Ева му го подава забранетиот плод на Адам, кој се двоуми пред изборот.

Набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше

Сподели го ова:

Денес ќе ги завршиме стиховите што се однесуваат на искушението и падот на првите луѓе во Едемската градина. Преку нивното разгледување ќе извлечеме неколку важни духовни поуки. Минатиот пат застанавме кај зборовите што сатаната ги изговори преку змијата додека ја искушуваше жената, и од тоа место ќе продолжиме.

„Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло. Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше“ (Создавање 3:5,6).

И така, лукавиот не застанал само на ветувањето за безусловна бесмртност, каква што има Бог, туку тврди дека со вкусување од забранетото дрво луѓето ќе добијат и низа други предности што во тој момент ги немаат. Тој им претставува нешта кои, според неговите зборови, Бог намерно не им ги дал, воден од себични причини и не сакајќи созданието, создадено по Негов образ и подобие, да Му стане конкуренција. А најголемата предност што сатаната ја истакнува е следнава:

„ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло“.

Сатаната вети дека на луѓето ќе им се отворат очите, а понатамошниот тек на библискиот текст открива што точно мислел со тоа. Според неговото тврдење, промената во човечкото размислување по јадењето од плодот ќе ги направи луѓето, кои се создадени според Божјиот образ и подобие, слични на Самиот Бог. Зарем тоа не звучи противречно? Ако тие веќе се создадени според Божјиот образ и подобие, тогаш што ново би можеле да добијат со тоа што ќе го изедат забранетиот плод?

Сатаната тврди дека ќе го добијат „познавањето на доброто и злото“, со што сугерира дека тоа познавање им недостига, иако тоа би требало да биде составен дел од нивната духовна природа. Но, дали навистина луѓето не добиле од Бог разбирање за доброто и злото? Ако не добиле, тогаш како може да се каже дека се создадени според Неговиот образ, кога Бог го познава доброто и злото? Ако не знаеле што е добро, а што зло, тогаш на што се темелат нивната совест, моралот и слободната волја? Како може некој да биде обвинет за избор на зло, ако воопшто не знае што е зло? Како би можеле луѓето да ја разберат Божјата заповед и предупредувањето дека прекршувањето ќе доведе до смрт, ако не знаеле дека смртта е нешто лошо, а непослушноста кон Бог е грев?

Ако ја прифатиме логиката на сатаната, тогаш произлегува дека луѓето воопшто не биле свесни за сериозноста на постапката, а со тоа и не би требало да бидат казнети. Но, бидејќи тие беа казнети, а Бог е свет и праведен, тогаш тие морале да имаат некакво разбирање за доброто и злото и да направиле свесен избор. Тоа се совпаѓа со вистината дека тие беа создадени според Божјиот образ и подобие, и со самото тоа веќе имаа духовна способност да разберат морални категории.

Оттука, нивниот грев бил свесен, а не последица на незнаење. Тогаш се поставува прашањето: што всушност имал на ум сатаната кога зборувал за „отворање на очите“ и „да бидат како Бог“? Зошто жената го разбра тоа како нешто што навистина им недостига и одлучи да го земе во свои раце, мислејќи дека Бог нешто им ускратил?

Што значи да го знаеш доброто и злото? Тоа значи многу. Јас, искрено, би дал сè што имам само навистина, со сигурност, да знам, во секоја ситуација, со секој човек, во секој разговор или одлука, што е добро, а што е зло.

Замислете: стоите пред избор, дали да направите нешто или не, дали да кажете нешто или да молчите, а не знаете дали тоа што ви се нуди е добро, или пак е зло што изгледа како добро, и не знаете какви ќе бидат последиците. Но ако имате вистинско знаење, ако со сигурност знаете што е добро, а што зло, тогаш можете да постапите исправно, без внатрешна борба или двоумење. Зарем тоа не би било огромна предност?

Се појавува некој човек, ви зборува, нешто бара или нуди. Денес има многу измами, и не знаете дали тој сака добро или има задни намери. Ако го одбиете, можеби ќе се заштитите од измама, но можеби ќе направите зло ако тој навистина има потреба од помош. Како да знаете што е правилно? Што е добро во таков момент, а што е зло? А ако тогаш одеднаш имате внатрешен глас што ви кажува: „Ова е доброто, постапи вака“, тогаш знаете како да реагирате. Прекрасно, нели?

Или ви доаѓа некоја идеја: изгледа добра, но не сте сигурни. Што ако згрешите? Но ако имате јасно и сигурно знаење за доброто и злото, тогаш повторно знаете како да постапите исправно. Таков живот би бил како постојан празник, без маки околу изборите. Зарем тоа не звучи привлечно? Кој не би сакал такво знаење?

На прв поглед, во тоа нема ништо лошо. Но вистината е дека сатаната не нудеше такво јасно и вистинско морално знаење. Луѓето веќе го имаа тоа и пред да згрешат. Тие добро ја разбираа Божјата волја: знаеја дека послушноста кон Бог е добро, а непослушноста – зло.

Проблемот не беше во тоа што не знаеле што е добро и зло. Проблемот настана по гревот. Тогаш, кај луѓето, јасната граница почна да се брише. Денес, поради тоа, често не можеме да ги разликуваме доброто од злото и затоа правиме грешки и паѓаме во гревови. За ова ќе зборуваме подетално подоцна.

„Кажи им на синовите израелски: ако некој згреши пред Господ не сакајќи, против која и да било заповед Господова и изврши нешто, што не треба да прави“ (Левитска 4:2).

„Кој згреши и направи нешто што Господ забранил да се прави, и ако не знаел, сепак е виновен и го носи својот грев“ (Левитска 5:17).

„Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт“ (Изреки 14:12).

Еве што ни остана како последица од падот во грев на нашите прародители. Пред тој пад во нив постоела јасна граница меѓу доброто и злото. Но, откако ја престапија Божјата заповед, таа граница се избриша и сè се измеша, и во нив, и во нас, нивните потомци.

Затоа денес многу потешко разликуваме што е добро, а што зло. Токму затоа го проучуваме Светото писмо, за со негова помош да научиме да препознаваме што е вистинско добро, а што зло.

Една од причините поради кои Бог го испрати Својот Син на земјата беше токму ова: да живее како човек и совршено да го исполни Божјиот закон, законот што ни покажува што е добро и што е зло, за ние, гледајќи го Неговиот свет живот, да можеме да учиме и да одиме по истиот пат, избирајќи го доброто и избегнувајќи го злото.

Со други зборови, денес се обидуваме да ја вратиме онаа духовна способност што првобитно им беше дадена на луѓето, способноста да го разликуваат доброто од злото. Бог ни ја даде таа способност уште при создавањето, кога нè создаде според Својот образ и подобие. Луѓето ја имаа таа способност, но сатаната ги измами нашите прародители, и на тој начин таа јасност им беше одземена.

Па сега се поставува прашањето: што точно ѝ понуди сатаната на жената? Што таа веднаш препозна како нешто што таа и нејзиниот маж го немаат, а Бог го има? И што толку силно посака да добие?

Работата е во тоа што постои голема разлика меѓу тоа како Бог го разбира доброто и злото и како тоа го разбира човекот, односно созданието. Ние, луѓето, го препознаваме доброто и злото според Божјата волја. Бог ни кажал: „Не убивај“ – тоа е добро; „Не кради“ – тоа е добро; грижата за градината, создавањето семејство, воспитувањето деца, храната од растително потекло – сето тоа се добри нешта.

Но кај Бог не е така, никој Нему не Му кажува што е добро и што е зло. Тој Самиот го определува тоа. Затоа, кога сатаната ѝ рече на жената дека, ако јадат од забранетото дрво, ќе бидат „како Бог, познавајќи го доброто и злото“, тој не ѝ понуди само знаење, туку ја искушуваше со идејата самата да определува што е добро, а што зло, независно од Божјата волја. Со тоа ја наведува да посака позиција како Божјата, не да слуша, туку да одлучува.

Луѓето веќе знаеле дека се создадени според Божјиот образ и подобие и дека се поставени за управители на Земјата, слично како што Бог владее со вселената. Затоа не изгледа чудно што можеби се прашувале: ако сме Божји претставници на Земјата, зошто и ние да не можеме самите да одредуваме што е добро, а што зло? Зошто Бог не ни го препуштил тоа право, ако нè создал според Својот образ? Зар управувањето не подразбира и самостојно расудување?

Овие прашања можат да звучат логично, но само на прв поглед. Зашто Бог е без почеток, постои Сам по Себе и е независен, а човекот има почеток, создаден е и зависи од Бог. Бог нè поставил како управители, но не како сопственици, туку како одговорни чувари над Неговото сопствено создание.

Затоа, не постои целосна еднаквост меѓу Бог и човекот, и не е разумно да се бараат исти права со Оној кој нè создал. Но жената, слушајќи ги зборовите на сатаната, ги прифати како разумни и убедливи, и затоа подлегна на измамата!

„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде…“

Забележете како Писмото ни покажува дека, иако жената сè уште не зела од забранетиот плод, таа веќе згрешила, не со дело, туку со внатрешна промена во срцето. Таа веќе преминала на страната на злото.

Погледнете што ѝ рече сатаната: „ќе ви се отворат очите и ќе бидете како Бог“, односно, ќе можете самите да определувате што е добро, а што зло. Бог претходно јасно ѝ заповедал да не јаде од тоа дрво и со тоа го определил како зло. Пред разговорот со сатаната, жената го гледала дрвото токму така, како нешто од кое не треба да се јаде. Но по разговорот, нејзиниот внатрешен став се променил: таа веќе гледа дека плодовите се добри за јадење.

Тоа значи дека духовно таа веќе паднала – почнала сама да си определува што е добро, а што не, без да се потпира на Божјата волја. Со тоа што подоцна зела од плодот и го изела, таа само на надворешно ниво го потврдила она што внатрешно веќе било решено.

Во една тема објавена на нашиот веб-сајт кажав: дури и ако во тој момент ангели ја тргнеле од дрвото и ѝ го спречеле пристапот до плодот, не дозволувајќи ѝ да го изеде, таа веќе немаше да биде иста. Таа ќе мислеше дека сатаната бил во право, а Бог не сака луѓето да прогледаат – дури и со сила ги спречува.

Ова уште еднаш ни открива една длабока вистина: она што се случува во внатрешниот, духовен свет секогаш најнапред се случува таму, а потоа станува видливо и во надворешниот, физички свет. Истото важи и за Јуда: тој подоцна, на дело, го предаде Христос, но таа одлука веќе ја беше донел претходно, во своето срце, длабоко во себе:

„И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, кој беше вброен меѓу Дванаесетте. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде“ (Лука 22:3,4).

Гледаме дека најнапред, на духовно ниво, сатаната влезе во Јуда, а дури потоа тоа се покажа на физичко ниво – тој отиде и Го предаде Христос. Истото се случи и со Ева: најпрво, преку зборовите со кои сатаната ја измами, тој влезе во неа; а потоа, кога веќе беше поразена во духот, таа зеде од забранетиот плод и го изеде.

Секогаш да го имаме ова на ум, пријатели: кога ќе видиме нечија постапка или кога самите ќе направиме нешто, таа постапка не е почетокот, туку крајот. Тоа е само видливиот врв на еден внатрешен процес, како врв на санта мраз. Во суштина, тоа е последица на одлука донесена многу порано, во духот, одлука што никој не ја гледа, а понекогаш, во самата рана фаза, дури ни човекот не е свесен што точно се случува во него.

На пример, апостол Петар немаше вистинска основа за својата врска со Синот Божји. Да, тој Го сакаше, но неговиот однос со Христос во голема мера се темелеше на лични амбиции и на убедување дека е најдобар и најпосветен, особено во споредба со другите апостоли:

„Тогаш Петар одговори и Му рече: ‘Ете, ние оставивме сè, и по Тебе одиме: што ќе стане, со нас?’“ (Матеј 19:27).

„Тогаш Петар Му одговори и рече: ‘Дури и сите да се соблазнат поради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам’“ (Матеј 26:33).

Петар многу посакуваше Христос да стане Цар и преку тоа и тој, како најистакнат меѓу учениците, да добие некаква важна положба или чест. Затоа се спротивставуваше на зборовите на Исус за Неговата смрт на крстот, бидејќи тие зборови ги рушеа неговите планови и очекувања.

Но Петар не сфаќаше дека зад тој себичен мотив стоеше ѓаволот, кој влијаеше и управуваше со неговите мисли. Христос, пак, тоа јасно го знаеше, и токму затоа Му рече на Петар:

„Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: ‘Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!’ Но Тој се заврте и му рече на Петар: ‘Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко’“ (Матеј 16:21-23).

Ако апостол Петар го прифатеше тоа предупредување и започнеше, испитувајќи го своето срце, да се менува и да се ослободува од себичноста, немаше да падне, одрекувајќи се од Христос. Но тој, како и останатите апостоли, во сето тоа време, сè до самиот крај, па дури и на Последната вечера, само неколку часа пред одрекувањето, расправаа меѓу себе кој од нив е поголем, натпреварувајќи се во себичност:

„И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: ‘Што размислувавте меѓу себе патем?” Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем’“ (Марко 9:33,34).

„Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролева за вас… А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем“ (Лука 22:20,24).

Односно, гледаме дека во апостолите се одвивале духовни процеси кои ним не им изгледале опасни, но токму тие процеси го обликувале нивниот внатрешен човек, сè до моментот кога, во екстремна ситуација, донесоа конкретна одлука: Петар се одрече од Христос, а сите останати Го напуштија и побегнаа:

„Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: ‘Не Го познавам Човекот!’ И веднаш запеа петел“ (Матеј 26:74).

„И откако Го оставија, сите се разбегаа“ (Марко 14:50).

Односно, ние гледаме дека одлуките се донесуваат во духот на човекот, на духовно ниво, многу пред тие да станат видливи преку неговите постапки во физичкиот свет. Но човекот не секогаш може целосно да разбере какви процеси се одвиваат во него.

Па, како тогаш да постапиме? Ако не знаеме што точно се случува во нас, дали тоа значи дека не можеме да знаеме кон какви одлуки тие процеси ќе нè доведат? Не, пријатели мои. Какви процеси се одвиваат во нас и во која фаза се – тоа навистина не го знаеме. И кога станува збор за нашето духовно созревање, и кога станува збор за нашето духовно пропаѓање.

А за ова Христос рекол:

„Па рече: ‘Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот’“ (Марко 4:26-28).

Но, иако не знаеме точно какви процеси се одвиваат во нашиот дух, според непроменливиот закон на причина и последица можеме да предвидиме каков ќе биде исходот. Ако во земјата посеам плевел, не е важно колку време ќе помине додека се појави на површината – на крајот ќе израсне плевел. А ако посеам добро семе, тогаш, кога ќе дојде времето, ќе израсне плод.

Значи, сè зависи од тоа што се сее. Ако го посееме она што води кон спасение, тогаш не е важно што и како точно се случува во нас – на крајот, резултатот ќе биде спасение. Но, ако посееме нешто друго, тогаш тоа „друго“ ќе порасне – и токму него ќе го пожнееме.

А што можеме да сееме за спасение? Добрина, љубов, милост, послушност кон Бога, изучување на Светото писмо, молитва, испитување на сопствените мотиви, и сето тоа, во свое време, ќе донесе плод за спасение:

„Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме. И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:9,10).

„Пази на себе и на учењето; биди истраен во тоа, зашто, ако постапуваш така, ќе се спасиш и себе самиот и оние што те слушаат“ (1 Тимотеј 4:16).

А оној што сее во грев, кој во Писмото често се прикажува како симбол на телесност, кавги, војни и ветер, ќе пожнее плод на погибел, односно бурa и пропаст:

„Бидејќи сееја ветар, бура ќе пожнеат…“ (Осија 8:7).

„Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел…“ (Галатјаните 6:8).

Според Светото писмо, жената крај забранетото дрво започнала разговор со непријателот, и тој ѝ помогнал во нејзиното срце да се посее семе на недоверба кон Бог. Тоа семе никнало и донело плод на отпадништво во нејзиниот дух, што потоа се манифестирало видливо, со кинење и јадење од плодот на забранетото дрво.

Светот во кој живееме е создаден на таков начин што ништо не се случува без причина, ништо не исчезнува без трага, и сè што правиме има свои последици. Ако го разбереме ова, ќе стекнеме мудрост, и токму преку таа мудрост ќе се откажеме од многу дела, затоа што тие, со време, можат да нè одведат кон отпадништво.

На пример, залудното трошење време, празнословие или гледање содржини што не нè хранат духовно – сето тоа можеби не изгледа опасно како отворен грев, но сее нешто во нашиот дух и не поминува без трага. Во нас, на длабоко и често несвесно ниво, се одвиваат процеси што постепено го обликуваат нашиот карактер и начин на размислување. Со тек на време, тие ќе нè доведат до одредени одлуки што ќе се изразат и надворешно.

Но тогаш веќе ништо нема да може да се врати назад, бидејќи ќе станеме токму она што сме го практикувале. Затоа е многу поважно навреме да се освестиме и да не си дозволиме да тргнеме по пат што неумоливо води кон таков тажен, но очекуван крај. Бог ни дал мудрост и јасни упатства токму за да не дојдеме до таму:

„Умниот го гледа злото и го одбегнува; а неискусните одат невнимателно и биваат казнувани“ (Изреки 27:12).

И така, жената, откако ги слушна зборовите на сатаната, почна да ја гледа Божјата забрана со други очи, односно, во својот дух, таа веќе беше изменета:

„Твоето око е светило на твоето тело. Ако твоето око е здраво и чисто, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лошо, и твоето тело ќе биде темно; затоа внимавај светлината што е во тебе да не е темнина“ (Лука 11:34,35).

Да продолжиме со следниот дел од текстот:

„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде…“

„Родот на дрвото е добар за јадење“ – односно, не изгледаше опасен. Тоа укажува дека змијата јадела од тие плодови, покажувајќи дека нивната употреба како храна не е штетна. Зборовите на сатаната толку длабоко го нарушија размислувањето на жената, што таа почна да ја гледа дури и заканата од смртта како нешто „пожелно за очите“ – нешто што го привлекува погледот и, наместо да предизвикува одбивност, станува пријатно.

Тоа е уште еден доказ дека во својот дух таа веќе згрешила: за неа станало привлечно и пожелно токму она што Бог го забранил и го нарекол грев. А зошто ѝ било тоа пожелно? Затоа што посакала да стане како Бог.

Сите несреќи произлегуваат од таа желба: преку неа Луцифер ја изгубил својата мудрост, преку неа ја заразил жената и ја вовлекол во грев. Со истата желба е заразено и човештвото, стремежот да обезбеди живот и просперитет без Бог и без послушност кон Неговата света волја. Но крајот на таа желба секогаш е ист, пропаст.

Уште еднаш да нагласиме: дури и ако во тој момент нешто или некој ѝ го попречеше пристапот до плодот, таа нема да се откаже. Таа веќе не се воздржуваше од послушност или од страв, туку навистина го посакуваше плодот!

Жената го посака забранетиот плод затоа што, поверувајќи му на сатаната, во него виде средство за стекнување знаење што ѝ било недостапно. Сатаната вешто се послужи со човечката природа, која по својата суштина е создадена за добро. Но кога човекот ќе биде измамен и ќе тргне во погрешна насока, истата таа природа може да се претвори во средство за зло.

Тоа е слично како со ножот – по природа сече, но зависи како се користи: со него може да се исече леб, а може и да се нанесе смртоносна повреда. Природата останува иста, но начинот на нејзиното користење го одредува исходот.

Бог ги создал луѓето со вродена жед за знаење, во тоа се состои човечката среќа и длабоката смисла на животот. Без стремеж да открива и учи, човекот се празни одвнатре. И токму оваа човечка особина сатаната вешто ја искористи: ја пренасочи таа жед по пат кој не води кон вистинско спознание, туку кон отуѓување, духовна пропаст и уништување.

Апостол Павле тоа добро го разбрал, дека човекот, без разлика дали е праведен или грешен, останува суштество со способности дадени од Бога; и дека сè зависи од тоа како ќе ги насочи, по кој пат ќе тргне и за што ќе ги употреби:

„Како што некогаш ги предадовте вашите членови да им служат на нечистотата и на беззаконието, за беззаконство; така сега предадете ги вашите членови да и служат на правдата, за осветување“ (Римјаните 6:19).

„И не давајте му место на ѓаволот. Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:27-29).

Рацете на човекот можат да крадат, но можат и чесно да работат. Очите можат да гледаат разврат, но можат и да читаат Свето писмо. Ушите можат да слушаат пцовки и озборувања, но можат и да уживаат во пеењето на птиците и тивката музика. Устата може да изговара нечисти зборови и лаги, но може и да зборува вистина, да носи утеха и надеж.

Со други зборови, човекот е сад – и со тоа што ќе дозволи да се исполни, токму тоа и ќе биде. Сатаната сака да нè исполни со своите нечистотии, односно со грев, додека Бог сака да нè исполни со својата љубов и светост. И секој од нас мора да избере: дали сака да биде украс на Бог во вечноста или нечист сад што ќе му служи на ѓаволот.

Жената зеде плод од забранетото дрво и го изеде. Веќе разговаравме дека таа тоа го посакувала во своето срце – остануваше само надворешно да ја исполни таа внатрешна желба. А желбата е голема сила во човекот, сила што дури и Бог ја признава:

„И рече Господ: ‘Ете, еден народ се и сите имаат еден јазик; ова е само почеток на нивните настојувања. Наскоро ќе прават сè што ќе наумат’“ (Создавање 11:6).

За спасение или за пропаст е доволна само една желба, или желба за спас, или, колку и да звучи парадоксално, желба за пропаст. Некој би рекол: „Па, кој би посакал да пропадне? Сите сакаат да се спасат.“ Но одговорот станува јасен ако го погледнеме примерот со падот на човекот во Едемската градина.

Бог ги предупредил: „Ако вкусите од она што ви го забранив, ќе умрете“, односно, ќе пропаднете. Но луѓето, заведени од зборовите на сатаната, ја посакаа „способноста да разликуваат добро и зло“ повеќе отколку животот што им бил даруван. И поради таа желба згрешија и станаа смртни.

Поуката е јасна: ако човек посака нешто повеќе од послушност кон Бога, а тоа нешто води кон пропаст, тогаш, колку и да звучи чудно, тој всушност посакал да пропадне. Оној што навистина сака спасение, нема да посака ништо што води кон пропаст.

За да ја разбереме длабочината на погрешниот избор, треба да сфатиме дека, за да го направи тој чекор, човекот мора свесно да ги потисне во себе, како што направи Ева, чувствата на благодарност кон Бог и Неговиот Син за Нивната љубов, грижа и благослови. Само откако ќе ги загуши тие чувства, човекот може да се одлучи за грев.

Затоа, патот кон пропаст не е случајна грешка – не е како да се сопнеш, паднеш и толку, готово е. Тоа е само пад, и по него можеш и мораш да станеш. Пропаста, всушност, е свесна одлука на човекот да се оддалечи од Бога.

Продолжуваме понатаму:

„па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше“

Чуден е гревот – тој е исклучително „социјален“, не сака да биде сам и секогаш бара друштво. Луѓето создаваат места за пушење, каде што заедно се трујат со чад. Кога има алкохол, не сакаат да пијат сами – бараат друштво, барем двајца, за да се „напијат за тројца“. Кога некој почнува со дрога, повторно бара некого кого ќе го вовлече на истиот пат кон пропаст.

Мудриот Соломон ја опишува оваа „социјална природа“ на гревот во своите поговорки и приказни, повеќепати и од различни агли:

„Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај;ако ти речат: ‘Дојди со нас, да дебнеме крв, да чекаме во заседа невини за ништо’“ (Изреки 1:10,11).

„На квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот. И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце… Таа го зграпчи, го бакна и со бесрамно лице му зборуваше:‘Жртва за мир имам денес: денес ги исполнив заветите свои;затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов;со покривки го украсив леглото свое, со разнобојни платна египетски;леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин;дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување,зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат’“ (Изреки 7:9-19).

По што веднаш се препознава човекот што тргнал по патот на гревот? По неговата желба да вовлече и други во своите грешни дела, да ги направи соучесници во својот престап. Злото е навистина многу „социјално“. А доброто, за жал, речиси секогаш е осамено.

Затоа и има толку малку позитивни ликови, можеш да ги преброиш на прсти, и тие сами се борат против многубројни беззаконници. Патот на спасението е тесен, и малкумина го наоѓаат, додека широкиот пат што води кон зло и пропаст го следат мнозина.

Светото писмо нè предупредува да не се вовлекуваме во зло, следејќи туѓ пример:

„Возљубени, не угледувајте се на злото, туку на доброто. Кој добро чини, од Бога е; а кој прави зло, не Го видел Бога“ (3 Јованово 1:11).

Ева штотуку згреши, а на целата Земја имаше само двајца луѓе, и веднаш се обиде да го вовлече и Адам во истиот грев. Тоа што и тој подоцна беше казнет, покажува дека не беше измамен, туку свесно јадеше од плодот, знаејќи точно што прави.

Оригиналниот текст укажува дека таа јадела „со него“, односно, за да го убеди, постапи слично како што змијата постапи со неа: пред неговите очи свесно јадеше од плодот, покажувајќи дека нема ништо страшно, исто како што змијата тоа ѝ го покажа на неа. Така, преку својот пример, таа се обиде да го придобие Адам да го повтори нејзиниот грев.

Навистина, нема ништо ново под сонцето: човекот е создаден за да Го следи Бог и преку својот живот да Го одразува Него, Неговата светост, добрина и вистина. Но ако човекот не Го следи Бог и не живее според Неговите патишта, тогаш тој внатрешен духовен простор не останува празен, туку природно се исполнува со друго влијание. И тогаш човекот почнува да се води по туѓи, често погрешни примери.

Така и Ева, по падот во грев, го повтори начинот на кој змијата ја измами. А исто така и секој човек кој се оддалечува од Бог, дури и без да сфати, почнува да размислува и да се однесува на сличен начин како злото: поттикнува други да згрешат, го оправдува гревот или го претставува како нешто добро.  

Пред да вкусат од забранетото дрво, луѓето можеа да бидат искушувани само однадвор – така сатаната ја измами Ева, а потоа и Ева го измами Адам. Но по вкусувањето, сликата коренито се промени.

Дрвото се нарекуваше „дрво на познавањето на доброто и злото“. Во Светото писмо зборот „познавање“ често се користи како симбол за длабоко соединување, како кога се вели дека „двајца ќе станат едно тело“ или „Адам ја позна својата жена“. Затоа, по падот во грев, луѓето, духовно гледано, како да се споија со доброто и злото.

Тоа единство е толку длабоко и цврсто, што човекот веќе не може лесно да оддели што е вистинско добро, а што зло. Но уште посериозно е тоа што не станува збор само за мешавина на добро и зло во човекот, туку за тоа што тоа мешање станало дел од самата човечка природа.

Затоа и се чудиме – и на себе и на другите – како е можно во еден ист човек да има толку спротивставени постапки, и добри и лоши. Сето тоа е затоа што во човекот дејствуваат две сили: доброто во него го поттикнува Бог, а злото – сатаната.

И токму поради тоа, во еден ист човек, па дури и во еден ист момент, можат да се појават драстично различни реакции. Јасен пример за ова е апостол Петар: Исус, за многу кратко време, прво го пофали за неговата вера, а веднаш потоа строго го укори. Тоа покажува колку лесно, дури и кај најпосветените луѓе, може да се појави внатрешна нестабилност, мешавина на искрена преданост и човечка слабост:

„Тогаш Исус му одговори и рече: ‘Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата’“ (Матеј 16:17).

„Но Тој се заврте и му рече на Петар: ‘Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко’“ (Матеј 16:23).

Откако јадеа од забранетото дрво, луѓето не ја добија способноста да ги разликуваат доброто и злото, туку напротив, стекнаа чувство дека тие се неразделни. И тоа не е изненадувачки, бидејќи дрвото не се викаше само „дрво на доброто“ или „дрво на злото“, туку „дрво на познавање на доброто и злото“, заедно!

Од тој момент, патот назад кон Бог и кон рајот стана процес на учење, учење како да го препознаваме доброто како добро, а злото како зло. Тоа можеме да го постигнеме преку внимателно проучување на Божјата Реч и преку согледување на животот на Божјиот Син, кој живееше во човечко тело.

Целта на сето тоа е овие два поими, доброто и злото, кои се измешале во нас, повторно јасно да се раздвојат. А тоа е болен процес, затоа што и доброто и злото се дел од нашата внатрешна природа. И ако сакаме навистина да го напуштиме злото, најпрво мораме искрено да го замразиме:

„Мразете го злото, сакајте го доброто…“ (Амос 5:15).

А тоа значи да замразиш нешто во себе, нешто што можеби ти се допаѓа. Тоа е тешко, понекогаш и болно, но неопходно. Без тоа, не можеш да Го следиш Христос, ниту да влезеш во вечниот живот.

Погледнете како Христос ја открива оваа вистина, и забележете: Тој го направи тоа веднаш откако Петар беше изложен на искушение од сатаната, кој ја искористи слабоста што веќе постоеше во него и преку неа делуваше:

„А Петар Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: ‘Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!’ Но Тој се заврте и му рече на Петар: ‘Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!’ Тогаш Исус им рече на учениците Свои: ‘Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи’“ (Матеј 16:22-24).

Во овој контекст многу јасно се открива вистинската смисла на Христовите зборови: „Нека се одрече од себе и нека Ме следи.“ Тоа значи: откажи се од сè што е во тебе, а не доаѓа од Бог, од сè преку што сатаната има пристап и влијание во твојот живот. Дури и ако ти е драго, дури и ако го чувствуваш како дел од твоето „јас“, остави го, отфрли го, ако навистина сакаш да Го следиш Христос.

Во продолжение би сакал вниманието да го насочиме кон една суштинска вистина поврзана со падот во грев на нашите прародители во Едемската градина – за подобро да разбереме колку длабоко тогаш паднал човекот. Тоа не беше само чин на непослушност или „обичен“ грев, не беше само јадење на забранет плод – состојбата беше многу подлабока отколку што изгледа на прв поглед.

Човекот е круна на созданието, создаден многу повисоко од животните. Тој е создаден според Божјиот образ и подобие, како духовно суштество надарено со разум, совест и морална одговорност, со способност да носи одлуки. Луѓето со право се навредуваат кога некој ќе ги спореди со животни, бидејќи тие се поставени на повисоко ниво.

Но да погледнеме што всушност се случи при падот во грев. Животните живеат според инстинктите што Бог ги вградил во нив – и на тој начин ја исполнуваат Неговата волја, бидејќи за нив живот според инстинкт значи живот во склад со Божјиот поредок. Кај човекот, меѓутоа, постои нешто повеќе – тој е надарен со слободна волја, морална свест и разум. Тој треба да ја исполнува Божјата волја не инстинктивно, туку свесно – преку послушност што произлегува од разбирање и вера.

Човекот, секако, има тело и инстинкти – тие се дел од неговата природа. Но она што го разликува од животните и го издигнува над нив е токму присуството на Божјиот дух во него – духовната страна на неговото битие. Таа духовна свест треба да биде водечка, да владее над телесните нагони.

Ние му се восхитуваме на Божјиот Син кога, гладен во пустината, не им подлегна на телесните нагони и инстинкти, туку над нив ја стави послушноста кон Бога, послушност кон Неговото слово и Неговата волја. А сатаната токму преку Неговата човечка, телесна природа се обиде да Го искуша:

„А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: ‘Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови. ’А Тој му одговори и рече: ‘Напишано е – ,Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога’“ (Матеј 4:3,4).

Нè восхитува примерот на Христос, Кој, иако ја чувствуваше природната човечка желба да живее, ја постави послушноста кон Бог над сè, над стравот, над болката, над инстинктот за преживување. Тој свесно се жртвуваше за спасение на луѓето, поставувајќи го духовното и моралното повисоко од телесното, и со тоа ни покажа како изгледа вистинската посветеност и љубов кон Бог:

„Оддалечувајќи се малку, падна ничкум; се молеше и говореше: ‘Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти’“ (Матеј 26:39).

Нè восхитуваат младите луѓе кои, поради својата верност кон Бог, беа фрлени во вжарена печка, како и Даниел, кој беше фрлен во јама со лавови, исто поради својата верност. Заедничката црта на сите што Му остануваат верни на Бог е токму ова: тие ја ставаат Неговата волја над сè, дури и над својот сопствен живот:

„… и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт“ (Откровение 12:11).

Во длабочината на душата, секој од нас сака да биде верен на вистината, а не нејзин предавник. Затоа тешко ги поднесуваме, дури и ги осудуваме, примерите кога некој, за да ја спаси својата физичка егзистенција, се одрекува од Божјата вистина: како апостол Петар, или сите апостоли кои побегнаа од Гетсиманија и Го оставија Христос.

Би ни било многу полесно да останеме верни на Бог дури и до смрт, ако таа верност беше запишана во нас како природен инстинкт, како дишењето или чувството на глад. Како мајка што, без размислување, се фрла под автомобил за да го спаси своето дете, водена од мајчинскиот нагон. Но кај човекот, верноста кон Бог не е инстинктивна.

Животните се водат од внатрешни инстинкти што Бог ги вградил во нив. Кај човекот, пак, Божјата волја доаѓа однадвор, како повик одозгора. Тоа значи дека човекот мора свесно да одлучи: дали ќе се води по своите телесни нагони и себични желби, или ќе ја стави Божјата волја на прво место, волја откриена преку разумот, совеста и моралната свест.

Прашањето е: која природа ќе преовладее во него – телесната или духовната? Телесната природа го тера човекот да живее за себе, а духовната – да живее за Бог. Човекот е создаден по Божјиот образ и подобие – и само кога живее за Бог, тој навистина го отсликува тој образ и ја исполнува својата вистинска цел. Ако го следи само телесното, се сведува на животно.

Во Едем, човекот смееше да јаде од сите дрвја – имаше сè што му беше потребно за телесната природа. Но дрвото на познание на доброто и злото беше оставено како единствена забрана – токму за да се храни духовната природа преку послушност. Човекот, меѓутоа, посегна и по тоа дрво, избирајќи да го нахрани телото наместо духот.

За разлика од Него, Божјиот Син, иако гладен и осамен во пустината, не се предаде на своите телесни нагони, туку над нив ја постави послушноста кон Бог и Неговото слово:

„Напишано е – Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Матеј 4:4).

Бидејќи во сè остана верен на Бог, Христос остана Човек, вистинскиот образ и подобие на Бог во најдлабока смисла на тие зборови. Дури и безбожниот Пилат го препозна тоа, кога изјави за Него:

„Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: ‘Еве Го Човекот’“ (Јован 19:5).

Кога Адам и Ева згрешија, постапија водени од телесните желби, како животни, а не како духовни суштества создадени според Божјиот лик. Затоа го изгубија достоинството да бидат вистински образ и подобие на Бог.

Апостол Павле го нагласува токму ова кога вели дека Адам е „земјен“, од земјата, што значи дека се водел од својата телесна природа. А за Христос истакнува дека Тој има небесна, духовна природа, иако зеде човечко тело.

Со тоа Павле ни покажува дека вистинскиот образ на Бог не се исполнува преку телото, туку преку послушноста кон Неговата волја:

„Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото“ (1 Коринтјаните 15:47).

Апостол Павле продолжува, велејќи дека треба да прераснеме од земното (телесното) во небесното (духовното):

„Каков е земјениот, такви се и земјените; и каков е Небесниот, такви се и небесните; и како што го носиме ликот на земјениот, така ќе го носиме и образот на Небесниот“ (1 Коринтјаните 15:48,49).

Кога луѓето во Едем беа послушни на Бог, тие имаа заедништво со Него. Но отпаднаа тогаш кога почнаа да комуницираат со змијата, животното со кое се здружи ангелот Луцифер, кој се побуни против Бог.

Ова нè учи дека, без разлика дали си ангел или човек, ако се одвоиш од Творецот, ќе станеш сличен на животно и ќе се привлечеш кон дружење со нив, затоа што тие ќе ти станат блиски по дух и по разум.

Затоа не е чудо што отпадниците, незнабошците, во најголем дел си создаваа богови во облик на животни: обожавајќи ги нивните инстинкти и навики и поставувајќи ги за пример за себе.

Пријатели мои, време е конечно да се ослободиме од влијанието на ѓаволот и да станеме она што Бог од самиот почеток нè замисли, Човек кој во своето срце и живот го носи Неговиот вистински образ и подобие.

И така, да се потсетиме накратко на главните мисли за кои зборувавме денес:

  1. Сатаната ги излажа луѓето ветувајќи им дека, ако вкусат од забранетото дрво, ќе станат како Бог – ќе можат самите да одредуваат што е добро, а што зло. Луѓето го посакаа тоа, убедени дека таквата моќ им припаѓа по право, бидејќи се создадени според Божјиот образ и поставени да управуваат со целото создание – како „земни богови“.
  2. Падот не започнува однадвор, туку одвнатре, од духот на човекот. Истото важи и за верноста кон Бог. Сè почнува во срцето, а потоа се покажува преку делата. Иако не ги разбираме сите духовни процеси што се случуваат во нас, можеме да го насочиме животот во вистинска насока преку тоа што ќе посееме добри духовни навики. „Што ќе посееш, тоа ќе пожнееш.“
  3. Гревот никогаш не останува сам – тој секогаш бара друштво. Човекот што паднал во грев сака и други да вовлече со себе, за да не биде сам во својата вина. Злото секогаш бара сојузници.
  4. По падот, доброто и злото се измешаа во човекот. Затоа денес е толку тешко да се направи јасна разлика. Но преку проучување на Божјата Реч, преку животот на Христос и преку лична борба, човекот може да го препознае злото во себе и, што е најважно, длабоко да се одврати од него и да го отфрли.
  5. Секој грев настанува тогаш кога човекот решава да ја следи својата волја, наместо да се покори на Божјата волја. Тогаш живее воден од телесната природа, како животно што мисли само на себе. Но вистинскиот човек, оној што е создаден според Божјиот образ, живее за Бог. Само така може да го задржи достоинството што Бог му го дал: да биде вистински ЧОВЕК.
Сподели го ова:

Поврзани статии