Насилството и рамнодушноста на луѓето пред Потопот — Создавање 6:5–7

„И се покаја Господ“: што значи тоа? Објаснување на Создавање 6:5–7

Сподели го ова:

Што значат зборовите „И се покаја Господ“? Дали Бог зажалил затоа што направил грешка, или тие ја изразуваат Неговата длабока жалост поради човечкото зло? Одговорот ќе го побараме во Создавање 6:5–7 и во поширокиот контекст на Писмото:

„И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време. И се покаја Господ што го беше создал човекот на земјата, па се натажи во срцето Свое. И рече Господ: ’Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал – од човекот до добитокот, малите гадинки и небеските птици – бидејќи се каам што ги создадов‘“ (Создавање 6:5-7).

Писмото е напишано за луѓето и затоа Божјите постапки и Неговиот однос кон човекот често се опишуваат со изрази што ни се блиски и разбирливи. Тоа особено се гледа кога се зборува за Божјата жалост, гнев или покајание. Еден од најјасните примери е токму текстот што денес го проучуваме.

„И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа…“

Во Писмото е кажано дека Бог видел дека човечкото зло на земјата станало големо. Кога зборот „виде“ се применува за човек, па дури и за ангел, тоа не е чудно. Созданието не е ниту сеприсутно ниту сезнајно, па затоа преку дадените способности и сетила, како што е видот, ја спознава стварноста околу себе.

Но кога станува збор за Сезнајниот и Сеприсутниот Творец, овој израз треба внимателно да се разбере. Бог не „видел“ во смисла дека претходно нешто не знаел, па дури потоа го открил. Од Него ништо не може да биде скриено. Затоа, кога Писмото вели дека Бог „виде“, тоа не ја ограничува Неговата сезнајност, туку, на јазик разбирлив за човекот, ја опишува Неговата свесна и праведна проценка на состојбата на човештвото.

Писмото не ни дава никаков повод да мислиме за Бога како за Оној што е ограничен во знаењето, ниту во просторот, ниту во времето, ниту во духовните работи:

„… така вели Господ… и она што ви иде на ум, тоа Јас го знам“ (Езекиел 11:5).

„… Ти оддалеку ги разбираш мислите мои… сите патишта мои си ги предвидел. Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш“ (Псалм 139:2-4).

„… во Книгата Твоја сè е запишано за мене; дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден“ (Псалм 139:16).

„… пред Бога… и го повикува да суштествува, она што не суштествува“ (Римјаните 4:17).

„Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: ’Мојата одлука ќе се изврши, и сè што Ми е угодно – ќе го направам’“ (Исаија 46:10).

Значи, во светлината на Писмото, на Бога не Му е потребно најнапред да погледне нешто за да го знае, а уште помалку преку виденото да дојде до ново сознание. Таквото сфаќање не е во согласност со библиската слика за Бога. Затоа, на ова место во Писмото, заради наше подобро разбирање, за Бога се употребуваат изрази што ни се блиски и разбирливи.

Зошто тогаш во текстот што го истражуваме е употребен изразот: „И Господ виде“? Што сака Бог да ни каже преку тоа?

Пред овој стих веќе го разгледувавме третиот стих од шестата глава, каде што е кажано:

„И рече Господ: ’Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот; деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години’“ (Создавање 6:3).

Во овој стих е кажано дека човекот толку многу се предал на својата телесна, ниска и нагонска природа, занемарувајќи ја духовната, што Бог го ограничил времето на милост на сто и дваесет години.

Затоа стихот што го истражуваме:

„И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа…“

треба да се разгледа во контекст на Божјата одлука да го уништи гревот и да им стави крај на оние што упорно останале во него. Времето на благодат течело, но човештвото не само што не се покајало, туку продолжило уште подлабоко да тоне во зло. Затоа зборовите „Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа“ не само што на разбирлив начин ја опишуваат Божјата проценка, туку и ја откриваат праведноста на Неговиот суд над човештвото, кое претходно добило време за покајание.

Благодатта не е дадена за човекот да остане во гревот, туку за да биде доведен до покајание и промена. Таа ја открива Божјата милост, но истовремено му дава на грешникот време да се одврати од злото. Ако човек ја отфрли таа можност и упорно остане во гревот, тогаш тој не го искористил времето на благодатта.

За жал, луѓето во сите времиња честопати погрешно ја разбирале целта на благодатта. Некои верници сметаат дека Божјата благодат ги ослободува од потребата да го почитуваат Божјиот закон, односно Десетте заповеди. Според таквото разбирање, благодатта објавена преку Христос ги ослободила од она што тие го нарекуваат „ропство“ на Законот.

Но тоа е погрешно разбирање на благодатта. Таквото сфаќање не ја возвишува Божјата благодат, туку ја претвора во оправдување за гревот. За благодатта е кажано:

„Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе. Таа нè учи да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“ (Тит 2:11,12).

„Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?“ (Римјаните 6:1,2).

„Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие“ (1 Јованово 3:4).

„Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој што сака да лаже и лаже“ (Откровение 22:14,15).

И денес може да се сретне вакво погрешно разбирање на благодатта. Некои луѓе тврдат дека Христовата благодат ги ослободила од потребата да ги почитуваат Божјите заповеди, па дури и од јасните библиски начела за чисто и нечисто. Според таквото сфаќање, човекот е „слободен“ да прави што сака и да живее како што му е угодно.

Кога такво учење го прифаќаат луѓе што доаѓаат од незнабожечка средина, тоа е жално и опасно, бидејќи покажува колку силно старите навики и погрешните сфаќања можат да влијаат врз разбирањето на вистината. Но уште потешко е кога таквото разбирање го прифаќаат оние на кои им е доверено Божјото Слово, оние што требало да бидат светлина и учители на другите. Да се тврди припадност кон Божјиот народ, а истовремено да се живее според духот на незнабоштвото, претставува голема соблазна за светот.

Но тоа не е ништо ново. На страниците на Писмото, во историјата на Израел, читаме за луѓе што се сметале себеси за свети, а во исто време живееле во непослушност кон Бога:

„Секогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, – по своите помисли, -кон народ, кој постојано Ме навредува в лице, принесува жртви во градините и пали темјан на црепчиња, седи во гробови и ноќева во пештери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво; кои велат: ’Застани, не доближувај се до мене, зашто сум свет за Тебе.’ Тие се дим на ноздрите Мои – оган што гори секој ден. Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна, за нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни, кои кадеа темјан по планините, и по ридовите Ме навредуваа, – ќе им одмерам полна плата во пазувите нивни и за нивните поранешни дела“ (Исаија 65:2-7).

Прекршувањето на Божјите наредби во сите времиња се нарекува грев. Кога луѓето ги прекршуваат Божјите заповеди, тие морално и духовно деградираат. Бог не ја изрекува пресудата веднаш, туку најнапред дава време за исправување, време на благодат, чија цел е да го доведе човекот до покајание и послушност кон Неговата волја, а не да му даде повод да продолжи во гревот, мислејќи дека нема да има последици.

Оној што свесно продолжува да ги прекршува Божјите наредби, всушност погрешно ја користи Божјата благодат. Таквиот човек не ја прима благодатта како повик кон промена, туку како оправдување за непослушност. А тоа на крајот води кон пропаст. Еден таков пример гледаме и во прашањето за јадењето нечиста храна:

„Зашто, ете, ќе дојде Господ во оган, и колите Негови – како виор, за да го излее гневот свој со јароста и заканата Своја – со пламнат оган. Зашто Господ ќе суди со оган и со мечот Свој над секоја плот, и многумина ќе бидат убиени од Господ. Оние… кои јадат свинско месо и гадотии и глувци, -сите ќе загинат вели Господ“ (Исаија 66:15-17).

Претпотопните луѓе погрешно го искористиле времето на благодат што Бог им го дал. Наместо да се покајат и да се исправат, тие продолжиле да ги прекршуваат Божјите наредби и затоа загинале. За жал, истиот принцип ќе се повтори и во нашите денови, зашто Христос направил јасна паралела меѓу времето на Ное и времето пред Неговото второ доаѓање:

„но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; зашто, како што во деновите пред потопот… не сфатија додека не дојде потопот и истреби сè – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37-39).

Токму отстапувањето од Божјата волја било причина за злото пред Потопот, а истиот принцип ќе се пројави и во деновите пред Христовото доаѓање, кога беззаконието повторно ќе се умножи:

„И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време“ (Создавање 6:5).

„и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12).

Овие зборови покажуваат дека во човекот може да постои и добро и зло. Но во времето пред Потопот злото толку многу се умножило што речиси целосно го потиснало доброто. За тоа дека и грешниот човек сè уште може да прави добро, Христос рекол:

„И така, ако вие кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови…“ (Матеј 7:11).

Во претпотопниот свет доброто сè повеќе било потиснувано од злото. Слична состојба Христос најавил и за времето пред Своето второ доаѓање. Дури и таму каде што природно би требало да има љубов, грижа и пожртвуваност, во односот кон децата, злото сè повеќе се пројавува. Денес тоа го гледаме во различни облици: во уништување на неродениот живот, во насилство врз децата, во запоставување, во недостиг од вистинска родителска грижа, како и во воспитување што ги оддалечува децата од Бога и од вечниот живот.

Како што во деновите на Потопот многу деца ги претрпеле последиците од изборите и духовната состојба на своите родители, така и пред Христовото доаѓање многу деца ќе бидат изложени на последиците од погрешниот пат по кој ги воделе нивните родители.

Причината е во тоа што начинот на размислување, желбите и стремежите на луѓето сè повеќе се насочуваат кон зло, односно кон спротивставување на Божјата волја. Така непослушноста кон Бога постепено може да го проникне целиот живот на човекот.

Но зошто човекот толку лесно напредува во злото? Затоа што мислите, желбите и стремежите постепено го обликуваат неговиот внатрешен свет. Кога човек негува добри мисли и свети желби, тие го насочуваат кон добро. Но кога постојано се занимава со лоши мисли, себични желби и грешни стремежи, тие почнуваат да го водат кон зло.

Затоа, ако начинот на размислување и стремежите на едно поколение се насочени кон зло, не треба да нè изненади што и целиот негов живот станува проникнат со зло. Така злото престанува да биде само поединечен чин и станува начин на мислење, начин на живот и општа насока на поколението.

Кажано поедноставно, и чистата вода може да се извалка кога ќе се стави во валкан сад. Така и кога човековиот внатрешен свет е извалкан од гревот, дури и она што само по себе е добро и исправно, добар пример, вистинита поука или Божја заповед, може да биде погрешно разбрано и изопачено.

Истото го гледаме и во нашите денови. Речиси сè што е добро може да биде изопачено: зборовите, намерите, Писмото и Божјите наредби. Сè се прекршува низ призмата на човечката грешност и, наместо да остане чисто и добро, се претвора во нешто искривено. Така деградацијата се продлабочува од поколение во поколение, а светот сè повеќе се приближува кон судот.

Од овој маѓепсан круг можат да излезат само оние што ќе го изберат Христос како свој свет пример и ќе одат по Неговите стапки, угледувајќи се на Него. Се разбира, тоа значи човек да стане непопуларен во овој свет, па дури и да биде гледан како „црна овца“. Но друг пат за излез од сè подлабоката деградација на човештвото едноставно не постои.

„… И се покаја Господ што го беше создал човекот на земјата, па се натажи во срцето Свое…“

Не знам што чувствувате вие кога го читате овој стих, но јас чувствувам длабока жалост за грешното човештво, човештво кое греши и не се кае, туку со своите гревови предизвикува таква болка што Писмото вели дека Бог се покајал што го создал човекот.

Некои верници, не разбирајќи го духот и поширокиот контекст на Писмото, спротивставуваат библиски текстови еден на друг. Со тоа, свесно или несвесно, или го намалуваат авторитетот на Писмото, или ја искривуваат сликата за Бога. На пример, го земаат стихот што го истражуваме, каде што е кажано дека Бог „се покаја“ што го создал човекот, и го спротивставуваат на друг текст, каде што е кажано:

„Светецот Израелов не лаже и не се предомислува, бидејќи Тој не е човек, та да се предомисли“ (1 Самоилова 15:29).

Во 1 Самоилова 15:29 се нагласува дека Бог не постапува непостојано како човек и дека Неговата изречена пресуда над Саул нема да биде повлечена. Сепак, во истата глава, во стиховите 11 и 35, се вели дека Бог зажалил што го поставил Саул за цар. Овие изрази треба да се разберат во нивниот контекст: Божјата жалост поради човечката непослушност не значи дека Неговиот карактер е непостојан или неправеден.

И во стихот од Создавање што го истражуваме, Божјата жалост е поврзана со човечката непослушност. Луѓето толку длабоко се предале на гревот што Бог зажалил што ги создал. Бидејќи во овој случај Божјите чувства ни се опишани на јазик разбирлив за човекот, овие зборови треба да се толкуваат во светлината на сè што Писмото ни открива за Бога.

Со други зборови, изразот „се покаја Господ“ не значи дека Бог направил грешка или дека се покајал како грешен човек. Тој израз покажува дека, во конкретната ситуација, се променил Божјиот однос кон човекот. Дотогаш Бог долго трпел, покажувал милост и давал време за покајание. Но кога човекот упорно ја отфрлал благодатта и продолжувал во злото, Божјото постапување преминало од долго трпение и милост кон суд и казна.

Значи, не се променил Божјиот карактер, туку Неговиот начин на постапување со човекот. Бог не престанал да биде милостив. Но луѓето упорно ја отфрлале Неговата милост, па дошол крајот на времето што им било дадено за покајание и настапил судот. Токму затоа Писмото вели дека Бог „се натажи во срцето Свое“.

Кога Писмото вели дека Бог „се натажи во срцето Свое“ што го создал човекот, повторно зборува на јазик разбирлив за човекот. Во библискиот јазик, срцето често се претставува како средиште на волјата, чувствата, мислите и одлуките. Затоа преку овој стих ни се открива не само Божјата жалост, туку и сериозноста на одлуката што ја донел во врска со виновното човештво.

Веќе зборувавме за ова во претходните теми, но вреди да се повтори и овде: Писмото не учи дека Бог, во Својата љубов, бесконечно ќе го одложува праведниот суд над оние што упорно остануваат во гревот. Исто така, не учи дека Божјата милост трае без крај независно од покајанието и одговорот на човекот.

Потопот е јасен доказ дека Божјата милост не го укинува Божјиот суд. Бог долго трпи, повикува, предупредува и дава време за покајание, но кога човекот упорно ја отфрла благодатта, доаѓа момент кога судот повеќе не се одложува.

Во Писмото е кажано:

„Бидејќи не се врши суд над лошите работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло“ (Проповедник 8:11).

Претпотопните луѓе, најверојатно, сметале дека казната никогаш нема да дојде, затоа што Бог е добар и нема да го истреби Своето создание. Можеби размислувале вака: Бог веќе ги помилувал Адам и Ева, го поштедил Каин и не го уништил човештвото. Значи, според нивното сфаќање, и понатаму ќе продолжи така.

Слични изговори се слушаат и во нашите денови. Се вели: Бог го дал Својот Син на смрт за спасение на човештвото; Тој многу ги сака луѓето, па затоа никогаш нема да го уништи човештвото. Од ваквото погрешно разбирање на Божјата љубов произлегуваат две многу опасни заблуди.

Првата заблуда е дека на Бога Му е сосема туѓо казнувањето и уништувањето на грешниците; дека луѓето или сами се уништуваат, или тоа го прави сатаната, а Бог, бидејќи е добар, нема никаква врска со тоа.

Ова гледиште на прв поглед изгледа привлечно, затоа што го претставува Бога како олицетворение на апсолутната добрина, на Кого секое казнување и секој суд наводно Му се туѓи. Според таквото сфаќање, ако дојде до казна или уништување, тоа не може да биде од Бога, туку мора да биде последица или на човечките постапки, или на дејствувањето на ѓаволот.

Но ваквото разбирање е опасно. Во него човекот, како ограничено и субјективно суштество, си зема право сам да определува што е добро, а што зло. Потоа, според сопственото мерило, одлучува зад кои постапки стои Бог, а зад кои ѓаволот.

Да земеме едноставен пример: казнувањето на непослушните деца од страна на родителите. Дали тоа е добро или зло? Ако ги прашате децата што биле казнети поради непослушност, тие можеби ќе кажат дека тоа е зло. Но родителите, знаејќи зошто и со каква цел ги казнуваат своите деца, ќе кажат дека тоа може да биде добро, ако казната е праведна, разумна и има воспитна цел.

Токму така и Писмото покажува дека Божјата казна може да биде израз на Неговата љубов, воспитување и грижа:

„… ’Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува, зашто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима.’Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува? Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови. Ако се плашиме од нашите татковци кога нè казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи? Зашто тие нè казнуваат за кратко време, како што им се чинело најдобро; а Тој – за полза, та да учествуваме во Неговата светост. Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евреите 12:5-11).

„Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се“ (Откровение 3:19).

Значи, ако казната се разгледува низ призмата на вечноста, воспитувањето и спасението, тогаш Божјата казна е дел од воспитниот процес. Затоа таа не може едноставно да се нарече зло, колку и да е непријатна за оној што ја прима.

Бог го сака нашето спасение, а ѓаволот не. Затоа Божјата казна за која се зборува овде нема за цел да го погуби човекот, туку да го исправи, вразуми и спаси. Ѓаволот, пак, нема таква цел. Тој може да биде допуштен од Бога да дејствува во одредени граници, како што гледаме во книгата Јов, но ни тогаш не постапува независно од Божјата власт:

„И му рече Господ на ѓаволот: ’Еве, сè што е негово, е во твоја рака; само врз него не посегај!’ – И се оддалечи ѓаволот од Господ“ (Јов 1:12).

Примерот со Јов покажува дека сатаната не дејствува без ограничувања: Бог поставува граници на неговото дејствување. Но од тоа не треба да заклучиме дека секое страдање е казна за личен грев. Страдањето на Јов не е претставено како казна за негова непослушност. Но и во неговото страдање Бог останува Господар над созданието и ги поставува границите на сатанското дејствување.

Затоа учењето дека Бог нема никаква врска со она што луѓето го доживуваат како казна или суд всушност ја намалува Неговата власт и Неговиот авторитет. Таквото сфаќање може да создаде впечаток дека постојат сили што дејствуваат независно од Божјата врховна власт.

Претпотопниот свет го уништил Бог, а не сатаната, затоа што Бог видел дека тоа е праведен суд и дека само така може да се зачува остатокот од човештвото што Тој го спасил во ковчегот:

„И му рече Бог на Ное: ’Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата’“ (Создавање 6:13).

И Содом и Гомора биле уништени од Бога, а не од сатаната, како праведен суд над беззаконието и како предупредување за идните поколенија:

„Тогаш излеа Господ врз Содом и врз Гомора дожд од сулфур и оган од небото…“ (Создавање 19:24).

Апостолите јасно разбирале дека Бог стои зад овие судови над грешниците, како и зад идното казнување на безбожниците:

„Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги фрли во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат држани до судот; и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп врз безбожниот свет, го запази само осумчленото семејство на Ное, проповедникот на правдата; и градовите Содом и Гомора ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, оставајќи ги како пример на идните безбожници… значи Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден“ (2 Петрово 2:4-6,9).

Затоа учењето за „добриот Бог“ Кој никогаш не казнува и никого не уништува е опасна заблуда. Тоа ја искривува сликата за Бога и му отежнува на човекот да изгради правилен однос со Него, однос заснован на љубов, послушност, стравопочит и светост.

Втората опасна заблуда, која произлегува од погрешното разбирање на Божјата добрина, е тврдењето дека Бог ќе им даде на сите луѓе уште една можност за спасение во илјадагодишното царство на земјата, кога целиот свет, наводно, ќе се обрати.

Постојат и други, различни учења за можноста за промена на состојбата на човекот по смртта, меѓу кои и верувањето дека молитвите, приносите или црковните служби можат да им помогнат на починатите.

Надежта во некаква идна можност не треба да стане причина човекот денес да го одложува покајанието. Како и луѓето пред Потопот, многумина живеат без сериозно да размислуваат дека погибелта може да биде близу. Се надеваат дека ќе има уште време, уште една можност или некакво општо спасение за сите. Но Писмото не учи така:

„И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној што имаше остар срп, велејќи: ’Фрли го српот свој и обери го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!’И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев, и се изгмечи кацата надвор од градот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии“ (Откровение 14:17-20).

„Некој, пак, Му рече: ,Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?‘ А Тој рече:,Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ,Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ,Не ве знам од каде сте!‘Тогаш ќе почнете да зборувате: ,Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘А Тој ќе рече: ,Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор“ (Лука 13:23-28).

„Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта“ (Откровение 20:9).

„И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро“ (Откровение 20:15).

Затоа Писмото не го поддржува учењето за општо спасение на сите луѓе само затоа што Божјата љубов е голема. Божјата љубов е неизмерна, но таа не го укинува Неговиот суд, ниту ги прави непотребни верата, покајанието и послушноста.

Потопот е јасен сведок дека добриот Бог, кога луѓето упорно ја отфрлаат Неговата благодат, може да донесе одлука за суд над виновните. Затоа Потопот многу нè учи, особено за правилното разбирање на Божјиот карактер, Неговите начела и важноста тие начела да ги почитуваат оние што сакаат да се спасат.

„… И рече Господ: ’Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал – од човекот до добитокот, малите гадинки и небеските птици – бидејќи се каам што ги создадов‘“

Човекот толку многу деградирал, следејќи ја својата телесна природа и занемарувајќи ја духовната, што Бог, зборувајќи за неговото уништување, употребува многу силен израз: „ќе го избришам“.

Овој израз не означува само казна, туку целосно отстранување од лицето на земјата, како нешто што се брише и повеќе не останува на своето место. Човекот, создаден според Божјиот лик, со своето однесување толку многу се оддалечил од својата првобитна цел што Божјиот суд сега е опишан како негово „бришење“ од лицето на земјата. Овие зборови покажуваат до кој степен човештвото духовно и морално деградирало.

Заедно со човекот, Бог донел одлука да ги уништи и животните, бидејќи последиците од човечкиот грев не останале ограничени само на човечкото општество, туку го зафатиле и созданието што му било доверено.

Пред Потопот, земјата веќе не била место на ред, чистота и хармонија, туку простор исполнет со насилство, изопаченост и неправда. Општата слика на оваа расипаност е откриена во зборовите на Писмото:

„А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда. И погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секое суштество беше се отклонило од својот пат на земјата“ (Создавање 6:11,12).

И денес гледаме дека човекот, кога ќе се одвои од Божјите начела, почнува да ја поместува границата на дозволеното. Дури и во современата наука, особено таму каде што се допираат прашањата за човекот, животните и самиот живот, се појавуваат сериозни етички дилеми. Тоа покажува колку лесно човекот може да почне да се однесува кон животот како кон материјал за експерименти, наместо како кон нешто што му е доверено од Создателот.

Затоа зборовите од Создавање 6:11–12 не зборуваат само за морално расипување, туку и за длабоко нарушување на Божјиот поредок во создадениот свет.

Важно е да се забележи дека Бог му наредил на Ное во ковчегот да внесе живи суштества „според својот род“. Овој израз потсетува на првобитниот поредок при создавањето, кога секое живо суштество било создадено според својот род. Со тоа се нагласува дека спасението во ковчегот било поврзано со зачувувањето на Божјиот ред, а не со она што човекот можеби го изопачил или нарушил.

Во врска со животните зачувани во ковчегот, Елена Вајт пишува:

„Секој вид животни што Бог го создал бил зачуван во ковчегот. Измешаните видови што Бог не ги создал, а кои биле резултат на амалгамација (мешање), биле уништени со Потопот“

(Spiritual Gifts, том 3, стр. 75; превод од англиски).

„И внеси во него исто така (од секаков добиток и од сите влекачи и) од сите животни, од секое суштество да има по две, за да останат со тебе во живот; од машки и од женски пол да бидат. Од птиците според родот нивни, и од добитокот според родот негов, и од сите влекачи според нивниот род – од сите по две ќе влезат при тебе, за да останат живи (со тебе од машки и од женски пол)“ (Создавање 6:19,20).

„Пак рече Бог: ’Нека изведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, лазачи и ѕверови земни според нивниот род!’ И стана така“ (Создавање 1:24).

Значи, Бог донесува одлука да го отстрани од лицето на земјата сето она што било грешно и развратно. На прв поглед, тоа може да изгледа како сурова одлука, лишена од милосрдие. Но тоа е само навидум. Всушност, и во оваа постапка се открива Божјата милост, и кон оние што загинале во својата безбожност, и кон семејството на Ное, кое било спасено.

Кога хирургот отсекува гангренозен дел од телото, на прв поглед изгледа дека постапува сурово, затоа што организмот останува без еден свој дел. Но кога ќе разбереме дека тоа се прави за да се спаси животот, во неговата постапка не гледаме жестокост, туку неопходна и спасоносна мерка.

Овој свет е Божји и Тој има полно право да бара од Своето создание да живее според Неговите закони. Бог не е должен вечно да го одржува она што го разорува Неговиот поредок, го расипува созданието и станува опасност за сè што е добро.

Затоа безбожниците не можат да бидат помилувани за вечноста ако упорно остануваат во својата безбожност. За таквите во Писмото е кажано:

„Ако нечесен биде помилуван, тој нема да се научи на правда, ќе злодејствува во земјата на праведните и нема да погледне на величието Господово“ (Исаија 26:10).

Ако грешниците што не го оставиле гревот би биле помилувани за вечноста, тие и во рајот би продолжиле да грешат, да ги наведуваат другите на грев и да ја нарушуваат среќата на спасените. Затоа Божјиот суд не е спротивен на Неговата љубов, туку е неопходен за конечното отстранување на злото.

Грешниците што упорно остануваат во гревот не можат да живеат без да грешат, а праведниците не можат вечно да живеат во свет во кој гревот повторно би се ширел. Затоа уништувањето на безбожниците е чин на праведност и милост, за да се запре ширењето на гревот и да се зачува вечната сигурност на спасените.

Оној што правилно ќе Го разбере Бога и Неговите начела од Писмото нема да западне во погрешни претстави, мислејќи дека не Бог, туку некоја друга сила ги уништува грешниците. Исто така, нема да Му припишува на Бога својства што, според Писмото, Му се туѓи.

Затоа, истражувајте го Писмото внимателно и темелно, за да стекнете правилна претстава за Бога. Од правилното разбирање на Бога произлегува правилен однос со Него, а токму во тој однос се наоѓа патот кон спасението.

И така, накратко да се потсетиме на она што го разгледавме денес:

  1. Писмото е напишано на јазик разбирлив за луѓето. Затоа, кога зборува за Бога и за Неговите постапки, често користи изрази блиски до човечкото искуство. Но тоа не ни дава право да Го сведеме Бога на човечки мерки и ограничувања.
  2. Бог им дал на претпотопните луѓе 120 години време на милост за покајание и исправување. Но тие ја злоупотребиле благодатта: наместо да се обратат, станувале сè полоши. Благодатта не е дадена за човекот да остане во гревот, туку за да се врати кон Бога.
  3. Злото што човекот го прави произлегува од неговиот сопствен избор, иако може да биде поттикнуван и од ѓаволот. Единствениот излез од духовната деградација е човекот да го избере Христос како свој пример и да оди по Неговите стапки.
  4. Бог ги сака луѓето, но Неговата љубов не го укинува судот. Кога човекот упорно ја отфрла Божјата милост и останува во гревот, доаѓа момент на казна. Бог е свет и праведен Судија и единствено Тој совршено знае што е добро, а што зло.
  5. Претпотопните луѓе се расипале себеси и го расипале светот што им бил доверен. Наместо да го одразуваат Божјиот лик, сè повеќе се предавале на телесното, земното и минливото. Затоа Потопот не бил произволна суровост, туку праведен Божји суд со кој било запрено ширењето на злото.

Затоа зборовите „И се покаја Господ“ не треба да ги разбереме како признание за Божја грешка. Тие ја откриваат Неговата длабока жалост поради човечкото зло и сериозноста на судот што следувал. Но веднаш потоа Писмото ни покажува и надеж: „Но Ное најде милост пред очите на Господ“ (Создавање 6:8). Божјиот повик и за нас е да ја примиме Неговата милост и да одговориме со вера и покајание.

Сподели го ова:

Поврзани статии