и ги убедиле дека целата верска должност се состои во признавањето на врховната власт на папата, во почитувањето на светците и давањето милостина на монасите, и дека тоа е сосема доволно за да си обезбедат место на небото. {ГБ 83.2}
Учените и побожни луѓе залудно настојувале во тие монашко – просјачки редови да спроведат некоја реформа; но, Виклиф, согледувајќи ја јасно суштината, удрил во коренот на злото, изјавувајќи дека самиот систем на монаштво е погрешен и дека треба да се укине. Дошло до расправии во кои се појавиле многу прашања. Додека крстосувале монасите низ земјата, продавајќи ги папските прошталници, мнозина почнале да се сомневаат во тоа дека простувањето на гревовите може да се купи за пари: размислувајќи дека простувањето на своите гревови треба да го бараат од Бога, а не од врховниот свештеник во Рим. (Види Додаток). Бројот на оние што злокобно се вознемириле поради лакомоста на монасите незаситени во својата алчност, станувал сѐ поголем. „Римските монаси и свештеници”, зборувале тие, „ќе нè изедат како рак. Бог нека нè ослободи инаку народот ќе мора да пропадне” (D’Aubigne,b. 17, ch. 7). За да го прикријат своето лакомство, овие монаси – просјаци тврделе дека со тоа, го следат примерот на Спасителот, изјавувајќи дека Исус и Неговите ученици биле помагани од добротворните прилози на народот. Ова тврдење одело на нивна штета, зашто мнозина биле поттикнати да ја земат Библијата и самите да ја дознаат вистината – иако Рим во никој случај не го сакал тоа. Мислите на луѓето биле упатени на изворот на вистината, што Рим сакал да го сокрие. {ГБ 84.1}
Виклиф почнал да пишува и објавува трактати против монасите, но не со цел да се расправа со нив, туку мислите на луѓето да ги упати на учењето на Библијата и нејзиниот Автор. Тој проповедал дека во врска со простувањето или исклучувањето од црквата, папата нема поголема власт отколку и обичните свештеници, и дека никој не може полноважно да биде исклучен, освен ако самиот не навлекол на себе Божја осуда. Навистина немало поефикасен потфат од овој што тој го презел за да ја собори оваа огромна градба на духовна и светска власт што папата ја подигнал и во неа ги држел заробени телата и душите на милиони луѓе. {ГБ 84.2}
Виклиф повторно бил повикан да ги брани правата на англиската круна против вмешаноста на Рим. Бил наименуван за кралски амбасадор и поминал две години во Холандија, преговарајќи со претставниците на папата. Таму комуницирал со црковните великодостојници од Франција, Италија и Шпанија, така што имал можност да погледне зад завесата и да дознае многу работи кои би останале скриени од него во Англија. Научил многу нешта кои подоцна во неговата работа многу му помогнале. Во овие претставници на папскиот двор го прочитал вистинскиот карактер и целите на свештеничката хиерархија. Се вратил во Англија и ги повторил своите поранешни учења, но сега поотворено и со поголема ревност, изјавувајќи дека лакомоста, гордоста и измамата се богови на Рим. {ГБ 84.3}
Во една своја расправа, зборувајќи за папата и неговите собирачи на пари изјавил: „Тие ги изнесуваат од нашата земја средствата наменети за сиромасите, годишно излегуваат илјадници марки кралски пари за сакраменти и духовни работи, а тоа е само проклета ерес- симонија – трговија со свети работи, вовлекувајќи го целото христијанство преку одобрување и одржување на ова кривоверство. И навистина кога нашата земја би имала голема планина со злато, и кога никој не би земал освен собирачите на овој горд светски понтифекс, планината со текот на времето би се потрошила, тој не престанува да зема пари од нашата земја, а за возврат нам не ни дава ништо друго освен Божјо проклетство поради трговија со свети работи“ (John Lewis, History of the Life and Sufferings of J. Wiclif, page 37). {ГБ 85.1}
Набргу по неговото враќање во Англија, Виклиф од кралот бил наименуван за ректор во Латерворт. Тоа било уверување дека монархот не бил незадоволен со неговиот отворен говор. Влијанието на Виклиф се чувствувало во обликувањето на судството во царскиот двор, како и во обликувањето на верата што подоцна ја прифатила целата нација. {ГБ 85.2}
Но Рим набргу врз него почнал да ги фрла своите громови. Во Англија се испратени три папски посланија: до универзитетот, кралот, и до великодостојниците на црквата, со кои наредил веднаш да се преземат најрешителни мерки за да го замолчат учителот на кривоверството (Augustus Neander, General History of the Christian Religion and Church, period 6, sec. 2, pt. 1, par. 8. исто така види Додаток). Меѓутоа пред да стигнат овие посланија, бискупите во својата ревност го повикале Виклиф на сослушување. На судот го придружувале двајца најмоќни кнезови во кралството, додека народот кој ја опколил зградата, насила влегол во судницата и толку ги заплашил судиите што расправиите морале да бидат прекинати, а на реформаторот му било дозволено мирно да се врати. Малку подоцна, умрел Едвард III, кого епископите во неговата старост се обидувале да го свртат против реформаторот, а регент на кралството станал некогашниот заштитник на Виклиф. {ГБ 85.3}
Меѓутоа, по пристигнувањето на папските посланија, низ цела Англија било безусловно заповедано да се уапси и затвори еретикот. Овие мерки воделе право на клада. Се чинело сосема сигурно дека Виклиф наскоро ќе мора да падне како плен на римската освета. Но Оној кој во старо време рекол: „Не плаши се… Јас Сум твој штит“ (Создавање 15:1), повторно ја испружил раката да го заштити Својот слуга. Дошла смртта, но не за реформаторот, туку за папата кој сакал да го уништи. Грегор XI умрел, а великодостојниците што се собрале поради судењето на Виклиф се разотишле. {ГБ 86.1}
Божјото провидение и понатаму управувало со настаните за да и овозможи развој на штотуку започнатата реформација. По смртта на Гргур следел избор на двајца ривалски папи. Две спротивставени сили, од кои секоја тврдела дека е непогрешлива, сега барале послушност (Види Додаток) Секоја од соперничките страни ги повикувала верниците да и помогнат во борбата против другата, поткрепувајќи ги своите барања со страшни анатеми за своите противници, а ветување и награда на небото за сите поддржувачи. Оваа појава во голема мера ја ослабела папската власт. Ривалските фракции премногу биле зафатени со меѓусебните борби, а Виклиф за извесно време бил оставен на мир. Анатеми и обвинувања оделе од едниот на другиот папа, и потоци крв биле пролеани во борбата за остварување на нивните спротивставени тврдења. Злосторства и скандали ја преплавиле црквата. За тоа време реформаторот, повлечен во својата парохија во Латерворт, трудољубиво настојувал вниманието на луѓето да го одврати од закрвавените папи кон Исуса, Кнезот на мирот. {ГБ 86.2}
Раздорот, со сите расправии и бескрупулозности кои ги предизвикал, го подготвил патот за реформацијата, овозможувајќи му на народот да го види вистинското лице на папството. Во една расправа што ја објавил под наслов: „За раздорот на папите“, Виклиф го повикал народот да размисли, дали овие двајца свештеници ја зборуваат вистината, кога еден со друг се проколнуваат и се нарекуваат антихристи. „Бог – велел тој – не можел повеќе да допушти непријателот да владее само преку еден од нив туку… меѓу нив да дојде до раздор, така што луѓето во Христово име, би можеле полесно да ги отфрлат и двајцата” (R. Vaughan, Life and Opinions of John de Wycliffe, vol. 2, p. 6). {ГБ 86.3}
Виклиф, како и неговиот Учител, го проповедал евангелието на сиромашните. Бил незадоволен примената светлина да се шири само во сиромашните семејства на неговата парохија во Латерворт, решил вистината да ја однесе во сите делови на Англија. За да го постигне тоа, формирал група на проповедници, скромни, верни Божји луѓе, кои ја сакале вистината, а повеќе од сѐ сакале да ја пренесат и на другите. Овие луѓе се упатиле на сите страни, ја проповедале вистината по улиците и плоштадите во големите градови и по селските раскрсници. Посетувале стари, болни и сиромашни донесувајќи им ја радосната вест за Божјата милост. {ГБ 87.1}
Како професор по теологија во Оксфорд, Виклиф го проповедал Божјото слово во дворовите на универзитетот. Толку верно ја прикажувал вистината на студентите, кои ги посетувале неговите предавања, што го нарекле „доктор по евангелие“. Но најголемо дело во неговиот живот требало да биде преведувањето на Библијата на англиски јазик. Во едно свое дело под наслов „За вистината и за значењето на Библијата“, ја изразил својата намера да ја преведе Библијата за да може секој Англичанец на својот мајчин јазик да чита за чудесните Божји дела. {ГБ 87.2}
Но, одненадеж, неговата работа била прекината. Иако уште немал шеесет години, непрекинатата работа, студиите и нападите на неговите непријатели ги ослабеле неговите животни сили и тој предвреме остарел. Се разболел од една опасна болест. Веста за тоа ги израдувала монасите. Мислеле дека горко ќе се покае за тоа што и го направил на црквата, и побрзале во неговата соба да ја чујат неговата исповед. Претставници на четири религиозни реда и четворица световни чиновници се собрале околу него мислејќи дека е пред смрт. „Смртта ви е на усните – му рекле тие – покајте се за своите гревови и порекнете во наше присуство сѐ што сте зборувале против нас“. Реформаторот без зборови ги слушал, а потоа го замолил слугата да го подигне во постелата и одлучно подигајќи го својот поглед кон присутните кои чекале да му се одмаздат, им рекол со цврст и силен глас од кој често се треселе: „Нема јас да умрам туку ќе продолжам да живеам, укажувајќи и понатаму на злосторствата на монашко – просјачкиот ред!“ (D’Aubigne, b. 17, ch. 7). Запрепастени и посрамени, монасите побрзале да ја напуштат собата. {ГБ 87.3}
Зборовите на Виклиф се исполниле. Живеел за да им го даде на своите сограѓани најмоќното оружје против Рим – Библијата, од небото одредено средство за ослободување, просветлување и евангелизирање на народот. За да може да се доврши започнатото дело, требало да се совладаат големи и тешки препреки. Виклиф физички многу ослабел, знаел дека за работа му преостануваат само уште неколку години, го видел отпорот на кој ќе наиде, но охрабрен од ветувањето на Божјото слово, тргнал напред и ништо не можело да го исплаши. Божјото провидение му ја сочувало енергијата и интелектуалните способности, и на тој начин, богат со искуство, бил подготвен за ова негово најголемо дело. Додека во целото христијанство владеел немир, реформаторот во својата парохија во Латерворт, не гледајќи на бурата што надвор беснеела, целосно и се посветил на својата избрана задача. {ГБ 88.1}
Најпосле била завршена и оваа голема работа – првиот превод на Библијата на англиски јазик. Божјата реч и била откриена на Англија. Реформаторот повеќе не се плашел ниту од затвор ниту од клада. Во рацете на англискиот народ ја ставил светлината која никогаш нема да изгасне. Давајќи им ја на своите сонародници Библијата, Виклиф направил многу повеќе за да ги раскине оковите на незнаењето и изопаченоста, да ја ослободи и подигне својата земја, отколку што било постигнато со најбрилијантните победи на бојните полиња. {ГБ 88.2}
Бидејќи тогаш печатарската вештина сè уште не била позната, копии од Библијата можеле да се умножат само со бавна и напорна работа. Интересот за таа книга бил толку голем што многумина доброволно се посветиле на нејзино препишување, но препишувачите не биле во состојба да ја задоволат побарувачката. Некои поимотни купувачи сакале да ја имаат целата Библија. Други, пак, набавувале само по некој дел. Во многу случаи, неколку семејства се обединувале да купат еден примерок. Така Виклифовиот превод на Библијата за кратко време нашол пат до домовите на народот. {ГБ 88.3}
Апелирајќи на здравиот човечки разум, ги разбудил луѓето од нивната пасивна потчинетост на папските догми. Виклиф сега проповедал наука која претставувала посебна карактеристика на протестантизмот – спасение преку вера во Христа и непогрешливост на Библијата. Проповедниците што тој ги испраќал ја ширеле Библијата и реформаторските списи со таков успех, така што новата вера ја прифатиле речиси половина од англискиот народ. {ГБ 89.1}
Појавата на Библијата им донела разочарување на црковните власти. Сега требало да се соочат со противник посилен од Виклиф, со противник против кој нивното оружје не било многу корисно. Во тоа време во Англија не постоел закон кој би ја забранувал Библијата, зашто никогаш пред тоа не била објавена на народен јазик. Такви закони подоцна биле издадени и најстрого применувани. Меѓутоа, и покрај сите напори преземани од страна на свештенството имало многу прилики и можности за ширење на Божјото слово. {ГБ 89.2}
Повторно папските водачи преку заговор сакале да го замолкнат гласот на реформаторот. Трипати, последователно, бил повикан на судење, но без успех. Најпрвин, синодот на бискупите ги прогласил неговите списи за еретички, а бидејќи го придобиле на своја страна младиот крал Ричард II, изнудиле и еден кралски декрет со кој сите оние кои ќе се придржуваат кон забранетите доктрини, ќе бидат пратени во затвор. {ГБ 89.3}
На таквата одлука на синодот, Виклиф се жалел до Парламентот. Пред националниот совет храбро ја обвинувал хиерархијата и барал да се изврши реформа во многубројните злоупотреби што црквата ги одобрувала. Со убедлива моќ ја прикажал узурпацијата и корупцијата на папството. Неговите непријатели биле доведени во забуна. Сепак, бидејќи пријателите и помагачите на Виклиф биле принудени да се повлечат, со сигурност се очекувало дека и самиот реформатор, во својата длабока старост, осамен и без пријатели ќе се покори на здружениот авторитет на кралската круна и на митрата на црковните великодостојници. Но, наместо тоа, папистите доживеале пораз. Парламентот, возбуден од силниот апел на Виклиф го повлекол едиктот за негово прогонство, а реформаторот повторно се нашол на слобода. {ГБ 89.4}
И по третпат бил повикан на сослушување, и тоа пред највисокиот црковен суд во земјата. Тука нема да има никакво одобрување ниту милост за кривоверството. Тука Рим дефинитивно ќе триумфира, а работата на реформаторот ќе биде запрена. Така мислеле папистите. Само ако ја постигнат својата цел, Виклиф ќе биде присилен да се одрече од своите учења, или во спротивно од судницата ќе оди право на клада. {ГБ 90.1}
Меѓутоа, Виклиф ништо не порекнал, не сакал да биде лицемер. Бестрашно го бранел своето учење и ги побивал обвинувањата на своите гонители. Заборавајќи на себе и на својата положба, ги повикал своите слушатели пред Божјиот суд, мерејќи ги нивните лукавства и измами на мерилата на вечната вистина. Во судската сала се почувствувала силата на Светиот Дух. Бог направил присутните да бидат како маѓепсани. Изгледало како да немаат сила ниту да се помрднат од своите места. Како стрели од Божјиот лак, зборовите на реформаторот ги погодувале нивните срца. Обвинувањата за ерес што ги подигнале против него, тој со убедлива сила ги префрлил на нив самите. „Како се осмелувате“, запрашал тој, „да ги ширите своите заблуди, и со Божјата милост поради заработувачка, да тргувате како со стока?“ {ГБ 90.2}
„Што мислите со кого се борите?“ – ги прашај најпосле, „со еден старец кој е на крајот на животот? Не! Се борите со вистината, со вистината која е посилна од вас и која ќе ве победи!“ (Wylie, b. 2, ch. 13). Откако го рекол тоа, излегол од судската сала и ниту еден од неговите непријатели не се обидел да го запре. {ГБ 90.3}
Виклифовата работа била речиси довршена, знамето на вистината кое толку долго го носел, требало наскоро да падне од неговите раце, но уште еднаш требало да посведочи за евангелието. Вистината требало да се изнесе и во самата тврдина на царството на заблудата. Виклиф бил повикан поради сослушување пред папскиот суд во Рим, кој толку често ја пролевал крвта на светите маченици. Тој добро знаел каква опасност му се заканува, но сепак ќе се јавел на повикот, доколку не добиел мозочен удар кој го онеспособил да тргне на пат. Но, иако неговиот глас не можел да се слушне во Рим, тој можел да прозбори и преку писмо и веднаш решил така да постапи. Од својата парохија реформаторот на папата му напишал писмо кое, иако составено со учтив тон и христијански дух, сепак претставувало остар укор за раскошот и гордоста на папата. {ГБ 90.4}
„Навистина се радувам – пишувал тој, што можам на секој човек, а особено на бискупот во Рим да ја објавам верата што ја исповедам и која ја сметам за здрава и вистинита, се надевам дека тој со радост ќе ја потврди или ако е погрешна ќе ја поправи“. {ГБ 91.1}
„Прво јас мислам дека Христовото евангелие го претставува Божјиот закон во целина… Поради тоа сметам дека римскиот бискуп е обврзан, доколку се смета за Христов намесник на земјата, пред сите да го прифати законот на евангелието. Зашто големината на Христовите ученици не се состоела од световното достоинство и чест, туку од точното следење на Христа и Неговите дела… Христос за време на Својата мисија на земјата бил најсиромашен човек, Тој отфрлал со презир секаква световна власт и чест“. {ГБ 91.2}
„Ниту еден верник за пример не треба да го земе папата ниту кој било светец, освен во онa во коe го следат Господа Исуса Христа; дури ни Петар и Зеведеевите синови, во својот стремеж кон земни почести, не оделе по Христовите стапки, и поради тоа во тие заблуди не треба да ги следиме“. {ГБ 91.3}
„Папата сета земна власт и управувањето треба да им ги препушти на световните владетели, и во таа смисла да го поттикнува и насочува целокупното свое свештенство; зашто така постапувал Христос, а посебно преку Своите апостоли. Затоа, ако сум погрешил во некои од овие точки, понизно ќе примам укор, па дури и смрт ако за тоа има потреба; кога би можел да постапувам според својата желба и волја, лично би се претставил на римскиот бискуп. Но Господ на друг начин ме поучи повеќе да го слушам Бога отколку луѓето“. {ГБ 91.4}
Во заклучокот нагласил: „Да се молиме на Бога да влијае врз нашиот папа Урбан VI, тој и неговото свештенство во својот живот и во своите навики да се угледаат на нашиот Господ Исус Христос, верниците со успех да ги поучуваат, а тие исто така верно да ги следат“ (John Foxe, Acts and Monuments, vol. 3, pp. 49, 50). {ГБ 92.1}
Така Виклиф на папата и неговите кардинали им ја покажал Христовата кротост и понизност, со што целото христијанство можело да ја види разликата меѓу нив и Учителот чии претставници тврделе дека се. {ГБ 92.2}
Виклиф не очекувал ништо друго освен дека таа негова верност ќе го чини живот. Кралот, папата и бискупите се здружиле за да го уништат, и сосема сигурно изгледало дека по неколку месеци ќе заврши на клада. Но неговата храброст била непоколеблива. „Зошто зборувате дека круната на мачеништвото треба да се бара далеку?“ – велел тој. „Проповедајте го Христовото евангелие на гордите бискупи, и мачеништвото нема да ве одмине. Што? Зарем да молчам и да живеам?… Никогаш! Нека падне ударот, тоа и го очекувам” (D’Aubigne, b. 17, ch. 8). {ГБ 92.3}
Но Божјото провидение сѐ уште го чувало својот слуга. Човекот кој во текот на целиот свој живот ја бранел вистината, изложувајќи го својот живот постојано во опасност, не требало да падне како жртва на омразата на неговите непријатели. Виклиф никогаш не се обидел да се заштити, но сепак Господ бил негов заштитник; во моментот кога неговите непријатели мислеле дека им е сигурен плен, Божјата рака го засолнила надвор од нивниот дофат. Токму кога во својата црква во Латерворт сакал да ја подели причеста, паднал погоден од мозочен удар и за кратко време починал. {ГБ 92.4}
Бог ја одредил задачата на Виклиф. Го ставил словото на вистината во неговата уста и поставил стража околу него за да може тоа слово да дојде до народот. Неговиот живот бил заштитен, а неговата работа продолжувана, сѐ додека не бил поставен темелот за големото дело на Реформацијата. {ГБ 92.5}
Виклиф дошол од густата темнина на средниот век. Пред него немало никаков претходник според чија работа би можел да го облкува својот систем на реформа. Подигнат за посебна мисија, како Јован Крстител, тој бил предвесник на една нова ера. А сепак системот на вистината што тој го изнесувал бил толку едноставен и целосен, така што реформаторите што дошле после него не го надминале, а некои не го ни достигнале, дури и стотина години подоцна. Темелот бил положен толку широко и длабоко, а скелетот поставен цврсто и сигурно, така што оние кои дошле по него не морале да го реконструираат. {ГБ 93.1}
Големото движење што го започнал Виклиф, со цел да се ослободи совеста и умот, да се еманципираат народите кои толку долго биле впрегнати во триумфалната кола на Рим, имало свој корен во Библијата. Тука се наоѓал изворот на онаа благословена струја која, слично на реката на животот, од четиринаесеттиот век потекла за сите времиња. Виклиф ја прегрнал Библијата, длабоко верувајќи дека таа претставува вдахновено откровение на Божјата волја, како сигурно правило на верата и делата. Тој бил воспитуван Римокатоличката црква да ја смета за божествен, непогрешлив авторитет, илјадагодишното учење и обичаите да ги прима со безусловно почитување; но тој сето тоа го оставил за да го послуша светото Божјо слово. Тоа бил авторитетот кон кој го упатувал народот. Наместо на црквата која зборувала преку папата, укажувал на Божјиот глас како на единствен и вистински авторитет кој го наоѓаме во Неговото слово. Тој не само што поучувал дека Библијата претставува совршено откровение на Божјата волја, туку и тоа дека Светиот Дух е единствен нејзин толкувач и дека треба секој со лично проучување на нејзините учења да дознае што му е должност. Така тој мислите на луѓето ги одвраќал од папата и од римската црква и ги упатувал на Божјото слово. {ГБ 93.2}
Виклиф бил еден од најголемите реформатори. Од оние кои дошле по него, малку кој можел да се изедначи со него по интелектуалната сила, и по јасноста на мислите, по цврстината со која се држел за вистината и храброста искажана во нејзината одбрана. Чистотата на животот, неуморната трудољубивост во проучувањето и работата, беспрекорната чесност и љубовта слична на Христовата и верност во службата – тоа биле особините со кои се одликувал овој прв реформатор без оглед на духовната темнина и моралната изопаченост на времето во кое живеел. {ГБ 94.1}
Виклифовиот карактер претставува доказ за воспитната и преобразувачката моќ на Библијата. Библијата направила од него таков човек. Напорот да се сфатат големите вистини на божественото откровение на сите способности им дава свежина и сила. Го развива умот, ги изострува перцепциите и му дава зрелост на расудувањето. Проучувањето на Библијата ја облагородува секоја мисла, секое чувство и секој стремеж, повеќе од кои било студии. Тоа им дава цврстина на намерите, трпение, храброст и духовна сила; тоа го облагородува карактерот и ја просветлува душата. Сериозното проучување на Библијата, проучување со стравопочит кое душата ја доведува во непосреден допир со Умот на сезнајниот, на светот би му дало луѓе со посилни и поделотворни разумни способности, со поблагородни начела, што не може да се постигне ниту со најдоброто образование кое го овозможува човечката филозофија. „Објавувањето на Твоите зборови просветлува, ги вразумува простодушните“ (Псалм 119:130). {ГБ 94.2}
Доктрините што го изнесувал Виклиф продолжиле да се шират. Неговите следбеници, познати под името виклифовци и лоларди патувале не само низ Англија туку и по други земји проповедајќи го евангелието. Сега, откако нивниот водач не бил со нив, овие проповедници работеле со уште поголема ревност отколку порано, и мноштво луѓе се собирале да ги слушаат нивните учења. Некои од припадниците на високото благородништво, па дури и сопругата на кралот се нашле меѓу обратените. Во многу места дошло до забележителна реформа во обичаите и навиките кај луѓето, а идолопоклоничките симболи на римокатолиците биле исфрлени од црквите. Меѓутоа, набргу се подигнала немилосрдна бура на прогонство против оние кои се осмелиле да ја земат Библијата како свој водич. Англиските владетели, со желба да ја зацврстат својата власт со поддршка од Рим, не се колебале да ги жртвуваат реформаторите. За првпат во историјата на Англија воведена е клада за учениците на евангелието. Едно по друго се нижеле мачеништво по мачеништво. Молитвите на бранителите на вистината кои свирепо биле прогонувани и мачени, се издигале до ушите на Господ. Прогонети како непријатели на црквата, и предавници на кралството, тие продолжиле да проповедаат на тајни места, наоѓајќи засолниште во скромните домови на сиромашните, а често и во дупките и пештерите. {ГБ 94.3}
И покрај гневот на прогонството, со векови продолжил мирниот, побожен, искрен и трпелив протест против преовладувачката изопаченост на верата. Христијаните во она време имале само делумно познавање за вистината, но биле научени да го ценат и сакаат Божјото слово, да му се покоруваат и со трпение да страдаат за него. Како и верниците во апостолските денови, многумина го жртвувале својот земен имот за Христовото дело. Оние кои останале во своите домови, со радост им давале засолниште на своите прогонети браќа, а кога и самите биле прогонети, исто така со радост ја прифаќале судбината на бездомници. Навистина, илјадници од нив, застрашени од бесот на своите прогонители, ја купувале својата слобода со жртвување на својата вера и го напуштале затворот во покајничка облека, покажувајќи го на тој начин своето откажување. Нo не бил мал бројот и на оние, а меѓу нив се наоѓале луѓе и со благородничко и со скромно потекло, кои во затворските ќелии, „во лолардските кули“, во мачилиштата и среде пламенот храбро сведочеле за вистината, радувајќи се што се удостоиле да го запознаат „учеството во Неговите страдања“ (Филипјаните 3:10). {ГБ 95.1}
Папистите не успеале да ги остварат своите намери со Виклиф за време на неговиот живот, и нивната омраза не можела да се задоволи додека неговото тело мирно почивало во гробот. Четириесет години по неговата смрт, неговите коски, со одлука на црковниот собор одржан во Констанца, биле ексхумирани и јавно изгорени, а пепелта била фрлена во блискиот поток. „Потокот – вели еден писател, ја однел неговата пепел во Авон, Авон во Северн, Северн во Бристолскиот залив, а овој во океанот. И така Виклифовата пепел станала симбол на неговото учење кое се раширило по целиот свет“ (T. Fuller, Church History of Britain, b. 4, sec. 2, par. 54). Малкумина од непријателите го сфатиле значењето на нивниот злобен чин. {ГБ 95.2}
Со посредство на Виклифовите списи Јан Хус, од Чешка, бил поттикнат да се откаже од многуте заблуди на Римокатоличката црква и да пристапи кон делото на реформација. Така, во овие две земји, меѓусебно толку оддалечени, било посеано семето на вистината. Од Чешка движењето се раширило и во други земји и мислите на луѓето биле насочени кон Божјото слово, кое долго било заборавено. Божествената рака го подготвила патот за големата реформација. {ГБ 96.1}