3. ХРИСТОВИТЕ ИСКУШЕНИЈА
Вторник, 22 септември 2026
а. Што го одликувало Христовиот живот во Неговото дело за спасение на луѓето?
„Христовиот живот бил живот на постојана самопожртвуваност. Тој на овој свет немал дом, освен кога пријателите, од љубезност, Го примале како патник. Дошол заради нашето добро да живее во најголема сиромаштија, да се движи и да работи меѓу оние што биле во неволја и страдање. Непризнаен и без никакви почести, Тој поминувал меѓу луѓето за кои направил толку многу.“
Извор: Gospel Workers, pp. 42.
„Тој не се оплакувал Себеси, иако добро знаел каде води Неговиот пат. Пред Него се простирала Гетсиманија, местото каде Го чекала голема душевна борба. Ја видел и овчата врата низ која со векови биле доведувани животни за жртва, а која наскоро требало да се отвори и пред Него кога ќе биде воден ’како јагне на колење’ (Исаија 53:7). Недалеку од таму се наоѓала Голгота, местото на распнувањето. На патеката по којашто набргу требало да тргне за да ја положи својата душа за откуп на гревот, требало да се спушти ужасно густ мрак. Меѓутоа, размислувањето за сето тоа не била вистинската причина за тагата која го обземала Исуса во тој час на сеопшта радост. Никакви насетувања за сопствените натчовечки страдања не можеле да го поматат Неговиот несебичен дух. Тој ја оплакувал судбината на илјадниците собрани во Ерусалим – заради заслепеноста и непокајанието на оние коишто дошол да ги благослови и спаси.“
Извор: Големата борба, стр. 18.
б. Во Своите страдања и искушенија, што Му дало на Исус храброст да го заврши Своето дело?
„Исходот на борбата на нашиот Спасител со силите на темнината е радоста на откупените која на Божја слава ќе продолжи низ сета вечност. Вредноста на само една човечка душа е толку голема, што Отецот е задоволен со цената што е платена, а и самиот Христос, гледајќи ги плодовите на Својата голема жртва, е задоволен.“
Извор: Големата борба, стр. 652.
„Често се зборува дека Исус плачел, а дека не е познато дека некогаш се насмевнал. Нашиот Спасител навистина бил човек на болката, запознат со тагата, затоа што срцето му било отворено за сите човечки страдања. Но иако Неговиот живот бил исполнет со самооткажување, засенет со болки и грижи, Неговиот Дух не попуштил. Неговото лице не изразувало болка и незадоволство, туку смирена ведрина. Неговото срце било извор на живот; и секаде каде што одел, донесувал одмор и мир, радост и веселба.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 120.
