27 Будења во поново време

Сподели го ова:

Секаде каде што Божјото слово беше верно проповедано, се појавуваа резултати кои го потврдија неговото божествено потекло. Божјиот Дух ја придружуваше веста на Своите слуги и словото влијаеше силно. Грешниците чувствуваа дека совеста им се буди. „Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светов“ ги осветли скриените катчиња на нивните души и ги откри сокриените дела на темнината. Нивните души и срца ги обзеде длабоко осведочување. Се осведочија за гревот, за правдата и за судот што доаѓа. Ја сфатија праведноста на Јехова и чувствуваа страв што во својата грешност и нечистотија мораат да се појават пред Оној кој ги испитува и чита срцата. Со страв во својата душа извикнаа: „Кој ќе ме избави од ова смртно тело?“ Кога им беше откриен крстот на Голгота со својата неизмерна жртва за гревовите на човештвото, увидоа дека само Христовите заслуги можат да ги отстранат нивните престапи; само тоа може да го помири човекот со Бога. Со вера и со понизност го примија Божјото Јагне што ги зема гревовите на светот. Со Христовата крв добија „проштевање на минатите гревови”. {ГБ 461.1}

Овие души донесоа родови достојни за покајание. Поверуваа, потоа се крстија и почнаа да живеат нов живот – како нови созданија во Исуса Христа, не да живеат според своите поранешни желби, туку со вера во Божјиот Син да одат по Неговите стапки, да го одразуваат Неговиот карактер и да се исчистат како што Тој е чист. Она што некогаш го мразеле, сега го сакаа, а она што некогаш го сакале, сега го мразеа. Некогаш горди и самоуверени, сега станаа кротки и со понизно срце. Суетните и вообразените станаа скромни и сериозни. Хулниците – станаа полни со стравопочит, пијаниците трезни, а развратниците морални. Ја отфрлија суетната мода на овој свет. Како вистински христијани, тие не бараа надворешна убавина „односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога” (1. Петрово 3:3,4). {ГБ 461.2}

Будењата доведоа до темелно испитување на срцата и до понизност. Тие се одликуваа со свечен и сериозен повик упатен до грешниците, со искрена сомилост кон оние што се откупени со Христовата крв. Мажи и жени се молеа и се бореа со Бога за спасение на душите. Плодови на ваквите будења можеа да се видат кај душите што не се плашеа од самоодрекување и жртви, туку се радуваа што се удостоија да поднесат срам и искушенија поради Христа. Во животот на оние што го признаваа Исусовото име се забележуваше промена. Околината се облагородуваше од нивното влијание. Тие собираа со Христа и сееја во Духот за да пожнеат „вечен живот” (Галатјаните 6:8). {ГБ 462.1}

За нив можеше да се каже дека се нажалиле „за покајание“. „Бидејќи жалоста што потекнува од Бога, предизвикува неопходно покајување за спасение, а световната жалост доведува до смрт. Зашто, ете, тоа што се ожалостивте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво огорчување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква горчина. Со сѐ покажавте дека во тоа дело сте чисти” (2. Коринтјаните 7:9-11). {ГБ 462.2}

Тоа е резултат на работата на Божјиот Дух. Не постои доказ за вистинско покајание доколку тоа не предизвика реформа. Ако грешникот го исполни ветувањето, ако го врати она што го украл; ако ги признае своите гревови, ако го љуби Бога и своите ближни, тогаш може да биде сигурен дека нашол мир со Бога. Такви плодови ги придружуваа верските будења во поранешните години. Судејќи според нивните плодови, можеше да се види дека тие будења беа благословени од Бога заради спасение на луѓето и за издигнување на човештвото. {ГБ 462.3}

Но, многу будења во поново време видливо се разликуваат од оние манифестации на божествената милост кои во минатото ги придружуваше делата на Божјите слуги. Навистина, на сите страни се забележува поголем интерес; мнозина признаваат дека се обратиле; се зголемува бројот на верниците на црквата, но сепак, резултатите не се такви за да можат да го оправдаат верувањето дека настанал соодветен пораст на вистински духовен живот. Светлината што ќе засвети и бргу ќе згасне, зад себе остава погуста темнина отколку што била. {ГБ 463.1}

Популарните будења настануваат на тој начин што се буди мечтата, се возбудуваат чувствата и се задоволува желбата со она што е ново и сензационално. Вака обратените малку сакаат да слушаат за библиските вистини и не покажуваат посебен интерес за сведоштвата на пророците и апостолите. Ако богослужението не содржи ништо возбудливо, тогаш тоа не ги привлекува. Веста што му е упатена на здравиот разум не наидува на никаков одѕив. Јасните опомени на Божјото слово што се за нивното вечно добро, остануваат занемарени. {ГБ 463.2}

За секоја вистински обратена душа односот кон Бога и кон вечните стварности е суштинско животно прашање. Но, каде во денешните големи цркви може да се види дух на посветеност на Бога? Обратените не се откажуваат ниту од својата гордост ниту од љубовта кон светот. Дури и по своето преобратување тие не сакаат да се откажат од своето „јас“, да го земат на себе својот крст и да го следат благиот и кроток Исус. Религијата станала предмет на потсмев кај атеистите и скептиците, зашто мнозина од оние што го носат нејзиното име ги игнорираат нејзините начела. Силата на побожноста во многу цркви речиси исчезнала. Излети, црковни претстави, црковни саеми, луксузни домови, лично расфрлање – сето тоа ги потиснало мислите за Бога. Мислите се окупирани со световни грижи, со богатства и со световни работи, а она што е од вечен интерес едвај се забележува. {ГБ 463.3}

И покрај општото опаѓање на верата и побожноста, сепак, во овие цркви сè уште има вистински Христови следбеници. Пред Бог да ги излее своите судови на светот, меѓу Неговиот народ ќе се јави такво оживување на вистинска побожност, какво што не се видело од времето на апостолите. Врз Божјите деца ќе се излее Неговиот Дух и Неговата сила. Во тоа време мнозина ќе ги напуштат црквите во кои љубовта кон светот го зазела местото на љубовта кон Бога и кон Неговото слово. Многу проповедници и верници со радост ќе ги прифатат оние големи вистини што ќе ги даде Бог да се објавуваат во тоа време за да го подготват народот за второто Господово доаѓање. Непријателот на душите ќе сака да го спречи ова дело; и пред да настапи времето на тоа движење, ќе се обиде да го осуети со подигање на свои лажни движења. Во оние цркви во кои сатаната ќе може да ја покажува својата лажна моќ ќе предизвика уверување дека врз нив е излеан посебен Божји благослов; во нив ќе се покаже навидум големо религиозно будење. Мнозина ќе ликуваат што Бог работи толку чудесно за нив, а всушност тоа дело потекнува од сосем друг дух. Сатаната ќе се обидува под плаштот на религијата да го прошири своето влијание врз целиот христијански свет. {ГБ 464.1}

Во многу будења што се појавија за време на последните педесет години, помалку или повеќе, на дело беше истото влијание што ќе се покаже во иднина во поголемите движења. Ќе се возбудуваат чувствата, вистината ќе се меша со лагата, така што луѓето лесно ќе ги заведе. Сепак, никој не треба да биде измамен. Во светлината на Божјото слово нема да биде тешко да се утврди каков карактер имаат овие движења. Секаде каде што луѓето ги занемаруваат сведоштвата на Библијата и каде што се презираат јасните вистини што го испитуваат срцето и бараат самооткажување и одвојување од светот, можеме да бидеме сигурни дека тука Бог нема да даде Свој благослов. А според правилото што ни го дал Христос: „По нивните плодови ќе ги препознаете“  (Матеј 7:16), лесно ќе се утврди дека овие движења не се дело на Божјиот Дух. {ГБ 464.2}

Во вистините на Своето слово, Бог им се открил на луѓето самиот Себеси, и за сите оние што ќе ги прифатат, тие претставуваат штит против измамите на сатаната. Токму занемарувањето на овие вистини ја отвори вратата на злата што денес ги има толку многу во верскиот свет. Природата и важноста на Божјиот закон во голема мера се губат од вид. Погрешното сфаќање за карактерот, за траењето и за задолжителноста на Божјиот закон довело до заблуди во врска со обратувањето и посветувањето, што пак довело до пад на побожноста во црквите. Овде лежи тајната зошто во будењата на нашето време недостига Дух и Божја сила. {ГБ 465.1}

Во разни верски заедници постојат луѓе кои се истакнуваат со својата побожност. Тие го признаваат овој факт и го оплакуваат. Професорот Едвардс А. Парк го вели следното за општите прилики во Америка: „Еден од изворите на опасност е немарноста од проповедалната да се истакнува Божјиот закон. Во поранешните денови проповедалната претставуваше одглас на гласот на совеста… Нашите најдобри проповедници со своите проповеди покажаа прекрасно достоинство со тоа што го следеа примерот на Спасителот и го истакнуваа Законот, Неговите заповеди и закани. Тие често повторуваа две големи начела, дека Законот е одраз на Божјото совршенство и дека човекот што не го љуби Законот не го љуби ниту евангелието, зашто Законот, како и евангелието, е огледало што го одразува вистинскиот Божји карактер. Оваа опасност води кон друга, а тоа е дека се потценува тежината на гревот, неговата распространетост и казната што ја повлекува. Како Законот што е праведен, така непослушноста е неправедна… {ГБ 465.2}

Слично на овие веќе споменати опасности е и опасноста од потценување на Божјата правда. Модерните проповедници имаат тенденција Божјата правда да ја одделат од Божјата милост и Неговата благонаклоност повеќе да ја сведат на ниво на чувство наместо да ја издигнат до ниво на начело. Современите теолози го разделуваат она што Господ го составил. Дали Божјиот закон е добар или не е? Тој е добар. Тогаш и праведноста е добра, бидејќи таа ја изразува желбата да се исполни Законот. Навикнати да се потценува Божјиот Закон и правдата, обемот и степенот на човечката непослушност, луѓето лесно се навикнуваат да ја потценуваат милоста што донела помирување за гревот“. На овој начин евангелието во срцата на луѓето ја губи својата вредност и важност и тие набргу се спремни да ја отфрлат и самата Библија. {ГБ 465.3}

Многу верски учители тврдат дека Христос со Својата смрт го укинал Законот и дека оттогаш луѓето се ослободени од неговите барања. Има и такви кои го прикажуваат како тежок јарем, и наспроти робувањето на Законот, ја истакнуваат неограничената слобода што можат да ја уживаат под евангелието. {ГБ 466.1}

Меѓутоа пророците и апостолите не гледале така на светиот Божји закон. Давид рекол: „Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди“ (Псалм 119:45). Апостол Јаков, кој пишувал по Христовата смрт, Десетте заповеди ги нарекува „царски Закон“, „совршен Закон на слободата“ (Јаков 2:8; 1:25). А писателот на Откровението, повеќе од половина век по Христовото распнување, изговорил благослов над оние „што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите” (Откровение 22:14). {ГБ 466.2}

Тврдењето дека Христос со Својата смрт го укинал Законот на Својот Отец нема никаков темел. Кога Законот би можел да се промени или да се укине, тогаш Христос не би морал да умре за да го спаси човекот од казната за гревот. Христовата смрт, далеку од тоа дека го укинала Законот, туку напротив докажала дека тој е непроменлив. Божјиот Син дошол „да го возвеличи и прослави Законот Свој“ (Исаија 42:21). Тој рекол: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот“. „Дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè“ (Матеј 5:17.18). А зборувајќи за Себе изјавува: „Со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот Закон е во срцето мое” (Псалм 40:8). {ГБ 466.3}

Божјиот закон според самата своја природа е непроменлив. Тој е откровение на волјата и карактерот на самиот негов Автор. Бог е љубов, и Неговиот закон е љубов. Неговите две големи начела се љубов кон Бога и љубов кон човекот. „И така, љубовта е исполнување на Законот“ (Римјаните 13:10). Божјиот карактер е правда и вистина; таква е и природата на Неговиот закон. Псалмистот вели: „Твојот закон е вистина“, „зашто сите Твои заповеди се праведни“ (Псалм 119:142,172). А апостол Павле изјавува: „Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра“ (Римјаните 7:12). Таквиот Закон, кој е израз на Божјиот ум и волја, мора исто така да биде вечен како и неговиот Автор. {ГБ 466.4}

Целта на обратувањето и посветувањето е луѓето да се помират со Бога, доведувајќи ги во согласност со начелата на Неговиот закон. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик. Тој бил во целосна хармонија со природата и со Божјиот закон, а начелата на правдата биле напишани во неговото срце. Но гревот го оддалечил од неговиот Творец. Тој повеќе не го одразувал Божјиот лик. Неговото срце било во војна и во непријателство со начелата на Божјиот закон. „Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може“ (Римјаните 8:7). Но „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син“, за да може човекот да се помири со Бога. Само благодарение на Христовите заслуги човекот може повторно да дојде во хармонија со Својот Творец. Неговото срце мора да биде обновено со божествената милост. Тој мора да добие нов живот одозгора. Таа промена претставува ново раѓање, без кое, вели Исус, човекот „не може да го види царството Божјо”. {ГБ 467.1}

Првиот чекор кон помирување со Бога е осведочувањето за гревот. „Гревот е беззаконие“. „Бидејќи преку Законот се познава гревот“ (1. Јованово 3:4; Римјаните 3:20). За да ја увиди својата вина, грешникот мора својот карактер да го испитува според големото Божјо мерило на правдата. Законот е огледало што го покажува совршенството на еден исправен карактер и го оспособува човекот да ги открие сопствените недостатоци. {ГБ 467.2}

Законот му ги открива на човекот неговите гревови, но не обезбедува лек. Додека на послушниот тој му ветува живот, во исто време објавува дека смртта е плата за престапникот. Само Христовото евангелие може грешникот да го ослободи од осудата и нечистотијата на гревот. Тој мора да се покае пред Бога чијшто Закон го престапил и да покаже вера во Христа, жртвата за неговото помирување. Со тоа тој добива „проштевање за минатите гревови“ и станува учесник во божествената природа. Тој е Божјо дете, зашто примил Дух на посинување со кој вика: „Ава, Оче!“ {ГБ 467.3}

Но, дали тој сега може слободно да го престапува Божјиот закон? Павле вели: „А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме“. „Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?“ (Римјаните 3:31; 6:2). А Јован изјавува: „Љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Со новото раѓање срцето стапува во хармонија со Бога и во хармонија со Неговиот закон. Кога кај грешникот ќе настане оваа голема промена, тогаш тој преминал од смртта во живот, од гревот во светост, од престапот и бунтот во послушност и верност. Престанал стариот живот на отуѓеност од Бога; почнал нов живот на помирување, на вера и љубов. Тогаш во нас се исполнува „праведноста, што Законот ја бара“, зашто „не одиме по телото, туку по Духот“ (Римјаните 8:4). Тогаш душата вели: „Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него” (Псалм 119:97). {ГБ 468.1}

„Господовиот Закон е совршен – ја крепи душата“ (Псалм 19:7). Без Законот луѓето немаат вистинска претстава за Божјата светост и чистота, ниту за сопствената вина и нечистотија. Тие не ја сфаќаат својата грешност и не чувствуваат потреба од покајание. Бидејќи не согледуваат дека како престапници на Божјиот закон се изгубени, тие не ја сфаќаат ниту својата потреба дека им е потребна Христовата крв на помирување. Тие се надеваат во спасение без темелна промена на срцето и без реформа во животот. На тој начин се зголемува бројот на површни обратувања, и мнозина се приклучуваат кон црквата кои никогаш вистински не се соединиле со Христа. {ГБ 468.2}

Погрешните теории за посветувањето, кои се резултат на занемарувањето или отфрлањето на Божјиот закон, исто така заземаат истакнато место во денешните верски движења. Овие теории се неточни во доктрините (учењата) и се опасни во своите практични резултати; а фактот дека тие наидуваат на топол прием кај луѓето, уште еднаш ја нагласуваа итната потреба да се разјаснат учењата на Светото Писмо во врска со ова прашање. {ГБ 469.1}

Вистинското посветување е библиско учење. Апостол Павле во своето послание упатено до црквата во Солун изјавува: „Ова е волјата Божја, вашата светост“. И тој се молел: „А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сè“ (1. Солунјаните 4:3; 5:23). Библијата јасно учи што е тоа посветување и како може да се постигне. Спасителот се молел за Своите ученици: „Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). А Павле учи дека верните ќе бидат посветени со Светиот Дух (Римјаните 15:16). Што е задача на Светиот Дух? Исус им рекол на учениците: „А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16:13). И псалмистот вели: „Сите Твои заповеди се вистина“ (Псалм 119:86). Преку Божјото слово и Божјиот Дух на човекот му се откриваат големите начела на правдата што се отелотворени во Божјиот закон. Бидејќи Божјиот закон е „свет, справедлив и добар“, а тој е одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот што се формира преку послушноста на овој Закон исто така ќе биде свет. Христос е совршен пример на еден таков карактер. Тој кажал: „Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец“. „Секогаш го вршам она што Му е угодно“ (Јован 15:10; 8:29). Христовите следбеници треба да станат како Него – со Божја благодат треба да формираат карактер кој ќе биде во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Ова е библиско посветување. {ГБ 469.2}

Ова дело може да се изврши само со вера во Христа и со силата на Божјиот Дух. Павле ги опоменувал верниците: „Со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Филипјаните 2:12,13). Христијанинот ќе ги слуша дошепнувањата на гревот, но тој ќе остане во постојана борба против него. Овде е потребна Христова помош. Човечката слабост се здружува со божествената сила и верата извикува: „Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос” (1. Коринтјаните 15:57). {ГБ 469.3}

Светото Писмо јасно покажува дека делото на посветување е прогресивно. Кога грешникот обратувајќи се ќе најде мир со Бога преку крвта на помирувањето, тогаш само што започнал христијанскиот живот. Сега тој мора да се стреми „до состојба на совршен човек“, да расте, „до мера на возраста на Христовата полнота“ (Ефесјаните 4:13). Апостол Павле вели: „Но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта -кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос“ (Филипјаните 3:13,14). А Петар ги предочува скалилата по кои може да се постигне библиско посветување: „Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивост љубов… Ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите” (2. Петрово 1:5-10). {ГБ 470.1}

Оние што од лично искуство знаат што е библиско посветување, ќе покажат дух на понизност. Како и Мојсеј, и тие го виделе прекрасното величество на светоста и ја согледале својата лична недостојност во споредба со чистотата и со возвишеното совршенство на Вечниот. {ГБ 470.2}

Пророк Даниел е пример на вистинско посветување. Неговиот долг живот бил исполнет со благородна служба на Господа. Тој за небото бил „сакан човек“ (Даниел 10:11). Но, наместо да тврди дека е чист и свет, овој почитуван пророк себеси се вбројува меѓу навистина грешниот Израел кога посредувал пред Бога за својот народ: „Ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност“. „Згрешивме, постапивме нечесно“. Понатаму продолжува: „Додека зборував и се молев и ги исповедав гревовите свои и гревовите на мојот народ Израел“. А во една друга пригода, кога му се јавил Божјиот Син, рекол: „Во мене не остана сила и лицето ми пребледе многу, не остана во мене бодрост” (Даниел 9:18,15,20; 10:8). {ГБ 470.3}

Кога Јов го слушнал Господовиот глас од виорот, извикнал: „Затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел“ (Јов 42:6). Кога Исаија во свое време ја видел славата Господова и херувимите што ликувале: „Свет, свет, свет е Господ Саваот!“, извикнал: „Тешко мене“ (Исаија 6:3.5). Кога Павле бил однесен до третото небо и кога слушнал неискажливи зборови, што не може да ги изговори ниту еден човек, самиот за себе зборувал како за „најмалиот од сите светии“ (2. Коринтјаните 12:2-4; Ефесјаните 3:8). А омилениот Јован, кој лежел на Исусовите гради и ја видел Неговата слава, паднал како мртов пред нозете на ангелот (Откровение 1:17). {ГБ 471.1}

Оние што живеат во сенката на крстот од Голгота никогаш не се воздигаат и кај нив не може да има фалбаџиско тврдење дека се без грев. Тие се свесни дека нивниот грев предизвикал душевни страдања што го скршиле срцето на Божјиот Син, и таа помисла ги води кон понизност. Тие што живеат најблиску до Исуса најдобро ги распознаваат слабостите и гревовите на човештвото, а нивната единствена надеж е во заслугите на распнатиот и воскреснат Спасител. {ГБ 471.2}

Посветувањето што денес се истакнува во религиозниот свет носи во себе дух на самовозвишување и непочитување на Божјиот закон, кој го прикажува како нешто туѓо во однос на библиската религија. Застапниците на оваа теорија учат дека посветувањето е дело со кое, единствено со вера, одеднаш, се постигнува совршена светост. „Само верувај“, велат тие, „и ќе примиш благослов“. Не се потребни никакви натамошни напори од оној што ги прима благословите. Тие во исто време ја негираат важноста на Божјиот закон и тврдат дека се ослободени од обврските да ги држат заповедите. Но, зарем е можно луѓето да станат свети и да бидат во склад со волјата и карактерот Божји без да се усогласат со начелата што се израз на Божјата природа и волја и кои покажуваат што Му е Нему угодно? {ГБ 471.3}

Заради желбата за една лесна религија, која не бара никаков напор, самосовладување ниту напуштање на лудостите на светот, доктрината за вера, и само вера, станала многу популарна. Но што вели Божјото слово? Апостол Јаков вели: „Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?“ „Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела беше оправдан Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи својот син Исак? Нашиот татко Аврам не беше ли оправдан преку делата кога го принесе својот син Исак на жртвеникот? Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена?“ „Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера” (Јаков 2:14.20-22,24). {ГБ 472.1}

Сведоштвото на Божјото слово се противи на ова лажно учење за вера без дела. Да се бара небесна наклоност, а да не се исполнуваат условите под кои милоста се одобрува, тоа не е вера туку дрска претпоставка; зашто вистинската вера има свој темел во ветувањата и во прописите на Светото Писмо. {ГБ 472.2}

Никој нека не се лаже верувајќи дека може да стане свет додека намерно престапува некоја Божја заповед. Гревот што свесно го правиме го замолкнува гласот на Светиот Дух и ја одвојува душата од Бога. Гревот е престап на Законот, а „секој што греши (го престапува Законот), не Го видел, ниту Го познал“ (1. Јованово 3:6). Иако Јован во своите посланија толку опширно зборува за љубовта, тој сепак, не се притеснува да го открие вистинскиот карактер на оние што тврдат дека се свети а живеат во престап на Божјиот закон. „Кој вели: ’Го познав‘, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него. А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него“ (1. Јованово 2:4.5). Овде може да се провери сечија вера. Ние не можеме ниту еден човек да го сметаме за свет додека не го измериме со единственото Божјо мерило на светоста како на небото така и на земјата. Ако луѓето не ја чувствуваат својата одговорност кон моралниот Закон, ако ги омаловажуваат Божјите заповеди и лекомислено се однесуваат кон нив, ако ја престапуваат или менуваат дури и најмалата Негова заповед, и така ги учат луѓето, тие нема да бидат почитувани во очите на небото, и тогаш можеме да знаеме дека нивното тврдење за светост е неосновано. {ГБ 472.3}

Оној што тврди дека е без грев, со тоа докажува дека е далеку од светоста. Тоа е затоа што тој нема вистинска претстава за Божјата бескрајна чистота и светост и за она какви треба да станат оние кои сакаат да бидат во согласност со Неговиот карактер; бидејќи нема вистински претстава за чистотата и за возвишената Исусова убавина, а ниту за штетноста и злобата на гревот, затоа тој себеси се смета за свет. Колку е подалеку од Христа, колку понеточни се неговите претстави за Божјиот карактер и барања, толку во своите сопствени очи ќе изгледа поправеден. {ГБ 473.1}

Посветувањето што го истакнува Светото Писмо го опфаќа целото битие – духот, душата и телото. Павле се молел за Солунјаните „и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос“ (1. Солунјаните 5:23). На друго место тој им пишува на верните: „Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам подајте ги телата ваши во жива жртва, света и благоугодна на Бога“ (Римјаните 12:1). Во времето на стариот Израел секоја жртва што му се принесувала на Господа внимателно се испитувала. Ако на животното што било наменето за жртва би се пронашла било каква мана, тоа не се примало, зашто Бог одредил жртвата да биде „без мана“. Така на христијаните им е наредено да ги дадат своите тела „како жива, света и богоугодна жртва“. За да можат да го направат тоа, сите нивни сили мора да бидат сочувани во најдобра состојба. Секоја постапка што ја намалува човековата телесна или душевна сила го онеспособува за служба на неговиот Творец. Може ли на Бога да му биде угодно кога Му жртвуваме нешто што не е најдобро? Христос рекол: „Возљуби го Господ, твојот Бог, со сето свое срце“. Оние што го љубат Господа со сето свое срце ќе настојуваат да Му служат со сиот свој живот и постојано ќе се трудат секоја способност на своето битие да ја сообразат со законите што ќе ги потпомогнат  нивните  способности да ја извршуваат Неговата волја. Тие нема, попуштајќи им на апетитот или на страстите, да ја намалат или да ја осквернат жртвата што му ја принесуваат на својот небесен Отец. {ГБ 473.2}

Петар вели: „Да се пазите од телесните похоти што војуваат против душата“ (1. Петрово 2:11). Секое грешно задоволство ги отапува умните сили и ги ослабува душевните и духовните способности, така што сразмерно се намалува и влијанието на Божјото слово или Светиот Дух врз срцето. Павле им пишувал на Коринтјаните: „Да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји“ (2. Коринтјаните 7:1). А кон плодовите на Духот кои се: „љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост“, додава и „воздржливост” (Галатјаните 5:22,23). {ГБ 474.1}

А колкумина од нив, кои се викаат христијани, наспроти овие вдахновени изјави, ги ослабуваат своите сили во потера по заработка и со поклонување на модата! Колкумина од нив го понижуваат своето човечко достоинство со ненаситно јадење, со пијанство и со забранети уживања! А црквата, наместо да го укори ова зло, често и го охрабрува, повикувајќи и самата на уживања, на желбата за добивка и на разни задоволства за да ја наполни својата благајна, што со љубовта кон Христа не успева да го направи. Кога Исус би влегол во денешните цркви и таму би ги видел овие несвети гозби и несвети трговии што се прават во име на религијата, зар не би ги истерал овие сквернители, како некогаш што ги истерал менувачите на пари од храмот? {ГБ 474.2}

Апостол Јаков изјавува дека мудроста што доаѓа озгора „е најнапред чиста“ (Јаков 3:17). Кога Јаков би ги сретнал оние што го земаат светото име на Исуса во својата со тутун извалкана уста, чиишто тела и здив се проникнати со овој одвратен мирис и кои со него го загадуваат небесниот воздух и сите околу себе ги присилуваат да го вдишуваат тој отров – зарем апостолот на чистото евангелие не би ја осудил оваа одвратна навика како „земна, душевна, бесовска“? Робовите на тутунот, тврдат дека се благословени со целосна посветеност, зборуваат за својата надеж на небото, но Божјото слово јасно изјавува: „И нема во него да влезе ништо нечисто” (Откровение 21:27). {ГБ 474.3}

„Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души кои се Божји“ (1. Коринтјаните 6:19,20). Оној, чиешто тело е храм на Светиот Дух, нема да биде роб на некоја штетна навика. Неговите сили му припаѓаат на Христа кој го откупил со Својата крв. Сè што има му припаѓа на Господа. Како може да биде без вина ако го растури капиталот кој му е доверен? Многу христијани секоја година трошат огромни суми на бескорисни и штетни уживања, додека души пропаѓаат поради недостиг од словото на животот. На Бога му се задржува од десетокот и од даровите затоа што луѓето повеќе трошат на олтарот на штетните уживања отколку што даваат за помагање на сиромасите или за ширење на евангелието. Кога сите што тврдат дека се Христови следбеници навистина би биле посветени, тогаш нивните средства, наместо да бидат потрошени на некорисни и штетни задоволства, би влегле во Господовата ризница, и христијаните би биле пример на умереност, самоодрекување и самопожртвуваност. Тогаш тие би биле светлина на светот. {ГБ 475.1}

Светот се оддал на задоволување на своите желби – со него управуваат „похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот“. Но Христовите следбеници имаат посвет повик: „Затоа излезете од нивната средина и одделете се! Вели Господ, и Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам“ (2. Коринтјаните 6:17). Во светлината на Божјото слово со право можеме да изјавиме дека посветувањето не може да биде вистинско, ако не доведе до целосно откажување од грешните желби и од задоволствата на овој свет. {ГБ 475.2}

На оние што ги исполнуваат условите: „Затоа излезете од нивната средина и одделете се!… и не допирајте се до нечисто“, Бог им ветува: „И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот“ (2. Коринтјаните 6:17,18). Предимство и должност на секој христијанин е да има богато искуство во Божјите работи. „Јас сум Светлината на светот“, рекол Спасителот, „кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот“ (Јован 8:12). „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе, дури не настане ден“ (Изреки 4:18). Секој чекор на вера и послушност душата ја доведува во потесна врска со Светлината на светот, во која „нема никаква темнина“. Сјајните зраци на Сонцето на правдата ги осветлуваат Божјите слуги и тие треба да ја одразуваат Неговата светлина. Како што ѕвездите ни зборуваат дека на небото постои големо видело со чијашто светлина и тие светлат, така и христијаните мораат да знаат дека на престолот на вселената седи Бог чијшто карактер е достоен за слава и за пример кој треба да се следи. Кај Неговите сведоци ќе се откријат доблестите на Неговиот Дух, чистотата и светоста на Неговиот карактер. {ГБ 475.3}

Во посланието до Колосјаните Павле ги опишува богатите благослови што им се ветени на Божјите деца: „Затоа и ние,… непрестано се молиме и сакаме да се исполните со познание на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сè; принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познанието на Бога, укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и великодушност со радост” (Колосјаните 1:9-11). {ГБ 476.1}

Павле повторно пишува за својата желба браќата во Ефес потполно да ја запознаат возвишеноста на христијанските предимства. Со најопсежен јазик им ја открива прекрасната моќ и сознанието што би можеле да ги уживаат како синови и ќерки на Севишниот. Нивно предимство е да можат да се зајакнат „со сила за да се утврдат преку Неговиот Дух во внатрешниот човек“, да бидат „вкоренети и утврдени во љубовта“ за да можат „да разберат со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина“, и да ја осознаат „Христовата љубов што го надминува секое знаење“. Но, молитвата на апостолот го достигнува врвот на предимствата кога се моли: „Да се исполните со сета полнота Божја” (Ефесјаните 3:16-19). {ГБ 476.2}

Овде ни се откриени височините на достигнувањата што можеме да ги постигнеме преку вера во ветувањата на Нашиот небесен Отец ако ги исполниме Неговите барања. Преку Христовите заслуги имаме пристап кон престолот на Неизмерната Сила. „Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сè?“ (Римјаните 8:32). Отецот на Својот Син му го дал Својот Дух без мерка; и ние можеме да бидеме учесници во Неговата полнота. Исус вели: „Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што Му бараат?“ (Лука 11:13). „Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам“ „Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна” (Јован 14:14; 16:24). {ГБ 477.1}

Иако животот на еден христијанин се одликува со понизност, не би требало кај него да се види тага и самопотценување. Сите ние имаме предност да живееме таков живот, кој Бог може да го одобри и благослови. Нашиот небесен Отец не сака секогаш да се чувствуваме така како да сме во темнина или под некоја осуда. Не е доказ за вистинска понизност ако одиме со наведната глава, а срцето ни е исполнето со мисли за себе. Можеме да дојдеме кај Исуса и да бидеме очистени, и да застанеме без срам и грижа на совест пред Законот. „И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос” (Римјаните 8:1). {ГБ 477.2}

Преку Исуса паднатите Адамови синови стануваат „Божји синови“. „Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа Исус не се срамува да ги нарече браќа“ (Евреите 2:11). Животот на еден христијанин треба да биде живот на вера, победа и радост во Бога. „Зашто сè што е родено од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – верата наша“ (1. Јованово 5:4). Имал право Божјиот слуга Немија кога рекол: „Радоста пред Господа е поткрепа за вас“ (Немија 8:10). А Павле пишува: „Радувајте се секогаш. Молете се постојано! Благодарете за сè, зашто таква е волјата Божја во Христос Исус спрема вас” (1. Солунјаните 5:17,18). {ГБ 477.3}

Такви се плодовите на библиското обратување и посветување; но бидејќи христијанскиот свет многу рамнодушно се однесува кон големите начела на правдата откриени во Божјиот закон, затоа тие плодови се гледаат толку ретко. Тоа е причината зошто толку малку се покажува она длабоко и постојано дејствување на Божјиот Дух што ги карактеризираше будењата во поранешните години. {ГБ 478.1}

Гледајќи во Господа, ние се менуваме. Но, бидејќи се занемарени оние свети прописи во кои Бог на луѓето им го открил совршенството и светоста на Својот карактер, а вниманието на луѓето го привлекуваат човечките учења и теории, тогаш не е ни чудно што во црквите се појавило опаѓање на вистинската побожност. Господ рекол: „Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода” (Еремија 2:13). {ГБ 478.2}

„Блажен е оној, што не го следи советот на безбожниците,… туку му омилел Законот Господов и за Законот Негов дење и ноќе грижливо размислува; тој е како дрво посадено крај вода изворска, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не венее; и во сè што прави, напредува“ (Псалм 1:1-3). Единствено ако на Божјиот закон му се врати неговото вистинско место, ќе настане оживување на првобитната вера и побожност меѓу оние што тврдат дека се Божји народ. „Вака вели Господ: – застанете на вашите патишта, разгледајте и распрашајте се за дамнешните патишта, каде е добриот пат, врвете по него, и ќе најдете спокојство на душите свои” (Еремија 6:16). {ГБ 478.3}

Сподели го ова:

Слични објави