4. ИСТРАЈУВАЊЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ ИСКУШЕНИЈАТА
Среда, 14 октомври 2026
а. Како Павле го опишува постојаниот, секојдневен повик упатен до секој Христов следбеник? 2. Коринтјаните 7:1; Филипјаните 3:12-14; 1. Коринтјаните 15:31.
„Тука се гледа јасна спротивност меѓу фалбените, самоправедни тврдења на оние што велат дека се без грев и понизниот говор на апостолот; а токму чистотата и верноста на неговиот живот им давале тежина и сила на неговите опомени кон браќата.“
Извор: Посветен живот, 86.
„О, кога сите би го избрале небесниот дар и би станале Божји наследници — наследници на наследството врз кое ниеден уништувач не може да полага право ниту да го одземе, и тоа за сета вечност! Не избирајте го светот, туку изберете го подоброто наследство! Ревносно и истрајно стремете се кон целта, кон наградата на вашиот висок повик во Христос Исус.“
Извор: Fundamentals of Christian Education, 235.
„Ние никогаш не знаеме колку тешка ќе биде нашата утрешна борба. Сатаната живее и многу е активен; и затоа секој ден најсесрдно треба да се обраќаме на Бога за сила и помош, за да бидеме во состојба да се спротивставиме на секое искушение. Додека постои владеењето на сатаната, ќе мораме да се бориме со нашето сопствено ’јас’ и против сите можни искушенија, зашто не постои место каде би можеле да застанеме и да кажеме: Достигнавме сѐ… Животот на христијанинот претставува непрекинато напредување. Христос седи како оној што ги облагородува и прочистува припадниците на Својот народ, и дури кога Неговиот лик совршено ќе може да се види во нив, тие ќе бидат совршени и свети, подготвени за вознесување.“
Извор: 1. Сведоштво, 340.
б. Кое телесно искушение честопати претставува духовна замка? Филипјаните 3:18,19.
„Самоодрекувањето и воздржувањето од телесните апетити се неопходни за унапредување и зацврстување на здравјето и моралот, како и за прочистување на расипаното општество. Секое отстапување од начелата во јадењето и пиењето ја отапува способноста за расудување… Умереноста во сè е клучна за зачувување на здравјето и за растот и развојот на христијанскиот карактер. Оние што ги престапуваат Божјите закони во однос на своето тело нема да се двоумат да го престапат ниту Божјиот закон објавен на Синај. Оние што, откако ќе ја примат светлината, нема да се придржуваат до начелата во јадењето и пиењето, туку ќе си дозволат да станат робови на апетитот, нема да бидат истрајни во почитувањето на начелата ниту во другите области. Разгледувањето на прашањето за реформата во јадењето и пиењето ќе го изгради карактерот и непогрешливо ќе ги открие оние за кои ’бог им е стомакот’“.
Извор: Counsels on Health, 38, 39.
