Вистинско искуство

Сподели го ова:

3. ВИСТИНСКО ИСКУСТВО

Вторник, 13 октомври 2026

а. Која Павлова цел треба и ние денес ревносно да ја следиме? Филипјаните 3:9.

„Верниот Сведок вели: ’Те советувам да купиш од Мене злато пречистено во оган, за да се збогатиш; и бели облеки, за да се облечеш и да не се покаже срамот на твојата голотија.’ Што претставува срамот на таа голотија, сиромаштија и беда? Тој срам го претставува облекувањето во облеката на сопствената праведност и одвојувањето од Бога, иако Тој обезбедил изобилство од благослови што им се достапни на сите.“

Извор: Коментари на библиските текстови, 893.

„Христијанинот што Го љуби Бога го издигнува својот поглед над маглата на сомнежот; тој стекнува длабоко, трајно и живо искуство и станува кроток и сличен на Христос. Скриен со Христос во Бога, тој целосно ѝ се потчинува на Неговата волја. Тој е во состојба мирно да поднесува занемарување, навреди и презир, бидејќи и неговиот Спасител го поднесувал сето тоа. Нема да стане мрзоволен, вознемирен или обесхрабрен кога ќе го притиснат тешкотиите, како што ни Христос во слични околности не се колебал ниту ја губел храброста. Секој вистински христијанин ќе биде силен, не во силата и заслугите на своите добри дела, туку во Христовата праведност, која му се припишува преку верата. Голема работа е да се биде кроток и смирен по срце и да се остане чист и неизвалкан, како што бил Кнезот на небото кога живеел меѓу луѓето.“

Извор: Коментари на библиските текстови, 757.

б. Опишете што треба да биде средиштето на вистинскиот христијански живот. Филипјаните 3:10,11; 1. Петрово 2:21.

„Со своето самооткажување и истакнување на крстот, тие укажувале на патот на животот. Тие имале заедница со Христос во Неговите страдања и најголема желба им била да го запознаат Исус Христос и тоа распнатиот. Не барале лични задоволства, ниту се грижеле за својот земен живот. Не живееле за да си угаѓаат себеси, туку за да прават добро, спасувајќи ги душите за кои Христос умрел.“

Извор: 3. Сведоштво, 27.

„Токму заедницата со Христос, личниот контакт со живиот Спасител, ги оспособува умот, срцето и душата да постигнат победа над својата пониска природа. Зборувајте му на заталканиот за Семоќната рака што ќе го поддржи, за бескрајното сожалување што го чувствува кон него Христос како човек. Не е доволно да го упатите да верува во законот и силата, во нешто што не може да има сожалување и што не може да чуе повик за помош. Тој има потреба да прифати топла рака, да се потпре врз срце полно со нежност. Зборувајте му постојано дека Бог е секогаш покрај него, дека постојано го придружува со Својата љубов проникната со сожалување. Помогнете му да мисли за срцето на Отецот, кое е жалосно поради гревот, за раката на Отецот која сè уште е испружена.“

Извор: Христовите очигледни поуки, 388.

Сподели го ова:

Поврзани статии